Глава 2 Денови на служба

Сподели го ова:

Во рибарската куќа во Капернаум, со „силна треска“, лежела мајката на сопругата на Петар и „тие Му јавија за неа.“ Христос ја допрел нејзината рака и „треската веднаш ја остави“ и „таа стана и им служеше“ на Спасителот и на Неговите ученици. (Лука 4: 38; Марко 1: 30; Матеј 8: 15)

Гласот за ова чудо брзо се проширил. Чудото било направено во сабота, а народот, поради страв од рабините, не се осмелувал да доаѓа кај Исцелителот пред заоѓањето на сонцето. Но тогаш, од нивните домови, од работилниците и од плоштадите, од сите страни, жителите на овој град брзале кон скромниот дом, во кој Исус нашол засолниште. Болните биле донесувани на носилки, некои потпирајќи се со стап, или придржувани од своите пријатели, приоѓале кон Спасителот, со слаби и несигурни чекори.

Со часови, луѓето постојано доаѓале и заминувале, бидејќи никој не можел да знае дали Исцелителот утре се уште ќе биде помеѓу нив. Никогаш порано Капернаум не доживеал ваков ден. Воздухот бил исполнет со извици на воодушевување и ослободување од маките.

Исус не престанал да ја извршува Својата работа, се додека и последниот страдалник не бил излекуван. Кога мноштвото се разотишло и тишината конечно се спуштила над куќата на Симона, било веќе длабока ноќ. Поминал еден долг, заморен ден и

Исус имал потреба од одмор. Но додека градот бил потонат во сон, Спасителот „во темни зори стана, излезе и отиде на пусто место и таму се молеше.“ (Марко 1: 35)

Тоа утро Петар и неговите другари мошне рано дошле кај Исуса, велејќи дека народот од Капернаум го бара. Но биле изненадени од Неговите зборови: „И на другите градови треба да им соопштам радосна вест за Божјото Царство, бидејќи, затоа сум пратен.“ (Лука 4: 43)

Во возбудата, која тогаш го зафатила Капернаум, постоела опасност да се изгуби од вид целта на Неговата мисија. Исус не се задоволувал да го привлече вниманието врз Себе само како Чудотворец или како Исцелител на телесните болести. Тој сакал луѓето да бидат привлечени кон Него, како кон свој Спасител. Додека луѓето биле наклонети да веруваат дека Тој дошол како цар, да воспостави земно царство, Тој сакал да ги одврати нивните мисли од она што е земно и да ги насочи кон духовното. Само земните успеси би претставувале пречка за Неговото дело.

И самиот восхит на безбожната толпа не бил во согласност со Неговиот Дух. Во Неговиот живот никогаш не се истакнувало сопственото „Јас“. Почестите што светот им ги дава на положбата, богатството или способностите, биле туѓи за Човечкиот Син. Нему не му било потребно ниедно од оние средства со кои луѓето се служат, за да задобијат пријателство или почитување. Со векови пред Неговото раѓање, за Него е проречено: „Нема да викне, ниту да го подигне Својот глас, нема да дозволи да го чујат на улиците; напукнатата трска нема да ја скрши, ниту ќе ја изгасне светилката што тлее; Тој ќе суди според вистината.“ (Исаија 42:2, 3)

Фарисеите настојувале да се истакнат со своето претерано придржување до обредниот церемонијал, разметливоста во богослужението и делата на милосрдие. Тие ја докажувале својата ревност и преданост на верата, со тоа што постојано расправале за неа. Меѓу противничките секти биле водени бучни и долги расправи, и не било ништо необично по улиците да се слушнат лути препирки на учените познавачи на законот.

Исусовиот живот бил во очигледна спротивност со сето тоа. Во тој живот немало ниту една бучна расправа, ниту една разметлива молитва, ниту една постапка направена, со цел да се придобие одобрувањето на светот. Христос бил скриен во Бога, а Бог се открил во карактерот на Својот Син. Исус сакал да го насочи вниманието на луѓето кон тоа откровение.

