ШТО ПРЕТСТАВУВА БЕЛЕГОТ НА ЅВЕРОТ?

Сподели го ова:

Во последната Божја порака до човештвото, во нејзиниот последен дел, не наоѓаме зборови на Божја љубов кон човештвото, туку зборови на Божја закана до оние кои ја отфрлаат пораката на  вечното Евангелие, таквите ќе го пожнеат Божјиот гнев дури без ниту една капка на милост:

„И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: ‘Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег на челото свое или на раката своја, тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето. Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговата биста, и што ќе го примат белегот на неговото име’“ (Откровение 14:9-11).

Содржина прикажи
МНОГУ НЕОБИЧНО ДЕЛО ЗА БОГА

Божјиот гнев без милост е нешто необично во библиската историја, бидејќи порано Неговиот гнев бил сепак со милост. За Бога во Писмото се вели дека Тој не само што ги милува грешниците, туку и дека Тој сака да го прави тоа:

Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Тој вечно не се гневи, зашто Тој со радост се смилува“ (Михеј 7:18).

Затоа делото, што Бог ќе го изврши на земјата во врска со казнувањето на злите, ќе биде многу необично дело:

„Зашто Господ ќе се крене… ќе се разгневи… за да го изврши делото Свое, необично дело, и да ја заврши работата Своја, Својата таинствена работа. И така, не потсмевајте се, за да не станат оковите ваши поцврсти; зашто јас чув од Господ Бог Саваот дека е одредено истребување за целата земја“ (Исаија 28:21,22).

НА БОГА НЕ МУ ТРЕБА МНОГУ ВРЕМЕ ДА ПРЕМИНЕ ОД МИЛОСТ ВО ГНЕВ

Денес, за жал, некој зад сцената, невидлив за обичните очи, го насочува христијанството во насока да ја проповеда само Божјата љубов и целосното простување. Во сите цркви, без разлика на деноминацијата, се проповеда само Божјата љубов, заборавајќи на правдата.

И нема да има ништо лошо во тоа, но оваа љубов не се гледа во светлината на Божјите непроменливи начела. Ако зборуваме за Божјата љубов само апстрактно, без повикување на Неговите принципи, тогаш никогаш не би можела толку строга порака да излезе од Божјата уста како што објавува третиот ангел.

Забележете дека пред да се огласи оваа застрашувачка порака на третиот ангел, Бог ги повикал сите оние што  живеат на земјата да веруваат во вечното Евангелие. Преку пораката на првиот ангел Бог нѐ повикува да дојдеме кај Него, како кај Создател, за спасение и простување, кои Тој великодушно ги нуди преку Неговиот Единороден Син Исус, кого го дал како жртва за нашите гревови.

Пред да се огласи најстрашната порака од Бога, Тој во втората ангелска порака  ја разобличува и разоткрива сета сатанска измама, претставена преку лажните религии, претставени во Откровението со Вавилон.

И дури по апелите, укорите и предупредувањата се огласува третата ангелска порака, која зборува за Божјиот гнев без ниту трошка милост.

Бог е многу трпелив и милостив, но дури и Господ има граница на трпение и милост. А милоста е целосно исцрпена кога созданието безусловно ќе го напушти Бога и ќе избере лажен предмет на поклонување:

Ти Ме остави, вели Господ, отстапи; затоа, ќе ја протегнам Својата рака врз тебе и ќе те погубам; се уморив, простувајќи ти“ (Еремија 15:6).

Токму отфрлањето на живиот Бог и изборот на луѓето на лажното поклонување, поклонувањето на ѕверот, го предизвикуваат Божјиот праведен гнев без ниту трошка милост.

НИТУ ЕДНА ТОЧКА НА ВИСТИНАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ ОТФРЛИ, ТОА СЕ ЗАКАНУВА СО ДУХОВНА КАТАСТРОФА

Луѓето дошле кон лажно поклонување затоа што ги отфрлиле првите две пораки од Тројната ангелска порака. Одбивајќи да веруваат и да Му служат на Единствениот Бог Творецот, тие прибегнале кон погрешно толкување на Светото Писмо за да ги оправдаат своите постапки со сите средства. Оваа лага ги ставила целосно во рацете на нејзиниот автор, ѓаволот, таткото на сите лаги:

Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44).

Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но, водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот; тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се свртат кон бајки“ (2 Тимотеј 4:3,4).

„Та да бидат осудени сите кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата“ (2 Солунјаните 2:12).

Отфрлањето на дури и една точка од вистината и нејзино заменување со лага се заканува со духовна катастрофа за која било деноминација. Затоа што ова веќе не оди во насока на вистината, туку во друга насока. И колку повеќе лаги, толку таа деноминација е подалеку од патот на вистината. 

ПРВО, ХРИСТИЈАНСКИТЕ ДЕНОМИНАЦИИ ПАДНАА ВО 1844 ГОДИНА, А ПОТОА ИМ СЕ ПРИДРУЖИ АДВЕНТНОТО ДВИЖЕЊЕ

Кога првата ангелска порака беше објавена со особена сила во 1844. година, оние христијански деноминации кои се спротивставија на оваа порака за истражниот суд на небото паднаа на нивното духовно ниво од тоа време. Обидувајќи се да се оправдаат зошто ја отфрлиле пораката, тие излегоа со се повеќе лажни теолошки теории, додека лагите не ги поробија толку многу што се вратија во „пазувите на ѕверот“ од Откровение 13, односно папството.

Иако во тоа време сите тие веруваа и ја објавуваа вистината за тоа дека папството е престолот на антихристот. 

Адвентното движење, повикано од Бога да ја објави Тројната ангелска порака, не беше имуно на овој процес на деградација.  Отстапувајќи од верата на пионерите на АСД и прифаќајќи го  папското учење за тројството, црквата почна да се лизга во недостаток на духовност. Затоа што ова движење беше повикано да ја проповеда Тројната ангелска порака, а не да создаде уште една религиозна структура.

Тројната ангелска порака повикува да имаме страхопочит и да Му се поклониме на Бога Отецот! Но, Тој беше заменет со Тројството, и поради тоа црквата беше дезориентирана и ја изгуби смислата на своето постоење, станувајќи како сите други. Овој недостаток на духовност почна да се манифестира во тоа што верниците почнаа да ги празнуваат паганските празници како Велигден и Божиќ.

Почнаа помалку да го читаат и проучуваат Божјото Слово и ја изгубија причината на своето постоење како движење повикано од Бога да ја проповеда Тројната ангелска порака, како што ја објавуваа пионерите на АСД. Тие се сомневаа во исправноста на учењето на пионерите на АСД.

ОМЕГА ОТПАДНИШТВОТО БИЛО ПРЕТСКАЖАНО ОД ЕЛЕНА ВАЈТ, БОЖЈИОТ ГЛАСНИК

Сето ова беше  претскажано од Божјиот гласник како омега отпадништво во Божјиот народ:

„Непријателот на душите се обидувал да ја внесе претпоставката дека ќе се случи голема реформа меѓу адвентистите на седмиот ден, и дека оваа реформа ќе се состои во отфрлање на доктрините кои стојат како столбови на нашата вера и започнување на процес на реорганизација. Доколку се случеше ваква реформа, какви би биле последиците? Начелата на вистината што Бог во Неговата мудрост и ги дал на Црквата на остатокот ќе беа отфрлени. Нашата вера би се променила. Фундаменталните начела кои го потпираа делото во последните педесет години би се сметале за погрешни. Ќе се формираше нова организација. Би се напишале книги за воспоставување на нов поредок. Би се вовел систем, нов систем на организација… Ние ги имаме нашите Библии. Имаме свое искуство, потврдено со чудесното дејство на Светиот Дух. Имаме вистина која не прифаќа никаков компромис. Зарем не сме должни да отфрлиме сѐ што не е во согласност со оваа вистина?“ (Избрани пораки том 1, 204,205).

