Глава 27 Трговија со алкохол
„Тешко му на оној, кој гради своја куќа со неправда, и свои соби со беззаконие… кој вели ќе си направам голема куќа и широки одделенија, кој отвора прозорци, ги обложува со кедар и црвена боја, Мислиш ли да станеш цар, откако си се оградил со кедар?… но твоите очи и твоето срце се свртени само кон корист за себеси и кон пролевање невина крв, за да притеснуваш и присилуваш.“ (Еремија 22: 13-17)
Работата на продавачот на алкохол
Овие библиски стихови ја прикажуваат работата на оние што произведуваат и продаваат алкохолни пијалоци. Нивната работа претставува грабеж, бидејќи не враќаат соодветно од парите што ги примаат. Секој долар што ќе го заработат, му донесува проклетство на потрошувачот.
Бог великодушно ги излеал своите благослови врз човекот. Колку малку би знаел светот за сиромаштијата и неволјите, кога Неговите дарови мудро би се користеле! Расипаноста на луѓето ги претворила Неговите благослови во клетва. Житарките и овошјето, кои ни се дадени за изградување на човекот, се претвораат во отрови, кои донесуваат беда и уништување поради алчноста за пари и похотниот апетит.
Секоја година се трошат милиони и милиони литри алкохолни пијалоци. Се трошат милиони и милиони долари за купување нешто што донесува беда, сиромаштија, болести, понижување, алчност, криминал и смрт. Продавачот на алкохолни пијалоци, заради добивката им го дава на своите жртви она што ги расипува и уништува умот и телото. Тој му донесува на семејството на пијаницата сиромаштија и беда.
Кога неговата жртва ќе умре, барањата на продавачот на рум не престануваат. Ја ограбува вдовицата и ги доведува децата до просјачки стап. Тој не се двоуми да му ги одземе на сиромашното семејство и најнеопходните средства за живот, со цел да ја наплати сметката на сопругот и таткото. Плачот на кутрите деца, солзите на очајната мајка само го раздразнуваат. Зошто тој да се грижи што овие бедници можеби ќе гладуваат? Зошто тој да се грижи што можеби и тие ќе бидат понижени и упропастени? Тој се збогатува од бедните приходи на оние што ги води во уништување.
Јавните куќи, дувлата на порокот, судниците, затворите, занданите, прибежиштата на малоумните, болниците, сите тие, во голема мерка се полнат од работата на продавачот на алкохолни пијалоци. Како мистичниот Вавилон од Откровението и тој тргува со „робови и човечки души“. Зад продавачот на алкохолни пијалоци стои големиот уништувач на душите и тој ползува со сите земни и пеколни итрини, со цел да ги доведе човечките суштества под своја моќ. Неговите стапици се поставени во градот и во селото, во возовите, на големите пароброди, во деловните згради, во дворовите на задоволствата, во медицинските ординации, па дури и во црквата на масата за света вечера. Не е изоставено ништо што може да ја создаде или засили желбата за алкохол. Речиси на секој агол има јавна куќа, која со нејзините блескави светла, со својата гостопримливост и добро расположение ги повикува работниците, богатите лидери и невината младина.
На приватните забави и модерните седенки, на жените им се даваат популарни пијалоци со пријатно име што се навистина жестоки. Дури и за болните и исцрпените постојат широко прифатени „горчливи пијалоци“, што содржат голем процент на алкохол.
За да се разбуди желба за алкохол кај децата, тој се става и во слатките. Таквите слатки се продаваат во продавниците за алкохол; и трговецот со алкохол ги намамува децата на свој терен, подарувајќи им вакви слатки.
Оваа работа продолжува од ден во ден, од месец во месец, од година во година. Во продавниците, од продавачите на алкохол постојано влегуваат татковци, сопрузи и браќа силата, гордоста и надежта на нацијата, за оттаму да излезат понижени и уништени.
Уште полошо е тоа што ова проклетство го напаѓа самото срце на домот. Жените се повеќе и повеќе создаваат навика на пиење алкохол. Малите, па дури и сосема невини и беспомошни деца, во многу домови се наоѓаат во секојдневна опасност, затоа што се запоставени и злоупотребени од своите пијани мајки. Многу синови и ќерки растат под сенката на ова ужасно зло. Какви можат да бидат изгледите за нивната иднина, освен дека ќе потонат уште подлабоко од своите родители?
