Илустрација: Христос како Првосвештеник во небесното светилиште покрај ковчегот на заветот и отворените книги.

2300 вечери и утрини: што претставува овој период и кога ќе заврши?

Сподели го ова:

Како, кога и преку кого Бог ќе му ја открие на светот вистината за небесното светилиште и вистината за вистинското поклонение? Ајде да ги прочитаме библиските текстови:

„И чув како еден ангел прашуваше друг, велејќи: ‘До кога ќе трае тоа од видението за секојдневната жртва и за бесчесното опустошување, што ги гази Светилиштето и војската небесна?’ Другиот му рече: ‘Две илјади и триста вечери и утрини (утра); и тогаш светилиштето ќе се очисти’”  (Даниел 8:13,14).

Погледнете го внимателно овој текст за да разберете за што зборува. Бидете мошне внимателни, и Бог ќе ви даде духовно откровение.

Одговорот: „Две илјади и триста вечери и утрини“ е даден како одговор на прашањето: „До кога ќе трае видението за секојдневната жртва и за бесчесното опустошување, што го гази Светилиштето и војската небесна?“ Забележете дека периодот од 2300 вечери и утрини го означува времетраењето на она што Даниел го видел во видението.

Содржина прикажи
ВИДЕНИЕТО НА ДАНИЕЛ ВО ОСМОТО ПОГЛАВЈЕ

Ајде да видиме како започнало ова видение:

„Во третата година на царувањето на Валтазар ми се покажа мене, на Даниел, видение, по она што ми се покажа порано. Го гледав видението, и додека гледав, се најдов во Сусана, цврст град во покраината Елам; и во привидот се видов при реката Улај. Ги подигнав очите, и ете: овен стоеше покрај реката. Имаше два рога: двата рога беа високи, но едниот повисок од другиот, а оној повисокиот израсте после“  (Даниел 8:1-3).

На Даниел му било дадено видение за овен, кој ја симболизира Мидо-Персија:

„Овните што ги видовте со два рога се царевите на Медија и Персија“  (Даниел 8:20).

Последните зборови што го опишуваат видението на Даниел се во дванаесеттиот стих, бидејќи тринаесеттиот стих го поставува прашањето за времетраењето на видението:

„И народот беше предаден заедно со секојдневните жртви поради бесчестието; а тој, откако ја собори вистината на земјата, дејствуваше и успеваше. И чув како еден ангел прашуваше друг, велејќи: ‘До кога ќе трае тоа од видението за секојдневната жртва и за бесчесното опустошување, што ги гази Светилиштето и војската небесна?’”  (Даниел 8:12,13).

ПРАВИЛНО ТОЛКУВАЊЕ НА ПЕРИОДОТ ОД 2300 ВЕЧЕРИ И УТРИНИ

Познавајќи ја историјата и датумите на владеењето на споменатите царства, доаѓаме до заклучок дека периодот од 2300 вечери и утрини не се однесува на буквални 2300 дена, бидејќи тие претставуваат временски период од околу шест години и нешто помалку од четири месеци. Секако, видението што дава преглед на владеењето на светските сили, од Медо-Персија до папскиот Рим, не може да се смести во рамките на помалку од седум години. Затоа, овде станува збор за пророчки денови, каде што еден пророчки ден се смета за буквална година:

„Четириесет денови носи го беззаконието на домот Јудин, ден за година, ден за година ти определив“ (Езекиел 4:6).

И ова толкување одговара на историската реалност. Видението започнува од времето на Мидо-Персија и ќе заврши во деновите кога светот ќе биде добро запознаен со богохулните активности на папството. Односно, времетраењето на настаните прикажани во видението на Даниел ќе опфати историски период од 2300 буквални години.

Бидејќи прв во видението се споменува овенот, односно Медо-Персија, чие владеење започнало во 6. век пред новата ера, тогаш крајот на наведениот период од 2300 вечери и утрини се наоѓа во 19. век.

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ ПО ЗАВРШЕТОКОТ НА ПЕРИОДОТ ОД 2300 ВЕЧЕРИ И УТРИНИ

Обратете внимание на тоа на што се фокусира текстот во Даниел 8:13.

За време на видението, на Даниел му биле прикажани царства кои се сменуваат едно по друго. По смената на овенот, односно Медо-Персија, доаѓа козелот (јарецот), односно Грција. По поделбата на Грција се појавува паганскиот Рим, а потоа и папскиот Рим, чии безбожни дела се опишани во Даниел 8:12.

Проучувајќи ги Даниел 8:11-12, забележуваме дека Рим (папството), преку својот лажен систем, воспоставил злобна свештеничка институција, ја затворил вистината за небесното светилиште од народот и ги лишил верниците од Христовото посредување. Со други зборови, ги лишил луѓето од делотворната, секојдневна Христова жртва. И во тринаесеттиот стих, Даниел прашува:

„До кога ќе трае тоа од видението за секојдневната жртва и за бесчесното опустошување, што ги гази Светилиштето и војската небесна“?  (Даниел 8:13).

