Глава 40 Помош во секојдневниот живот
Во тивкиот, доследен живот на вистинскиот христијанин постои елоквентност, поголема од онаа на зборовите. Она што човекот е, има поголемо влијание од она што го зборува.
Служителите што биле испратени кај Христа, се вратиле со извештај дека никогаш човек не зборувал како што зборува Тој. Причината за тоа е што никогаш човек не живеел, како што живеел Тој. Кога Неговиот живот би бил поинаков, Тој не би можел да зборува како што зборувал. Неговите зборови имале голема моќ на убедување, бидејќи доаѓале од чисто и свето срце, полно со љубов и сочувство, добродушност и вистина.
Нашето влијание врз другите е одредено од нашиот карактер и искуство. За да ги убедиме другите во силата на Христовата благодат, ние мораме да ја познаваме таа сила во нашите срца и животи. Евангелието за спасение на душите што ние го претставуваме, мора да биде Евангелие според кое е спасена нашата душа. Нашето влијание може да се почувствува во скептичниот свет, единствено ако имаме жива вера во Христа како личен Спасител. Ако сакаме да ги одвлечеме грешниците од брзаците што течат кон пропаст, нашите стапала мораат да бидат цврсто поставени на Карпата Исуса Христа.
Обележје на христијанството не е некој надворешен знак, ниту носењето крст или круна, туку она што ја открива заедницата на човекот со Бога. Светот треба да биде убеден дека Бог го испратил Својот Син да не спаси преку силата на Неговата благодат, која се огледува во преобразувањето на карактерот. Ништо не може толку да влијае на човечката душа како еден несебичен живот. Најсилниот аргумент во полза на Евангелието е љубезниот христијанин, исполнет со љубов.
Дисциплинирање преку неволји
Таквиот живот и влијание имаат своја цена во постојаните напори на самопожртвуваност и дисциплинираност на секој чекор. Многу луѓе толку лесно се обесхрабруваат од христијанскиот живот, бидејќи не го разбираат во потполност. Многумина што искрено ги посветиле своите животи на службата за Бога, се изненадени и разочарани, кога ќе откријат дека како никогаш порано, се опколени со пречки и нападнати од неволји и тешкотии. Тие се молат за карактер како Христовиот, за подобност на работа за Господа, а се наоѓаат во околности од кои им се чини дека ги извлекуваат на површина сите зла на нивната природа. Откриваат мани за кои не се ни сомневале дека ги имаат. И како стариот Израел, прашуваат: „Ако Бог не води, тогаш зошто ни се случуваат сите овие нешта?“
Токму затоа што Бог ги води нив е причината зошто им се случуваат овие нешта. Неволјите и пречките се дисциплински мерки избрани од Бога и од Него назначени услови за успех. Оној, Кој ги чита срцата на луѓето, ги познава нивните карактери подобро од нив. Тој гледа дека некои имаат сили и предуслови, кои правилно насочени, можат да бидат употребени за напредок на Неговото дело. Во Своето провидение, Тој ги доведува овие лица во различни ситуации и околности, за да можат да ги откријат во својот карактер оние неправилности што биле сокриени од нивното знаење. Тој им дава можност да ги поправат тие неправилности и да се оспособат за Негова служба. Честопати Тој дозволува да бидат нападнати од огнот на тагата за да можат да бидат исчистени.
Фактот дека сме повикани да издржиме вакви проби, покажува дека Господ Исус во нас гледа нешто скапоцено што сака да го развие. Кога во нас не би видел ништо што би можело да го прослави Неговото име, Тој не би трошел време да не облагороди. Во Неговата печка не се топат безвредни камења. Тоа се благородни камења што Тој ги облагородува. Ковачот става железо и челик во оган, за да го открие неговиот квалитет. Господ дозволува Неговите избрани да бидат ставени во печка на страдања, за да Го открие нивниот темперамент и дали тие можат да се прилагодат за Неговата служба.
Грнчарот ја зема глината и ја обликува според својата волја. Тој ја меси и обработува. Ја развлекува и повторно ја собира. Ја навлажнува и потоа ја суши. Ја остава да отстои извесно време. А кога ќе стане совршено еластична, Тој почнува од неа да прави сад. Ја става на грчарското тркало и ја обработува, а потоа ја измазнува. Ја суши на сонце и ја пече во печка. Така таа станува сад што може да се употребува. И Големиот Работник сака да не обликува нас на истиот начин. Она што е глината во рацете на грнчарот, тоа треба да бидеме ние во Неговите раце. Ние не треба да се обидуваме да ја извршуваме работата на грнчарот. Наша задача е да Му се препуштиме на Големиот Работник Тој да не обликува.
