КАКО ДА МУ ОДДАДЕМЕ СЛАВА НА БОГА? ПОРАКАТА НА ПРВИОТ АНГЕЛ
Како што навлегуваме сè подлабоко во Божјата порака на спасението, што читаме по зборовите „Имајте страхопочит кон Бога?“
„Тој зборуваше со висок глас: ‘Имајте страхопочит кон Бога и поддајте Му слава’“ (Откровение 14:7).
Последната Божја порака нè повикува не само да имаме страхопочит кон Бога, туку и да Му подадеме слава која Му прилега. Многу христијани својот однос со Бога го свеле на ниво на забрани. Односно, тие не го прават она што е лошо, и она што Бог го забранил. Не е лошо да се избегнува гревот. Но гревот не е само да не правиш зло, туку е поширок поим.
„И така, грев е за оној кој знае да прави добро, а не го прави“ (Јаков 4:17).
ЛУЃЕТО СЕ КАКО САДОВИ, НАПРАВЕНИ ЗА СКЛАДИРАЊЕ
Бог го споредува човекот со сад:
„Ама, човеку, кој си ти што така се спориш со Бога? Зарем она што е ракотворено ќе му рече на својот мајстор: зошто си ме направил такво? Или, пак, грнчарот – зарем не е господар над својата глина, па од една и иста смеса да направи еден сад за почесна, а друг за нечесна употреба“ (Римјаните 9:20,21).
Овие стихови велат дека садот направен од Бога не е направен за да стои неактивен, туку за употреба. За што се користат садовите? Садовите се направени за да може во нив да се држи (складира, чува), било што.
Што треба верниците, како садови, да содржат во себе?
„Зашто Бог, Кој некогаш заповеда од ‘темнината да изгрее светлина’, Тој ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исус Христос светло. Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да биде од Бога, а не од нас“ (2 Коринтјаните 4:6,7).
Послушајте и размислете за зборовите на апостол Павле. Тој вели дека Бог, во лицето на Исус Христос, Неговиот Единороден Син, ги озарил срцата наши со познанието на славата Божја. И оваа ризница — познанието на славата Божја, верниот човек ја носи во себе.
Многу е важно да се напомене дека оваа ризница не го менува надворешното достоинство на садот, т.е. на верникот. По изглед, тој како и Христос, нема ниту изглед ниту величина. Но, оваа ризница, познанието на славата Божја во лицето на Исус Христос, го збогатува верникот одвнатре, до тој степен што сите што гледаат на садот не го слават садот, туку Бога, чија слава е внатрешната содржина на садот.
ОТСТАПУВАЊЕТО ГО ПРЕТВОРА ЧОВЕКОТ ВО НЕПОТРЕБЕН САД
Во свое време Бог рекол за Моав (потомците на Лот). Тие на почетокот имале знаење за вистината, а потоа целосно отстапиле од неа.
„Ќе ги сотрам во Моав, вели Господ, оние што принесуваат жртви по незнабожечките светилишта и кои им кадат на боговите… По сите покриви на Моав и по неговите улици ќе има само плач, бидејќи Јас го уништив Моав, како непотребен сад, вели Господ“ (Еремија 48:35,38).
Отфрлајќи ја Божјата вистина и исполнувајќи се со лаги, Моав, во Божјите очи, станал непотребен сад. Истото се случило и со десетте племиња на Израел:
„Бидејќи сееја ветар, бура ќе пожнеат… Проголтан е Израел; меѓу народите сега е како скршен сад… Ефрем со подароци ја купуваше благонаклоноста на другите… иако Ефрем изгради многу жртвеници за грев – за грев и му послужија тие исти жртвеници. Му напишав важни закони, но тој ги сметаше за туѓи. Во жртвените приноси Мене Ми принесуваат месо и го јадат; на Господа тие не му се угодни; сега Тој ќе се присети за нивното бесчестие и ќе ги казни за гревовите нивни; ќе ги врати во Египет.Израел го заборави Создателот свој, за себе си изгради дворци…“ (Осија 8:7-14).
Од контекстот се гледа дека станува збор за тоа дека Израел постепено дозволил отстапување од Божјата вистина, мали отстапувања. Сè додека сето ова заедно не станало катастрофа за Божјиот народ.
Отстапувањето не доаѓа преку ноќ. Не се случува верниците од црквата да одат на спиење празнувајќи ја саботата, а потоа да се разбудат, и веќе сите во таа црква да ја празнуваат неделата. За ова се потребни години и години за постепено да преминат од бело, преку сиво, во црно. Понатаму се вели дека Ефрем се обидел да биде пријател со светот, давајќи му подароци.
ЗОШТО БОГ ОСТАВИЛ НА ЗЕМЈАТА СВОЈ НАРОД?