Погледнете што добиваме: во деветнаесеттиот век, по завршетокот на пророчкиот период од 2300 вечери и утрини, ќе се случат следните два настана:

  1. Ќе се стави крај на сè што е поврзано со Водачот на небесната војска, односно на Неговата секојдневна служба.
  2. Ќе престане сеопфатната измама на земните жители од страна на папството, преку нејзината порочна свештеничка институција, поточно преку свештенството кое ја врши својата нечесна служба.

Она што се случува на небото е тесно поврзано со она што се случува на земјата, исто како што земните настани се одразуваат на небесните. По завршетокот на 2300 години, се случуваат два истовремени настана: едниот на небото, а другиот на земјата. Првиот е поврзан со Водачот на небесната војска, со Христос и Неговата секојдневна служба, која престанува. Вториот е поврзан со земјата, со крајот на измамата што папството му ја наметна на светот, одземајќи им ја на верниците вистината за небесното светилиште и за Христовата служба во него, како наш Првосвештеник.

ЗАПОЧНУВА СЛУЖБАТА ВО ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СВЕТИЛИШТЕТО, ВО СВЕТИЊАТА НАД СВЕТИЊИТЕ

Знаејќи ја доволно добро вистината за земното и небесното светилиште, како и за Христовата служба во небесното светилиште како Посредник, лесно можеме да разбереме што се случува таму по завршетокот на времето наменето за секојдневните жртви и служби во првиот дел од светилиштето.

Што се случува? Започнува службата во вториот дел од светилиштето, во Светињата над Светињите. Ова време се нарекува ден на судот, ден на чистење на светилиштето од гревовите насобрани во текот на целиот период на служење во првиот дел од светилиштето, односно во Светињата.

Значи, по завршетокот на 2300-годишниот период, на небото, во небесното светилиште, ќе се случи најважниот настан за сите што живеат на земјата. Нашиот Првосвештеник, Исус Христос, ќе влезе во вториот дел од небесното светилиште и ќе ја започне последната фаза од Својата служба, фазата на чистење на светилиштето, фазата на истражниот суд.

Ова ќе се случи на небото. А на земјата (секогаш сетете се на врската помеѓу небото и земјата), вниманието на сите што живеат на земјата треба да биде насочено кон небесното светилиште, кон местото каде што се одвива Божјиот суд. Односно, на земјата мора да се појави народ, повикан од Бога, кој ќе го заштити небесното светилиште и ќе го зачува вистинското поклонение.

БОГ СЕКОГАШ ДАВА ОБЈАСНУВАЊЕ НА ПРОРОЧКОТО ВИДЕНИЕ

Бог дава видение за пророштвото, а потоа и објаснување за него. Се сеќавате на второто поглавје? Сонот за судбината на светот, покажан на Навуходоносор, му бил објаснет на Даниел, кому Бог му го открил значењето во сон. Во четвртото поглавје, Навуходоносор гледа пророчко видение, големо дрво, и повторно, преку Даниел, Бог го открива значењето на видението. Во петтото поглавје, натписот на ѕидот, мистериозните зборови што го вознемируваат царот, добиваат значење кога Бог повторно го користи Даниел за да го објасни сокриеното. Во седмото поглавје, Божјите гласници му даваат објаснување на Даниел за пророчкото видение што му било покажано. Овие примери јасно покажуваат дека Бог никогаш не остава пророчко видение без објаснување, ниту на поединецот кому му е дадено, ниту на Неговиот народ:

„Се приближив до еден од оние што стоеја напред и го прашав за вистинското значење на сето тоа, и тој почна да зборува со мене и ми ја објасни смислата на реченото: Овие големи ѕверови, четири на број, означуваат дека четири царства ќе се издигнат од земјата. Потоа, светиите на Севишниот ќе го земат царството и ќе владеат со него во векови“ (Даниел 7:16-18).

Погледнете го внимателно објаснувањето што го дава небесното суштество за она што Даниел го видел. Што било кажано, а што не било кажано во тоа објаснување? Зошто Даниел не го разбрал целосно видението? Кажано е кого го претставуваат овенот и козелот. Кажано е за појавата на нова сила, паганскиот и папскиот Рим. Опишани се активностите на папството против Божјиот народ и против вистината за небесното светилиште. Дури е кажано и тоа дека видението е многу долго и се однесува на далечни времиња, на самиот крај од времето:

„А тој ми рече – знај сине човечки дека видението се однесува на крајот од времето!“  (Даниел 8:17).