Ова проклетство се пренесува од таканаречените христијански земји во земјите на незнабошците. Кутрите неуки дивјаци се учат да пијат алкохолни пијалоци. Дури и меѓу незнабошците, интелигентните луѓе ја согледуваат опасноста од овој смртоносен отров и протестираат против него; Но залудно се трудат да ги заштитат своите земји од нивните уништувачи. Цивилизираните луѓе ги пренесуваат алкохолните пијалоци, тутунот и опиумот кај незнабожечките народи. Незаузданите страсти на дивјаците, поттикнати од пијалокот, ги влечат во за нив непозната пропаст и станува речиси безнадежно да се праќаат мисионери во овие земји.
Преку контактот со луѓето, кои требале да им донесат познавање за Бога, незнабошците се вовлечени во пороци што биле причина за уништување на цели племиња и раси. Луѓето од цивилизираниот свет, токму поради овој факт се замразени во малку познатите краеви на Земјата.
Одговорноста на црквата
Ползата од алкохолните пијалоци е силата на светот. На нејзина страна се впрегнати силата на парите, навиките и апетитот. Нивната моќ се гледа дури и во црквата. Луѓето, кои своите пари директно или индиректно ги заработиле од продажба на алкохол, се „добри и редовни“ членови на цркви. Многумина од нив даваат великодушни прилози за популарните добротворни цели. Нивните прилози помагаат во поддржувањето на потфатите на црквата и за платите на проповедниците. Тие бараат да се покаже разбирање за моќта на парите. Црквите што примаат такви членови, всушност, ја поддржуваат трговијата со алкохолни пијалоци. Премногу често, проповедникот нема храброст да застане од страната на она што е праведно. Тој не им го објавува на овие луѓе она што Бог го кажал за продавачите на алкохолни пијалоци. Кога би зборувал отворено, проповедникот би го навредил своето членство, би ја жртвувал својата популарност и би ја изгубил платата.
Но Божјиот суд е над оној на црквата. Оној, Кој му рекол на првиот убиец: „Гласот на крвта од твојот брат вика од земјата кон Мене“ (Битие 4:10), нема да ги прифати даровите од трговците со алкохол на Својот олтар. Неговиот гнев гори против оние што се обидуваат да ја наметнат својата вина со плаштот на либералноста. Нивните пари се извалкани со крв. Проклетството е врз нив.
„Зошто Ми се мноГуте ваши жртви вели Господ… кога доаѓате да се јавите пред Моето лице, кој ви бара да Ги Газите Моите дворови?
Не принесувајте веќе суетни жртви… и коГа протеГате раце,
Јас Ги кријам од вас Своите очи, а коГа Ги умножувате своите молби, Јас не слушам: вашите раце се полни со крв.”
(Исаија 1:11-15)
Пијаницата е способен за подобри нешта. Нему му се доверени таленти со кои треба да Го прослави Бога и да донесе благослов на светот; но неговите ближни, ја фатиле неговата душа во стапица и, понижувајќи го него се воздигнале себеси. Тие живеат во раскош, додека кутрите луѓе што ги ограбиле, живеат во сиромаштија и беда. Но Бог ќе бара одговор за ова од рацете на оние, кои помогнале пијаницата да биде изведен на патот на уништувањето. Оној, Кој владее на небото, не ја заборавил ниту првата причина, ниту последната последица на пијанството. Оној, Кој се грижи за врапчињата и ги облекува полските цвеќиња, нема да ги одмине оние, кои се создадени според Неговото обличје, откупени со Неговата сопствена крв и чии повици не се слушаат. Бог ги бележи сите зла што ги продолжуваат криминалот и бедата.
Можеби светот и црквата ќе имаат пофалби за луѓето што се здобиле со богатство понижувајќи човечки души. Можеби ќе имаат насмевка за оној што ги води луѓето чекор по чекор кон патеката на срамот и понижувањето. Но Бог го забележува сето тоа и праведно суди. Можеби светот ќе ги карактеризира продавачите на алкохол како добри бизнисмени; Но Бог вели: „Тешко му на оној.“ Тој ќе биде обвинет за безнадежноста, бедата и страдањата, кои трговијата со алкохол му ги нанела на светот. Ќе мора да одговара за сиромаштијата и лелекот на мајките и децата што страдале за храна, облека и засолниште и кои ги закопале сета надеж и радост. Ќе мора да одговара за душите, кои неподготвени ги испратил во вечноста. А оние што го поддржуваат трговецот со алкохол во неговата работа, ќе ја делат неговата вина. Ним Бог им вели: „Вашите раце се полни со крв.“
Законски дозволи
Многумина се залагаат за легализација на трговијата со алкохол, прикажувајќи го тоа како настојување да се ограничи злото на пиењето. Но легализацијата на оваа трговија ќе ја стави неа под заштита на законот. Владата ќе го дозволи нејзиното постоење и така ќе го потпомогне злото за кое тврди дека сака да го ограничи. Под заштита на законот, пиварниците, фабриките за жестоки пијалоци и винарските визби ќе се изградуваат секаде на земјата и продавачот на алкохолни пијалоци ќе работи пред нашите врати.
