Глава 12 Помош за невработените и бездомниците

Сподели го ова:

Постојат широкогради мажи и жени, кои загрижено ја разгледуваат состојбата на сиромашните и размислуваат на кој начин би можеле да бидат пронајдени средства да им се помогне. Многумина, најискрено настојуваат да најдат одговор на прашањето како да им се помогне на невработените и бездомниците како да ги обезбедат секојдневните животни потреби и да живеат живот, каков што Бог предвидел за човекот. Меѓутоа, дури, ни меѓу учените и државниците нема скоро никој, кој ги разбира причините за постоечката ситуација во општеството. Оние, кои ги држат уздите на власта во свои раце, не се во можност да го решат проблемот на сиромаштијата, просењето и постојаното умножување на криминалот. Тие напразно се борат да ги постават своите потфати на посигурна основа.

Кога луѓето повеќе би внимавале на поуките од Божјиот збор, би нашле вистинско решение за проблемите што ги збунуваат. Од Стариот Завет може многу да се научи во однос на прашањата за вработување и помош за сиромашните.

Божјиот план за Израел

Божјиот план за Израелскиот народ бил секое семејство да има свој дом, со доволно обработлива земја. Тоа претставувало и можност за снабдување со животните потреби и поттик да се води полезен, трудољубив и самостоен живот. Луѓето, до денес, не успеале да пронајдат нешто подобро и посовршено од тој план. Сиромаштијата и бедата што денес постојат во светот, во најголем дел, се последица токму поради отстапувањето од тој Божји план.

Кога Израел се населил во Ханаан, земјата била рамноправно разделена на сите, со исклучок на Левитите, кои, како служители во Светилиштето, немале право на неа. Племињата биле преброени по семејства и на секое семејство, според бројот на членовите, му бил доделен соодветен дел од наследството.

Вистина, некој можел на одредено време да продаде или на друг начин да отуѓи дел од својот имот, но сепак не смеел засекогаш да го продаде наследството на своите деца. Доколку, подоцна, бил во можност да ја откупи својата земја, тој имал право тоа да го стори во секое време. Секоја седма година се простувале долговите, а секоја педесетта, или јубилејна година, секој имот им бил враќан на првичните сопственици.

„Земјата не смее да се продава засекогаш“, е упатство дадено од Господа, „зашто земјата е Моја; вие сте кај Мене придојдени и доселеници. И затоа, по целата земја, на вашите имоти дозволувајте земјата да се откупува. Ако брат ти, кој е кај тебе, осиромаши и го продаде својот имот, тогаш да дојде неговиот најблизок роднина и нека го откупи продаденото од неговиот брат. Но доколку човекот… самиот биде во состојба да ја откупи… тој може да ја врати во своја сопственост. Доколку пак, не најде колку што треба за да врати, продаденото нека остане во рацете на купувачот, се до прошталната година.“ (Левит 25:23-28)

„И осветете ја педесеттата година и објавете слобода по земјата за сите кои живеат во неа; тоа да ви биде година на проштавање; и секој да се врати во својот имот, и секој да се врати при својот род.“ (Стих 10)

На тој начин бил загарантиран имотот на секое семејство, што истовремено претставувало заштита и од прекумерно збогатување и од преголема сиромаштија.

Обучување за работа

Изучувањето на некој занает и обучувањето за работа во Израел било сметано за животна должност. Од секој татко се барало да ги научи своите синови на некој полезен занает. И најголемите луѓе во Израел морале да изучат некој занает. Познавањето на работите што спаѓаат во должноста на домаќинката, се сметале како многу важни за секоја жена. И умешноста во тие работи претставувала чест, дури и за жените од највисокиот сталеж.

Во пророчките училишта биле изучувани разни занаети, така што многумина од учениците се издржувале со работата на своите раце.