„Возљубени, не чудете се на огнената неволја, што ви се праќа поради испитувањето, како нешто ново да ви станува; но, доколку учествувате во Христовите страдања, радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се израдувате и развеселите.“ (1. Петар 4:12, 13)
На потполна дневна светлина, додека ги слуша другите птици, птицата во кафезот нема да научи да ја пее песната што нејзиниот стопан сака да ја научи. Таа ќе научи малку од тука, или дел од таму, но никогаш целата мелодија. Но, стопанот го прекрива кафезот и го поставува на место, каде што птицата ќе може да ја слуша единствено песната на која тој сака да ја научи. Во темнина, таа повторно и повторно се обидува да ја пее истата песна се додека не ја научи и не ја испее со совршена мелодичност. Тогаш птицата се изнесува од темнината и секогаш потоа ќе може да ја испее песната на светло место. Бог постапува со Своите деца на ист начин. Тој има песна што сака да ја научиме, и ако ја научиме среде сенките на страдањата ќе можеме да ја пееме засекогаш.
Многумина не се задоволни од она што го постигнале во животот. Можеби нивната средина не е пријатна; времето им поминува во обични, секојдневни работи, додека тие сметаат дека се способни за поголеми одговорности; честопати им се чини дека нивните напори не се ценети или дека не донесуваат плод; иднината им е неизвесна.
Да не забораваме дека иако можеби никогаш не би ја избрале работата што мораме да ја работиме, треба да ја прифатиме како Божји избор за нас. Пријатна, или не, ние мораме да ја извршиме должноста, која ни е најблиска. „Се што може да врши твојата рака, според своите сили, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ниту работа, ниту размислување, ниту знаење, ниту мудрост.“ (Проповедник 9:10)
Ако Бог сака да однесеме порака во Ниневија, нема да биде задоволен доколку појдеме во Јопа или Капернаум. Тој има причини зошто не испраќа онаму, каде што ги насочил нашите стапки. Токму на тоа место можеби има некој, кому му е потребна нашата помош. Оној, Кој го испратил Филип кај Етиопскиот советник, Петар кај Римскиот стотник и малата Израелска слугинка да му помогне на Нееман Сирискиот капетан, ги испраќа денешните мажи, жени и младинци како Свои претставници, кај оние на кои им се потребни Божја помош и водство.
Вожјите планови се најдобри
Нашите планови не се секогаш Божји планови. Тој можеби ќе согледа дека е најдобро за нас и за Неговото дело да ги отфрли нашите најдобри намери, како што направил во случајот на Давид. Но во едно можеме да бидеме сигурни, Тој ќе ги благослови и ќе ги употреби за напредок на Своето дело оние, кои искрено се посветуваат себеси и се што имаат на Неговата слава. Ако увиди дека е најдобро да не ги услиши нивните желби, Тој ќе возврати за одбивањето, давајќи им знак за Својата љубов со тоа што ќе им довери друга служба.
Во својата грижа, љубов и заинтересираност за нас, Оној, Кој не разбира подобро отколку ние самите, често одбива да ни дозволи себично задоволување на сопствените амбиции. Тој не ни дозволува да ги одминеме понизните но свети должности што ни се на дофат. Честопати, ваквите должности се вистинската обука што не подготвува за повисока служба. Многу често нашите планови пропаѓаат, со цел да можат да успеат Божјите планови за нас.
Ние никогаш не сме повикани вистински да жртвуваме нешто за Бога. Тој бара да Му предадеме многу нешта, но правејќи го тоа, ние само Му ги даваме оние нешта, кои не попречуваат на патот кон небото. Дури и кога сме повикани да ги предадеме овие нешта што сами по себе се добри, можеме да бидеме сигурни дека Бог на тој начин ни овозможува некое повисоко добро.
Тајните, кои тука не вознемирувале и разочарувале, ќе ни бидат разјаснети во идниот живот. Ќе видиме дека нашите навидум неуслишени молитви и неисполнети надежи биле меѓу нашите најголеми благослови.
