Глава 41 Во допир со другите
Секоја врска во животот бара изградување самоконтрола, попуштање и сочувство. Ние толку многу се разликуваме според склоностите, навиките, образованието, бидејќи имаме различни погледи на нештата. Различно расудуваме. Нашето сфаќање за вистината, нашите идеи за тоа како треба да се однесуваме во животот не се потполно исти. Не постојат двајца со потполно исти искуства. Неволјите на едниот, не се неволји на некој друг. Должностите што за некого се лесни, за друг можат да бидат најтешки и збунувачки.
Толку кршлива, толку непозната, толку подложна на погрешни влијанија е човечката природа, што секој треба да биде внимателен, кога ја оценува вредноста на неког друг. Ние знаеме малку за влијанието што нашите дела го имаат врз искуството на другите. Она што ќе го сториме или кажеме, за нас можеби ќе изгледа како еден миг, додека, кога нашите очи би биле отворени, би виделе дека од тоа најмногу зависи нашето влијание за добро или зло.
Респекг кон оние што носат товар
Многумина носеле толку малку товари, нивните срца запознавале толку малку вистински тешкотии, тие почувствувале толку малку страдања и неволји за некој друг, што не можат да ја разберат работата на вистинскиот носач на товар. Тие не можат да ги вреднуваат товарите повеќе отколку што детето може да ја разбере грижата и маката на својот обременет татко. Детето може да се чуди на стравовите и тешкотиите на таткото. Тие нему му изгледаат непотребни. Но, кога во неговиот живот ќе бидат додадени годините на искуство, кога тоа ќе почне да ги носи своите товари, ќе погледне наназад кон татковиот живот и ќе го разбере она што некогаш му било толку несфатливо. Горчливите искуства ќе му дадат знаење.
Работата на многу обременети не е сфатена, нивниот труд не е вреднуван се додека смртта не го собори. А кога другите ќе ги преземат бремињата што ги оставил зад себе и ќе се сретнат со неговите тешкотии ќе раберат како била испитувана неговата вера и храброст. Честопати престануваат да ги гледаат грешките што порано толку брзо ги осудувале. Искуството ги учи на сочувство. Бог дозволува луѓето да бидат ставени на одговорни позиции. Ако згрешат, Тој има моќ да ги поправи или отстрани од нив. Треба да внимаваме да не го земеме во наши раце судот што му припаѓа на Бога.
Однесувањето на Давид кон Саул содржи поука. Со Божја наредба, Саул бил помазан за цар на Израел. Поради неговата непослушност, Бог објавил дека ќе му биде одземена таа позиција; а сепак колку бил односот на Давид кон него нежен, љубезен и воздржан! Во обид да го убие Давид, Саул се упатил во пустината и, несвесно влегол во истата пештера во која тој се криел со своите луѓе. „И му рекоа на Давида неговите луѓе: ‘Еве го денот за кој ти зборуваше Бог… Јас ќе го предадам твојот непријател во твоите раце, и ќе сториш со него она што ти е угодно.’ Давид им рече на своите луѓе: ‘Да не ми даде Господ да му го направам тоа на мојот господар, да ставам рака врз него, бидејќи тој е Господов помазаник’.“ Спасителот ни наложува: „Не судете, за да не бидете судени.“ „Не можеш да се оправдаш, о човеку, кој и да си ти, зашто со каков суд судиш друг, со таков се осудуваш самиот.“ (1. Самоил 24:4-6; Матеј 7:1, 2; Римјаните 2:1)
Боздржаност кога ни грешат
Не смееме да дозволиме нашиот дух да се вознемири или возбуди за се што можеби ќе ни згрешат. Нашето „Јас“ е непријател од кој треба најмногу да се плашиме. Ниту еден порок нема толку погубно влијание врз карактерот како човечките страсти што не се под контрола на Светиот Дух. Ниту една победа што можеме да ја освоиме, нема да биде толку скапоцена, како победата над себеси.
