Глава 6 Спасен да служи

Сподели го ова:

Над Галилејското езеро веќе се родило утрото. Исус и Неговите ученици, по бурната ноќ во неговите води, стасале до брегот. Светлината на изгрејсонцето ги допирала површината на водата и земјата, како благословен поздрав на мирот. Но, кога стапнале на плажата, ги пречекала сцена поужасна од разбрануваното езеро. Од некое сокровиште меѓу гробовите, двајца побеснети луѓе се втурнале на нив како да сакаат да ги растргнат на парчиња. На нив виселе остатоци од синџири што тие ги раскинале бегајќи од својата врзаност. Нивните тела биле унакажани и крвави, очите им блескале под долгите и разбушавени коси. Се чинело дека човечкиот лик бил целосно избришан во нив. Тие повеќе личеле на диви ѕверови, отколку на луѓе.

Учениците и нивните придружници почнале да бегаат во ужас; но кога забележале дека Исус не е со нив, се свртеле да го побараат. А Тој, стоел онаму, каде што го оставиле. Оној, Кој ја стивна бурата, Кој веќе неколку пати се имал соочено со сатаната и секогаш го поразувал, не бегал од овие демони. Кога, чкртајќи со забите и со пена на устата, овие побеснети луѓе се приближиле до Него, Исус ја подигнал раката со која ги стивнувал разбеснетите бранови и луѓето опседнати со демони не биле во состојба да Му се приближат. Тие стоеле пред Него беснеејќи, но сосема беспомошни.

Тој со авторитет им наредил на нечистите духови да излезат од нив. Несреќните луѓе сфатиле дека до нив е Оној, Кој може да ги ослободи од страшните демони. Тие паднале пред нозете на Спасителот да преколнуваат за милост; но кога усните им се отвориле, преку нив проговориле демони, извикувајќи: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји? Зар си дошол тука да не мачиш?“ (Матеј 8:29)

Злите духови биле принудени да ги напуштат своите жртви и кај опседнатите настанала чудесна промена. Разумот им се просветлил, а очите им заблескале со интелигенција. Изразот на нивните лица, толку долго демонски изобличен, одеднаш станал мек, крварењето на нивните раце престанало и тие ги подигнале своите гласови во благодарност на Бога.

Во меѓувреме, демоните исфрлени од своите човечки живеалишта, влегле во блиските свињи и ги однеле во уништување. Чуварите на свињите побрзале да ги објават вестите и целото месно население се собрало да го сретне Исуса. Двајцата опседнати со демони, кои биле страв за целата околина, сега пристојно облечени и со здрав разум, седеле крај Христовите нозе, слушајќи ги Неговите зборови и славејќи го името на Оној, Кој ги исцелил. Но, луѓето што ја виделе оваа чудесна сцена не се радувале. За нив загубата на свињите била од поголемо значење, отколку ослободувањето на овие затвореници од ропството на сатаната. Тие во страв се собрале околу Христа, молејќи го да се оддалечи од нив. Тој тоа и го сторил; се качил на бродот и отпловил на спротивниот брег.

Многу поинакви биле чувствата на луѓето ослободени од демоните. Тие копнееле да бидат во друштвото на нивниот Ослободител. Во Негово присуство се чувствувале сигурни од демоните, кои толку им го загорчувале животот и ги упропастиле нивните најубави години. И кога Исус речиси веќе влегувал во бродот, тие стоеле блиску до Него и коленичејќи пред Неговите нозе, молеле да останат со Него, за да можат да ги слушаат Неговите зборови. Но Исус им наложил да одат дома и да раскажат колку големи дела сторил Господ за нив.

Делото што тие требале да го извршат, било да одат во своите незнабожечки домови и да раскажат за благословите што ги примиле од Христа. Ним им било тешко да се разделат од Спасителот. Ги очекувале големи тешкотии при повторното воспоставување контакт со своите незнабожечки соселани. Им се чинело дека поради долгата изолираност од општеството, сега се неспособни за тоа дело, па сепак, кога Исус им ја објаснил нивната должност, биле подготвени да послушаат.

Тие раскажале за Христа не само на своите домашни и соседите, туку оделе преку целиот Декаполис, насекаде објавувајќи ја Неговата моќ да спасува, објаснувајќи го начинот на кој Ги ослободил од силата на демоните.