„Па ми рече: ‘Еве ти откривам што ќе биде во последните денови на гневот; зашто тоа се однесува на крајот од определеното време’“  (Даниел 8:19).

„А и видението за вечерта и утрината за кое ти се рече ќе се исполни, но ти сокри го тоа видение зашто се однесува на далечни времиња“  (Даниел 8:26).

ПРОРОЧКО ВИДЕНИЕ ОД ОСМОТО ПОГЛАВЈЕ НА КНИГАТА НА ДАНИЕЛ

Во осмото поглавје, гледаме иста слика: Даниел добива пророчко видение, кое подоцна му е објаснето:

„И чув од средината на реката Улај човечки глас, кој извика и рече: ‘Гавриле, објасни му го тоа видение!’ И се приближи тој до местото каде што стоев и кога дојде, јас се уплашив и паднав ничкум; а тој ми рече – знај сине човечки дека видението се однесува на крајот од времето… ‘Еве ти откривам што ќе биде во последните денови на гневот; зашто тоа се однесува на крајот од определеното време’. Овенот што го виде – неговите два рога – тоа се мидискиот цар и персискиот. А косестиот козел (влакнестиот јарец) е царот на Јаван, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тоа е нејзиниот прв цар: Четирите рога што израснаа кога првиот се скрши, тоа се четирите царства што ќе произлезат од тој народ, но нема да ја имаат неговата сила. А кон крајот на царството нивно, кога отстапниците ќе ја исполнат мерката на своите беззаконија, ќе се издигне еден цар бесрамен и искусен во сплеткарење; неговата моќ ќе се зацврсти, иако не со неговата сила; тој ќе врши големи пустошења и ќе успева, ќе дејствува и ќе погубува јунаци и народи на светиите; заради лукавоста негова ќе напредува и сплеткарството во раката негова; во срцето ќе се возгордее и без повод ќе погуби мнозина; тој ќе се крене против Кнезот над кнезовите, но ќе биде победен – не со човечка рака. А и видението за вечерта и утрината за кое ти се рече ќе се исполни, но ти сокри го тоа видение зашто се однесува на далечни времиња’. Јас, Даниил, истоштен и болен бев неколку дни, потоа станав и почнав да се занимавам со царските работи; се чудев на тоа видение и не го разбирав“ (Даниел 8:16-27).

Во видението е кажано сè, освен од кога точно треба да започне одбројувањето на периодот од 2300 години и кога тој период ќе заврши. Поради оваа празнина, Даниел не можел целосно да го разбере видението. Тој се разболел. Размислувал за видението, но не можел да го разбере.

ПО МОЛИТВА И ПОСТ, БОГ ИСПРАЌА ГЛАСНИК КАЈ ДАНИЕЛ

Даниел сака да ја знае вистината и се моли за тоа, постејќи. А небото не ги остава таквите без просветлување. Ова е моќна поука за нас: „Чукајте, и ќе ви се отвори“ – рекол Синот Божји:

„Додека ја изговарав молитвата, човекот Гаврил кого го бев видел во поранешното видение, долета брзо, се допре до мене во времето на вечерната жртва, ме вразуми, говореше со мене и рече: ‘Данииле, сега излегов за да те научам да разбираш. Во почетокот на твоето молење се појави твојот збор и јас дојдов да ти го соопштам, зашто ти си човек сакан; па така, внеси се во зборот и разбери го видението’“  (Даниел 9:21-23).

Поврзете го сето ова и ќе ја добиете следнава слика: Даниел гледа видение, и сè што е во него му е објаснето, освен почетокот на пророчкиот период. Сепак, во самото видение се вели дека овој период се протега до крајот на времето определено од Бога, до последните денови. Даниел се разболува, потоа оздравува и продолжува да размислува за видението, бидејќи сè уште не му е сè јасно, особено времето. Тој постел и се молел на Бога, и Бог испраќа гласник од небото кај Својот слуга, кој искрено сака да ја дознае вистината. Гласникот доаѓа со дополнителни објаснувања за видението што Даниел го видел претходно. Бидејќи по тоа видение од осмото поглавје, на Даниел не му биле прикажани нови виденија, следи само објаснување на она што веќе го видел.

ЗОШТО ГЛАСНИКОТ ДАВА МАЛ ПРОРОЧКИ ВРЕМЕНСКИ ПЕРИОД?

