Глава 4 Допирот на верата

Сподели го ова:

„Само ако се допрам до Неговата облека, ќе оздравам.“ (Матеј 9:21) Овие зборови ги изговорила една сиромашна жена жена, која дванаесет години страдала од болест што направила товар од нејзиниот живот. Таа потрошила се што имала за лекари и лекови, само за да биде прогласена за неизлечива. Но кога слушнала за Големиот Исцелител, нејзините надежи оживеале. Помислила: „Кога само би можела да му се приближам доволно близу, за да зборувам со Него, би била исцелена.“

Христос бил тргнат кон домот на Јаир, Еврејски рабин, кој Го преколнувал да дојде кај него и да му ја излекува ќерката. Молбата од срцето коешто страда; „ќерка ми е на умирање, дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и да биде жива“ (Марко 5:23), го допрела нежното, сочувствително Христово срце, и Тој веднаш тргнал со него кон неговиот дом.

Но тие напредувале полека, зашто мноштвото го притискало Христа од сите страни. Пробивајќи се низ мноштвото, Спасителот се приближил до местото на кое стоела кутрата жена. Таа многупати се обидувала да Му се приближи, но залудно. А сега и се укажала можност за тоа. Но таа не можела да најде начин да зборува со Него. Таа не сакала да го попречи Неговото бавно движење. Но слушнала дека може да оздрави, само ако се допре до Неговата облека; и, плашејќи се да не ја изгуби нејзината единствена шанса за исцелување, таа се потиснала нанапред, велејќи си, „Само ако се допрам до Неговата облека, ќе оздравам.“

Исус ја знаел секоја помисла на нејзиното срце, и се упатил кон неа. Тој ја согледал нејзината голема потреба, и и помогнал да ја искаже својата вера.

Додека Тој поминувал, таа посегнала нанапред и успеала да се допре до работ на Неговата облека. Во истиот миг знаела дека е исцелена. Во тој еден допир била сконцентрирана верата на нејзиниот живот, и нејзините болки и слабости веднаш исчезнале. Во истиот миг почувствувала возбуда, како електричен удар, кој допрел до секое влакно на нејзиното битие. „Таа почувствува во своето тело дека е излекувана од болеста.“ (Стих 29)

Благодарната жена копнеела да ја изрази својата благодарност на Моќниот Исцелител, Кој со еден допир направил повеќе за неа, отколку лекарите за дванаесет долги години; но не се осмелувала. Со благодарно срце се обидела да се повлече од мноштвото. Одеднаш Исус застанал и гледајќи наоколу запрашал, „Кој се допре до мојата облека?“

Гпедајќи во Него со чудење, Петар одговорил: „Учителе, народот Те опколил и те притиска, а прашуваш: Кој се допре до Мене?“ (Лука 8:45)

„Некој се допре до Мене,“ рекол Исус, „зашто почувствував дека излезе сила од Мене.“ (Стих 46) Тој можел да го разликува допирот на верата, од случајните допири на невнимателното мноштво. Некој го допрел со длабока причина и примил одговор.

Исус не го поставил прашањето заради Себе. Тој имал поука за народот, за Своите ученици и за жената. Тој сакал да им вдахне надеж на немоќните. Сакал да покаже дека верата е таа што донесува исцелување. Верата на жената не смеела да помине незабележана. Бог морал да се прослави преку нејзиното благодарно признание. Исус посакувал таа да разбере дека Тој го одобрил нејзиниот чин на вера. Не сакал да ја отпушти само со половина благослов. Таа не требала да остане во незнаење за тоа дека Тој ја знае нејзината мака или за Неговата сочувствителна љубов и за Неговото одобрување на нејзината вера во Неговата Моќ да ги спаси на крајот сите, што доаѓаат кај Него.

Гледајќи кон жената, Исус инсистирал да дознае кој Го допрел. Согледувајќи дека е залудно да се прикрива, таа треперејќи истапила нанапред и паднала пред Неговите нозе. Со благодарни солзи таа, пред целиот народ, му кажала зошто ја допрела Неговата облека и дека веднаш била излекувана. Таа се плашела дека допирајќи се до Неговата облека ја пречекорила границата на верата; но од Христовите усни не излегол никаков прекор. Тој искажал само одобрување. Неговите зборови дошле од срце, кое љуби и биле полни со сочувство за човечката неволја. „Ќерко, “ рекол Тој љубезно, „твојата вера те спаси; оди си во мир.“ (Стих 48) Колку охрабрувачки биле тие зборови за неа. Нејзината радост повеќе не ја поматувал никаков страв дека Го навредила.

