Глава 23 Исхраната и здравјето
Нашите тела се изградуваат од она што го јадеме. Ткивата на организмот постојано се трошат; секое движење на секој орган предизвикува трошење, а потрошеното се надоместува од нашата храна. Секој орган во телото го бара својот дел од хранливите материи. Мозокот мора да го добие својот дел; коските, мускулите и нервите го бараат својот. Прекрасен е процесот што ја претвора храната во крв и ја користи крвта за изградба на разни делови од телото; тој процес се одвива постојано, внесувајќи храна и живот до секој нерв, мускул и ткиво.
Избор на храна
Треба да ја избереме онаа храна што најдобро ги обезбедува потребните елементи за изградба на телото. Во овој избор, апетитот не е сигурен водич. Тој е изопачен од лошите навики во исхраната. Често бара храна што го нарушува здравјето и наместо сила, предизвикува слабост. Ниту навиките на општеството не можат да бидат сигурен водич. Голем причинител на болестите и страдањата што преовладуваат насекаде, се токму популарно прифатените заблуди во врска со исхраната.
За да дознаеме која храна е најдобра, мораме да го проучиме првичниот Божји план за исхраната на луѓето. Оној, Кој го создал човекот и Кој ги разбира неговите потреби, му ја одредил храната на Адам. „Еве“ рекол Бог, „Ви дадов секаков вид растение, што дава семе… и секакви дрвја, што во себе имаат семе според својот род и вид. Тоа да ви биде за храна!“ (Битие 1:20) Кога го напуштил Едем и тргнал да си обезбеди живот, обработувајќи ја Земјата под проклетството на гревот, на човекот му било дозволено да јаде и „полска трева.“ (Битие 3:18)
Житарките, овошките, зеленчукот и зрнестите плодови ја претставуваат исхраната што Творецот ја избрал за нас. Оваа храна, подготвена на наједноставен и најприроден можен начин, е најздрава и најхранлива. Таа ги зголемува силата, издржливоста и острината на умот, што не може да се постигне со посложена и постимулативна исхрана.
Но, се случува храната, која инаку е здрава, да не одговара секогаш на нашите потреби. Треба да се води грижа за изборот на храната. Нашата исхрана треба да биде во согласност со годишното време, климатските услови во кои живееме и професијата со која се занимаваме. Некоја храна е погодна за употреба во едно годишно време или климатско поднебје, но не одговара на друго. Исто така, за луѓе од различни професии најдобро одговара различен вид храна. Храната што е многу полезна за оние што се занимаваат со тешка физичка работа е несоодветна за луѓето што работат седејќи или со големи умствени напори. Бог ни дал широка разновидност на здрава храна и секој треба да го избере од неа она за кое искуството и здравиот разум покажале дека најмногу одговараат на неговите потреби.
Природата обилно Hi дарува овошје, зрнести плодови и житарки и со развојот на транспортните средства, тие од година во година се разнесуваат се подалеку. Како резултат на тоа, денес во секојдневната исхрана можеме да си дозволиме многу прехранбени продукти, кои до пред неколку години се сметаа за скап луксуз. Ова е особено точно, кога станува збор за сувото и конзервирано овошје.
Зрнестите плодови и храната направена од нив се повеќе се користат како замена за месото. Но, за нашата храна да биде здрава и богата со нив, треба да комбинираме житарки, овошје и некои корења. Сепак треба да се води сметка да не се употребуваат премногу зрнести плодови. Оние, кои се свесни за опасностите од зрнестата храна, можат да ја отстранат оваа опасност, така што ќе бидат умерени со неа. Треба да се запомни дека некои зрнести плодови не се толку хранливи како другите. Бадемите се подобри од кикиритките, но кикиритките, консумирани во ограничени количини и во комбинација со житарки, се хранливи и сварливи.
Маслинките, слично на зрнестите плодови, соодветно подготвени, можат да ги заменат путерот и животинското месо. Маслото што го внесуваме при јадење на маслинката е далеку подобро од животинското масло и салото. Тоа служи како лаксатив. Благотворно е и за болните од туберкулоза како и за оние со заболен или воспален желудник.
Лицата навикнати на тешка, високо стимулативна исхрана, имаат неприродно сетило за вкус и не можат одеднаш да се префрлат на едноставна исхрана. Потребно е време за вкусот да стане природен и стомакот да се опорави од злоупотребата што ја поднесувал. Но оние што ќе истраат, по некое време ќе откријат дека оваа храна е сосема вкусна. Тие ќе научат да ги вреднуваат нејзините фини и пријатни мириси и ќе ја јадат со поголемо задоволство од штетните деликатеси. А желудникот ќе може добро да ја извршува својата задача, бидејќи нема да биде ниту вознемирен ниту преоптоварен.
