Глава 7 Соработката помегу божјото и човечкото
Лекарот во службата на исцелување, треба да биде Христов соработник. Спасителот ги лекувал и душата и телото. Евангелието што Тој го проповедал, било порака, која му дава живот на духот и здравје на телото. Ослободувањето од гревот и исцелувањето од болеста биле поврзани во едно. Истата служба му е доверена на лекарот христијанин. Тој треба да се соедини со Христа во олеснувањето на физичките и духовните потреби на своите ближни. За болните, тој треба да биде гласник на милоста, донесувајќи им лек не само за болното тело, туку и за душата болна од грев.
Христос е вистинската глава на лекарската професија. Како главен Лекар, Тој се наоѓа покрај секој богобојазлив практичар, кој работи на олеснување на човечките страдања. И додека ги употребува природните лекови за физичката болест, лекарот треба да ги упати своите пациенти кај Оној, Кој може да ги исцели и душата и телото. Всушност, Христос е Тој, Кој го извршува делото на исцелување, кое лекарите можат само да го потпомогнат. Тие се трудат да и помогнат на природата во процесот на оздравување Исцелител е единствено Исус. Лекарите се трудат да го спасат животот, а Христос дарува живот.
Изворот на исцелување
Во извршувањето на Своите чуда, Спасителот ја откривал онаа сила, која постојано делува во полза на човекот, притоа одржувајќи му ги и здравјето и животот. Бог работи секој ден, секој час, секој миг, преку силите на природата за да не одржи во живот, да не изгради и обнови. Кога е повреден некој дел од телото, процесот на исцелување започнува веднаш; природата почнува да делува за да се поврати нарушеното здравје. Но силата што работи преку природата е Божјата Сила. Секоја животворна сила доаѓа само од Него. Кога некој ќе оздрави од која и да е болест, Бог е Тој, Кој го исцелил.
Болеста, страдањата и смртта претставуваат дело на непријателската сила. Уништувачот е сатаната; Бог е Обновителот.
Зборовите изречени на Израелот се вистинити и денес, за оние, кои повторно го добиваат своето телесно или духовно здравје: „Јас сум Господ, твојот Исцелител.“ (Излез 15:26)
Божјата желба за секое човечко суштество е изразена во зборовите: „Возљубен, се молам да бидеш здрав и во се да ти биде добро, како што и е добро на твојата душа.“ (3. Јован 2)
Тој е Оној, Кој „ги простува сите твои безаконија, Кој ги исцелува сите твои болести; Кој го избавува твојот живот од распаѓање, Кој те овенчува со милост и со добрини.“ (Псалм 103:3, 4)
Кога Христос ги исцелувал болните, Тој на многу од нив им го нагласувал предупредувањето: „Не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо.“ (Јован 5:14) Со тоа, Тој ги поучувал дека тие ја навлекле болеста со престапувањето на Божјите закони и дека здравјето може да биде сочувано, единствено, преку послушност.
Лекарот треба да ги поучува своите пациенти дека тие треба да соработуваат со Бога во делото за обновување на нивното здравје. Лекарот постојано се соочува со фактот дека болеста е последица на гревот. Тој знае дека природните закони спаѓаат во Божјите прописи, исто како и заповедите од Декалогот и дека единствено со нивното почитување, здравјето може да биде обновено или сочувано. Тој гледа многу страдалници, кои заболеле заради своите штетни навики и кои би можеле да оздрават, кога би имале волја да го сторат она, што можат да го сторат за своето сопствено оздравување. Таквите треба да бидат поучени дека секоја постапка што ги нарушува и заслабнува физичките, менталните или духовните сили претставува грев и дека здравјето може да се запази само со почитување на законите, кои Бог ги воспоставил за доброто на целото човештво.
