Глава 22 Облека
Библијата не учи на скромност во облекувањето. „Исто така и жените, облечени пристојно…“ (1. Тимотеј 2:9) Ова забранува разметливост во облекувањето, упадливи бои и раскошни украси. Од скромниот изглед на кој поттикнува Божјата Реч е исклучено се што има за цел да привлече внимание на оној што ја носи облеката, или да предизвика восхит.
Нашата облека не треба да биде скапа ниту со „злато или со бисери или со скапоцени облеки.“ (Стих 9)
Парите ни се доверени од Бога. Тие не се наши за да ги трошиме за потхранување на гордоста или амбициите. Во рацете на Божјите деца е храната за сиромашните и облеката за необлечените. Тука е одбраната на загрозените, можноста за исцелување на болните, како и за проповедање на Евангелието на сиромашните. Кога мудро би го употребиле она што сега разметливо го трошите, би можеле да развеселите многу срца. Погледнете го Христовиот живот. Проучувајте го Неговиот карактер и учествувајте со Него во самооткажувањето.
Во таканаречениот христијански свет се трошат многу пари на накит и непотребно скапа облека, доволни за да се нахранат гладните или облечат голите. Модата и разметливоста ги црпат средствата што можат да ги утешат сиромашните и страдните. Тие му го крадат на светот Евангелието за Христовата љубов.
Мисиите трпат скудност. Многумина пропаѓаат, бидејќи нема кој да им го однесе христијанското учење. Незнабошците околу нас и во странските земји се непоучени и неспасени. Кога Бог ја дарувал земјата со изобилство и ги наполнил нејзините ризници со доволно потреби за удобен живот, кога ни дал толку неограничено познавање за спасението на Неговата вистина, каков изговор можеме да понудиме за тоа што дозволуваме плачот на вдовиците и сираците да се издига кон небото? Во Господовиот ден, кога ќе се соочиме лице в лице со Оној, Кој го дал Својот живот за овие кутри луѓе, каков изговор ќе понудат оние што ги трошат своето време и пари на задоволствата што Бог ги забранил? Зар Христос нема да им рече на таквите: „Бев гладен и не Ми дадовте да јадам; бев жеден и не Ме напоивте; бев странец и не Ме прибравте; бев гол и не Ме облековте; бев болен и во затвор и не Ме посетивте… Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле.“ (Матеј 25:42, 43)
Но нашата облека, иако скромна и едноставна, треба да биде со добар квалитет, прикладни бои и соодветна на намената. При нејзиниот избор треба да се раководиме според нејзината трајност, а не од изгледот. Таа треба да не затоплува и заштитува. Во книгата Соломонови изреки е опишана една мудра жена: „Не се плаши од студ за својата челад, зашто сета нејзина челад е облечена во двојни алишта.“ (Изреки 32:21)
Нашата облека треба да биде чиста. Нечистотијата на облеката е нездрава, а со тоа ги загадува и телото и душата. „Вие сте Божји храм… кој ќе го уништи Божјиот храм, Бог ќе го уништи него.“ (1. Коринтјаните 3:16, 17)
Облеката треба да биде здрава во секој поглед. „Над сите нешта“ Бог сака „да бидеме здрави“ како телесно, така и душевно. И треба да работиме заедно со Него во зачувувањето на здравјето на душата и телото. Добрата облека го потпомага и едното и другото.
Таа треба да биде привлечна, убава, огледало на природната едноставност. Христос не предупредил против гордоста на животот, но не и против привлечноста и природната убавина. Тој укажал на полските цвеќиња, на кринот развиен во својата чистота и рекол: „Дури ни Соломон во сета своја убавина не се облече како еден од нив.“ (Матеј 6:29) На тој начин, преку природните нешта, Христос ја илустрирал убавината што Небото ја вреднува,
скромната привлечност, едноставноста, чистотата, соодветноста што ќе не направи пријатни за Него.