„Народ што го создадов за Себе, за да ја разгласува славата Моја“ (Исаија 43:21).
„Работи што ги чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши, нема да ги криеме од нивните деца, на идниот род ќе му раскажуваме за славата на Господ и силата Негова, и чудесата Негови што Тој ги изврши. Тој подигна сведоштво во Јаков и положи закон во Израел, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои, за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца, да ги полагаат надежите свои во Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди“ (Псалм 77:3-7).
Божјиот народ бил должен на сите да им ја објави Божјата слава за тоа, дека треба да се надеваат на Бога, да не ги забораваат Божјите дела и да ги држат Неговите заповеди. Тоа била целта на престојот на Божјиот народ на земјата.
ЗА БОЖЈИОТ НАРОД Е МНОГУ ОПАСНО ДА ФЛЕРТУВА СО СВЕТОТ
Кога Бог се прославил со исцелувањето на царот Езекија, и кога дошле мудреците од Вавилон да дознаат за Бога, Кој го направил тоа чудо, Езекија, како водач на Божјиот народ, го направил следново:
„Во тоа време вавилонскиот цар… му испрати писмо и подароци на Езекија, зашто беше чул дека Езекија бил болен. Езекија, откако ги слушна пратениците, им ги покажа ризниците свои, среброто и златото, и ароматите, и скапоцените масла, и целиот свој склад со оружје и сè што се наоѓаше во ризниците негови; и не остана нешто што не им го покажа Езекија во домот свој и во целото свое владение“ (2 Царевите 20:12,13).
Затоа што Езекија не го прославил Бога, туку само ги зел подароците од рацете на пратениците, фалејќи се со своето, човечко, пророкот го прогласил Божјиот суд:
„Тогаш Исаија му рече на Езекија: ‘Чуј го словото Господово: Еве, ќе дојдат дни, и сè што е во твојот дом, и што го собрале твоите предци до денес, ќе биде однесено во Вавилон; ништо нема да остане – вели Господ. Некои од твоите синови, кои ќе произлезат од тебе што ќе ги родиш, ќе бидат одведени и тие ќе бидат слуги во дворецот на вавилонскиот цар’“ (2 Царевите 20:16-18).
За Божјиот народ е многу опасно да флертува со светот. Зборувајќи со него не за Бога, туку за тоа како тој го цени овој свет како ризница, давајќи подароци и примајќи подароци од светот. Кога Божјата црква денес му дава информации на светот за себе: за бројот на санаториуми, болници, училишта, храмови, собрани и потрошени десетоци; таа, исто како Езекија, ги отвора сите свои ризници за Вавилон.
Сето тоа ќе заврши, така што светот тоа ќе го одземе од црквата. Но, уште полошо е тоа што откривајќи ја материјалната страна на црквата и заборавајќи на пораката на спасението, на трите ангелски пораки, Божјата црква не само што не придонесува за спасение на луѓето, туку и го попречува. Покажувајќи му ги на светот своите достигнувања, црквата му оддава слава на човекот, а не на Бога. А ова е во спротивност со она што го читаме во трите ангелски пораки „подајте Му слава“.
ЛУЃЕТО ПОСТОЈАНО ГРАДАТ ЛАЖНИ ЖРТВЕНИЦИ
За Божјиот народ отфрлен од Бога, се вели дека:
„Иако Ефрем изгради многу жртвеници за грев – за грев и му послужија тие исти жртвеници“ (Осија 4:11).
Жртвеникот е место каде што се принесувале жртви на Бога. Откако изградил скинија во Израел, Бог им заповедал на сите да принесуваат жртви на тој жртвеник:
„Тоа нека биде постојана жртва сепаленица во поколенијата ваши пред вратата од скинијата, пред Господ, каде што ќе ти се јавувам, за да зборувам со тебе. И таму ќе им се јавувам на синовите израелски, и ќе се освети тоа место со славата Моја. А ќе ги осветам скинијата и жртвеникот; и Арон и синовите негови ќе ги осветам, за да Ми свештенодејствуваат. Ќе пребивам меѓу синовите израелски и ќе им бидам Бог, и ќе познаат дека Јас сум Господ, Бог нивни, Кој ги изведе од земјата египетска за да пребива меѓу нив. Јас сум Господ, нивниот Бог“ (Излез 29:42-46).
Постоел само еден жртвеник, кој бил тесно поврзан со скинијата и со службата на свештениците. Но, Ефремјаните поставиле свои жртвеници, свој систем на принесување на жртви, одвоен од скинијата, одвоен од свештенството воспоставено од Бога. Ова не е ништо помалку од создавање на нов начин на спасение, нова теологија одвоена од јасните Божји наредби.