Иако луѓето од Гергеса не го примиле Христа, Тој не ги препуштил на темнината што самите ја избрале. Кога барале од Него да си замине од нивниот крај, тие ги немале слушнато Неговите зборови и не биле свесни што отфрлаат. Затоа, Исус им испратил светлина преку оние, чие сведоштво тие нема да одбијат да го сослушаат.

Преку уништувањето на свињите, сатаната имал за цел да го одврати народот од Спасителот и да го спречи проповедањето на Евангелието во таа област. Меѓутоа, токму тој настан најмногу ја вознемирил Гергесинската околина и го насочил вниманието на нејзините жители кон Христа. И покрај тоа што Спасителот лично заминал од тој крај, луѓето што ги исцелил, останале како сведоци на Неговата Моќ. Тие, кои биле медиуми на кнезот на темнината, сега станале канали на светлината, весници на Божјиот Син. Кога Исус повторно се вратил во Декаполис, луѓето масовно се собирале околу Него и за три дена, илјадници од целата околина ја слушнале пораката за спасението.

Двајцата ослободени од демони биле првите мисионери што Христос ги испратил да го проповедаат Евангелието во регионот на Декаполис. Тие луѓе многу кратко ги слушале Неговите зборови. До нивните уши никогаш не допрела ниту една проповед од Неговите усни. Тие не биле во состојба да го поучуваат народот како учениците, кои постојано биле со Христа. Но, можеле за силата на Спасителот да го кажат она што го знаеле што самите го виделе, слушнале и почувствувале. Тоа е она што секој, чие срце е допрено од Христовата благодат, може да го стори. Тоа е сведоштвото што нашиот Бог го бара и светот пропаѓа, бидејќи таквите сведоштва не се упатуваат.

Евангелието треба да биде презентирано не како безживотна теорија, туку како жива сила, која го менува животот. Бог има желба Неговите слуги да посведочат за фактот дека, благодарение на Неговата благодат, луѓето можат да изградат карактер сличен на Христовиот и да се радуваат во уверувањето за Неговата голема љубов. Исус сака ние да сведочиме за фактот дека Тој не може да биде задоволен, се додека сите, кои би го прифатиле спасението не бидат вратени и повторно воспоставени во нивната света привилегија како Негови синови и ќерки.

Тој со задоволство ги прифаќа дури и оние, кои со своите постапки највеќе го навредувале. Кога ќе се покајат, Тој им дава од Својот Божји Дух и ги испраќа во кампот на неверниците, со цел да ја објавуваат Неговата милост. Душите што биле деградирани во орудие на сатаната, преку Христовата сила, се уште можат да се преобразат во гласници на правдата и да бидат испратени да проповедаат колку големи дела направил Бог за нив и како им се смилувал.

„Мојата пофалба ќе биде постојано за Тебе“

Кога жената од Капернаум била исцелена преку допирот на верата, Исус посакал таа да го признае примениот благослов. Даровите што ни ги нуди Евангелието, не треба да се заклучуваат или да се чуваат во тајност:

„Вие сте Мои сведоци, вели Господ, за тоа дека Јас сум Бог.“

(Исаија 43:12)

Нашето признавање на Неговата верност е средство одредено од небото за откривање на Христа до светот. Ние треба да ја признаваме Неговата благодат откриена на светите луѓе во минатото; но она што ќе има најголем ефект, е сведоштвото за она што ние лично сме го доживеале. Ние сведочиме за Бога, кога во нашиот живот го откриваме делото на Божјата сила. Секој човек има животно искуство, кое битно се разликува од она што другите го имаат доживеано. Бог сака да му упатуваме благодарност, која ќе носи наш личен печат. Тие драгоцени признанија и благодарноста за Неговата благодат, поддржани од животот со налик на Христовиот, претставуваат неодоллива сила во работата за спасение на душите.

Во наша полза е постојано да го освежуваме сеќавањето на секој дар од Бога. На тој начин верата се засилува се повеќе и повеќе да бара и да прима. И најмалиот благослов примен од Бога, за нас е поголемо охрабрување од сето она што го читаме за верата и искуствата на другите. Душата, која се повикува на Божјата милост е како наводнета градина. Нејзиното здравје ќе расцвета насекаде; таа ќе блесне во својата сила од темнината и Господовата слава ќе се покаже над неа.