Сега да прочитаме од адвентистичкото теолошко списание „Одбрана на библиската вистина„ бр. 2 за Светиот Дух на страници 140 и 120:

„Присуството на нецелосната вистина не треба да нѐ чуди… адвентните пионери ја немале полнотата на светлината“ (Одбрана на библиската вистина бр. 2 „За Светиот Дух“ стр. 140).

„Обратете внимание дека приговорите на адвентните пионери на доктрината за Тројството во голема мера се должат на недоразбирање и погрешно толкување на библиските текстови… Грешката на адвентните пионери… беше тоа што тие се обидоа да го разберат Бога на рационално ниво… Во нивното разбирање на теологијата за Тројството, тие беа попречени од буквалниот пристап кон Библијата, поради што доктрината за тројниот Бог немаше смисла за нив“ (Одбрана на библиската вистина бр. 2 „За Светиот Дух“ стр. 120).

Овде имате 100% исполнување на она што Бог го претскажал преку Божјиот гласник во врска со омега отпадништвото во Божјиот народ.

КОГА ЗАПОЧНА И КОГА ЌЕ ЗАВРШИ ОМЕГА ОТПАДНИШТВОТО?

Ова отпадништво требаше да започне кратко по смртта на Елена Вајт и да напредува до самото Второ доаѓање, кога Самиот Бог ќе стави крај на тоа:

„Книгата Живиот храм ја содржи алфата на овие теории. Знаев дека наскоро ќе се појави омега,  а јас треперев од страв за нашиот народ“ (Избрани пораки, том 1, стр. 203).

„По моето заминување ќе се случат големи настани; Сатаната ќе работи како што никогаш порано не работел. Сè што може да се потресе ќе се разниша. Мораме да се приближиме до Бога, бидејќи не можеме да се потпреме на човекот или на мноштвото. Мораме да го запознаеме Бога подлабоко од кога било“ (Asian Division News, May 1-15, 1915, p.43 by Julius Gilbert White).

Таа исто така изјави: „Нема сомнеж дека тоа наскоро ќе се случи – големо отпадништво кое се развива и се засилува, се шири се повеќе и повеќе и ќе продолжи додека Господ не слезе од небото со крик“ (Серија Б, бр. 7, стр. 57).

Омега отпадништвото требаше да ги уништи редовите на црквата веднаш по смртта на Елена Вајт и да продолжи до Исусовото доаѓање на небесните облаци.

Сведоштвата за Црквата, содржат пораки на предупредување и упатства до адвентистите од седмиот ден. Народот на кого му била доверена најголемата порака, пораката на трите ангели, со најголемата библиска вистина за Бога Отецот и Неговиот Син Христос, не ја ценеле соодветно високата доверба што му била дадена.

И покрај повеќекратните предупредување за омега отпадништвото меѓу Божјиот народ и нивното напуштањето на непроменливите столбови на вистината, народот во своето спокојство дозволи да биде измамен од сатаната и да го замени вистинскиот темел за Отецот и Синот со папското учење за тројството, и ова е многу опасно:

„Ние сме во опасност да станеме ќерка на паднатиот Вавилон, гледајќи како нашите заедници се распаѓаат и се исполнуваат со секој нечист дух, како прибежиште на сите нечисти и гадни птици. Дали ќе бидеме чисти ако не преземеме решителни чекори за да се излечиме од злото?“ (Специјални сведоштва, стр. 188).

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО БОЖЈИОТ НАРОД, СПОРЕД ЦИТАТИТЕ НА ЕЛЕНА ВАЈТ

А што на крајот ќе се случи со официјалната црква на АСД, организацијата, со оглед на тоа што според Божјиот гласник таа ќе напредува во „омега  отпадништво“ до второто доаѓање?  

„Откровение 18. глава укажува на времето кога црквата, затоа што ќе ја отфрли тројната опомена од Откровение 14:6-12, во целост ќе ја достигне состојбата што ја изнел вториот ангел, а Божјиот народ, кој сè уште е во Вавилон, ќе биде повикан да излезе од своите цркви. Ова е последна вест што ќе му биде објавена на светот и таа ќе ја изврши својата задача“ (Големата борба, 390).

За жал, не сите Божји луѓе ќе се разбудат од нивното Лаодикијско невнимание за да се спротивстават на „омега отпадништвотото“, повеќето ќе станат како Вавилон и неговиот дух.

И тогаш Бог ќе го употреби само остатокот од Своите верни верници за да ја објави во силата на друг ангел од Откровение 18, пораката на третиот ангел:

„За Вавилон, во времето на кое се однесува ова пророштво, се вели: ‘Бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини’ (Откровение 18:5). Вавилон ја наполнил мерката на својата вина и казната со уништување само што не се срушила врз него. Но Бог сè уште има Свој народ во Вавилон и пред Вавилон да биде казнет со Божјите судови, верните треба да бидат повикани да излезат од него ‘да не соучествуваат во неговите гревови и да не добијат од казните негови’. Затоа овде станува збор за движење кое симболично е претставено со ангел кој слегува од небото, ја осветлува земјата со својата слава и со силен глас ги објавува гревовите на Вавилон. Сообразно со неговата вест, се слуша повикот: ‘Излезете од неа, народе Мој!’ Овој повик, заедно со третата ангелска вест, го сочинува последното предупредување кое треба да им се упати на жителите на Земјата“ (Големата борба, 604).

ПАТОТ НА ЦРКВАТА, ОТКРИЕН ОД БОГА ПРЕКУ ДЕЛАТА НА БОЖЈИОТ ГЛАСНИК

Гледате, во светлината на она што Бог го открива преку Божјиот гласник, се појавува следната слика.

Бог го подигнал адвентното движење во 1844. година за да ги објави пораките на трите ангели. Ова движење, додека неговите пионери, вклучувајќи го и Божјиот гласник, беа живи, ги објавуваше пораките на трите ангели, истовремено одбивајќи ги нападите на ѓаволот, спречувајќи го да внесе ерес во црквата.

Така нападот наречен „алфа отпадништво“, што го започна д-р Келог, беше одбиен. Но, Божјото предвидување беше дека веднаш по смртта на Елена Вајт и пионерите на АСД, црквата како организација ќе западне во „омега отпадништво“ кое само ќе напредува и нема да излезе од него до второто Христово доаѓање. Ова отпадништво ќе ја спречи црквата, како организација, да ја објави Тројната ангелска порака, онаа што Бог ѝ наредил да ја објави. Затоа, како што беше во 1844. година, Бог ќе подигне движење на верниот остаток, претставено со друг ангел од Откровение 18, од преостанатите верни адвентисти, и оние што ќе излезат од Вавилон и ќе се придружат на телото Христово.

Токму овие луѓе, во силата на Божјиот Дух и во славата на светиот Христов карактер, ќе ја објават третата ангелска порака, односно пораката што сега ја разгледуваме.

ЗОШТО СИТЕ АДВЕНТИСТИ НЕМА ДА ЈА ОБЈАВАТ ТРЕТАТА АНГЕЛСКА ПОРАКА?

