САБОТАТА И ПОЧИТТА

Сподели го ова:

„Пазете ги Моите саботи и почитувајте го Моето светилиште; Јас сум Господ,” Левитска 26:2.

Овде наоѓаме многу важна заповед. Саботата и светилиштето се два основни елементи во нашето богослужение. И двата му припаѓаат на Бога. Тие се свети и не ни припаѓаат нам.

Имаме привилегија да го славиме Господа секој ден. Сепак, саботата е многу посебен ден. Тоа е спомен на Божјото создавање и Божјото спасение. Тоа е ден на многу подлабока заедница со Господ. Саботата била воспоставена за наша среќа, ако ги исполниме условите што Бог ги воспоставил во врска со Неговиот ден.

Четвртата заповед (Излез 20:8-11) започнува со зборовите „Помни го.” Што треба да помниме за саботата? „За да ја празнуваш.” Нешто што е свето му припаѓа на Бога. Ние немаме право да го користиме овој ден според својата волја. „А седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог.”

За да ги уживаме сите саботни благослови, Господ ни дал многу упатства. Пред зајдисонце треба да бидеме подготвени со нашето семејство и да го искористиме времето, што и претходи на саботата, за да пееме, да се молиме и да ја проучуваме Божјата реч како последна подготовка за да го примиме светиот ден. Треба да запаметиме дека секој момент од саботата му припаѓа на Бога. Тоа не е наше време. Тоа е Негово време.

Елена Вајт пишува дека треба да бидеме окупирани со три основни работи во саботата: 1. Одмор; 2. Славење на Бога; 3. Добри дела.

Псалм 92 ни порачува да одвоиме време за да размислуваме за Божјата моќ што ни се открива во природата. Тоа е голема помош за зајакнување на нашата духовна моќ. Псалмистот вели: „Зашто Ти ме развесели, Господи, со Твоите дела, на делата на Твоите раце им се радувам. Колку се големи делата Твои, Господи! Многу се длабоки Твоите помисли!” (стих 4 и 5). Кога го гледаме Божјото дело во создавањето, ние ја гледаме Неговата моќ во нашето искупување.

Зошто  кажано ни е дека за време на светите часови треба да оставиме настрана многу нешта од светски карактер? Затоа што Господ сака да ни даде посебно внимание, и Тој очекува посебно внимание од нас. Со тоа нашата духовност во голема мера се зајакнува. Божјите заповеди не се произволни наредби, туку имаат посебна цел да ги благословуваат Неговите деца.

Во Исаија 58, Господ вели дека не треба да ги следиме нашите сопствени патишта, да бараме сопствено задоволство, ниту пак да зборуваме свои зборови (стих 13) во саботен ден. Имаме голема привилегија да се восхитуваме „во Господ”. Нашето најголемо задоволство треба  да го најдеме во остварувањето на поблиска заедница со Исус.

Саботата е голем спомен за нашето создавање и нашето спасение. Бог го завршил  своето дело на создавање во петок попладне. Христос го завршил своето дело на откуп во петок попладне, кога рекол: „Се сврши”. Треба да ја поминеме саботата размислувајќи за овие големи вистини за создавањето и откупот и да им ги објаснуваме на нашите деца. Овие вистини треба да бидат центар на разговорот во светиот ден.

Како да го користите интернетот во сабота? Ова е многу контроверзно прашање. Ако правилно се користи, Интернетот е голем благослов. Од друга страна, многу е лесно погрешно да се користи технологијата во сабота. Како  можеме да му одолееме на искушението да гледаме работи кои не се во согласност со светите часови? Преку блиска заедница со Господ. Во нашите паметни телефони имаме химни, книги, Библија, библиски лекции и други многу добри алатки кои се компатибилни со саботата. Од друга страна, постојат илјадници несоодветни работи кои се целосно спротивни со светоста на седмиот ден. Секој е слободен да избере што да прави во оваа област, но ние треба да бидеме водени од Светиот Дух за да го направиме вистинскиот избор.

Почит
Воведниот библиски стих за оваа статија вели: „[Вие] почитувајте го Моето светилиште: Јас сум Господ“.

Какво е значењето на зборот „почит”?

  1. Чувство или став на длабока почит, љубов, стравопочит и почит, за нешто свето, почитување; да го сметаат или да се однесуваат со почит. („Webster’s New Twentieth Century Dictionary).

