Глава 37 Вистинско и лажно образование
Главниот ум во сојузот на злото постојано работи, со цел да ја оттргне Божјата Реч од нашиот поглед и да ни ги подметне човечките мислења. Тој настојува да не го слушаме Божјиот глас кој вели: „Ете го патот, врвете по него!“ (Исаија 30:21) Преку изопачените методи на образование, тој прави се што е во негова моќ да ја засени небесната светлина.
Илјадници станале скептици поради филозофските шпекулации и научните истражувања што не Го признаваат Бога. Во денешните училишта внимателно се проучуваат и целосно се истражуваат заклучоците до кои дошле учените луѓе, како резултат на нивните научни истражувања. Се остава јасен впечаток дека доколку овие човечки учени луѓе се во право, тогаш Бибилијата мора да греши. Скептицизмот е привлечен за човечкиот ум. Младите во него гледаат независност што ја заробува имагинацијата и стануваат измамени. Сатаната триумфира. Тој го негува секое семе на сомнеж, кое е посеано во срцата на младите. Го поттикнува да расте и да донесе плод, со цел наскоро да жнееме богата жетва на неверување.
Сеењето семе на скептицизмот во младите умови е толку опасно, бидејќи човечкото срце е склоно кон злото. Се што ја ослабнува верата во Бога, ја лишува душата од силата да му се спротивстави на искушението. Тоа го отстранува единствениот вистински штит против гревот. Нам ни се потребни училишта во кои младите ќе се учат дека големината се состои во славњето на Бога, преку откривањето на Неговиот карактер во секојдневниот живот. Ние треба да учиме за Бога од Неговата Реч и Неговите дела, за да можат нашите животи да ја исполнат целта што Тој ја има за нас.
Неверни автори
Многумина мислат дека за да се здобијат со образование мораат да ги проучуваат делата на неверните автори, бидејќи содржат многу скапоцени камења на мудроста. Но кој е зачетникот на овие свети мисли? Бог и само Бог. Тој е изворот на сета светлина. Тогаш, зошто да се пробиваме низ мноштвото заблуди во делата на неверниците само за да дојдеме до неколку интелектуални мисли, кога ја имаме вистината на дофат.
На кој начин луѓето што се во војна против војна, доаѓаат до мудрост, која само понекогаш ја покажуваат? Самиот сатана бил обучуван во Небесните дворови и тој го познава доброто исто како злото. Тој го меша скапоценото со грешното, и тоа му ја дава моќта да заведува. Но, треба ли да го примиме како ангел на светлината само затоа што се облекол со плашт од небесна светлина? Искушувачот има свои застапници, обучени според неговите методи, вдахнати со неговиот дух и прилагодени на неговото дело. Треба ли да соработуваме со нив? Треба ли да сметаме дека делата на овие застапници се од суштествена важност за нашето воспитување?
Кога времето и напорите потрошени во разбирање на светлите мисли на неверниците би биле посветени за проучување на скапоцените нешта од Божјата Реч, илјадници што сега седат во темнина и во сенката на смртта, би се радувале во славата на Светлината на животот.
Историски и теолошки знаења
Многу луѓе мислат дека за да се подготват за христијанска служба, мораат да стекнат големо познавање од историските и теолошките дела. Тие претпоставуваат дека овие знаења ќе им помогнат во проповедањето на Евангелието. Но напорното проучување на човечките мислења не води кон зајакнување на нивната служба, туку кон нејзино ослабнување. Кога ќе ги погледнам книжарниците преполни со огромни историски и теолошки книги, си мислам: „Зошто да трошиме пари на нешто што не е леб?“ Шестата глава од евангелието според Јован ни кажува повеќе отколку што може да се најде во тие дела. Христос вели: „Јас Сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.“ „Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно;“ „Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има вечен живот.“ „Зборовите што ви ги кажав се дух и живот.“ (Јован 6:35, 51, 47, 63)
Некои историски проучувања не треба да се осудуваат. Светата историја била еден од предметите што се изучувале во пророчкото училиште. Во записот за Неговото справување со нацијата, биле забележани стапките на Јехова. И ние денес треба да го имаме предвид Божјото однесување со народите во светот. Треба да ја согледаме историјата како исполнување на пророштвата, да го проучуваме делувањето на провидението во големите реформаторски движења и да го разбереме развојот на настаните во распоредувањето на нациите за финалната битка од големата борба.
