Глава 31 Мајката

Сподели го ова:

Децата ќе бидат во голема мерка она што се нивните родители. Физичката состојба на родителите, нивните склоности и желби, нивните ментални и морални склоности, во поголема или помала мерка се репродуцираат во нивните деца.

Колку се поблагородни целите, колку е повисок менталниот и духовниот мираз и колку се поразвиени физичките сили на родителите, толку тие подобро ќе ги опремат своите деца за живот. Негувајќи го она што е најдобро во нив, родителите влијаат на формирањето на општеството и на издигнувањето и воспитувањето на идните генерации.

Татковците и мајките треба да ја согледаат оваа одговорност. Светот е полн со сопки за чекорите на младите. Многумина ги привлекува животот исполнет со себични и телесни задоволства. Тие не можат да ги согледаат скриените опасности, ниту страшниот крај на патеката, која за нив изгледа како пат кон среќата. Тие ја трошат својата енергија во попуштање на апетитот и страстите и на тој начин милиони се изгубени за овој и за светот што ќе дојде. Родителите не смеат да заборават дека нивните деца мораат да се сретнат со овие искушенија. Уште пред раѓањето на детето треба да започне подготовката што на родителите ќе им овозможи успешно да се борат во битката против злото.

Оваа одговорност посебно почива врз мајката. Таа, од чија крв се хранело детето и во чие тело се изградувало во него вградува и ментални и духовни влијанија што водат кон формирање на умот и карактерот. Тоа го правела еврејската мајка Јохаведа, која го родила Мојсеј, ослободувачот на Израел била силна во верата и „не се исплаши од царската заповед.“ (Евреите 11:23) Тоа го правела и Ана, жената посветена на молитва и самооткажување, која го родила Самоил детето поучувано од небото, непоткупливиот судија, основоположникот на Израелските свети училишта.

Умереност и самоконтрола

Внимателноста со која мајката треба да ги чува своите животни навики е опишана во Светото Писмо. Кога Господ требал да го подигне Самсон како ослободител на Израел, „Господов Ангел“ и се јавил на мајката со посебни упатства како во поглед на нејзините навики, така и во поглед на воспитувањето на нејзиното дете. „Нека се чува… не пиј вино и сикер и не јади ништо нечисто.“ (Судии 13:13, 7)

Многумина сметаат дека преднаталните влијанија не се многу важни; но Небото не вели така. Пораката донесена од Господов ангел и повторена два пати, покажува дека таа го заслужува нашето најголемо внимание.

Во зборовите упатени до оваа еврејска мајка, Господ им се обратил на сите мајки од секое време. „Нека се чува“, рекол ангелот; „и да внимава на се што и заповедав.“ Благосостојбата на детето, ќе биде погодена од навиките на мајката. Нејзините апетити и страсти треба да бидат контролирани од принципите. Таа треба да се откаже од нешто, да се спротивстави на нешто, доколку сака да ја исполни намерата што Бог ја имал за неа, кога ја благословил со дете. Ако таа си попушта себеси пред раѓањето на детето, ако е себична, нетрпелива и полна со барања овие црти ќе се одразат во склоностите на детето. На тој начин, уште при раѓањето многу деца наследиле речиси непобедливи склоности кон злото.

Но ако мајката непоколебливо се држи до добрите принципи, ако е умерена и пожртвувана, ако е љубезна, пријатна и несебична, таа може да ги пренесе овие скапоцени карактерни црти на своето дете. Заповедта, која на мајката и забранува употреба на вино е многу јасна. Секоја капка жесток пијалок што таа ќе ја земе за да го задоволи апетитот, го загрозува физичкото, менталното и моралното здравје на нејзиното дете и претставува отворен грев против Создателот.

Има многу советници што тврдат дека секоја желба на идната мајка треба да биде задоволена; односно, дека доколку таа посака некој прехранбен артикл, без оглед колку е штетен, треба да и се дозволи слободно да ужива во него. Ваквиот совет е лажен и злонамерен. Физичките потреби на идната мајка не смеат во никој случај да бидат запоставени. Од неа зависат два живота и ние треба да имаме нежно разбирање за нејзините желби и великодушно да ги исполнуваме нејзините потреби. Но во овој период, повеќе од кога било, таа треба да избегнува во исхраната и во се друго, се што може да ги ослабне физичките или менталните сили. Со заповед од самиот Бог, нејзе и е наложена најсвета обврска да воспостави самоконтрола.

Прекумерна работа

Силата на идната мајка мора грижливо да се чува. Наместо да ги троши своите скапоцени сили на исцрпувачка работа, нејзината грижа и товар треба да бидат олеснети. Мажот и таткото на идното дете, честопати не е доволно запознаен со физичките закони што мора да ги разбере за доброто на своето семејство. Потонат во борбата за заработување на финансиски средства за живот, или изгубен во создавањето богатство, притиснат со грижи и проблеми, тој врз рамениците на неговата жена, идната мајка, остава товар, кој ги надминува нејзините сили во овој најкритичен период. Тоа предизвикува слабост и болест.