Додека посетуваме различни места, сфаќаме дека, како народ, потребна ни е темелна реформа во однос на почитувањето, особено во нашите цркви. Но, оваа реформа мора да започне во нашите домови бидејќи она што се случува во црквата доаѓа од домовите.
Во книгата „Совети за детето“, наоѓаме драгоцени и инспириративни мисли за почитта:

Драгоцената благодат на почитта. — „Уште една драгоцена доблест која треба грижливо да се негува е почитта. Воспитувањето и образованието на младите треба да биде од таков карактер така што ќе ги воздига светите нешта и поттикне чиста посветеност на Бога во Неговиот дом. Многумина кои тврдат дека се деца на небесниот Цар немаат правилно гледиште за светоста на вечните работи.

Треба да се има почит кон Бога. — Вистинското почитување кон Бога произлегува од сознанието за Неговата неограничена големина и од свеста за Неговото присуство. Срцето на секое дете мора да биде длабоко проткаено со таа свест за Невидливиот.

Во соборот на светиите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите што се околу Него” (Псалм 89:7).

Неговото име треба да биде почитувано. — Почит треба да се покаже и кон Божјото име. Никогаш не би смееле да го изговориме тоа име премногу лесно или непромислено. Дури и во молитва треба да се одбегнува негово често и непотребно повторување. „Свето е и страшно Неговото Име“ (Псалм 111:9). Додека го изговараат, ангелите ги покриваат своите лица. Со каква почит ние, паднатите и грешните, треба да го изговараме со нашите усни!

Неговата Реч е света. — Треба да покажеме почит и кон Божјата Реч. Мораме да го почитуваме и печатениот текст, никогаш не смееме да го употребуваме во обични цели ниту да постапуваме немарно. Светото Писмо никогаш не треба да се цитира во шега или да се прераскажува за да се искаже некоја духовитост. „Секој збор од Бога е чист“; сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено“ (Изреки 30:5; Псалм 12:6.)

Децата треба да се научат да го почитуваат секој збор што произлегува од Божјата уста. Родителите секогаш ги зацврстуваат прописите на Господовиот закон пред своите деца, покажувајќи послушност кон тој закон, тие сами по себе, живеат под контрола на Бога. Ако родителите поседуваат чувство за светоста на законот, тоа сигурно ќе го трансформира карактерот преобразувајќи ја душата.

Местото за молитва – Бог е присутен. — Во секој христијански дом Бог треба да се удостои со утрински и вечерни служби на молитва и благодарност. Децата треба да се научат да го почитуваат молитвениот час.

Детето треба на да се научи да ги смета за свети часот и местото за молитва како и службата на јавното богослужение, бидејќи Бог е таму. И како што почитта се манифестира во ставот и однесувањето, чувството кое инспирира ќе се продлабочи.

Домот Божји – Неговиот свет храм. — Добро би било и за младите и за старите да ги студираат, размислуваат и често да ги повторуваат зборовите на Светото Писмо, кои кажуваат како треба да се гледа на местото кое го обележува Божјото посебно присуство.

 „Собуј си ги обувките од нозете“, му заповеда на Мојсеј кај запалената грмушка, „зашто ова место, на кое стоиш, е света земја“ (Излез 3:5).

Јаков, откако ја видел визијата за ангелите, извикал: „Сигурно е Господ на ова место; а јас не знаев. . . . Ова е дом Божји, ова е вратата небеска“ (Битие 28:16,17).

А Господ е во Својот свет храм: нека замолкне целата земја пред лицето Негово“ (Авакум 2:20).

Многумина… немаат вистинско разбирање за светоста на вечните нешта. Речиси сите треба да научат како да се однесуваат во Божјиот дом. Родителите не само што треба да ги учат туку и да им заповедаат на своите деца да влегуваат во светилиштето со сериозност и почит.

Домот Божји често е осквернет и саботата е прекршена од децата на оние кои веруваат во саботата. Во некои случаи дури им е дозволено да трчаат, играат, да разговараат и да го манифестираат својот лош темперамент на самите состаноци каде светите треба да му служат на Бога во убавината на светоста. И местото кое треба да биде свето, и каде треба да владее света тишина, и каде треба да има совршен ред, уредност и понизност, е направено да биде совршен Вавилон, „збрка“. Ова е доволно да се предизвика Божјото незадоволство и Тој да не присуствува на нашите собранија.