Ваквото проучување ќе ни овозможи широки сфаќања за животот. Ќе ни помогне да научиме нешто за неговите односи и зависности, за тоа колку сме прекрасно поврзани во големото братство на држави и народи и во колку голема мерка угнетувањето и понижувањето на еден од нив, значи загуба за сите.
Но историјата како што обично се проучува е свртена кон човечките достигнувања, неговите победи во војните, неговите успеси во придобивање моќ и големина. Божјото застапување во работите на човекот е изгубено од вид. Малкумина го проучуваат остварувањето на Неговата намера, преку издигнувањето и падот на одделните народи.
И, во голема мерка, теологијата, онака како што се проучува и предава, не е ништо повеќе од запис за човечките шпекулации, кој служи единствено за да „го помрачува Провидението со зборови без смисла?“ (Јов 38:2) Премногу често, мотивот за впивање на ова мноштво книги не е толку желба да се нахранат умот и душата, колку што е амбиција да се запознаат теолозите и филозофите, желба да им го претставиме христијанството на луѓето со учени термини и теореми.
Не може секоја напишана книга да послужи за постигнување свет живот. „Научете се од Мене“ вели Големиот Учител, „земете го Мојот јарем врз себе, научете ги мојата кроткост и смерност.“ Вашата интелектуална гордост нема да ви помогне во комуникацијата со душите, кои пропаѓаат без лебот на животот. Проучувајќи ги овие книги, вие им дозволувате да го заземат местото на практичните поуки што треба да ги научите од Христа. Луѓето не се нахрануваат со резултатите од ваквите проучувања. Многу малку од тоа проучување што толку го оптоварува умот, ни го дава она што може да ни помогне да бидеме успешни трудбеници за душите.
Спасителот дошол „да им го проповеда Евангелието на сиромашните.“ (Лука 4:18) Додека поучувал, Тој употребувал наједноставни зборови и најјасни симболи. И запишано е дека обичниот „народ Го слушаше со сладост.“ (Марко 12:37) На оние што сакаат да ја извршуваат Неговата работа за ова време, им е потребно подлабоко разбирање на поуките што Тој ни ги дал.
Зборовите на живиот Бог се највозвишеното образование. Оние, кои им служат на другите, мораат да јадат од лебот на животот. Тоа ќе им даде духовна сила; тогаш ќе бидат подготвени да им служат на луѓето од сите општествени класи.
Кпасични писатели
Илјадници млади во училиштата и на универзитетите поминуваат голем дел од своите најубави години учејќи грчки и латински. И додека се зафатени со ова проучување, умот и карактерот се формираат според лошите мисли на паганската литература, кога генерално се смета за суштествен дел од учењето на овие јазици.
Оние што се запознаени со овие класици тврдат дека „грчките трагедии се преполни со инцест, убиства и принесувања човечки жртви на алчни и одмаздољубиви богови.“ За светот би било многу подобро доколку се исклучи образованието добиено на овие часови. „Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори своите нозе?“ (Изреки 6:28) „Кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден.“ (Јов 14:4) Можеме ли да очекуваме од младината да развие христијански карактер, кога нивното образование е формирано според учењата на оние, кои го омаловажуваат Божјиот закон?
Кога ги отфрлаат ограничувањата и се впуштаат во разуздани забави, расипништво и порок, студентите само го имитираат она што ваквите проучувања го држеле пред нивните очи. Постојат професии во кои е потребно познавање на грчкиот и латинскиот јазик. Некои мораат да ги учат овие јазици. Но, тие, ова за нив суштествено знаење за практична употреба можат да го стекнат и без читање литература, која самата е корумпирана и која го корумпира читателот.
