Глава 26 Стимуланси и наркотици

Сподели го ова:

Под името стимуланси и наркотици е класифицирано големо мноштво артикли, кои, земени како храна или пијалок го надразнуваат стомакот, ја загадуваат крвта и ги растројуваат нервите. Нивната употреба е сигурно зло. Луѓето ја сакаат возбудата предизвикана од стимулансите, бидејќи таа дава пријатни привремени резултати. Но, до реакција секогаш ќе дојде. Употребата на неприродни стимуланси секогаш води кон претерување и е активен причинител за физичката дегенерација и опаѓање.

Зачини

Во ова брзо темпо на живот најдобро е нашата храна да биде колку што е можно помалку надразлива. Сенфот, црниот бибер, мирудиите, туршијата и другите производи со сличен карактер, го надразнуваат желудникот и ја заболуваат и загадуваат крвта. Како илустрација за последиците од алкохолот, често се употребува воспалениот желудник на пијаниците. Но и употребата на надразнувачки зачини доведува до слично воспаление. Набргу, обичната храна не го задоволува апетитот. Организмот чувствува желба, копнеж за нешто постимулативно.

Нај и кафе

Чајот има стимулативно дејство, и до одредена мерка, предизвикува опиеност. Слично дејство имаат и кафето и некои други популарни пијалоци. Првиот ефект од нив е освежување. Стомачните нерви се возбудуваат; тоа ја пренесува дразбата до мозокот, а тој за возврат предизвикува забрзана работа на срцето и краткорочна енергија на целиот организам. Заморот е заборавен; се чини дека силата се зголемува. Интелектот е разбуден, а имагинацијата пожива.

Поради овие резултати, многумина претпоставуваат дека чајот или кафето им прават добро. Но тоа е грешка. Чајот и кафето не го хранат организмот. Нивниот ефект се чувствува пред тие да можат да бидат сварени и асимилирани и она што изгледа како сила, всушност е надразнување на нервите. Кога ќе исчезне ефектот на стимулантот, неприродните сили се намалуваат, а како резултат на тоа, се јавува соодветен степен на изнемоштеност и слабост.

Постојаната употреба на овие стимуланси предизвикува главоболка, несоница, срцебиење, слабо варење, тремор и многу други зла, бидејќи тие ги уништуваат животните сили. На изморените нерви им треба одмор и мир, а не стимулација и прекумерна работа. На природата и е потребно време да ги обнови исцрпените енергии. Кога нејзините сили се поттикнати со посредство на стимуланси, ефектот ќе биде привремено поголем; но, како што системот ќе слабее поради нивната постојана употреба, ќе станува потешко да се постигне саканата енергија. Потребата од стимуланси се потешко ќе се контролира, се додека волјата не биде совладана; Ќе ни се чини дека немаме сили да му се спротивставиме на неприродниот копнеж. Бараме се посилни и посилни стимуланси, додека не дојдеме дотаму, нашата истоштена природа да не може повеќе да одговори на нив.

Тутун

Тутунот е бавен, подмолен но најпогубен отров. Во каква форма и да се зема, тој му наштетува на организмот; неговата опасност е уште поголема, бидејќи последиците од него се бавни и на почетокот одвај забележливи. Тој прво ги надразнува, а потоа ги парализира нервите. Го ослабнува и замрачува умот. Често ги напаѓа нервите на посилен начин од алкохолните пијалоци. Посуптилен е и последиците од него тешко се искоренуваат од организмот. Неговата употреба буди желба за жесток пијалок и во многу случаи ги полага темелите на пијанството.

Употребата на тутунот е непријатна, скапа и нечиста навика, која е понижувачка за оној што го користи и навредлива за другите. Неговите поклоници ги има насекаде. Тешко можете да поминете низ некоја толпа, а некој пушач да не ви дувне в лице со својот отровен здив. Непријатно е и нездраво да се престојува во воз или просторија, каде што воздухот е преполн со алкохолни испарувања и тутунски чад. Ако е некој истраен во тоа да се труе себеси, кој му дал право да го загадува воздухот што другите мораат да го дишат?