Сега може да видите зошто оваа порака нема да биде објавена од сите оние кои сега се нарекуваат адвентисти.

Исто така, ви овозможува, без да сте пророк, но знаејќи ги пророштвата на Божјиот гласник за „омега отпадништвото“ кај Божјиот народ, да разберете зошто книгата Големата борба, која читливо и јасно зборува за ѕверот и неговите дела, е осакатена од официјалната црква на АСД во кратенки и наслови до непрепознатливост. Толку многу што нема место за информации за ѕверот во светлината на пророчките зборови на Господовиот гласник.

Ви станува јасно и зошто толку истакнати теолози на АСД изјавуваат дека папата се кае и дека треба да му се верува. И дека папата нема дијадема со натпис „Vicarius Filii Dei“. А титулата, чиј збир е 666, пионерите ја разбрале погрешно. Толку за докторите по теологија. Едноставното прашање е: Зошто на Божјата реч и треба толкување од „доктор“ по теологија, дали таа има потреба од лекување? Меѓутоа, оние кои мислат дека се доктори на Божјата реч, сепак можат да видат дека она што навистина им треба е Божјата реч за да ги исцели од нивниот грев. 

Таквите луѓе нема да можат да му ја соопштат на светот Тројната ангелска порака, особено третата порака. Бидејќи некои од нив, католички језуити, испратени во Божјата црква од ѕверот, сметаат дека „Големата борба“ е историско ѓубре достојно за корпа за отпадоци. И нема да одат против својот господар, односно „ѕверот“ — папството. Други, пак, нема да ја објавуваат третата ангелска порака плашејќи се од „ѕверот“. Други, пак, нема да ја објавуваат третата ангелска порака, бидејќи го изгубиле концептот за тоа кој е овој „ѕвер“.

КОЈ ЌЕ ЈА ПРЕНЕСЕ ТРЕТАТА АНГЕЛСКА ПОРАКА ДО СВЕТОТ?

Третата ангелска порака ќе ја пренесат верните верници кои се покоруваат само на Христа како своја Глава. И овие верници ќе бидат и од адвентистичката црква и од оние што излегле од Вавилон.

Оваа ситуација не е нова, слично се случило и при првото Христово доаѓање, што е тип на второто Христово доаѓање. Неговите, односно Евреите, кои требало да ја објават Христовата мисија, во најголем дел тие не го прифатиле Христа и Неговата мисија, па дури и се побуниле против Синот Божји. Но оние што го примија од Евреите и оние кои се обратија од незнабошците, ја пренесоа пораката на спасението до светот.

Објавувањето на третата ангелска порака до светот ќе биде извршено од Бога не преку стационарна организација, туку преку посебно религиозно движење, составено од христијани верни на Бога, слично со апостолското движење и адвентното движење од 1844. година. Ова ќе биде Божји остаток кој ќе го сретне Христа, како Негова црква, Негова невеста. Зашто веднаш по објавувањето на третата ангелска порака во сила и слава на друг ангел од Откровение 18, во 14. поглавје од Откровението, во кое се опишани трите ангелски пораки, следува второто Христово доаѓање.

БОГ САКАЛ И СЀ УШТЕ САКА ЦЕЛОСНА ПОСЛУШНОСТ ОД НЕГОВИОТ НАРОД

Третата ангелска порака ги предупредува оние што живеат на земјата:

И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: ‘Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег (жиг) на челото свое или на раката своја, тој ќе пие од виното на јароста Божја…’“ (Откровение 14:9,10).

Челото е симбол што укажува на умот, а раката е симбол кој ги означува постапките на човекот. Кога Господ го подготвувал Израел, кого го извел од египетското ропство за да влезе во ветената земја, Тој му заповедал на Својот народ преку Мојсеј:

Послушај, Израеле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ, сакај Го Господа, твојот Бог, од сè срце, со сета душа твоја и со сите сили твои! Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во твоето срце и во твојата душа; и пренесувај им ги на децата свои и зборувај за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш; и врзи ги на раката своја како знак, и нека ти бидат ознака над очите твои“ (Второзаконие 6:4-8).

Оваа заповед го содржи знаењето за Бога, кое народот на Израел секогаш требало да го чува. Она што се однесува на челото, умот или срцето на човекот:

—  Послушај, Израеле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ“.

—  „Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во твоето срце“,

—  „нека ти бидат ознака над очите твои“.

Исто така во оваа заповед се зборува и за постапките, кои отсега треба да имаат место во животот на Божјиот народ.

А што се однесува до раката:

—  „сакај Го Господа, твојот Бог, од сè срце, со сета душа твоја и со сите сили твои!“

  „пренесувај им ги на децата свои и зборувај за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш;

—  „и врзи ги на раката своја како знак“.

Бог сакал целосна послушност од Својот народ, тоа мора да доаѓа од свесното служење на Бога, од разбирањето на Бога. Службата треба да се види во делата на верникот, ова е вистинското поклонување на Бога. Сатаната, кој му дал сила на ѕверот (папството), исто така сака поклонување од сите што живеат на земјата, и затоа ги пушта своите лаги меѓу масите.

ШТО ЗНАЧИ БЕЛЕГОТ (ЖИГОТ) НА ЧЕЛОТО ИЛИ РАКАТА?

Во претходните теми од оваа програма веќе зборувавме дека папството основало овде на земјата своја свештеничка институција и воспоставило свои закони за стекнување на спасение. Во овој лажен систем папата е Бог. Божјиот закон е променет. Наместо небесното светилиште и службата на Христос во него, како наш Посредник и Првосвештеник, католичките свештеници, со авторитет на папата простуваат гревови и т.н.

Овој лажен религиозен систем ја користи сета своја моќ за да ја замени Божјата вистина со својата лага во животот на верникот. Овој чин во пророштвото се означува како ставање белег (ознака, знак, жиг) на челото или на раката.

Секоја власт на земјата има своја ознака според која може да се препознае. На пример, кукастиот крст е знак на фашизмот. Секој човек има свој отпечаток, а отпечатокот се користи за да се утврди кој го оставил. Секое животно има своја трага, според трагата се доаѓа до заклучок кое животно ја оставило. Според сликата на фотографијата или цртежот може да се донесе заклучок за тоа, чија е фотографијата.

Ѕверот, за кој зборува третата ангелска порака, ги навел луѓето да се поклонуваат на себе наместо на Бога, оставајќи го во мислите и постапките на луѓето она што е негово — неговиот белег, неговиот отпечаток, неговиот лик, неговата ознака, неговиот жиг. И секој од луѓето кој ќе го прими овој знак, наместо на Бога му се поклонува на ѕверот, и за тоа ќе биде сурово казнет од Бога во денот на второто Христово доаѓање.

ПОЗНАВАЊЕТО НА БОГА ГО ОДРАЗУВА НЕГОВИОТ ЛИК ВО НАШИТЕ ПОСТАПКИ И МИСЛИ

Со вас гледаме, дека вистинското обожавање е тесно поврзано со познавањето на Бога. Според тоа и постапките на оние кои му се поклонуваат на Бога се тесно поврзани со ова:

Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е: ‘Бидете свети, бидејќи Јас сум свет’“  (1 Петрово 1:15,16).

„И да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост. Поради тоа, откако ја отрфливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен…“ (Ефесјаните 4:24,25).

