Глава 42 Развој и служба

Сподели го ова:

Христијанскиот живот е многу повеќе отколку ограничената претстава што многумина ја имаат за него. Тој не се состои само од љубезност, трпение, кроткост и добрина. Овие добродетели се суштествени; но потребни се и храброст, сила, енергија и истрајност. Патеката што Христос ја обележал е тесна патека на самооткажување. Стапнувањето на таа патека и минувањето низ тешкотиите и обесхрабрувањата, бара луѓе, кои навистина не се слабаци.

Силата на каракгерот

Потребни се издржливи луѓе, луѓе што нема да чекаат да им се олесни патот и да се отстрани секоја пречка пред нив, луѓе што ќе вдахнат свежа ревност во исцрпените напори на изнемоштените работници, луѓе, чии срца горат од христијанска љубов и чии раце се силни за делото на својот Господар.

Некои што се вклучуваат во мисионската служба се слаби, со слаби нерви, без дух и лесно се обесхрабруваат. Ним им недостига нешто да ги поттурне. Тие ги немаат оние позитивни карактерни црти што даваат сила да се преземе нешто духот и енергијата што го разгоруваат ентузијазмот. Оние, што сакаат да успеат, мораат да бидат храбри и полни со надеж. Тие треба да ги негуваат не само пасивните, туку и активните доблести. Иако треба да даваат кротки одговори што ќе го згаснат гневот, мораат да имаат и јуначка храброст да му се спротивстават на злото. Покрај добродетелта, која може да издржи се, ним им е потребна и сила на карактерот, која ќе му овозможи на нивното влијание да биде моќно и позитивно.

Некои немаат цврстина на карактерот. Нивните планови и цели немаат јасна форма и постојаност. Тие имаат мала практична вредност за светот. Овие особини како слабоста, неодлучноста и неспособноста мораат да бидат надминати. Во вистинскиот христијански карактер има непопустливост, која неповолните околности не можат да ја обликуваат или покорат. Мораме да имаме морален ’рбет, чесност, која не може да се ублажи, поткупи или заплаши.

Бог сака да ја искористиме секоја можност да се подготвиме за Негова служба. Тој очекува да ги вложиме сите наши сили во ова дело и да ги одржуваме нашите срца живи за Неговата светост и застрашувачка одговорност.

Многу луѓе што се способни за прекрасни дела, постигнуваат малку, затоа што малку се обидуваат. Илјадници поминуваат низ животот како да немаат голема цел за која би живееле, или висок стандард што треба да го достигнат. Една од причините за тоа е што не се вреднуваат себеси доволно. Христос платил за нас бескрајна цена и очекува од нас да се вреднуваме во согласност со неа.

Не се задоволувајте со досегање ниски стандарди. Ние не сме она што можеме да бидеме, или она што би требале да бидеме според Божјата волја. Бог ни дал моќ на расудување, не за да останеме неактивни, или да се стремиме кон светската изопаченост и безвредност, туку да можеме Божјите стандарди да ги развиеме до нивните крајни граници, да ги облагородиме, посветиме и да ги употребиме за напредок на интересите на Неговото Царство.

Никој не треба да се задоволи да биде само обична машина, раководена од умот на друг човек. Бог ни дал способност да мислиме, да делуваме и да го правиме тоа промислено, барајќи мудрост од Него, за да станеме способни да го носиме животното бреме.

Задржете ја вашата од Бога дадена личност. Не бидете сенка на некој друг. Чекајте Бог да работи во вас, со вас и преку вас.

Никогаш не мислете дека сте научиле доволно и дека сега можете да се опуштите. Негуваниот ум е мерило за човекот. Вашето образование треба да продолжи во текот на целиот живот; секој ден треба да учите и да го применувате стекнатото знаење.

Запомнете дека без оглед на положбата на вашата служба, вие ги одавате вашите побуди и го развивате карактерот. Што и да работите, правете го тоа прецизно и трудољубиво; надминете ја желбата да барате полесна задача.

Истиот дух и принципите што некој ги покажува во секојдневната служба, ќе се огледаат во целиот негов живот. Оние што сакаат да имаат точно одредена работа за точно одредена плата и кои сакаат да бидат способни за нешто без мака и прилагодување, не се луѓе што Бог ги повикува во служба за Неговото дело. Оние што гледаат како да дадат колку што е можно помалку од своите физички, ментални и морални сили, не се работници врз кои Тој може да ги излее своите изобилни благослови. Нивнит пример е заразен. Побудата што ги води е личниот интерес. Оние што мораат да бидат надгледувани и кои работат само ако секоја должност им е јасно одредена, нема да бидат прогласени за добри и верни. Потребни се работници што покажуваат енергија, чесност, трудољубивост и кои се подготвени да направат се што треба да се стори.

Многумина стануваат неефикасни, затоа што избегнуваат одговорности заради страв од неуспех. На тој начин нема да успеат да го добијат она образование што се стекнува со искуство и кое не можат да го добијат со читање, проучување и други средства.

Човекот може да ги обликува околностите, но на околностите не смее да им се дозволи да го обликуваат човекот. Треба да ги ползуваме околностите како орудија за работа. Треба да господариме со нив и да не им дозволиме тие да господарат со нас.

