КОЈ Е СОЗДАТЕЛОТ – ОТЕЦОТ ИЛИ ИСУС?
Денес нашето внимание ќе го свртиме на небесниот повик до луѓето:
„Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори“ (Откровение 14:7).
Можеби за многумина овие зборови ќе изгледаат чудни. Зошто Бог во последната порака ги повикува луѓето да се поклонат на Оној Кој ги создал небото, земјата, морето и водните извори? Едно од наједноставните објаснувања е дека луѓето на крајот на времето ќе обожаваат секого и сè, но не и Создателот.
ЗОШТО БОГ ВО СВОЈОТ ПОВИК ДО НАРОДОТ ГИ ПОВТОРУВА ЗБОРОВИТЕ ОД ЧЕТВРТАТА ЗАПОВЕД
Постои уште еден важен момент. Повикувајќи нè да му се поклониме на Создателот, Бог ги повторува зборовите од Четвртата заповед, која нè повикува да ја празнуваме саботата:
„Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни добитокот твој, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (Излез 20:8-11).
Затоа, кога Бог нè повикува да му се поклониме на Создателот, Тој нè повикува да бидеме послушни во држењето на Четвртата заповед, заповедта што заповеда да се чува саботата света. Невозможно е да го почитувате Создателот отфрлајќи ја саботата како споменик на создавањето, како ден кој вели дека ние и сè што нè опкружува е создадено од Бога.
Но, кога велат дека поклонувањето на Создателот укажува на светоста на саботниот ден, многу верници пропуштаат една не помалку важна вистина.
За да го разбереме овој повик, прво треба да внимаваме на она што Бог зборува преку Својата реч. Затоа што мошне често верниците го доживуваат своето толкување на Божјата реч, како Божја реч. Па дури ниту своето, туку однадвор наметнато од разни верски авторитети. Тогаш, кога сè уште немавте искуство за правилно истражување на Библијата, споредувајќи текст со текст за да добиете целосно хармонична вистина за кое било прашање, туку го толкувавте одвоено од контекстот.
КОЈ Е ВИСТИНСКИОТ ТВОРЕЦ НА УНИВЕРЗУМОТ?
Многу теолози, толку многу ги заплеткале работите во врска со ова прашање така што со помош на текстовите од Светото Писмо и некои цитати од Духот на пророштвото ќе се обидеме да ги расплеткаме? Треба да одговориме на прашањето која е причината на создавањето. Зошто е создадена вселената? Односно, да откриеме кој е вистинскиот Создател на вселената. Треба да го знаеме ова за да разбереме на што нè повикува Првата ангелска порака.
Во Библијата постојат три групи текстови кои ни кажуваат кој ја создал нашата Земја, и, во принцип, не само Земјата, туку и вселената. Сите тие заедно ја откриваат истата вистина и не си противречат, туку се надополнуваат еден со друг и се во целосна и совршена хармонија. А маката на многу верници е што поради некоја причина гледаат само на една група текстови без да ги забележат другите текстови кои зборуваат за оваа тема, или ги мешаат сите текстови без да се мачат да го разберат нивното значење. Поради ваквиот пристап, тие никогаш не ја гледаат хармоничната вистина што ја открива Светото Писмо на оваа тема.
НЕКОИ БИБЛИСКИ ТЕКСТОВИ ВЕЛАТ ДЕКА СÈ Е СОЗДАДЕНО ОД БОГ ОТЕЦОТ
Првата група текстови од Стариот и Новиот Завет ни кажува дека целата вселена и нашата Земја се создадени од Бог Отецот:
„Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нè создаде? Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг, нарушувајќи го на тој начин заветот на нашите татковци? (Малахија 2:10)
„А овие, штом ги ислушаа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: ‘Господаре, Ти Кој си го создал небото и земјата, и морето и сè што се наоѓа во нив; и Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давид, Својот слуга, си рекол: Зошто беснеат народите и луѓето намислуваат празни работи? Се дигнаа царевите земни и кнезовите се собраа заедно против Господ и против Неговиот Помазаник. И навистина, се здружија во тој град Ирод и Понтиј Пилат заедно со незнабошците и со народот израелски против Твојот Свет Син Исус, Кого си Го помазал Ти, за да го направат она што однапред го беше определила раката Твоја и волјата Твоја – да се збидне. И сега, Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово, полагајќи ја раката Своја за исцеление, и да се случуваат чудесни знаци во името на Твојот Свет Син Исус’“ (Дела 4:24-30)
Забележете дека не само за Евреите во Стариот Завет, туку и за апостолите во Новиот Завет, Оној кој ги создал небото, земјата, морето и сè што е во нив е Бог Отецот, Отецот на Исус Христос. Тоа е јасно изразено во текстовите што ги прочитавме. Забележете дека разбирањето дека Бог Отецот е Оној кој ги создал небото, земјата и морето, апостолите го зачувале по воскресението Христово и по Неговото објаснување за целото Писмо (сè што е кажано за Него во целото Писмо). Тоа значи дека нивното разбирање е точно. Тоа доаѓа од тоа што го поучувал Самиот Христос:
„Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо“ (Лука 24:27).