Ние имаме повеќе причина за стравопочит од Евреите. — Вистина е дека почитта кон Божјиот дом речиси исчезнала. Светите работи и места не се разликуваат од обичните; не се цени она што е свето и возвишено. Не е ли тоа причината за недостаток на срдечна побожност во нашите семејства? Зарем не е затоа што високиот стандард на верата е оставен да се влече по прашината? Бог му дал совршени прописи во поглед на редот и точноста на Неговиот древен народ. Дали Неговиот карактер се променил? Не е ли Тој Големиот и Моќен Бог кој владее над небото над небесата? Зарем не би било добро за нас често да ги читаме упатствата кои Самиот Бог ги дал на Евреите, како би можеле ние, кои нè одблеснува светлината на славната вистина, да се угледаме на  почитта која тие му ја укажувале на домот Божји? Ние имаме изобилство причини… дури и да бидеме уште повнимателни и да негуваме уште поголема почит кон нашето богослужение отколку што имале Евреите. Но, непријателот бил на дело за да ја уништи нашата вера во светоста на христијанското богослужение“ (Совети за детето, стр. 538-541).

Да се биде трезен и тивок. — „Не покажувајте толку малку почит кон Божјиот дом и богослужението со тоа што ќе разговарате еден со друг за време на проповедта. Оние кои го чинат тоа би биле исполнети со страв и ужас кога би можеле да видат како Божјите ангели ги гледаат и бележат нивните дела. Бог сака внимателни слушатели. Додека луѓето спиеле, непријателот посеал какол“.

Да не се постапува како на обично место. — „Треба да постои свето место, како во старото светилиште, каде што Бог ќе се сретне со Својот народ. Тоа место не треба да се користи како соба за ручек или деловен простор, туку само за богослужение. Кога децата одат во дневно училиште на истото место каде што се собираат за богослужение во сабота, тие нема да ја почувствуваат светоста на местото и дека тие треба да влезат со чувство на почит. Светото и обичното се толку помешани така што е тешко да се разликуваат.

Токму поради тоа домот или светилиштето посветено на Бога не треба да биде претворено во обично место. Нејзината светост не треба да се збрка или да се меша со вообичаени секојдневни чувства или со деловниот живот. Треба да постои свечена страхопочит врз верниците додека влегуваат во светилиштето, и тие треба да ги остават зад себе сите обични световни мисли, затоа што тоа е место каде Бог го открива Своето присуство. Тоа е приемно место на големиот и вечен Бог; и затоа гордоста и страста, неслогата и самопочитта, себичноста и алчноста, кои Бог ги прогласува за идолопоклонство, се несоодветни за такво место“.

Да не се манифестира дух на лекоумност. — „Родители, ваша должност е вашите деца да ви бидат совршено потчинети, со тоа што сите нивни страсти и зли темпераменти ќе бидат потчинети. И ако децата се однесат на состанокот, тие треба да знаат и да разберат каде се наоѓаат – дека не се дома, туку таму каде Бог се среќава со Својот народ. И тие треба да бидат тивки и да не се играат, и Бог ќе го сврти лицето кон вас, да се состане со вас и да ве благослови.

Ако на собранијата на светите се забележува ред, вистината ќе има подобар ефект врз сите што ја слушаат. Свеченост која е толку многу потребна ќе биде охрабрувачка, и ќе има вистинска моќ да ги разбуди длабочините на душата, а смртниот ужас нема да виси над оние што слушаат. Верниците и неверниците ќе бидат погодени. Изгледаше очигледно дека на некои места Божјиот ковчег бил отстранет од црквата, бидејќи светите заповеди биле прекршени и силата на Израел била ослабена.

Детето кое смета да се изнесе надвор. — Вашето дете треба да биде поучено да биде послушно како што децата Божји му се послушни Нему. Доколку се одржува овој стандард, еден збор од вас ќе има одредена тежина кога детето е немирно во Божјиот дом. Но, доколку децата не можат да бидат воздржани, доколку родителите сметаат дека е премногу да се бара воздржување, детето треба да се отстрани од црквата веднаш; тоа не треба да се остава да ги пренасочува умовите на слушателите со тоа што ќе зборува или трча наоколу. Бог е обесчестен од лабавиот начин на кој родителите управуваат со своите деца додека се во црква.

Покажете почит кон проповедниците – Божјите претставници. — Треба да се покаже почит кон Божјите претставници – кон проповедниците, учителите и родителите кои се повикани да зборуваат и дејствуваат во Негово име. Почитувајќи ги нив, Тој е почестен.