Кога лекарот гледа дека пациентот страда од болест предизвикана од неумереност во јадењето и пиењето или некои други лоши навики, а занемарува да му укаже на тоа, тој му нанесува неправда на својот ближен. Пијаниците, умоболните и сите, кои станале жртви на развратноста, сите тие се обраќаат до лекарот, а тој треба јасно и одлучно да изјави дека причината за нивните страдања е гревот. Оние што ги разбираат животните принципи, треба најсрдечно да се залагаат во спречувањето на причините за болеста. Може ли да молчи лекарот, кој постојано ја гледа борбата со болеста и постојано се труди да ги ублажи и отстрани страдањата? Дали е тој благороден и милостив доколку на своите пациенти не им препорачува строга умереност како средство против болеста?
Треба да биде јасно дека патот на покорувањето на Божјите заповеди е патот на животот. Бог ги воспоставил законите на природата, но Неговите заповеди не се пропишани со диктаторско самоволие. Секое „Немој“ како во физичкиот, така и во моралниот закон, претставува и извесно ветување. Доколку им се покоруваме на тие закони, нашите чекори ќе бидат проследени со благослов. Бог никогаш не не присилува да твориме правда, туку настојува да не спаси од злото и да не води кон она што е добро.
Да обрнеме внимание на законите дадени на Израелскиот народ. Бог им дал јасни и одредени упатства во поглед на нивните животни навики. Тој ги обдарил со знаење за законите поврзани со физичката и духовната благосостојба; им дал и цврсто и сигурно ветување: „Ќе ја отстрани од тебе Господ, твојот Бог, секоја болест.“ (Второзаконие 7: 15) „Внесете ги во срцето сите зборови, што ви ги кажав денес.“ „Затоа што тие се живот за оние, што ги наоѓаат, и здравје за целото нивно тело.“ (Второзаконие 32:46; Изреки 4:22)
Бог сака ние да ги достигнеме стандардите на совршенството што ни се овозможени преку Христа. Тој не повикува да го направиме вистинскиот избор, да се поврземе со Небесните сили и да ги прифатиме принципите, кои ќе го обноват во нас Божјиот лик. Тој ги открил животните принципи во Неговата Пишана Реч и во големата книга на природата. Наша должност е да се здобиеме со знаење за тие принципи и во послушност да соработуваме со Него во обновувањето на здравјето на телото и душата.
Луѓето треба да научат дека во својата полнота, благословите од послушноста можат да бидат нивни само доколку ја примат Христовата благодат. Неговата благодат е таа што на човекот му дава сила да ги почитува Божјите Закони. Таа му овозможува да ги скрши прангите на лошите навики. Тоа е единствената сила, која може да го изведе човекот на вистинскиот пат и да го одржи на него.
Кога Евангелието ќе се прими во неговата чистота и сила, тоа е лек за секоја болест произлезена од гревот. Сонцето на правдата ќе изгрее „со исцелување во Неговите зраци.“ (Малахија 4: 2) Се што овој свет може да понуди, не е во состојба да го исцели скршеното срце, да внесе мир во душата, да ги отстрани грижата или болеста. Популарноста, генијалноста, талентот сето тоа не може да го развесели нажаленото срце или повторно да го подигне упропастениот живот. Единствената надеж на човекот е Божјиот живот во душата.
Христовата љубов, го проткајува целото битие со својата животворна сила и ги обновува здравјето и силата на најважните животни органи силата на мозокот, срцето и нервите; таа ги поттикнува на работа највозвишените сили на човечкото битие. Ја ослободува душата од вина и тага, од немир и грижа, кои ги уништуваат животните сили. А со неа доаѓаат спокојство и сталоженост; таа во душата буди радост, која не може да ја уништи ништо земно радост во Светиот Дух, радост, која донесува здравје и живот.
Зборовите на нашиот Спасител: „Дојдете кај Мене… и Јас ќе ви дадам одмор“ (Матеј 11:28), претставуваат Божји рецепт за исцелување од физичките, менталните и духовните заболувања. И покрај тоа што луѓето, заради сопствените грешки, си навлекле страдања, Тој гледа кон нив со сомилост. Тие можат да најдат помош во Него. Тој ќе направи големи дела за оние што имаат доверба во Него.