Ако Библијата ги содржеше само овие текстови, тогаш сè би било многу јасно: Оној кој ги создал небото и земјата, морето и сè што е во нив е Бог Отецот.
ТЕКСТОВИ КОИ ВЕЛАТ ДЕКА СÈ Е СОЗДАДЕНО ОД ИСУС ХРИСТОС. КОНТРАДИКТОРНОСТ?
Но, во Божјата реч има голем број други текстови кои велат дека сè е создадено од Исус Христос, Синот Божји:
„Тој е слика на невидливиот Бог, првороден пред секое создание; бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сè е преку Него и за Него создадено“ (Колосјаните 1:15,16).
„Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана“ (Јован 1:3).
Некои верници, откако ќе ја прочитаат оваа група текстови, забораваат на првата група текстови во кои се вели дека Создателот е Бог Отецот и почнуваат да тврдат дека Создателот на небото и земјата и морето е Синот Божји, Христос.
ВО СВЕТОТО ПИСМО ПОСТОИ ГРУПА ТЕКСТОВИ ДАДЕНИ ОД БОГА ЗА ПРАВИЛНО РАЗБИРАЊЕ НА ВИСТИНАТА ЗА СОЗДАТЕЛОТ
Но, постои трета група на текстови од Библијата, која ни е дадена од Бога за да можеме правилно да ја разбереме вистината за Создателот на вселената:
„Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците, во последниве денови ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сè, преку Кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1:1,2).
„И да расветлам на сите во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сè преку Исус Христос“ (Ефесјаните 3:9).
Оваа група текстови не е во спротивност со другите две групи текстови, и плус оваа група поставува приоритети и ни помага да ја разбереме вистината за Создателот на сите нешта во вистинско светло. Ова се појаснувачки текстови, текстови кои ги усогласуваат првите две групи текстови.
Излезете од Лаодикијската темнина во Божјата светлина и престанете да ги прифаќате небиблиските заклучоци на теолозите. Не верувајте во нешто без да бидете убедени, како древните Веријци, дека она во што верувате е библиска вистина, а не човечка шпекулација.
ТРИТЕ АНГЕЛСКИ ПОРАКИ СЕ ОДНЕСУВААТ НА ЕДНА ЛИЧНОСТ, А НЕ НА ДВЕ
Недвосмислено е дека треба да дојдеме до библиски заклучок за тоа кого Божјата реч го нарекува вистински Создател на вселената. Затоа што во пораката на Трите ангели ни е кажано да се поклонуваме на Создателот, а се работи за една Личност, а не за две. Зашто, кога Христос сакал да ни објасни дека и Отецот и Синот учествувале во нашето спасение, Тој јасно покажал дека ако зборуваме за две Божествени Личности, тогаш треба да зборуваме за нив како за две Личности.
„Исус одговори и му рече: ‘Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме’“ (Јован 14:23)
Зборот „ќе дојдеме“ сам по себе елоквентно зборува дека станува збор за две лица, а кога се употребува еднина „јас“, тогаш станува збор за едно лице. Во тројната ангелска порака јасно се вели:
„Тој зборуваше со висок глас: ‘Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори’“ (Откровение 14:7)
Зборовите: Оној, Кој ги создал– сведочат за фактот дека кога Библијата зборува за Создателот, подразбира една Личност, а не две.
МНОГУ ВЕРНИЦИ ЗАБОРАВИЛЕ НА БОГА ОТЕЦОТ
Многу познати проповедници, коментирајќи во своите евангелски програми за зборовите на Првата ангелска порака за обожавањето на Создателот на небото, земјата и морето, експлицитно велат дека се работи за обожавање на Христос, бидејќи Тој е Создателот. Односно, сите луѓе се научени дека обожавањето на Создателот значи обожавање на Христос. Но каде, сакам да дознам, отишол Бог, Отецот на Исус Христос, за кого толку многу зборува книгата Откровение, во која се наоѓа пораката на Трите ангели? Дали на сите оние луѓе кои живееле, живеат и ќе живеат во периодот на објавување на Трите ангелски пораки, не им е потребен Бог Отецот и можат ли целосно да Го заборават?
ЦЕНТАРОТ НА ЖИВОТОТ И УЧЕЊАТА НА ИСУС ХРИСТОС БИЛ НЕБЕСНИОТ ОТЕЦ
Заклучокот на многуте познати проповедници е во спротивност со Христовите зборови во врска со поклонувањето и службата на Божјиот верен народ:
„Но иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат“ (Јован 4:23).