За да се задржи здравјето, потребно е доволно количество здрави, хранливи производи.
Со мудро планирање, речиси во секоја земја можеме да го обезбедиме она што е најдобро за нашето здравје. Насекаде се распространети разновидни начини на подготвување ориз, пченица, пченка и овес, како и грав, грашок и леќа. Овие, заедно со домашни или увезени овошки и разновидниот зеленчук што расте на секое подрачје, ни даваат можност да составиме комплетен режим на исхрана без употреба на месо.
Онаму, каде што може да се одгледува овошје, тоа треба да се суши или конзервира за зимница. Ситното овошје, како рибизлата, гроздот, јагодата, малината и капината, можат успешно да се одгледуваат на многу места на кои сега се запоставени и малку се употребуваат.
Секогаш кога е можно при домашното конзервирање, треба да се употребуваат стаклени тегли, а не лимени конзерви. Особено е важно, овошјето што го конзервираме да биде во добра состојба. Користете малку шеќер и варете го овошјето само колку што е потребно за конзервирање и за одржување во зимските периоди. Приготвено на ваков начин, тоа ќе биде одлична замена за свежото овошје.
Ќе воочите дека сувото овошје, како грозјето, сливите, јаболката, крушите, праските и кајсиите може да биде клучен елемент на секоја исхрана многу повеќе, отколку што сте очекувале, се разбира онаму, каде што тоа може да се најде по пристапна цена. Тоа ќе донесе најдобри резултати за здравјето и виталноста на работниците од секоја класа.
Не смее да постои голема разновидност во еден оброк, бидејќи тоа поттикнува на прејадување и предизвикува проблеми со варењето.
Не е добро да се јаде овошје и зеленчук во ист оброк. Доколку имаме послабо варење, мешањето на зеленчукот и овошјето, често ќе предизвика неволји и ќе ги оневозможи менталните способности. Подобро е да се земе овошје во еден, а зеленчук во друг оброк.
Оброците треба да бидат разновидни. На масата не треба постојано да се ставаат исти јадења, приготвени на истиот начин. Кога е разновидна храната, се јаде со поголемо задоволство и организмот подобро се храни.
Подготовка на храната
Погрешно е да се јаде само за да се задоволи апетитот, но не смееме да бидеме рамнодушни кон квалитетот на храната или начинот на нејзината подготовка. Ако храната што ја јадеме не е вкусна, ни телото нема да биде добро нахрането. Храната треба да биде внимателно одбрана и разумно и умешно подготвена.
Најфиното бело брашно не е најдобро за правење леб. Неговата употреба не е ниту здрава, ниту економична. На белиот леб му недостигаат хранливи состојки што можат да се најдат во лебот приготвен од брашно од цело зрно. Белиот леб е честа причина за тврда столица и други нездрави состојби.
Прашокот за пециво и содата се штетни и непотребни при подготвување на лебот. Содата предизвикува воспаление на желудникот и често го труе целиот организам. Многу домаќинки мислат дека не можат да направат добар леб без сода, но тоа е заблуда. Кога би се потрудиле да научат подобри методи, нивниот леб би бил поздрав и со попријатен природен вкус.
При подготвување леб од кисело тесто, односно леб со квасец, не треба да се употребува млеко наместо вода. Млекото е дополнителен трошок, а му го одзема полезното дејство на лебот. Лебот подготвен со млеко, не трае толку долго како оној замесен со вода и многу полесно ферментира во желудникот.
Лебот треба да биде лесен и сладок. Не смее да има никаков киселкаст вкус. Векните треба да бидат мали и темелно печени, со цел да се уништат зачетоците на квасецот. Кога е топол и свеж стасаниот леб, тој е штетен за варењето на храната. Не треба никогаш да се изнесува на масата. Ова правило сепак, не важи за бесквасниот леб. Свежите бесквасни пченични лепчиња, испечени во добро загреана рерна, се и здрави и вкусни.
Житарките за каша треба да се варат неколку часа. Но кашестата и течната храна се помалку здрави од сувата, која бара добро џвакање. Двопекот е еден од најлесно сварливите и највкусни производи. Исечете го лебот на кришки, а потоа сушете го во топла рерна, додека од него не исчезне сета влажност. Потоа оставете го малку да порумени. Овој леб може да се чува многу подолго од обичниот, а доколку пред употреба го подгреете, тој ќе биде еднакво свеж, како да е денешен.