Иако гревот, низ вековите го зацврснал своето влијание врз човечкиот род, иако сатаната со невистини и итрина ја фрлил црната сенка на сопственото толкување на Божјиот Збор и ги навел луѓето да се сомневаат во Божјата добрина, сепак, Татковата милост и љубов не престанале да се излеваат на земјата во богати, незапирливи текови. Врз човечките суштества ќе се излеат обилни, исцелувачки и спасоносни сили, единствено, доколку човечките суштества имаат волја да ги отворат прозорците на своите души кон Небото, вреднувајќи ги Божјите дарови.
Лекарот што посакува да биде прифатлив Христов соработник, ќе настојува да стане успешен во секој дел од својата работа. Тој вредно ќе учи, за да биде добро подготвен за одговорностите на својот повик и постојано ќе настојува да се издигне на повисоко ниво, настојувајќи колку што е можно повеќе да ги продлабочи и усоврши своето знаење и својата длабока умешност и остроумност. Секој лекар би требал да сфати дека оној што работи слабо и неефикасно, не само што им нанесува штета на болните, туку исто така им нанесува неправда и на своите колеги лекари. Лекарот што се задоволува со ниски стандарди во умешноста и знаењето, не само што ја понижува лекарската професија, туку и го обесчестува Христа, Големиот Лекар.
Оние, кои ќе откријат дека не се способни за лекарскиот повик, треба да изберат друга професија. Оние пак, кои се способни за нега на болните, но чие образование и медицинска квалификација се ограничени, би направиле подобро, кога би прифатиле поскромна улога во здравствената служба, служејќи верно, како болничари. Тие, со трпелива служба, можат постојано да учат покрај умешните лекари и, усовршувајќи се во секоја пригода, со текот на времето, да станат целосно квалификувани за лекарскиот повик. Младите лекари: „како соработници со Него (Лекарот над лекарите)… да не ја примите напразно Божјата благодат… никому никаков повод не давајте, за да не се напаѓа нашата служба (за болните), туку во се да се покажеме како Божји служители.“ (2. Коринтјаните 6:1-4)
Божјата цел за нас е секогаш да се стремиме кон нешто повозвишено. Вистинскиот мисионерски лекар постојано ќе ги зголемува своите способности со нивна практична примена. Талентираните лекари, кои поседуваат супериорни професионални способности, треба да се охрабруваат да ја прифатат службата во Божјото дело и тоа во места, во кои ќе можат да воспитуваат и подготвуваат и други за здравствено-мисионска работа.
Лекарот треба да ги собира во својата душа зраците светлина што блескаат од Божјата Реч. Тој треба постојано да расте во благодатта. За него верата не треба да биде само уште еден фактор. Таа треба да претставува фактор на кој ќе му бидат потчинети сите други. Во својата работа лекарот треба да се раководи со возвишени и свети мотиви мотиви, кои се моќни, затоа што доаѓаат од Оној, Кој го даде Својот живот за да ни ја стави на располагање потребната сила да го совладаме злото.
Доколку лекарот верно и вредно се труди да биде успешен во својата професија, доколку се посвети во Христовата служба и одвојува време за испитување на своето сопствено срце, тогаш тој ќе биде во состојба се повеќе и повеќе да ги согледува тајните на својот свет повик. Тој може толку да се дисциплинира и образува себеси, што сите, кои ќе се најдат во сферата на неговото влијание, ќе согледаат дека такво образование и мудрост може да даде само Оној, Кој е Едно со Силниот и Премудар Бог.
Никаде не е потребна толку блиска поврзаност со Христа, како во работата на лекарот. Оној што сака правилно да ги извршува лекарските должности, мора секој ден и секој час да живее христијански живот. Животот на пациентот е во рацете на лекарот. Една лекомислена дијагноза, еден погрешен рецепт даден во критична состојба, или пак едно несмасно движење на раката при операција, може да придонесе дури за загуба на животот, а душата да се упати кон вечноста. Колку е свечена таа помисла! Колку е важно лекарот секогаш да биде под контрола на Божјиот Лекар!
