Глава 10 Помагање на оние што се во искушение
Христос не не сака затоа што ние први сме го засакале Него, туку Тој умрел за нас „уште додека бевме грешници.“ Тој не постапува со нас според нашите заслуги. И покрај тоа што според нашите гревови ние заслужуваме само осуда, Тој нас не не осудува. Година по година, Тој ги поднесувал нашите слабости, незнаења, неблагодарност и непослушност. И покрај нашето застранување, закоравеноста на нашите срца, нашето занемарување на Неговиот свет збор, Неговата рака е се уште испружена.
Благодатта е особина, која Бог им ја укажува на човечки битија што не ја заслужуваат. Иако ние не сме ја барале, таа е испратена со цел да не пронајде. Бог ја излева на нас Својата благодат со радост, не затоа што сме ја заслужиле, туку затоа што сме сосема недостојни. Единственото нешто што ни дава право да се повикаме на Неговата благодат е нашата голема потреба.
Господ Бог преку Исуса Христа ги држи Своите раце подадени кон нас во текот на целиот ден, повикувајќи ги грешните и паднатите. Тој ќе ги прими сите. Тој му посакува добредојде на секого. Неговото Име се слави и возвишува, кога Тој му простува и на најголемиот грешник. Тој ќе го одземе пленот од силниот, ќе ги ослободи заробениците, ќе ја извлече гламјата од пламенот.
Со златниот синџир на Својата милост, Бог се спушта до најголемите длабочини на човечката беда и ги подига понижените и од гревот заразени души.
Секое човечко битие претставува предмет на љубовта и интересот на Оној, Кој го даде Својот живот за да го врати човекот кај Бога. Христос се грижи за виновните и беспомошни души, наклонети да бидат уништени од делата и стапиците на сатаната, како што овчарот се грижи за овците од своето стадо.
Примерот на Спасителот треба да биде пример и правило во нашата служба за искушуваните и заблудените. Ние треба да го покажеме кон другите истиот интерес, истата нежност и долготрпение што Тој ги покажува кон нас. „Како што јас ве возљубив, “ рекол Тој, „така и вие да се љубите еден со друг.“ (Јован 13:34) Ако Христос живее во нас, тогаш ние ќе ја откриваме Неговата несебична љубов кон сите со кои доаѓаме во допир. Кога ќе видиме луѓе и жени на кои им се потребни сочувство и помош, не треба да прашаме: „Дали се достојни?“ туку: „Како можам да им помогнам?“
И богатите и сиромашните, и високите и ниските, и слободните и робовите, сите тие претставуваат Божјо наследство. Оној, Кој го даде Својот живот за откупување на човечкиот род, во секое човечко битие гледа вредност што ја надминува крајната цена. Преку тајната и славата на крстот, ние можеме да насетиме колку многу Тој ја вреднува секоја душа. Поаѓајќи од тоа, ние ќе почувствуваме дека човечките битија, колку и да се деградирани, се платени премногу скапо за со нив да се постапува студено или со потценување. Ние ќе ја согледаме сета важност на залагањето за нашите ближни, за тие да можат да бидат издигнати до Божјиот престол.
Изгубената паричка од параболата на Спасителот, се уште претставувала парче сребро, иако лежела во прав и нечистотија. Нејзината сопственичка ја барала, затоа што таа имала вредност. Така, секоја душа, колку и да е деградирана од гревот, е скапоцена во очите на Бога. И токму како што паричката го носи ликот и натписот на владеачката сила, и човекот при создавањето ги носел на себе Божјиот натпис и обличје. Иако под влијание на гревот, трагите на тој натпис денес се извалкани и замаглени, сепак, се уште остануваат на секоја душа. Бог копнее да ја обнови секоја таква душа и да го обнови на неа Својот сопствен лик на праведност и светост.