Грижа за сиромашните

Тие мерки сепак не ја отстраниле сиромаштијата до крај. Не била Божја цел сиромаштијата потполно да исчезне. Таа претставува еден од начините за развивање на карактерот. „Сиромашни“ рекол Тој, „ќе има секогаш во твојата земја; затоа и ти заповедам, велејќи ти: ‘отворај ја својата рака за твојот брат, за твојот беден и сиромашниот во твојата земја’.“ (Второзаконие 15:11)

„Ако, пак, имаш некој брат сиромав во еден од твоите градови во твојата земја, што Господ, Твојот Бог, ти ја дава, нека не стврдне твоето срце и не ја стискај својата рака пред твојот брат што има потреба, туку отвори ја својата рака и дај му на заем, колку што му треба, и колку што му недостига.“ (Стихови 7, 8)

„Ако твојот брат осиромаши и се изнемошти при тебе, поткрепи го, било тој да е туѓинец или преселеник, нека живее кај тебе.“ (Левит 25:35)

„Кога ја собирате жетвата од својата земја, не ја жнеј својата нива до крај.“ „Кога жнееш на својата нива во твоето поле и заборавиш сноп на твојата нива, не враќај се да го земеш… Кога ги береш своите маслинки, не враќај се да ги добереш останатите… Кога го береш своето лозје, не го бери докрај она што ќе остане по тебе; нека остане тоа за дојдениот, сиромавиот и вдовицата.“ (Левит 19:9; Второзаконие 24:19-21)

Никој не чувствувал страв дека може да осиромаши поради својата дарежливост. Почитувањето на Божјите заповеди, донесувало и обезбедувало само напредок и благослов. „Заради тоа“ вели Господ, „Твојот Бог ќе те благослови за тоа во сите твои работи и во се, што го вршат твоите раце… И ќе даваш заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем; и ќе владееш со многу народи, а над тебе нема да владеат.“ (Второзаконие 15:10, 6)

Принципи во деловните односи

Божјото слово не ја одобрува политиката, која дозволува богатење на една класа, за сметка на угнетувањето и страдањето на друга. Библијата не учи во деловните односи со луѓето да се ставиме во нивна положба, да не водиме сметка само за својот, туку и нивниот интерес. Оној што ја претвора несреќата на другиот во своја предност или на некој друг начин ја искористува слабоста и неспособноста на другите, ги престапува принципите и прописите на Божјата Реч.

„Не искривувај ја правдата на дојденецот и сиракот, и од вдовицата не земај облека во залог… Кога твојот ближен ти е должен нешто, не оди дома кај него, за да земеш од него залог, туку почекај надвор, а човекот, кому си му дал заем, ќе ти го изнесе залогот надвор; ако е, пак, човекот сиромав, да не преноќева неговиот залог кај тебе… Ако земаш во залог облека од својот пријател, врати му ја до зајдисонце; бидејќи тоа му е покривка… со што ќе спие? И кога ќе повика кон Мене, Јас ќе го чујам, бидејќи сум милостив.“ „Ако си му продал нешто на својот ближен, или ако си купил нешто од својот ближен, не се оскрбувајте еден со друг.“ (Второзаконие 24:17, 10-12; Излез 22:26, 27; Левит 25:14)

„Не правете неправда кога судите, кога мерите со терезија и кога измерувате.“ „Во својата торба не смееш да имаш две мерила, големо и мало, во твојата куќа да немаш двојна мерка, голема и мала… вашите мерки да ви бидат точни, теговите точни, ефата верна.“ (Левит 19:35; Второзаконие 25:13, 14; Левит 19:36)

„На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем… Грешникот позајмува и не враќа, а праведникот е милостив и дава.“ (Матеј 5:42; Псалм 37:21)

„Свикај совет, донеси решение; засенчи со својата сенка среде пладне како ноќе, прикриј ги отфрлените, не ги предавај скитниците.“ „Нека пребиваат кај тебе Моите изгнаници… биди им закрила од грабачи.“ (Исаија 16:3, 4)

Планот за живот што Бог им го дал на Израелците, бил наменет како очигледна поука за целото човештво. Доколку тие принципи денес се почитуваат, овој свет би можел да биде многу поинакво место!

Во пространата природа се уште има доволно простор за да можат страдните и сиромашните да најдат дом за себеси. Во нејзината утроба постојат доволно извори да ги снабдуваат и нив со храна. Скриени во длабочината на земјата, постојат благослови за сите што имаат храброст, волја и истрајност да ги соберат нејзините блага.

Обработката на земјата, професијата што Бог му ја одредил на човекот во рајот, отвора поле, кое на мноштво луѓе им дава можност да стекнат средства за живот.

„Верувај во БоГа, и прави добро, така ти ќе живееш на земјата, и навистина ќе бидеш нахранет”

(Псалм 37:3)

Илјади и десетици илјади, кои би можеле да ја обработуваат земјата се насобрани во градовите, каде што чекаат да им се укаже можност за некоја ситна заработка. И она малку што ќе го заработат, во многу случаи не се троши за леб, туку за купување алкохолни пијалоци, кои ги уништуваат и душата и телото.

