Глава 3 Со природата и со Бога

Сподели го ова:

Животот на Спасителот на Земјата бил живот на заедница со природата и со Бога. Тој ни ја открил тајната на моќниот живот во оваа заедница.

Исус бил срдечен, постојан работник. На Земјата никогаш не живеел човек, кој бил оптоварен со толкави одговорности. Никогаш, никој друг не го носел толку тешкото бреме на светската тага и гревот. Никогаш, никој не се напрегал со толкава ревност и самопожртвуваност за доброто на луѓето. Па сепак, Неговиот живот бил живот исполнет со здравје. Тој бил не само духовно, туку и физички претставен со симболот на жртвеното јагне, „непорочно и без мана.“ (1. Петрово 1:19) Како духовно, така и телесно, Тој бил пример за она што, според Божјиот план, требало да биде сето човештво, доколку ги почитувало Неговите закони.

Кога луѓето Го гледале Христа, тие гледале лице, чија Божествена сомилост била измешана со свеста за поседување сила. Се чинело дека е опкружен со атмосфера на духовен живот. Иако се однесувал нежно и ненаметливо, сепак луѓето кај Него забележувале некаква скриена сила што не можела да остане во целосна тајност.

За време на Својата служба, Тој бил постојано следен од лукави и лицемерни луѓе, кои работеле против Неговиот живот. На неговите патеки биле поставени шпиони, кои постојано внимавале на Неговите зборови, со намера да пронајдат нешто за што би можеле да Го обвинат. Најостроумните и најобразованите умови на Нацијата, настојувале да Го поразат. Но никогаш не успеале во тоа. Морале да се повлечат од бојното поле, збунети и засрамени од понизниот Учител од Галилеја. Христовите поуки имале свежина и моќ, каква луѓето претходно не познавале. Дури и Неговите непријатели морале да признаат: „Никогаш човек така не зборувал, како овој Човек.“ (Јован 7:46)

Христовото детство, кое поминало во сиромаштија, не било изопачено од извештачените навики на тоа корумпирано време. Работејќи на столарскиот стол, носејќи го бремето на семејниот живот, учејќи ги лекциите на послушност и работа, Тој Својата рекреација ја наоѓал помеѓу сцените на природата. Од нив Исус собирал знаење, бидејќи копнеел да навлезе во тајните на природата. Ја проучувал Божјата Реч и најсреќни часови за Него биле оние, во кои можел да се оддели од секојдневната работа и да оди во полињата, да размислува во нивните тивки долини, да биде во заедница со Бога на ридовите, или во сенката на шумските дрвја. Честопати, раното утро Го осамнувало на некое осамено место во размислување, истражување на Списите, или во молитва. Тој ја поздравувал утринската светлина со песна. Ги разведрувал работните часови со песни на благодарност, кои им донесувале Небесна радост на изморените и обесхрабрените.

Во текот на Својата служба, Исус во голема мерка живеел на отворено. Неговите патувања, од место до место биле поминати во пешачење, а многу од Неговите поучувања биле одржани под отворено небо. Во обучувањето на Своите ученици, Тој често се повлекувал од градската врева, заминувајќи во тишината на полињата, која е во поголема хармонија со поуките за едноставноста, верата и самооткажувањето на кои сакал да Ги поучи. Токму под закрилата на дрвјата, недалеку од Галилејското Езеро, дванаесеттемина биле повикани во апостолска служба и била одржана проповедта на Гората.

Исус сакал да ги собира луѓето околу Себе под ведро небо, на некое ритче обраснато со трева, или крај езерскиот брег. Тука, опкружен со делата на Сопственото создавање, Тој можел да ги одврати нивните мисли од вештачкото кон природното. Во растот и развивањето на природата се откриваат принципите на Неговото Царство. Кога луѓето би го кренале погледот кон Божјите Гори, разгледувајќи ги чудесните дела на Неговите раце, тие би можеле да научат драгоцени поуки од Божјата вистина. Во иднина, природата би им ги повторувала поуките на Божјиот Учител. Така, луѓето би можеле да ги воздигнат своите мисли, а нивните срца би нашле мир.

Исус честопати, повремено ги отпуштал учениците, кои учествувале во Неговата служба, за тие да можат да ги посетат своите домови и да се одморат; но нивните напори да го оттргнат Него од службата, биле напразни. Тој цел ден му служел на мноштвото што доаѓало при Него, а во квечерините, или раните утра, се повлекувал во светилиштето на планините, да биде во заедница со Својот Татко.