Тие [деца] ретко се поучуваат дека проповедникот е Божји пратеник, дека пораката што ја донесува е едно од Божјите одредени средства за спасување на душите, и дека на сите, што имаат привилегија, донесена во нивна близина, тоа ќе биде мирис животен за живот или мирис смртен за смрт.
Нешто што е свето, нешто што се однесува на обожавањето на Бога, не треба да се третира со негрижа и рамнодушност. Кога се зборува словото на животот, треба да се сетиш дека го слушаш гласот Божји преку Неговиот делегиран слуга. Не губи ги овие зборови преку невнимание; ако внимаваш, тие можат да ги држат твоите нозе да не скршнуваат во погрешни патишта“ (Совети за детето, стр. 542-545).

Прашање е дали секој кој со години е под влијание на погрешно домашно воспитување некогаш ќе може да има чувствителна почит и висока претстава за Божјите проповедници и луѓето на кои Тој им го доверил спасението на душите. За овие работи треба да се зборува со почит, со одбрани зборови и чувство на одговорност, за да можеш на сите со кои доаѓате во допир да им покажете дека пораката на Божјите слуги ја сметате како порака од самиот Бог.

Практикувајте почит сè додека тоа не стане навика. — „Многу е потребна почит кај младите во овој век. Јас сум вознемирена кога гледам како децата и младите на религиозните родители се толку невнимателни за редот и пристојноста на однесувањето и облекувањето кое треба да го манифестираат во Божјиот дом. Додека Божјите слуги им ги изнесуваат зборовите на животот на луѓето, некои читаат, други шепотат или се смеат. Нивните очи грешат со тоа што го одвраќаат вниманието на сите околу нив. Оваа навика, доколку се остави да продолжи, ќе расте и ќе има влијание врз другите.

Децата и младите никогаш не треба да мислат дека тоа е нешто со што ќе се гордеат со тоа што ќе бидат рамнодушни и безгрижни на состаноците на кои се слави Бог. Бог ја гледа секоја нечесна мисла или акција и тоа се запишува во небесните книги. Тој вели: ‘Јас ги знам твоите дела’. Ништо не е сокриено од Неговото око кое ги испитува сите нешта. Ако сте ја формирале во било кој степен навиката на невнимателност и рамнодушност во Божјиот дом, употребете ги силите со кои располагате да го исправите тоа и покажете дека имате самопочит. Практикувајте почит сè додека таа не стане дел од вас“  (Совети за детето, стр. 546, 547).

Елена Вајт има подготвено подробна статија под наслов „Како да се однесуваме во Божјиот дом“, која препорачуваме да се чита во сите наши цркви ширум светот. Од оваа статија ќе цитираме неколку битни точки:

Како да се однесуваме во Божјиот дом

„За понизната и верна душа Божјиот дом на земјата е врата од небото. Песните на благодарност, молитвите, зборовите кои ги изговараат Христовите претставници – сето тоа се орудија со кои Бог подготвува еден народ за возвишеното богослужение во небесната црква во која не може да влезе ништо осквернето.

Според светоста на старозаветното светилиште, христијаните можат да се научат како треба да го почитуваат местото на кое Господ се состанува со Својот народ. Во навиките и обичаите на народот во поглед на верските обреди дојде до промени, не на подобро, туку на полошо. Драгоцените, свети нешта кои нè поврзуваат со Бога брзо го губат своето влијание на умот и срцето и се сведуваат на низок степен на обични нешта. Во голема мера исчезна онаа почит која народот ја имал кон старозаветното светилиште во која се состанувал со Бога при светата служба. Но самиот Бог ги воспоставил уредбите на својата служба, издигнувајќи ја над сè што е минливо.

Куќата е место за богослужение на семејството, тајната соба или шумата е најсоодветно место за молитвите на поединецот; но црквата е светилиште за собирање на верници. Треба да постојат правила во поглед на времето, местото и начинот на богослужението. Кон ништо што е свето или е дел од богослужението не треба да се постапува безгрижно и рамнодушно. За луѓето да можат да го слават Бога на најдобар начин, тие треба да бараат друштво на такви луѓе кои ќе можат да прават разлика меѓу она што е свето и она што е обично. Друштвото на оние што имаат сестрани идеи, благородни мисли и копнежи ги поткрепува сите божествени мисли. Среќни се оние кои имаат светилиште (дом за молитва) било да е голем или мал, во град или во планинска пештера, во скромна куќа или во пустина. Ако тоа е најдоброто место кое можат да го обезбедат за својот Господ, Тој исто ќе го посвети со своето присуство и тоа ќе биде свето за Господа над војските.