Многумина, физичката работа ја сметаат за некој вид ропство и се обидуваат да заработат за живот преку сплетки и измами. Таа желба да се дојде до средства за живот без работа, речиси безгранично ја отвора вратата за бедата, порокот и криминалот.

Сиромашните и зафрлените делови наголемите градови

Во големите градови има голем број луѓе, на кои им се посветува помалку грижа и внимание, отколку на немите животни. Помислете на семејствата, кои се збиени заедно во мизерни пребивалишта, од кои повеќето се темни подруми, проткаени со непријатен мирис, влага и нечистотија. Во тие бедни живеалишта многу деца се раѓаат, растат и умираат. Тие не гледаат ниту една од убавините на природата, кои Бог ги создал за насладување на сетилата и облагородување на душата. Во партали и наполу мртви од глад, тие живеат меѓу порокот и изопаченоста, изградувајќи карактер, жигосан со гревот и бедата со кои се опкружени. Овие деца го слушаат Божјото Име, единствено во клетви и пцости. Во нивните души одекнуваат само пцости, клетви и лоши зборови. Нивните сетила ги изопачува миризбата на алкохолот и тутунот, нездравата атмосфера и моралната деградација. Многумина растат на таков начин, само за да станат криминалци и непријатели на општеството, кое ги препуштило на мизерија и деградација.

Сепак не се такви сите сиромашни, кои живеат во запустените делови од градовите. Многу богобојазливи мажи и жени, запаѓаат во крајна сиромаштија поради болести или извесни несреќи, а честопати и преку нечесно постапување на таквите, кои живеат од искористување и поткрадување на своите ближни. Многу недолжни осиромашуваат, затоа што не изучиле некој занает или каква и да е друга корисна професија. Поради своето незнаење, тие не се во состојба да се борат со животните тешкотии. А кога ќе дојдат во градовите, честопати не можат да најдат вработување. Опкружени со сцените и звуците на порокот, тие стануваат предмет на силно искушение. Принудени да живеат со жртвите на порокот и деградацијата, само со натчовечки напори, сила, која е над ограничените човечки сили, тие можат да се сочуваат да не потонат во истите длабочини. Многумина од нив цврсто се држат за чесноста, избирајќи да страдаат, отколку да грешат. На таквите посебно треба да им се укаже помош, сочувство и охрабрување.

Кога сиромашните, кои сега се потиснати во градовите би можеле да најдат домови во природа, тие не само што би можеле да заработат за своите животни потреби, туку и да најдат здравје и среќа за кои сега воопшто и не знаат. Тешката работа, едноставната исхрана, строгото штедење, честата скудност и бројните потреби ќе бидат нивна судбина; но одлуката да го заменат градскиот живот со сите негови примамливости, кои привлекуваат кон зло, немири, криминал, беди и пакости, тивката и чиста селска средина, би им донела голем благослов.

Многумина од оние што живеат во градовите, немаат ниту парче земја обрасната со зелена трева да застанат на него. Година по година, тие гледаат само валкани дворови, тесни улици од кои повеќето се поплочени со камени коцки или калдрми, небо со облаци од прав и чад; доколку таквите би можеле да бидат преселени во некоја земјоделска област, опкружена со зелени полиња, шума, ритчиња и потоци, ведро небо и свеж, чист селски воздух, тоа за нив би изгледало речиси како живот на Небото.

Така, во голема мерка отсечени од контактот и зависноста од другите, одвоени од изопачените сфаќања и навики на овој свет и сето она што го вознемирува духот, тие би се приближиле поблиску до срцето на природата и пореално би го чувствувале Божјото присуство. Тогаш, многу луѓе би научиле како да се потпираат на Него. Тие би го разбрале Божјиот глас во природата, како им зборува на нивните срца за Неговиот мир и љубов, и умот и душата би одговориле на исцелувачката, животворна сила.

За да станат вредни работници, способни да се издржуваат себеси, на многумина треба да им се даде поддршка, охрабрување и работно оспособување. Постојат многу сиромашни семејства за кои не би можела да се изврши подобра мисионска работа, отколку да им се помогне во решавањето на прашањето за закуп на земјиште и да бидат поучени како да обезбедат средства за живот со нејзина обработка.