Милоста и вистината да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги врз плочите на срцето свое, па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето. Надевај се на Господ од сè срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Тој ќе ти ги покаже твоите патеки“ (Изреки 3:3-6).

Кога го познаваме Бога, тогаш кон кого ние гледаме? Во чиј лик се преобразуваме? Очигледно во Оној, во Кого ние гледаме. Неговиот лик се одразува во нашите умови и постапки:

Потоа видов: ете, Јагнето стои на гората Сион, и со Него сто четириесет и четири илјади, што го имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец“ (Откровение 14:1).

Божјото име е откровение на Неговиот карактер:

А Господ слезе во облак, а Мојсеј застана пред Него, и го извика името Господово. Потоа Господ помина покрај лицето на Мојсеј и извика: ‘Господ, Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, но Кој виновни не остава неказнети, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата, дури и внуците до третото и четвртото колено’“ (Излез 34:5-7).

ШТО Е БОЖЈИ ПЕЧАТ?

Токму ова откровение на Бог Отецот ни го донесе Божјиот Син во Својот практичен живот и тело. Затоа Тој во молитвата кога ги напуштал учениците рекол:

Го објавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово“ (Јован 17:6).

Христос вели, дека Неговите ученици според правото на Творецот му припаѓаат на Бога Отецот,  но Тој му ги дал на Христа, Својот Единороден Син, кој станал човек. Со цел Синот на јазикот на земната пракса да им го открие карактерот на Отецот, што Тој со успех го направил, и тие го сочувале ова Христово откровение за Отецот. Тие почнале правилно да го разбираат Отецот, Неговиот карактер почнал да се втиснува во нивните животи:   

А известувањето, пак, што го чувме од Него и вам ви го предаваме, е тоа дека Бог е светлина, и во Него нема никаква темнина. Ако речеме дека со Него имаме заедништво, а одиме во темнина, тогаш лажеме и не постапуваме според вистината“ (1 Јованово 1:5,6).

Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога, и секој, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов. Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него. Во тоа се состои љубовта, што не ние Го возљубивме Бога, туку Бог нас нè возљуби и Го прати Синот Свој за да ги очисти гревовите наши. Возљубени, кога така нè возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг“ (1 Јованово 4:7-11).

Дали гледате на што повикува апостолот? Дека во нашите животи треба да го одразиме откровението за Бога што ни го донел Исус. Затоа, печатот на живиот Бог — не е ништо друго освен името на Бог Отецот, односно карактерот на Бог Отецот, кој ни се открил во животот на Неговиот Син, рефлектиран во животот на верникот.  

КАКВИ КАРАКТЕРИСТИКИ ИМААТ СПАСЕНИТЕ?

Според тоа, општата карактеристика на спасените при Второто доаѓање по објавувањето на трите ангелски пораки е оваа:

Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14:12).

Спасени се оние кои не му се поклониле на ѕверот и не го примиле неговиот белег (жиг) на челата и рацете; тие се свети, бидејќи Самиот Бог е свет:

Зашто напишано е: ‘Бидете свети, бидејќи Јас сум свет’“ (1 Петрово 1:16).

Тие ги држат сите Божји заповеди, зашто тоа се заповедите на светиот Бог, кои Тој му ги дал на Својот народ како граница на таа светост во која Неговиот народ треба да престојува:

А суштината на сè е: имај страв од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто тоа му е сета должност на човекот“ (Проповедник 12:13).

Оваа послушност на Божјиот закон во нивниот живот била овозможена благодарение на верата на Самиот Исус, кој го запазил целиот закон и ги поучувал Своите следбеници:

Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам“ (Матеј 5:17).

„…Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова“ (Јован 15:10).

КОЈА ОСОБИНА ГО ОДЛИКУВА  КАРАКТЕРОТ НА ЅВЕРОТ (ПАПСТВОТО)?

Што е белегот на ѕверот, жигот на ѕверот, неговиот знак, неговиот лик? Не е тешко да се погоди — тоа е неговиот карактер.

Ајде да видиме како Библијата ни го опишува карактерот на ѕверот. Да ги испитаме нашите срца за да дознаеме дали ѕверот го става својот белег во нашата свест и дали овој белег се манифестира во нашето однесување.

Историјата на папството, ѕверот од Откровение 13, започнува со пророштвата од книгата Даниел, каде што оваа сила е претставена со малиот рог на главата на паганскиот Рим. Што е кажано за неговиот карактер?

Ги гледав тие рогови, и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа од корен истргнати пред него; на тој рог имаше очи, како човечки очи, и уста што горделиво се фали“ (Даниел 7:8).

Горделивоста — е првата од особините на папството, ниедна побожност не може да ја сокрие. Тоа се гледа во тоа што папата е бог на земјата, а неговата црква е универзална. Сите мора да се вратат во прегратките на мајката црква, зашто надвор од неа нема спасение.

„Тој е вистински Христов намесник, поглавар на целата црква, отец и учител на сите христијани. Тој е непогрешлив владетел, составувач на догми, водач на собори, универзален владетел на вистината, арбитер на светот, врховен судија на небото и земјата, судија над сите, никој не може да му суди, самиот Бог на земјата“ („Римокатолицизам“, стр. 127).

„Навистина, само преку Христовата католичка црква, која е заедничко средство за спасение за сите, може да се добие полнотата на средствата за спасение. Ние веруваме дека Господ му го доверил целото богатство на Новиот Завет на единствениот Апостолски собор, чија глава е Петар, за да создаде на земјата едно Тело Христово, во кое мора целосно да бидат вклучени сите кои веќе на овој или оној начин му припаѓаат на Божјиот народ. Надвор од вистинската Црква нема спасение“ (свештеник В. Данилов).

И така, духот на папството е горделивоста, која се манифестира во разбирањето на сопствената ексклузивност и надмоќ над сите останати, иако животот како на папите, така и на самиот католички систем воопшто не одговараат на примерот на Исус Христос.

САМО БОГ ГО НАПРАВИЛ ИЗРАЕЛ ИЗБРАН, ПОСЕБЕН НАРОД

Пријатели мои, тестирајте се со оваа дефиниција која го карактеризира ѕверот кој го става својот белег (жиг), односно својот карактер, на луѓето кои веруваат. Зарем не ја сметате вашата заедница на верници за најправилна, над сите други? Израел бил посебен не сам по себе, туку затоа што него го учел и воспитувал Самиот Бог, тоа го направило Израел посебен:

„Запрашај се за поранешните времиња, што беа пред тебе, од оној ден, кога Бог го создаде човекот на земјата, и од едниот крај на небото до другиот; имало ли нешто такво како ова големо дело, или се чуло ли за слично на него? Го чул ли некој народ некогаш гласот на живиот Бог, Кој говори од оган, како што ти чу, и остана жив? Зар се обидел некој бог да си земе народ од друг народ преку порази, знаменија и чуда, преку војна, и со силна испружена рака, со големи ужаси, како што направи за вас Господ, вашиот Бог, во Египет пред твоите очи?

Тебе ти е дадено да го видиш тоа, за да разбереш дека само Господ, твојот Бог е Бог и дека нема друг освен Него. Тој ти дозволи од небото да го чуеш гласот Негов, за да те научи, а на земјата ти го покажа Својот голем оган, и ти ги слушаше зборовите Негови од огнот; бидејќи Тој ги засака твоите предци и ве избра вас, потомците нивни по нив, и те изведе Сам со големата сила Своја од Египет, за да ги порази од пред тебе народите што беа поголеми и посилни од тебе, па да те воведе и да ти ја даде земјата нивна во наследство, која сега ја имаш.