„Седумдесетте седмици се определени за твојот народ и за светиот твој град за да биде крај на престапот, за да му се стави печат на гревот и избришани беззаконијата, за да биде доведена вечната правда, за да им се стави печат на виденијата и пророците и да биде помазан Светиот на светиите. И така, знај и разбери: од времето кога излезе законот за обновување на Ерусалим, до доаѓањето на Помазаникот Божји се седум седмици. Потоа ќе биде обновен Ерусалим со улици и ѕидини, и ќе опстои шеесет и две седмици; а тоа ќе биде тешко време. И по шеесет и двете седмици Помазаникот ќе биде предаден на смрт неправедно а градот и светилиштето ќе бидат разрушени од народот на водачот што ќе дојде, и крајот ќе му биде како од поплава, и до крајот на војната ќе има опустошување. И во една седмица ќе склопи завет со мнозина, а во половината на седмицата ќе престанат жртвата и приносот, а на врвот од светилиштето ќе биде поставен Гнасниот Пустошник, сè додека предопределената пустош не го собори Пустошникот“  (Даниел 9:24-27).

Објаснувањето за почетокот на пророчкиот период од 2300 години е многу богато и е дадено заедно со малиот пророчки временски период, кој директно се однесува на израелскиот народ по тело. Благодарение на овој помал пророчки период, можеме со сигурност да заклучиме дека правилно го разбираме небесниот гласник и дека точно ја определуваме почетната точка на периодот од 2300 години.

ЗОШТО Е ДАДЕН ВРЕМЕНСКИОТ ПЕРИОД ОД СЕДУМДЕСЕТ СЕДМИЦИ?

Ангелот почнува да му дава објаснување на Даниел веднаш со пророчкото време:

„Седумдесетте седмици се определени (отсечени) за твојот народ и за светиот твој град за да биде крај на престапот, за да му се стави печат на гревот и избришани беззаконијата, за да биде доведена вечната правда, за да им се стави печат на виденијата и пророците и да биде помазан Светиот на светиите“ (Даниел 9:24).

Некој можеби ќе рече: „Јас не гледам врска со периодот од 2300 години.“ Тоа е затоа што не си бил доволно внимателен. Зборот „определен“ во оригиналниот текст значи „отсечен“. Бидејќи гласникот дошол да му го објасни на Даниел времето на почетокот на периодот од 2300 години, единственото нешто што не било објаснето во осмото поглавје, тогаш е јасно дека седумдесетте седмици можат да се „отсечат“ само од тој ист период што ангелот дошол да го разјасни. Односно, тие се отсечени од големиот период од 2300 години. На Израел, како избран Божји народ, му се отсечени седумдесет седмици, односно 490 години. Во продолжение се дава и кратко објаснување зошто е даден овој временски период и што треба да се случи во текот на тоа време:

„За да биде крај на престапот, за да му се стави печат на гревот и избришани беззаконијата, за да биде доведена вечната правда, за да им се стави печат на виденијата и пророците и да биде помазан Светиот на светиите“.

Бог му го дал ова време на Својот народ за да го обнови и поправи својот однос со Него. Во текот на тој период, Бог ќе ја отелотвори Својата вечна праведност, ќе го спроведе Својот вечен план, ќе го спаси светот преку жртвата на Голгота, ќе го открие пророкот и ќе го помаже Светиот над светиите.

НАСТАНОТ ОД КОЈ ЗАПОЧНУВА ОДБРОЈУВАЊЕТО НА ПРОРОЧКИОТ ПЕРИОД ОД 2300 ГОДИНИ

За ова сведочат и прототипите на земната скинија. Пред да почне да функционира, Мојсеј ја помазал скинијата за служба, заедно со олтарот и свештениците кои биле посветени за извршување на свештеничката служба. Пред тоа, службата во скинијата не се вршела:

„Па земи масло за помазание, и помажи ја скинијата и сè што има во неа: и освети ја неа и сите принадлежности нејзини, па ќе биде света. Помажи го и жртвеникот за жртви сепаленици и сиот прибор негов, па освети го жртвеникот, и жртвеникот ќе стане пресвет. Помажи го и мијалникот, и подножјето негово, и освети го. Потоа доведи го пред влезот од скинијата Арон и синовите негови и измиј ги со вода; облечи го Арон во светите одежди и помажи го и освети го, за да Ми биде свештеник“  (Излез 40:9-13).

Забележете дека, и покрај тоа што станува збор за времето, сè уште не ни е дадена почетната точка на пророчкиот период од 2300 години. Ангелот го прави тоа со следните зборови.

„И така, знај и разбери: од времето кога излезе законот за обновување на Ерусалим, до доаѓањето на Помазаникот Божји се седум седмици. Потоа ќе биде обновен Ерусалим со улици и ѕидини, и ќе опстои шеесет и две седмици; а тоа ќе биде тешко време“ (Даниел 9:25).

Гаврил го именува настанот од кој треба да започне одбројувањето на пророчкото време од 2300 години, од указот (законот) за обнова на Ерусалим.

ЗОШТО ОБНОВАТА НА ЕРУСАЛИМ Е ПОЧЕТНАТА ТОЧКА НА ПРОРОЧКИОТ ПЕРИОД?