Сонцето на правдата не го осветлило светот со полн сјај, за да ги засени сетилата со Својата слава. За Христа е запишано: „Неговата појава е како утринска зора.“ (Осија 6:3) Дневната светлина доаѓа на земјата тивко и постепено, изгонувајќи ги сенките на темнината и будејќи го светот во живот. Така изгреало и Сонцето на правдата „со исцелување во Неговите зраци.“ (Малахија 4:2)

„Еве Го Мојот Спуга, Кого Го поддржувам,

Мојот Избраник, љубимецот на Мојата душа.”

(Исаија 42:1)

„Зашто ти беше прибежиште на сиромавиот, прибежиште на немоќниот во тешко време, заштита од бура, сенка од припек.”

(Исаија 25:4)

„Така вепи Господ Бог,

Кој Ги создап небесата и нивното пространство,

Кој ја раширил земјата со нејзините производи,

Кој му дава здив на народот што е на неа, и дух на оние што одат по неа.

Јас, Господ, Те повикав во правда,

цврсто ќе те држам за рака

и ќе Те пазам, ќе Те поставам за завет на народот,

светлина за незнабошците,

за да им Ги отвориш очите на слепите,

да Ги изведеш врзаните од затвор

и оние што седат во темнина да Ги избавиш од темнината.”

„Јас ќе Ги поведам слепите по пат, што тие не Го знаат, и ќе Ги водам по патеки, кои тие не Ги познале, темнината ќе ја направам светлина пред нив, а кривите патеки прави;

ете, што ќе направам Јас за нив, и нема да Ги оставам. „

„Пејте Му на Господа нова песна, пофална за Него од земните краишта, вие што пловите по море, и се, што Го полни, островите и оние што живеат на нив.

Нека издигне Глас пустината и нејзините градови, населбите каде што живее Кидар; нека ликуваат оние што живеат во карпи, нека воскликнуваат од Горските врвови.

Нека Му воздадат слава на Господа,

Неговата пофалба нека ја возвестат на островите”

(Исаија 42:5-7; 16; 10-12)

„Веселете се, небеса, зашто Господ Го направи тоа.

Ликувајте, земни длабочини;

шумете од радост, Гори и шуми и сите дрвја во нив;

зашто Господ Го откупи Јакова

и се прослави во Израелот.”

(Исаија 44:23)

Од занданата на Ирод, каде што стражарел и чекал во длабоко разочарување и збунетост во врска со Христовата мисија, Јован Крстител испратил кај Христа двајца од своите ученици со пораката:

„Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?“ (Матеј 11:3)

Спасителот не одговорил веднаш на прашањето на учениците. Додека тие стоеле чудејќи се на Неговото молчење, кон Него приоѓале страдалници. Гласот на моќниот Исцелител продирал во ушите на глувиот. Еден збор, еден допир на Неговата рака, ги отворал очите на слепите, со цел да ја гледаат светлината на денот, убавината на природата, лицата на пријателите и лицето на Избавителот. Неговиот глас допирал до ушите на оние што биле на умирање и тие станувале во здравје и сила. Парализираните малоумници се покорувале на Неговиот збор, нивното лудило исчезнувало и тие Го славеле. Околу Него се собирале сиромашни селани и работници, од кои рабините се отстранувале, сметајќи ги за нечисти и Тој им зборувал за вечниот живот.

Така поминал тој ден, а учениците на Јован сето тоа го виделе и го слушнале. Конечно, Исус ги повикал кај Себе и им наредил да одат и да му раскажат на Јован се што виделе и чуле, додавајќи: „Блажен е оној, што не се соблазнува заради Мене.“ (Стих 6) Учениците ја однеле пораката и тоа било доволно.

Тогаш Јован се потсетил на пророштвото во врска со Месијата: „Господ Ме помаза за да им благовествувам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените и на затворениците отворање на темнината, да ја проповедам благопријатната Господова година… да ги утешам сите оние што тагуваат.“ (Исаија 61:1,2) Исус од Назарет навистина бил Ветениот. Доказот за Неговото Божество, се гледал во Неговата служба за потребите на измаченото човештво. Неговата слава се покажала во тоа што Тој се спуштил до нашата пониженост.