А познавањето на грчкиот и латинскиот јазик не им е потребно на многумина. Проучувањето на мртви јазици, треба да биде на второ место зад проучувањето на оние наставни предмети, кои не учат на правилна употреба на сите ментални и телесни сили. Глупаво е од студентите да го посветат своето време на запознавање мртви јазици или какви било научни книги, а да ја запостават обуката за практичните животни должности.
Што понесуваат студентите со себе, кога го напуштаат училиштето? Каде одат тие? Што ќе прават? Имаат ли знаење, кое ги оспособува да поучуваат други? Дали се обучени како да бидат добри татковци и мајки? Можат ли да застанат на чело на семејството како мудри инструктори? Единственото образование што го заслужува тоа име е она, кое ги води младите мажи и жени да бидат слични со Христа, кое ги оспособува да се носат со одговорностите во животот и да застанат на чело на сопствените семејства. Вакво образование не може да се добие со проучување незнабожеки класични писатели.
Сензационална литература
Многу од денешните популарни печатени дела се полни со сензационални приказни што ги учат младите на зло и ги водат кон патот на пропаста. Оние, кои според нивните години се само деца, според знаењето за криминалот се веќе возрасни луѓе. Тие се скони кон злото, заради приказните што ги читаат. Во својата фантазија, тие се однесуваат според она што било предочено во приказната, додека еден ден кај нив не се разбуди амбиција да видат дали можат да извршат злосторство и да ја избегнат казната за него.
Сцените што претставуваат замислени откровенија на иднината, се реалност во активните умови на децата. Во овие дела се опишуваат побуни во кои се уриваат сите огради на законот и воздржувањето и многумина се зафатени од духот на овие описи. Тоа ги наведува кон извршување на, ако е тоа можно, уште полоши злосторства од оние опишани од сензационалните писатели. Преку вакви влијанија се деморализира општеството. Насекаде се сее семето на беззаконието. Никој не треба да се чуди што резултатот од тоа е жетва на криминал.
Љубовните романи со безначајни возбудливи приказни се речиси во иста мерка проклетство за читателот. Писателот можеби тврди дека сака да даде морална поука, низ неговото дело можеби провејуваат религиозни чувства; но тоа често служи само за да ги скрие лудоста и безвредноста, кои се под нив.
Светот е преплавен со книги набиени со заводливи заблуди. Пеку нив младите го примаат како вистина она за што Библијата тврди дека е лага и ја сакаат и се припиваат кон измамата, која значи уништување на душата.
Постојат измислени дела што се напишани за да се укаже на вистината или да се прикаже некое големо зло. Некои од овие дела постигнале нешто добро. Па сепак, во нив е прикажана и неискажлива штета. Тие содржат изјави и одлично прикажани слики што ја разгоруваат имагинацијата и поттикнуваат мноштво мисли полни со опасност, особено за младите. Во нивните мисли тие повторно и повторно ги преживуваат опишаните сцени. Ваквото читање го онеспособува умот да биде полезен и го оневозможува неговиот духовен развој. Тоа го уништува интересот за Библијата. Небесните нешта наоѓаат малку простор во мислите. Додека умот престојува во прикажаните сцени на неморал, се буди страста и води кон грев.
Дури и измислените приказни што не ги наведуваат мислите на неморал и кои можеби сакаат да не поучат на извонредни принципи се штетни. Тие ја охрабруваат навиката на брзо и површно читање, колку да се дознае приказната. На тој начин водат кон уништување на поврзаноста и виталноста на мислите; ја онеспособуваат душата за борба со големите проблеми на животот и судбината.
Поттикнувајќи љубов кон големите уживања и забави, читањето измислени дела создава одбивност кон практичните животни должности. Преку својата возбудлива, опојна моќ, тие не ретко претставуваат причина за ментални и физички заболувања. Многу несреќни, запоставени домови, многу доживотни инвалиди, многу пациенти во душевните болници станале тоа што се, заради читањето романи.