Секоја должност, без оглед колку ништожна, треба да ја сметаме за света, бидејќи е дел од Божјата служба. Наша секојдневна молитва треба да биде: „Господи, помогни ми да го направам најдоброто. Научи ме како да работам подобро. Дај ми енергија и ведро расположение. Помогни во мојата слжуба да ја внесам љубовта на Спасителот.“
Поука од животот на Мојсеј
Размислете за искуството на Мојсеја. Образованието што го примил во Египет како царски внук и иден наследник на престолот било многу темелно. Не било запоставено ништо што, според египетските сфаќања за мудроста би можело да го направи мудар. Тој се здобил со највисоко граѓанско и воено образование. Сметал дека е целосно подготвен да ги изведе Израелците од ропство. Но Бог пресудил поинаку. Неговото провидение му назначило на Мојсеј четириесет годишна обука во пустината како пастир.
Образованието што Мојсеј го стекнал во Египет му помогнало во многу нешта; но највредната подготовка за своето животно дело, била онаа што ја добил додека работел како пастир. По природа, Мојсеј имал избувлив карактер. Како успешен водач на војската и омилен од царот и народот, тој во Египет навикнал на почести и ласкања. Го привлекувал народот кон себе. Се надевал дека со сопствени сили ќе успее да ги ослободи Израелците. Но поуките што требал да ги научи како Божји претставник, биле многу поинакви. Додека го водел своето стадо низ пустите планински сртови и на зелените пасишта во долините, се научил на вера, кроткост, трпение, понизност и заборавање на себеси. Научил да се грижи за слабите, да ги негува болните, да ги бара заскитаните, да се снаоѓа со непокорните, да одгледува јагниња и да ги храни старите и изнемоштените.
Во оваа служба Мојсеј се повеќе се приближувал до Големиот Пастир. Станал тесно поврзан со Израелевиот Светец. Веќе не планирал да изврши големо дело. Се трудел верно, како пред очите на Бога, да ја извршува задачата што му била доверена. Го препознавал Божјото присуство во своето опкружување. Целата природа му зборувала за Невидливиот. Тој го познавал Бога како личен Бог и размислувајќи за Неговиот карактер, се повеќе го развивал чувството за Неговото присуство. Тој нашол прибежиште во прегратката на Вечниот.
По ова искуство, Мојсеј го слушнал Небесниот повик да го смени својот овчарски стап со палка на авторитет; да го остави своето стадо овци и да го преземе водството над Израел. Божјата заповед го затекнала без самодоверба, со бавен говор и несигурност. Бил преплавен од чувството за сопствената немоќ да биде Божји гласник. Но ја прифатил задачата, надевајќи се целосно на Господа. Големината на неговата мисија ги разбудиле неговите најдобри ментални сили. Бог ја благословил неговата спремна послушност и тој станал елоквентен, полн со надеж, присебен, способен за најголемата задача што некогаш му била доверена на човек. За него е запишано: „И не се појави веќе таков пророк во Израелот, како Мојсеј, кого Господ го познаваше лице в лице.“ (Второзаконие 34: 10)
Оние што чувстваат дека нивната работа не се вреднува доволно и кои бараат поголеми одговорности, треба да имаат предвид дека „издигнувањето не доаѓа ни од исток, ни од запад, ниту пак, од пустите гори. Но Бог е судија; едни понижува, а други вознесува.“ (Псалм 75: 6, 7) Секој човек има свое место во Вечниот Небесен план. Дали ќе го пополниме тоа место, зависи од нашата подготвеност да соработуваме со Бога.
Треба да се чуваме од самосожалување. Никогаш не потклекнувајте пред чувството дека не сте ценети колку што би требале да бидете, дека вашите напори не се вреднуваат, дека вашата работа е премногу тешка. Нека споменот на она што
Христос го претрпел за нас, ја замолкне секоја мисла на негодување. Кон нас се однесуваат подобро, отколку што се однесувале кон нашиот Господ. „За себе сакаш ли нешто големо? Не барај!“ (Еремија 45:5) Господ во Своето дело нема место за оние што повеќе сакаат да ја освојат круната, отколку да го носат крстот. Тој сака луѓе, кои повеќе сакаат да ја исполнат својата должност, отколку да ја примат наградата луѓе, кои повеќе се борат за принципи, отколку за унапредувања.