Христовите дела не претставувале само сведоштво дека Тој навистина е Месија, туку го покажувале и начинот на кој ќе се воспостави Неговото Царство. На Јован му била откриена истата вистина што ја спознал и Илија во пустината, кога наишол силен „ветар, кој ридови урива и соборува карпи пред Господ; но не е Господ во ветрот; по ветер земјотрес, но не е Господ во земјотресот; по земјотресот оган, но не е Господ во огнот.“ (1. Цареви 19:11, 12) А по огнот, Бог му проговорил на пророкот со тивок и пригушен глас. Така и Исус требало да го извршува Своето дело, не уривајќи престоли и царства, ниту со величествен сјај и надворешен раскош, туку им проговорил на срцата на луѓето, преку живот на милост и самопожртвуваност.

Божјото Царство не доаѓа со надворешен сјај. Тоа доаѓа преку нежната инспирација на Неговата Реч, преку внатрешното делување на Неговиот Дух, поврзувањето на душата со Христа, Кој е нејзин живот. Најголемата манифестација на Неговата моќ, се гледа во облагородувањето и воздигнувањето на човечката природа, до совршенството на Христовиот карактер.

Христовите следбеници треба да бидат светлина за светот, но Бог не ги повикува да се напрегаат за да светат. Тој не одобрува никакво самозадоволувачко дело, преземено со цел да се покаже повозвишена добрина. Тој сака нивните души да бидат проткаени со Небесни принципи; тогаш, кога ќе дојдат во допир со светот, тие ќе ја шират светлината, која се наоѓа во нив. Нивната непоколеблива верност, во секоја животна постапка ќе претставува средство за осветлување.

Богатството или високата положба, скапата опрема, архитектурата или мебелот, не се од суштинска важност за напредок на Божјото дело; тоа не се ниту достигнувањата, кои донесуваат аплаузи од луѓето и се слуги на суетата. Светскиот раскош, колку и да восхитува, нема никаква вредност пред Бога. Над видливото и поминливото, Тој го вреднува она што е невидливо и вечно. Ова првото има вредност, само кога претставува израз на второто. Најодбраните дела на уметниците, не поседуваат убавина, која може да се спореди со убавината на карактерот, која претставува плод од делувањето на Светиот Дух во човечката душа.

Кога Бог Го дал Својот Син на нашиот свет, Тој на човечките суштества им дарувал неизмерно богатство во споредба со кое сите материјални богатства уште од почетокот на светот, не претставуваат ништо. Христос дошол на Земјата и стоел пред човечките синови со љубов, која била зачувана од вечноста; тоа е богатството што ние, преку заедницата со Него, треба да го примиме, да го откриеме и да го предадеме на другите.

Човечките напори во Божјото дело ќе бидат делотворни онолку, колку што е голема посветеноста на работникот онолку, колку што тој ја открива Христовата сила, која го преобразува животот. Ние мораме да се разликуваме од светот, затоа што Бог го ставил Својот печат врз нас, бидејќи преку нас го покажува Својот карактер на љубовта. Нашиот Откупител не покрива со Својата праведност.

При изборот на мажи и жени за Својата служба, Бог не прашува дали тие поседуваат светско богатство, ученост или елоквентност. Тој прашува: „Дали тие одат во таква понизност, што ќе можам да ги научам на Моите патишта? Можам ли да ставам Свои зборови во нивната уста? Дали тие ќе ме претставуваат Мене?“

Бог може да го употреби секој поединец, но само во онаа мерка, во која Светиот Дух може да престојува во храмот на неговата душа. За Него е прифатлива само онаа работа, која ќе го одблеснува Неговиот образ. Неговите следбеници треба, како овластувања пред светот, да ги носат неизбришливите карактеристики на Неговите бесмртни принципи.