Употребата на тутунот направила неискажлива штета меѓу децата и младите. Денешните деца и младинци се погодени од нездравите навики на минатите генерации. Наследството што овие родители им го пренесуваат на своите деца, се ментална неспособност, физичка слабост, растроени нерви и неприродни желби. И децата продолжуваат со истата практика, која, кај нив ги зголемува веќе постоечките резултати. Токму тука се кријат голем дел од причините за физичкото, менталното и моралното пропаѓање, кое веќе зазема алармантни размери.

Момчињата почнуваат да употребуваат тутун на многу млада возраст. Создавањето на ваква навика на возраст, кога телото и умот се особено подложни на последиците од него, ја поткопува физичката сила, го закржлавува телото, стаписува умот и го корумпира моралот.

Но што може да се стори децата и младите да бидат поучени за штетните последици од навиката за која пример им се родителите, наставниците и проповедниците? Можат да се видат мали момчиња, кои одвај излегле од пелени, како пушат цигара. Ако им кажете нешто во врска со тоа, тие ќе ви одговорат: „Толку луѓе пушат! Кога тие можат, зошто тоа би било штетно за мене?“ Многу луѓе што се залагаат за умереност, се зависни од тутунот. Каква моќ можат да имаат овие луѓе да застанат на патот на неумереноста?

Апелирам до оние што тврдат дека веруваат во Бога и се покоруваат на Неговиот Збор: „Можете ли вие, како христијани да се впуштате во навика, која го парализира вашиот интелект и ви ја одзема силата правилно да ги процените вечните нешта? Можете ли секојдневно да Му ја одземате на Бога службата што Му ја должите, а на своите ближни да им ги одземате и службата што би можеле да ја извршите за нив и примерот, кој можете да им го дадете?

Сте размислиле ли за одговорноста за средствата што ви се дадени како на Божји повереници? Колку од Божјите пари трошите за тутун? Пресметајте колку сте потрошиле за него во текот на животот. Што ќе се случи, кога ќе ја споредите оваа сума потрошена на оваа валкана навика, со она што сте го дале за помош на сиромашните и ширење на Евангелието?“

Ниту едно човечко суштетсво нема потреба од тутун; и бидејќи многумина немаат ниту основни средства за живот, пушењето е повеќе од обично расфрлање пари. Зарем не ги злоупотребувате Божјите добра? Зарем не сте виновни за крадење од Бога и своите ближни? „Или не знаете… дека не припаѓате само на себеси? Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.“ (1. Коринтјаните 6:19, 20)

Алкохолни пијалаци

„Виното е потсмевнувач, жестокиот пијалок буен; и секој, кој им е потчинет, не е разумен.”

„Кому ах, кому ох, кому кавГа, кому жал, кому рани без причина, кому зацрвенети очи?

На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми.

Не Го Гледај виното како се црвенее, коГа се прелива светликаво во чашата; како убаво се лее;

отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница.”

(Изреки 20:1; 23:29-32)

Човечкото перо никогаш не забележало пожив приказ на пониженоста и робувањето на жртвите на алкохолот. Подјармени и понижени, дури и ако се освестат и ја согледаат својата беда, тие веќе немаат сили да ги раскинат прангите, па „пак ќе го бара(ат) истото.“ (Изреки 23:35)

Не се потребни никакви докази за да се прикажат лошите последици на алкохолот врз пијаниците. Насекаде можеме да сретнеме такви зашеметени луѓе со матен поглед луѓе за кои Христос умрел и над кои ангелите плачат. Тие се дамка на нашата разметлива цивилизација. Тие се срам, проклетство и опасност за секоја земја.

Кој може да ги замисли несреќата, агонијата и очајот што се кријат во домот на пијаницата? Помислете на сопругата, честопати внимателно воспитана, чувствителна, културна и префината, врзана за некој кого пиењето го претворило во некој вид демон. Помислете на децата, лишени од удобен дом, образование и воспитување како живеат измачувани од оној што треба да биде нивна гордост и заштита, како се пробиваат низ светот носејќи жиг на срамот, а често и проклетството на наследената жед за пијалок.

