Глава 38 Важност на потрагата по вистинското знаење

Сподели го ова:

Треба појасно да разбереме што се е вклучено во големата борба во која и ние учествуваме. Мораме поцелосно да ја согледаме важноста на вистините од Божјата Реч и опасноста што ни се заканува, доколку му дозволиме на големиот измамник да не одврати од нив.

Неизмерната вредност на жртвата, која била потребна за нашето откупување, го открива фактот дека гревот е ужасно зло. Целиот човечки организам е пореметен, умот изопачен, а фантазијата расипана од гревот. Гревот ги намалил и способностите на душата. Надворешните искушенија наоѓаат плодна почва во срцето и нозете незабележливо се свртуваат кон злото.

Колку што била потполна жртвата во наша полза, толку потполно треба да биде и нашето обновување од понижувањето на гревот. Божјиот закон нема да оправда ниту едно лошо дело; ниту една неправда нема да го избегне Неговото осудување. Етиката на Евангелието не признава друг стандард освен совршеноста на Божјиот карактер. Христовиот живот бил целосно исполнување на секој дел од законот. Тој рекол: „Јас ги одржав заповедите на Мојот Татко“ Неговиот живот е наш пример за послушност и служба. Само Бог може да го обнови срцето. „Зашто Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја.“ Но ние сме обврзани да „го градиме нашето спасение.“ (Јован 15:10; Филипјаните 2:13, 12)

Работа за која треба да размислуваме

Погрешното не може да се исправи, ниту реформата на однесувањето може да биде направена со неколку слаби, повремени напори. Изградбата на карактерот е работа не само за еден ден, не само за една година, туку за цел живот. Борбата да се победиме себеси, да добиеме светост и вечен живот е борба што се води цел живот. Без постојани напори и непрекината активност, нема да можеме да напредуваме кон Божествениот; Небесниот живот со Бога, ниту да ја добиеме победничката круна.

Најсилниот доказ за падот на човекот од повисока положба е фактот дека неговото враќање чини толку многу. Патот кон дома може да биде освоен само со напорна борба, педа по педа, час по час. Ние можеме да се ставиме под власта на злото во само еден миг, со една избрзана, невимателна постапка; но потребно е многу повеќе од миг, за да се скршат синџирите и да се досегне посвет живот. Можеме да си одредиме цел и да започнеме со работа; но постигнувањето на целта бара напори, време, истрајност, трпение и жртва.

Не смееме да си дозволиме да делуваме импулсивно. Не смееме да бидеме невнимателни ниту за миг. Изложени на безбројни искушенија, ние мораме цврсто да се спротивставиме, или ќе бидеме победени. Ќе биде вечна загуба, доколку стасаме до крајот на нашиот живот со незавршена работа.

Животот на апостол Павле бил постојана борба со себеси. Тој рекол: „Секој ден умирам.“ (1. Коринтјаните 15:31) Неговата волја и желбите секој ден се бореле со должноста и волјата на Бога. Наместо да ги следи своите желби, тој, кога ќе погледнел наназад кон своите битки и победи, можел да рече: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив. Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија.“ (2. Тимотеј 4:7, 8)

Христијанскиот живот е борба и напредување. Тоа е борба во која нема опуштање; напорите мораат да бидат постојани и истрајни. Мораме да се стремиме кон христијански интегритет со неодолива енергија и да се одржиме, така што ќе бидеме постојано насочени кон целта.

Никој нема да биде роден одозгора без непоколебливи, истрајни напори од своја страна. Сите мораат да се вклучат во таа битка за себеси; никој не може да ги бие нашите битки. Секој од нас е лично одговорен за својата борба. Ниту Ное, Јов или Даниел, кога сега би биле на земјата, не би можеле да го спасат синот или ќерката со својата праведност.

Науката што треба да се совлада

Во христијанството постои наука, која треба да се совлада наука, која е толку подлабока, поширока и повисока од секоја човечка наука, колку што е небото повисоко од земјата. Умот треба да се дисциплинира, воспита и обучи; зашто ние треба да Му служиме на Бога, на начин што не е во согласност со нашите вродени склоности. Наследените и стекнати склоности кон злото мораат да бидат победени. За некој да може да стане ученик во Христовото училиште, тој, честопати мора да го отфрли целото свое воспитување. Нашето срце мора да научи да стои цврсто во Бога. Треба да изградиме навики на размислување, кои ќе ни овозможат да му се спротивставиме на злото. Мораме да научиме да гледаме нагоре. Мораме да ги разбереме принципите на Божјата Реч принципи високи колку небото, кои досегаат до вечноста и да ги применуваме во секојдневниот живот. Секоја постапка, секој збор, секоја мисла треба да биде во согласност со овие принципи. Се мора да биде доведено во хармонија со Христа и да му биде Нему потчинето.

Скапоцената милост на Светиот Дух не се развива за еден миг. Храброста, духовната сила, кроткоста, верата, непоматената верба во Божјата спасителна моќ се стекнуваат со повеќегодишно искуство. Божјите деца треба да ја запечатат својата судбина со живот исполнет со свети стремежи и непоколеблива приврзаност.