„Тој* ќе ги собере јагнињата со Своите раце“

Додека Исус служел по градските улици, мајките со своите болни деца на умирање, носејќи ги на раце се пробивале низ толпата, сакајќи да се приближат до Спасителот, за Тој да ги забележи.

Погледнете ги овие мајки. Бледи, изморени, речиси очајни, а сепак одлучни и истрајни. Тие го бараат Спасителот, треперливо носејќи го товарот на своето страдање. А кога разбрануваната толпа ги потиснувала наназад, Исус се приближувал кон нив, чекор по чекор, се додека не се нашол во нивна непосредна близина. Во нивните срца се будела надеж. Потекувале солзи радосници, кога Тој им обрнувал внимание и ги погледнувал в очи, со поглед на такво сочувство и љубов.

Издвојувајќи една од групата, Спасителот ја побарал нејзината доверба со зборовите: „Што сакаш да сторам за тебе?“ Таа, липајќи ја изговорила својата голема желба: „Учителу, исцели го моето дете.“ Христос го земал детето од нејзините прегратки и болеста исчезнала при Неговиот допир. Го снемало смртното бледило, а низ вените потекла ‘реката на животот’ и мускулите примиле сила. На мајката и се упатувале зборови на утеха и мир, а тогаш доаѓал на ред друг, со исто толку итен случај. Христос повторно ја покажува Својата животворна моќ и сите Му оддаваат почитување и слава Нему, Кој прави чудесни дела.

Ние многу се задржуваме на величественоста на Христовиот живот. Зборуваме за прекрасните нешта кои ги постигнал, за чудата што ги направил. Но вниманието што Тој им го посветувал на нештата што ги сметаме за мали, претставува уште поголем доказ за Неговата големина.

Помеѓу Евреите било вообичаено децата да се одведат кај некој од рабините за тој да положи раце на нив и да ги благослови. Меѓутоа, учениците сметале дека работата на Спасителот е премногу значајна за да биде попречувана на ваков начин. Кога мајките доаѓале со желба Тој да ги благослови нивните малечки, учениците ги гледале со неодобрување. Тие мислеле дека овие деца се премногу малечки за да имаат некаква полза од средбата со Исуса, па заклучиле дека Нему нема да Му биде угодно нивното присуство. Но Спасителот ја разбирал грижата и товарот на мајките што се стремеле да ги воспитаат своите деца во согласност со Божјата Реч. Тој ги слушнал нивните молитви. Самиот Тој ги привлекол да дојдат кај Него.

Една мајка тргнала од дома со своето дете да го најде Исуса. По пат и раскажала на сосетката за својата намера и сосетката посакала Исус да ги благослови и нејзините деца. Така, кај Христа дошле неколку мајки со своите малечки. Некои од нив веќе ги надминале детските години и станале младинци. Кога мајките, богобојазливо и низ солзи, го изнеле своето барање, Исус благонаклоно ги сослушал. Но чекал да види каков став ќе заземат учениците. Кога видел дека тие ги укоруваат мајките и ги отпуштаат, мислејќи дека со тоа му прават услуга на Учителот, Тој им покажал дека се во заблуда со зборовите: „Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на таквите е Божјото Царство.“ (Марко 10: 14) Ги земал децата во Своите прегратки, ги положувал Своите раце врз нив и им го доделувал благословот по кој биле дојдени.

Мајките биле утешени. Се враќале дома поткрепени и благословени од Христовите зборови. Биле охрабрени да го носат својот товар со нова ведрина и со надеж да се грижат за своите деца.

Кога би можеле да ѕирнеме во подоцнежниот живот на оваа мала група, би ги виделе мајките како ги потсетуваат децата на настаните од оној ден и им ги повторуваат нежните зборови на Спасителот. Исто така, би можеле да видиме како во подоцнежните години, сеќавањето на овие зборови ги одвраќа овие деца од скршнување од патеката одредена за Божјите откупеници.