Гаврил не само што ни дава конкретна точка во времето, туку го означува тој настан како мошне важен момент, обележје за Божјиот народ, кој во тој период се наоѓа во заробеништво и е лишен од престолнината, од храмот и од службите во него. Затоа, Евреите не можат да го занемарат овој настан.

Покрај тоа, небесниот гласник дава опис на она што ќе се случи во малиот пророчки период определен за Евреите, што, како што веќе рековме, јасно покажува дека почетната точка на 2300-годишниот период е правилно избрана.

За обновата на Ерусалим, Бог одвојува седум седмици, односно 49 години. Буквалниот Ерусалим ќе биде буквално обновен, неговите улици и ѕидини ќе бидат повторно изградени. Од тој момент започнува одбројувањето на следниот дел од времето, 62 седмици до доаѓањето на Господ Исус, односно до Неговото помазание за јавната служба. Последната, седумдесетта седмица, или последните седум години определени за Израел, исто така се исполнети со значајни настани.

Во половината на таа седмица, односно по три и пол години од почетокот на јавната служба, Христос ќе биде принесен како жртва. Со тоа, принесувањето на жртви ќе престане. Израел ќе ја изгуби својата посебна позиција како народ преку кој требаше на светот да му биде откриена вистината за Месијата. Со други зборови, овој момент ќе биде точката на раѓање на христијанската црква.

ПРВИОТ НАСТАН ПОВРЗАН СО ОБНОВАТА НА ЕРУСАЛИМ

Откако ги разгледавме сите претскажани настани од малиот пророчки период од 490 години, сега останува само да го пронајдеме времето на кое ангелот се повикува како почеток на издавањето на указот за обнова на Ерусалим. За да го направиме тоа, треба да ги разгледаме четирите настани кои можат да се сметаат како „наредба за обнова на Ерусалим“ и да се задржиме на оној што навистина одговара на вистината и пророчкото време. Указот на Кир за обновување на Божјиот храм, издаден во 536 година пред Христа:

„Во првата година на персискиот цар Кир за да се исполни словото Господово искажано од устата на Еремија, го поттикна Господ духот на Кир, персискиот цар, и тој заповеда да прогласат по целото царство, усно и писмено: вака вели Кир, царот персиски: ‘Господ, Бог на небото, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да Му изградам дом во Ерусалим што е во Јудеја. Кој меѓу сите вас е од Неговиот народ, – Бог нека биде со него, и нека оди во Ерусалим, кој е во Јудеја, да гради дом на Господ, Бог Израелов, – Тој е Бог, Кој е во Ерусалим. А секој што останал во другите места, каде и да живее тој, нека му помогнат жителите од тие места со сребро, со злато, со друг имот, со добиток и со доброволни прилози за Божјиот дом што е во Ерусалим’“  (Ездра 1:1-4).

ВТОР ДОКУМЕНТ ЗА ОБНОВУВАЊЕ НА ЕРУСАЛИМ

Указот на персискиот цар Дариј за продолжување на работата, која била прекината поради непријателите на Евреите.

„Тогаш царот Дариј издаде заповед, и бараа во Вавилон, во архивот, каде што ги чуваа важните документи. И во Ахмета, во дворецот, кој е во областа Мидија, беше пронајден еден свиток, и во него беше напишано вака: ‘Потсетник. Во првата година од владеењето на царот Кир, царот издаде указ за домот Господов во Ерусалим: Нека биде изграден дом на она место, каде што принесуваат жртви, и нека му се постават здрави темели; висината негова – шеесет лакти, ширината негова – шеесет лакти;три реда големи камења, еден ред дрва; а трошоците нека се плаќаат од царскиот дом. Уште и садовите на Божјиот дом, златни и сребрени што Навуходоносор ги изнесол од ерусалимскиот храм и ги однел во Вавилон, нека се вратат и однесат во ерусалимскиот храм и да бидат наместени во Божјиот дом, секој на свое место’. Затоа, Татенај, кој управуваш со задречната област, и ти Ситар-Бознај и вие нивни соработници, испратени во областа зад Реката, бидете на разумна оддалеченост оттаму!Не запирајте ја работата на Божјиот дом; јудејскиот кнез и јудејските старешини нека го градат оној Божји дом на местото негово“ (Ездра 6:1-7).