Помислете на страшните несреќи што секојдневно се случуваат како последица од лица под дејство на алкохол. Некој службеник на железница, нема да обрне внимание на дадениот сигнал или погрешно ќе го разбере. Возот продолжува; доаѓа до судир и многу животи се изгубени. Или ќе потоне бродот, а многу патници и членови на екипажот наоѓаат свој гроб во водата. Кога ќе се испитаат причините за несреќата, ќе се види дека некој на одговорното место бил под дејство на алкохол. До каде може човекот да оди со пиењето, а сепак да можат со сигурност да му се доверуваат човечки животи? Ваква доверба може да се има само во некој што воопшто не пие.

Поблаги опојни пијалоци

Луѓето што ја наследиле желбата за неприродни стимуланси, во никој случај не смеат да имаат на дофат вино, пиво или цидер; тоа постојано ќе ги држи во искушение. Сметајќи го слаткиот цидер за безопасен, многумина го употребуваат без никакви ограничувања. Но тој останува сладок само кратко време; потоа почнува да ферментира. Остриот вкус што притоа се јавува, го прави уште попривлечен за вкусот на многумина и тие мораат да признаат дека пијалокот станал силен и превриен.

Дури и употребата на слаткиот цидер*, онака како што вообичаено се произведува е опасна за здравјето. Кога луѓето би можеле да видат што покажува микроскопот за цидерот што го купуваат, малкумина би сакале да го пијат. Честопати, оние што го произведуваат овој пијалок за продажба, не внимаваат на состојбата на овошјето што го користат и во него се исцедува сок од скапани и црвливи јаболка. Оние, кои не би ни помислиле да употребуваат вакви јаболка, го пијат пијалокот направен од нив и велат дека е прекрасен; но микроскопот покажува дека дури и веднаш штом ќе излезе од цедилката, овој пријатен напиток е сосема непогоден за употреба.

Од виното, пивото или цидерот, можете да се опиете исто, како и од жестоките пијалоци. Употребата на овие пијалоци го разбудува вкусот за посилните и поставува темели на навиката за пиење алкохол. Умереното пиење е училиште во кое луѓето се учат да станат пијаници. Сепак, дејството на овие умерени стимуланси е толку подмолно, што ги води луѓето до патот кон алкохолизмот, пред воопшто да се посомневаат во опасноста.

Некои, кои никогаш не биле вистински сметани за пијаници, се постојано под дејство на слабите алкохолни пијалоци. Тие се во трескавична состојба, со нестабилен ум, неурамнотежени. Замислувајќи си дека се безбедни, тие одат се подалеку и подалеку, додека не ги преминат сите граници и не ги жртвуваат сите принципи. Најцврстите одлуки се поткопани и дури ни најсилните напори не можат да го задржат понижениот апетит под контрола на разумот.

Библијата не ја одобрува употребата на алкохолни пијалоци. Виното што Христос го направил од вода на свадбата во Кана, било чист гроздов сок. Тоа е „сокот од гроздот.“ (Исаија 65: 8; превод Др. Костантинов)

Токму Христос ги предупредил Израелците во Стариот Завет: „Виното е потсмевка, ракијата бунтовник; и секој, кој им е потчинет, не е разумен.“ (Изреки 20:1) Тој не направил таков пијалок. Сатаната ги наведува луѓето на попуштања што ќе го замрачат разумот и ќе ја умртват свеста за духовните нешта, но Христос не учи да ги држиме ниските страсти во покорност. Тој никогаш не става пред луѓето нешто што би можело да биде искушение. Целиот Негов живот бил пример на самооткажување. Тој во оние четириесет дена во пустината, ги поднел најголемите страдања што еден човек може да ги издржи, со цел да ја скрши моќта на апетитот. Христос бил Тој што наложил дека Јован Крстител не треба да пие ниту вино, ниту жестоки пијалоци. Тој и наложил слично воздржување и на сопругата на Маној. Христос не работел во спротивност со Своето учење. Неферментираното вино што го направил за свадбарите, бил здрав и освежителен пијалок. Такво вино користеле Спасителот и Неговите ученици на првата света вечера. Тоа е виното што треба секогаш да се користи на масата за света вечера, како симбол на Христовата крв. Оваа света служба треба да биде освежување за душата и да даде живот. Не смее да се поврзува со ништо што може да му послужи на злото.