Потребата од таква помош и инструкции не е ограничена само на градовите. Дури и на село, со сите негови можности за подобар живот, многу сиромашни живеат во голема немаштија. Цели заедници се лишени од образование, занает, деловно оспособување и санитарни линии. Цели семејства живеат во колиби, без доволно мебел и облека, без алатки, книги, лишени од секаква погодност, удобност и средства за воспитување. Нивните понижени души и слабите и изобличени тела, претставуваат последици од нездравото наследство и погрешните навики. Овие луѓе треба да бидат темелно едуцирани. Тие воделе невешт, бесполезен и изопачен живот и треба да бидат поучени за правилните и добри животни навики.

На кој начин тие можат да се разбудат и да сфатат колку им е неопходно да се подобрат? Како да бидат упатени кон повисоките идеали на животот? Како да им се помогне да се подигнат? Што може да се стори онаму, каде што сиромаштијата земала толкав замав и каде што на секој чекор може да се очекува истото? Тоа е навистина тешко дело. Никогаш нема да се дојде до таа толку неопходна информација, доколку мажите и жените не бидат потпомогнати со силата, која не се наоѓа во самите нив. Затоа Божја намера е сиромашните и богатите да бидат тесно поврзани со синџирот на љубовта и подготвеноста да си помогнат. Оние што имаат средства, таленти и способности, треба да ги употребат тие дарови за благослов на своите ближни.

Христијанските земјоделци можат да извршат вистинска мисионска работа, помагајќи ги сиромашните да најдат домови во природа и учејќи ги како да ја обработуваат земјата и да ја направат плодна. Поучувајте ги како да ракуваат со разни алатки и орудија за обработка на земјата, како да сеат и одгледуваат разни видови житни растенија, како да засадуваат и негуваат овошки.

Многу луѓе, кои обработуваат земја, поради својата немарливост не успеваат да го исплатат вложениот труд. Тие не посветуваат доволно внимание и труд на своите овошки, не ги посејуваат житните растенија во вистинско време, а површни се и во самата обработка на земјата. За лошиот успех ја обвинуваат непродуктивноста на земјата. Честопати, лажно се обвинува земјата, која со правилно обработување би донела богата жетва. Слабото планирање, недоволното залевање, непроучувањето на најдобрите методи тоа се причините, кои гласно укажуваат за неопходност од реформа.

Сите што имаат волја да учат, треба да бидат упатени за пронаоѓање на најдобрите методи. Доколку некој не сака да му зборувате за напредните идеи, дајте му тивка поука. Предводете во правилна обработка на сопственото земјиште. Кога и да ви се укаже прилика, изговорете некој збор до своите соседи и дозволете жетвата да зборува во прилог на вистинските методи. Покажете им што се може да се направи од земјата, кога правилно се обработува.

Треба да се посвети внимание на отворање разновидни производства, во кои сиромашните семејства би можеле да најдат вработување. Столарите, ковачите и сите што се упатени во некоја полезна работа, треба да чувствуваат одговорност да ги поучуваат неупатените и да им помогнат на невработените.

Залагањето за сиромашните претставува широко поле за работа, во која и жените можат да земат учество. Умешна готвачка, домаќинка, кројачка, болничарка помошта на секоја од нив е потребна. Членовите на сиромашните семејства треба бидат поучувани како да готват, како сами да ја шијат и поправаат својата облека, како да им служат на болните и како добро да раководат со своите домаќинства. Момчињата и девојчињата треба темелно да научат некоја корисна работа или занает.

Мисионерски семејства

Во заостанатите места треба да се населат мисионерски семејства. Земјоделците, трговците, градителите и сите оние, кои се умешни во различни занаети и вештини, треба да одат во занемарените области, да го подобруваат земјиштето, да ја подигаат индустријата, да градат едноставни куќи за себе и да им помагаат на своите соседи.

На нерамните и скоро непристапни предели и пусти места, Бог им дал привлечност поставувајќи го она што е најубаво, покрај најгрдото. Тоа е дело за кое сме повикани да го извршуваме. Дури и пустите места на земјата, кои изгледаат сосема непривлечни, можат да станат како Божји градини.

„И во тој ден Глувите ќе Ги чујат зборовите од книГата, и очите на слепите ќе проГледаат од темнината и мракот.

И кротките се повеќе и повеќе ќе се радуваат во Господа, а сиромасите и бедните луѓе ќе воскликнуваат во Израелевиот Светец.”