Спасителот е подготвен да им помогне на сите што ќе му се обратат за мудрост и чистота на умот. А кому му се попотребни мудроста и бистрината на умот отколку на лекарот, од чија одлука зависи толку многу? Трудејќи се да го продолжи животот, лекарот треба постојано да гледа во Христа со вера, за Тој да го управува секое негово движење. Спасителот ќе му даде тактичност и умешност во постапувањето со тешките случаи.
Прекрасни се можностите што се протегаат пред оние, кои ги негуваат болните. Нека разберат дека во се она што се прави за оздравување на болните, лекарот им помага да соработуваат со Христа, во борба против болеста. Наведете ги да чувствуваат дека во се што преземаат во согласност со Божјите закони, можат да очекуваат помош од Божјата Сила.
Болните и страдните ќе имаат повеќе доверба во еден лекар, за кој се осведочени дека има љубов кон Бога и Божји страв. Во тој случај, тие со доверба ќе ги прифаќаат неговите зборови.
Ќе чувствуваат безбедност во присуството и рацете на еден таков лекар.
Познавајќи го Исуса, за еден христијански лекар е вистинска привилегија да го повика Неговото присуство во болничката соба преку молитва. Пред изведување на критична операција, лекарот треба да побара помош од Големиот Лекар. Тој треба да го увери страдалникот дека Бог безбедно ќе го изведе од таа тешка неволја и дека Тој е сигурно прибежиште за оние, кои секогаш и во секоја неволја се надеваат на Него. Лекарот, кој не е во состојба така да постапува, ќе губи случај по случај на оние што на друг начин можеле да бидат спасени. Ако тој може да каже зборови што на болниот ќе му влеат вера во сочувствителниот Спасител, Кој го слуша секој здив на болката и доколку во срдечна молитва може да ги изнесе пред Бога потребите на тие напатени души, во најголем број случаи, кризата ќе биде среќно пребродена.
Само Оној, Кој ги чита срцата, може да знае со какво треперење и страв многу пациенти се одлучуваат на операција и се согласуваат да му се препуштат на хирургот. Тие се свесни за опасноста. Иако имаат доверба во умешноста на лекарот, сепак знаат дека тој не е непогрешлив. Но гледајќи го лекарот како се наведнува на молитва, барајќи помош од Бога, и во нив ќе се разбуди доверба. Благодарноста и довербата го отвораат срцето за Божјата исцелувачка сила; енергијата на телото е обновена и животната сила победува.
И за лекарот, свеста дека Христос е присутен тука, претставува извор на сила. Одговорностите и можностите на неговата работа, често го исполнуваат со страв. Трескавичната неизвесност и стравот, можат да ја направат раката неумешна. Но уверувањето дека Божјиот Советник е покрај него за да го води и поддржува, на лекарот му дава спокојство и храброст. Допирот на Христовата сила и дава нова виталност, смиреност, доверба и сила на раката на лекарот.
Кога кризата ќе биде безбедно помината и успехот постигнат, лекарот, нека помине неколку мигови во молитва заедно со пациентот. Нека изрази благодарност за животот што е поштеден. Додека зборовите на благодарност одат од пациентот кон лекарот, сета слава и благодарност нека се упатат кон Бога. Кажете му на болниот дека неговиот живот бил поштеден само затоа што бил ставен под заштита на Небесниот Лекар.
Лекарот што така постапува, го доведува својот пациент кон Оној, од Кого зависи неговиот живот, Оној, Кој може во потполност да ги спаси сите што доаѓаат кај Него.
Во здравствено-мисионската работа треба да се внесува длабок копнеж и интерес за спасение на душите. На лекарот, во иста мерка како и на проповедникот на Евангелието, му е доверена највозвишената задача што кога и да е, му била доверена на човекот. На секој лекар му е доверена грижата за спасување на душите, без оглед дали тој е свесен за тоа или не.
