Глава 5 Исцелување на душата

Сподели го ова:

Многумина од оние што доаѓале кај Христа за помош, биле самите виновни за својата болест, па сепак, Тој не одбил да ги излекува. А кога во нивните души ќе проникнела сила од Него, тие станувале осведочени за гревот и многу луѓе биле исцелени и од духовните болести, како и од физичките.

Меѓу нив бил и парализираниот од Капернаум. Како лепрозниот и овој човек изгубил секаква надеж дека ќе оздрави. Неговата болест била последица на грешен живот, а страдањата направени погорки заради грижата на совеста. Тој залудно им се обраќал на фарисеите и лекарите барајќи олеснување; тие го прогласиле за неизлечив, го жигосале како грешник и изјавиле дека ќе умре под проклетството на Божјиот гнев.

Парализираниот човек потонал во очајание. А тогаш слушнал за Христовите дела. Други, исто толку грешни и беспомошни како него биле исцелени и тој се охрабрил да верува дека и тој, исто така може да биде исцелен, кога некој би го однел кај Спасителот. Но надежта избледувала, кога ќе се сетел на причината за својата болест. А сепак не можел да ја отфрли можноста за исцелување.

Неговата најголема желба била да се ослободи од бремето на гревот. Тој копнеел да Го види Христа и да прими уверување дека му е простено и дека е помирен со Бога. Тогаш би бил задоволен, без оглед дали ќе живее или ќе умре, според Божјата волја.

Немало веќе време за губење; на неговото тело веќе се покажале знаците на смртта. Најсрдечно ги замолил пријателите да го однесат со постелата кај Христа и тие со задоволство го сториле тоа. Но толпата во и околу куќата во која се наоѓал Исус, била толку голема што болниот и неговите пријатели не можеле да дојдат до Него, па дури ни да Му го слушнат Неговиот глас. Исус поучувал во домот на Петар. Според својот обичај, Неговите ученици седеле во Негова непосредна близина, а „таму седеа фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим.“ (Лука 5:17) Многумина од нив биле дојдени како шпиони, барајќи нешто за да Го обвинат Христа. Зад нив се туркало разновидно мноштво од ревносни, љубопитни и неверни луѓе. Во толпата биле застапени различни националности и сите општествени слоеви „и Господовата сила ги исцелуваше.“ (Стих 17) Духот на Животот лебдел над собирот, но фарисеите и законоучителите не го забележувале Неговото присуство. Тие не чувствувале никаква потреба и за нив немало исцелување. „Гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни.“ (Лука 1:53)

Носачите на парализираниот упорно се обидувале да се пробијат низ мноштвото, но залудно. Болниот човек гледал во нив со неискажлива болка. Како да отстапи од надежта, кога долго очекуваната помош била толку блиску? Затоа им предложил на пријателите да го качат на куќата и пробивајќи го покривот, да го спуштат пред Христовите нозе.

Проповедта била прекината. Спасителот го погледнал тажниот израз на неговото лице и ја видел молбата во очите вперени кон Него. Тој добро го познавал копнежот на оваа обременета душа. Токму Христос ја разбудил неговата совест, уште додека тој лежел во својот дом. Милоста на Спасителот го благословила неговото срце, кога тој се покајал за своите гревови и поверувал дека Христовата сила може да го исцели. Исус гледал како првиот зрак на вера прераснува во убедување дека единствено Тој може да му помогне на грешникот и видел, како тоа се зацврстува со секој напор да дојде во Негово присуство. Токму Христос го привлекол страдалникот кон Себе. И сега со зборови што биле како музика за слушателите, Спасителот рекол: „Не плаши се чедо, ти се простуваат твоите гревови.“ (Матеј 9: 2)

Товарот на вината паднал од душата на болниот. Тој повеќе не можел да се сомнева. Христовите зборови ја откриле Неговата моќ да ги чита срцата. Кој може да ја оспори Неговата моќ да простува гревови? Очајот се сменил со надеж, а потиштеноста со радост. Физичката болка на човекот исчезнала, а целото негово битие се преобразило. Не барајќи ништо повеќе, тој лежел во спокојна тишина, премногу среќен да зборува.