Честопати му се забранува да продава алкохол на оној што веќе е пијан или за кого се знае дека е алкохоличар; Но делото, кое прави пијаници од младите, постојано оди напред. Самото постоење на оваа трговија зависи од создавањето желба за алкохол кај младите. Младите се заведуваат чекор по чекор, додека кај нив не се воспостави навика и не се создаде жед, која бара задоволување по секоја цена. Би било помалку штетно да им се дава алкохол на алкохоличарите, чие уништување, во многу случаи е веќе потврдено, отколку да се дозволи цветот на нашата младост да се намамува во уништување преку оваа ужасна навика.
Со легализирањето на трговијата со алкохолни пијалоци, искушението постојано ќе се држи на дофат на оние што се обидуваат да се реформираат. Воспоставени се установи во кои може да им се помогне на жртвите на неумереноста да ја надминат желбата. Тоа е благородна работа; но неумерениот ќе има мала полза од ваквите прибежишта, се додека продавањето алкохолни пијалоци е законски дозволено. Тој не може вечно да остане во нив. Мора повторно да го заземе своето место во општеството. Желбата за алкохолен пијалок, иако потисната, не е сосема уништена; и кога искушението ќе нападне, како што тоа го прави на секој чекор, човекот премногу често станува лесен плен.
Човекот, кој чува крволочен ѕвер и кој, знаејќи дека неговата природа му дозволува да биде слободен, пред очите на законот се смета одговорен за злото што може да го направи ѕверот. Во законите дадени на Израелскиот народ, Господ одредил дека ако некое животно за кое се знае дека е опасно, усмрти човек, неговиот стопан треба да плати со живот за својата небрежност или злоба. И оние што издаваат дозволи за продавање алкохол би требале, според истиот принцип, да се сметаат одговорни за резултатите од трговијата со него. И доколку ослободувањето на крволочен ѕвер се смета за престап што заслужува смрт, колку поголем престап е легализирањето на работата што продавачот на алкохол ја извршува!?
Ваквите дозволи се издаваат под изговор дека со тоа се зголемува приходот на државата. Но што се овие приходи во споредба со средствата што се трошат за отстранување на криминалот, заматениот ум или просјачењето, кои се плодови на трговијата со алкохол! Човекот ќе изврши престап под дејство на алкохол; го изведуваат на суд; и оние, кои ја легализирале трговијата со алкохол, се принудени да се справат со резултатите на сопственото дело. Тие ја дозволиле продажбата на нешто што од ментално здравиот прави умоболен човек; а сега мораат да го стават во затвор или прифатилиште, додека неговата жена и децата се оставени во скудност и за потсмев на општеството во кое живеат.
Каква лудост е да се толерира овој бизнис, земајќи го предвид само финансискиот аспект на ова прашање! И кој приход може да ја надомести загубата на разумот, деформирањето и бришењето на Божјото обличје од човекот, уништувањето на децата, осудени на просење и деградациЈа, кои ги наследуваат злите тенденции на своите татковци?
Забрана
Човекот што веќе создал навика да употребува алкохолни пијалоци е во очајна ситуација. Неговиот мозок е заболен, силите на неговата волја ослабнати. Што се однесува до сите негови сили, неговата желба не може да се контролира. Тој не може да биде вразумен или убеден да се откаже од алкохолот. Вовлечен во овој порочен круг, оној што одлучил да престане со пиењето, се уште е цврсто врзан за чашката и уште при првата голтка, сите негови добри намери се победени, секоја трага на волја за откажување е уништена. Една голтка од примамливиот пијалок и секоја помисла за последиците од него исчезнува. Скршеното срце на сопругата е заборавено. Развратниот татко веќе не се грижи за своите гладни и голи деца. Со легализација на трговијата со алкохол, законот дава дозвола за вакво пропаѓање на душата и одбива да ја запре трговијата што го исполнува светот со зло.