Многу мажи и татковци би можеле да извлечат добра поука од грижливоста на верниот пастир Јаков, кој, кога го принудувале на брз и тежок пат, одговорил:

„Овие деца се мали, а имам и овци и крави доилки… ќе ми изгине сето стадо… Јас ќе одам полека, колку што можат децата и добитокот пред мене.“ (Битие 33:13, 14)

На тешкиот животен пат, мажот и татко треба да оди „полека,“ колку што може да издржи неговиот животен сопатник. Нека нау-

чи да ги забави своите чекори среде оваа светска трка за богатство и моќ, за да ја утеши и поддржи онаа, која е повикана да чекори покрај него.

Веселост

Идната мајка треба да негува ведрина, среќа и добро расположение. Секој напор во оваа насока изобилно ќе и се врати преку физичката цврстина и моралниот карактер на нејзиното дете. Ведриот дух ќе поттикне среќа во нејзиното семејство и во многу голем степен ќе го подобри нејзиното здравје.

Мажот треба да и помага на жената со сочувство и искрена наклонетост. Ако сака таа да биде свежа и задоволна, за да биде зрак од сонце во нивниот дом, тој треба да и помогне да го носи нејзиното бреме. Неговата љубезност и нежна учтивост за неа ќе бидат скапоцено охрабрување; и среќата што тој и ја дава, ќе донесе радост и ведрина и во неговото срце.

Оној маж и татко што е намуртен, себичен и со претерани барања, не само што е самиот несреќен, туку внесува темнина во сите жители во домот. Тој ќе ги пожнее резултатите од она што го посеал, во тоа што ќе ја гледа својата жена малодушна и болежлива и децата извалкани со неговиот непријатен карактер.

Ако на идната мајка и се ускратени грижата и удобноста што треба да ги има, ако и се допушта да се истоштува од прекумерна работа или незадоволство и мачнина, нејзиното дете ќе биде лишено од витална сила, ментална еластичност и ведро напредување, кои треба да ги наследи. Би било далеку подобро да го направиме животот на идната мајка светол и весел, да ја заштитиме од скудност, тешка работа, депресивни грижи и да му дозволиме на детето да наследи добра телесна градба, за да може да си го пробива патот низ животот со сопствени енергични напори.

Честа и одговорностите на таткото и мајката се големи, тие треба да застанат на местото на Бога за своите деца. Нивниот карактер, нивниот секојдневен живот, методите со кои ги воспитуваат ќе им ги доближат Неговите зборови на малечките. Нивното влијание ќе ја задобие или уништи довербата на детето во Божјата сигурност.

Предимството на родителите во воспитувањето на децата

Среќни се оние родители чиишто животи се вистински одраз на Божеството, така што Божјите ветувања и заповеди кај нивното дете ќе разбудат благодарност и понизност; родителите со чија нежност, праведност и долготрпение му ја прикажуваат на детето Божјата љубов, правда и долготрпеливост; и кои, учејќи го детето да ги сакаат, почитуваат и слушаат, го учат да Го сакаат, почитуваат и слушаат Небесниот Татко. Родителите што ќе вградат ваков дар во своето дете, му подариле богатство поскапоцено од богатствата на сите векови богатство, кое е постојано како вечноста.

За секое дете доверено на нејзината грижа, секоја мајка има посебна задача дадена од Бога. „Земи го овој син, оваа ќерка,“ вели Тој, „воспитај го за Мене; дај му благороден карактер како за во дворец, за да може вечно да свети во Господовите дворови.“

Нејзината работа, на мајката често и изгледа како неважна служба. Таа работа не се цени многу. Другите знаат малку за нејзините грижи и тешкотии. Нејзините денови се исполнети со постојан круг мали должности што бараат големо трпение, самоконтрола, тактичност, мудрост и пожртвувана љубов; па сепак, таа не може да се пофали дека постигнала нешто големо. Таа само се грижела се во домот да тече мирно; честопати загрижена и во дилема, се обидувала да им зборува љубезно на своите деца, да ги одржи активни и среќни и да ги насочи малите нозе кон вистинската патека. Таа чувствува дека не постигнала ништо. Но не е така. Небесните ангели ја гледаат нежната и грижлива мајка, забележувајќи ги бремињата што секојдневно ги носи. Нејзиното име можеби нема да биде славно во светот, но е запишано во книгата на животот што се наоѓа кај Јагнето.

Можностите на мајката

Има Бог на Небото и светлината и славата од Неговиот престол сјае над верната мајка, додека таа се обидува да ги воспита своите деца да му се спротивстават на влијанието на злото. Ниту една работа нема еднаква важност како нејзината. Таа не треба да наслика нешто убаво на платно како сликарот, ниту да го издлаби тоа во мермер како вајарот. Таа не треба да ги преточи своите благородни мисли во моќни зборови како писателот, ниту да ги изрази прекрасните чувства преку мелодија како музичарот. Нејзината работа е со Божја помош, да развие сличност со Божеството во човечката душа.

Мајката, која го цени ова, ќе ги смета своите можности за бесценети. Искрено ќе бара, со својот сопствен карактер и со методите на воспитување да го претстави пред децата највисокиот идеал. Таа искрено, трпеливо и храбро ќе опстојува во подобрувањето на личните способности, за да може правилно да ги искористи највозвишените сили на умот, во воспитувањето на своите деца. На секој чекор искрено ќе испитува: „Што рекол Бог?“ Вредно ќе ја испитува Божјата Реч. Ќе ги држи своите очи вперени во Христа, така што нејзиното секојдневно искуство, во ограничениот круг на грижи и должности, ќе може да биде верен одраз на единствениот вистински Живот.

Сподели го ова:

Слични објави