Какви се не ветришта на учења дуваат денес во Божјиот народ: Христос не умрел целосно, туку само Неговата човечка природа, а божественото некаде се чувало во меѓувреме. Доктрината за Тројството е докажана, а во исто време се вели дека овој концепт не постои во Библијата. Некои факти за небесното светилиште се доведуваат во прашање, и многу друго.
Божјиот народ сега е преплавен со бран на Вавилонска теологија, која им била туѓа на пионерите на адвентизмот. Денес, секој теолог создава свој жртвеник, каде во своја светлина го изнесува планот на спасението. И ова само го наведува Божјиот народ на грев.
ВЕРНИЦИТЕ ДЕНЕС ГО ПОВТОРУВААТ ПАТОТ НА СТАРОЗАВЕТНИОТ БОЖЈИ НАРОД
Сè започна со ветрот на заблудата, отфрлањето на библиската вистина за Единиот вистински Бог Отецот и Неговиот Единороден Син Исус Христос. И овој ветер, отфрлајќи го еден од главните столбови на адвентната порака, повлекол со себе бура од теолошки ереси, туѓи на вистинскиот адвентизам.
Денес, Божјиот народ ги повторува грешките што ги правел старозаветниот Израел. Затоа тие биле и отфрлени од Бога како непотребен или неподесен сад. Божјиот народ ги заборавил предупредувањата на Духот на пророштвото:
„Сѐ што можам да ви кажам е да ја прифатите светлината што ви ја подари Бог и да ја следите истата, колку и да ве чини тоа. Тоа е единствен сигурен пат за вас. Морате да се потрудите да воспоставите слога меѓу себе, и Господ нека ви помогне да го постигнете тоа, па дури и ако морате да се распнете себеси. Примете ги зраците на светлината што ги презревте и отфрливте. Примете ги понизно, треперејќи и во страв. Гревот на стариот Израел бил во тоа што ја презрел изричната Божја волја и се повел по склоностите на своето непосветено срце. Современиот Израел верно ги следи Неговите стапки и затоа Господовиот гнев е на него“ (5 Сведоштво, 93).
Забележете, наместо луѓето да ја следат јасната Божја волја, која Тој веќе и ја открил на Својата црква во првите 50 години од нејзиното постоење, луѓето ги следат своите сопствени желби. И како резултат на тоа, Господ го отфрла Својот народ поради погрешна, искривена служба за Него:
„На Господа тие не му се угодни; сега Тој ќе се присети за нивното бесчестие и ќе ги казни за гревовите нивни; ќе ги врати во Египет. Израел го заборави Создателот свој“ (Осија 8:13,14).
НЕПРИКЛАДНАТА, НЕСООДВЕТНА ЖРТВА НЕ СПАСУВА
Службата која е погрешна и која не е целосно заснована на Божјата реч е жртва која не му е угодна на Бога. Кој крши една точка од вистината станува виновен за сè. Таквата жртва не го спасува Божјиот народ од ропството на гревот. Тој и понатаму останува гол, необлечен во облеката на Христовата праведност. На крајот на краиштата, Христос во сè му бил верен на Бога. Таквата праведност е како извалкана облека.
Напуштањето дури и на една точка на вистината не ослободува од грев, туку, напротив, го враќа Божјиот народ во Египет, во домот на ропството, од каде Бог постојано се обидува да го изведе Својот народ. Но, Божјиот народ го заборавил Бога и Неговите заповеди дадени на Неговата црква на остатокот, во времето која Тој ја повикал да ја објави Неговата последна порака до светот што пропаѓа:
„И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој не може да затвори, – и Кој затвора, никој не може да отвори: ги знам делата твои. Ете, ти дадов отворена врата, што никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое.
Ете, ќе направам некои од сатанската синагога – оние што велат дека се Јудејци, а не се, туку лажат, – да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат дека Јас те засакав. Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет, за да ги искуша оние што живеат на земјата.
Ете, доаѓам скоро: држи што имаш, за никој да не го земе венецот твој. Оној кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам на него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Ерусалим, кој слегува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите“ (Откровение 3:7-13).
ДРЖИ ШТО ИМАШ…
Овој мал остаток, чекајќи го Христа, верен на Бога по големото разочарување, се удостоил да биде возљубен од Бога меѓу сите оние кои ја објавиле својата вера во Бога. На овој верен остаток, Бог му ја отворил вратата на вистината: за небесното светилиште, за саботата, за состојбата на мртвите, за Единиот Бог, му го дал дарот на пророштвото итн.
Христос вели: „држи што имаш, за никој да не го земе венецот твој“. Ако држиш, ќе добиеш венец. На твоето чело ќе ја обележам твојата верност со името на Мојот Отец.
И ако Божјиот народ во темнината на сеопштата заблуда би го чувал она што го имал, она што го примил од Бога во периодот на Филаделфија, тогаш дали ќе му беа упатени следните зборови на Христос, верниот и вистински сведок?
„Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја. Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се. Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене“ (Откровение 3:16,19,20).
Го забележувате ли големиот контраст. Што се случило со Божјиот народ? Тие не го чувале во своите раце она што Бог им го дал на пионерите на АСД. Тој се гордеел со своето знаење и на положбата како Божји избран народ на крајот на времето, и ја повторил грешката на Израел во старозаветното време. Израел го распнал Христа, го истерал Христа од својата средина и го распнал надвор од портите.
„Затоа и Христос, за да ги освети луѓето со крвта Своја, пострада надвор од градските порти“ (Евреите 13:12).
И современиот Израел, исто така, го истерал Христа од својата средина во личноста на оние кои сепак останале верни на Божјата вистина за Единиот Бог Отецот и Неговиот Единороден Син Исус Христос, дадена на пионерите на АСД во периодот на Филаделфија. Тие безмилосно биле истерани од Божјата црква.
ПОКАЈ СЕ, И ВРШИ ГИ ПОРАНЕШНИТЕ ДЕЛА
Овде имаме два периода, две сфери на постоење, два различни става кон Бога.
Едниот период се вика Филаделфија, а другиот Лаодикија. Во деновите на пионерите на АСД, црквата со Христос се наоѓала во периодот на „Филаделфија“. Но, по смртта на пионерите и отфрлањето на нивното учење, црквата навлегла во периодот на „Лаодикија“. Таа ја затворила вратата со тоа што ги отфрлила учењата на пионерите за Единиот Бог и престанала да ги издава нивните дела.
Каде останал Христос за овие верници? На крајот на краиштата, Тој бил со верниците во Филаделфија, и не ги следел во Лаодикија. Тој останал пред вратата на Лаодикија. Тој останал во врска со Филаделфија. Зошто? Одговорот е во Божјата реч:
„Ако не сме верни, Тој останува верен, бидејќи Сам Себе не може да се одрече“ ( 2 Тимотеј 2:13).
А што во таква ситуација означува Христовиот повик на покајание?
„Спомни си од каде си паднал и покај се, и врши ги поранешните дела; ако не, скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам свеќникот твој од местото негово, ако не се покаеш“ (Откровение 2:5)
Повикот за покајание е повик за соединување со Христа. А тоа е можно само ако се свртиме за 180 степени и се вратиме во Филаделфија по венецот на спасението, кој Господ го дава таму, и кој треба да се чува до Неговото враќање. Покај се, и врши ги поранешните дела, вели Христос.
Но, досега ова покајание не е видливо. И ќе се исполнат зборовите на апостол Павле за оние, кои како остаток остануваат верни на Христа.
„Затоа и Христос, за да ги освети луѓето со крвта Своја, пострада надвор од градските порти. И така, да Му пристапуваме надвор од живеалиштето, носејќи ја Неговата поруга“ (Евреите 13:12,13).
Ова е она што го чека верниот остаток. Тој, како и Христос, ќе биде истеран од Божјиот логор.
ПРЕМИНОТ ОД ЛАОДИКИЈА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ КОЛЕКТИВЕН, ТОЈ Е ИНДИВИДУАЛЕН
Спасот на верниците од Лаодикијската состојба нема да биде колективен. Тоа значи дека целата сегашна Божја црква нема да се врати на Божјото учење за Единиот Бог Отецот, кое го носеа пионерите на АСД (во Христовите денови немало целосно преобраќање меѓу Евреите). Ова ќе биде преобраќање на поединци. Бидејќи Христос рекол: Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата — а оние што ќе го слушнат гласот Христов ќе бидат истерани надвор од логорот, односно надвор од црквата Божја.
Но, токму за нив Бог зборува како движење за преродба. Тоа ќе бидат оние кои, во силата на другиот ангел од 18-то поглавје на Откровението, ќе ја објават пораката на трите ангели која Бог му ја дал на адвентното движење во зората на неговото појавување:
„Пораките на трите ангели треба да се објавуваат заедно, осветлувајќи го светот со три пати повеќе светлина. Јован вели во Откровението: ‘А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава’…(7БK, 985).
„Откровение 18. глава укажува на времето кога црквата, затоа што ќе ја отфрли тројната опомена од Откровение 14:6-12, во целост ќе ја достигне состојбата што ја изнел вториот ангел, а Божјиот народ, кој сè уште е во Вавилон, ќе биде повикан да излезе од своите цркви. Ова е последна вест што ќе му биде објавена на светот и таа ќе ја изврши својата задача. Кога оние ‘кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата’ (2. Солунјаните 2:12), ќе бидат предадени на силата на измамата да ѝ веруваат на лагата, тогаш светлината на вистината ќе ги осветли оние чиишто срца се подготвени да ја примат, и сите Божји деца што се наоѓаат во Вавилон ќе го прифатат повикот: ‘Излезете од неа, народе Мој!’ (Откровение 18:4)“ (Големата борба, 390, Мараната, 173, 14 јуни).