Не смееме да дозволиме нашите чувства да бидат лесно повредени. Треба да живееме, не за да ги чуваме сопствените чувства или угледот, туку за да спасуваме души. Кога ќе се заинтересираме за спасението на душите, ќе престанат да ни пречат малите разлики, кои толку често се појавуваат во нашите односи со другите. Без оглед што другите можеби мислат за нас или ни прават, тоа не смее да го попречи нашето единство со Христа, и заедништвото со Духот. „Зашто, каква е пофалбата, ако трпите, кога ве бијат поради престапи? Но, ако трпите, кога правите добро и страдате, тоа му е угодно на Бога.“ (1. Петар 2:20)
Не враќајте зло за зло. Колку што можете, отстранете ги сите причини за недоразбирање. Избегнувајте го изгледот на злото. Направете се што е во ваша моќ, без да ги жртвувате принципите, да бидете во мир со другите. „Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот.“ (Матеј 5:23, 24)
Ако некој ви зборува со повишен глас, никогаш не одговарајте со истиот Дух. Сетете се дека „кроткиот одговор гневот го ублажува.“ (Изреки 15:1) И тишината има чудесна моќ. Зборовите изговорени како одговор на некој што е лут, често само разгневуваат. Но ако ја пречекате лутината со тишина, со нежен и воздржан дух, таа брзо ќе исчезне.
Во бурата на зајадливи и навредливи зборови задржете го вашиот ум на Божјата Реч. Нека вашето срце и умот бидат сигурни во Божјите ветувања. Ако кон вас се однесуваат лошо, или неправедно ве обвинат, наместо да одговорите со лутина, повторувајте си ги скапоцените ветувања:
„Не дозволувај злото да те победи, туку победувај го злото со добро.“ (Римјаните 12:21);
„Довери го својот пат пред Господа и на Него надевај се и Тој ќе изврши се; и ќе ја изведе твојата правда како светлина, и твојата справедливост како пладне.“ (Псалм 37:5, 6);
„Нема ништо скриено, а да не се открие, ни тајно што не ќе се дознае.“ (Лука 12:2);
„Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но не изведе да здивнеме.“ (Псалм 66:12).
Ние сме склони да бараме сочувство и поддршка од нашите ближни, наместо од Христа. Во Својата милост и верност, Бог честопати ќе дозволи да бидеме изневерени од оној на кого се надеваме, за да научиме дека е неразумно да се надеваме на човек и да се потпираме на тело. Треба потполно, понизно и несебично да му веруваме на Бога. Тој ја знае тагата што ја чувствуваме во длабочините на нашето битие и која не можеме да ја искажеме. Кога се изгледа мрачно и необјасниво, сетете се на Христовите зборови: „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.“ (Јован 13:7)
Проучувајте ја историјата на Јосиф и Даниел. Бог не ги спречил заверите на оние што сакале да им наштетат; но сето тоа го извел на добро за Своите слуги, кои меѓу неволјите и борбите ја сочувале својата вера и лојалност.
Се додека сме во светот, ние ќе се сретнуваме со непријателски влијанија. Ќе има провокации, кои ќе го испитаат нашиот темперамент; и токму преку соочувањето со нив, со вистински дух се развиваат христијанските доблести. Ако Христос е во нас, ние ќе бидеме трпеливи, љубезни и воздржани, ведри и кога нешто не мачи и раздразнува. Ден по ден и година по година ќе се победуваме себеси и ќе растеме во благороден хероизам. Тоа е наша одредена задача; но таа не може да се постигне без Христова помош, цврста одлука, јасна цел, постојана будност и непрекината молитва. Секој треба да води своја борба. Ниту Бог не може да ги направи нашите карактери благородни или нашите животи полезни, доколку не станеме Негови соработници. Оние што ќе се откажат од борба, ќе ја изгубат силата и радоста на победата.