Многумина, со најголем интерес и без здив го следеле ова необично дело. Многу од нив, почувствувале дека Христовите зборови се покана за нив. Зарем не биле и нивните души болни од гревот? Зарем и тие не сакаат да се ослободат од тоа мачно бреме?

Но фарисеите, во страв да не го изгубат влијанието, помислиле: „Што хули Овој на Бога? Кој може да простува гревови, освен единиот Бог?“ (Марко 2:7)

Вперувајќи во нив поглед, пред кој тие исплашено се повлекле, Исус рекол: „Зошто мислите лошо во вашите срца? Или, што е полесно? Да кажам: ‘Ти се простуваат твоите гревови!’ Или да кажам: ‘Стани и оди!?’ Но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да простува гревови.“ Тогаш му рече на фатениот: „Стани земи си ја постелата и оди си дома.“ (Матеј 9:4-6)

Тогаш донесениот на носилка, застана на нозе со еластичност и сила својствени за младоста и веднаш, „штом ја зеде постелата, се појави пред сите така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: ‘Никогаш вакво нешто не сме виделе’!“ (Марко 2:12)

Тоа тело, кое се распаѓало, не можело да го излекува ништо помало од Силата што создава. Оној ист глас, Кој вдахнал живот во човекот, создаден од правот на земјата, вдахнал живот и во овој човек на умирање. И истата онаа сила, која му дала живот на телото, го обновила и неговото срце. Оној што при создавањето „рече и тие настанаа“, Кој „заповеда и се создадоа“ (Псалм 33:9), вдахнал живот во оваа душа мртва во престапи и гревови. Исцелувањето на телото било доказ за силата што го обновила срцето. Христос му заповедал на парализираниот да стане и да оди, „за да знаете, “ рекол Тој, „дека Синот Човечки има власт на земјата да простува гревови.“

Парализираниот, во Христа нашол исцелување за душата и телото. Нему му било потребно духовно здравје, за да може да го вреднува здравјето на телото. Пред да може да биде излекувана телесната болест, Христос мора да донесе ослободување на умот и да ја исчисти душата од гревот. Оваа поука не смее да се изгуби од вид. Денес има илјадници, кои страдаат од некоја физичка болест, кои како парализираниот копнеат за пораката: „Ти се простуваат гревовите“. Токму товарот на гревот, со својот немир и незадоволени желби е темел на нивните болести. Тие не можат да најдат олеснување, се додека не дојдат кај Лекарот на душите. Само мирот што Тој може да го даде, ќе ги обнови силата на умот и здравјето на телото.

Исцелувањето на парализираниот, врз луѓето имало ист ефект како да се отворило небото, откривајќи ја славата на еден подобар свет. Додека исцелениот човек поминувал низ мноштвото, благословувајќи го Бога при секој чекор и носејќи ја постелата како да е пердув, народот се повлекувал правејќи му место. Тие го гледале со стравопочит и тивко си дошепнувале: „Чудни работи видовме денес!“ (Лука 5:26)

Кога парализираниот се вратил кај семејството со леснотија носејќи ја постелата, на која пред кратко време бил полека изнесен, во неговиот дом настанала голема радост. Тие се собрале околу него со солзи радосници, не осмелувајќи се да поверуваат во она што го гледаат. Тој стоел пред нив во сета своја мажевност. Оние безживотни раце, сега брзо се покорувале на неговата волја. Сувата и испукана кожа, сега била свежа и румена. Тој чекорел цврсто и слободно. Од секоја црта на неговото лице се читале радост и надеж, а трагите од гревот и страдањата биле заменети со израз на чистота и спокој. Од тој дом се издигала радосна благодарност и Бог бил прославен преку Својот Син, Кој ја обновил надежта на безнадежниот, и силата на ранетиот. Овој човек и неговото семејство биле подготвени да умрат за Христа. Никаков сомнеж не ја помрачувал нивната вера, никакво неверие не ја валкало нивната преданост кон Оној, Кој донел светлина во нивниот мрачен дом.

„БлаГословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да Го блаГословува НеГовото Свето Име!

БлаГословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај Ги сите Негови добрини, на Оној,

Кој Ги исчистува сите твои безаконија,

Кој Ги исцелува сите твои болести;

Кој Го избавува од пропаст твојот живот…

Како на орел ти ја обновува твојата младост. Господ им дава милост и правда на сите уГнетени… Тој не постапува со нас според нашите беззаконија И не ни плаќа според нашите безаконија…

Како таткото што Ги милува синовите,

Така и Господ Ги милува оние, кои се бојат од НеГо. Зашто Тој Го знае нашиот состав,

Помни дека сме прав.”

(Псалм 103:1-14)

„Сакаш ли да оздравиш?“

„А во Ерусалим, кај Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови. Во нив лежеа мнозина болни, слепи, куци, исушени, кои очекуваа да се раздвижи водата.“ (Јован 5:2-3)

Во одредени периоди водата во бањата се раздвижувала и меѓу народот постоело верување дека тоа е резултат на натприродна сила, и дека секој, кој прв по раздвижувањето на базенот зачекори во водата, ќе биде исцелен од каква и да е болест. Стотици страдалници го посетувале местото, но кога водата ќе се раздвижела, мноштвото било толку големо што луѓето брзајќи кон неа се туркале газејќи мажи, жени и деца, послаби од себе. Многумина не можеле ни да се приближат до базенот. А многу од оние што успевале да дојдат до него, умирале на неговиот раб. Околу базенот биле направени засолништа за да можат болните да се заштитат од дневната горештина и ноќниот студ. Некои, под тие тремови ги поминувале ноќите, лазејќи ден по ден, кон работ на бањата, во залудна надеж за оздравување.

Исус бил во Ерусалим. Одејќи сам во очигледно размислување и молитва, Тој дошол до бањата. Ги видел несреќните луѓе, кои гледале во она што требало да биде единствена можност за нивно излекување. Тој копнеел да ја покаже Својата исцелителна моќ и да го излекува секој од тие страдалници. Но тој ден било сабота. Многу луѓе оделе кон храмот на богослужение и Исус знаел дека таквиот чин на исцелување толку би ги поттикнал предрасудите на Евреите, што би ја прекинале Неговата мисија.

Но Спасителот забележал еден исклучително тежок случај. Тоа бил еден човек, кој веќе триесет и осум години живеел како беспомошен инвалид. Неговата болест во најголем степен била последица од неговите лоши животни навики и на неа се гледало како на Божја казна. Страдалникот поминал многу години во беда, сам и без пријатели, чувствувајки дека е отфрлен од Божјата милост. Некои луѓе се сожалиле над него и го однеле до тремовите, во време, кога се очекувало раздвижување на водата. Но тој немал никој, кој би му помогнал во клучниот момент. Веќе го имал видено раздвижувањето на водата, но никогаш не успеал да стаса подалеку од работ на бањата. Секогаш во неа влегувале други, посилни од него. Кутриот, беспомошен страдалник не бил во состојба да ја издржи толпата, каде што секој се борел за превласт, за влез во водата. Неговите истрајни обиди и постојаните разочарувања, брзо го одземале и остатокот од неговата сила.

Болниот човек лежел на својата простирка, повремено подигајќи ја главата да погледне кон бањата, кога над него се надвисило едно нежно лице полно со сочувство, а зборовите, „Сакаш ли да бидеш здрав?“, го привлекле неговото внимание. Во неговото срце се родила надеж. Тој почувствувал дека ќе му биде помогнато на некој начин. Но новата храброст брзо спласнала. Се сетил колкупати се обидел да стигне до бањата и дека нема големи изгледи да преживее до следното бранување на водата. Затоа безволно се завртел и рекол, „Господине, немам човек, што ќе ме спушти во бањата, кога ќе се раздвижи водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене.“

Исус му заповедал, „Стани, земи ја својата постела и оди.“ (Стихови 6-8) Со нова надеж, болниот човек погледнал кон Христа. Изразот на Неговото лице и тонот на Неговиот глас, не можеле да се споредат со ништо. Од самото Христово присуство, како да извирале љубов и сила. Верата на страдалникот се фатила за

Христовиот збор. Тој одлучил да послуша без двоумење; и кога го сторил тоа, целото негово тело се покорило.