Кога оние што доаѓаат на богослужение влегуваат во просторијата за состанување, тие треба да се однесуваат пристојно, мирно заземајќи ги своите места. Ако во просторијата има печка не е пристојно да се туркаме околу неа на немарен, безгрижен начин. Обичните разговори, шепотот и смеата не се дозволени во Божјиот дом ни пред ниту по службата. Оние што дошле да се молат треба да бидат обземени со сесрдна и делотворна побожност.

Ако некои мораат да чекаат неколку мигови до почетокот на богослужението, во тишина нека го сочуваат вистинскиот дух на побожност со длабоко размислување, и своите срца во молитва нека ги издигнуваат кон Бога за богослужението да биде делотворно, посебно за нивните сопствени срца, а исто така тоа би довело до осведочување и обратување на душите на другите. Тие треба да имаат на ум дека во домот се наоѓаат небесните весници. Сите ние многу губиме од слаткото општење со Бога заради нашата вознемиреност и неискористување на моментите за размислување и молитва. Често треба да ја испитуваме нашата духовна состојба и своите мисли, и постојано треба да ги насочуваме кон Сонцето на правдата. Ако народот на местото за богослужение доаѓа со искрена почит кон Господа и ако има на ум дека се наоѓа во Негово присуство, тогаш речитоста ќе му биде пријатна, а ќе се состои во молчење. Шепотењето, смеењето и разговорот, кои можеби не се грев на некое друго место, не се дозволени во домот кој е посветен за служба на Бога. Умот треба да се подготви за слушање на Божјата Реч, за тие зборови да имаат впечатливо влијание на срцето.

Држењето на проповедникот кога влегува во Божјиот дом треба да биде достоинствено и сериозно. Штом ќе застане зад проповедалната тој треба да се наведне во тивка молитва и сесрдно да побара Божја помош. Каков впечаток ќе остави тоа! Народот ќе го обземе свечено чувство и стравопочит. Нивниот проповедник општи со Бога; тој се доверува на Бога пред да се осмели да настапи пред народот. Сите се обземени со свечено расположение и Божјите ангели се мошне блиску. Секој што се бои од Бога исто така треба со наведната глава да му се придружи на проповедникот во тивката молитва, за Бог да го благослови богослужението со Своето присуство и да ѝ даде сила на Својата вистина која излегува од човечките усти. Кога состанокот е отворен со молитва, секое колено треба да се приклони во присуството на Светиот и секое срце треба да се издига кон Бога во тивко страхопочитување. Молитвите на верниците ќе бидат услишени и службата ќе донесе поволни последици. Безживотното однесување на верникот во Божјиот дом е една од главните причини заради кои службата не донесува изобилство на благослови. Мелодијата на песната, која јасно и разбирливо излегува од многу срца е едно средство за спасување на душите. Секоја служба треба да се врши свечено и со страхопочит, исто како да е видливо присуството на Господарот.

При проповедта, вие браќа, треба да имате на ум дека го слушате Божјиот глас преку слугата кој Тој го одредил. Слушајте внимателно. Не заспивајте ниеден момент, бидејќи во тоа дремење може да ги пропуштите токму оние зборови кои ви се најпотребни – токму зборовите кои, кога внимателно би ги слушале, би ве спасиле да не застраните на погрешни патишта. Сатаната и неговите ангели се трудат да ги парализираат (да ги направат бесчувствителни) сетилата така што луѓето нема да можат да ги слушнат зборовите кои опоменуваат, предупредуваат и укоруваат, или пак ако ги слушнат, тие да не влијаат на срцето и да не го преобразуваат животот. Понекогаш некое мало дете толку го привлекува вниманието на слушателите што драгоценото семе не паѓа на добра земја и не донесува плод. Понекогаш младите мажи и жени имаат толку малку почитување кон Божјиот дом и кон богослужението што за цело време на проповедта со дошепнувања и допишувања цело време комуницираат меѓусебно. Кога би можеле да ги видат Божјите ангели кои ги набљудуваат и го запишуваат нивното однесување, тие би се посрамиле и би се гнаселе од самите себе. Бог бара внимателни слушатели. Додека луѓето спијат, доаѓа сатаната и сее какол.