Тој ни заповеда да ги употребиме најубавите облеки за нашите души. Никаков надворешен изглед не може да се спореди со вредноста на „постојаниот и тивок (кроток) дух“, што е од голема вредност пред Бога. (1. Петар 3:4)
Колку е скапоцено Неговото ветување за оние, кои се раководат според принципите на Спасителот:
„Зошто се грижите за облеката?… Па, ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни? Па затоа не грижете се и не зборувајте:… во што да се облечеме? Вашиот Небесен Татко знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред Царството Небесно и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде.“ (Матеј 6:28-33)
„Цврстиот по Дух Ти го пазиш во совршен мир, зашто на Тебе се надева.“ (Исаија 26:3)
Во каква спротивност е ова со загриженоста, неспокојот, болежливоста и неволјите, кои се резултат од правилата на модата! Многу од модерните облеки што ги диктира модата, се во голема спротивност со принципите дадени во Писмото. Можете ли да замислите стил на облекување што се одржал неколку века или барем неколку децении? Колку од нив, кога ќе излезат од мода, можеле да бидат прогласени за нескромни; колку од нив се покажале како неадекватни за префинетата, богобојазлива жена што се почитува себеси.
Менувањето на изгледот само поради модата, речиси не е одобрено во Божјата Реч. Со менувањето на стилот, со дотерувањето и скапите украси, богатите ги растураат своето време и средства и напразно ја трошат енергијата на умот и душата. Тие ставаат тешко бреме врз средната и сиромашната класа. Многумина, кои одвај заработуваат за живот и кои можат самите да си сошијат едноставни облеки, се принудени да одат на кројач со цел да бидат модерни. Многу сиромашни девојки, заради модерна наметка се откажале од топла долна облека и тоа го платиле со животот. Посакувајќи го изгледот и елеганцијата на богатите, многу други тргнале по патеката на нечесноста и срамот. Во многу домови е жртвувана удобноста, многу мажи се доведени до работ на финансиска пропаст, за да ги задоволат екстравагантните барања на своите жени и деца.
Многу жени, принудени да направат модерна облека за себе или своите деца се осудени на тешка работа. Многу мајки со растреперени нерви и прсти, работеле длабоко во ноќта, за да стават на облеката на своите деца украси коишто воопшто не придонесуваат за здравјето, удобноста или вистинската убавина. Заради модата, тие ги жртвуваат здравјето и душевниот мир, толку суштествен за вистинското водство на своите деца. Се запоставуваат културата на умот и срцето. Душата закржлавува.
Мајката нема време да ги проучува принципите на физичкиот равој, за да знае како да се грижи за здравјето на своите деца. Таа нема време да послужи на нивните ментални или духовни способности, или да сочувствува со нив во нивните мали разочарувања и борби, ниту пак да ги дели нивните интереси и желби.
Речиси веднаш штом ќе дојдат на свет, децата стануваат жртви на влијанието од модата. Тие повеќе слушаат за облеката, отколку за својот Спасител. Гледаат дека нивните мајки ги проучуваат модните списанија со поголем интерес отколку Библијата. Разметливата облека се смета за поважна од добриот карактер. Така, на родителите и на децата им е одземено она што е најдобро, најслатко и највистинито во животот. Модата им ја одзема подготовката за животот што треба да дојде.
Поттикнувачот на постојано променливата мода е противникот на се што е добро. Тој најмногу од се посакува да го ожалости и обесчести Бога, така што ќе ги уништи луѓето и ќе ги доведе во беда. Едно од средствата со кои најуспешно го постигнува тоа се модните трендови, кои го ослабнуваат телото, исто како што го исцрпуваат умот и понижуваат душата.
Жените се подложни на сериозни болети, а нивните страдања во многу се зголемуваат со начинот на кој се облекуваат. Наместо да го зачуваат здравјето за искушенијата и борбите што сигурно ќе дојдат, тие премногу често со своите лоши навики го жртвуваат не само здравјето, туку и животот и на децата им оставаат во наследство тага, уништена телесна градба, изопачени навики и лажна претстава за животот.
Едно од разорните и измамнички средства на модата е здолништето што се влече по подот. За ова здолниште може да се рече дека е нечисто, неудобно, неприкладно, нездраво и уште многу слични нешта. Екстравагантно е, како заради вишокот текстил вграден во него, така и заради непотребно зголемената тежина за сметка на должината. И секој што видел жена во вакво здолниште, која со раце полни пакети се обидува да се симне или качи по скали, да влезе во возило на јавниот сообраќај, да чекори во толпа, во воз или на каллив пат, нема потреба од друг доказ за неговата несоодветност и неудобност.
Друго сериозно зло е носењето здолништа, чија тежина се држи на колковите. Оваа тежина ги притиска внатрешните органи и ги влече надолу, па го ослабнува стомакот и предизвикува чувство на замор, нагонувајќи го носителот да се наведне. Со тоа дополнително се стегаат белите дробови и се отежнува правилното дишење.