Секој негов нерв и мускул бил исполнет со нов живот и неговите умртвени екстремитети, оживеале во здрава активност. Скокајќи на нозе, тој тргнал по својот пат со цврст и лесен чекор, фалејќи го Бога и радувајќи се на повторно добиената сила.

Исус не му дал никакво уверување во Божјата помош на парализираниот човек. Тој можел да рече: „Господи, доколку ме излекуваш, јас ќе го почитувам Твојот Збор.“ Можел да се двоуми или да се сомнева и со тоа да ја изгуби единствената шанса за оздравување. Но не, тој поверувал во Христовите зборови, поверувал дека може да биде излекуван и без одложување се обидел да стане и Бог му дал сила. Тој имал желба да оди, и проодел. Бил обновен, творејќи го Христовиот Збор.

Преку гревот ние сме одвоени од Божјиот живот. Нашите души се парализирани. Ние со наши сили можеме да живееме свет живот, онолку колку што овој немоќен човек можел да оди. Многу луѓе ја согледуваат својата беспомошност; тие копнеат за духовен живот, кој ќе ги доведе во хармонија со Бога и се напрегаат да го достигнат. Но напразно. Затоа, во очај извикуваат: „Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?“ (Римјаните 7:24) Нека овие снеможени души го вперат погледот нагоре. Спасителот е наведнат над откупените со Неговата крв и со неискажлива нежност и сомилост вели: „Сакаш ли да оздравиш?“ Тој те повикува да станеш во здравје и мир. Не чекај да почувствуваш дека си излекуван. Верувај во зборовите на Спасителот. Одлучи да му служиш и ќе примиш сила делувајќи според Неговата Реч. Колку и да се лоши твоите навики и силни страстите на кои им попушташ толку долго што ти ги оковале душата и телото, Христос може и сака да те ослободи од нив. Тој ќе и даде живот на душата, која е „мртва во престапите.“ (Ефесјаните 2:1) Ќе ги ослободи заробениците оковани во слабост, несреќа и синџири на гревот.

Вкусот на гревот ги затрул изворите на животот. Но Исус вели: „Јас ќе ги земам твоите гревови; ќе ти дадам мир. Јас те купив со Мојата крв. Ти си Мој. Мојата благодат ќе ја зајакне твојата слаба волја; Јас ќе ја отстранам грижата на совеста од тебе.“ Кога ќе те нападнат искушенија, кога ќе те обземат грижи и тешкотии, кога си малодушен и обесхрабрен, готов да паднеш во очајание, погледни кон Христа и темнината што те опкружува, ќе биде растерана од светлината што блескоти од Неговото присуство. Кога гревот се бори за превласт во твојата душа и ја обременува твојата совест, гледај кон Спасителот. Неговата благодат ти е доволна, за да го потчиниш гревот. Нека твоето благодарно срце, кое трепери од несигурност се сврти кон Него. Исус чека да те прими во Своето семејство. Неговата сила ќе ја надомести твојата слабост; Тој ќе те води чекор по чекор. Стави ја својата рака на Неговата, и дозволи Му да те води.

Немој никогаш да чувствуваш дека Христос е далеку од тебе, Тој е секогаш близу. Тебе те опкружува Неговото присуство полно со љубов. Барај го, како некој, кој копнее, да го пронајдеш. Тој не посакува само да се допреш до Неговата облека, туку и да чекориш во постојана заедница со Него.

