Глава 19 Во допир со природата
Создателот, за нашите прародители избрал околина што била најсоодветна за нивното здравје и среќа. Тој не ги сместил во некоја палата, ниту ги опкружил со вештачки украси и раскошни нешта за кои денес многумина копнеат. Тој ги довел во допир со природата и тесно ги поврзал со Небесните свети битија.
Убавите грмушки и нежни цвеќиња, на сите страни биле пријатна глетка во градината што Бог ја подготвил да биде дом за Неговите деца. Во неа имало секаков вид дрвја, од кои многу принесувале благопријатни и вкусни плодови. Птиците црцореле со својот славопој на нивите гранки, а земните созданија уживале без страв под нивната сенка.
Адам и Ева, во нивната неизвалкана чистота ги радувало се што можеле да видат и слушнат во Едем. Бог ним им одредил и занимање во градината, „да ја обработуват и да ја пазат.“ (Битие 2: 15) Секојдневната работа им донесувала здравје и ведрина, па тие потполно среќни ги поздравувале посетите на својот Создател, Кој во свежината на квечерините им се придружувал во прошетка и разговор. Господ секојдневно ги поучувал.
Начинот за живот што Бог го предвидел за нашите прародители претставува поука и за нас. И покрај тоа што гревот ја помрачил земјата, Бог копнее Неговите деца да најдат задоволство во делата на Неговите раце. Колку поблиску луѓето се придржуваат до Неговиот план, толку почудесно Тој ќе работи за исцелување на човештвото. Болните треба да бидат во тесен допир со природата. Животот во слободниот простор на природата ќе има чудотворно дејство на многу беспомошни, чии случаи се речиси безнадежни.
Градската врева, возбудување и хаос, напрегнатиот и извештачен живот, најмногу го заморуваат и исцрпуваат болниот. Воздухот исполнет со чад и прашина, отровни гасови и микроби на заразните болести е многу опасен за живот. Болните се чувствуваат речиси како затвореници во своите соби, меѓу чии ѕидови повеќето престојуваат. Тие гледаат само куќи, плочници и забрзано мноштво и можеби се лишени од можноста да фрлат барем еден поглед на синото небо, сончевиот сјај, тревата, цвеќињата или дрвјата. Така, отуѓени од природата, тие очајуваат во своите страдања и стануваат жртви на сопствените тажни мисли.
Градот е преполн со опасности и за оние што се морално слаби. Пациентите, кои треба да ги победат своите неприродни апетити, во него се изложени на постојани искушенија. Тие треба да се сместат во нова средина, каде што нивните мисли ќе бидат насочени во друг правец; треба да бидат под влијанија коишто се сосема поинакви од оние што ги упропастиле нивните животи. Преместете ги за извесно време во почиста атмосфера, далеку од влијанијата што ги одвраќаат луѓето од Бога.
Кога би можеле да бидат подигнати надвор од градовите, институциите за згрижување на болните би работеле со многу поголем успех. Секогаш, кога е можно, сите оние што настојуваат да го повратат своето здравје, треба да одат таму, каде што ќе можат да уживаат во благословот на животот во природа. Природата е од Бога даден лекар. Чистиот воздух, прекрасната сончева светлина, цвеќињата и дрвјата, лозјата и овоштарниците и слободното движење во таквата средина даваат здравје и живот.
Лекарите и болничарите треба да ги охрабрат своите пациенти да се задржуваат што подолго на свеж воздух. За многу болни, престојувањето во природа е единствениот неопходно потребен лек. Природата има чудотворна моќ со која ги отстранува болестите предизвикани од возбудите и претерувањата на современиот живот што ги ослабнува и уништува силите на телото, умот и душата.
Колку би биле благотворни мирот и слободата на селото за болните изморени од градскиот живот, блескавите светилки и уличните вреви! Со колку страст би и се вратиле на природата! Колку би се радувале на престојот на свеж воздух и би уживале во сончевата светлина и благопријатниот мирис на дрвјата и цвеќињата! Боровата смола, благопријатниот мирис на кедарот и елката; и другите дрвја во себе имаат својства што служат за исцелување и даваат живот.
Кога се во прашање долготрајни болести, ништо не може да придонесе за здравјето и среќата во толкава мерка, како животот во привлечна природна околина. Во неа и најбеспомошните можат да седат и лежат на сончева светлина, или во сенката на дрвјата. Доволно е само да ги подигнат своите очи, за да ги видат прекрасните лисја над себе. Ќе ги обземе слатко чувство на одмореност и освежување, додека го слушаат шумолењето на брезите. Изнемоштениот дух ќе се разбуди, а изгубената сила ќе се врати. И несвесно, духот се смирува, а забрзаниот пулс станува се порамномерен. Додека така постепено се опоравуваат, тие ќе се обидат и да зачекорат, на пример за да скинат некој прекрасен цвет, кој претставува скапоцен весник на Божјата љубов за Неговото болно семејство на оваа Земја.