Во својата работа во справувањето со болестите и смртта, лекарите, честопати ја губат од вид свечената реалност на идниот живот. Во своите сесрдни напори да ги отстранат и спречат опасностите што му се закануваат на телото, се случува да заборават на опасноста за душата. Но може да се случи оној, за кој тие се залагаат, да ја изгуби битката за животот. А последната можност, која можела да му биде дадена е пропуштена. Лекарот ќе мора повторно да се сретне со таа душа на Христовиот суд.
Честопати, ние ги пропуштаме најдрагоцените благослови, занемарувајќи да изговориме збор во вистинско време. Доколку не внимаваме, ќе ги пропуштиме златните можности. Крај креветот на болните не треба да се изговори ниту еден збор за верските догми или судири. Нека страдалникот биде упатен кон Оној, Кој има волја да ги спаси сите, кои со вера доаѓаат кај Него. Сериозно и нежно настојувајте да и се помогне на душата, која лебди измеѓу животот и смртта.
Лекарот што е свесен за фактот дека Христос е негов личен Спасител, бидејќи нашол прибежиште во Него, ќе знае како треба да постапува со растреперената душа, која свесна дека страда заради своја вина и грев, се обраќа кон него за помош. Тој може да одговори на прашањето: „Што треба да направам за да бидам спасен?“ Може да зборува за љубовта на Откупителот. Тој од искуство може да зборува за силата на покајанието и верата. Со едноставни и сериозни зборови може да ја претстави потребата на душата пред Бога во молитва и да го охрабри болниот и самиот да ја побара и прифати милоста од сочувствителниот Спасител. Доколку тој, служи покрај креветот на болниот на таков начин, трудејќи се да изрече зборови, кои ќе донесат утеха и помош, Господ ќе работи со него и преку него. Како што мислите на страдалникот се упатуваат кон Спасителот, неговото срце ќе го исполни мирот во Исуса Христа, а духовното здравје што ќе го добие, се ползува како рака на помош, подадена од Бога во обновувањето на телесното здравје.
Посетувајќи ги болните, лекарот честопати има можност да им послужи и на пријателите на заболениот. Нивните срца омекнуваат, додека бдеат над постелата на страдалникот, чувствувајќи немоќ да ги ублажат и олеснат неговите маки. Честопати, пред лекарот се изнесува жалоста, која е прикриена од другите. Тогаш нему му се дава можност да ги упати тие страдалници кон Христа, Кој ги повикува изморените и обременетите да дојдат кај Него. Тој често ќе може да се моли за нив и со нив, изнесувајќи ги нивните потреби пред Исцелителот на сите несреќи, пред Олеснителот на секоја тага.
Божји ветувања
На лекарот му се укажуваат драгоцени можности да го насочи вниманието на своите пациенти кон ветувањата од Божјата Реч. Од таа богата ризница тој може да зема и ново и старо, упатувајќи тука и таму, зборови на утеха и поуки на оние што копнеат за нив. Лекарот треба постојано да располага со изобилство свежи мисли. Тој треба внимателно да ја проучува Божјата Реч, за да може да биде близок со нејзините ветувања. Треба да научи да ги повторува Христовите зборови на утеха, кои Исус ги изговарал во текот на Својата земна служба, додека поучувал и ги исцелувал болните. Треба да зборува за Христовите дела на исцелување, за Неговата нежност и љубов. Никогаш не треба да ја занемари можноста да ги насочи мислите на своите пациенти кон Христа, Големиот Лекар.
Истата сила со која располагал Христос, кога видливо чекорел меѓу луѓето и денес се наоѓа во Неговата Реч. Преку Својот збор, Исус ги исцелувал болестите и ги изгонувал демоните; преку Својот збор, Тој го стивнувал морето, воскреснувал мртвите и народот се осведочувал дека Неговиот збор има сила. Тој ги изговарал Божјите зборови, исто како што им ги кажал и на пророците и учителите од Стариот завет. Целата Библија е манифестација на Христа.