„Што ќе му дадам на Бога за сите Негови добрини кон мене?

Ќе ја земам чашата на спасението и името на Господа ќе Го повикам.

Заветите ќе Му Ги упатам на Господ пред целиот Негов народ.”

(Псалм 116:12-14)

„Ќе му пеам на Господа преку целиот мој живот, ќе му пеам на мојот Бог се додека постојам.

Нека му биде мила мојата беседа!

Ќе се веселам во Господа.”

(Псалм 104:33, 34)

„Кој ќе ја искаже силата на Господа?

Кој ќе ја разгласи сета Негова пофалба?”

(Псалм 106:2)

„Славете Го Господа;

Повикувајте Го Неговото име;

Разгласувајте ги меѓу народите Неговите дела; Славете Го и пејте Му;

Кажувајте ги сите Негови чудеса.

Фалете се со Неговото Свето Име:

Нека се весели срцето на оние,

Кои го бараат Господа.“

(Псалм 105:1-3)

„Зашто Твојата Милост е подобра од животот, Мојата уста ќе Те фали…

Како со маст и масло се наситува мојата душа; и со радосен глас ќе те фали мојата уста.

Кога ќе се сетам за Тебе во мојата постела,

Во ноќните часови за Тебе размислувам.

Зашто Ти си ми помошник и под сенката на Твоите крилја ти пеам.“

(Псалм 63:3-7)

„Во Бога имам верба, не се плашам; што може да ми направи човекот?

Ме обврзуваат, Боже, ветувањата што ти ги дадов; благодарни молитви ќе ти упатам,

Зашто Ти ја избави мојата душа од смрт,

А и моите нозе од сопнување,

за да одам пред Бога во светлината на живите.“

(Псалм 56:11-13)

„О Ти, Светецу израелев.

Ќе се радуваат многу моите усни кога ќе ти пеам,

и мојата душа, која Ти си ја избавил.

И мојот јазик секогаш ќе зборува за Твојата праведност.

Ти си моја надеж уште од мојата младост…

Мојата пофалба ќе биде секогаш за Тебе.”

(Псалм 71:22-24, 5, 6)

„Ќе сторам да не се заборава Твоето Име…

Затоа народите ќе те фалат Тебе.”

(Псалм 45:17)

„Бесплатно примивте, бесплатно давајте“

Поканата на Евангелието не треба да биде ограничена и презентирана само на малкумина избрани за кои претпоставуваме дека ќе ни направат чест, доколку го прифатат. Таа порака треба да биде објавена до сите. Кога Господ ги благословува Своите деца, Тој не го прави тоа само за нивна полза, туку и за полза на светот. Тој не дарува со Своите дарови за ние да ги умножиме, споделувајќи ги со другите.

Штом го нашла Спасителот, Самарјанката што зборувала со него на Јакововиот бунар, веднаш довела и други кај него. Таа се покажала како поделотворен мисионер од Неговите ученици. Учениците во Самарија не виделе ништо што би укажувало дека се работи за поле што ветува. Нивните мисли биле насочени кон Големото дело, кое требало да се изврши во иднина, па не виделе дека токму пред нив се протегаат жолти полиња, кои чекаат на жетварите. Но со посредство на жената што тие ја гледале со презир, целиот град дошол да го слуша Христа. Таа веднаш ја пренела светлината што ја примила до своите сонародници.

Оваа жена ја претставува работата на практичната вера во Христа. Секој вистински ученик е роден во Божјото Царство како мисионер. Штом ќе го најде и запознае Спасителот, тој ќе сака и другите да ги запознае со Него. Тој не може да ја затвори во своето срце вистината, која спасува и посветува. Оној, кој пие од живата вода и самиот станува извор на жива вода. Примателот станува дарител. Христовата благодат во душата е како жив извор во пустина, кој ги освежува сите околу себе и во оние, кои се подготвени да умрат, го буди копнежот да се напијат од водата на животот. Учествувајќи во тоа, ние примаме поголем благослов, отколку кога работиме само во наша полза. Кога ја шириме радосната порака на спасението и самите се повеќе се приближуваме до Спасителот.