До љубопитното мноштво што се туркало околу Христа не била дадена никаква животодавна сила. Но кутрата жена, која го допрела со вера, примила исцелување. Во духовните работи, случајниот контакт се разликува од допирот на верата. Да се верува во Христа само како во Спасител на светот, никогаш нема да донесе исцелување на душата. Верата која спасува, не значи само согласување со вистинитоста на Евангелието. Вистинска вера е само онаа, која Го прифаќа Христа како свој личен Спасител. Бог го дал Својот Единороден Син, за јас, верувајќи во Него, „да не загинам, туку да имам вечен живот.“ (Јован 3:16) Кога ќе дојдам кај Христа, според Неговата Реч, јас треба да верувам дека ја примам Неговата спасителна благодат. Животот што сега го живеам, треба да го „живеам со верата во Божјит Син, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене.“ (Галатјаните 2:20)

Многу луѓе ја сметаат верата за начин на размислување. Спасоносната вера е спогодба, преку која оние коишто Го примаат Христа, стапуваат во заветна врска со Бога. Живата вера, значи напредок во животната сила и цврста надеж, со која преку Христовата благодат душата станува победоносна сила.

Верата е посилен победник од смртта. Кога болните би можеле да се наведат да ги насочат со вера своите очи кон моќниот Исцелител, би виделе чудесни резултати. Тоа би донело живот, како на телото, така и на душата.

Кога се залагате за оние, кои станале жртви на лошите навики, наместо да им укажувате на очајувањето и пропаста кон која тие забрзано одат, свртете ги нивните погледи кон Христа. Насочувајте ги кон Величествената Слава на Небото. Тоа ќе влијае повеќе за спасување на телото и душата, отколку сиот страв од гробот, којшто честопати се предочува пред беспомошните и наизглед безнадежните.

„Според Својата милост Тој не спаси нас“

Слугата на стотникот лежел болен од парализа. Меѓу Римјаните, слугите биле робови, купувани и продавани на пазариштата, и честопати биле третирани грубо и немилосрдно; но овој стотник бил нежно приврзан кон својот слуга и многу посакувал тој да оздрави. Тој верувал дека Исус можел да го исцелува. Тој го немал видено Спасителот, но она што го имал слушнато, му влевало вера. И покрај формализмот на Евреите, овој Римјанин бил убеден дека нивната религија е повозвишена од неговата. Тој веќе ги надминал бариерите на национални предрасуди и омразата што ги разделувала освојувачите од поробениот народ. Веќе покажал почит кон Божјата служба и покажувал љубезност кон Евреите како негови обожаватели. Во Христовото учење, какво што му било пренесено, тој го пронашол она што ги исполнува потребите на душата. Се што било духовно во него, одговорило на зборовите на Спасителот. Но тој се сметал за недостоен да се приближи до Христа, и ги повикал Еврејските старешини да го замолат за исцелување на неговиот слуга.

Старешините го изнеле случајот пред Христа, нагласувајќи: „Достоен е да му го направиш тоа, зашто го сака нашиот народ и синагогата тој ни ја направи.“ (Лука 7:4, 5)

Но на патот кон домот на стотникот, Исус примил порака од капетанот: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив.“ (Стих 6)

Сепак, Спасителот продолжил по Својот пат, па самиот стотник дошол лично за да ја дополни пораката, изговарајќи, „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‘Оди’! и тој оди; на другиот: ‘Дојди’! и тој доаѓа; и на слугата: ‘Направи тоа’ и тој прави.“ (Стих 7); (Матеј 8:8-9)

„Јас ја претставувам моќта на Рим, и моите војници ја признаваат мојата власт како врховна. Така Ти ја претставуваш моќта на

Бесконечниот Бог, и се што е создадено, ќе го почитува Твојот збор. Ти можеш да и заповедаш на болеста да замине, и таа ќе ти се покори Тебе. Затоа кажи само еден збор, и мојот слуга ќе биде исцелен.“

Христос рекол: „Нека ти биде според твојата вера. И неговиот слуга во истиот час оздраве.“ (Стих 13)

Еврејските старешини го препорачале стотникот кај Христа, поради наклонетоста кон „нашиот народ.“ „Тој е достоен“, рекле тие, бидејќи „ни изгради синагога.“ Но стотникот за себе рекол: „Не сум достоен.“ А сепак не се плашел да побара помош од Христа. Тој не се надевал во сопствената добрина, туку во милоста на Спасителот. Неговиот единствен аргумент, била неговата голема потреба.