И така, знај сега и вразуми се дека Господ, твојот Бог, е Бог на небото горе и на земјата долу, и нема друг освен Него; и пази ги наредбите Негови и заповедите Негови, кои денес ти ги давам, за да биде добро за тебе и за твоите потомци по тебе и да останеш долго во таа земја, која Господ, твојот Бог, ти ја дава засекогаш“ (Второзаконие 4:32-40).

ДО ШТО ДОВЕДЕ ГОРДОСТА НА ИЗРАЕЛ?

Зошто Израел станал посебен народ, ние дознавме за тоа? Затоа што него Бог го избрал, Бог го водел, од него се родил Синот Божји, им било дадено Божјото слово. Без сите овие Божји дела Израел е никој и ништо, обичен народ. И не најброен, како што вели Светото Писмо. 

Но Израел го заборавил Бога, причината за неговата величина, и мислел за себе и сè уште мисли дека тие се големи сами по себе. Оваа илузија на величина и гордост толку ги заслепила, што кога дошол кај нив понизниот Син Божји, тие не можеа да Го прифатат. Чувството на гордост и сопствена ексклузивност не им дозволи да ја примат пораката за покајание од небото.  

Во градот Назарет, тие сакале да го фрлат Христа од карпа поради тоа што проповедал дека Бог ги испратил и ги испраќа Своите благослови не само на Израел, туку и на незнабошците кои го бараат Бога. Овие зборови не можеле да ги поднесат оние, кои страдале од чувство на сопствена ексклузивност, иако нивниот живот бил далеку од божествените мерила. 

ДУХОТ НА ПОСЕБНА ЕКСКЛУЗИВНОСТ НЕ ГО ЗАОБИКОЛИ И БОЖЈИ НАРОД ДЕНЕС

Зборувајќи за современиот Израел, може да се види световен дух на состаноци, светски празници и облека, гледање светски филмови, читање светска литература, зборување за световни работи и многу повеќе. Сето ова покажува дека повеќето од нив веќе не се Божји народ. Но, за жал, гордоста во нив вреска: „Ние сме вистинската црква“, новозаветен Израел и никој друг. Но, вистината ќе триумфира, и Бог ќе покаже во денот на Христа, кој бил Негов народ: 

„Штом ќе се приближи бурата, мнозина кои тврдат дека веруваат во третата ангелска вест, но не биле посветени со послушност кон вистината, ќе се откажат од своите ставови и ќе преминат во редовите на противниците. Соединувајќи се со светот и учествувајќи во неговиот дух, тие работите ги посматраат речиси во иста светлина, а кога ќе настапи искушението, ќе бидат готови да ја изберат полесната, популарната страна. Луѓе, надарени и со привлечно однесување, кои некогаш и се радувале на вистината, ќе вложат максимални напори да ги измамат и да ги заведат душите. Тие ќе станат најголеми непријатели на своите некогашни браќа. Кога оние што ја почитуваат саботата ќе бидат доведени пред судови да одговараат поради својата вера, тогаш овие отпадници ќе бидат најуспешното орудие на сатаната да ги клеветат и да ги обвинуваат и со лажни извештаи и инсинуации ќе го поттикнуваат гневот на владетелите против нив“ (Големата борба, 608).

ДУРИ И ВЕРНИЦИТЕ КОИ ЈА ЗНААТ ВИСТИНАТА МОЖАТ ДА ЗАГИНАТ

Кажете ми, од овој пасус, каков заклучок можете да извлечете за овие луѓе, дали тие се со Божјиот печат? Не, тие го добиле жигот на ѕверот. Па, зошто се случи ова, кога тие беа во вистинската црква и ги знаеја пораките на трите ангели?

Тие го немаа Духот Божји во себе, не го одразуваа Христовиот карактер, го имаа духот на светот во себе, а ова е веќе одраз на друг карактер на друг бог, на богот на овој век:

Не љубете го светот и сè што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сè што е во светот – похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот е минлив и похотите негови, а оној што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1 Јованово 2:15-17).

Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот. Тие се од светот, затоа и световно зборуваат, а светот ги слуша“ (1 Јованово 4:4,5).

Дали овие верници, кои ја знаеја вистината, навистина сакаа да умрат? Секако дека не, дефинитивно не! Но, зошто продолжиле да живеат лошо, на што се надевале? На нивната ексклузивност и избор. Гордоста, особината на ѕверот, била втисната во нивниот карактер и тие не го примија Божјиот печат. Тие го примија белегот (жигот) на ѕверот, иако беа сигурни дека Божјиот печат им е обезбеден врз основа на ексклузивноста на нивната црква над сите други.

Кобна измама е да се зборува за гордоста на ѕверот, односно за католицизмот претставен од папството, а во исто време да се биде еден дух со него. Фарисеите од Христовото време ги обвинувале Самарјаните дека имаат демони во себе, иако тие самите го имале ѓаволот за свој татко, така рекол Христос.  

ПРОГОНСТВОТО НА ОНИЕ КОИ ВЕРУВААТ ПОИНАКУ Е УШТЕ ЕДНА КАРАКТЕРИСТИКА НА ЅВЕРОТ

Следната карактеристика на ѕверот е прогонството на неистомислениците:

„Видов како тој рог водеше борба со светиите и ги надвиваше“ (Даниел 7:21).

„…и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа од корен истргнати пред него…“ (Даниел 7:8).

И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот…“ (Даниел 7:25).

Светото Писмо не учи дека сите верници, дури и од истата црква, секогаш ќе имаат исто разбирање за сè што е напишано во Библијата:

„Зашто треба да има меѓу вас и разлики, за да се покажат подостојните меѓу вас“ (1 Коринтјаните 11:19).

А според апостол Павле, вистината и понатаму е вистина, без оглед на разлика во мислењето, таа ќе победи и триумфира над лагата, бидејќи Бог е вистината, и Бог ќе биде победник.  

Како библиски треба да се однесувате со оние кои имаат различно мислење од вашето, за да го имате Божјиот Дух во себе, а не духот на ѕверот?

Никодим, пак, кој беше отишол кај Него ноќе, а беше еден од нив, им рече: ‘Осудува ли нашиот Закон човек додека најнапред не го сослушаат и не дознаат што прави?’“  (Јован 7:50,51).

Ова е правилниот библиски пристап, но фарисеите од времето на Христа не можеле да толерираат никакво друго мислење, освен нивното. Затоа тивко, без Никодим и Јосиф од Ариматеја, ноќе го осудиле Христа на смрт без фер судење и истражна постапка, имајќи подготвена одлука за Него и лажни сведоци.

ДАЛИ СОВРЕМЕНАТА ЦРКВА НА АСД СО СВОИТЕ АНТИТРИНИТАРНИ БРАЌА СЕГА ПОСТАПУВА БИБЛИСКИ?

Денес веќе не е тајна дека во адвентизмот постојат две гледишта за Бога. Едниот е историски, антитринитарен, таков, како што бил кај пионерите на АСД, вклучувајќи ја и Елена Вајт. И нов, кој влегол во црквата по смртта на пионерите од другите деноминации, прогласени од Бога за Вавилон уште од 19. век. 

Што гледаме денес во црквата која себеси се нарекува Божја црква на остаток? Сите оние кои ја исповедаат антитринитарната библиска вера, која ја исповедале пионерите на адвентното движење, повикано од Бога, се екскомуницирани од црквата без судење или истрага, без да им се даде право на глас на состаноците на членството.