„Оди и не греши повеќе“

Празникот Сеници штотуку завршил. Ерусалимските свештеници и рабини биле поразени во своите заговори против Христа и кога се спушти вечерта, „секој си отиде во својот дом А Исус отиде на Маслиновата гора.“ (Јован 7:53; 8:1)

Исус се повлекол од градските возбудувања и бркотницата, од нетрпеливото мноштво желно да Го види и слушне и од предавничките и лукави рабини и заминал во тишината на маслиновите дрвја, каде што можел да биде сам со Бога. Но веќе рано наутро се вратил во храмот; и кога луѓето се собрале околу Него, Тој седнал и ги поучувал.

Набргу бил прекинат. Му се приближила една група фарисеи и книжници влечејќи по себе една преплашена жена, која ја обвинувале дека ја прекршила седмата заповед. Туркајќи ја непосредно до Христа, тие со лицемерна почит рекле: „Учителе, оваа жена сега е фатена во прељуба; а Мојсеј во Законот ни заповеда: Такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?“ (Стихови 4, 5) Зад нивната лажна почит се криел заговор за Негова пропаст. Ако Исус ја ослободи оваа жена, ќе биде обвинет дека го презира Мојсеевиот закон. Ако пак изјави дека е достојна за смрт, тогаш ќе биде наклеветен кај Римјаните како некој, Кој го презира авторитетот што им припаѓа единствено ним.

Исус гледал во оваа сцена несреќна жена, која трепери во својот срам, мрачни лица на великодостојниците, лишени од секаква човечка сомилост. Неговиот дух во својата беспрекорна чистота се повлекол од глетката. Не давајќи никаков знак дека Го слушнал нивното прашање, Тој се наведнал кон земјата и почнал да пишува во правот.

Нетрпеливи заради Неговото одложување и очигледната рамнодушност, обвинувачите се приближиле поблиску до Него со цел да Го натераат да обрне внимание на нивната тема. Но, кога нивните очи, следејќи го Исусовиот поглед запреле на плочникот пред Неговите нозе, гласовите им замолкнале. Таму, испишани пред нив, лежеле тајните престапи на нивните сопствени животи.

Не тргајќи го погледот од овие старешини заговорници, Исус станал и рекол: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа“ (Стих 7), и повторно се наведнал и продолжил да пишува.

Тој ниту го отфрлил Мојсеевиот закон, ниту го повредил римскиот авторитет. Обвинителите биле поразени. Сега, кога лажната наметка на светоста била оттргната од нив, тие стоеле виновни и осудени, во присуство на бескрајната чистота. Треперејќи од страв дека нивните скриени беззаконија би можеле да бидат откриени пред присутното мноштво, тие со наведнати глави и спуштени погледи, полека си заминувале, оставајќи му ја својата жртва на милостивиот Спасител.

Исус станал, и гледајќи кон жената, рекол: „Каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди? А таа рече: ‘Никој Господи.’ Тогаш Исус и рече: ‘Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш’.“ (Јован 8:10, 11)

Жената стоела пред Христа, растреперена од страв. Неговите зборови: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа, “ нејзе и звучеле како смртна пресуда. Таа не се осмелувала да ги подигне очите кон Христовото лице, туку тивко ја очекувала својата судбина. Потоа вџашено гледала како нејзините обвинители заминуваат вознемирени и без збор. А тогаш до нејзиното уво допреле овие прекрасни зборови на надеж: „Ни Јас не те осудувам. Оди и не греши повеќе.“ Нејзиното срце се растопило и паѓајќи пред Христовите нозе со горчливи солзи, таа липајќи и со благодарна љубов ги исповедала своите гревови.

За неа тоа бил почеток на еден нов живот, живот во чистота и мир, посветен на Бога. Исчистувајќи ја оваа падната душа, Исус направил поголемо чудо, отколку исцелувајќи болни од најстрашни физички болести. Тој излекувал духовна болест, која води во вечна смрт. Оваа жена што се покајала, станала еден од Неговите најпостојани следбеници. Таа ја покажала својата благодарност поради љубовта, која простува, со самопожртвувана љубов и преданост. За оваа грешна жена светот имал само презир и потсмев, но Безгрешниот се смилувал на нејзините слабости и и подал рака на помош. Додека лицемерните фарисеи ја осудувале, Исус и рекол: „Оди и не греши повеќе.“

Исус ги познава околностите на секоја душа. Колку е поголема вината на грешникот, толку е поголема и неговата потреба од Спасителот. Неговото срце исполнето со Божјата љубов и сочувство е најсилно привлечено кон оние, кои се речиси без надеж, фатени во стапицата на непријателот. Тој со Својата сопствена крв го потпишал документот за ослободување на човечкиот род.