Секој човек може да дојде при Христа на истиот начин. „Тој не спаси, но не врз основа на праведните дела што сме ги направиле ние, туку по Својата милост.“ (Тит 3:5) Дали чувствуваш дека заради тоа што си грешник не можеш да се надеваш на Божјите благослови? Запомни дека Христос дошол на овој свет за да ги спаси грешниците. Ние немаме ништо со што би се препорачале кај Бога; причината поради која ние можеме да бараме сега и во кое било време е нашата целосно беспомошна состојба, поради која Неговата откупителна сила станува неопходност. Отфрлувајќи ја сета надеж во себеси, можеме да погледнеме кон крстот на Голгота и да речеме:

„Јас немам што да ти дадам;

Едноставно за Твојот крст се држам.”

„Ако можеш да поверуваш, се е можно за оној што верува.“ (Марко 9:23) Верата е таа која не поврзува со Небото и ни дава сила да стапиме во борба со силите на темнината. Во Христа, Бог обезбедил средства за победа над секоја лоша црта од карактерот и спротивставување на секое искушение, колку и да е тоа силно. Но, многумина чувствуваат дека им недостига вера и затоа, остануваат далеку од Христа. Нека тие души, во својата беспомошна недостојност, се надеваат на милоста на нивниот сочувствителен Спасител. Нека не гледаат на себе, туку на Христа. Оној, Кој исцелувал болни и изгонувал демони, додека бил меѓу луѓето, се уште е истиот моќен Откупител. А тогаш нека се фатат за Неговото ветување, како за лисја од дрвото на животот: „А кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор.“ (Јован 6:37) Кога доаѓате кај Него, верувајте дека Тој ве прифаќа, затоа што Го ветил тоа. Никогаш нема да пропаднете додека го правите тоа никогаш.

„Но Бог ја покажа Својата љубов кон нас, со тоа што Христос умре за нас, додека уште бевме грешници.“ (Римјаните 5:8)

И „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него се?“ (Римјаните 8: 31-32)

„Зашто сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да не оддели од Божјата љубов во Христос Исус, нашиот Господ.“ (Стихови 38, 39)

„Ти можеш да ме исчистиш“

Од сите болести познати на Истокот, лепрата била најужасна. Нејзиниот неизлечлив и заразен карактер како и ужасниот ефект врз жртвите, ги исполнувал со страв и најхрабрите. Помеѓу Евреите, таа се сметала како казна за грев и затоа била нарекувана „удар, “ „Божји прст.“ Длабоко вкоренета, неизлечлива и смртоносна, на неа се гледало како на симбол на гревот.

Според церемонијалниот закон, лепрозниот бил прогласуван за нечист. Се што тој ќе допрел било нечисто. И воздухот бил загаден од неговиот здив. Тој бил исфрлан од живеалиштата на луѓето како да е веќе мртов. Оној, за кого постоело сомневање дека ја има оваа болест, морал да се покаже пред свештениците, кои требале да го испитаат неговиот случај и да донесат одлука. Доколку бил прогласен за лепрозен, бил изолиран од семејството, отсечен од Израелската заедница и осуден да биде во друштво единствено со сличните на него. Дури царевите и владетелите не биле исклучоци. Владетелот што ќе заболел од таа ужасна болест, морал да го одложи скиптарот и да се повлече од општеството.

Лепрозниот морал да го носи проклетството на својата болест далеку од пријателите и роднините. Тој бил принуден да ја објавува сопствената несреќа, да си ги раскинува алиштата и извикувајќи, да ги предупредува сите да бегаат од неговото заразно присуство. Извикот, „Нечист! Нечист!“ којшто толку тажно допирал од тие осамени изгнаници, за другите претставувал знак на страв и ужас.