Христос и денес е оној ист сочувствителен Спасител како и тогаш, кога живеел меѓу луѓето. Вистина е дека Тој и денес е помошник на мајките како тогаш, кога ги земал во Своите прегратки малите деца во Јудеја. Нашите љубени деца се откупени со Неговата крв, исто како и децата од тие одамна изминати денови.

Христос знае какво бреме носи срцето на секоја мајка. Тој, чијашто мајка се борела со сиромаштија и скудност, сочувствува со секоја мајка во нејзината мака; Тој, Кој изминал толку далечен пат, само за да го симне тешкиот товар на грижа од срцето на една Ханаанка, ќе го стори истото и за денешните мајки. Тој, Кој го вратил во живот единствениот син на вдовицата од Наин и се сетил на својата мајка во сопствената агонија на крстот, и денес е трогнат од мајчинската грижа и болка. Во секоја жалост и потреба, Тој е тука да утеши и помогне.

Нека дојдат мајките кај Христа со своите грижи и неволји. Тие ќе најдат доволно благодат за да им помогне во воспитувањето на децата. Вратата е отворена за секоја мајка што ќе го положи својот товар крај нозете на Спасителот. Оној, Кој рекол: „Оставете ги децата да приоаѓаат кај Мене и не пречете им“ (Марко 10:14), се уште ги повикува мајките да ги доведат своите малечки, за да бидат благословени од Него.

Во децата што доаѓале во допир со Него, Христос гледал мажи и жени, кои ќе станат наследници на Неговата благодат и поданици на Неговото Царство, од кои некои и ќе пострадаат заради Него. Тој знаел дека овие деца ќе ги послушаат Неговите зборови и ќе го прифатат како свој Откупител многу полесно, отколку возрасните луѓе, од кои многумина биле световно мудри и со закоравени срца. Во поучувањето, Тој се спуштал до нивното ниво. Тој, Величеството на Небото, одговарал на нивните прашања и ги упростувал Своите значајни поуки, за да ги приспособи на нивниот детски разум. Тој го посеал во нивните умови семето на вистината, кое ќе из’рти во подоцнежните години и ќе донесе плодови за вечен живот.

Кога Исус им рекол на учениците да не им забрануваат на децата да доаѓаат при Него, Тој им се обраќал на Своите следбеници од сите векови на службениците во црквата, на проповедниците, помошниците и сите христијани. Исус ги привлекува децата кон Себе, а нам ни налага: „Не бранете им“, како да сака да каже: „Тие би дошле кај Мене, кога вие не би им попречувале.“

Не дозволувајте вашиот нехристијански карактер да го претставува Христа во лажна светлина. Немојте вашето студенило и грубост да ги одвраќа децата од Него. Никогаш не давајте им причина да помислат дека Небото за нив нема да биде пријатно место, доколку и вие бидете таму. Не зборувајте за религијата како за нешто што децата не можат да го разберат, или да се однесувате како од нив да не се очекува да го прифатат Христа уште во детството. Не им создавајте погрешен впечаток дека Христовата религија е мрачна и дека приоѓајќи кај Спасителот, мораат да се откажат од се што го прави животот радосен.

Кога Светиот Дух ќе ги трогне срцата на децата, соработувајте со Него во Неговата работа. Поучете ги дека Спасителот ги повикува и дека за Него нема поголема радост, отколку нивното предавање во цветот и свежината на нивната младост.

Родителска одговорност

Спасителот се однесува со бесконечна нежност кон душите, кои Тој ги откупил со Својата крв. Тој има право на нив заради Неговата љубов. Тој гледа кон нив со неискажан копнеж. Неговото срце не се стреми само кон највоспитаните и најпривлечните деца, туку и кон оние кои, поради грешното тело, како наследство од нашите прародители, или поради запоставување од страна на нивните земни родители, имаат негативни црти во карактерот. Многу родители не сфаќаат во колкава мерка се одговорни за тие недостатоци во карактерот кај нивните деца. Тие ја немаат нежноста и мудроста што се неопходни во постапувањето со заблудените, кои всушност станале такви заради нив. Но Христос има сожалување кон таквите деца. Тој ги знае и причините и последиците.