Колку малку во нас може да се види Христовата сомилост, која би требала да претставува најсилна врска помеѓу нас и Него, а таа е сочувството за изопачените, грешните и измачени души, мртви во своите престапи и гревот! Наш најголем грев е нехуманоста на човек кон човек. Постојат многумина, кои мислат дека ја застапуваат Божјата правда, иако сосема ги занемаруваат Неговата нежност и голема љубов. Тие, честопати постапуваат сурово и строго со души, кои се наоѓаат под бремето на остри искушенија. Сатаната се бори со овие души, а нашите нељубезни зборови можат толку да ги обесхрабрат, така што тие ќе паднат и ќе станат жртва на силата на искушувачот.
Мораме да бидеме многу внимателни во работата со душите. Единствено Оној, Кој ги чита срцата, знае како да го донесе човекот до покајание. Единствено Неговата мудрост може да ни донесе успех во придобивањето на изгубените. Ако си крут и мислиш: „Јас сум посвет од тебе, “ без оглед на точноста на твоите докази и вистинитоста на твоите зборови, тие никогаш нема да ги допрат срцата на луѓето. Христовата љубов, манифестирана во зборови и на дело, е таа што ќе најде пристап до душата и тогаш, кога со аргументи и повторување на принципите не може да се постигне ништо.
Ние имаме потреба од многу повеќе сочувство како Христовото, не само за оние што изгледаат беспрекорни во нашите очи, туку и за сиромашните, страдните, душите што се борат, кои често покажуваат недостатоци, кои грешат и се кајат, кои се искушувани и разочарани. Работејќи за нашите ближни, ние мораме слично на нашиот милостив Првосвештеник да бидеме допрени со сочувство за нивната немоќ.
Со својата добрина и љубов, Христос ги привлекувал сите отрфлени: Цариници, грешници и презрени. Но, никогаш не ги одобрувал оние што гледале на другите од височина, со голема самопочит и презир.
„Оди на патиштата и раскрсниците и убеди ги да дојдат, “ ни наложува Христос, „За да може мојата куќа да се наполни.“ Покорувајќи се на овој налог, ние мораме да одиме кај незнабошците блиски или далечни, онаму, каде што се наоѓаат. Тој повик на Спасителот мораат да го слушнат и „цариниците и блудниците.“ Преку љубезноста и долготрпеливоста на Неговите гласници, тој повик може да стане неодоллива сила за подигнување на оние, кои се најдлабоко паднати во гревот.
Христијанските побуди бараат да работиме за душите што сатаната сака да ги уништи со непоколеблива цел, непрекинат интерес и се поголема ревност. Ништо не би требало да ја ослабне ревноста и сесрдното залагање за спасувањето на изгубените.
Да обрнеме внимание дека Божјата Реч покажува дух на итност и преколнување на мажите и жените да дојдат кај Христа. Ние мораме да ја искористиме секоја можност, приватна и јавна, да ги привлечеме луѓето кај Спасителот, со тоа што ќе го презентираме секој аргумент и ќе ја поттикнуваме свеста за важноста на она што е непоминливо. Ние треба да ги поттикнуваме да гледаат во Христа и да го прифатат Неговиот живот на самооткажување и жртва, со сите расположливи сили. Мораме да им покажеме дека очекуваме од нив да го израдуваат Христовото срце, со тоа што ќе ги ползуваат сите добиени дарови од Него, за прослава на Неговото Име.
Спасен преку надежга
„Ние сме спасени преку надеж.“ (Римјаните 8: 24) Мораме да ги водиме оние, кои се паднати, за да почувствуваат дека не е премногу доцна да станат луѓе. Христос го почестил човекот, укажувајќи му ја Својата доверба и на тој начин му го вратил неговото човечко достоинство. Тој постапувал со почит дури и кон оние, кои биле најдлабоко паднати. Го болело што постојано мора да доаѓа во допир со непријателство, изопаченост и нечистотија од страна на луѓето; но никогаш не изговорил ниту еден збор од кој би можело да се заклучи дека Неговите чувства и Неговата благородност се повредени. Без оглед колку навиките на луѓето биле лоши, а предрасудите длабоки и страстите пресилни, Тој ги пресретнувал со милосрдност. Кога ние би го поседувале Неговиот Дух, би ги сметале за свои браќа, сите луѓе обременети со слични искушенија и испити, кои паѓаат и се борат повторно да станат и обесхрабрени, копнеат за сочувство и помош, тогаш, средбата со нас нема да ги обесхрабрува ниту одбива, туку напротив, ќе буди надеж во нивните срца. Така охрабрени, тие со сигурност ќе можат да речат: „Не радувај се против мене, непријателко моја! Иако паднам, јас ќе станам; ако седам во темнина, Господ ќе биде мојата светлина.“ „Тој ќе го брани мојот случај, и ќе спроведе суд за мене; ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам Неговата правда.“ (Михеј 7:8, 9)
„БоГ погледна на сите, кои живеат по земјата.
