Глава 25 Крајности во исхраната

Сподели го ова:

Не сите што тврдат дека веруваат во реформата во исхраната се вистински реформатори. Кај многу луѓе реформата се состои само во исфрлање на некои нездрави производи. Тие не ги разбираат во целост здравствените принципи и нивните трпези, се уште претрупани со штетни деликатеси, се далеку од тоа да бидат пример за христијанска умереност и доследност.

Постојат и такви, кои во својата желба да бидат добар пример, одат во друга крајност. Некои не се во можност да ја купат најпожелната храна и наместо да користат производи што најдобро ќе го пополнуваат тој недостиг, прифаќаат сиромашна исхрана. Нивната храна ги нема сите состојки потребни за создавање добра крв. Нивното здравје страда, способностите се намалуваат и нивниот пример зборува против, а не за реформата во исхраната.

Други мислат дека, бидејќи здравјето бара едноставна исхрана, не треба да се посветува големо внимание на подготовката и изборот на храната. Некои се ограничуваат себеси на многу скудна исхрана, без доволна разновидност да ги задоволи потребите на организмот и затоа страдаат, како последица од тоа.

Оние што само делумно ги разбираат принципите на реформата, најчесто се и најкрути, не само во личното спроведување на своите ставови, туку и во нивното наметнување на своите семејства и соседи. Последиците од нивната погрешна реформа, кои можат да се видат во нивното слабо здравје и нивните напори да ги наметнат своите ставови на другите, на многумина им даваат погрешна претстава за реформата во исхраната и ги наведуваат сосема да ја отфрлат.

Оние што ги разбираат здравствените закони и кои се раководат според приципите на истата, ќе избегнуваат крајности, како во попуштањето, така и во ограничувањето. Тие ја одбираат храна, која нема само да му угоди на апетитот, туку ќе го изгради и телото. Се трудат да ги зачуваат своите животни сили за повозвишена служба на Бога и луѓето. Нивниот апетит е под контрола на разумот и совеста, а нивна награда е телесното и ментално здравје. Иако не ги наметнуваат своите ставови на другите, нивниот пример е сведоштво во полза на добрите принципи. Ваквите луѓе имаат големо влијание во полза на доброто.

Навистина има многу здрав разум во реформата на исхраната. Таа треба внимателно и темелно да се проучува и никој не смее да ги критикува другите, бидејќи нивните навики не се во потполна хармонија со неговите. Не е можно да се донесе некое невнимателно правило со кое би се регулирале навиките на сите, и никој не смее да се смета себеси како критериум за секого. Не можат сите да јадат иста храна. Онаа храна што е вкусна и здрава за еден, може да биде невкусна, па дури и штетна за друг. Некои не можат да употребуваат млеко, а други од него растат; некои не можат да поднесат мешунки или грав; за други тие се здрави. За некои сурово подготвените житарки се добра храна, додека други не можат да ги употребуваат.

На оние, кои живеат во нови земји или во сиромашни предели, каде што овошјето и зрнестите плодовисе ретки, не треба да им се наметнува да ги отфлрат млекото и јајцата од својата исхрана. Вистина е дека дебелите луѓе и оние со кои владеат ниските страсти, треба да избегнуваат употреба на стимулативна храна. Јајцата не треба да се употребуваат особено во оние семејства во кои децата се оддаваат на телесни задоволства. Но во случај на луѓе со слаби органи за создавање крв особено ако не можат да набават храна, која ќе ги задоволи потребните елементи млекото и јајцата не треба да бидат сосема исклучени. Сепак, треба да се води голема грижа да се користат млеко од здрави крави и јајца од здрави кокошки, кои се добро хранети и за кои добро се грижеле; и јајцата треба да бидат зготвени, така што организмот најлесно ќе ги преработи.

Реформата во исхраната треба постојано да напредува. Употребата на јајцата и млекото ќе биде се поопасна со зголемувањето на болестите кај животните. Треба да се направат напори нивното место да се пополни со соодветни производи што ќе бидат здрави и евтини. Луѓето насекаде треба да бидат поучени како да готват без млеко и јајца, колку е тоа можно, а сепак да имаат здрава и вкусна храна.

Навиката да се јадат само два оброка дневно, генерално, се покажала како добра за здравјето; но, под некои околности, луѓето можат да имаат потреба од трет оброк. Сепак, доколку се зема, тој треба да биде многу лесен и составен од најлесно сварлива храна. „Крекери“ (англиски бисквити) или двопек и овошје, или кафе од житарки, се производи соодветни за третиот оброк.