Честопати се укажува дека за да ги одвратиме младите од читање сензационална и безвредна литература, треба да им обезбедиме поквалитетни измислени четива. Тоа е како да се обидувате да излекувате пијаница со тоа што, наместо виски или коњак, ќе му давате поумерени пијалоци како вино, пиво или цидер. Нивната употреба постојано ќе го засилува апетитот за посилни стимуланси. Единствената сигурност за пијанциата и единствената безбедност за оној што пие умерено е строгото воздржување. Истото правило важи и за љубителот на измислени романи. Негова единствена сигурност е целосното воздржување.
Легенди и бајки
Во образованието на децата и младите денес, се посветува големо внимание на бајки, легенди и измислени приказни. Книги со ваков карактер се употребуваат во училиштата и можат да се најдат во многу домови. Како можат христијанските родители да им допуштат на своите деца да читаат книги, кои се толку полни со лага? Кога децата ќе прашаат за значењето на приказната што е во толкава спротивност со поуките на нивните родители, одговорот е дека приказната не е вистинска; но тоа не ги отстранува лошите резултати од читањето. Идеите претставени во овие книги ги заведуваат децата. Тие во нив всадуваат погрешни погледи на животот и раѓаат и поттикнуваат копнеж по нереални нешта.
Широката распространетост на ваквите книги во денешно време е едно од итрите орудија на сатаната. Тој сака да ги одврати умовите на старите и младите од големото дело за изградување на карактерот. Негова намера е да ги упропасти нашите деца и млади, со измами што ја уништуваат душата и го полни светот со нив. Затоа тој се обидува да ги одврати нивните мисли од
Божјата Реч и на тој начин да ги спречи да стекнат знаење за оние вистини што ќе им бидат штит.
Во рацете на децата и младите никогаш не треба да се ставаат книги што содржат искривување на вистината. Не смееме да дозволиме нашите деца, во самиот процес на учење и образование да примаат идеи, кои ќе се докажат како семе на гревот. Кога оние со зрели умови не би се занимавале со ваквите книги, самите тие би биле посигурни, а нивниот пример и влијание за вистинската страна, многу би ја олеснило заштитата на младите од искушението.
Ние поседуваме изобилство од она што е реално, што е Божјо. Жедните за знаење не треба да одат на загадени извори, Господ вели:
„Приклони Го увото и слушај Ги зборовите на мудрите, и земи Го при срце Моето знаење… за да биде твојата надеж во Господа,
Јас ти Го покажувам твојот пат денес.
Зар не ти напишав прекрасни нешта,
што совети, што и поуки;
за да те поучам на зборовите на вистината,
да можеш со веродостојни зборови да му одГовориш на
оној, кој ќе те запраша?”
„Тој подиГна сведоштво во Јакова и положи закон во Израелот, и им заповеда на нашите татковци, за сето тоа да Го објават на своите деца;”
„раскажувајќи од Генерација до Генерација за славата на Господа,
НеГовата сила и НеГовите чудеса што Тој Ги изврши.”
„За да знае идниот род, децата што ќе се родат,
та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца,
за тие да ја положат својата надеж во БоГа.”
„Господовиот блаГослов збоГатува, и не донесува со себе таГа во срцето.”
(Изреки 22:17-21; Псалм 78:5, 4, 6, 7; Изреки 10:22)
Христови поуки
На ист начин Христос ги претставил принципите на вистината и во Евангелието. Во Неговото учење, ние можеме да пиеме од чистите извори, кои потекуваат од Божјиот престол. Христос можел во луѓето да втисне знаење, кое би го надминало се што е претходно откриено и што го потиснало на страна секое минато откритие. Можел да отклучува тајна по тајна и можел да го насочи вниманието на следните генерации до крајот на времето кон овие искрени мисли. Но Тој не сакал ниту за миг да скршне од поуките на науката за спасението. Неговото време, Неговите способности и Неговиот живот биле ставени во полза, единствено во службата за спасение на човечките души. Тој дошол да го бара и да го спаси она што е изгубено и не дозволил да биде одвратен од Својата цел. Не дозволил ништо да го оттргне од неа.