Господ, за оние што ја прифаќаат Неговата благодат вели: „Ќе ги благословам нив и се што е околу Мојот рид, и ќе им праќам навреме дожд, ќе има дождови благословени.“ (Езекиел 34:26)

„А во последниот голем ден од празникот, застана Исус и извика со висок глас, велејќи: ‘Кој е жеден нека дојде при Мене да пие! Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода’.“ (Јован 7:37, 38)

Оние што примиле, треба да им даваат на другите. Повиците за помош доаѓаат од секаде. Господ ги повикува луѓето да им служат на своите ближни со радосни срца. Бесмртните круни треба да се заслужат, Небесното Царство треба да се придобие; светот што умира во незнаење, треба да биде просветлен.

„Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам, подигнете ги своите очи и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва. И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот.“ (Јован 4:35, 36) Три години учениците пред своите очи имале прекрасен пример Христос. Ден по ден тие чекореле заедно, разговарале со Него, слушајќи ги Неговите зборови на утеха, упатени до изморените и обременетите, гледајќи ја манифестацијата на Неговата Сила во лекувањето на болните и немоќните. Кога дошло време да се разделат, Тој ги дарувал со благодат и сила да го понесат Неговото дело во Негово Име. Тие имале задача да ги шират светлината за Неговото Евангелие на љубовта и спасоносната сила на исцелувањето. Спасителот им ветил дека Неговото присуство секогаш ќе биде со нив. Тој, со посредство на Светиот Дух, ќе биде поблизу до нив, отколку, кога чекорел видливо меѓу луѓето.

Делото што учениците го извршиле, треба и ние да го извршуваме. Секој христијанин треба да биде мисионер. Полни со љубов и сомилост треба да им служиме на оние, на кои им е потребна помош, несебично и срдечно трудејќи се да ги ублажиме маките и несреќите на измаченото човештво.

Секој човек може да прави нешто. Никој не треба да мисли дека за него нема место на кое би можел да работи за Спасителот. Спасителот се поистоветува со секое дете на човечкиот род. Тој станал член на земното семејство, за ние да можеме да станеме членови на Небесното семејство. Тој е Син Човечки и на тој начин е брат на секој Адамов син и ќерка. Неговите следбеници не треба да се чувствуваат одвоени од светот што пропаѓа околу нив. Тие се дел од големото ткиво на човештвото и небото нив ги смета за браќа, не само на светите, туку и на грешниците.

Милиони и милиони човечки суштества, во болест, незнаење и грев, никогаш немаат дури ни слушнато за Христовата љубов кон нив. Кога ние би биле на нивно место, што би сакале да биде направено за нас? Ние треба да сториме за нив се што е во наша моќ. Христовото животно правило, според кое, секој од нас ќе опстане или падне на судот е: „Што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го тоа вие ним.“ (Матеј 7:12)

Во сето она, во што сме во поповолна положба од другите без оглед дали тоа е воспитанието и образованието, благородноста на карактерот, христијанските доблести, или духовните искуства им го должиме на оние што се помалку благословени од нас; и треба да им служиме колку што стои до нас. Ако сме силни, треба да ги поткрепиме рацете на послабите.

Ангелите на славата, кои на небото постојано го гледаат лицето на Небесниот Татко, радосно им служат и на најслабите помеѓу Неговите деца. Тие се секогаш присутни онаму, каде што се најпотребни, со оние, кои водат најтешка борба, борбата со самите себеси и кои се наоѓаат во најбезизлезна положба. Токму слабите и растреперените души, кои имаат многу недостатоци во карактерот, претставуваат предмет на нивната посебна грижа. Она што себичните срца го сметаат за понижувачка служба да им се служи на оние, кои се бедни и во секој поглед со подреден карактер токму тоа дело го извршуваат безгрешните битија од Небесните дворови.

За Исус дури ни Небото не било место по кое треба да се копнее, додека ние сме биле изгубени. Тој ги напуштил Небесните дворови и прифатил да живее живот на презир и навреда и да загине со срамна смрт. Тој, кому му припаѓаат неизмерните богатства на Небесните ризници, станал сиромашен, за да можеме ние да се збогатиме со Неговата сиромаштија; и ние треба да ги следиме Неговите стапки.