Нема време за губење

Ние немаме време за губење. Не знаеме колку брзо ќе истече времето на милоста за нас. Во најдобар случај, го имаме само краткиот живот на оваа земја и не знаеме колку скоро стрелата на смртта ќе го погоди нашето срце. Не знаеме колку скоро ќе бидеме повикани да се откажеме од светот и сите негови интереси. Пред нас се протега вечност. Завесата само што не се кренала. Само неколку кратки години и за сите што сега се вбројуваат меѓу живите, ќе биде изречена неотповикливата одлука:

„Кој чини неправда, нека чини уште неправда; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини уште правда; и кој е свет, нека се осветува уште.“ (Откровение 22:11) Дали сме подготвени? Дали сме Го запознале Бога, Владетелот на небото, Законодавецот и Исуса Христа, Кого Тој Го испратил на овој свет како Свој претставник? Кога нашето животно дело ќе заврши, дали ќе можеме како Христос нашиот пример, да кажеме: „Јас Те прославив на земјата; го извршив делото, што Ти си Ми го дал… Го јавив Твоето Име?“ (Јован 17:4-6)

Божјите ангели се обидуваат да не одвлечат од самите нас и земните нешта. Да не дозволиме напразно да се трудат.

Умовите што се предаваат на безвредни мисли, треба да се сменат. „Препашете ги бедрата на вашиот ум, бидете трезвени, имајте полна надеж во благодатта, која ќе ви биде донесена при откровението на Исуса Христа; како послушни чеда, не управувајте се според некогашните страсти, кои ги имавте во своето незнаење, туку според Светецот, Кој ве повика, бидете и самите свети во целото свое држење, зашто е напишано: ‘Бидете свети, зашто Јас Сум свет’.“ (1. Петар 1:13-16)

Мислите треба да бидат насочени кон Бога. Ние мораме да вложиме искрени напори да ги надминеме злите тенденции на нашето природно срце. Нашите напори, нашето самооткажување и издржливоста мораат да бидат во сооднос со непроценливата вредност на она, кон што се стремиме. Само доколку победиме како што победил Христос, ќе можеме да ја освоиме круната на животот.

Потреба од самооткажување

Најголемата опасност за човекот е да се измами самиот себеси дека си е доволен и на тој начин да се оддели од Бога, изворот на сета сила. Нашите природни тенденции доколку не се исправени од Божјиот Свет Дух, во себе носат семе на морална смрт. Ако не станеме витално поврзани со Бога, нема да можеме да им се спротивставиме на несветите влијанија кон попуштањето на себеси, љубовта кон себеси и наведувањата на грев.

За да примиме помош од Христа, ние мораме да бидеме свесни за нашите потреби. Мораме вистински да се познаваме. Христос може да го спаси само оној што знае дека е грешник. Само доколку ја согледаме нашата потполна беспомошност и ја отфрлиме самодовербата, ќе можеме да се потпреме на Божјата сила.

Ваквото откажување од нашето „Јас“, не треба да се направи само на почетокот на христијанскиот живот. Тоа треба да се обновува при секој чекор со кој се приближуваме кон Небото. Сите наши добри дела, зависат од сила што е надвор од нас; затоа нашето срце мора постојано да посега кон Бога, постојано искрено да ги признава своите гревови и да ја понижи душата пред Него. Опасностите се околу нас и ние сме сигурни, само доколку ја чувствуваме сопствената слабост и со рацете на верата се фатиме за моќниот Избавител.

Христос главен извор на вистинското знаење

Мораме да се одвратиме од илјадници прашања што го привлекуваат нашето внимание. Некои теми одземаат време и ја будат нашата љубопитност, но всушност не водат никаде. Највисоките интереси ги бараат нашето најголемо внимание и енергија, кои толку често се посветуваат на безначајни нешта.

Прифаќањето нови теории, само по себе не донесува нов живот во душата. Дури и познавањето факти и теории што сами по себе се важни, има мала вредност, доколку не се применува во практичниот живот. Мораме да чувствуваме обврска да им дадеме на нашите души храна што ќе го потхранува и стимулира духовниот живот.

„Ако твоето уво внимателно ја слуша мудроста… ако твоето срце се приклони кон размислување… ако ја бараш како сребро… и ја бараш како скриена ризница тоГаш ќе Го разбереш Господовиот страв, и ќе Го најдеш знаењето за БоГа…

ТоГаш ќе Ги разбереш правдата и правосудието, правдината и секој добар пат.

Зашто мудроста ќе влезе во твоето срце, и знаењето ќе и биде пријатно на твојата душа; тоГаш расудувањето ќе те брани и разумот ќе те чува.”

Мудроста е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, кои ја запазуваат”

(Изреки 2:2-11; 3:18)

Прашањето што треба да го проучуваме е: „Која е вистината вистината што треба да се негува, сака, слави и почитува?“ Поклониците на науката се поразени и обесхрабрени во своите напори да Го пронајдат Бога. Она што сега треба да го научат е: „Која е вистината што ќе не оспособи да го придобиеме спасението на нашите души?“

„Што мислиш за Христа?“ тоа е најважното прашање. Дали го прифаќаш како личен Спасител? На сите што Го прифаќаат, Тој им дава моќ да станат Божји синови.

Христос на Своите ученици им Го открил Бога на начин што Тој извршил посебно дело во нивните срца, какво што сака да изврши и во нашите. Постојат многумина, кои премногу се потпираат на теории и ја изгубиле од вид живата сила од примерот на Спасителот. Тие Го изгубиле Него од вид, како понизен, пожртвуван работник. Она што ним им е потребно е да се загледаат во Христа. Нам ни е секојдневно потребно наново да го откриеме Неговото присуство. Треба поблиску да го следиме Неговиот пример на самооткажување и пожртвуваност.

Потребно ни е искуството што го имал Павле кога запишал: „Се распнав со Христа; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Божјиот Син, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене.“ (Галатјаните 2:19, 20)

Познавањето на Бога и Исуса Христа одразено во карактерот е повредно од се што се почитува на земјата или небото. Тоа е највисокото образование. Тоа е клучот што ги отвора вратите на Небесниот Град. Божја намера е сите што Го признаваат Христа, да се здобијат со ова знаење.

Сподели го ова:

Слични објави