Глава 20 Општа хигиена

Сподели го ова:

Сознанието дека човекот е Божји храм, престојувалиште во кое се открива Неговата слава, треба да биде најголем поттик за грижата и развојот на нашите физички сили. Бог грижливо и верно го создал човечкиот организам и Тој не обврзува да го проучуваме, да ги разбереме неговите потреби и да ја исполниме нашата улога во заштитата од она што му наштетува и го понижува.

Циркулација на крвта

За да имаме добро здравје, мораме да имаме добра крв, затоа што крвта е река на животот. Таа го надоместува истрошеното и го храни нашето тело. Таа донесува живот и виталност до секој дел од нашиот организам, кога е задоволена со соодветни хранливи елементи и прочистена и засилена од допирот со свежиот воздух. Колку е подобра нејзината циркулација, толку подобро таа ќе ја изврши својата задача.

При секое отчукување на срцето, крвта треба лесно и брзо да помине низ секој дел од телото. Нејзиното циркулирање не смее да биде отежнато со тесна облека или стегање, или пак со недоволно затоплување на екстремитетите. Се што ја попречува циркулацијата, ја потиснува крвта назад во виталните органи што доведува до нејзино натрупување. Како резултат на тоа, честопати се јавуваат главоболка, кашлица, срцебиење или лошо варење на храната.

Дишење

За да имаме добра крв, ние мораме правилно да дишиме. Длабокото вдишување чист воздух што ги исполнува белите дробови со кислород ја прочистува крвта. Тоа и дава на крвта светла боја и како животворна река ја испраќа до сите делови на телото. Доброто дишење ги смирува нервите; го стимулира апетитот, го потпомага варењето и дава здрав, окрепувачки сон.

На белите дробови треба да им се овозможи најголемата можна слобода. Слободната активност го развива нивниот капацитет, кој се намалува доколку се притиснати или стегнати. Вообичаеното седење во наведната положба е мошне штетно. Во таква положба е невозможно да се диши длабоко. Наскоро, плиткото дишење станува навика и белите дробови ја губат својата способност да се шират. Сличен ефект се предизвикува и со силното стегање на градите. На долниот дел од градите не им се остава доволен простор; абдоменалните мускули што се дизајнирани да помагаат при дишењето, не ја извршуваат во потполност својата задача и белите дробови се ограничени во своето делување.

На тој начин не добиваме доволно кислород. Крвта тече низ вените забавено. Се задржуваат отпадните, отровни материи што требале да бидат исфрлени при издишувањето, а крвта станува нечиста. Со ова не се погодени само белите дробови, туку и стомакот, црниот дроб и мозокот. Кожата станува жолтеникава, варењето забавено; срцето ослабнува; мозокот е замрачен; мислите збркани; духот го обземаат тага и раздразливост; целиот организам е под притисок и неактивен и особено подложен на болести.

Белите дробови постојано исфрлаат нечистоии и треба да имаат постојан дотур на свеж воздух. Нечистиот воздух не го обезбедува потребното количество кислород и крвта поминува непрочистена низ мозокот и другите органи. Затоа е неопходно добро проветрување. Животот во затворени, лошо проветрени простории, во кои воздухот е истрошен и загушлив, го ослабнува целиот организам. Тој станува особено чувствителен на студ и се разболува дури и при најмало изложување. Многу жени се бледи и слаби токму поради постојаниот престој во затворени простории. Тие повторно и повторно го вдишуваат истиот воздух, се додека тој не стане полн со отровни честички исфрлени преку белите дробови и порите на кожата, поради што нечистотијата повторно се враќа во крвта.

Проветрување и сончева светлина

При конструирањето згради за јавна употреба или живеење, треба да се поведе сметка тие да имаат добра вентилација и многу сончева светлина. Црквите и училниците често заостануваат во овој поглед. Занемарувањето на соодветната вентилација е многу одговорна за слабата концентрација и здодевноста, кои го уништуваат ефектот на многу проповеди и ја отежнуваат работата на учителот.

Колку е тоа можно, сите згради наменети за живеење треба да бидат подигнати на високо, добро исушено тло. Со тоа, нашите домови ќе бидат суви и ќе се спречи опасноста од болести предизвикани од влага и штетни испарувања. На ова прашање често се гледа со недоволна сериозност. Поради влагата и маларијата на ниските места, многумина биле со хронично нарушена здравствена состојба, сериозно болни, па дури и умреле.