Постојаната работа и судирите со непријателите и лажните рабински учења, честопати, толку го исцрпувале Христа, што Неговата мајка и браќата, па дури и учениците се плашеле дека животот му е во опасност. Но кога ќе се врател од часовите поминати на молитва со кои го завршувал напорниот ден, на Неговото лице можел да се забележи мир, свежина на животот и сила, која го исполнувала целото Негово битие. Секое утро, по часовите поминати насамо со Бога, Исус тргнувал да им ја однесе на луѓето Небесната светлина.

Веднаш по враќањето од нивното прво мисионско патување, Исус ги повикал учениците да се одделат и да се одморат малку. Учениците се вратиле исполнети со радост, поради нивниот успех како гласници на Евангелието, кога до нив допрела веста за смртта на Јован Крстител од раката на Ирод. Тоа бил тежок удар и разочарување. Исус знаел дека со тоа што дозволил Јован да биде погубен во затворот, ја ставил верата на учениците на тежок испит. Со нежна сомилост Ги гледал нивните со солзи натопени лица. И во Неговите очи и гласот можеле да се забележат солзи, кога рекол: „Дојдете вие на осамено место, и одморете се малку.“ (Марко 6:31)

Во близината на Витсаида, на северниот крај од Галилејското Езеро, постоела една осамена област со свежо пролетно зеленило, која ги примила Исуса и Неговите ученици, овозможувајќи им одмор и поткрепа. Оттука, тие тргнале со бротче преку езерото. Тука можеле да се одморат, одвоени од метежот на мноштвото. Тука учениците можеле да ги слушаат Христовите зборови, непопречени од подбивањата и обвиненијата на фарисеите. Се надевале дека тука ќе уживаат во краток период на заедница и дружење со нивниот Господ.

Исус се задржал насамо со Своите миленици само кратко време, но колку драгоцени биле за нив тие неколку мигови. Тие заедно разговарале за делото на Евангелието и начинот да бидат поефикасни во допирањето до луѓето. Кога Исус им ги отворил сокровиштата на Вистината, тие биле закрепнати со Божјата сила и вдахнати со надеж и храброст.

Но наскоро, мноштвото повторно го барало. Претпоставувајќи дека заминал на вообичаеното место за одмор, луѓето тргнале по Него. Неговата надеж дека ќе успее да се одмори барем еден час, била осуетена. Но во длабочината на Своето чисто, сочувствително срце, Добриот Пастир наоѓал единствено љубов и сомилост кон тие незадоволни и жедни души. Цел ден им служел на нивните потреби, а вечерта ги распуштал да одат во своите домови и да се одморат.

Во животот што бил целосно посветен за доброто на другите, Спасителот сметал дека е неопходно понекогаш да се оттргне од постојаната активност и контактот со потребите на човештвото и да побара одмор и непопречена заедница со Својот Татко. Кога ќе се разидело мноштвото, кое постојано Го следело, Исус одел во планините и таму, сам со Бога, ја излевал Својата душа во молитва, за тие страдни, грешни луѓе со големи потреби.

Кога им рекол на Своите ученици дека жетвата е голема, а работниците малку, Исус не барал од нив непрекината работа, туку им наложил: „Молете го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“ (Матеј 9: 38) И денес, токму како некогаш на учениците, Тој на Своите исцрпени работници им ги упатува овие зборови полни со сочувство: „Дојдете вие настрана… и одморете се некое време.“

На сите, кои се поучуваат од Бога, им е потребен тивок час за заедница со нивните сопствени срца, со природата и со Бога. Во нив треба да се открие живот, кој не е во хармонија со светот, неговите навики или дела; тие треба да имаат лично искуство во познавањето на Божјата волја. Секој од нас, мора лично да го слушне Божјиот глас како му зборува на срцето. Кога сите други гласови ќе замолкнат, а ние чекаме пред него во тишина, молкот на душата дава поголема јасност на Божјиот Глас. Тој ни заповеда: „Молкнете и разберете дека Јас сум Бог.“ (Псалм 46: 10) Ова е делотворната подготовка за сите служби за Бога. Оној, кој е освежен на ваков начин, ќе биде опкружен со атмосфера на светлина и мир, дури и среде забрзаната толпа и напорите на секојдневието. Тој ќе прими нов дар на телесна и ментална сила. Неговиот живот ќе воздивнува со пријатен мирис и ќе ја открива Божјата моќ, која ќе допре до срцата на луѓето.

Сподели го ова:

Слични објави