Оние што се понизни и што ја извршуваат својата служба како да се пред очите на Бога, можеби нема да предизвикаат толкаво внимание како оние, кои се полни со возбуда и гордост; но нивната работа се смета за поважна. Честопати оние што прават голема претстава го привлекуваат вниманието на себе, ставајќи се измеѓу луѓето и Бога и нивната работа ќе се покаже како неуспешна. „Главна е мудроста; придобивај мудрост и со сиот свој имот придобивај разумност. Високо цени ја, и таа ќе те воздигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш.“ (Изреки 4:7, 8)
Бидејќи немаат одлучност да владеат со себе и да се реформираат, многумина, заглавуваат во погрешниот начин на постапување. Но не мора да биде така. Тие можат да ги развијат своите сили, за да извршуваат најдобра служба и секогаш ќе бидат барани. Ќе ги ценат онолку, колку што вредат.
Ако некои се квалификувани за повисока положба, Господ нема да го остави товарот само на нив, туку и на оние што го испитале, кои ја знаат нивната вредност и кои можат внимателно да ги унапредуваат. Само оние што од ден во ден верно ја извршуваат својата работа, во времето што Бог го одредил, ќе го слушнат повикот: „Искачи се повисоко.“
Додека пастирите ги чувале свите стада на ридовите кај Витлеем, ги посетиле ангели од небото. Така и денес, додека понизниот работник за Господа ја извршува својата задача, Божјите ангели стојат покрај него, ги слушаат неговите зборови, го забележуваат начинот на кој работи, за да видат дали можат да му се доверат поголеми одговорности.
Бог не ги вреднува луѓето според нивното богатство, образование или положба. Ги вреднува според чистотата на нивните побуди и убавината на карактерот. Тој бара да види колку од Неговиот Дух поседуваат и колку во нивниот живот се открива Неговиот карактер. Да се биде голем во Божјото Царство, значи да се биде како мало дете во понизноста, едноставноста на верата и чистотата на љубовта.
„Знаете“ рекол Исус, „дека народните кнезови владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга.“ (Матеј 20:25, 26)
Од сите дарови со кои Небото може да ги обдари луѓето, соучеството со Христа во Неговите страдања е најголема доверба и највисока чест. Ниту Енох, кој бил пренесен на небото, ниту Илија, кој се вознел на огнени коли, не бил ниту поголем, ниту со поголеми почести од Јован Крстител, кој загинал сам во занданата. „Вам ви се даде дар поради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него.“ (Филипјаните 1:29)
Планови за иднината
Многумина не се способни да направат одредени планови за иднината. Нивните животи се несредени. Тие не можат да го видат излезот од своите неволји и тоа често ги исполнува со страв и немир. Да не заборавиме дека животот на Божјите деца во овој свет е патнички живот (како животот на еден патник). Ние немаме доволно мудрост за да ги планираме сопствените животи. Не е наше да ја обликуваме нашата иднина. „Со вера Авраам, бидејќи повикан, послуша да појде во местото, што сакаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи каде оди.“ (Евреите 11:8)
Во Својот живот на Земјата, Христос не правел никакви планови за Себе. Тој ги прифатил Божјите планови за Него, и ден по ден Таткото Му ги откривал Своите планови. И ние треба да зависиме од Бога, така што нашите животи ќе бидат едноставно исполнување на Неговата волја. Ако Му ги потчиниме нашите патишта, Тој ќе ги насочи нашите чекори.
Премногу луѓе прават сериозна грешка со тоа што си планираат блескава иднина. Дозволете Му на Бога да планира за вас. Како мало дете, имајте доверба во Оној, Кој „ги чува чекорите на Своите свети.“ (1. Самоил 2:9) Бог никогаш не ги води Своите деца поинаку, отколку што тие би избрале да бидат водени, кога би можеле да го видат краЈОт уште од почетокот и да ja согледаат славата на намерата што ја исполнуваат како Негови соработници.
Плата
Кога Христос ги повикал Своите ученици да го следат, Тој не им понудил никаква блескава иднина во овој живот. Тој не им ветил дека ќе се здобијат со светски почести, ниту пак склопил со нив некаков договор за она што треба да го примат. На Матеј, кој седел на касата на царинарницата, Исус му рекол: „Врви по Мене! Тој остави се, стана и тргна по Него.“ (Лука 5:27, 28) Матеј, пред да ја прифати службата, не побарал одредена плата што би била еднаква со неговото примање во неговото претходно занимање. Тој тргнал по Христа без прашање и без двоумење. За него било доволно тоа што ќе биде со Спасителот, што ќе може да ги слуша Неговите зборови и што ќе соработува со Него во Неговата служба.