Кога се изговара благослов, сите треба да бидат мирни, како да се плашат дека ќе го изгубат Христовиот мир. При излегувањето, сите треба да излегуваат без туркање или гласно зборување, чувствувајќи дека се наоѓаат во Божјо присуство, дека Неговите очи ги гледаат и дека треба да постапуваат како Неговото присуство да е видливо. Никој нека не застанува меѓу клупите или во претсобјето за да разговара, спречувајќи ги другите да поминат. Влезовите на Божјиот дом треба да бидат опкружени со свето страхопочитување. Тие не треба да служат како место за средби на стари пријатели, за разговори или за размена на обични мисли и земни деловни договарања. Сето тоа треба да се остави кога ќе се влегува во Божјиот дом. Со безгрижното, гласно смеење и со тупкање со нозете, кое се случува на некои места, им се нанесува срам на Бога и на Неговите ангели.

Родители, издигнете ги христијанските начела пред очите на вашите деца. Помогнете им да го вткаат Исуса во нивните животи. Научете ги да имаат најголема страхопочит кон Божјиот дом и да сфатат дека кога влегуваат во него нивните срца треба да бидат обземени со мисли како овие: “Овде е Бог и ова е Неговиот дом. Јас морам да имам чисти мисли и најсвети побуди. Во моето срце не смее да има гордост, завист, зли претпоставки, омраза ниту измама, затоа што се наоѓам во присуство на светиот Бог. Ова е местото на кое Бог се состанува со Својот народ и овде го благословува. Возвишениот и свет Бог кој престојува во вечноста ме гледа, го испитува моето срце и ги чита најтајните мисли и постапки на мојот живот.’

Браќа, зар нема да размислите малку за ова прашање и да размислите како се однесувате во Божјиот дом и какви напори вложувате со зборови и со пример да го негувате чувството на страхопочит кај вашите деца? Вие префрлувате голема одговорност врз проповедникот и сметате дека тој е одговорен за душите на вашите деца, а не ја согледувате вашата должност како родители и воспитувачи исто како Аврам да им заповедате на членовите на вашите домови и после вас да ги држат уредбите на Господа. Со вашиот пример и со вашата непостојаност во начелата вие ги расипувате вашите деца. И покрај недостатокот од домашно воспитување вие од проповедникот очекувате да ги поправа последиците од вашето секојдневно влијание и да постигне чудесни достигања во изградбата на доблести и побожност во нивните срца и животи. Кога проповедникот ќе направи сè што може за црквата преку советување со љубов, со трпеливо поучување и со сесрдни молитви да ги спаси душите, и сепак во тоа нема успех, татковците и мајките често вината ја префрлуваат на него затоа што нивните деца не се обратени, додека можеби тоа е последица на нивната немарност. Врз родителите почива товар; дали ќе сакаат да ги прифатат делата што им ги доверил Бог и дали ќе ги извршуваат верно тие дела? Дали тие сакаат да напредуваат залагајќи се со понизност, трпеливо и истрајно за да се издигнат самите и по тој пат да ги поведат и своите деца? Не е чудо што нашите цркви се немоќни и што во нив нема длабока, сесрдна побожност која би требало да ја има. Против нас сведочат нашите навики и обичаи кои му нанесуваат срам на Бога и светите и небесни нешта ги сведуваат на степен на земни. Ние имаме света, испитувачка вистина која посветува, и ако нашите навики и нашите постапки не се во согласност со таа вистина, тогаш грешиме среде голема светлина и нашата вина е во сразмер со истата. Во денот на Божјите одмазднички судови ќе им биде многу полесно на безбожниците отколку на нас.

Во ширењето на вистината би можело да се постигне многу повеќе отколку што се постигнува сега. Бог од нас очекува да дадеме обилен род. Тој очекува поголема сесрдност и верност, повеќе љубов и сесрдни напори од поедини членови на црквата во корист на нивните ближни и во корист на оние кои во светот се без Христа. Родителите мора да ја извршат нивната задача. Тие мора своето дело да го започнат според еден возвишен план на дејствување. Сите што го споменуваат Христовото име мораат да го земат сето оружје и сесрдно да преколнуваат, да опоменуваат и да се трудат да придобиваат души и да ги ослободуваат од гревот. Сите што можете доведете ги во Божјиот дом да ја слушнат вистината. Мораме многу повеќе да се трудиме да ги истргнуваме душите од огнот…