„А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Матеј 6:3,4).
„Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Тој, Кој гледа тајно, ќе те награди (јавно)“ (Матеј 6:6).
„А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно“ (Матеј 6:17,18).
Учењето на Христа, Синот Божји, нашиот Спасител, било БОГОЦЕНТРИЧНО. Средиште на Неговиот живот и учењето бил Небесниот Отец, бидејќи Христос е нашиот пат до Бога Отецот и Тој е наш пример во разбирањето на вистината и правилното служење на Бога.
А меѓу современите христијани, кои наводно чекорат по стапките на Христос, Небесниот Отец е практично исклучен од христијанскиот живот. Но, вие разбирате дека не можете да одите по стапките на Христос и истовремено да чекорите по сосема поинаков духовен пат.
САМО ВО ОТКРОВЕНИЕТО ОТЕЦОТ НЕБЕСЕН Е НАРЕЧЕН БОГ
Проучувајќи ја книгата Откровение, последната книга од Библијата, која ја содржи пораката на трите ангели, гледаме дека Бог Отецот е централната Личност во неа, главната Личност на која треба да се поклонуваме од првото до второто доаѓање, а исто така и во бесконечната вечност:
„И паднав пред нозете негови да му се поклонам; но тој ми рече: ‘Стој, и јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога, зашто сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото“ (Откровение 19:10).
„Но тој ми рече: ‘Стој, немој, зашто и јас сум слуга како ти, и браќата твои – пророци и оние што ги држат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога’“ (Откровение 22:9).
А во книгата Откровение, кога се зборува за Бога, тогаш се работи за Отецот, а не за Синот.
„Храм, пак, не видов во него, бидејќи Господ Бог Седржителот и Јагнето се неговиот храм“ (Откровение 21:22).
„И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истечуваше од престолот на Бога и на Јагнето“ (Откровение 22:1).
Постои Бог, Отецот Небесен, постои Јагне, и никаде во книгата Откровение Синот Божји не се нарекува Бог. Јагне, да, Син Божји, да, Слово Божјо, да, но само Небесниот Отец се нарекува Бог во Откровението, таков е контекстот на оваа книга. Затоа, кога во Првата ангелска порака се вели:
„Тој зборуваше со висок глас: ‘Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори’“ (Откровение 14:7).
– тогаш вие не можете да излезете подалеку од контекстот на самата книга Откровение во толкувањето на зборот Бог. Затоа во корен се погрешни заклучоците на оние кои го игнорираат јасното сведоштво на самата книга Откровение, која вели дека Бог, кој создал сè, е Отец на Исус.
КОЈ Е ГЛАВНИОТ АВТОР ИЛИ ИЗВЕДУВАЧ?
Да видиме во светлината на Светото Писмо зошто Божјото Слово, кое исто така вели дека Христос ја создал целата вселената, сепак го смета Бога Отецот за вистински Создател, првобитната причина за сè што постои, и во ова нема никакво омаловажување на Христос, Синот Божји, нашиот возљубен Спасител Исус.
Речиси сите креативни дела вклучуваат во себе два аспекта:
1. Идејата (замислата, планот) му припаѓа на креаторот на идејата и е позната само нему.
2. Реализацијата на идејата во реалноста може да не ја изврши креаторот на идејата, туку некој на кого идејата му ја открил креаторот на идејата.
Понекогаш овие два аспекта ги извршува иста личност. Композиторот ја компонира мелодијата и ја изведува сам. Но, понекогаш еден компонира мелодија, а друг ја изведува. Кој е вистинскиот автор на делото?
Се разбира тој што го измислил, тој што го родил, а не оној што го реализирал во реалноста планот на другиот. Имено авторот на идејата е оној во кого се појавила идејата, тој е основната причина за појавата на, да речеме, едно музичко дело. Авторот е примарен, а изведувачот спореден.
КОГО ГО СМЕТААТ 24-ТЕ СТАРЕШИНИ ЗА СОЗДАТЕЛ И ОСНОВНАТА ПРИЧИНА ЗА СИТЕ НЕШТА?
Во книгата Откровение, небесните жители ни откриваат кој, според нив, е Автор и основната причина на сè што е создадено:
„Дваесет и четирите старешини паѓаа пред Седнатиот на престолот, Му се поклонуваа на Живиот во сите векови и ги полагаа своите венци пред престолот, велејќи: ‘Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сè, и според Твојата волја постои сè и е создадено’“ (Откровение 4:10,11).
Оној што седи на престолот е Бог Отецот, а не Христос, што јасно произлегува од сè што е опишано во поглавјата 4-5 од книгата Откровение. Христос е прикажан подоцна.