Во храната обично се употребува премногу шеќер. Слатките, благите пудинзи, пецива, мармалади, и џемови го отежнуваат варењето. Особено се штетни оние кремови и пудинзи, чии основни состојки се млекото, шеќерот и јајцата. Треба да се избегнува употребата на млеко со шеќер.
Ако употребуваме млеко, тоа треба да биде внимателно стерилизирано. Со ваквата предострожност се намалува опасноста да добиете некое заболување од него. Путерот е помалку штетен, кога се јаде намачкан на студен леб, отколку кога се употребува за готвење; но, по правило, најдобро е воопшто да не се употребува. Сирењето е уште поштетно; тоа е сосема несоодветно за исхрана.
Скудната и лошо приготвена храна ја расипува крвта со тоа што ги ослабнува органите што ја создаваат. Таа ја попречува работата на целиот организам и донесува болести, како и раздразливост и лошо расположение. Илјадници и десетици илјади денес се жртви на лошото готвење. На многу гробови би можело да се напише: „Умрел од лошо готвење“ ; „Умрел од преоптоварен желудник.“
Света должност за оние што готват е да научат како да подготват здрава храна. Многу души се изгубени токму поради лошото готвење. За да се направи добар леб, потребни се внимателност и грижа; а во една векна добар леб, има многу повеќе религија, отколку што се мисли. Има многу малку навистина добри готвачи. Младите жени мислат дека готвењето е понижувачка работа, па извршуваат други домашни обврски; затоа многу мажени девојки се грижат за своето семејство без добра претстава за вистинските задачи на една сопруга и мајка.
Готвењето не е некаква безначајна умешност, туку една од најсуштествените во практичниот живот. Тоа е умешност што треба да ја научат сите девојки и тоа, така што и најсиромашните ќе имаат полза од неа. Потребна е умешност за да се подготви вкусна, а истовремено едноставна и хранлива трпеза; тоа може и да се постигне. Готвачките треба да знаат како да подготват едноставна храна на едноставен и здрав начин, а таа ќе биде повкусна и поздрава, токму поради својата едноставност.
Секоја жена што води домаќинство, а не ја разбира уметноста на здравото готвење, треба да донесе одлука да научи; таа е толку суштествена за доброто на нејзините домашни. Во многу места постојат курсеви за готвење, кои поучуваат во овој поглед. Онаа жена, која не може да појде на ваков курс, треба да се стави под водство на некоја добра готвачка и да истрае во своите напори, се додека и самата не стане мајстор на готварската уметност.
Редовноста во јадењето е од витална важност. Треба да постои одредено време за секој оброк. Во тоа време, секој треба да јаде онолку колку што бара неговиот организам, а потоа да не јаде ништо до следниот оброк. Многумина јадат и тогаш, кога организмот нема потреба од храна, во неправилни интервали и помеѓу оброци, бидејќи немаат доволно сила и волја да му се спротивстават на апетитот. Некои постојано грицкаат, кога имаат нешто на дофат додека патуваат. Тоа е многу штетно. Кога патниците би јаделе едноставни и хранливи производи во редовни интервали, не би имале толкави тешкотии и помалку би се разболувале
Друга погубна навика е јадењето пред спиење. Иако се земени сите редовни оброци, луѓето повторно јадат пред спиење, затоа што чувствуваат слабост. Ваквото попуштање создава толку силна навика, што некои дури мислат дека ако не јадат воопшто, нема да можат да заспијат. Како резултат на ова јадење премногу доцна, органите за варење продолжуваат да работат додека спиеме. Но, иако постојано работи, желудникот не може правилно да ја изврши својата задача. Тогаш, често се јавуваат непријатни сништа, а човекот наутро се буди неокрепен и без желба за појадок. Кога одиме на починка, желудникот треба да биде готов со својата работа и да ужива одмор како другите органи во нашето тело. Оваа навика на вечерно јадење е особено штетна за оние што многу седат. Ваквата неуредност, честопати предизвикува болест, која завршува со смрт.
Во многу случаи, слабоста што ја толкуваме како желба за јадење е предизвикана од прекумерната оптовареност на органите за варење во текот на денот. По варењето на еден оброк, органите за варење имаат потреба од одмор. Растојанието меѓу оброците треба да биде најмалку пет или шест часа и повеќето луѓе, кои ќе се обидат да го спроведат овој план, ќе воочат дека е подобро да имаат два, отколку три оброка.