Некои постојано се плашат дека нивната храна може да им наштети без оглед колку е едноставна и здрава. Дозволете да им кажам на таквите: „Не мислете дека вашата храна ќе ви наштети; воопшто не мислете на тоа. Јадете во согласност со вашите најдобри проценки; и кога сте побарале од Бога да ја благослови храната за зајакнување на вашето тело, верувајте дека Тој ја слуша вашата молитва и бидете спокојни.“

Бидејќи принципите бараат од нас да ги отфрлиме оние производи што го иритираат стомакот и го нарушуваат здравјето, треба да запомниме дека и сиромашната исхрана произведува сиромашна крв. Поради неа се јавуваат болести што најтешко се лекуваат. Организмот не е доволно ухранет и како резултат на тоа се јавуваат диспепсија и општа слабост. Оние што се хранат вака, не секогаш се принудени да го прават тоа од сиромаштија, туку поради целосна неупатеност, небрежност, или како последица на сопствените погрешни сфаќања за реформата.

Бог нема да се прослави, ако го запоставуваме или злоупотребуваме нашето тело и на тој начин го онеспособуваме за Негова служба. Една од првите должности на домаќинката е да се грижи за телото, така што ќе му обезбеди храна што е вкусна и која го зајакнува организмот. Далеку е подобро да се имаат помалку скапи алишта и мебел, отколку да се штеди на храна.

Некои домаќинки ја ограничуваат семејната трпеза за да овозможат скапи забави за гостите. Тоа не е мудро. Потребна е поголема едноставност во забавувањето на гостите. На прво место треба да ни бидат потребите на семејството.

Неразумното штедење и извештачените навики, честопати оневозможуваат вистинска гостољубивост онаму, каде што е таа потребна и каде што би била вистински благослов. Редовните оброци на нашата маса треба да бидат толкави, што ќе можеме да пречекаме неочекуван гостин без дополнителни подготовки.

Сите треба да научат што да јадат и како да го зготват тоа. Мажите, исто како и жените, треба да го разберат начинот на приготвување едноставна, здрава храна; тогаш, доколку имаат познавања од готвење, можат да го искористат тоа за добра цел.

Внимателно разгледајте го начинот на кој се храните. Проучувајте ги причините и последиците. Негувајте самоконтрола. Држете го апетитот под контрола на разумот. Никогаш не го оптоварувајте стомакот со прејадување, но не се лишувајте од здрава, вкусна храна што му е потребна на здравјето.

Тесноградите идеи на некои самонаречени здравствени реформатори, му нанеле многу штета на здравственото дело. Здравствените реформатори треба да запомнат дека реформата во исхраната ќе биде во голема мерка оценувана според она што го изнесуваат на трпезите; и наместо да заземат став што ќе доведе до голема недоверба во поглед на неа, тие треба да ги применуваат нејзините принципи, така што ќе ги направат привлечни за отворените умови. Постои една голема група, која ќе им се спротивставува на сите реформаторски движења, кои донесуваат ограничувања во поглед на апетитот, без оглед на нивната разумност. Тие му се покоруваат на вкусот, наместо на разумот или здравствените закони. Оваа класа ќе ги смета за радикални сите оние што ја победиле патеката на навиките и се застапуваат за реформа без оглед на нивната доследност. За да не им се остави простор за критикување на таквите, здравствените реформатори не треба да се обидуваат да видат колку можат да се разликуваат од другите, туку да им се приближат колку што е можно повеќе, без да ги жртвуваат принципите.

Кога оние, кои се застапуваат за здравствената реформа одат во крајност, не треба да не чуди тоа што оние, кои мислат дека ваквите ги претставуваат принципите на здравјето, ја отфрлаат целата реформа. Екстремистите честопати, за кратко време, можат да направат повеќе штета, отколку што може да биде поправено за цел еден живот, едно доследно живеење.

Здравствената реформа е втемелена на широки и достапни принципи и не треба да ја понижиме со тесноградост и ограничувања. Меѓутоа, никој не смее да дозволи да биде одвратен од вистинските принципи или небрежен во однос на нив поради спротивставувањето, потсмевањето или желбата да ги задоволи другите и да влијае врз нив. Оние, кои се раководат според принципите, ќе бидат цврсти и постојани во застапувањето за вистината; а сепак, во дружењето со луѓето ќе покажуваат благороден дух, сличен на Христовиот и ќе имаат вистинска умереност.

Сподели го ова:

Слични објави