Местото посветено на Бога не треба да биде некоја просторија во која се извршуваат земни работи. Би било натчовечко да се очекува од децата кои се собираат на богослужение во просторија која преку седмицата служи како училиште или како складиште, своите мисли за побожноста да не ги мешаат со мислите за учењето или за нештата кои се случувале тука во изминатата седмица. При воспитувањето на младите треба да се издигнуваат светите нешта и да се и да се поттикнува чиста преданост на Бога во Неговиот дом. Мнозина кои тврдат дека се деца на небесниот Цар немаат правилно сфаќање за светоста на вечните нешта. Речиси сите мора да се поучат како да се однесуваат во Божјиот дом. Родителите не треба само да ги поучуваат, туку и да им заповедаат на своите деца со сериозност и страхопочит да влегуваат во светилиштето…

Моралните погледи на оние кои доаѓаат на богослужение во Божјиот дом мора да бидат возвишени, благородни и посветени. Ова прашање во голема мера е запоставено. Неговото значење не се сфаќа и како последица на тоа преовладува неред и непочитување, а му се нанесува срам на Бога. Кога раководителите во црквата, проповедникот и народот, татковците и мајките немаат возвишено гледиште за тоа прашање, што тогаш може да се очекува од неискусните деца? Децата често се собираат во групи, одвоени од родителите кои би требало да се грижат за нив. Иако се наоѓаат во присуство на Бога и Неговите очи ги набљудуваат, децата се однесуваат лекомислено, се шегуваат, шепотат и се смеат, безгрижни се, невнимателни и немаат страхопочит. Ним ретко им се кажува дека проповедникот е Божји пратеник, дека веста што тој ја носи е орудие за спасување на душите и дека таа за сите оние што имаат предност да ја слушаат, за нив ќе биде животен мирис за живот или смртен мирис за смрт.

Чувствителниот дух на децата, кој е подложен на влијание, ја цени работата на Божјите слуги според тоа како на оваа работа гледаат родителите. Мнозина од оние кои се глави на семејствата во домот, службата ја прават предмет на критика; мал дел одобруваат, а сето останато го критикуваат. И така веста упатена на луѓето се критикува, се става на разгледување и станува предмет на лекомислени разговори. Само небесните книги ќе откријат како влијаат на децата овие лекомислени и невнимателни примедби. Децата многу полесно ги примаат и сфаќаат овие нешта отколку што мислат родителите. На тој начин тие добиваат погрешни морални поими, кои никогаш нема да можат потполно да ги променат. Родителите се жалат дека нивните децата се со закоравени срца и дека во нив не можат да пробудат чувство на одговорност кон Божјите барања; но во небесните книги со перо кое не прави грешки е запишана вистинската причина за ова. Нивните ниски и површни поими за светоста на проповедничкиот позив и на Божјото светилиште се вткаени во воспитувањето на нивните деца. Прашање е дали некој кој со години добивал погрешно домашно воспитување ќе може некогаш да има почитување и високо разбирање за проповедниците на Бога и за луѓето кои Тој ги одредил да послужат за спасување на души. За ова треба да се зборува со стравопочит, со одбрани зборови и со чувство на одговорност, за со тоа да им покажете на сите со кои доаѓате во контакт дека веста на Божјите слуги ја сметате за вест од самиот Бог.

Родители, внимавајте каков пример и какви претстави им давате на вашите деца. Нивниот дух мошне е подложен на влијание и лесно прифаќа. Ако говорникот за време на богослужението направи некоја грешка, не спомнувајте го тоа. Зборувајте само за неговите добри постапки и за добрите мисли што ги изнел, што треба да ги цените како да доаѓаат преку Божји посредник. Многу е лесно да се види зошто работата на проповедниците има толку слабо дејство на децата и зошто тие имаат толку мало страхопочитување кон Божјиот дом. Нивното воспитување во тој поглед е неправилно. Нивните родители имаат потреба од секојдневно одржување на врска со Бога. Нивните мисли не се возвишени, ниту пак благородни, и затоа е потребно жив жар од олтарот да се допре до нивните усни. Тогаш нивните обичаи и нивното постапување во домот благотворно ќе влијае не духот и карактерот на нивните деца; а степенот на религиозност ќе биде многу поголем. Таквите родители би направиле големо дело за Бога. Во нивните домови би имало сè помалку склоности кон земните и обични нешта, а сè повеќе кон благородноста и верноста. Нивниот живот би бил наметнат со свеченост која порано одвај можеле да ја сфатат. Тие не би сметале за обично ништо од она што припаѓа на службата и на Божјата слава.