Не треба да водиме записник за нашите проби и тешкотии, за тагата и жалоста. Сето тоа е запишано во книгите и Небото ќе се погрижи за нив. Додека ги броиме непријатните нешта, многу работи за кои е пријатно да се размислува исчезнуваат од нашето сеќавање; такви се сочувството и добрината на Бога, кои не опкружуваат во секој миг и љубовта на која ангелите и се восхитуваат, дека Бог го даде Својот син да умре за нас. Ако чувствувате дека како Христови работници се среќавате со поголеми грижи и проби од оние што им биле досудени на другите, сетете се дека за вас постои мир, кој оние што не ги носеле овие товари, не го познаваат. Во службата за Христа има утеха и радост. Дозволете му на светот да види дека животот со него не е неуспех.
Ако не чувствувате расположение и радост, не зборувајте за вашите чувства. Не фрлајте сенка врз животите на другите. Студената религија без ведрина, никогаш не привлекува души кон Христа. Таа ги одвлекува од него во мрежите што сатаната ги поставил за стапките на заталканите. Наместо да мислите на вашите обесхрабрувања, мислете на силата на која можете да се повикате во Христово име. Нека вашата имагинација се задржува на невидливите нешта. Насочете ги вашите мисли кон доказите за Божјата голема љубов кон вас. Верата може да ја издржи пробата, да му се спротивстави на искушението, да опстане во разочарувањето. Исус живее како ваш застапник. Се што Неговото посредување може да ни обезбеди е наше.
Не мислите ли дека Христос ги цени оние, кои целосно живеат за Него? Не мислите ли дека ги посетува оние, кои како возљубениот Јован во прогонство, се наоѓаат на тешки и мрачни места заради Него? Бог нема да дозволи ниту еден од Неговите искрени работници да биде оставен сам, да се бори против надмоќниот непријател и да биде победен. Секој, чиј живот е скриен со Христа во Него, Тој го чува како скапоцен камен. За секој таков, Тој вели: „Јас… ќе те ставам како печат, бидејќи те избрав.“ (Агеј 2:23)
Зборувајте за ветувањата; зборувајте за Христовата подготвеност да благословува. Тој не не заборава ниту за миг. Кога, и покрај непријатните околности остануваме спокојни во Неговата љубов и се затвориме во себе со него, чувството на Неговото присуство ќе вроди со длабока и мирољубива радост. Христос за себе рекол: „Ништо не правам сам од Себе, туку, како што ме научи Мојот Татко, така и зборувам. Оној што ме прати е со Мене; Таткото не ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што му е угодно.“ (Јован 8:28, 29)
Татковото присуство го опкружувало Христа и не му се случувало ништо, освен она што Неговата бескрајна љубов го допуштила за благослов на светот. Таму бил изворот на Неговата утеха, а тука е и за нас. Оној, Кој е исполнет во Христовиот Дух, престојува во Христа. Се што ќе ни се случи, доаѓа од Спасителот, Кој не опкружува со Своето присуство. Ништо не може да не допре, освен со дозвола од Бога. Сите наши страдања и жалости, сите наши искушенија и неволји, сите наши таги и болки, сите наши прогонства и потреби, накусо, се тоа е за наше добро. Сите искуства и околности се Божји работници што ни донесуваат добро.
Ако имаме претстава за Божјата долготрпеливост кон нас, ние нема да ги осудуваме или обвинуваме другите. Кога Христос живеел на Земјата, колку би биле изненадени Неговите сојузници доколку, откако Го запознале, го слушнале да изговори само еден обвинувачки збор, еден збор на навреда или нетрпеливост. Да не заборавиме никогаш дека оние што го сакаат Него, треба да го претставуваат Него во карактерот.
„Еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг.“ „Не враќајте зло за зло или хула за хула, туку, напротив; благословувајте, знаејќи дека затоа сте повикани, за да наследите благослов.“ (Римјаните 12:10; 1. Петар 3:9)
Господ Исус бара да ги признаваме правата на секој човек. Треба да ги имаме предвид социјалните права на луѓето и нивните права како христијани. Кон секого треба да се однесуваме љубезно и нежно, како кон Божји синови и ќерки.