Антитринитарците се нарекуваат деца на сатаната, богохулници на Светиот Дух, расколници и еретици… Сè уште не сум ги кажал сите зборови со кои ги нарекуваат оние кои се сметаат себеси за народ Божји и носители на Божјата вистина.

На членовите на црквата им е забрането да се дружат со нив како да се лепрозни. Тринитарците ги лишуваат антитринитарците да служат во собранието и во повеќето случаи не им е дозволено да влезат во просторот за богослужба. Во исто време тринитарците бесрамно велат дека доколку пионерите на АСД беа живи денес, немаше да можат да станат членови на сегашната црква на АСД поради доктрината за Тројството. Но, во реалноста, пионерите на АСД едноставно би биле исклучени од современата црква на АСД, а ако не би ги исклучиле, зошто тогаш нѐ исклучуваат нас?  

Но, тоа не е се. Имаше повици од страна на адвентните тринитарци да создадат во црквата оддел за инквизиција, како и повици да се викне полиција на антитринитарните групи и да и да им се забрани да се нарекуваат адвентисти и да ги користат делата на Елена Вајт, бидејќи тие дела им припаѓаат само на тринитарците.

А на некои места, тринитарците директно ѝ укажуваат на полицијата на местата каде што нелегално се собираат анти-тринитарците, избркани од нивната родна црква  АСД, која порано била целосно антитринитарна.

ВИСТИНАТА НЕ СЕ НАМЕТНУВА, ТУКУ СЕ НУДИ

Чиј е овој дух? Божји? Кај луѓето, кои зборуваат за нивната ексклузивност и кои претендираат да го примат Божјиот печат, односно поседување на Божјиот карактер, откриен од Христос? Но, ова е она на што Божјиот Дух повикува:

„И испрати гласници пред Своето лице. Тие отидоа и дојдоа во едно самарјанско село – да приготват место за Него. Но не Го примија, зашто лицето Му беше кон Ерусалим. Кога го видоа тоа учениците, Јаков и Јован рекоа: ‘Господи, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?’ А Тој се заврте и ги укори, велејќи: ‘Вие не знаете од каков дух сте’“ (Лука 9:52-55).

Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши“ (Матеј 10:14).

Ова е духот на вистината. Вистината не се наметнува, туку се нуди. Не можете да присилите глад и не можете да натерате да јадат:

Кога Исус го виде како лежи, знаејќи дека многу години боледува, му рече: ‘Сакаш ли да оздравиш?’“  (Јован 5:6).

Исус му кажа: ‘Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене“ (Матеј 19:21).

Секој верник има можност да избере, Господ не нѐ лишува од ова право, дури и ако направиме погрешен избор. Тој не ни го наметнува Своето мислење:

Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен; а токму тие сведочат за Мене. Но не сакате да дојдете кај Мене за да имате живот“ (Јован 5:39,40).

Само со доброволно истражување на Писмото, верникот доаѓа кај Христа. Можно е да се има вистината, но со тоа што ја наметнуваме на другите, ние не го свртуваме човекот кон вистината, туку кон искривено разбирање на вистината, затоа што со наметнување му даваме искривена претстава за вистината. Затоа што вистината не може да се прифати со нејзино наметнување.

КАКО ТРЕБА ДА ПОСТАПУВА ВИСТИНСКИОТ ПРОТЕСТАНТ?

Еден од најважните постулати на протестантизмот е оној за слободата на вероисповедта. Вистинските протестанти ги давале своите животи за секој да може да му се поклонува на Бога така, како што му налага неговата совест. А протестантите, кои денес го носат само името го имаат духот на ѕверот, односно католицизмот, кој ги убивал вистинските протестанти, така вели книгата Откровение. 

Духот на ѕверот, папството, ќе влезе во протестантизмот во нашите последни денови, и токму тој дух ќе ги обедини католицизмот и протестантизмот по име. Дали сфаќате што ќе се случи со протестантизмот? Тоа ќе биде католицизам по дух и протестантизам само по име:

Ја извршува сета власт на првиот ѕвер во негово присуство и ја присилува целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер, чија смртна рана се беше исцелила“ (Откровение 13:12).

Вистински протестант е оној кој ќе постапи според советот на Гамалиил, бидејќи тоа е Божји совет:

Но во Синедрионот стана тогаш еден фарисеј, по име Гамалиил, учител на Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда за кратко време да ги изведат апостолите надвор, а ним им рече: ‘Луѓе Израелци, размислете добро што ќе правите со овие луѓе! Зашто, пред извесно време се крена Тевда, кој зборуваше за себеси дека е тој голем човек, и му се придружија четиристотини мажи; тој беше убиен, и сите што му поверуваа, се разотидоа и исчезнаа. По него, во време на пописот, се крена Јуда Галилеецот и повлече по себе доста народ; но и тој загина и сите што го следеа се растурија. И сега ви велам – оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога’. Тие го послушаа“ (Дела 5:34-39).

ТРИНИТАРЦИ, ПОСТАПУВАЈТЕ БИБЛИСКИ, А НЕ ВО ДУХОТ НА ЅВЕРОТ

Бог јасно ја објавил Својата волја во прашањата за разликите во мислењата, прашањето за разликите во мислењата мора се остави во Негови раце и Тој самиот ќе разбере кој е кој:

„Зашто во ништо не се чувствувам виновен; но со тоа не сум оправдан: судија ми е Господ. Затоа, пак, не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш секој ќе прими пофалба од Бога. Ова браќа го применив на себе и на Аполос заради вас, за да се поучите од нас на онаа изрека: ‘Не повеќе од она што е напишано’, и да не се гордеете еден пред друг поради некого“ (1 Коринтјаните 4:4-6).

Во ред, вие тринитарци мислите дека антитринитаризмот е ерес и не го сакате во вашата црква, но правете како што вели Библијата. Човечки. Дајте му збор на човекот, тој има право на тоа во светлината на Библијата. Не го понижувајте, не го навредувајте, тоа не е Божја волја, не лажете го, што често се случува со цел да се манипулира со умот на собранието. Не му забранувајте да присуствува на состанокот, бидејќи црквата ја сметате за ковчег на спасението, затоа спасете го, не исфрлајте го надвор. Ако верувате дека сте во право и сте духовни, тогаш постапете според Божјото Слово, а не како што направил Синедрионот со Христос.

Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани. Поднесувајте го товарот еден на друг и исполнувајте го така законот Христов. Зашто оној, кој сам себе се смета за нешто, а не е ништо, тој се мами самиот себе“ (Галатјаните 6:1-3).

И што е најважно, престанете да ги прогонувате оние кои мислат поинаку од вас, тоа не е духот Божји, тоа е духот на ѕверот, духот на папството, ние за тоа веќе читавме во книгата на пророкот Даниел.

НЕМА САМО САБОТАТА ДА БИДЕ БОЖЈИ ПЕЧАТ

Но, зарем верноста кон Бога во празнувањето на саботата наместо неделата нема да стане печат на живиот Бог? Многу адвентисти сакаат така и да биде, да ги спаси празнувањето на саботата.

Но, да не бидеме слепи — името на Бог Отецот, односно Божјиот карактер Христос го манифестирал не само во празнувањето на саботата, туку и во сè, и во милоста, во милосрдието, во мисионерската работа, во простувањето на непријателите, во проучувањето на Писмото, во одрекувањето од сите световни работи, и списокот продолжува.