Лоши навики во исхраната
Храната не треба да се јаде ниту премногу топла ниту премногу студена. Доколку е студена, виталните сили на желудникот се трошат на нејзино загревање, пред да може да започне варењето. Студените пијалоци се штетни поради истата причина, додека употребата на жешки пијалоци го ослабнува желудникот. Всушност, колку повеќе течности земаме при јадење, толку потешко ќе се преработи храната, бидејќи течностите мораат да бидат апсорбирани пред да започне процесот на варење. Не јадете многу сол, избегнувајте туршија и зачинета храна, јадете многу овошје и ќе исчезне желбата да се напиете нешто додека јадете.
Храната треба да се јаде полека и темелно да се џвака. Ова е важно за да може плунката добро да се измеша со храната и да се поттикнат органите за варење да работат.
Друго сериозно зло е јадењето во погрешно време, како по тешко и исцрпувачко вежбање, кога сме премногу истоштени и загреани. Веднаш по јадењето, доаѓа до силно напрегање на нервниот систем и, ако умот или телото биле многу напрегнати пред, или веднаш по јадењето, варењето на храната е отежнато. Ако сме возбудени, исплашени, или кога брзаме, најдобро е да не јадеме додека не се опуштиме или одмориме.
Стомакот е во тесна врска со мозокот; и кога стомакот е заболен, нервната енергија од мозокот доаѓа да им помогне на ослабнатите органи за варење. Ако ова се случува премногу често, мозокот се преоптоварува. Дури и здравата храна треба да се јаде умерено, кога мозокот е постојано преоптоварен, а телото не се рекреира. За време на оброкот, заборавете на грижите и црните мисли; не брзајте, туку јадете полека и расположено, со срце полно со благодарност кон Бога за сите Негови благослови.
Многумина, кои го исфрлиле месото и другите тешки и штетни производи, мислат дека затоа што нивната храна е едноставна и здрава, можат безгранично да му попуштаат на апетитот, па јадат прекумерно, дури и ненаситно. Тоа е погрешно. Системот за варење не треба да се преоптеретува и да се принудува на прекумерна работа ниту со количеството, ниту со квалитетот на храната.
Обичаите налагаат на маса да не се изнесува сета храна одеднаш. Бидејќи не знае што ќе биде следното јадење, некој може да изеде повеќе од храната што можеби не е најдобра за него. А кога ќе биде изнесено и последното јадење, тој често се труди да ги пречекори сопствените можности и да го изеде привлечниот десерт кој за него е се, само не добар. Кога целата храна за тој оброк би била веднаш изнесена на масата, луѓето би имале можност да го направат најдобриот избор.
Некогаш последиците од прејадувањето се чувствуваат веднаш. Во други случаи не се јавува никаква болка; но органите за варење сепак ја губат својата сила и се поткопуваат темелите на физичката сила.
Вишокот храна го оптоварува организмот и предизвикува нездрави, трескавични состојби. Во желудникот се влева повеќе крв, поради што екстремитетите брзо се ладат. Тој им наметнува тешка задача на органите за варење, па кога ќе ја завршат својата работа, оставаат чувство на слабост и тромост. Оние што постојано се прејадуваат, мислат дека ова чувство е глад; но тоа е предизвикано од прекумерната работа на органите за варење. Понекогаш се јавува несвесност на мозокот, па човекот станува неспособен како за умствени, така и за физички напори.
Овие непријатни симптоми се јавуваат, затоа што организмот троши непотребно многу животна сила во извршувањето на својата работа и е потполно исцрпен. Желудникот вели: „Дај ми одмор!“ Но многу луѓе, оваа слабост ја толкуваат како желба за храна; затоа, наместо да му овозможат одмор на желудникот, тие уште повеќе го оптоваруваат. Како последица од тоа, органите за варење се често истоштени и неспособни за добра работа.
За сабота не треба да подготвуваме побогати или поразновидни јадења, отколку за другите денови. Напротив, треба да јадеме помалку и поедноставна храна, за умот да може да биде остар и да ги разбере духовните нешта. Затнат стомак, значи и затнат мозок. Можеби ќе слушнеме најскапоцени зборови, а нема да бидеме во состојба правилно да ги вреднуваме, затоа што мозокот ни е збркан заради несоодветна храна. Прејадувајќи се во сабота, многумина си наштетуваат повеќе отколку што мислат, онеспособувајќи се себеси за светите придобивки што таа ни ги нуди.