Христијанството ќе направи воспитан господин (кавалер) од човекот. Христос бил учтив, дури и кон оние што го прогонувале; и неговите вистински следбеници ќе го покажуваат истиот Дух. Погледнете го Павле, кога бил изведен пред владетелите. Неговиот говор пред Агрипа е илустрација на вистинска учтивост и убедлива елоквентност. Евангелието не ја охрабрува формалната љубезност, актуелна во светот, туку учтивоста што потекнува од вистинската добрина на срцето.
Највнимателното негување на надворешните ознаки на животот не се доволни да ја отстранат сета иритираност, груб суд и несоодветен говор. Вистинската префинетост нема никогаш да биде откриена, се додека своето „јас“ се смета за најголем предмет. Во срцето мора да пребива љубовта. Целосно посветениот христијанин за своето дејствување ги црпи мотивите од неговата длабока љубов за Својот господар. Од коренот на неговата наклонетост кон Христа, потекува несебичен интерес за неговите браќа. Во оној што ја поседува љубовта, таа втиснува привлечност, пристојност и пријатно однесување. Таа го осветлува лицето и го покорува гласот; го облагородува и издигнува целото битие.
Животот, главно е составен не од големи жртви и чудесни достигнувања, туку од мали нешта. Во нашите животи големите добрини или зла често се внесуваат токму преку оние мали нешта, кои ни изгледаат премногу безначајни за да ги забележиме. Нашите навики се формираат, а карактерот понижува преку неуспехот да се одржиме во пробите што ни доаѓаат во малите нешта; а кога ќе дојдат големите проби, не наоѓаат неподготвени. Само ако се држиме за принципите во секојдневните проби, ќе можеме да се здобиеме со сила да останеме цврсти и верни и во најопасните и најтешки ситуации.
Ние никогаш не сме сами. Имаме некој што не следи, без оглед дали сме го избрале или не. Не заборавајте дека каде и да сте, што и да правите, Бог е со вас. Ниту еден ваш збор, мисла или постапка не можат да се сокријат од Неговото внимание. За секој твој збор или дело има сведок светиот Бог, Кој го мрази гревот. Секогаш пред да проговорите или направите нешто, сетете се на ова. Како христијанин, вие сте член на царското семејство, дете на Небесниот Цар. Не кажувајте ништо, не правете ништо што ќе Го обесчести „она достојно Име, со кое сте се нарекле.“ (Јаков 2:7)
Внимателно проучувајте го Божествено човечкиот карактер и постојано прашувајте се „што би направил Исус на мое место?“ Тоа треба да биде мерило на нашата должност. Не впуштајте се непотребно во дружење со оние, кои со своето однесување ќе ја ослабнат вашата намера да правите добро, или ќе стават дамка на вашата совест. Помеѓу непознати, на улица, во воз, во домот, не правете ништо што барем малку ќе наликува на зло. Секој ден правете нешто да го подобрите, разубавите и облагородите животот што Христос го откупил со сопствената крв.
Секогаш постапувајте според принципите, никогаш импулсивно. Смирете ја вашата природна раздразливост со кроткост и благост. Не постапувајте лекомислено ниту пак напразно зборувајте. Никаква недолична шега да не премине преку вашите усни. Ниту на мислите не смее да им се дозволи да се побунат. Тие мораат да бидат скротени, заробени во послушност на Христа; нека се занимаваат со свети нешта. Тогаш, преку Христовата благодат, ќе бидат чисти и вистинити.
Потребна ни е постојана свест за облагородувачката моќ на чистите мисли. Единствената сигурност за секоја душа е правилното размислување. Зашто, какви се мислите на човекот, „таков е и тој.“ (Изреки 23:7) Силата на самовоздржување е сила што се развива со користење. Она што најпрвин делува тешко, со постојано повторување станува лесно, се додека правилните мисли и постапки не станат навика. Ако сакаме, ние можеме да се одвратиме од се што е евтино и неважно и да се издигнеме до повисок стандард; можеме да бидеме почитувани од луѓето и сакани од Бога.