Исус не сака оние што се откупени по толку висока цена да станат забава на искушенијата од непријателот. Тој не сака да бидеме победени и изгубени. Оној, Кој ги скротил лавовите во нивната јама и Кој со Своите верни сведоци чекорел среде огнените пламени, и денес е подготвен да работи во наша полза и да го искорени секое зло од нашата природа. Тој денес стои пред олтарот на милоста, изнесувајќи ги пред Бога молитвите на оние, кои ја бараат Неговата помош. Тој не одбива никој што е со скрушен дух и што плаче. Тој изобилно ќе им прости на сите што доаѓаат кај Него да бараат простување и обновување. Исус никому не му кажува се што би можел да му открие, туку настојува да влее храброст во секоја растреперена душа. Секој што сака, може да се потпре на Божјата сила и да склопи мир со Него, и ќе склопи мир со Него.

Исус ги издигнува над обвинувањата и расправиите на злите јазици, душите што бараат прибежиште кај Него. Овие души не можат да ги обвинат ниту луѓето, ниту злите ангели. Христос нив ги соединува со Својата Божествено-човечка природа. Тие стојат во светлината што излегува од Божјиот престол, покрај големиот Носител на гревот.

Крвта на Исуса Христа чисти „од секаков грев.“ (1. Јован 1:7)

„Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог е Тој, Кој ги оправдува! Кој е тој што ќе ги суди? Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога, и се застапува за нас?“ (Римјаните 8:32-34)

Исус покажал дека има апсолутна контрола над ветровите, брановите и луѓето опседнати со демони. Истиот Оној, Кој ја стивнал бурата и го скротил разбранетото море, внесувал и мир во растроениот и вознемирен дух на совладаните од сатаната.

Исус зборувал за Својата мисија да ги ослободи робовите од гревот во синагогата во Капернаум. Но го прекинал еден ужасен вресок. Од мноштвото излегол човек со нечист дух, извикувајќи: „Што имаш Ти со нас, Исусе од Назарет! Си дошол ли да не погубиш? Те знам Кој си Ти, Божји Светец!“ (Марко 1:24)

Исус го укорил демонот, наредувајќи му: „Молкни и излези од него! Па откако го совлада насреде, злиот дух излезе од него и ништо лошо не му направи.“ (Лука 4:35)

И кај овој човек, причината за неговата несреќа лежела во неговиот живот. Тој бил заслепен од задоволствата на гревот и сакал целиот свој живот да го претвори во една голема забава. Неумереноста и лекомисленоста ги изопачиле сите благородни карактеристики на неговата природа и сатаната потполно завладеал со него. Каењето дошло премногу доцна. Сега тој со најголемо задоволство би ги жртвувал богатството и уживањето за да ја поврати својата изгубена мажевност, но бил потполно немоќен во канџите на злиот дух.

Кога се нашол во присуството на Спасителот, кај него се разбудил копнеж за ослободување, но демонот се спротивставил на Христовата сила. Така, кога човекот се обидел да се обрати кон Христа за помош, злиот дух ставил свои зборови во неговата уста и во агонијата на стравот, тој викал од сиот глас. Опседнатиот делумно сфатил дека се наоѓа во присуството на Оној, Кој може да го ослободи; но, кога се обидел да се приближи до таа моќна рака, бил задржан од силата на непријателот, кој изговарал свои зборови преку него.