Ако не се трудиме во сè да бидеме како Бога, туку ја празнуваме само саботата, нема да можеме да ја празнуваме ниту саботата. Можеби само во својата арогантна имагинација, како што беше случајот со верските водачи на Израел, кои, како што мислеа, ја празнуваа саботата, но го распнаа Христос.

Да, Католичката црква го смени Божјиот закон и ја промени саботата во недела, и тоа не го кријат:

И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени празниците нивни и закони…“ (Даниел 7:25).

„Би било добро презвитеријанците, баптистите, методистите и сите други христијани да запомнат дека БИБЛИЈАТА НИКАКО НЕ ГО ПОДДРЖУВА НИВНОТО ПРАЗНУВАЊЕ НА НЕДЕЛАТА. НЕДЕЛАТА Е ИНСТИТУЦИЈА НА РИМОКАТОЛИЧКАТА ЦРКВА И ОНИЕ КОИ ГО ПРОСЛАВУВААТ ОВОЈ ДЕН ГИ ПОЧИТУВААТ ЗАПОВЕДИТЕ НА КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА“ (Priest Brady in address reporter in Elizabeth N. J. „News” March 18, 1903).

„Неделата е знакот на нашиот авторитет… Црквата е над Библијата, а оваа промена од сабота во недела е доказ за тој факт“  — Catholic Record, September, 1, 1923.

Да, навистина, саботата ќе биде тест за верноста пред второто Христово доаѓање. Но, сфатете, драги пријатели, дека човекот е духовно суштество и неговите постапки се одредени од духот што влијае на него. И ако ве води духот на ароганција или прогонство, или дух на угнетување врз оние кои се различни од вас, тогаш што и да правите, вие не сте поттикнати од Божјиот Дух, туку од духот на ѕверот, односно духот на католицизмот. И овој нечист дух нема да ве одведе во логорот на Божјиот народ, туку ќе ве води против Божјиот народ, такви се законите на духовниот живот.

КОГА НЕКОЈ НЕКОГО ПОБЕДУВА, ТОЈ И ГО ПОРОБУВА

Духот на папството, духот на прогонството, е толку силен што во претежно католичките земји, особено во Италија, адвентистите воопшто не проповедаат дека ѕверот од 13-тото поглавје е католицизмот, плашејќи се од недвосмислените закани против нив.

Практично, во католичка Америка, раководството на АСД му се извинува на папството за тоа што некои членови на црквата си дозволиле да постават банери кои во светлината на Библијата го откриваат вистинското лице на ѕверот, односно на папството. Овој дух ги опфаќа сите деноминации.

Библијата ни кажува како и како резултат на што и кому човекот станува роб:

„…кога некој некого победува, тој и го поробува“ (2 Петрово 2:19).

„Дали знаете дека, ако му се предавате некому како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате: или на гревот, кој води во смрт, или – на послушноста, која води кон праведност?“ (Римјаните 6:16).

СЕКОЈ ЌЕ БИДЕ ТЕСТИРАН ВО ПОСЛУШНОСТА КОН БОГА

Слично се случило и во Едем кога ѓаволот ги измамил Адам и Ева и тие станале негови робови. Гледате, дека ако духот на ѕверот ве победил, тогаш вие сте робови на тој ѕвер. Односно, вие му се поклонувате како на оној кој ве победил, на оној кој е посилен од вас. И ако сега нè совлада, дури и во релативно мирно време, тогаш дали некој навистина мисли дека ќе се ослободи од ропството на ѕверот за време на последната криза: 

„Не е далеку времето кога секоја душа ќе биде ставена на проба. Од нас ќе се бара да ја празнуваме лажната сабота. Ќе се води борба помеѓу Божјите заповеди и човечките. Оние кои чекор по чекор попуштале на барањата на светот, кои се прилагодувале на неговите обичаи, побрзо ќе се потчинат тогаш на светските сили отколку да се изложат на потсмев, навредување, опасност од затвор и смрт. Во тоа време златото ќе се одвои од троскотот. Вистинската побожност јасно ќе се разликува од лажната и привидната. Ќе потонат во мракот многу ѕвезди на чиј сјај сме се восхитувале. Оние кои се кителе со украсите на светилиштето, но не се облекле со Христовата праведност, ќе се покажат во својата голотија“ (Пророци и цареви, 188).

Бидејќи главното прашање во последната битка меѓу Бога и сатаната ќе биде прашањето за авторитетот и поклонувањето, јасно е дека секоја душа на некој начин ќе биде тестирана дали е послушна на Бога или на сатаната.

ТОЧКА ОД КОЈА НЕМА ВРАЌАЊЕ НАЗАД, И ОД КОЈА СЕ ИЗЛЕВА ЧАШАТА НА БЕЗЗАКОНИЕТО

Сите ние сме постојано тестирани во нашата послушност кон Бога, но Бог означил точка од која нема враќање од непослушноста, и по која ќе следи само казна.

За Адам и Ева оваа точка беше самиот чин на јадење на плодот од забранетото дрво. Но, она што е важно е дека ова веќе беше врвот на отпадништвото од Бога, до кое дојдоа Адам и Ева. Прво, Ева се одвоила од Адам. Потоа зборувала со змијата, иако знаела дека тоа не е нормално — животните не се надарени со дарот на говор. Потоа поверувала на зборовите на змијата и ги отфрлила Божјите зборови. Го гледала плодот со желба, а потоа го скинала. Ова беше точката од која нема враќање, односно нејзината чаша на беззаконието се прелила.

Адам го пропуштил моментот кога Ева не била присутна, а подоцна, гледајќи дека згрешила, не ја одбил нејзината понуда да јаде од забранетиот плод. Тој се согласил да оди против Бога и Неговата волја, а јадењето на забранетиот плод за него стана точка од која нема враќање.

Така ќе биде и на крајот на времето, точка од која нема враќање за луѓето ќе биде отфрлањето на Божјиот закон, особено четвртата заповед. Верноста кон Бога во послушноста кон Неговиот закон ќе биде печат на живиот Бог:

И видов кога од устата на змевот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегоа три нечисти духа, како жаби; зашто тоа се ѓаволски духови кои прават чуда; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бог Седржителот“ (Откровение 16:13,14).

Папството ќе воспостави свој белег (знак, жиг) на преданоста на луѓето кон себе. Тоа е недела, денот на поклонување на сонцето, наместо сабота. И оние кои ќе ја прифатат оваа установа и ќе ја отфрлат Божјата сабота, за нив тоа ќе биде точка од која нема враќање, а чашата на нивното беззаконие ќе се прелие.

Но луѓето ќе дојдат до оваа точка од која нема враќање постепено, преку духот на самовозвишување, преку поврзување со светот, преку прогонство на неистомислениците, преку страв од земните власти. Овој страв ќе го изгони во нив стравот Божји, иако првата ангелска порака ги повикува имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава! И точката од која нема враќање ќе биде нивното отфрлање на саботата, бидејќи со тоа што сега ја држат тие се надеваат дека ќе го примат Божјиот печат и ќе бидат спасени.

КОЈ ЌЕ ГО ПРИМИ БЕЛЕГОТ (ЖИГОТ) НА ЅВЕРОТ НА СВОЕТО ЧЕЛО?