Негувајте навика да зборувате добро за другите. Задржувајте се на добрите страни на оние со кои се дружите и гледајте колку е можно помалку од нивните грешки и недостатоци. Кога ќе бидете во искушение да се пожалите на нешто што некој го рекол или направил, пофалете нешто од животот или карактерот на таа личност. Негувајте благодарност. Славете го Бога за Неговата прекрасна љубов, која го даде Христа да умре за нас. Никогаш не се исплати да мислиме на незгодите. Бог не повкува да размилуваме за Неговата милост и Неговата неспоредлива љубов, за да можеме да бидеме вдахновени со благодарност.
Искрените работници немаат време да се задржуваат на грешките на другите. Не можеме да си дозволиме да живееме од кожуроците на туѓите грешки и недостатоци. Зборувањето лоши работи е двојна клетва, која паѓа повеќе на оној што зборува, отколку на оној што слуша. Оној што сее семе на раздор, во својата сопствена душа, ќе пожнее смртоносни плодови. Самото барање зло во другите го развива злото кај оној што го бара. Задржувајќи се на туѓите недостатоци, ние се преобразуваме во истиот лик. Но, задржувајќи се на Исус, зборувајќи за Неговата љубов и совршениот карактер, се менуваме според Неговиот лик. Набљудувајќи ги возвишените идеали што Тој ги поставил пред нас, ние ќе бидеме издигнати во чиста и света атмосфера, како да сме пред Бога. Кога престојуваме во неа, од нас истекува светлина, која ги опкружува сите што се поврзани со нас.
Наместо да ги критикувате и осудувате другите, речете: „Јас морам да работам на сопственото спасение. Ако соработувам со Оној, Кој сака да ја спаси мојата душа, морам да внимавам на себе. Морам да го отстранам сето зло од мојот живот. Морам да го надминам секој недостаток. Морам да станам ново создание во Христа. Затоа, наместо да им отежнувам на оние, кои се борат против злото, ќе можам да им помогнам со охрабрувачки зборови.“ Ние сме премногу рамнодушни едни кон други. Премногу често забораваме дека нашите соработници имаат потреба од сила и разведрување. Потрудете се да ги уверите дека сте заинтересирани и дека сочувствувате со нив. Помогнете им со вашите молитви и ставете им на знаење дека се молите за нив.
Не сите што кажуваат дека се работници за Христа се вистински ученици. Помеѓу оние што го носат Неговото име и кои дури се вбројуваат меѓу работниците за Него, има такви, кои не го претставуваат Неговиот карактер. Тие не се раководат според Неговите принципи. Овие луѓе често предизвикуваат забуни и обехрабрувања кај соработниците, кои се млади во христијанското искуство; но никој не мора да биде заведен. Христос ни дал совршен пример. Тој не обврзува да го следиме Него.
Се до крајот на времето, меѓу житото ќе има и какол. Кога слугите на домаќинот, ревнувајќи за честа на својот господар, побарале дозвола да го откорнат каколот, господарот рекол: „не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото заедно, до жетвата.“ (Матеј 13:29, 30)
Во Својата милост и долготрпеливост, Бог има трпение и кон оние што се изопачени, па дури и со нечесни срца. Меѓу избраните Христови ученици бил и Јуда, предавникот. Зар тогаш треба ли да се чудиме или обесхрабриме што меѓу Неговите денешни работници има луѓе со нечесни срца? Кога Оној, Кој ги чита срцата можел да Го трпи оној за кого знаел дека ќе Го предаде, со какво трпение ние треба да ги поднесуваме оние, кои имаат недостатоци!
А не сите, дури ни меѓу оние што изгледаат како најнесовршени, се како Јуда. Петар, избувлив, раздразлив и полн со самодоверба, честопати изгледал далеку понезгоден од Јуда. Тој честопати бил укоруван од Спасителот. Но каков живот на служба и пожртвуваност живеел тој! Какво сведоштво е тоа за силата на Божјата милост! Ние треба, колку што сме способни, да бидеме за другите она што Исус бил за Своите ученици, додека чекорел и зборувал со нив на Земјата.