Во пределот на Христовата служба имало многу такви страдалници; и кога и до нив допрела веста за Неговото дело и меѓу нив се нашол еден, во чие срце почнала да се буди вера. Кога би можел да појде кај Христа, тој би бил излекуван. Но како да го најде Христа? Како би можел тој, така осуден на постојана изолација, да застане пред Исцелителот? И дали Христос ќе го излекува? Нема ли и Тој како фарисеите, па дури и лекарите, да фрли клетва врз него и да го предупреди да бега колку што е можно подалеку од живеалиштата на луѓето?

Тој размислувал за сето она што го слушнал за Христа. Ниту еден, кој барал помош од Него, не бил одбиен. Несреќниот човек се одлучил да го најде Спасителот. Иако бил исфрлен од градовите, можеби ќе успее да го пресретне на некои од планинските патишта, или да го пронајде додека поучува некаде надвор од населените места. Тешкотиите биле големи, но тоа била неговата единствена надеж.

Стоејќи оддалеку, лепрозниот наслушнал неколку зборови од устата на Спасителот. Го видел како ги положува Своите раце врз болните. Видел како хроми, слепи, фатени и оние на умирање од разни болести оздравуваат, фалејќи го Бога за своето оздравување. Неговата вера се засилила; се поблиску и поблиску се приближувал до мноштвото што ги слушало Христовите зборови. Забраните што му биле наметнати, безбедноста на луѓето, стравот со кој сите го гледале, сето тоа било заборавено. Тој мислел единствено на блажената надеж за оздравување.

Неговата појава претставувала ужасен и одвратен призор. Заразата веќе имала земено толкав замав и ужасно било да се погледне во телото, коешто живо се распаѓало. Штом го виделе, луѓето почнале да се повлекуваат. Во својот страв се туркале едни со други за да го избегнат контактот со него. Некои се обиделе да го спречат да му се приближи на Христа, но напразно. Тој ниту ги гледал, ниту ги слушал. Воопшто не ги забележувал нивните изрази на негодување. Го гледал само Божјиот Син и го слушал само гласот, кој им дава живот на оние што умираат.

Кога се пробил до Христа, тој се фрлил пред Неговите нозе извикувајќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме исчистиш.“

Исус одговорил: „’Сакам, исчисти се’, и ја положи Својата рака на него“. (Матеј 8:2, 3)

На лепрозниот веднаш му се случила огромна промена; неговата крв станала здрава, нервите чувствителни, мускулите цврсти. Неприродната бела, крастава кожа својствена за лепрозните, потполно исчезнала, а неговото тело станало како тело на мало дете.

Кога свештениците би дознале за исцелувањето на лепрозниот, нивната омраза кон Христа би можела да ги наведе да донесат неправедна пресуда. Исус посакувал да му обезбеди непристрасна одлука. Затоа го обврзал човекот да не кажува никому за начинот на кој е излекуван, туку без одлагање да се покаже во храмот со дар, пред да се рашират какви било гласини во врска со чудото. Пред да прифатат таков дар, свештениците требале да го прегледаат дародавецот и да го потврдат неговото целосно оздравување.

Прегледот бил извршен и истите оние свештеници што го осудиле лепрозниот на изгнанство, сега го посведочиле неговото оздравување. Исцелениот човек бил вратен во својот дом и општеството. Тој ја почувствувал скапоценоста на здравјето. Тој уживал во обновената сила на мажевноста и на своето враќање во семејството. И покрај Христовото предупредување, тој не можел повеќе да го прикрива фактот за своето исцелување, па радосно ја објавувал силата на Оној што му го вратил здравјето.

Кога овој човек дошол кај Христа, бил „сиот лепрозен.“ Смртоносниот отров на лепрата продирал во целото негово тело. Учениците се обиделе да го спречат својот Господар да го допре, зашто оној што ќе допрел лепрозен и самиот станувал нечист. Но Исус, не се осквернил положувајќи рака на лепрозниот. Лепрозниот бил исчистен. Така е и со лепрата на гревот длабоко вкоренета во срцето, смртоносна, невозможно да биде исчистена со човечка сила. „Целата глава е болна, срцето изнемоштено; Од петицата до главата никаде здраво место, туку повреди, модринки, гнојни рани.“ (Исаија 1: 5, 6) Но Исус доаѓајќи да престојува со луѓето, со ништо не се опоганил. Неговото присуство било исцелувачка сила за грешникот. Секој што ќе падне крај Неговите нозе, изговарајќи со вера, „Господи, ако сакаш, можеш да ме исчистиш, “ ќе го слушне одговорот, „Сакам, исчисти се!“

