ВЛИЈАНИЕТО НА ЛЕБОТ ВРЗ ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО

Сподели го ова:

Во примерот кој им го дал на учениците во врска со молитвата, Исус рекол: „Лебот наш насушен дај ни го денес.“ (Матеј 6:11).

Лебот претставувал основна намирница на луѓето во минатото. Нашите предци консумирале житарки и како што знаеме биле подолговечни и поздрави од денешните генерации.

 

Тие правеле леб од непросеано брашно од целото зрно на житарката. Но денес сè почесто се среќаваме со болести поврзани со начинот на исхраната. Консумирањето на леб е исто така проблем на денешницата. Има сè повеќе луѓе интолерантни или алергични на глутен – состојка која ја содржат житарките, а најмногу пченицата.

Интересен е податокот дека при истражувањето спроведено од универзитетот во Портсмут во Велика Британија во 2010 година, од пет луѓе еден верува дека е алергичен на глутен од пченица. Тоа чувство на алергија или интолеранција не е секогаш причина да помислите дека проблемот е во пченицата, односно лебот. Многу луѓе чувствуваат подуеност после консумирањето на леб, но тоа не е од лебот, туку од комбинацијата на лебот со путер, крем, месо, млеко…

Проблемот е во комбинирањето на лебот со останатата храна, а не во самиот леб. Лебот е здрава намирница која содржи влакна, калциум, железо, витамин Б и протеини. Дури и белиот леб не е безвреден, само што е нутритивно посиромашен во однос на црниот леб.

Доколку навистина немате утврдена интолеранција или алергија на глутен немојте да ја отфрлате оваа намирница. Не го правете тоа ниту поради дебелината. Лебот не дебелее. Во едно парче црн леб има 70 калории, исто толку колку што има во едно јаболко. Проблемот како што рековме е во додатоците, како путерот и во разните џемови кои можат да ја зголемат вредноста на лебот на 300 калории.

Проблем претставува исто така и лебот кој го купуваме од маркетите. Тој е најчесто „збогатен“ со хемикалии кои го загрозуваат нашето здравје, како што се:

  • Пропилен гликол  (антифриз) кој ја задржува белата боја на лебот;
  • Диацетил – винска киселина (емулгатор) за да се заштеди на масло;
  • Калциумов сулфат (гипс) за да се олесни мешањето на големо парче тесто.

 Еве што ни открива вдахновеното перо на Елена Вајт во врска со лебот:

„Во една добра векна леб има многу повеќе практична религија отколку што мнозина мислат.“

„Здравјето на стомакот бара лебот да биде лесен и сув.“

„Употребата на сода или прашок за печиво во правењето леб е штетно и непотребно. Содата предизвикува запаление на желудникот и често го труе целиот организам.“

„Во правењето леб со квасец, не треба да се употребува млеко наместо вода. Употребата на млеко е дополнителен трошок а тоа го прави лебот помалку здрав. Лебот подготвен со млеко не трае толку долго како оној кој е замесен со вода и многу полесно ферментира во стомакот.“

„Лебот треба да е лесен и сладок. Не смее да се дозволи ни најмала киселост. Векните треба да се мали и толку добро испечени за да бидат што подобро разорени габите од квасецот. Кога е потопол или посвеж, лебот со квасец, од кој и да е вид, е тежок за варење. Тој не треба никогаш да се изнесува на трпеза. Ова правило, меѓутоа, не се однесува на бесквасниот леб. Свежите бесквасни пченични лепчиња испечени во добро загреана рерна се здрави и вкусни…“

Двопекот е едно од најлесно сварливите и највкусни продукти. Нека обичниот леб биде исечен на кришки и осушен во топла рерна сè додека не исчезне и последната трага од влага. Нека кришките незначително заруменат.  На суво место ваков леб може да се сочува многу подолго отколку обичниот леб, и ако повторно се загрее пред употреба, тој ќе биде исто така свеж како да е денешен.

„Мнозина се доведени до смрт поради употреба на тежок, кисел леб. Изнесен ми беше еден случај на една девојка, која работеше хонорарно и која направи кисел и тежок леб. За да се ослободи од тој леб и да го сокрие делото, таа го фрлила истиот на две големи свињи. Следното утро домаќинот ги нашол свињите мртви и по испитувањето на кочината нашол парчиња од овој тежок леб. Тој се распрашал и девојката признала што направила. Таа воопшто и не помислила дека вака ќе делува киселиот леб врз свињите. Ако тешкиот, кисел леб ги убива свињите кои можат да изедат ѕвечарка и речиси сè што е одвратно, какво ли влијание ќе има ваквиот леб на човековиот желудник кој е многу понежен орган?“

„Лебот, кој е стар два или три дена е многу поздрав отколку свежиот леб. Таквиот, со лесно и добро џвакање ќе го снабдува целото тело со сè што му е потребно.“

„Непросеаното црно брашно, помешано со чиста мека вода и млеко, е најдобро печиво кое некогаш сме го вкусиле. Ако водата е тврда, употребете повеќе слатко млеко или додадете му на тестото едно јајце. Печивото треба да биде добро испечено во добро загреана рерна на постојан оган. За да направите печиво употребете мека вода и млеко или малку павлака; направете цврсто тесто и месете го како за кекс. Печете го во рерна. Тоа е добро и вкусно. Тоа бара темелно џвакање што им користи и на забите и на желудникот. Тоа дава добра крв и донесува сила. Со таков леб и обилно овошје, зеленчук и житарки со кој обилува нашата земја, не треба да се бараат поголеми наслади“. 

„Црниот леб е подобар од белиот“.

„Најфиното бело брашно не е најдобро за правење леб. Неговата употреба не е ниту здрава ниту економична. Лебот од фино брашно ги нема оние хранливи состојки кои можат да се најдат во лебот од црно, непросеано брашно. Тоа претставува честа причина за запек и други нездрави состојби“.

„Житарките во лебот треба да бидат разновидни.“

„Чистото пченично брашно не е најдобро за постојана исхрана. Мешавина на пченица, овес и р’ж ќе биде многу похранлива од пченицата од која што и се одземени хранливите својства.“

„Верска должност е за секоја христијанка, девојка и жена, веднаш да научи да прави добар, вкусен, лесен леб од непросеано пченично брашно. Мајките треба да ги земаат своите ќерки во кујната, додека се многу млади и да ги учат на вештините на подготвување“.

Сподели го ова:

Слични објави