Сметајте се себеси за мисионери, најпрвин меѓу своите соработници. Да се придобие една душа за Христа, честопати бара многу време. Но кога душата ќе се одврати од гревот кон правдата, меѓу ангелите настанува голема радост. Мислите ли дека службените духови, кои ги набљудуваат овие души се задоволни, кога гледаат колку рамнодушно кон нив се однесува некој што тврди дека е христијанин? Кога Исус би постапувал со нас онака како што ние премногу често постапуваме едни со други, кој од нас би бил спасен?
Не заборавајте дека вие не можете да читате срца. Не ги знаете побудите што ја предизвикале постапката, која вие ја сметате за погрешна. Има многу луѓе, кои не добиле вистинско воспитување; нивните карактери се изопачени, тие се груби и недоделкани и се чини дека се искривени во секој поглед. Но Христовата милост може да ги преобрази. Никогаш не ги отфлајте, никогаш не ги доведувајте до обесхрабреност и очај велејќи: „ме разочара, нема да се обидувам да ти помогнам.“ Неколку предизвикани непријателски зборови само она што мислиме дека го заслужуваат можат да ги пресечат јажињата на влијанието што требало да ги приврзе нивните срца за нашите.
Доследниот живот, трпеливата воздржаност, дух што не попушта пред провокации, секогаш е најубедлив аргумент и најдостоинствен повик. Доколку сте имале можности и предимства што судбината не им ги доделила на другите, имајте го тоа предвид и бидете секогаш мудри, грижливи и љубезни учители.
За да имате чист и силен отпечаток од печатот, вие нема силно и брзо да удрите со него; туку внимателно ќе го ставите печатот врз восокот и мирно ќе го држите, додека не се зацврсне на подлогата. На таков начин однесувајте се и со човечките души. Тајната на христијанската моќ е во постојаноста на неговото влијание, а тоа зависи од непоколебливоста на вашата манифестација на Христовиот карактер. Помогнете им на оние што згрешиле, така што ќе им ги раскажете своите искуства. Покажете им како, кога сте направиле сериозни грешки, трпението, добрината и подготвеноста да помогнат на вашите соработници, ви дала храброст и надеж.
Се до судот вие нема да ја разберете важноста од влијанието на доброто и внимателно однесување кон непостојаните, неразумните, безвредните. Кога ќе се соочиме со неблагодарноста и предавството кон светата доверба, потикнати сме да покажеме презир или негодување. Виновниците го очекуваат тоа; тие се подготвени на тоа. Но љубезната воздржаност ги изненадува и честопати ги разбудува нивните подобри импулси и копнежот за поблагороден живот.
„Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните, поправајте го таквиот со духот на кроткоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани. Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така Христовиот закон.“ (Галатјаните 6:1, 2)
Сите што тврдат дека се Божји деца, треба да имаат на ум дека како мисионери ќе бидат доведени во допир со луѓе што имаат секакви размислувања. Ќе дојдат во допир со префинети и груби, понизни и горделиви, религиозни и скептични, образувани и неуки, богати и сиромашни. Со овие различни умови не може да се постапува на ист начин; но на сите им требаат добрина и сочувство. Со взаемен контакт, нашите умови треба да стекнат глаткост и префинетост. Ние зависиме едни од други, цврсто поврзани заедно со врските на човечкото братство.
„Небото одредило секој да зависи од некој, било Господар, слуГа или пријател, секој бара од некоГо помош, преку слабоста на еден се засилуваат сите!“
Токму преку социјалните односи, христијанството доаѓа во допир со светот. Секој маж или жена, кои примиле Небесно просветлување, треба да ја шири светлината по темната патека на оние што не го знаат подобриот пат. Социјалното влијание, посветено со Христовиот Дух мора да се използува, со цел да може да доведува души кај Христа. Христос не треба да се сокрива во срцето како посакувано богатство, свето и слатко, во кое ужива само неговиот сопственик. Треба да го имаме Христа во нас како извор на вода, која тече нагоре кон вечниот живот и ги освежува сите што доаѓаат во допир со нас.