Тој на сите им Ги создаде срцата.”
(Псалм 33:14, 15)
Во општењето со искушуваните и заскитаните, Божјата Реч не предупредува: „Пазете се да не бидете искушани и вие.“ (Галатјаните 6:1) Со чувство за сопствената слабост, ние ќе имаме сожалување и разбирање за слабоста на другите.
„Кој ти дава тебе предимство? И што имаш, а што не си добил?“ „Еден е вашиот Учител, Христос… и вие сите сте браќа.“ „Зошто го судиш својот брат? Или зошто го укоруваш својот брат?“ „Затоа пак, да не се судиме еден со друг… туку судете за тоа, на брата си да не му поставувате сопка или соблазна.“ (1. Коринтјаните 4:7; Матеј 23:8; Римјаните 14:10)
Секогаш е понижувачки да се укажува на грешките на другиот. Никој не смее уште повеќе да го загорчува тоа искуство со непотребен укор. Никој никогаш не се поправил заради укори и префрлувања; напротив, на тој начин многумина биле сосема одбиени и наведени целосно да го затворат своето срце за секакво убедување или свест за вина. Кроткиот дух, благородното и пријатно однесување, може да ги спаси заблудените и да покрие мноштво гревови.
Апостол Павле сметал дека треба да ги укори грешките, но сепак, со најголемо внимание настојувал заблудените да увидат дека тој им е пријател. Колку внимателно им ја објаснувал причината за своите постапки! Им ставил на знаење дека му е тешко што им нанесува болка. Покажал доверба и лична наклонетост кон оние што се бореле со цел да задобијат победа.
„Од многу грижи и од тага на срцето, “ рекол тој, „ви напишав со многу солзи; не за да ве огорчам, туку за да ја познаете преголемата љубов, што ја имам кон вас.“ (2. Коринтјаните 2:4) „Зашто, ако сум ве и ожалостил со посланието, не се кајам, иако се каев… Јас сега се радувам, не затоа што се нажаливте, туку затоа што се нажаливте за покајание… Зашто, ете, тоа што се нажаливте по
Бога, каква усрдност предизвика во вас, какво очистување, какво негодување, каков страв, каков копнеж, каква ревност, каква одмазда! Со се се покажавте дека во тоа дело сте чисти… Затоа се утешивме со вашата утеха.“ (2. Коринтјаните 7:8-13)
„И така, се радувам дека во се можам да се доверам на вас.“ „Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас, во секоја молитва се молам со радост за сите вас, за вашето заедништво во Евангелието, од првиот ден, дури досега;“ „уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го извршува дури до денот на Исуса Христа; како што е и право да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам на срце.“ „И така браќа мои возљубени и многу сакани, радост моја и венец, стојте цврсто во Господа, возљубени.“ „Бидејќи ние сега живееме, кога вие стоите во Господа.“ (Стих 16; Филипјаните 1:3-5, 6-7, 4:1; 1. Солунјаните 3:8)
Павле им пишува на овие браќа на како „свети во Исуса Христа“, но не како на битија целосно совршени во карактерот. Тој им пишува како на мажи и жени, кои морале да се борат со искушенијата и биле во опасност да паднат. Ги насочува кон „Бога на мирот, Кој го воздигна од мртвите, Големиот Пастир на овците.“ Ги уверува дека со „крвта на вечниот завет“ Тој ќе „ве усоврши во секое добро дело, вршејќи го во вас, она што Му е Нему благоугодно, преку Исуса Христа.“ (Евреите 13:20-21)
Кога заблудениот ќе ја воочи својата грешка, внимавајте да не го уништите неговото самопочитување. Немојте да го обесхрабрувате, укажувајќи му недоверба и незаинтересираност. Не велете: „Немам доверба во него, додека не видам дали ќе се одржи.“ Честопати, оние што се во искушение, се сопнуваат токму заради тоа што се нема доверба во нив.