Во некои случаи на исцелување, Исус не го подарил веднаш бараниот благослов, меѓутоа, во овој случај молбата на болниот била услишена по самото изговарање. Кога се молиме за земни благослови, одговорот на нашата молитва може да задоцни или пак, Бог може да ни даде нешто друго за разлика од она што сме го барале; но тоа никогаш нема да се случи, кога се молиме за простување на гревовите. Негова волја е да не исчисти од гревот, да не направи Негови деца, и да не оспособи да живееме свет живот. Христос „се даде Себеси за нашите гревови, за да не избави од сегашниот зол свет, по волјата на Бога, Кој е наш Татко.“ (Галатјаните 1:4) „И тоа е слободата, која ја имаме пред Него, дека ако побараме нешто според Неговата волја, Тој не услишува. А кога знаеме дека ни ги услишува молбите, знаеме дека ќе добиеме, што и да побараме од Него.“ (1. Јован 5:14, 15)

Исус ги гледал ожалостените, обременетите и оние чии надежи биле скршени, кои се обидувале да го замолкнат копнежот на душата со земна радост, и ги повикал да најдат спокој во Него.

„И ќе најдете мир“

Тој нежно им заповедал на измачените луѓе: „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за вашите души.“ (Матеј 11:29)

Со овие зборови Исус се обратил до секое човечко суштество. Без оглед на тоа дали се тие свесни или не, сите се изморени и обременети. Сите се преоптоварени со тешки бремиња, кои само Исус може да ги отстрани. Најтешкото бреме што го носиме е бремето на гревот. Кога би биле препуштени да го носиме сами, тоа би не урнало. Но Безгрешниот го земал нашето место. „Господ ги натовари врз Него гревовите на сите нас.“ (Исаија 53:6)

Тој го понел товарот на нашата вина. Тој ќе го земе товарот од нашите истоштени плеќи. Тој ќе ни даде одмор. Тој ќе го понесе и товарот на нашите грижи и маки. Тој не повикува да Му ги префрлиме сите наши грижи; зашто Тој, не носи во Своето срце.

Постариот Брат од нашиот род стои покрај Божјиот престол. Тој гледа кон секоја душа што се врти кон Него, како кон свој Спасител. Тој од искуство ги познава слабостите на нашата човечка природа, нашите потреби, но и каде се крие силата на нашите искушенија; зашто Тој „во се беше искушан како и ние, само не вкуси грев.“ (Евреите 4:15) Тој бдее над тебе, растреперено Божјо дете. Дали си во искушение? Тој ќе те ослободи. Дали си слаб? Тој ќе те засили. Дали си во незнаење? Тој ќе те просветли. Дали си ранет? Тој ќе те исцели. Господ „го определува бројот на ѕвездите“, а сепак „ги исцелува оние што се со скрушено срце и ги преврзува нивните рани.“ (Псалм 147:4, 3)

Какви и да се твоите стравови и маки, довери му ги на Господа. Тогаш, твојот дух ќе биде засилен за да можеш да издржиш. Пред тебе ќе се отвори пат, за да излезеш од збунетоста и маката. Колку мислиш дека си послаб и со помалку сила, толку посилен ќе станеш во Неговата сила.

Околностите можат да не разделат од пријателите; неуморните води на широкото море, можат да се брануваат помеѓу нас и нив. Но никакви околности, никаква далечина, не може да не раздели од Спасителот. Каде и да се наоѓаме, Тој е секогаш од нашата десна страна за да не поддржи, поткрепи, охрабри и развесели. Христовата љубов кон откупените е поголема од љубовта на мајката кон нејзиното дете. Ние имаме привилегија да можеме да се одмориме во Неговата љубов, да воскликнеме: „Јас ќе се надевам и потпирам на Него, затоа што Тој го даде Својот живот за мене!“

Човечката љубов може да се смени, но Христовата љубов не знае за промени. Кога ќе повикаме кон Него за помош, Неговата рака е веќе подадена да спаси.

„Планини ќе се поместат, и ридови ќе се разнишаат, но Мојата милост нема да отстапи од тебе, и заветот на Мојот мир, нема да се разниша, вели Господ, Кој те милува”

(Исаија 54:10)

Сподели го ова:

Слични објави