Силни луѓе се оние на кои им се спротивставувале, им поставувале стапици и судири. Ставајќи ги своите сили во погон, тие ги преобразиле пречките со кои се среќавале, во сигурни благослови. Тие се здобиле со самодоверба. Судирите и тешкотиите бараат усовршување на верата и цврстина што ја развива силата.

Христос не ни дал ограничена служба. Тој не ја мерел Својата работа во часови. Неговото време, Неговото срце, Неговата душа и сила биле посветени за доброто на човештвото. Долгите денови го исцрпувале, а во текот на долгите ноќи клекнувал да моли милост и издржливост, за да може да работи уште повеќе. Со силен плач и низ солзи ги упатувал Своите молитви кон Небото, да се засили неговата човечка природа, да има поткрепа во спротивставувањата на итриот непријател во сите негови измамливи дела и цврстина да ја исполни Својата мисија за издигнување на човештвото. За своите работници тој рекол: „Ви дадов пример да правите и вие така, како што направив јас.“ (Јован 13: 15)

„Христовата љубов“ вели Павле, „не опфаќа.“ (2. Коринтајните 5: 14) Тоа била движечката сила на неговото однесување; неговата силна побуда. Ако неговиот жар за работа некогаш спласнел само за миг, само еден поглед на крстот бил доволен повторно да ги препаша бедрата на умот и да продолжи понатаму по патот на самооткажувањето. Во својата работа за браќата тој многу зависел од манифестацијата на бескрајната љубов во Христовата жртва, со нејзината покорувачка и поттикнувачка моќ.

Колку е искрен и трогателен неговиот повик: „Вие ја знаете милоста на нашиот Господ Исус Христос дека Тој, бидејќи богат, осиромаши поради вас, та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија.“ (2. Коринтјаните 8:9) Вие ја знаете височината од која Тој се симнал, длабочината на понижувањето до којашто се спуштил. Неговите стапки стапнале на патеката на самопожртвуваноста и не отстапиле од неа, додека не Го дал и својот живот. За Него немало одмор меѓу Небесниот престол и крстот. Неговата љубов кон човекот го навела да го поздрави секое понижување и да претпри секаква злоупотреба.

Павле не преколнува: „Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!“ Тој не обврзува да имаме мисли „како што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во Божјо обличје, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога; но сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек; сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст.“ (Филипјаните 2:4-8)

Павле имал длабока желба Христовите понижувања да бидат согледани и разбрани. Тој бил убеден дека себичноста ќе исчезне од срцата на луѓето, доколку успееме да ги наведеме да размислуваат за восхитувачката жртва на Величеството на небото. Апостолот се задржува на точка по точка, за да можеме барем делумно да го сфатиме понижувањето на Спасителот, за доброто на грешниците. Тој го насочува умот прво кон положбата што Христос ја имал на небото, на градите на својот Татко; потоа покажува како ја остава својата слава, доброволно подложувајќи се себеси во понизна состојба на човечкиот живот, земајќи обврски на слуга и станувајќи послушен до смртта и тоа најсрамната и најодбивна, најмачна смрт смрт на крстот. Можете ли да размислувате за оваа чудесна манифестација на Божјата љубов без благодарност и љубов и длабока свест за фактот дека ние не си припаѓаме себеси? На ваквиот господар не треба да му се служи од завидливи и себични побуди.

„Вие знаете“ вели Петар, „дека со пропадливо злато или сребро не сте искупени.“ (1. Петар 1:18) О, кога тоа би било доволно за спасение на човекот, колку лесно би можело да се постигне од Оној, Кој вели: „среброто е мое и златото е мое.“ (Агеј 2:8) Но грешникот може да биде откупен само со скапоцената крв на Божјиот Син. Оние што не ја вреднуваат оваа прекрасна жртва и се повлекуваат од службата за Христа, ќе пропаднат во својата себичност.

Единственост во намерите

Во Христовиот живот се било потчинето на Неговата служба и на Големото дело на откупување што Тој дошол да го изврши. И истата посветеност, истото самооткажување и жртва, истата подложност на тврдењата на Божјата Реч, треба да ја покажуваат и неговите ученици.

Секој што го прифаќа Христа како свој личен Спасител, ќе копнее за предимството да Му служи на Бога. Додека размислува за она што Небото го сторило за него, неговото срце ќе биде трогнато со бескрајна љубов и обожувачка благодарност. Ќе копнее да ја покаже својата благодарност посветувајќи ги своите способности во службата за Бога. Ќе копнее да ја покаже својата љубов за Христа и за она што таа го откупила. Ќе посакува мачна работа, тешкотија, жртва.

Вистинскиот работник за Бога ќе го даде најдоброто од себе, затоа што само со таква работа може да Го прослави својот Господар. Ќе постапува исправно за да ги задоволи Божјите барања. Ќе настојува да ги подобри сите свои способности. Сите свои обврски ќе ги извршува како да е пред Бога. Негова единствена желба ќе биде Христос да добие почитување и совршена служба.

Има една слика, која прикажува млад јунец меѓу жртвеникот и плугот. Под неа пишува: „подготвен за обата“ подготвен да работи во браздите или да биде жртвуван на олтарот. Тоа е положбата на вистинското Божјо дете подготвеност да се оди онаму, каде што должноста го повикува, да се откаже од себеси и да се жртвува за делото на Откупителот.

Сподели го ова:

Слични објави