(Исаија 29:18, 19)

На сиромашните, често, најуспешно можеме да им помогнеме доколку ги упатиме во практичните животни должности. Оние, кои не се воспитани да работат, најчесто не се ниту вредни, истрајни, штедливи, ниту пак склони кон самооткажување. Тие не знаат како да управуваат со домаќинството. Честопати, поради недостиг од грижа и правилно расудување, се растура се она што би можело да придонесе за удобност и пристоен живот на нивните семејства, кога би се постапувало внимателно и економично. „Храна во изобилие има на нивата на сиромашниот, а некој пропаѓа од лошото управување.“ (Изреки 13:23)

Ако на сиромашните само им се дава, со тоа им се наштетува, бидејќи, на тој начин ги учиме да бидат зависни од другите. Таквото давање охрабрува себичност и беспомошност и честопати наведува на безделничење, расипништво и неумереност. Ниту еден човек што може да заработи за својот живот, нема право да биде зависен од другите. Изреката, „Светот е должен да ме издржува“ во суштина е лага, измама и грабеж. Светот не е должен да ги издржува работоспособните, со цел да придобијат средства за живеење.

Вистинската сомилост и љубов кон ближните се состои во помагањето на луѓето, така што ќе ги упатиме како сами да си помогнат. Доколку некој дојде на нашата врата и побара храна, ние не треба да го отпуштиме гладен, затоа што неговата сиромаштија можеби е резултат на некоја несреќа. Меѓутоа, вистинско добродетелство значи нешто повеќе, отколку само дарување. Тоа значи искрен интерес и заземање за благосостојбата на другите. Ние треба да настојуваме да ги разбереме потребите на сиромашните и нажалените и да им ја пружиме онаа помош што им е најпотребна. Посветувањето време, мисли и лични напори, значи и бара далеку повеќе од самото давање пари. Но токму тоа е вистинско милосрдие и љубов кон ближниот.

Оние што ќе научат сами да го заработат она што го примаат, ќе знаат да го искористат тоа на најдобар начин. И ако се навикнат да бидат самостојни и да не зависат од другите, тоа ќе им овозможи не само да се издржуваат себеси, туку да бидат и во состојба да им помогнат на другите. Разјаснете им ја важноста на животните должности на оние, кои се склони во пропуштањето можности што им се укажуваат. Покажете им дека библиската вера никогаш не правела безделници од луѓето. Христос секогаш охрабрувал за трудољубивост. „Зошто стоите тука цел ден без работа?“ им се обратил Тој на мрзеливите. „Јас морам да работам… додека е ден, доаѓа ноќ, кога никој нема да може да работи.“ (Матеј 20:6; Јован 9:4)

Сите го имаат предимството да му покажат на светот очевиден пример што може да стори Евангелието за оние што го прифаќаат. Тоа треба да го сторат со својот домашен живот, животните навики и постапки. Христос дошол на овој свет да покаже личен пример какви можеме да станеме. Тој очекува Неговите следбеници да бидат пример на исправност и верност во своите животни околности. Тој сака Божјиот допир да се види по надворешни нешта.

Нашите домови и нивната околина треба да претставуваат очевидна поука, која ќе учи на подобрување, така што работливоста, чистотата, вкусот и облагородувањето да го заземат местото на неполезноста, нечистотијата, непрефинетоста и нередот. Ние, со нашите животи и примери, можеме да им помогнеме на другите да го увидат она што е одбивно во нивните карактери или она што е одбивно за другите, и, со христијанска учтивост, да ги охрабриме да се поправат. Кога покажуваме интерес за нив, ќе најдеме и можности да ги поучиме како да ги употребат своите сили на најдобар начин.

Надеж и храброст

Без храброст и истрајност не можеме да сториме ништо. Твоите зборови нека бидат зборови на надеж и охрабрување до сиромашните и обесхрабрените. Доколку е потребно, дај им опипливи докази за твоето интересирање за нив, помагајќи им, кога ќе ги снајдат тешкотии. Оние, кои имаат многу предимства, треба да имаат предвид дека и самите се уште грешат во многу нешта и дека и за нив е болно, кога некој ќе им укаже на грешките и ќе посочи каков пример би требало да пружат. Секогаш имај во предвид дека со љубезност може да се постигне повеќе, отколку со прекори и осуди. Додека се обидуваш да им помогнеш на другите, дозволи им да видат дека посакуваш да ги издигнеш до највисоко ниво и дека навистина си подготвен да им помогнеш. И не ги осудувај веднаш, доколку не успеат во нешто.