Така било и со претходно повиканите ученици. Кога Исус им наложил на Петар и неговите другари да го следат, тие веднаш ги оставиле своите чамци и мрежи. Некои од овие ученици имале пријатели што зависеле од нивната издршка; но кога ја примиле поканата на Спасителот, тие не се двоумеле ниту прашувале: „Како ќе живеам и како ќе го издржувам семејството?“ Тие го послушале повикот; и кога подоцна Исус ги прашал: „Кога ве пратив без ќесе, и без торба и без обувки, останавте ли лишени од нешто?“ Тие можеле да одговорат: „Од ништо.“ (Лука 22:35)
Денес Спасителот не повикува нас, како што ги повикал Матеј, Јован и Петар во служба за Него. Ако нашите срца се трогнати од Неговата љубов, во нашите мисли прашањето за наградата нема да ни биде на прво место. Ние ќе се радуваме што сме Христови соработници и нема да се плашиме да веруваме во Неговата грижа. Ако Бог биде нашата сила, ние ќе имаме појасна претстава за нашите должности и несебични стремежи; нашиот живот ќе се раководи од благородни цели, кои ќе не издигнат над користољубивите побуди.
Бог ќе се погрижи
Многумина, кои тврдат дека се Христови следбеници, имаат вознемирени и загрижени срца, бидејќи се плашат да имаат доверба во Бога. Тие не Му се предаваат во потполност, зашто се плашат од последиците што таквото предавање би можело да ги донесе. Тие нема да можат да најдат мир, доколку не се предадат во потполност.
Многу луѓе чувствуваат болка во срцето од товарот грижи, затоа што се обидуваат да ги достигнат светските стандарди. Тие избрале да му служат на светот, ги прифатиле неговите проблеми и обичаи. Тоа го расипало нивниот карактер и направило товар од нивните животи. Постојаната грижа ги исцрпува животните сили. Нашиот Бог копнее тие да го отфрлат овој ропски јарем. Тој ги повикува да го прифатат Неговиот јарем; Тој им вели: „Мојот јарем е благ и Моето бреме е лесно.“ Грижата е слепа и не може да ја види иднината; но Исус го гледа крајот уште од почетокот. Во секоја тешкотија Тој има подготвен пат што ќе ни донесе олеснување. „Господ не им ускратува добра на оние, што одат непорочно.“ (Матеј 11:30, Псалм 84:11)
Нашиот Небесен Татко има илјадници патишта за да се погрижи за нашите потреби за кои ние не знаеме ништо. Оние на кои најважен принцип ќе им биде да ја извршуваат службата за Бога, ќе увидат дека проблемите исчезнуваат и пред нивните нозе се протега јасна патека.
Верното исполнување на денешните обврски е најдобра подготовка за утрешните неволји. Не ги собирајте утрешните обврски и грижи, кои допрва ве очекуваат, за да му ги додадете на денешниот товар. „На секој ден доволно му е неговото зло.“ (Матеј 6:34)
Да имаме надеж и храброст. Грешно е и неразумно да се биде малодушен во службата за Бога. Тој ги знае сите наши потреби. Нашиот Бог, Кој го држи Својот завет, ги обединува семоќта на Царот над царевите со нежноста и грижата на Добриот Пастир. Неговата моќ е апсолутна и таа е залог за сигурно исполнување на Неговите ветувања за сите што веруваат во Него. Тој има средства да ја отстрани секоја тешкотија, така што оние што Му служат и ги почитуваат Неговите средства за работа да можат да се одржат. Неговата љубов е толку повисока од секоја друга љубов, колку што е небото повисоко од земјата. Тој се грижи за Своите деца со љубов што е неизмерна и вечна.
Во најтемните денови, кога изгледите се најлоши, имајте вера во Бога. Тој ја остварува Својата волја и прави се што се случува да излезе на добро за Неговиот народ. Силата на оние што го љубат и Му служат, ќе се обновува од ден во ден.
Тој може и сака да им ја даде на Своите слуги сета помош што им е потребна. Тој ќе им ја даде онаа мудрост, која ја побаруваат нивните различни потребни.
Апостол Павле, кој бил во неволја рекол: „Но Тој ми рече: ‘Доволна ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста.’ Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со својата немоќ, за да се всели во мене Христовата сила. Затоа добро ми е во слабостите, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христа, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен.“ (2. Коринтјаните 12:9, 10)