Глава 15 Во болничката соба
Оние што им служат на болните, треба да ја имаат во предвид важноста за грижливото внимание на здравствените закони. Нивното почитување никаде не е толку важно, како во собата на болниот. Никаде од луѓето не се бара толкава верност во малите работи како тука. Во случај на сериозна болест, еден мал пропуст, незначително невнимание за посебните потреби или опасности на пациентот, манифестацијата на страв, возбуда, па дури и недостиг од сочувство, може да ја помрдне скалата што ја одредува рамнотежата помеѓу животот и смртта и да предизвика пациентот, кој можел да биде излекуван, да отиде во гроб.
Успехот на негувателката, во голема мерка зависи од нејзината физичка состојба. Колку е таа поздрава, толку ќе биде поспособна да ги издржи напорите околу негувањето на болниот и ќе може поуспешно да ги исполни своите обрвски. Оние што се грижат за болните, треба посебно да внимаваат на исхраната, чистотата, свежиот воздух, и движењето. Доколку и членовите од семејството на болниот внимателно се придржуваат кон тие правила, ќе бидат способни да го издржат дополнителното бреме што им е наметнато со болеста, а и полесно ќе се заштитат од инфекција.
Онаму, каде што болеста е сериозна и бара деноноќна нега, одговорноста треба да биде поделена на најмалку две лица оспособени за таа работа, така што секое/ја од нив ќе има можност за одмор и за движење на свеж воздух. Тоа е особено важно во случаите во кои е тешко да се обезбеди доволно количество свеж воздух во болничката соба. Честопати, заради непознавање на важноста и значењето на свежиот воздух, се ограничува проветрувањето на просторијата, со што се изложува на опасност не само животот на болниот, туку и на оние што се наоѓаат околу него.
Дури ни заразните болести нема лесно да се пренесат врз другите, доколку правилата за внимателност бидат соодветно применети. Треба да се создаваат исправни навики и болничката соба да се заштити од отровните елементи преку одржување хигиена и добро проветрување. Во такви услови болните ќе оздрават многу полесно и во повеќето случаи болеста нема да се пренесе ниту на болничарите, ниту на членовите на семејството.
Сончева светлина, проветрување и температура
За да му се овозможат на пациентот најповолни услови за оздравување, собата во која престојува треба да има доволно простор, да биде светла, чиста и погодна за проветрување. Од сите простории во куќата, за болниот треба да се избере онаа, која најдобро одговара на споменатите барања. Многу куќи немаат посебни погодности за правилно проветрување и тој недостиг тешко се надоместува; но треба да се вложат сите можни напори во просторијата на болниот и дење и ноќе да провејува свеж воздух.
Колку што е тоа можно, во болничката соба треба да се одржува умерена температура, која е најдобро да се регулира со термометар. Оние што треба да се грижат за болните, честопати се лишени од спиење или принудени да стануваат ноќе, за да му послужат на пациентот и не можат правилно да просудат дали температурата во просторијата е здрава или не.
Исхрана
Важен дел во обврските на болничарката е грижата за исхраната на пациентот. Не треба да се дозволи пациентот да страда или прекумерно да ослабне поради неухранетост, но од друга страна неговите органи за варење не треба да се оптоваруваат. Треба да се води грижа храната да биде подготвена и сервирана навистина вкусно, но и разумно прилагодена на потребите на пациентот како количински, така и по квалитет. Особено во периодот на закрепнување, кога обично се добива апетит, погрешната исхрана може да му нанесе сериозна штета на рековалесцентот, додека органите за варење не ја повратат својата сила.
Должност на негувателите
Негувателките и сите што влегуваат во болничката соба, треба секогаш да бидат ведри, спокојни и прибрани. Треба да се избегнува секакво брзање, возбудување или конфузија. Вратите треба внимателно да се отвораат и затвораат и во целото домаќинство треба да владее тишина. Во случај на треска е потребна посебна внимателност откако ќе настапи кризата, па се додека не помине. Тогаш, честопати е неопходен постојан надзор. Незнаењето, заборавањето и непромисленоста им донеле смрт на многу болни, кои, кога би биле под надзор и нега на разумни и совесни негувателки, можеле уште да живеат.
Посета на болните
Погрешно сфатената љубезност и погрешната претстава за учтивоста наведуваат на пречесто посетување на болните. На оние што се тешко болни, не им се потребни посети. Возбудата предизвикана од доаѓањето на посетителите го заморува и исцрпува пациентот, токму кога му е најпотребна тишина и целосно мирување.
На рековалесцентот или болниот од некое хронично заболување, сознанието дека луѓето пријателски се сеќаваат на него, честопати му причинува задоволство и благослов; но доказот за таквото внимание изразен преку порака на сочувство или некој мал подарок, честопати ќе послужи подобро отколку личната посета, без опасност да му наштети на болниот.
Нега на болните во здравствените установи
Во санаториумите и болниците, каде што се води грижа за голем број болни, од болничарите се бара одлучен напор, секогаш да бидат расположени, пријатни и внимателно да размислат за секој збор и постапка. Во овие установи, од најголема важност е болничарките да настојуваат да ја извршуваат својата работа мудро и добро. Тие секогаш треба да го имаат во предвид фактот дека извршувајќи ги своите секојдневни должности, Му служат на Господ Исус Христос.
На болните треба да им се кажуваат мудри зборови. Болничарките треба секојдневно да ја проучуваат Библијата, за да бидат во состојба да изговараат зборови што ќе ги подигнат страдалниците и ќе им помогнат. Божји ангели се наоѓаат во собите во кои им се укажува помош на овие пациенти, па атмосферата, која ја опкружува душата на негувателите, треба да биде чиста и благомирисна. Лекарите и болничарите треба да се придржуваат кон Христовите принципи. Во нивните животи треба да се огледаат Христовите доблести. Тогаш секоја нивна постапка и секој изговорен збор ќе бидат од таков карактер, што ќе ги привлечат болните кон Спасителот.
Додека ги извршува своите обврски кон болниот, христијанскиот негувател со задоволство и успех ќе ги насочи неговите мисли кон Христа, Исцелителот на душата и телото. Нема да останат без влијание мислите што ќе бидат нагласени малку тука, малку таму. Постарите болничари не треба да пропуштат ниту една поволна можност да го свртат вниманието на болниот кон Христа. Тие секогаш треба да бидат подготвени да го поврзат телесното исцелување со духовното.
Оние што сакаат да оздрават, треба на најљубезен и најнежен начин да бидат предупредени дека мораат да престанат со престапувањето на Божјиот закон и водењето грешен живот. Бог не може да ги благослови оние што продолжуваат да си нанесуваат болест и страдање преку намерното кршење на Небесните закони. Но, на оние што престануваат да прават зло и учат да прават добро, со посредство на Светиот Дух, на помош им доаѓа Христовата исцелувачка сила.
Оние што немаат љубов кон Бога, постојано ќе работат против најдобрите интереси на душата и телото. Но оние, кои го сфаќаат значењето и важноста кон послушноста на Бога во овој зол свет, ќе бидат подготвени да се одделат од секоја лоша навика. Срцата ќе им бидат преполни со благодарност и љубов, затоа што знаат дека Исус им е пријател. Во многу случаи, токму свеста дека имаат таков пријател, значи повеќе за оздравувањето на оние што страдаат, отколку најдобрата нега, која би можела да им биде укажана. Меѓутоа, за оздравување на болниот се важни и двете споменати гранки на оваа служба и тие мора да одат напоредно, рака под рака.