„Погледав, и ете, сред престолот и четирите животни и сред старешините стоеше Јагнето, како заклано… И дојде и ја зеде книгата од десната страна на Оној што седеше на престолот“ (Откровение 5:6,7).
Тоа значи дека 24-те старешини, кои се првиот сноп на спасените, а со тоа и пример за нас, му се поклонуваат на Бог Отецот и јасно сведочат дека Бог е возвишен и крунисан со слава и чест, затоа што создал сè, и сè постои и е создадено според Неговата волја. Во исто време, тие го познаваат Јагнето, Му се поклонуваат и зборуваат за Неговата достојност.
„И кога ја зеде книгата, четирите животни и дваесет и четирите Старешини паднаа пред Јагнето, држејќи секој од нив харфа и златни чаши, полни со темјан, кои се молитвите на светиите; и пееја нова песна, велејќи: ‘Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нè откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе,и нè направи пред нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваме на земјата’“ (Откровение 5:8-10)
Погледнете ја оваа слика насликана во книгата Откровение. Кога 24-те старешини му се поклонуваат на Бог Отецот, зборувајќи за Неговото достоинство да прими обожавање, тие велат дека Бог Отецот е Создателот. Основната причина за сите создадени нешта. Кога му се поклонуваат на Јагнето, тие зборуваат за Неговото достоинство во обожавањето, за Неговата незаменлива улога во откупувањето на грешниците.
БОЖЈИОТ ГЛАСНИК ЗА ОБОЖАВАЊЕТО НА ИСУС ХРИСТОС
Дозволете ми да ве потсетам на два цитати од Духот на пророштвото кои зборуваат за обожавањето на Христос на исто духовно ниво за кое зборува книгата Откровение.
„Укажувањето чест на Христа како на херој, исполнето со восхит, благодарност и љубов, просветлувачката и животворната моќ на молитвата, откупувачката енергија родена од увереноста дека ти е простено, наоѓањето пријател во Христа, помошта на Духот, пријателството со другите верници и личната побожност која поттикнува и зајакнува, внатрешното збогатување и исцелување од учеството во заедничкото богослужение, надворешната мобилизација која нè повикува на активна служба на Бога и на ближните – сето тоа придонесува за духовното закрепнување кое Христос им го дарува на немирните души и срца“ (Пасторска служба, 23 погл.).
„Од истата причина, Тој го сокрил точниот ден на Христовото раѓање, тој ден да не ја добие честа што треба да му се даде на Христа како Спасител на светот – како на Оној што треба да се прими, да се верува, да се потпира, Кој може да ги спаси сите што доаѓаат кај Него. Душата треба да го обожава Исуса само како Син на бесконечниот Бог“ (Адвентен дом, 477,3).
БИБЛИСКИ ТЕКСТОВИ КОИ ЈА ПОЈАСНУВААТ ВИСТИНАТА ЗА СОЗДАТЕЛОТ
Тоа значи дека ние не го омаловажуваме Христа кога Му се поклонуваме како Откупител на светот – Библијата и Духот на пророштвото нè учат на тоа. Но, кога станува збор за обожавање на Создателот, станува збор за Бог Отецот, основната причина за целото постоење. Повторно погледнете ги внимателно овие текстови, кои спаѓаат во групата на појаснувачки текстови и го прават Светото Писмо хармонично:
„И да расветлам на сите во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сè преку Исус Христос“ (Ефесјаните 3:9).
„Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците, во последниве денови ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сè, преку Кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1:1,2).
Забележете дека зборовите „Кој создаде сè“ и „создаде“ се однесуваат на Бог Отецот, Кој создаде и создаде сè преку Неговиот Син Христос. Односно, иако Синот учествувал во создавањето, тој не е Автор на создавањето, Тој не е примарната причина, туку извршител на волјата на Отецот, Кој е Авторот на сите нешта и примарна причина за создавањето.
ДЕТАЛИ ЗА СОЗДАВАЊЕТО НА ЗЕМЈАТА ВО КНИГАТА ИЗРЕКИ
Во книгата Изреки се користи прекрасен алегоричен јазик преку кој ни се даваат детали за создавањето на земјата од Бог Отецот преку Синот:
„Господ ме имаше за почеток на Својот пат, пред сите Свои творби, ме имаше уште од вечноста, во почетокот, пред да ја создаде Земјата. Јас сум се родила, кога уште немало бездни, кога уште не постоеле извори, изобилни со вода. Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите, пред ридовите, кога Господ уште не беше ја создал Земјата, ни полињата, ниту првите прашинки на вселената. Кога Тој го оформуваше небото, јас бев со Него, кога го поставуваше хоризонтот над бездната, кога ги утврдуваше облаците во висините, кога ги зацврстуваше изворите на бездната, кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат водите неговите брегови, кога ги полнеше основите на Земјата, – јас бев кај Него кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време“ (Изреки 8:22-30).