ДРУГИ ОПЦИИ КОИ НА ПРВ ПОГЛЕД ОДГОВАРААТ НА ДЕФИНИЦИЈАТА НА УКАЗОТ ЗА ОБНОВА НА ЕРУСАЛИМ

Указот на Артаксеркс во деновите на Ездра, со кој Ездра заминал за Јудеја:

„Артаксеркс, цар над царевите, до Ездра свештеникот, совршениот учител во законот на небесниот Бог денес. Издадов указ, во царството мое секој од народот Израелов и од неговите свештеници и левити што сака да оди во Ерусалим, нека појде со тебе. Бидејќи си испратен од царот и од седумте негови советници, да ги надгледуваш Јудеја и Ерусалим во законот на твојот Бог, кој е во раката твоја… А јас, царот Артаксеркс, давам заповед до сите ризничари, што се од онаа страна на Реката – сè што ќе посака од вас Ездра, свештеник и учител по законот на Бога небесен, без двоумење, давајте“ (Ездра 7:12-14,21).

Наредбата на истиот цар, дадена на Неемија во 444 година пред нашата ера:

„Тогаш му реков на царот: ‘Ако благоволи царот, нека ми се даде писмо до управителите на областа зад Реката за да ми дозволат да минувам, додека стигнам до Јудеја, и писмо до Асаф, чуварот на царските шуми, да ми даде дрва за вратите на тврдината што е кај Божјиот дом, и за градските ѕидишта, и за куќата, во која ќе живеам.’ И царот ми даде, бидејќи раката на Бога беше над мене“ (Неемија 2:7,8).

УКАЗОТ НА АРТАКСЕРКС ВО ДЕНОВИТЕ НА ЕЗДРА Е УКАЗОТ ОД КОЈ ТРЕБА ДА ЗАПОЧНЕ ОДБРОЈУВАЊЕТО

Ако започнете со броење на малиот пророчки период (490 години), кој му е даден на Израел, од првите два указа, ќе откриете дека тие дури и не стигнуваат до христијанската ера.

Покрај тоа, овие укази главно се однесуваат на обновата на храмот, а не на обновата на Ерусалим и воспоставувањето на граѓанската власт. Првите два датуми не нè водат ниту до Христовото помазание за служба, ниту до Неговата жртва на Голгота. Затоа, ниту еден од нив не може да се смета за датумот на кој Гаврил му зборувал на Даниел, објаснувајќи го видението за 2300 години.

Указот даден на Ездра од страна на Артаксеркс Лонгиманус му давал голема слобода на дејствување. Ездра добил овластување да издава закони, да назначува управници и судии и да спроведува дури и смртна казна. Тоа претставува јасен знак за обнова на државното и правно уредување. Токму овој указ е оставен на страниците на Светото писмо, во книгата Ездра, поглавје 7. За разлика од поголемиот дел од книгата Ездра, која е напишана на хебрејски, овој указ е запишан на арамејски јазик од самиот цар и неговите советници.

Тринаесет години подоцна, истиот цар му дал писмо на Неемија. Но, по тонот на пораката, каде што царот прашува: „Колку време ќе ти биде потребно?“ и „Кога ќе се вратиш?“, станува јасно дека станува збор за писмо со личен карактер, а не за официјален указ. Кога Неемија пристигнал во Ерусалим, тој само го завршил она што Ездра го започнал 13 години претходно. Од молитвата на Ездра гледаме дека тој бил уверен дека му е дадена дозвола од царот да го врати народот на Израел:

„Ние сме робови, но и во ропството нашиот Бог не нè остави. Тој ја приведе кон нас милоста на персиските цареви за да ни дадат нов живот, да го подигнеме домот на нашиот Бог, да го обновиме од урнатините негови, и да ни дадат сигурно засолниште во Јудеја и во Ерусалим“ (Ездра 9:9).

ДА СЕ СВРТИМЕ КОН МАТЕМАТИКАТА ЗА ПОМОШ

И последното нешто е математиката. Таа е против идејата да се бројат 490 години од времето на Неемија.

Додавајќи на 444 година пр.н.е. 69 седмици (односно 483 години), ќе дојдеме до 40-та година од нашата ера, време кога, според таквото броење, Христос требало да биде помазан за јавна служба. Но јасно е дека тоа е точно 13 години подоцна од реалноста.

Крајот на 490-тата година паѓа во 47-ма година од нашата ера, што исто така не се поклопува со ништо од она што Гаврил му го кажал на Даниел. Погледнете ја хармонијата меѓу вистината и математиката кога како почетна точка се зема 457 година пр.н.е., со указот на Артаксеркс даден на Ездра.

  • Првите седум пророчки седмици, односно 49 години, се однесуваат на обновувањето на Ерусалим, од 457 до 408 година пр.н.е.
  • Од 457 година до почетокот на Христовата јавна служба навистина поминале 483 години, односно 69 седмици.
  • Христос извршува јавна служба три и пол години, сè до Своето распнување, токму во половината на последната седмица.
  • Со Христовата смрт престануваат жртвите и приносите, во средината на 70-тата седмица определена за Евреите.
  • Три и пол години подоцна, Евреите го убиваат Стефан, кој во видение го гледа Христа од десната страна на Бога.
  • Бог го избира Савле за апостол на незнабошците, и Евангелието почнува да се проповеда на сите народи.