Кога влегувам во домот каде што се извршува Божја служба често болно сум погодена кога гледам неуредно облечени мажи и жени. Ако срцето и карактерот на таквите луѓе се проценува според нивниот надворешен изглед, во нив навистина не би се видело ништо небесно. Тие немаат вистинска претстава за уредноста, прикладноста и благородноста на однесувањето кое Бог го бара од сите оние кои доаѓаат во Негово присуство и Му се молат. Каков впечаток остава тоа на неверниците и на младите, кои толку внимателно забележуваат и се подготвени да извлечат заклучоци?

Мнозина немаат повозвишено мислење за Божјиот дом отколку за било кое друго место. Некои влегуваат во домот за молитва со шешир на главата и во извалкана и неуредна облека. Таквите не сфаќаат дека излегуваат пред Бога и пред светите ангели. Во сите наши цркви треба да се изврши длабока промена во овој правец. И самите проповедници треба да имаат повозвишени поими и да бидат почувствителни за ваквите нешта. Оваа гранка на делото страшно е запоставена. Заради непочитувањето во облекувањето, држењето и во однесувањето, заради недостатокот на вистинска побожност, Бог честопати го свртуваше Своето лице од оние кои се собрале за богослужение.

Сите треба да се научат да бидат чисти, уредни и внимателни во облекувањето, но исто така да не се оддаваат на надворешно украсување кое никако не е соодветно во светилиштето. Украсувањето не смее да се дозволи, бидејќи поттикнува непочитување. Често вниманието на народот се свртува на некој надворешен украс на костимот и на тој начин се појавуваат мисли кои се спротивни на оние кои треба да бидат во срцата на присутните во тие мигови. Бог треба да биде предмет на нашето размислување и обожавање и сето она што ги одвраќа мислите од тоа Му е одвратно. Украсувањето со чипки и ленти, со перја и со злато е идолопоклонство и нема никаква врска со Божјата света служба, во која очите на сите верници треба да бидат насочени на Неговата слава. Во сите прашања за облекувањето треба да се управуваме според прописите на Библијата. Модата е божица која владее со надворешниот свет, но честопати се вовлекува и во црквата. Црквата треба да ја земе Божјата Реч како свое мерило, а родителите треба разумно да го сфатат ова прашање. Ако видат дека нивните деца се склони на прилагодување кон светската мода тие како Аврам треба да преземат одлучни чекори – да заповедаат во својот дом. Наместо да ги соединуваат со светот, треба да ги поврзат со Бога. Никој не смее да го обесчести Божјето светилиште со својот начин на облекување заради покажување. Таму се присутни Бог и ангелите. Светиот Израилев Бог рекол преку Својот апостол: „Вашата убавина да не биде надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки, туку – внатрешна, во срцето на скриениот човек во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога” (1. Петрово 3:3,4).

Ако е формирана нова црква, а не добила поуки за овие прашања, тоа значи дека проповедникот ја занемарил својата должност и тој ќе одговара пред Бога што дозволил да преовладуваат такви впечатоци. Ако народот не се поучи за тоа што значи вистинско богослужение и вистинско страхопочитување, ќе постои сè посилна и посилна наклонетост сè она што е вечно и свето да се изедначува со обичното и оние кои ја исповедаат вистината ќе претставуваат навреда за Бога и потсмев за верата. Со своите ниски претстави, тие нема да бидат во состојба да ја ценат чистотата и светоста на небото и нема да можат да се подготват за дружење со оние кои ќе го слават Бога во небесните дворови, каде владее чистота и совршенство, каде секое суштество ќе има совршена страхопочит кон Бога и кон Неговата светост.

Павле вели дека должност на Божјите пратеници е секој човек да го прикажат совршен во Исуса Христа. Оние што ќе ја примат вистината со небесно потекло преку неа треба да се облагородат и посветат. Потребни се многу мачни напори за да се достигне Божјото мерило на вистинско совршенство. Неправилниот камен добиен од каменоломот мора да се обработува и неговите нерамни страни мора да се израмнат. Ова време е прочуено по својата површна работа, по своите лесни методи, по фалбаџиската светост која мошне се разликува од карактерните мерила што Бог ги поставил. Сите напречни патишта, сите скратени патеки и сите учења кои не го истакнуваат Божјиот закон како мерило за религиозниот карактер се лажни. Совршенството на карактерот е доживотно дело; и е неостварливо за оние кои не сакаат тоа да го постигнат со постепени напори по патот кој Бог го одредил за тоа. Ние никако не смееме да си дозволиме себеси да грешиме во овој поглед туку секојневно мораме да растеме во Христа, нашата жива Глава“ (5 Сведоштво, стр. 491-500). 

Сподели го ова:

Слични објави