РАЗБУДЕНИОТ ОСТАТОК Е ПРЕТСТАВЕН СО ДРУГ АНГЕЛ ОД 18. ПОГЛАВЈЕ ОД КНИГАТА ОТКРОВЕНИЕ
Внимавајте, во книгата Откровение во 12. поглавје е претставена Божјата Црква, а во 17. поглавје Вавилон. А Вавилон никаде не се нарекува Црква. Бог, преку пионерите на АСД, веќе ја објавил втората ангелска порака до оние христијани кои ја отфрлиле пораката од 1844. година. Духот на пророштвото предупредува дека токму Црквата ќе биде во состојба за која зборува вториот ангел: „Падна, падна Вавилон“. Затоа, верниот остаток од оваа црква, а не самата Црква, ќе биде тој што ќе ги повика луѓето.
Овој остаток ќе се состои од оние кои ќе го слушнат Христовиот глас, ќе се покаат за лаодикијската негрижа, ќе се разбудат, ќе ја напуштат осудената Лаодикија и ќе се вратат во Филаделфија со нејзиното учење за Единиот Бог. Затоа што славата мора да му се даде на вистинскиот Бог. Ова не е создавање на нова црква, нема потреба од тоа, туку враќање на старите патишта, на патот на Божјата праведност. Христос рекол за Отецот:
„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17:3).
Токму пробудениот остаток е претставен со другиот ангел од 18. поглавје од книгата Откровение.
Зошто ние со вас зборуваме за ова во врска со последната Божја порака до овој свет што пропаѓа? Затоа што ние веќе забележавме дека пораката и гласникот се едно. Гласникот со својот живот мора да посведочи дека ја примил пораката.
КОГА ИСУС ХРИСТОС НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ВО НАС?
Лаодикијците го имаат Христа пред вратата на срцето. А без Него не може да се разбере вистината за Бога. Впрочем се вели дека Божјата вистина треба да биде внатре во нас. Но, ова може да се прими само преку Христос:
„Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата. Нејзе и станав служител по Божја наредба што ми е наложена мене за вас, за да го исполнам словото Божјо, тајната, скриена од векови и родови, а сега откриена на Неговите светии, на кои Бог пожела да им покаже какво богатство на слава има во таа тајна за незнабошците, односно дека Христос, надежта на славата, е во нас. Него ние го проповедаме, вразумувајќи ги сите луѓе и учејќи ги со сета мудрост, за да го претставуваме секој човек совршен во Христос“ (Колосјаните 1:24-28).
КОЈ, СПОРЕД БОЖЈИОТ ПЛАН МОЖЕ ДА СТАНЕ НЕГОВ НАРОД?
Живиот вистински Бог е слава на Божјиот народ. Христос е одраз на Божјата слава. Христовата слава — е славата на Единородниот, која произлегува ОД Отецот.
„Господ ќе ти биде вечна светлина, и твојот Бог – твоја слава“ (Исаија 60:19).
„Тој е одблесок на Божјата слава и отпечаток на Неговата суштина“ (Евреите 1:3).
„И ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1:14).
И според Божјиот план, Негов народ ќе бидат сите оние, кои со сето свое срце ќе ја примат последната порака. Тие ќе станат Негова слава преку соединувањето со Христа. Бидејќи оние кои не му се покоруваат на Бога престанаа да бидат Негова слава:
„Зашто, како што појасот се прилепува до крстот на човекот, така и Јас го прилепив до Себе сиот Израел и сиот Јудин дом, вели Господ, за да бидат Мој народ и Моја слава, похвала и украс, но тие не послушаа“ (Еремија 13:11).
ИСУС ХРИСТОС ЈА ОБЈАВИЛ БОЖЈАТА СЛАВА
Ајде сето ова да го споиме во едно. Да му се оддаде слава на Бога не се состои во тоа само едноставно да се каже: слава на Бога! Бог вели дека Неговата слава ја објавил Христос, кој треба преку вера да влезе во нашите срца. Како резултат на ова соединување на верникот со Христа, следејќи ги стапките на Христа, верникот е признаен од Бога како Негов народ, Негова слава. На кој начин оваа слава ќе биде видлива?
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото“ (2 Коринтјаните 5:17).
„Ако навистина сте чуле за Него и во Него сте биле поучувани – дека вистината е во Исус, тогаш отфрлете го од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост. Поради тоа, откако ја отрфливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме делови еден на друг. Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде над гневот ваш; и не давајте му место на ѓаволот. Крадецот да не краде веќе, туку нека се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба. Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат“ (Ефесјаните 4:21-29).