Христос се вознесува на небото, и небесната скинија, вистинското светилиште, е помазана за Неговата посредничка служба.

Еве ја вистината: прекрасна е во својата хармонија и рамнотежа.

Знаејќи ја почетната точка, датумот на указот за обнова на Ерусалим во 457 година пр.н.е. и додавајќи кон него 2300 години, стигнуваме до есента 1844 година. Што, според пророштвото во книгата на Даниел, треба да се случи во тоа време?

Веќе споменавме: најдолгото видение, 2300 вечери и утрини, треба да заврши. На небото, службата во првиот дел од небесното светилиште, во Светињата, мора да заврши. Започнува службата во Светињата над Светињите.

А на земјата, Бог повторно им ја открива на луѓето Својата вистина, за небесното светилиште и спасението преку Христовата посредничка служба и жртва. Тоа го прави преку народ што Тој го повикува, според пророштвото, за да ја возобнови вистината и вистинското поклонение.   

ПРАВИЛЕН ПРЕВОД НА ДАНИЕЛ 8:14

Пред да ги разгледаме подетално овие настани, уште еднаш да го свртиме вниманието кон текстот:  

„Другиот му рече: ‘Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти’” (Даниел 8:14).

Хебрејскиот збор צָדַק (tsadaq), иако ја содржи идејата за очистување, во Библијата се појавува околу 40 пати, и ниту еднаш, освен во овој единствен текст (Даниел 8:14), не е преведен како „ќе се очисти“. Во повеќето случаи, овој збор е преведен со значења како „оправдување“, „обновување“, „поставување во право“ или „помирување“. Погледнете неколку примери за употреба на зборот tsadaq во други библиски текстови:

„Кога има расправија меѓу луѓе, нека ги доведат во суд и да ги судат; правиот да го оправдаат (tsadaq), а виновниот да го осудат“  (Второзаконие 25:1).

„Тогаш сослушај ги од небото и дејствувај, донеси суд над Своите слуги, обвини го виновниот, стоварувајќи му ја врз главата негова постапката негова, и оправдај (tsadaq) го правиот, давајќи му според неговата праведност“  (1. Цареви 8:32).

„Се разгори гневот на Елијуј, син Варахиилов, од Буз, од Рамовиот род; се разгоре гневот негов против Јов, поради тоа што тој се правеше поправеден (tsadaq) од Бога“ (Јов 32:2).

Точниот превод е оној што одговара на контекстот. А контекстот овде е дека малиот рог го воспоставил својот лажен систем на поклонение, со лажна институција на свештенство, заборавајќи ја вистината за небесното светилиште и нашиот Првосвештеник Исус како недостојни за човечко внимание и безначајни.

Пророштвото вели дека, иако секојдневната служба во првиот дел од светилиштето се извршува на небото, вистината за светилиштето и Христовата служба ќе биде оцрнета поради активноста на малиот рог. Но, штом започне нова фаза на посредување – зборуваме за Христовата служба во Светињата над Светињите во небесното светилиште – ќе започне истражниот суд, а вистината за небесното светилиште ќе биде повторно откриена за жителите на земјата. Затоа, од контекстуална гледна точка, поправилно би било да се преведе:

„Другиот му рече: ‘Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се обнови (повторно воспостави)’“ (Даниел 8:14).

НЕБЕСНИОТ СУД: ТОА Е ВРЕМЕНСКИ ПРОЦЕС

По аналогија со службата во земното светилиште, можно е да се каже дека светилиштето е очистено дури по завршетокот на Јом Кипур, односно по завршетокот на денот на судот, денот на очистувањето на светилиштето, а не на почетокот од тој ден. Пророштвото во Даниел 8:14 вели дека по 2300 години, на небото ќе започне истражен суд. Со други зборови, Христос во 1844 година само преминал во вториот дел од небесното светилиште, со цел да го очисти Својот народ од секое беззаконие. И ова, како што можете да видите, е временски процес, а не еднократен настан:

„Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Даниел 7:9,10).

„Зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:14).

„За секој  лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден“ (Матеј 12:36).

Небесниот суд е временски процес. И додека тој не се заврши, небесното светилиште нема да биде целосно очистено. Затоа е поточно да се каже дека светилиштето ќе биде повторно воспоставено меѓу жителите на земјата, така што вистината за него повторно ќе се чуе меѓу сите народи и племиња. Но, тоа ќе се очисти дури по завршувањето на небесниот суд. Еве кога ќе се случи тоа:

„Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште. И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22:11,12).