Христос го открил само она знаење што можело да биде од полза. Неговите поуки упатени до народот биле ограничени на неговите практични потреби. Тој не го задоволувал љубопитството на луѓето што доаѓале кај него со итро смислени прашања. Секогаш ги ползувал ваквите прашања да упати свечени, искрени повици од животна важност. На оние што толку желно сакале да скинат од дрвото на спознанието, им го нудел плодот од дрвото на животот. Тие откриле дека секој пат им е затворен, освен патеката што води кон Бога. Секој извор, освен изворот на вечен живот бил запечатен пред нив.
Нашиот Спасител не охрабрил никого да ги посетува рабинските учиишта од тоа време, за да не бидат нивните умови корумпирани од постојаното „Тие велат, “ или „Кажано е.“ Зошто тогаш ние да ги прифатиме нестабилните зборови на луѓето со преценета мудрост, кога имаме на дофат поголема мудрост?
Она што јас го имам видено од вечнните нешта и од човечките слабости, длабоко е втиснато во мојот ум и извршило големо влијание на мојата работа. Не видов ништо, поради што човекот би требал да се величи и слави. Не видов никаква причина зошто би се верувало на мислењата на луѓето со светска мудрост и таканаречените големи луѓе, или зошто би се воздигнувале нивните идеи. Како можат оние без Божјо просветлување да имаат правилна претстава за Божјите планови и патишта? Тие или потполно Го отфрлаат Него и Неговото присуство, или ја намалуваат Неговата моќ со своите сопственни ограничени концепции.
Да избереме да бидеме поучени од Оној, Кој ги создал небото и земјата, од Оној, Кој ги поставил ѕвездите на нивното место на небесата и им наложил на сонцето и месечината да ја исполнуваат својата улога.
За младите е правилно да чувствуваат дека мораат да досегнат до највисокиот степен од развојот на нивните ментални сили. Ние нема да го ограничиме образованието за кое Бог не поставил граници. Но нашите достигнувања нема да имаат никаква вредност, доколку не ги употребиме за прослава на Бога и за добро на човештвото.
Не е добро да се преоптоварува умот со проучувања, кои бараат интензивно учење, а не можат да се применат во практичниот живот. Ваквото образование ќе биде само загуба за студентот. Зашто, ваквите проучувања ги намалуваат желбата и поттикот на студентот за проучување на она што ќе му овозможи да биде полезен и ќе го оспособи да ги исполнува своите обврски. Практичната обука е далеку повредна од какво било теоретизирање. Не е доволно само да се научи нешто. Мораме да имаме способност да го употребиме тоа знаење.
Времето, средствата и учењето што многумина ги вложуваат во релативно безвредно образование, треба да бидат посветени за добивање образование, кое од нив ќе направи практични мажи и жени, способни да се справуваат со животните обврски. Ваквото образование има најголема вредност.
Нам ни е потребно знаење што ќе ги зајакне умот и душата, кое од нас ќе направи подобри мажи и жени. Воспитанието на срцето е далеку поважно од обичното проучување на книгите. Добро е, дури и многу важно, да имаме спознанија за светот во кој живееме; но ако ја испуштиме од вид вечноста, ќе направиме грешка, која никогаш нема да можеме да ја поправиме.
Ученикот може да ги посвети своите сили за добивање знаење; но ако нема знаење за Бога, ако не им се покорува на законите што владеат со неговото битие, тој ќе се уништи самиот себеси. Со лошите навики, тој ќе ја изгуби моќта да се почитува и контролира себеси. Нема да може правилно да размислува за темите што најдлабоко го засегаат. Тој неразумно и лекомислено се однесува со својот ум и тело. Запоставувајќи го негувањето на вистинските принципи, тој се уништил себеси како за овој, така и за светот што ќе дојде.
Кога младите би ги согледале своите слабости, тие би ја нашле својата сила во Бога. Кога би барале да бидат поучени од Него, би станале мудри во неговата мудрост и нивните животи би вродиле со благослови за светот. Но ако ги препуштат своите умови единствено на светски и сомнителни учења и на тој начин се одвојат од Бога, ќе го изгубат сето она што го збогатува животот.