ПРОМЕНЕТИОТ ЖИВОТ ВО ХРИСТА Е БОЖЈА СЛАВА
Погледнете што подразбира Библијата под оддавање слава на Бога во светлината на фактот дека Бог го испратил Синот на земјата. Тоа е животот на верникот преобразен од Христос. Христос рекол:
„Со тоа ќе се прослави Мојот Отец: да носите многу плод и да бидете Мои ученици“ (Јован 15:8).
„Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Матеј 5:14-16).
Зошто променетиот живот во Христа е таа слава на Бога за која се зборува во пораките на трите ангели? Зарем Библијата не ни кажува за следното славење на Бога:
„Те прославувам зашто сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае“ (Псалм 139:14).
Одговорот е во следните зборови од пораката:
„Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“ (Откровение 14:7).
Односно, оддавањето слава на Бога од сите оние на кои им е упатена оваа порака (а таа е за сите што живеат на земјата) е тесно поврзано со претстојниот Божји суд.
КАКО ЛУЃЕТО ГО СЛАВАТ БОГА, А КАКО ГО ОБЕСЧЕСТУВААТ?
„Тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бог, Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината. Зашто еден е Бог и еден е Посредник меѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус, Кој се даде Себе како откуп за сите – а тоа се посведочи во свое време“ (1 Тимотеј 2:3-6).
Апостол Павле Божјата желба да ги спаси сите тесно ја поврзува со Христовата посредничка служба, велејќи дека тоа е сведоштвото кое Бог му го дал на целото човештво. Прифаќајќи ја Христовата посредничка служба, прифаќајќи го Вечното Евангелие – планот на спасението од Бога, човекот му оддава слава на Бога!
„Ако го примаме човечкото сведоштво, Божјото сведоштво е поголемо, бидејќи тоа е сведоштво Божјо, со кое Бог посведочи за Својот Син. Кој верува во Синот Божји, тој го има тоа сведоштво во себе; кој не Му верува на Бог, Го прави лажливец, зашто не поверувал во сведоштвото Негово со кое посведочил Бог за Својот Син. А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син“ (1 Јованово 5:9-11).
Вистината е едноставна. Ако го прифатиш вечното Евангелие – Христа како свој личен Спасител, ќе се преобразиш во Неговиот лик. Тоа значи дека му оддаваш слава на Бога за Неговата милост кон грешниците, за Неговата мудрост откриена во планот на спасението, за Неговата пожртвувана љубов откриена во страдањето и смртта на Неговиот Син. Ако не го прифатите вечното Евангелие, продолжувате да живеете во своите гревови или во љубовта кон сопствената праведност, која извира од вашето грешно јас, вие го обесчестувате Бога. Бидејќи веќе забележавме погоре:
„Зашто ние самите себе не се проповедаме, туку Христос Исус Господ; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исус. Зашто Бог, Кој некогаш заповеда од ‘темнината да изгрее светлина’, Тој ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исус Христос светло. Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да биде од Бога, а не од нас“ (2 Коринтјаните 4:5-7).
Во светлината на судот, ни се открива неверојатна вистина. Повикувајќи нè да Му оддадеме слава, Бог всушност не се грижи за Себе, не за Својот имиџ, туку за нас грешниците, за нашето спасение.
МОЖЕТЕ ДА СЕ СПАСИТЕ САМО СО ИСУС ХРИСТОС
„Зашто време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие? И кога праведникот одвај се спасува, тогаш што ќе стане од безбожниците и грешниците“ (1 Петрово 4:17,18).
Праведникот со тешкотии се спасува, бидејќи патот до небото е еден и тој е многу тесен:
„Исус му рече: ‘Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене’“ (Јован 14:6).
Ширината на овој пат е одредена со светиот Исусов живот, со Неговиот пример:
„Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13:15).
„Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13:34).
„Бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки: Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1 Петрово 2:21,22).
И затоа што луѓето, па дури и верниците, често не го бараат Божјото, туку своето:
„Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос“ (Филипјаните 2:21).
Повторно ни станува јасен Божјиот повик до оние кои живеат на земјата, вклучувајќи ги и верниците: да му оддадат слава на Бога, прифаќајќи го Христа како свој личен Спасител и обединувајќи го својот живот со Неговиот живот.
Ова е многу актуелна порака. Впрочем, верниците од последниот лаодикијски период на црквата го имаат Христа зад вратата на нивните срца. Верниците имаат облик на побожност, но ја немаат неговата сила, која е во Христа и само во Него.
ЗОШТО НЕМА СИЛА ВО ТРОЈНАТА АНГЕЛСКА ПОРАКА?