Во светлината на она што Писмото, природата и разумот го велат за употребата на алкохолот, како можат христијаните да одгледуваат хмељ за производство на пиво, или пак да произведуваат вино или цидер за продажба? Ако ги сакаат ближните како самите себеси, како можат да учествуваат во нешто што за нив може да биде стапица?

Неумереноста честопати започнува во домот. Со употреба на богата, нездрава храна ослабнуваат органите за варење и се создава желба за уште понадразлива храна. На тој начин се учи апетитот постојано да копнее за нешто посилно. Потребата од стимуланси станува се посилна и се потешко можеме да и се спротивставиме. Организмот е повеќе или помалку полн со отрови и колку што е послаб, толку е поголема неговата желба за овие нешта. Еден чекор во погрешна насока, го подготвува патот за друг. Многумина, кои нема да бидат виновни за изнесување вино или друг алкохолен пијалок на своите трпези, ќе бидат виновни, бидејќи ги преполнуваат трпезите со храна, која буди толку силна желба за жесток пијалок, што е речиси невозможно да и се спротивстави. Лошите навики во јадењето и пиењето го уништуваат здравјето и го подготвуваат патот кон алкохолизмот.

Кога во младите што го креираат изгледот на светот, би можеле да се вградат вистинските принципи на умереност, наскоро не би имало потреба од евангелизации во поглед на умереноста. Нека родителите започнат една ваква евангелизација во сопствените домови; нека ги учат своите деца да ги следат овие принципи од најрана возраст и ќе можат да се надеваат на успех.

Должност на мајките е да им помогнат на своите деца да формираат правилни навики и чист вкус. Привикнувајте го апетитот; учете ги децата да мразат стимуланси. Воспитајте ги вашите деца да имаат морална сила да му се спротивстават на злото што ги опкружува. Учете ги да не се претопуваат во масата, да не потклекнуват под силни влијанија, туку да влијаат добро врз другите.

Иако се направени големи напори за совладување на неумереноста, многу од нив не биле насочени во вистинската насока. Застапниците на реформата за умереност, треба да бидат свесни за штетните влијанија на нездравата храна, зачините, чајот и кафето. Им посакуваме Божји благослов на сите работници во полето на умереноста; но ги повикуваме да погледнат подлабоко во коренот на злото против кое се борат и да бидат сигурни дека се доследни во реформата.

На луѓето треба да им се предочи дека урамнотеженоста на менталните и моралните сили многу зависи од добрата состојба на физичкиот организам. Сите наркотици и неприродни стимуланси, кои го ослабнуваат и понижуваат телото, водат кон намалување на интелектуалните способности и моралот. Токму неумереноста лежи во коренот на моралната изопаченост на светот. Попуштајќи му на изопачениот апетит, човекот ја губи силата да му се спротивстави на искушението.

Пред реформаторите на умереноста стои голема работа да ги поучат луѓето на овие нешта. Учете ги дека употребата на стимуланси, кои ја поттикнуваат веќе исцрпената сила на неприродна и претерана активност, ги загрозува здравјето, карактерот, па дури и животот.

Во врска со чајот, кафето, тутунот и алкохолните пијалоци, единствен сигурен начин е да не се допираме до нив, да не ги пробуваме, да не ги допираме. Чајот, кафето и сличните пијалоци водат во иста насока како алкохолните пијалоци и тутунот и во некои случаи, со нив е исто толку тешко да се прекине, како со алкохолот. Оние што сакаат да ги остават овие стимуланси, извесно време ќе чувствуваат недостиг од нив и ќе страдаат. Но ако бидат упорни, желбата ќе престане и тие веќе нема да чувствуваат потреба од нив. Природата можеби ќе бара малку време да се опорави од претрпената злоупотреба; но дајте и шанса и таа повторно ќе заздрави и ќе работи добро и верно.

Сподели го ова:

Слични објави