Христијанскиот работник може да биде Христово орудие во привлекување на овие заблудени деца, кои грешат кон Спасителот. Тој може да ги приврзе за своето срце со мудрост и тактичност; може да им даде охрабрување и надеж, и преку Христовата благодат, кај нив ќе види таква промена, што за нив со право ќе може да се рече: „На таквите е Божјото Царство.“

Пет мали јачменови лепчиња нахрануваат мноштво

Цел ден луѓето се собирале околу Христа и Неговите ученици, додека Тој поучувал на езерскиот брег. Ги слушале Неговите мили зборови, толку јасни и едноставни, што за нивните души биле како балсамот од Галад. Исцелувањето од Неговата божествена рака, им донело здравје на болните и живот на оние што биле на умирање. Тој ден им изгледал како рај на земјата, така што тие потполно заборавиле колку долго немале јадено ништо.

Сонцето тонело на запад, а луѓето се уште се задржувале. Конечно, учениците пристапиле кон Христа и Му рекле дека во интерес на толпата, треба да ги распушти луѓето. Многумина од нив биле дојдени од далеку и не јаделе ништо уште од утрото, затоа, можеби ќе можат да најдат храна во околните градови и села. Но, Исус рекол: „Дајте им вие да јадат.“ (Матеј 14:16) Потоа, вртејќи се кон Филип, запрашал: „Од каде да купиме леб, за да јадат овие?“ (Јован 6:5)

Филип погледнал кон тоа море од глави и помислил дека е невозможно да се најде храна за толкаво мноштво. Затоа одговорил дека нема да биде доволно леб за двесте динарии, за секој од нив да добие по малку.

Исус прашал: „Колку храна може да се најде тука меѓу нив?“ „Овде се наоѓа едно момче, “ рекол Андреј, „кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку души?“ (Стих 9) Исус побарал да му ги донесат овие лебови и риби. Потоа побарал од учениците да ги седнат луѓето на тревата. Кога тоа било сторено, Тој ја земал храната и „погледна кон небото, ги благослови лебот и рибите и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, а учениците на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошници полни со остатоци.“ (Матеј 14:19, 20)

Христос го нахранил ова мноштво со чудо на Божјата моќ, а сепак колку едноставен бил тој оброк само риби и јачменови лебови што претставувале секојдневна храна на галилејските рибари.

Христос можел да му понуди на народот најбогат оброк, но храната приготвена единствено за задоволување на апетитот, не би содржела никаква поука за нивно добро. Христос преку ова чудо сакал да изнесе поука за едноставност. Кога денешните луѓе би биле едноставни во своите навики и би живееле во согласност со законите на природата, како што Адам и Ева живееле во почетокот, сите потреби на човечкото семејство би биле изобилно задоволени. Но себичноста и попуштањето на апетитот донеле грев и беда, која настанува поради преголемото изобилство на една, а немаштија на друга страна.

Исус не сакал да ги привлече луѓето кон Себе задоволувајќи ја желбата за раскош. За тоа огромно мноштво, изморено и гладно по долгиот возбудлив ден, едноставниот обред, претставувал доказ за Неговата моќ, но и за Неговата нежна грижа за нив во секојдневните животни потреби. Спасителот не им го ветил на Своите следбеници раскошот на овој свет; тие можеби ќе мора да бидат сиромашни, но Неговиот збор претставува залог дека нивните потреби ќе бидат задоволени, а Тој ветил и нешто далеку подобро од земната благосостојба постојаната утеха на Неговото присуство.

Откако мноштвото било нахрането, останало уште многу храна. Исус им заповедал на Своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња, за да не се изгуби ништо.“ (Јован 6:12) Овие зборови имаат далеку поголемо значење од едноставно собирање на остатоците. Поуката била двојна: Ништо не смее да се расфрла. Ни овоземните предимства не треба да се омаловажуваат. Не смееме да запоставуваме ништо што би можело да биде од полза за некое човечко суштество. Треба да се собира се што би можело да ги ублажи страдањата на гладните од овој свет. Исто толку грижливо, за да ги задоволиме потребите на душата, мораме да го чуваме и ‘Небесниот леб’. Ние треба да живееме од секој Божји Збор. Ништо што Бог изговорил, не треба да биде изгубено. Не смееме да запоставиме ниту еден збор, кој се однесува на нашето вечно спасение. Ниту еден збор не смее неискористен да падне на земја.