За Христос на алегоричен јазик се вели дека бил уметник со Бог Отецот. Погледнете ја работата на уметниците, тие цртаат портрети со природа, мртва природа, пејзажи. Колку е посличен неговиот цртеж на природата, да изгледа како две капки вода, толку повеќе се смета за подобар уметник. При создавањето на целата вселена и нашата земја, Христос ги исполнил намерите на Својот Отец, Создателот на целата вселена.
КОЈА БИЛА УЛОГАТА НА ИСУС ХРИСТОС ВО СОЗДАВАЊЕТО НА ЗЕМЈАТА?
Еве цитати од Духот на пророштвото:
„Бог му рекол на сатаната дека ќе ги открие Своите скриени намери само на Својот сакан Син“ (Историја на спасението, стр. 18).
„Отецот се посоветувал со Синот во врска со непосредното спроведување на Неговата намера да создаде човек кој ќе живее на земјата“ (Историја на спасението, стр. 19).
Гледате дека идејата, замислата, намерата на Бога, Отецот на Исус, станува еден вид дизајн според кој Исус – уметникот, го излеал овој свет. Сиот дизајн на вселената и постоењето бил измислен од Бога, Отецот на Исус, затоа Библијата зборува за Бога Отецот како Создател на сè:
„Тој ја создаде земјата со силата Своја, ја утврди вселената со мудроста Своја и со разумот Свој ги распростре небесата“ (Еремија 10:12).
Значи, замислата за сè што е создадено му припаѓа на Бог Отецот, а Синот Божји, откако Бог Отецот го назначил во овие планови, почнал да ги спроведува:
„И да расветлам на сите во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сè преку Исус Христос“ (Ефесјаните 3:9).
„Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците, во последниве денови ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сè, преку Кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1:1,2).
НА КОГО МУ ЗАПОВЕДАЛ БОГ КОГА ЈА СОЗДАВАЛ ЗЕМЈАТА?
Слушајте го внимателно следниот цитат од Духот на пророштвото од прекрасната книга „Здравје и среќа“. Ги советувам сите да ја прочитаат, особено од 35. поглавје до крај. Поглавјето 35. е наречено „Вистинското знаење за Бога“. Никаде на друго место нема да прочитате како таа зборува за Единиот Бог Отецот и Неговиот Единороден Син, Исус Христос. И така, таму е напишано за создавањето на сите нешта на овој начин:
„При создавањето на Земјата, Бог не зависел од претходно постоечка материја. ‘Зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа’ (Псалм 33:9). Сите нешта, материјални и духовни, се појавувале по заповед на Господ Јехова со Неговиот глас и биле создадени според Негова замисла. Небесата и сето нивно мноштво, Земјата и сè што е на неа, настанале од здивот на Неговата уста“ (Здравје и среќа, 414).
Слушајте ги клучните зборови. Бог Отецот изговорил заповед и сè се создало. Кому му заповедал? На материјата без душа? Но, тогаш таа не постоела. Се разбира, врз основа на претходните текстови кои велат дека Бог создал сè преку Христа, лесно можете да разберете дека Бог му давал заповеди на Христос, Својот Единороден Син, роден од Него.
На крајот на краиштата, Самиот Христос, наречен во Изреки 8. поглавје мудрост Божја, во тоа време го рекол ова:
„Кога Тој го оформуваше небото, јас бев со Него… јас бев кај Него кога создаваше“ (Изреки 8:27,30).
САМО СОЗДАТЕЛОТ МОЖЕ ДА МУ ДАДЕ ИМЕ НА ОНА ШТО ГО СОЗДАЛ
Уште важен момент. Насловот на делото не го дава изведувачот, туку авторот – композиторот. Овој чин сведочи за приоритетот на авторот над изведувачот и неговите авторски права:
„Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Тој сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига“ (Исаија 40:26).
„Бог светлината ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ“ (Создавање 1:5).
„И сводот Бог го нарече небо“ (Создавање 1:8)
„Копното Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња“ (Создавање 1:10).
Бог создал сè преку Синот и на сè што создал му дал имиња, како Сопственик, како Создател, како Господар на сè.
САМО БОГ ПОСЕДУВА НЕПОЗАЈМЕН ЖИВОТ ВО СЕБЕ
Ќе ви го свртам вниманието на уште една важна точка во создавањето на човекот. Светото Писмо вели:
„Потоа Бог рече: ‘Да создадеме човек според Нашиот образ’“ (Создавање 1:26).
Еве како овој момент е осветлен од Духот на пророштвото:
„Потоа Бог му рекол на Својот Син: ‘Да создадеме човек според Нашиот образ’“ (Историја на спасението, поглавје 2).