Оној што станува Божјо дете, треба да се смета себеси за алка во синџирот што е спуштен за спасување на светот, да биде едно со Христа во Неговиот план на милоста и одејќи напред со Него, да го бара и спасува изгубеното.

Многумина сметаат дека за нив би била голема привилегија да ги посетат местата на Христовиот живот на земјата, да чекорат онаму, каде што Тој поминувал, да го видат езерото покрај кое Тој поучувал со толкаво задоволство и да ги гледаат ритчињата и долините на коишто Неговите очи толку често се одморале. Но, ние не треба да одиме во Назарет, Капернаум, или Витанија, за да чекориме по Христовите стапки. Неговите стапки можат да се најдат покрај болничките кревети, во колибите на сиромашните, во пренатрупаните улички на големите градови и на секое место на кое им е потребна утеха на човечките срца.

Ние треба да ги нахраниме гладните, да ги облечеме голите, да ги утешиме оние што страдаат и се немоќни. Треба да им служиме на очајните, и да влееме надеж во срцата на безнадежните.

Христовата љубов, искажана во една несебична служба, ќе има поголем ефект врз поправањето на злосторникот, отколку мечот или судот. Сепак, и овие мерки се неопходни да влеат страв во престапниците на законот, иако еден љубезен мисионер може да стори многу повеќе од тоа. Честопати, срцата, кои се стврднуваат пред укорот, ќе се омекнат под влијанието на Христовата љубов.

Мисионерот може не само да ги ублажи телесните болки, туку и да го доведе грешникот до Големиот Лекар, Кој може да ја исчисти душата од лепрата на гревот. Господ сака болните, несреќните и оние опседнати од зли духови да го слушнат Неговиот глас преку Неговите слуги. Тој, преку своите претставници меѓу луѓето, копнее да биде Утешител, каков што светот никогаш не запознал.

Спасителот го дал Својот драгоцен живот со цел да воспостави црква, која ќе биде во состојба да им служи на страдните, тажните и на оние во искушение. Една група верници може да биде сиромашна, необразувана и непозната; но таа, сепак, преку Христовата помош, може во домот, општеството, па дури и многу пошироко, да оствари дело, чии резултати ќе бидат далекусежни како вечноста.

До Христовите следбеници, како и до првите ученици, се упатени следниве зборови:

„Ми се даде секоја власт на небото и на земјата…“ „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание.“ (Матеј 28:18; Марко 16:15)

А ветувањето за Неговото присуство: „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28:20), се однесува и на нас исто така.

Денес, по пустинските места не се собира љубопитно мноштво за да го види и слушне Спасителот. Неговиот глас веќе не се слуша по преполните улици, ниту по раскрсниците и патиштата одекнуваат извиците: „Исус од Назарет поминува.“ (Лука 18:37) А сепак, тој збор е вистинит и денес. Иако невидлив, Исус чекори низ нашите улици. Тој влегува во нашите домови со пораките на милоста. Подготвен е да соработува со сите што сакаат да им служат на другите во Негово Име. Тој е тука, меѓу нас, за да исцелува и благословува, само доколку ние имаме желба да го примиме.

„Вака вели Господ, во време на милост те вослишив и во денот на спасението Ти помогнав; и Јас ќе те пазам и ќе те направам завет на народот, за да ја востановиш земјата, и да им ги вратиш на наследниците опустошените наследства; да им кажеш на затворените, излезете, и на оние што се во темнина, покажете се.“ (Исаија 49:8)

„Колку се прекрасни врз Горите стапалата на оној, кој носи добри вести, кој навестува мир; кој благовестува радост и проповеда спасение, кој му зборува на Сион, Твојот БоГ се зацари!”

(Исаија 52:7)

„Веселете се, пејте заедно Ерусалимски урнатини, зашто Господ го утеши Својот народ…

Ја засука Господ Својата Света Мишка пред очите на сите народи и сите земни краишта ќе го видат спасението на нашиот Бог.“ (Стихови 9, 10)

Сподели го ова:

Слични објави