Последниве години е толку многу дискутирано за опасностите што произлегуваат од стегањето на половината, што малкумина не се запознаени со нив; сепак, моќта на модата е толку голема, што ова зло и натаму продолжува. Жените и младите девојки си причинуваат неискажлива штета правејќи го ова. За здравјето е од особена важност градите да имаат доволно простор да се шират до максималниот капацитет, за да можат да се исполнат белите дробови. Кога белите дробови се ограничени, се намалува количеството кислород што тие го примаат. Крвта не е соодветно витализирана, а отпадните отровни материи што треба да се исфрлат преку белите дробови, остануваат во организмот.
Тоа, понатаму предизвикува попречување на циркулацијата, а внатрешните органи се толку згрчени и на несоодветно место, што не можат да ја извршуваат својата работа.
Цврстото стегање не ја подобрува формата на телото. Еден од клучните елементи на физичката убавина е симетријата, хармоничната пропорција на неговите делови. Навистина треба да се најде вистинскиот модел за правилен физички развој, но тој не е во куклите што ни ги претставуваат француските креатори, туку во човечкото тело, развиено во согласност со Божјите природни закони. Бог е создател на се што е убаво и единствено. Ако се прилагодиме на Неговиот идеал, ние ќе можеме да се приближиме до вистинскиот стандард за убавина.
Друго зло потхранувано од модата е нерамномерната распореденост на облеката врз телото, така што додека некои делови од телото имаат повеќе од потребното, другите се недоволно облечени. Стапалата и екстремитетите, кои се оддалечени од виталните органи, бараат повеќе облека за да се заштитат од студ. Невозможно е да се има добро здравје со постојано студени екстремитети; бидејќи, ако во нив нема доволно крв, тогаш ќе ја има премногу во другите делови од телото. Совршеното здравје бара совршена циркулација; но таа не може да се постигне се додека врз трупот каде што се сместени виталните органи се става три или четири пати повеќе облека, отколку врз стапалата и екстремитетите.
Многу жени се нервозни и загрижени поради тоа што тие се лишуваат себеси од чист воздух, што би им ја прочистил крвта и од слободата на движење, која би ја испратила крвта забрзано низ вените, носејќи живот, здравје и енергија. Многу жени, кои можеле да уживаат добро здравје, станале трајни инвалиди, а многу умреле од туберкулоза и други болести, иако можеле да живеат до крајот на времето што им било одредено, само доколку се облекувале во согласност со здравствените принципи и се рекреирале на отворено.
За да се пронајде најздравиот начин на облекување, треба внимателно да се проучат потребите на секој дел од телото. Притоа, треба да се земат предвид и климатските услови, околината, здравствената состојба, возраста и професијата. Секој дел од облеката треба да биде доволно широк, за да не ја попречува ниту циркулацијата на крвта, ниту слободното, природно длабоко дишење. Се што носиме треба да биде толку комотно што, кога ќе ги кренеме рацете, ќе се крене и целата наша облека.
Жените со нарушено здравје можат многу да си помогнат, доколку разумно се облекуваат и рекреираат. Ако се соодветно облечени, дозволете им рекреација на отворено. Таа треба да биде умерена на почетокот и да се зголемува заедно со нивната издржливост. Правејќи го ова, многу од нив можат да го повратат своето здравје и да ја исполнат својата животна задача во светот.
Независни од модата
Самите жени треба да имаат храброст да се облекуваат здраво и едноставно, наместо да се напрегаат да ја следат модата. Наместо да се загуши во извршувањето на тешките домашни обврски, мајката треба да има време да чита, да биде добро информирана, да биде другар на својот сопруг и да биде во чекор со умствениот развој на нејзините деца. Треба мудро да ги ползува можностите да влијае на своите најмили да се развиваат кон повозвишен живот. Нека најде време Спасителот да го направи свој секојдневен сопатник и близок пријател. Нека најде време за проучување на Неговата Реч, да оди со своите деца во полињата и да учи за Бога, преку убавините на Неговите дела.
Нека биде весела и полна со надеж. Наместо да го поминува секој миг во бескрајно шиење, нека ја остави вечерта за пријатно заедничко време, семеен собир по дневните обврски. Многу мажи, на таков начин ќе бидат наведени да го претпочитаат домашното друштво, а не она во клубовите и кафеаните. Многу момчиња ќе бидат задржани од улиците и матните работи. Многу девојки ќе бидат сочувани од лекомислено и заводливо друштво. Така, домот ќе биде и за децата и за родителите, она што Бог предвидел дека треба да биде доживотен благослов.