Ние треба да настојуваме да ги разбереме слабостите на другите. Знаеме сосема малку за страдањата на душата на оние што биле заробени во прангите на темнината и на кои им недостигаат решителност и морална сила. Најмногу сожалување треба да се има кон оној што страда заради грижа на совеста, кој е зашеметен, колеблив и тоне во прав. Тој не може јасно да гледа. Разумот му е помрачен и не знае каде да оди. Многу сиромашни души што се погрешно разбрани, талкаат како изгубени овци, неуважени и во голема неволја, страдања и страв. Тие не можат да го најдат Бога, а сепак со длабок копнеж, интензивно копнеат за простување и мир.
Ох, нека не биде изговорен ниту еден збор што би предизвикал подлабока болка! Прикажете и го сочувствителниот Спасител на душата изморена од животот во грев, која не знае каде да најде ослободување. Земете ја за рака, подигнете ја, зборувајќи и зборови на охрабрување и надеж. Помогнете и да ја прифати раката на Спасителот.
Ако душата за која се залагаме не одговори веднаш на нашите обиди, ние се обесхрабруваме премногу брзо. Се додека постои и најмала искра на надеж, ние не треба да престанеме да работиме за таа душа. Скапоцените души го чинеле нашиот Спасител премногу скапо, за да бидат толку лесно препуштени на силата на искушувачот.
Треба да се ставиме самите себеси на местото на искушуваните. Имајте ги предвид законите на наследувањето, влијанието на лошото друштво и околината, како и силата на лошите навики. Треба ли тогаш да се чудиме што многумина се понижени заради таквите влијанија? Треба ли да се чудиме што тие толку бавно одговараат на напорите вложени за нивно издигнување!
Честопати, најлојални следбеници и поборници на Евангелието стануваат токму оние, кои изгледаат груби и навидум не ветуваат многу. Тие не се сосема изопачени. Под нивната непривлечна надворешност, се кријат добри особини што можат да се разбудат. Многумина, кои никогаш не би закрепнале без подадена рака за помош, со трпеливи истрајни обиди можат да бидат подигнати. На таквите им се потребни зборови, љубезно внимание, вистинска помош, која нема да го гасне одвај забележливиот пламен на храброст во нивната душа. Работниците што доаѓаат во контакт со таквите души, мораат да го имаат тоа предвид.
Има и такви, чии мисли биле толку долго насочени кон она што го понижува човекот, што во овој живот никогаш нема да го постигнат она што би го постигнале, кога би биле во поповолна положба. Но светлите зраци од Сонцето на Правдата, можат да засветат и во таа душа. И тие ја имаат привилегијата да живеат живот, кој може да се спореди со оној на Бога. Всадувајте им во душата мисли што подигаат и облагородуваат. Покажете им ја со својот живот разликата меѓу порокот и чистотата, темнината и светлината. Дајте тие во вашиот пример да видат што значи да се биде христијанин. Христос е способен да ги воздигне и облагороди и најголемите грешници, до оној степен, во кој тие ќе бидат признаени за Божји деца, придружувајќи му се на Христа во непоминливото наследство.
Многумина можат да се обратат и да станат полезни во животот, преку чудото на Божјата благодат. Презрените и заборавените би можеле сосема да се обесхрабрат и да и се препуштат на тапата рамнодушност; но под влијанието на Светиот Дух, малодушноста, која нивната положба ја прави толку безнадежна, едноставно ќе исчезне. Ослабениот и заматен разум ќе се разбуди. Робот на гревот ќе биде ослободен. Порокот ќе исчезне и незнаењето ќе биде победено. Верата, која работи преку љубовта, ќе го исчисти срцето и просветли разумот.