Оние кои го примиле белегот (жигот) на ѕверот, односно неговиот карактер, се поделени во две групи: оние кои го примиле на челото, односно во умот; и оние кои го примиле на раката, односно постапките. На челото се оние кои се согласуваат со духот на ѕверот и самите го манифестираат истиот дух. Помислете на фарисеите од Христовото време. Погледнете ги овие текстови кои зборуваат за овие луѓе од самиот почеток на Исусовата служба:

Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со Иродовците на совет против Него, како да Го погубат“ (Марко 3:6).

А фарисеите велеа: ‘Тој ги изгонува демоните со силата на началникот на демоните’“ (Матеј 9:34).

Тогаш пристапија кон Исус фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже чудо од небото“ (Матеј 16:1).

Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат во некој збор“ (Матеј 22:15).

Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па тие и првосвештениците испратија слуги да го фатат“ (Јован 7:32).

Овие текстови ни покажуваат дека фарисеите го посветиле целиот свој ум во борбата против Христа — од самиот почеток на Неговата јавна служба, до борбата против Неговите ученици по Неговото воскресение и вознесение на небото. Затоа, оние кои се споиле со лагата и не сакаат да ги слушаат ниту зборовите на Светото Писмо, живеејќи во измамата на Вавилон, го добиваат белегот (жигот) на ѕверот на нивните чела. Карактерот на ѕверот се рефлектира во неговиот начин на размислување. 

ШТО ПИШУВА БОЖЈИОТ ГЛАСНИК ЗА ЈУДА?

Но, ќе има такви кои во своите умови не се споиле со ѕверот, туку со своите постапки ќе го прават она што му треба на ѕверот. А Јуда е пример за ова:

„Го засакал големиот Учител и сакал да биде со Него. Чувствувал желба да се промени во карактерот и животот и се надевал дека благодарение на врската со Исуса ќе успее да го оствари тоа. Спасителот не го отфрлил Јуда. Му дал место меѓу дванаесетмината. Му доверил да го извршува делото на евангелист. Го обдарил со сила да ги исцелува болните и да ги истерува ѓаволите. Меѓутоа, Јуда не дошол до точка целосно да му се предаде на Христа. Не се откажал од своите световни амбиции и од љубовта кон парите. Ја прифатил положбата на Христов служител, но не дозволувал да го преобрази божествената сила. Сметал дека може да ги задржи своите сопствени судови и мислења и негувал склоност да ги критикува и обвинува другите…

На Јуда не му се допаѓале често повторуваните Христови тврдења дека Неговото царство не е од овој свет… Неговите надежи биле големи, но неговото разочарување било горчливо… Неговите начела и методи по нешто би се разликувале од Христовите, но тој сметал дека во тој поглед е помудар од Христа…

Кога Исус го укорил, тој бил длабоко огорчен. Ранетата гордост и копнежот за одмазда ги срушиле сите прегради и со него целосно завладеал порокот на кој толку долго му попуштал. Такво ќе биде искуството на секој што истрајува во игра со гревот. Елементите на изопаченост на кои човекот не се спротивставува и кои не ги совладува подлежат на искушение на сатаната и тој по својата волја ја поробува душата…

Сепак, Јуда не верувал дека Христос ќе дозволи да Го уапсат. Со своето предавство сакал да му даде поука на Христа. Имал намера да одигра улога со која ќе го натера Спасителот да покаже повеќе почит кон него…

Како што судењето се приближило кон крајот, измачуван од грижата на совеста, Јуда веќе не можел да издржи. Одеднаш низ судницата се слушнал еден рапав глас, кој ги исполнил со ужас сите срца: ‘Тој е невин, поштедете Го, о Кајафа!’… ‘Згрешив’, повторно извикал Јуда, ‘зашто предадов невина крв’… Тогаш Јуда се фрлил пред Исусовите нозе, признавајќи Го за Божји Син и преколнувајќи Го да се ослободи“ (Копнежот на вековите, 720-722).

ОНИЕ КАКО ЈУДА ЌЕ ДОБИЈАТ БЕЛЕГ (ЖИГ) НА СВОЈАТА РАКА

За разлика од фарисеите, Јуда го признал Христа како Божји Син. Но, тој Го предал Христа затоа што над него надвладеале неговите пороци, гревови и навики, кои не ги победил со Божјата благодат. Знаејќи дека тоа што го прави е погрешно, тој сепак продолжил да греши, наоѓајќи изговори за своите постапки и надевајќи се дека некако работите ќе се исправат и ќе се средат.

Многу верници за време на тестирањето, по излегувањето на неделниот закон и забраната верниците да купуваат и продаваат било што, со умот ќе знаат дека токму тоа било проречено. Но бидејќи немаат духовна сила да живеат во новите услови и не ги победиле своите грешни навики, тие, знаејќи дека грешат, сепак ќе продолжат да грешат, наоѓајќи изговори за своите постапки. Оние како Јуда, односно Христовите ученици, ќе добијат белег (жиг) на рацете. Оние кои ја примиле полнотата на светлината, ја знаеле вистината, но не биле просветлени со послушност кон неа.

Ние првенствено зборуваме за адвентистите од седмиот ден од различни ориентации. Оние кои ја прифатиле вистината во своите умови, но не ја направиле како принцип во својот живот.

НАПРАВЕТЕ ЈА БОЖЈАТА ВИСТИНА ВАШ ЖИВОТ

Додека има уште поволно време и Синот Божји посредува за нас пред Отецот во небесното светилиште, обратете се кон Бога со сето свое срце и сета душа. Направете ја Божјата вистина ваш живот и послушноста кон неа ваш карактер. Само тогаш Бог може да го втисне својот свет карактер во вашиот ум. Во спротивно, нè чека судбината на древниот Израел, кого Бог го извел од Египет, од домот на ропството, но кој сепак не влегол во Ветената земја, туку паднал во пустината. А за нас тоа е пример, паралела со нашето излегување од вавилонското ропство и талкањето до небесниот Ханан. Причината за нивната смрт е јасно наведена:

Да внимаваме пак, додека уште ни е оставено ветувањето за влегување во Неговиот спокој, да не би се открило дека некој од вас би можел да задоцни. Зашто и нам ни се соопшти, како и ним. Но словото, што го беа чуле, не им донесе полза, бидејќи оние што го беа чуле не поверуваа“ (Евреите 4:1,2).

Проблемот на Евреите изгубени во пустината за време на нивниот егзодус од Египет и нивното патување до Ветената земја беше во тоа што Божјото слово што го слушнаа не беше преточено во нивните животи преку доверба и верност кон Бога. Теоријата на вистината не спасува:

„Ако го сакаме Исуса, ние ќе сакаме да живееме за Него, да му принесуваме жртви благодарници и да работиме за Него. Секој напор ќе ни биде лесен. Заради Него ние со задоволство ќе поднесуваме болка, напор и жртва. Заедно со Него и ние ќе чувствуваме длабок копнеж за спасување на луѓето. Ќе го почувствуваме истиот нежен копнеж за душите што Тој го чувствувал.

Ова е Христова религија. Сè што е помалку од тоа е измама. Ниту една теорија за вистината, како и тврдењето дека сме Негови ученици, нема да спаси ниту една душа. Ние не му припаѓаме на Христа ако не сме целосно Негови. Токму половичноста во христијанскиот живот придонесува човекот да стане нерешителен во намерите и променлив во желбите. Напорот да си служиме и себеси и на Христа нè прави слушатели на кои семето им паднало на каменлива почва и кои нема да се одржат кога ќе бидат ставени на проверка“ (Христовите поуки, 49,50).

Сподели го ова:

Слични објави