Токму сиромашните мораат да ја учат лекцијата на самооткажување, едноставност и штедење, иако тоа честопати им делува тешко и не многу добредојдено. Духот на овој свет постојано ја поттикнува и потхранува гордоста, желбата за докажување, угодувањето на себеси, расипништвото и мрзеливоста. Овие зла, довеле илјадници до скудност и спречиле повеќе илјади да се издигнат над деградацијата и бедата. Христијаните треба да ги охрабруваат сиромашните да им се спротивстават на овие влијанија.

Исус дошол на овој свет во понизност. Иако е Величество на небото, Цар на славата, Заповедник на сите ангелски војски, Тој се понизил Себеси прифаќајќи да го прими човечкото тело и потоа избрал живот во сиромаштија и понизност. Тој немал можности поголеми од оние што ги имаат сиромашните. Напорната работа, немаштијата и секојдневните потреби, биле дел од Неговото секојдневно искуство. „Лисиците имаат легла“ рекол Тој, „птиците небесни гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да засолни.“ (Лука 9:58)

Исус не барал од луѓето да се воодушевуваат од Него или да му аплаудираат. Тој не заповедал со никаква војска, ниту владеел со некое земно царство. Не барал наклонетост од богатите и угледните личности на светот, ниту побарувал положба меѓу лидерите на нацијата. Тој живел меѓу понизните. За Него, вештачки создадените разлики меѓу луѓето не значеле ништо. Не се осврнувал на аристократското потекло, богатството, талентот, ученоста или положбата.

Тој бил Принц од Небото, а сепак Своите ученици не ги одбирал помеѓу учените законици, управители, книжници, или фарисеи. Ги одминал нив, бидејќи биле горди на своето учење и позиција. Тие биле вперени во своите традиции и празноверија. Оној, Кој може да ги чита срцата на сите, ги избрал понизните рибари, кои имале волја да бидат поучувани. Јадел со цариници и грешници и се дружел со обични луѓе, но не за да стане едно со нив во она што понижува и што е земно, туку преку поука и пример да им укаже на исправните принципи и да ги подигне од нивната пониженост и она што ги врзува само за овој свет.

Исус настојувал да ги исправи лажните мерила со кои светот ја мерел вредноста на човекот. Тој секогаш бил на страната на сиромашните, за да може да го тргне жигот на срамот од сиромаштијата. Благословувајќи ги сиромашните како наследници на

Божјото Царство, Исус засекогаш го симнал жигот на презирот и омаловажувањето од сиромашните. Тој и нам ни укажува на патеката по која и Самиот чекорел велејќи: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се откаже од себе, нека го земе својот крст и нека оди по Мене!“ (Лука 9:23)

Христијанските работници треба да им приоѓаат на луѓето онаму, каде што тие се наоѓаат и да ги воспитуваат, но не во гордост, туку во изградба на карактерот. Поучувајте ги за тоа како Христос работел во самооткажување и помогнете им да се научат од Него на самооткажување и пожртвуваност. Поучувајте ги како да се чуваат од себичните задоволувања на апетитот во поглед на удобноста и модата. Животот е премногу скапоцен, премногу сериозен и исполнет со свечени одговорности, за залудно да го поминуваме времето во угодување на своите каприци.

Животни доблесш

Мажите и жените одвај почнале да ја разбираат вистинската смисла и целта на животот. Привлечени од земниот сјај, разметливоста, славољубието и предностите на овој свет, тие ја жртвуваат вистинската цел на животот. Најдобрите работи во животот

едноставноста, чесноста, искреноста, чистотата, интегритетот

не можат ниту да се купат, ниту да се продадат. Тие се исто толку достапни за неуките, како и за учените, за понизните работници, како и за уважените државници. Бог за секого предвидел задоволство во кое подеднакво можат да уживаат и богатиот и сиромашниот задоволство што го наоѓаме во негувањето на чистотата на мислите и несебичните дела, задоволство што го чувствуваме кога изговараме љубезен збор на сочувство и правиме некое добро дело. Од оние што така постапуваат зрачи Христова светлина, одблеснувајќи го животот на многумина, кои се наоѓаат во постојана сенка.