„Самиот Бог, лично земал учество при создавањето на човекот“ (Здравје и среќа, 415).
Овие цитати ни кажуваат дека Отецот и Синот работеле заедно во создавањето на човекот. Во овој заеднички креативен чин има и еден интересен детал:
„Самиот Бог, лично земал учество при создавањето на човекот. Кога Бог го создал човекот според Својот образ, човечката форма била совршена во сè, но немала живот. Тогаш Бог, личност, која постои сама по себе, вдахнал во таа форма животен здив и човекот станал живо, интелигентно суштество“ (Здравје и среќа, 415).
Бог Отецот, кој постои Сам по Себе, кој има живот во Себе, вдахнал живот од Својот живот во Адам. Бог Отецот исто така е и вистинскиот Создател на сè, затоа што само Тој поседува непозајмен живот во Себе:
„Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види. Нему нека Му е чест и сила во сите векови. Амин“ (1 Тимотеј 6:16).
Зборовите „Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види“ ни помагаат непогрешливо да разбереме дека зборуваме за Бог Отецот. А за Себе, Христос во врска со тоа го рекол следново: „Зашто, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде (му дарувал, му отстапил, дозволил) и на Синот да има живот во Себе“ (Јован 5:26).
ДАЛИ ХРИСТОС ИМАЛ ЖИВОТ ВО СЕБЕ?
Мнозина се обидуваат да ги доведат овие зборови во врска со Христовиот земен живот, велејќи дека Бог Отецот му дал на Исус да има живот во Себе откако станал човек. Но, ако Христос отсекогаш имал живот во Себе, тогаш кој и како можел да Му го одземе овој живот? И зошто? За Тој да може да стане човек? Но, според оваа теорија, Нему, како човек, повторно му била дадена можност да има живот во Себе. Тогаш, зошто Му се одзема, ако оваа способност повторно Му била вратена откако станал човек? И прашањето е: ако човекот Исус имал живот во Себе за време на Својот земен живот, тогаш дали Тој во сè станал како нас, Син Човечки?
На крајот на краиштата, ние имаме живот позајмен од Бога и затоа можеме да умреме?
„А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евреите 2:14).
„Затоа Тој мораше во сè да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот“ (Евреите 2:17).
Христос во сè станал како човек, и затоа можел да умре. Оној кој има непозајмен живот во Себе не може да умре, но Христос умрел и тоа е факт.
ДУХОТ НА ЖИВОТОТ ДОАЃА ОД БОГА
Здивот на животот за сите созданија доаѓа од Бог Отецот:
„Бог, Кој го создаде светов и сè, што е во него; Тој, Кој е Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворени храмови, ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, здив и сè“ (Дела 17:24,25).
А за Христа во својата беседа апостол Павле во 31. стих вели:
„Зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите“ (Дела 17:31).
А тоа што Бог Отецот го воскреснал Христа од мртвите, исто така јасно сведочи за тоа дека здивот на животот е во Бога Отецот, за што сведочи целото Писмо.
„Го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен – умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата“ (Псалм 103:29,30).
„Додека уште здивот мој е во мене и духот Божји во ноздрите мои“ (Јов 27:3).
„Ако Тој го свртеше срцето Свое кон Себе и го земеше при Себе нејзиниот дух и нејзиното дишење; за миг ќе загинеше секоја плот и човекот ќе се вратеше во правот“ (Јов 34:14,15).
Сега не ви е тешко да разберете зошто за време на Христовото создавање на нашата земја и сè што е на неа, според планот на Бог Отецот, Божјиот Дух лебдел над водата:
„Земјата беше неоформена и пуста; имаше темнина над бездната и Божјиот Дух лебдеше над водата“ (Создавање 1:2).
Сè што Христос создал според волјата на Бога Отецот, Бог Отецот го надарил со Својот здив на животот, со Својот Дух.
КАКО ЕЛЕНА ВАЈТ ГО РАСВЕТЛУВА ОВА ПРАШАЊЕ?
За ова сведочи и Духот на пророштвото, даден на остатокот на Божјата црква:
„Нашиот небесен Отец е извор на животот, на мудроста и радоста“ (Патот кон Христа, 9).
„Земјата не дава родни плодови од година во година со својата сопствена сила, ниту го продолжува своето постојано вртење околу сонцето. Раката на Вечниот постојано работи и управува со оваа планета. Постојаното делување на Божјата сила, ја одржува оваа планета во својата ротација. Бог го овозможува изгрејсонцето на небесата. Тој ги отвора прозорците на небото и дава дожд… Неговата сила прави растенијата да растат, да се појави секое ливче, да расцвета секој цвет, да се развие секој плод“ (Здравје и среќа, 416).