Од особена важност е при градбата на куќите да се обезбеди целосна вентилација и многу сончева светлина. Во секоја соба треба да има проток на воздух и сонце. Спалните соби треба да бидат поставени, така што ќе имаат деноноќен проток на воздух. Ниту една просторија не смее да биде наменета за спална соба, доколку не може да биде изложена на сонце и воздух во текот на целиот ден. Во повеќето земји, спалните треба да имаат уреди за загревање, кои добро ќе ги затоплат и ќе ја исушат влагата во текот на студеното или влажно време.

На гостинските соби треба да им се посвети подеднакво внимание како на собите наменети за постојана употреба. Како во другите спални соби и во неа треба да има доволно воздух, сонце и уред за загревање, кој ќе ја исуши влагата што секогаш се јавува во простории што не се употребуваат постојано. Секој што спие во темна просторија, или во недоволно проветрена и сува постела, го ризикува сопственото здравје, а често и својот живот.

Многу луѓе внимателно се грижат за цвеќињата или растенијата во своите домови. Стакленикот или прозорецот наменет за таа употреба е топол и сончев; бидејќи без топлина, воздух и сонце растенијата нема да живеат и да напредуваат. Ако е ова потребно за животот на растенијата, колку е тогаш понеопходно за нашето и здравјето на нашите семејства и гости!

Ако сакаме нашиот дом да биде здраво и среќно место, ние мораме да го поставиме над влагата и маглата на ниските предели и да овозможиме слободен пристап на животворните небесни дарови. Растргнете ги тешките завеси, отворете ги капаците и прозорците, не дозволувајте да ги засенчува никаков бршлен, без оглед на неговата убавина; не садете дрвја толку блиску до куќата што ќе му оневозможат пристап на сонцето. Завесите и мебелот можеби ќе избледат од сонцето и рамките на сликите ќе потемнат; но тоа ќе донесе здрав сјај на детските образи.

Оние што се грижат за постарите лица, треба особено да внимаваат тие да имаат добро затоплени, удобни соби. Виталноста исчезнува со одминувањето на годините, а со тоа се намалува и способноста за борба со нездравите влијанија; затоа старите имаат поголема потреба од сонце и свеж, чист воздух.

Бескомпромисната чистота е од суштествена важност како за физичкото, така и за менталното здравје. Од телото, преку кожата постојано се исфрлаат нечистотии. Нејзините милиони пори, брзо се затнуваат, доколку не се одржуваат чисти со често капење; на тој начин нечистотијата што требала да излезе преку кожата, станува дополнителен товар на другите органи за излачување.

Повеќето луѓе ќе имаат полза од студена или умерено топла бања секој ден, наутро или навечер. Наместо да ја намалува отпорноста кон настинки, добрата бања не заштитува од нив, бидејќи ја подобрува циркулацијата на крвта; крвта излегува до површината и нејзиниот проток станува полесен и подобар. Притоа заживуваат и умот и телото. Мускулите стануваат поеластични, а разумот побистар. Бањата ги смирува нервите. Ја потпомага работата на цревата, стомакот и црниот дроб, давајќи им здравје и енергија; а го подобрува и варењето.

Исто толку важна е и хигиената на алиштата. Облеката што ја носиме ги впива отпадните материи што излегуваат преку порите; ако таа не се менува и пере доволно често, нечистотиите ќе бидат повторно апсорбирани во организмот.

Секој вид нечистотија води кон болест. Микробите на смртта престојуваат во темните, запоставени ќошиња, во остатоците што се распаѓаат, во влагата и мувлата. Не смееме да дозволиме отпадоци од овошје и зеленчук, ниту паднати лисја да се распаѓаат блиску до куќата и да го загадуваат воздухот. Во домот не смее да се толерира ништо нечисто или распадливо. Во градовите што биле сметани за совршено здрави, се појавиле многу епидемии на треска, како резултат на распадливи материи околу домовите на некои небрежни домаќини.

Совршената хигиена, изобилната сончева светлина, грижливото одржување на секој дел од куќата, се од суштествена важност за ослободување од болестите, како и за расположението и виталноста на домашните.

Сподели го ова:

Слични објави