Зошто пораката на трите ангели е речиси нечујна денес? А ако и се чуе, тогаш тоа е без онаа сила, која е симболизирана со силата на ангелот. На крајот на краиштата, пораката ни е претставена со ангел, кој лета среде небото. Затоа што оние кои ја знаат пораката, добро знаат како да се опуштат и да живеат за себе.
Светот е поделен на две класи: едните не знаат за оваа порака; додека другите ја знаат пораката, но ја прифаќаат како нешто што само треба да им се пренесе на другите. Тие не ја применуваат лично на себе. Токму во тоа е и нивната фатална грешка. Со тоа што не ја прифаќаат последната порака лично за себе, тие на оваа порака и ја одземаат силата на побожноста, имајќи го само нејзиниот изглед, но ништо повеќе.
Што ги зајакнало зборовите на Ное дека ќе има потоп? Неговиот живот. Секоја алатка што ја купил за изградба на ковчегот му давала сила на неговите зборови. Секој ден поминат во изградбата на ковчегот, даваше сила на неговите зборови за претстојниот потоп. Сè додека верниците не ја сфатат оваа важна вистина — пораката и гласникот се едно; сè додека не ја примат пораката од Бога, како порака упатена особено до нив; сè додека тие, како Ное, не живеат според оваа порака, оваа порака нема да има сила.
Нам, кои ја познаваме пораката на трите ангели, Бог ни вели: Стекнете страв од Мене, разбудете во себе стравопочит од Моето величие. Подајте ми слава – примете го Христа во срцето, направете Го неговиот живот свој и станете слични како Него во сè. Без ова, пораката нема да има небесна сила, туку под влијание на мизерните човечки напори само ќе напредува педа по педа. Во Христа, во Неговиот живот и пример, ние ја примаме силата на Светиот Дух, силата на доцниот дожд, и во таа сила последната порака ќе се слушне низ целата земја. Дождот веќе паѓа.
САМО СО ВРАЌАЊЕ КОН ВЕРАТА НА ПИОНЕРИТЕ НА АСД МОЖЕМЕ ДА СЕ ВРАТИМЕ ВО СПАСУВАЧКАТА ФИЛАДЕЛФИЈА
Искрените души, кои ја бараат Божјата вистина, но не ја знаат последната порака од Бога, ќе бидат привлечени кон Божјата светлина, која ќе се види во животите на оние кои ќе се стопат со пораката и со силата на Христовата праведност ќе му ја објават на светот. И тоа време веќе дојде.
Сега секој од вас може да му оддаде слава на Бога така што ќе го прифати Христа во своето срце, ќе излезе од лаодикиската опиеност, враќајќи се на корените на адвентизмот, во спасувачката Филаделфија, чии верници ќе се сретнат со Христос. И кој ќе биде заштитен од Христа во последното искушение за време на неволјите преку Неговото ветување:
„Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет, за да ги искуша оние што живеат на земјата. Ете, доаѓам скоро: држи што имаш, за никој да не го земе венецот твој. Оној кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам на него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Ерусалим, кој слегува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име“ (Откровение 3:10-12).
И невозможно е да излезете од осудената Лаодикија и да се вратите во спасувачката Филаделфија, без да се вратите на верата на пионерите на АСД, на кои Христос им рекол: Ќе те направам столб во храмот на Мојот Бог. На овој начин тие ја потврдуваат вистинитоста на нивните учења. За тоа сведочи и Духот на пророштвото, велејќи дека ниту еден столб од нашето верување не може да се отстрани, бидејќи тоа значи отфрлање на Божјата реч.
ОНИЕ, КОИ НЕМА ДА СЕ ВРАТАТ ВО ФИЛАДЕЛФИЈА ЌЕ БИДАТ СУРОВО ЗЛОСТАВУВАНИ ОД СТРАНА НА БОЖЈИОТ НАРОД
Тажна ќе биде судбината на оние од Божјиот народ кои не сакаат да се вратат на спасоносното учење на Филаделфија. Тие не само што нема да можат да ја проповедаат пораката на трите ангели, туку и сурово ќе се пресметаат со оние што ја носат таа порака во светот во Христова сила. Ќе ја повторат судбината на Јуда Искариот, судбината на предавникот:
„Ова ви го кажав за да не се соблазните. Ќе ве исклучуваат од синагогите. Па уште и ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба. Тоа ќе го прават, зашто не Го познаа Отецот, ниту Мене“ (Јован 16:1-3).
„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17:3).