Треба да се избегнува готвење во сабота; но тоа не значи дека треба да јадеме студена храна. Кога времето е студено, треба да ја стоплиме храната што сме ја подготвиле претходниот ден. И оброците, иако едноставни, треба да бидат привлечни и вкусни. Особено во семејствата со деца, за сабота треба да се приготви нешто што се смета за почест, нешто што семејството не го јаде секој ден.
Реформата не треба да се одложува онаму, каде што се поттикнуваат лошите навики во исхраната. Треба да се вложат внимателни напори да се зачува преостанатата сила кога, поради преоптоварувањето на желудникот, ќе се јават проблеми со дигестивниот тракт; затоа треба да се отстрани се што претставува дополнителен товар. Желудникот можеби никогаш нема сосема да се опорави од долгорочната злоупотреба; но соодветната исхрана ќе го заштити од натамошно слабеење и многумина повеќе или помалку целосно ќе заздрават. Не е лесно да се пропишат правила, кои ќе бидат соодветни за секого; но, може да се направи голема реформа, доколку се внимава на правилните принципи во исхраната, а готвачката нема да мора постојано да се грижи како да го поттикне апетитот.
Умереноста во исхраната ќе биде наградена со ментална и морална виталност и ќе придонесе за контролирање на страстите. Прејадувањето е особено штетно за оние со бавен темперамент; тие треба да јадат умерено и да се рекреираат. Постојат мажи и жени со извонредни природни способности, кои не постигнуваат ни половина од она што би можеле, кога би имале контрола над апетитот.
Тука паѓаат многу писатели и говорници. Тие, по обилното јадење се фрлаат на работа во седечка положба читање, проучување или пишување не одделувајќи време за рекреација. Како последица на тоа, се попречува слободниот тек на мислата и зборовите. Тие не можат да пишуваат или зборуваат со силата, која е неопходна да го трогне срцето; нивните напори се млитави и бесплодни.
Оние врз кои почиваат сериозни одговорности, а најмногу чуварите на духовните интереси, треба да имаат изострени чувства и брзо запазување. Тие треба да бидат умерени во јадењето повеќе од другите. На нивните трпези не смее да има место за богата и обилна храна.
Луѓето на одговорни места, секојдневно треба да донесуваат важни одлуки од кои зависи многу. Тие често мораат брзо да мислат, а тоа можат да го постигнат само оние што се строго умерени. Умот се зајакнува со соодветен третман на физичките и менталните сили. Доколку не се претерува, со секој нов напор ќе се добива и нова сила. Но, честопати, работата на оние, кои треба да разгледаат значајни планови и донесат важни одлуки е погодена од нивната лоша исхрана. Несредениот желудник доведува до несредена, несигурна состојба на умот. Тоа често предизвикува раздразливост, нетолеранција и неправедност. Многу планови што можеле да бидат благослов за светот, биле оставени настрана и преземени многу неправедни, сурови и угнетувачки мерки, токму поради лошите навики во исхраната.
Еве предлог за сите што работат умствена работа или седејќи; оние што имаат доволно морална храброст и самоконтрола, нека се обидат да го спроведат во дело: При секој оброк земете само два или три вида едноставна храна и не јадете повеќе отколку што е потребно да го задоволите гладот. Вежбајте активно секој ден и ќе видите дека ќе имате придобивки.
На силните мажи, изложени на тешка физичка работа, не им се препорачува да бидат толку внимателни во врска со квантитетот и квалитетот на храната како оние што работат седејќи; но и нивното здравје ќе биде подобро, доколку имаат самоконтрола во јадењето и пиењето.
Некои сакаат да им се пропишат точно одредени правила во врска со исхраната. Тие се прејадуваат, па се кајат поради тоа и постојано мислат на она што го јадат и пијат. Не треба да биде така. Никој не може да пропише точно правило за некој друг. Секој треба да биде разумен и цврст за себе и да се раководи според принципи.
Нашите тела се Христова откупена сопственост и ние не сме слободни да правиме со нив што сакаме. Сите што ги разбираат здравствените закони, треба да ја согледаат својата одговорност да им се покорат на овие од Бога поставени закони во нашето битие. Послушноста на здравствените закони треба да биде наша лична должност. Самите ние ќе треба да ги сносиме последиците од нивното прекршување. Секој за себе мора да одговара пред Бога за своите навики и дела. Затоа не треба да се прашуваме: „Што прави светот?“, туку „Како јас, како единка, треба да постапувам со престојувалиштето што Бог ми го дал?“