Кога ќе заврши судскиот процес, ќе заврши и Христовото посредување. Ќе биде донесена одлука за секој човек врз основа на неговиот личен избор. Тогаш светилиштето ќе се очисти од гревовите на оние кои ги положиле своите гревови врз Христа. Едни ќе бидат оправдани, затоа што се посветиле со послушност кон вистината, а други ќе бидат осудени за своето лицемерие и лукавство.

ЗА ВРЕМЕ НА НЕБЕСНИОТ СУД, БОЖЈАТА БЛАГОДАТ Е СÈ УШТЕ ДЕЛОТВОРНА КАКО И ПОРАНО

Со оглед на фактот дека во моментов на небото е во тек истражниот суд, со цел да се утврди кој е посветен со послушност кон вистината, а кој не, многу е соодветно да се потсетиме на една важна вистина: на денот на судот, едниот од двата козела бил жртвуван за гревот:

„И да го доведе Арон козелот на кој паднала ждрепката за Господ, и да го принесе како жртва за грев“ (Левитска 16:9).

И со оваа крв, првосвештеникот влегувал во Светињата над Светињите пред лицето Божјо:

„Тогаш да го заколе козелот како жртва поради грев за народот, и да внесе од крвта негова зад завесата, и со неа да направи исто како што направи со крвта од телето, и нека попрска со неа по Капакот и пред него“ (Левитска 16:15).

Од оваа илустрација може да се види дека дури и на судниот ден, кога се разгледува минатиот живот на човекот и промените што се случиле кај него, благодарение на благодатта што му била дадена поради заменската жртва, сè уште постоела и жртвата за гревот, како што било случај во секојдневната посредничка служба. Ова значи дека дури и на денот на судот останува на сила концептот на посредување и оправдување на верникот преку жртва. Затоа, и покрај фактот што на небото се води истражен суд и се разгледуваат делата на верниците и нивното посветување, за нив сепак е сочуван истиот концепт, простување и оправдување преку заменска жртва.

„А ако, пак, во светлина одиме, како што е Тој самиот во светлина, тоа значи дека ние еден со друг имаме заедништво, и крвта на Исус Христос, Неговиот Син, нè очистува од секаков грев“ (1 Јованово 1:7).

„Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда“ (1 Јованово 1:9).

„Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот“ (1 Јованово 2:1).

Ова значи дека дури и сега, во времето на небесниот суд, Божјата благодат, дарувана на верниците преку Христовата заменска жртва, е исто толку делотворна како и пред 1844 година, кога Христос ја извршувал Својата посредничка служба во првиот дел од светилиштето.

БЛАГОДАТТА БОЖЈА НЕ Е ДОЗВОЛА ЗА ГРЕВ

Само немојте да ја претворите оваа благодат, дадена за време на Божјиот суд, како изговор за гревот:

„Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ. И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади! Не препуштајте му ги на гревот вашите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта. Па што? Да грешиме ли, бидејќи не сме под Законот, туку под благодатта? Тоа никако!“ (Римјаните 6:11-15).

Истата секојдневна служба на Божјата благодат, службата на заменската жртва, како и годишната служба поврзана со судот и откривањето на тоа кој е посветен со послушност кон вистината, а кој не, и сега се извршува на небото.

ВАЖНО Е ДА СЕ РАЗБЕРЕ ДЕКА ВРЕМЕТО НА БЛАГОДАТТА СЕ ПРИБЛИЖУВА КОН СВОЈОТ КРАЈ

Комбинацијата на овие две служби нè доведува до разбирање на главната вистина: времето на благодатта се ближи кон својот крај. Ова секој верник треба јасно да го разбере.

Времето на благодатта истекува – нема време за духовна пасивност.
Денес Христос ја извршува службата за нашето оправдување и посветување, за да можеме да бидеме оправдани на Божјиот суд. Но, времето безмилосно истекува. И оној што го користи ова време залудно – не за свое посветување во Исус Христос – нема да биде оправдан на Божјиот суд, дури и ако некогаш бил оправдан преку вера во Христовата заменска жртва.

Што научивме? Во 1844 година завршил најдолгиот пророчки период назначен во Светото писмо. Бог вели дека по завршетокот на овој период, на небото, во небесното светилиште, започнува последната фаза од Христовата служба, служба во Светињата над Светињите, фазата на судење. На Земјата, во тоа време, вистината за светилиштето повторно ќе им се открие на сите што живеат на земјата. Светилиштето мора да биде обновено од безбожните постапки на папството, кое ја предало во заборав оваа клучна вистина за нашето спасение. Во оваа тема разгледавме што се случило на небото, во небесното светилиште, по завршетокот на периодот од 2300 години. Следната тема ќе ја посветиме на тоа што се случило на Земјата по завршетокот на пророчкиот период од 2300 вечери и утрини. 

 

Сподели го ова:

Поврзани статии