И ова време веќе се гледа на хоризонтот:
„Штом ќе се приближи бурата, мнозина кои тврдат дека веруваат во третата ангелска вест, но не биле посветени со послушност кон вистината, ќе се откажат од своите ставови и ќе преминат во редовите на противниците. Соединувајќи се со светот и учествувајќи во неговиот дух, тие работите ги посматраат речиси во иста светлина, а кога ќе настапи искушението, ќе бидат готови да ја изберат полесната, популарната страна. Луѓе, надарени и со привлечно однесување, кои некогаш и се радувале на вистината, ќе вложат максимални напори да ги измамат и да ги заведат душите. Тие ќе станат најголеми непријатели на своите некогашни браќа. Кога оние што ја почитуваат саботата ќе бидат доведени пред судови да одговараат поради својата вера, тогаш овие отпадници ќе бидат најуспешното орудие на сатаната да ги клеветат и да ги обвинуваат и со лажни извештаи и инсинуации ќе го поттикнуваат гневот на владетелите против нив. Во ова време на прогонство ќе биде испитана верата на Божјите слуги. Тие верно ќе ги објавуваат опомените гледајќи само на Бога и на Неговото слово. Божјиот Дух, кој делува во нивните срца, ќе ги натера да зборуваат. Поттикнати со света ревност и гонети со силата на Божјиот Дух, тие – без оглед на последиците што можат да произлезат од тоа што на народот ќе му ги пренесуваат зборовите кои самиот Бог ги ставил во нивната уста – верно ќе ја вршат својата должност. Тие нема да мислат на своите земни интереси, ниту ќе се обидуваат да го сочуваат својот углед или живот“ (Големата борба, 608).
ДВИЖЕЊЕТО ЌЕ ЈА НОСИ ПОСЛЕДНАТА ПОРАКА, А НЕ НЕКОЈА СТАТИЧНА ХРИСТИЈАНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА
Ајде да го сумираме сето ова што го наведовме. Бог ги повикува гласниците да се стопат со пораката. Најпрвин ним им се упатени Божјите зборови: „Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава“. Тие се оние, за да може пораката да се објави во силата на Божјиот Дух, кои треба да ја почитуваат величината, мудроста и Божјата пожртвувана љубов. Тие се оние кои треба да му оддадат слава на Бога прифаќајќи го Неговото вечно Евангелие, спасувајќи ги од нивните гревови, соединувајќи ги нивните животи со Христовиот живот. За да го направат тоа, тие ќе ја напуштат осудената Лаодикија и ќе се вратат во Филаделфија, на корените на адвентната црква, која Бог ја создал преку проповедањето на пораката на трите ангели.
Бог не создал статична христијанска организација со уште едно учење. Бог поттикнал движење, кое ја носи последната порака до светот што пропаѓа. Преку движењето оваа порака почнала да се проповеда, а преку движењето за преродба во адвентизмот во славата на другиот ангел, во славата на Христовата праведност, Бог ќе го заврши објавувањето на оваа порака до целиот свет:
„Ангелот кој се придружува во објавувањето на третата ангелска вест ќе ја осветли целата земја со својата слава. Овде е најавено дело со огромни размери и со невообичаена сила. Адвентното движење од 1840. до 1844. година претставуваше прекрасна манифестација на Божјата моќ; првата ангелска вест беше однесена до секоја мисионерска станица во светот, и во некои земји настана толку голем интерес за верата каков што не се видел ниту во една земја од реформацијата во шеснаесеттиот век; но сето тоа ќе биде надминато со силното движење предизвикано од последната опомена на третиот ангел“ (Големата борба, 610).
Дали сакате да бидете дел од ова движење за преродба (оживување) меѓу Божјиот народ? Зар не е време задреманите девојки да се разбудат и, приготвувајќи ги светилките, да излезат да го пречекаат Младоженецот? Бидејќи Тој е веќе близу до вратата. Секако, ако верувате во тоа.
НЕОПХОДНО Е НЕ САМО ДА СЕ ЗНАЕ ПОРАКАТА, ТУКУ ДА СЕ ПРИФАТИ И ДА СЕ ЖИВЕЕ СПОРЕД НЕА
Не е срамота да се верува во Божјите зборови, да се полага надеж во Спасителот Христос, но срамота е, знаејќи сè, да продолжиш да спиеш,:
„Зашто во Писмото стои напишано: ‘Еве, на Сион поставувам камен темелник, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами’“ (1 Петрово 2:6).
„(Верниците) исполнети со плодовите на правдата, кои се преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога“ (Филипјаните 1:11).
Затоа, драги браќа, сестри и пријатели, дојде време да ја прифатите последната порака од Бога и да живеете според оваа порака. Затоа, прифатете ја лично за себе пораката на спасението: „Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“.
Читајте кому и преку кого се дава славата:
„На Единствениот, мудар Бог, преку Исус Христос нека е слава во сите векови! Амин“ (Римјаните 16:27)
Нека Бог нè благослови да бидеме Негови гласници на надежта и спасението во овој суров свет на лаги!