„Ние живееме, се движиме и постоиме во Бога. Срцето што отчукува, пулсот што бие, секој нерв и мускул во живиот организам се одржува во ред и активност, со силата на секогаш присутниот Бог“ (Здравје и среќа, 417).
КОЈ ГО ОПИШУВА БОГА ОТЕЦОТ ВО КНИГАТА ОТКРОВЕНИЕ?
Разбирајќи го сето ова, невозможно е да не ги разбереме во вистинска светлина овие едноставни и недвосмислени зборови од Светото Писмо:
„Дваесет и четирите старешини паѓаа пред Седнатиот на престолот, Му се поклонуваа на Живиот во сите векови и ги полагаа своите венци пред престолот, велејќи: ‘Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сè, и според Твојата волја постои сè и е создадено’“ (Откровение 4:10,11).
Забележете како Бог Отецот е опишан во овие стихови како Оној кој живее во сите векови, како Оној кој создал сè преку Христа по Негова волја и како Оној според чија волја постои сè што е создадено.
СПОРЕД АПОСТОЛ ПАВЛЕ КОЈ Е ИСУС ХРИСТОС И БОГ ОТЕЦОТ?
И така, сфаќајќи дека планот за сè што е создадено му припаѓа на Бог Отецот и дека сите живи суштества живеат, се движат и постојат благодарение на животот што произлегува од Него, благодарение на Неговиот здив, нам ни стануваат разбирливи зборовите на апостол Павле, кажани за Бог Отецот и Неговата поврзаност со Неговите созданија:
„Зашто, сè е од Него, според Него и за Него. Нему слава во вечни векови. Амин“ (Римјаните 11:36).
А на друго место Павле пишува за Отецот и Синот, разделувајќи го она што се однесува на Отецот, а што на Синот:
„Сепак, ние имаме само еден Бог Отец, од Кого е сè, и ние сме во Него, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сè и ние сме преку Него“ (1 Коринтјаните 8:6).
Апостол Павле пишува за Бог Отецот како Оној од Кого е сè, односно како примарна причина за постоењето на сè што е создадено. А за Христа, како за Оној преку кого е сè, односно Христос бил орудие во рацете на Бог Отецот, преку Кого сè е создадено и откупено. Ова бил предвечниот план на Бог Отецот – да создаде сè преку Христа и да откупи сè преку Христа:
„Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè благослови со секаков духовен благослов од небесата во Христос, така што и нè избра преку Него, уште пред светот да биде создаден, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта,предопределувајќи нè за посинување за Себе преку Исус Христос, зашто тоа Му беше по волја, за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нè дарува преку Својот Возљубен Син, во Кого имаме откуп преку Неговата крв, простување на гревовите по богатството на Неговата благодат. Таа благодат Тој ни ја даде изобилно заедно со сета мудрост и разум, откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение што го беше положил во Себе од пораново уредувањето и исполнувањето на времињата, за да соедини сè небесно и земно под една глава – во Христос. Преку Него ние бевме избрани за наследници, однапред определени според одлуката на Оној Кој врши сè според волјата Своја“ (Ефесјаните 1:3-11).
ИСУС ХРИСТОС ЈА ПРЕПОЗНАЛ ВЕЛИЧИНАТА НА СВОЈОТ ОТЕЦ
А создавањето на земјата и целата вселена и откупувањето не е ништо друго освен спроведување на планот на великиот Бог, Отецот на Исус Христос, со чија величина никој не може да се спореди:
„Нема сличен на Тебе, Господи! Ти си велик и името Твое е велико и моќно“ (Еремија 10:6).
„Спомнете си за она што било порано, од крајот на векот; земете го тоа при срце, зашто Јас сум Бог и нема друг Бог и нема подобен на Мене“ (Исаија 46:9).
Оваа неспоредлива величина на Бога Отецот ја препознал и Самиот Син Божји, велејќи:
„Но ако Ме љубевте Мене, ќе се зарадувавте што реков: одам кај Мојот Отец, зашто Мојот Отец е поголем од Мене“ (Јован 14:28).
И покрај тоа што Христос е крајно издигнат од Бог Отецот, на позиција еднаква на Бог Отецот, сепак Самиот Христос признава дека Бог Отецот не е само Негов Отец, туку исто така е и Негов Бог:
„И рече Исус: ‘Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец; туку отиди кај браќата Мои и кажи им: се враќам кај Својот Отец и вашиот Отец, кај Својот Бог и кај вашиот Бог’“ (Јован 20:17).
„Биди буден и утврдувај ги оние што се на умирање; бидејќи делата твои не ги најдов совршени пред Мојот Бог“ (Откровение 3:2).
„Оној кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам на него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Ерусалим, кој слегува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име“ (Откровение 3:12).