Мора ли ова да продолжи во недоглед? Ќе мораат ли душите вечно да се борат за победа пред широко отворените врати на искушението? Мора ли проклетството на неумереноста да лежи вечно како болест врз цивилизираниот свет? Мора ли да продолжи како разјарен оган, да збришува илјадници среќни домови? Кога некој брод ќе доплови во близина на брегот, луѓето не гледаат на него со небрежност. Тие ги ризикуваат своите животи, обидувајќи се да ги спасат мажите и жените од водниот гроб. Колку е поголема потребата да се обидеме да ги спасиме луѓето од судбината на пијаниците!
Од работата на продавачот на алкохол, не се загрозени само пијаницата и неговото семејство, ниту бремето на данокот е главното зло што оваа трговија му го донесува на општеството. Сите ние сме вткаени во ќилимот на човештвото. Злото, кое понижува некој дел од братството на луѓето, ги загрозува сите.
Многу луѓе алчни за заработка и удобност не сакале да имаат ништо со ограничувањето на трговијата со алкохол, предоцна сфатиле дека оваа трговија има нешто со нив. Ги гледале сопствените деца уништени и со заматени умови. Беззаконието раѓа разузданост, загрозен имот, несигурен живот, зголемен број несреќи на море и на копно. Болестите што се развиваат во куќичките на сиромашните, наоѓаат свој пат до благородничките, раскошни куќи. Пороците и криминалот со кои порано се занимавале само распуштените деца, се пренесуваат на синовите и ќерките од префинети и културни домаќинства.
Не постои човек, чии интереси не се загрозени од трговијата со алкохол. Не постои човек, кој заради личната сигурност, не треба да се бори за нејзино уништување.
Собранијата и судовите повеќе од сите места што се занимаваат само со светски работи, треба да бидат слободни од проклетството на неумереноста. Гувернерите, сенаторите, пратениците, судиите, луѓето што ги донесуваат и спроведуваат државните закони, кои ги држат в раце животите, честа и имотите на своите ближни, треба да бидат строго умерени луѓе. Само така нивните умови можат да бидат чисти, за да ја одредат разликата помеѓу доброто и злото. Само така ќе можат да тврдат дека се строго принципиелни и доволно мудри да спроведуваат правда и покажуваат милост. Но во каква состојба се тие? Колкумина од овие луѓе, кои поради жестоките пијалоци имаат помрачени умови и нејасни чувства за доброто и злото! Колку угнетувачки закони се донесени, колку невини луѓе се осудени на смрт заради неправдата на пијаните законодавци, судии, поротници, адвокати, па дури и судии! Многумина меѓу нив, се „моќни во пиење вино“ и „силни во мешањето жестоки пијалоци, “ па „злото го нарекуваат добро, а доброто зло“; ги „оправдуваат и наградуваат злите, а ја одземаат правдата од праведните!“ За таквите Бог вели:
„Тешко им на оние…
како што огнот ја јаде сламата,
и пламенот Го истребува сеното,
така ќе заГине нивниот корен,
нивниот цвет ќе се разнесе како прав;
зашто тие Го отфрлија законот на Господа Саваот
и Го презреа Словото на Израелевиот Светец.”
(Исаија 5:22-24)
Божјата чест, стабилноста на нацијата, доброто на заедницата, домот и единката бараат вложување на сите можни напори за одвраќање на луѓето од злото на неумереноста. Наскоро, последиците од ова ужасно зло, ќе можат да се видат онака, како што сега не ги гледаме. Кој ќе вложи одлучен напор да се запре ова уништување? Натпреварот одвај да е започнат. Нека се формира војска, која ќе ја запре продажбата на алкохолни пијалоци што го излудуваат човекот. Нека се објасни опасноста од трговијата со алкохолни пијалоци и нека се создаде јавно мислење што ќе бара нејзина забрана. Нека им се даде шанса на луѓето излудени од пиење да избегаат од своето ропство. Гласот на народот нека побара од своите законодавци да се стави крај на оваа срамна трговија.
„Спасувај Ги оние што Ги водат на смрт, и спасувај Ги оние што Ги водат на Губилиште. Ако кажеш: Ете, ние не Го знаевме тоа; а Оној, Кој Ги испитува срцата, зар не знае? Оној, Кој бдее над твојата душа, Го знае тоа.” И „што ќе речеш, коГа Тој ќе те казни?” (Изреки 24:11, 12; Еремија 13:21)