Светите списи треба да бидат примени како Божји збор упатен до нас, не само во пишана форма, туку како да ги изговара Тој
Самиот. Кога немоќните доаѓале кај Христа, Тој не мислел само на оние, кои тогаш барале помош, туку и на сите оние што денес доаѓаат кај Него со истите потреби и истата вера. Кога Исус му рекол на парализираниот: „Не плаши се, чедо; ти се простуваат твоите гревови;“ кога и рекол на жената од Капернаум: „Не бој се, ќерко, твојата вера те спаси; оди си со мир“ (Матеј 9: 2; Лука 8: 48), Тој им се обратил и на другите немоќни души обременети со грев, кои би требале да ја побараат Неговата помош.
Така е и со сите останати ветувања на Божјата Реч. Преку нив, Тој ни се обраќа нам лично, зборувајќи ни како да го слушаме Неговиот глас. Преку тие ветувања, Христос ни ги нуди Својата благодат и сила. Тие претставуваат лисја од тоа дрво, кое служи „за ислелување на народите.“ (Откровение 22:2) Прифатени и применети, тие треба да бидат цврстина на карактерот, инспирација и хранливост на животот. Ништо друго нема толку спасоносна исцелителна сила. Ништо друго не може да влее таква храброст и вера, која му дава витална енергија на целото битие.
Нека лекарот, кога ќе му се пружи можност, ги повтори зборовите на Спасителот, до оној што треперејќи од страв стои на работ од гробот, до душата изморена од бремето на страдањето и гревот затоа што сите зборови од Светото Писмо, се всушност Негови зборови:
„Не плаши се, зашто јас те откупив, те нареков според твоето име; ти си Мој. Преку води ли ќе минуваш, Јас сум со тебе; преку реки ли тие нема да те потопат; коГа тргнеш преку оГан, нема да се изГориш, и пламенот нема да те изГори. Зашто Јас сум Господ, твој БоГ, Светецот Израелев, твојот Спасител… Бидејќи си драГоцен во Моите очи, мноГу си ценет; Јас те возљубив.” „А Јас, Јас Сам Ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе, и нема да си спомнам за твоите Грвови.” „Не плаши се, зашто Јас сум со тебе” (Исаија 43:1-4, 25, 5)
„Како таткото што Ги милува своите синови, така и Господ Ги милува оние, што се бојат од НеГо. Зашто Тој Го знае нашиот состав, помни дека сме земја.” (Псалм 103: 13, 14)
„Признај ја само својата вина, зашто отстапи ти од Твојот Господ БоГ”… „Ако Ги исповедаме своите Гревови, Тој е верен
и праведен за да ни ги прости гревовите и да не исчисти од секаква неправда” (Еремија 3:13; 1. Јован 1:9)
„Јас ги бришам како магла твоите безаконија, и твоите гревови како облак; сврти се кон Мене, зашто Јас те откупив.” (Исаија 44:22)
„Тогаш дојдете, па ќе судиме, вели Господ. Вашите гревови да се како бакам како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур како волна ќе станат бели. Ако сакате да послушате, ќе јадете земни добра.” (Исаија 1:18, 19)
„Со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе со милост” „Го скрив од тебе Своето лице за кратко време, но со вечна милост ќе те помилувам, вели твојот Искупител Господ.” (Еремија 31: 3; Исаија 54: 8)
„Да не се плаши вашето срце.” „Мир ви оставам; Својот мир ви го давам; Јас ви давам не како што дава светот. Да не се плаши вашето срце, ниту да се бои.” (Јован 14:1, 27)
„И човекот ќе биде како заштита од ветер и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја.” (Исаија 32:2)
„Кога сиромашни и бедни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед; Јас Господ, ќе ги чујам, Јас, Бог Израелев, нема да ги оставам.” (Исаија 41:17)
„Вака вели Господ, Кој те создаде… ќе излеам вода врз она што жедува, и потоци врз исушеното; ќе го излеам Својот Дух врз твоето семе и Својот благослов врз твоите потомци.” (Исаија 44:2, 3)
„Погледнете кон Мене, и ќе бидете спасени, сите земни краишта.” (Исаија 45:22)
„Тој ја зема на Себе нашата немоќ и ги понесе болестите.” „А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.” (Матеј 8:17; Исаија 53:5)