Борбата била страшна меѓу силата на сатаната и неговиот копнеж за ослободување. Се чинело дека измачениот човек ќе мора да го изгуби животот во борбата со непријателот, кој ја упропастил неговата мажевност. Но, Спасителот проговорил со авторитет и го ослободил заробениот. Сега овој човек што бил опседнат од зол дух, стоел слободен и сталожен пред вчудовидените луѓе.

Тој со радосен глас го фалел Бога заради своето ослободување. Очите што пред малку биле заслепени од огнот на лудило, сега блескале во бистрината на разумот, полнејќи се со благодарни солзи. Луѓето занемеле од восхит и, доаѓајќи при себе, велеле: „Што е ова!? Ново учење со власт; Тој и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат!“ (Марко 1:27)

И денес постојат многумина кои, како опседнатиот од Капернаум, се наоѓаат под власта на злите духови. Сите луѓе, кои своеволно ќе се оддалечат од Божјите заповеди, се ставаат себеси под контрола на сатаната. Многумина попуштаат пред искушенијата на непријателот, мислејќи дека ќе можат да престанат со таквото задоволство, кога ќе посакаат; но стануваат се повеќе и повеќе вовлечени во него, се додека не сфатат дека ги контролира волја, која е посилна од нивната. Не можат да побегнат од таа мистериозна сила. Тајниот грев или некоја силна страст можат од него да направат исто толку беспомошен роб, колку што бил опседнатиот од Капернаум.

Сепак, нивната состојба не е безнадежна. Бог не ги контролира нашите умови без наша согласност; но секој човек е слободен да ја избере силата што ќе владее со него. Никој не паднал толку длабоко и никој не е толку лош, за да не може да најде ослободување во Христа. Опседнатиот, наместо молитва, можел да ги изговори само зборовите на сатаната; па сепак, бил слушнат неискажаниот повик на неговата душа. Ниту еден крик на душата, која има потреба, дури и ако не е искажан со зборови, нема да остане неслушнат. Оние што ќе се согласат да стапат во заветен однос со Бога, нема да бидат препуштени ниту на сатанската сила, ниту на слабостите на сопствената природа.

„Може ли да се одземе плен од силен, и можат ли да се одземат заробени од победникот? Да, така вели Господ: ‘И заробен од јунак ќе биде одземен, и грабежот од тиранинот ќе биде вратен; зашто Јас се борам со твоите противници и ќе Ги спасам твоите синови’.“ (Исаија 49:24, 25)

„Јас ви давам власт“

Како и дванаесетте апостоли и седумдесетте ученици што Христос подоцна ги испратил, ги примиле истите натприродни дарови како печат на нивната мисија. Кога нивната работа била завршена, тие радосно се вратиле, велејќи: „Господи, во Твое име дури и демоните ни се покоруваат.“ А Исус им рекол: „Го видов сатаната, како падна од небото како молња.“ (Лука 10:17, 18)

Оттогаш, следбениците на Христа треба да го сметаат сатаната за веќе победен непријател. На крстот, Исус требал да извојува победа за нив; Тој сакал тие да ја прифатат таа победа како своја. „Еве“ рекол Тој, „ви давам власт да газите на змии и скорпии, и власт над секаква непријателска сила; и ништо нема да ви наштети.“ (Стих 19)

Семоќната сила на Светиот Дух е одбраната на секоја покајничка душа. Никој, кој во покајание и со вера ја бара Неговата заштита, нема, со Христова помош да подлегне под силата на непријателот. Вистина е дека сатаната е моќно суштество; но благодарение на Бога, ние имаме моќен Спасител, Кој го исфрлил злиот непријател од небото. Сатаната е задоволен, кога ние ја преувеличуваме неговата сила. Зошто да не зборуваме за Христа? Зошто да не ги воздигнуваме Неговата Моќ и Неговата Љубов?

Виножитото на ветувањето, кое го опкружува престолот на височините е вечно сведоштво дека „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот.“ (Јован 3:16) Тоа сведочи пред целата вселена дека Бог никогаш нема да ги напушти Своите деца во борбата со злото. Тоа е гаранција на Божјата заштита и сила, се додека постои и самиот престол.

Сподели го ова:

Слични објави