Чудото со лебовите не учи дека сме зависни од Бога. Кога Христос нахранил пет илјади луѓе, храната не Му била при рака. Навидум, Тој не располагал со ништо. Се наоѓал во пустината со пет илјади мажи, покрај жените и децата. Тој не го повикал тоа мноштво дотаму да го следи. Желни да бидат во Негово присуство, тие го следеле без повик и без заповед; но Тој знаел дека сега, откако цел ден ги слушале Неговите поуки, тие биле гладни и уморни. Биле далеку од своите домови, а веќе се спуштала ноќта. Многумина од нив немале средства со кои би можеле да купат храна. Оној, Кој заради нив постел четириесет дена во пустината, нема да дозволи тие да се вратат гладни во своите домови.

Божјото провидение го довело Христа во таква положба и Тој зависел од Својот Небесен Татко, за да ги задоволи потребите на присутните. Така и ние, кога ќе бидеме доведени „во тесно“, мораме да зависиме од Бога. Во секоја неволја треба да побараме помош од Оној, Кому на располагање му стојат бескрајни извори.

Во извршувањето на ова чудо, Христос примил од Таткото; Тој им делел на учениците, учениците на луѓето, а луѓето едни на други. Така, сите што ќе се обединат со Христа, ќе го примат од Него ‘Лебот на животот’ и ќе го предадат на другите. Неговите ученици се средства одредени за комуникација помеѓу Христа и народот.

Кога учениците го слушнале Христовиот налог: „Дајте им вие да јадат“, низ нивниот ум поминале сите можни тешкотии. „Треба ли да одиме во околните села и да купиме храна“ се прашувале тие. Но што рекол Христос? „Дајте им вие да јадат“. Тие донеле се што имале, но Тој не ги повикал да јадат. Им заповедал да го служат народот. Храната се умножувала во Неговите раце, а рацете на учениците подадени кон Христа, никогаш не останале празни. Малата залиха била доволна за сите. Кога мноштвото било нахрането, учениците заедно со Исуса јаделе од драгоцената храна, обезбедена од Небото.

Колку често и ние, кога ги гледаме потребите на сиромашните, неуките и страдалниците, паѓаме во малодушност. Се прашуваме што можеме да сториме со нашите слаби сили и безначајни залихи за да ја задоволиме таа огромна потреба? Зар не треба да чекаме тоа да го стори некој, кој има поголеми способности или можеби некоја организација? Но Христос вели: „Дајте им вие да јадат.“ Употребете ги средствата, времето и способностите што ги имате. Принесете му ги своите јачменови лебови на Исус.

Иако вашите залихи можеби не се доволни да нахранат илјадници, тие можат да ги задоволат потребите на еден од нив. А во Христовата рака ќе можат да нахранат мнозина. И вие, како учениците, дајте го она што го имате. Христос ќе го умножи вашиот дар. Тој ќе ја награди искрената, едноставна доверба во Него.

И она што изгледало многу безначајно, ќе се покаже како богата гозба.

„Кој скржаво сее, скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее… А Бог може изобилно да ве дарува со секаков дар, секогаш да имате доволно за се, да бидете од се срце дарежливи во секое добро дело. Како што е напишано:

Раздаде, им даде на сиромашните;

Неговата правда останува вечно.

А Оној, Кој му дава на сејачот семе, и леб за храна; Тој ќе го умножи и вашето семе, и ќе ви даде да изобилуваат плодовите на вашата правда, па во се да се збогатите за секаква дарежливост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога.“ (2. Коринтјаните 9:6-11)

Сподели го ова:

Слични објави