Додека им помагаш на сиромашните во земните нешта, имај ги постојано на ум нивните духовни потреби. Нека твојот сопствен живот посведочи за тоа дека си под моќната заштита на Спасителот. Твојот карактер нека ги открие високите стандарди што сите можат да ги достигнат. Кога ги поучуваш другите за Евангелието, служи се со обични и едноставни примери од животот, како очигледни поуки. Стори се што може да се стори за изградба и вообличување на карактерот.

Во еден скромен делокруг, Божји соработници можат да бидат и најслабите и наједноставните и да уживаат во утехата на Неговото присуство и потпората на Неговата благодат. Тие не треба да се оптоваруваат себеси со деловни тешкотии и непотребни грижи, туку од ден на ден вредно да работат и да ја извршуваат задачата одредена од Божјото провидение, а за нив ќе се грижи Оној, Кој вели:

„Не грижете се за ништо, туку во се преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања. И Божјиот мир, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исус Христос.“ (Филипјаните 4:6, 7)

Божјата грижа е над сите Негови созданија. Тој ги сака сите и не прави никаква разлика, со исклучок на тоа што за оние, кои мораат да носат најголемо животно бреме, има најнежно сочувство. Божјите деца мораат да се соочуваат со искушенија и тешкотии, меѓутоа тие треба ја прифатат својата судбина со радосни срца, имајќи предвид дека Бог со најизобилни благослови ќе го надомести сето она што светот им го скратува.

Кога не снаоѓаат неволји, тоа се случува со цел Бог да ја открие Својата сила и мудрост одговарајќи на нашата понизна молитва. Имајте доверба во Него како во вистински Бог, Кој ја слуша молитвата и одговора на неа. Тој ќе ви се открие. Оној, Кој може да помогне во секоја мака, Кој го создал човекот, Кој му дарува чудесни физички, умствени и духовни способности, нема да му го скрати она што е неопходно за одржување на животот, кој исто така претставува Негов дар. Оној, Кој ни ја дал Својата Реч лисја од дрвото на животот нема да ни го скрати ниту знаењето како да обезбедиме храна за оние Негови деца што имаат потреба од неа.

Како може човек, кој држи рало и води волови да стекне мудрост? Доколку ја бара како сребро и скриена ризница. „И на таков ред го учи Неговиот Бог; Тој го упатува.“ „И тоа доаѓа од Господ над војските, Кој е прекрасен во совет, голем во мудроста.“ (Исаија 28:26, 29)

Оној, Кој ги учел Адам и Ева како да ја одржуваат градината и денес копнее да ги поучува луѓето. Тука е мудроста за оној, кој управува со ралото и го сее семето. Бог ќе отвори патишта на напредок пред оние, кои се надеваат на Него и Го слушаат. Затоа тие можат храбро да одат напред, надевајќи се на Него и верувајќи дека Тој ќе ги задоволи нивните потреби, според богатството на Неговата добрина.

Оној, Кој нахранил толкаво мноштво со пет лебови и две мали рипчиња, и денес е во состојба да го награди со плод нашиот труд. Оној, Кој им рекол на рибарите од Галилеја: „Фрлете ја мрежата од десната страна, “ и кога Го послушале, направил мрежата да се наполни толку, што одвај ја извлекле, копнее Неговиот народ во тоа да види доказ за она што Тој и денес сака да стори за нас. Бог, Кој во пустината им дал на Израелевите деца мана од небото, живее и владее и денес. Тој ќе го води Својот народ и ќе му даде разум и подготвеност за делото за кое е повикан. Тој ќе им даде мудрост на оние, кои се стремат своите должности да ги извршуваат совесно и разумно. Негова е земјата и сите средства Му се на располагање и Тој ќе ги благослови сите што сакаат да бидат благослов за другите.

Ние треба секогаш да гледаме со вера кон небото. Не треба да бидеме обесхрабрени ако наидеме на привиден неуспех, ниту разочарани, кога нешто нема да ни појде од рака. Треба да работиме бодро, со надеж и благодарност, верувајќи дека земјата во нејзината утроба крие богати ризници за верните работници, залихи што вредат повеќе од сребро и злато. Планините и ритчињата се менуваат; земјата се повеќе и повеќе старее и ветвее како облека, но благословите на Оној, Кој на Својот народ му подготвил трпеза во пустината, нема никогаш да пресушат.

Сподели го ова:

Слични објави