Освен тоа, Светото Писмо ни кажува дека Христос ќе сведочи за супериорноста на Бог Отецот над Него пред целата вселена по завршетокот на големата борба.
„А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила. Бидејќи Тој треба да царува ‘додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.’ А како последен непријател ќе биде уништена смртта, зашто ‘сите ги покори под нозете Негови’; а кога се вели: ‘Сè Му е Нему покорено’, очевидно е дека се изоставува Оној, Кој Му потчини сè. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сè, за да биде Бог сè во сè“ (1 Коринтјаните 15:24-28).
КАКО ИСУС ХРИСТОС ЈА СФАТИЛ УЛОГАТА НА СОЗДАТЕЛОТ?
Во книгата Откровение, само Небесниот Отец се нарекува Бог. Пораката на Првиот ангел повикува да имаме страхопочит кон Бога и да Му се поклониме, препознавајќи Го како свој Создател. Затоа, оние кои ја почитуваат Првата ангелска порака сега Му се поклонуваат на Бога Отецот како Создател на сè, и на Христос, како на Откупител, и никако поинаку. Така правеле и пионерите на адвентното движење, движење повикано од Бога да ја проповеда последната порака до светот што пропаѓа.
КАКО АПОСТОЛИТЕ ЈА РАЗБРАЛЕ ВИСТИНАТА ЗА СОЗДАТЕЛОТ?
Како што веќе забележавме, оваа вистина совршено ја разбрале апостолите, кои лично Го познавале Христа, и преку Неговата уста биле поучени за правилно разбирање на Светото Писмо:
„А овие, штом ги ислушаа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: ‘Господаре, Ти Кој си го создал небото и земјата, и морето и сè што се наоѓа во нив; и Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давид, Својот слуга, си рекол: Зошто беснеат народите и луѓето намислуваат празни работи? Се дигнаа царевите земни и кнезовите се собраа заедно против Господ и против Неговиот Помазаник. И навистина, се здружија во тој град Ирод и Понтиј Пилат заедно со незнабошците и со народот израелски против Твојот Свет Син Исус, Кого си Го помазал Ти, за да го направат она што однапред го беше определила раката Твоја и волјата Твоја – да се збидне. И сега, Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово, полагајќи ја раката Своја за исцеление, и да се случуваат чудесни знаци во името на Твојот Свет Син Исус.’ И откако се помолија, се затресе местото каде што беа собрани, и сите се исполнија со Дух Свети и слободно го проповедаа словото Божјо“ (Дела 4:24-31).
Дури и просветлени од Христа во правилното разбирање на Светото Писмо, кому тие се молат? На Бога Отецот. Како тие се обраќаат кон Него? Како на Оној кој ги создал небото и земјата, и морето и сè што се наоѓа во нив, тоа се истите зборови како во повикот на Првата ангелска порака да се поклониме на Создателот.
СЛЕДЕЈЌИ ГО ПРИМЕРОТ НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ, ДА МУ СЕ ПОКЛОНИМЕ НА ВИСТИНСКИОТ СОЗДАТЕЛ – БОГ ОТЕЦОТ
Оваа вистина, дека Создателот на целата вселена е Бог Отецот, тие им ја пренеле и на незнабошците.
„Бог, Кој го создаде светов и сè, што е во него; Тој, Кој е Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворени храмови, ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, здив и сè. Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивните живеалишта, за да Го бараат Господа, та да би можеле некако да Го насетат и најдат, иако Тој не е далеку од секого меѓу нас: зашто ние преку Него живееме, се движиме и постоиме, како што рекле и некои од вашите стихотворци: Негов род сме. И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица. Бог, пак, не осврнувајќи се на времињата на незнаење, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покаат, зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите“ (Дела 17:24-31).
Мислам дека не ви е тешко да разберете дека кога апостол Павле зборува за Создателот на сè, благодарение на Кого сè живее и постои, тој зборува за Бог Отецот. Затоа, следејќи го примерот на апостол Павле и исполнувајќи го повикот на Првата ангелска порака до луѓето, треба да се поклониме на Создателот, Бог Отецот, и да го направиме ова еднаш засекогаш во нашиот живот:
„Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос, од Кого се именува секој род на небесата и на земјата“ (Ефесјаните 3:14,15).
„Дојдете да Му пееме на Господ и да воскликнеме кон Карпата на нашето спасение! Да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме, зашто Бог е велик Господ и Цар голем над сите богови. Зашто во Неговите раце се сите земни длабочини, а горските височини се исто така Негови. Бидејќи Негово е морето, и Тој го создаде, а рацете Негови го создадоа и копното. Дојдете да Му се поклониме и да паднеме ничкум, да клекнеме пред лицето на Господ, нашиот Творец“ (Псалм 94:1-6).