Треба да се направат планови за изведување на пациентите од затворен простор. Треба да се пронајде некое пријатно и лесно вработување за оние што се способни да работат. Покажете им колку е пријатна и корисна работата во природата. Поттикнете ги да дишат свеж воздух. Поучувајте ги да вдишуваат длабоко и да ги користат стомачните мускули при вдишувањето и зборувањето. Ваквото образование за нив ќе биде од непроценлива вредност.
Движењето на чист воздух треба да се претстави како животна потреба. А всушност не постојат подобри можности за такво движење, отколку обработувањето на земјата. Нека се грижат за цветните насади, нека работат во лозја или градини со зеленчук. Ако ги охрабрите да ја напуштат својата соба и да го поминуваат времето на свеж воздух, негувајќи цвеќиња или вршејќи некоја друга лесна и пријатна работа, тие ќе престанат да мислат на себе и своите страдања.
Колку повеќе пациентот престојува на отворен простор, толку помалку ќе има потреба од грижа. Во повесела средина и тој ќе има повеќе надеж. А ако е затворен в соба, ќе стане раздразлив и полн со тегоби, иако можеби ќе го има само најдоброто. Опкружете го со природата и нејзините убавини, сместете го таму, каде што ќе може да го набљудува развивањето на цвеќињата и да го слуша птичјиот пој; и тогаш неговото срце ќе запее, во хармонија со песните на природата. Ќе настапи олеснување за телото и душата. Разумот ќе се разбуди, внатрешните способности ќе се придвижат и духот ќе биде оспособен да ја вреднува убавината на Божјиот збор.
Во природата секогаш може да се најде нешто што ќе го одврати вниманието на болните од нив самите и ќе ги насочи нивните мисли кон Бога. Опкружени со Неговите прекрасни дела, нивните умови ќе се издигнат над видливите нешта и тие ќе размислуваат за она што е невидливо. Убавините на природата ќе предизвикаат помисла за Небесниот Дом, каде што нема да постои ништо што ќе ја расипува убавината, ништо што валка или уништува, ништо што би предизвикало болест или смрт.
Лекарите и болничарите треба да црпат наука од природата, која е отворена книга на Божјата премудрост. Нека ги упатат своите пациенти кон Бога, чија Рака ги создала високите дрвја, тревата, и цвеќињата, охрабрувајќи ги во секое пупче и цвет да видат израз на Неговата љубов кон Своите деца. Оној, Кој се грижи за птиците и цвеќињата, ќе се грижи и за битијата, кои се создадени според Неговото обличје.
На болните најдобро може да им се зборува за новиот живот во Христа токму во природата, каде што ќе бидат опкружени со она што Бог го создал и ќе можат да вдишуваат свеж воздух што дава здравје. Тука може да им се чита од Божјата Реч. Тука светлината на Христовата правда може да ги осветлува срцата затемнети од гревот.
О, коГа би можел, од ден на ден, да бидам во близината на мојот БоГ, моите часови слатко би минувале, додека бдеам над НеГовиот збор.
Господи, посакувам да живеам со Тебе, обновен од ден на ден,
во радост, која светот никогаш не може да ја даде и никогаш да ја одземе.
Блажен Исусе, дојди, владеј со моето срце,
И направи ме целосно Твој,
Да можам никогаш повеќе да не се делам Ниту да жалам по Божествената Ти љубов.
„Бенџамин Кливленд”
Мажите и жените што имаат потреба од физичко и духовно лекување, треба да бидат доведени во допир со луѓе, чии зборови и дела ќе ги привлечат кон Христа. Тие треба да бидат доведени под влијанието на Големиот Здравствен Мисионер, Кој може да ги излекува и душата и телото. Треба да ја слушнат приказната за љубовта на Спасителот, за простувањето, кое им е загарантирано на сите што доаѓаат кај Него исповедајќи ги своите гревови.
Под вакво влијание многумина страдалници ќе бидат изведени на патот на животот. Небесните ангели соработуваат со човечките орудија во донесувањето охрабрување, надеж, радост и мир, до срцата на болните и страдните. Во вакви услови болните ќе бидат двојно благословени и многумина ќе најдат оздравување. Крутиот, несигурен чекор ќе ја поврати својата еластичност. Очите ќе го повратат својот сјај. Безнадежните ќе се исполнат со надеж. Незадоволните ќе станат задоволни. А гласот, кој порано се жалел, ќе почне да изразува радост и задоволство.
Кога ќе биде повратено физичкото здравје, мажите и жените можат подобро да ја испитаат верата во Христа, која донесува исцелување на душата. Постои необјаснив мир, радост и спокој во свеста дека гревовите ни се простени. Замаглената надеж на христијанинот станува светла и јасна. Неговите зборови го изразуваат верувањето: „Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник на секој, кој во мака ќе се најде.“ „Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат.“ „Тој му дава сила на изморениот и му дарува јачина на изнемоштениот.“ (Псалм 46:1; 23:4; Исаија 40:29)
Мојата вера Гледа кон Тебе,
О, ЈаГне од ГолГота,
Божествен Спасителу; слушни ме сеГа додека се молам, отстрани ја сета моја вина, о, дозволи од овој ден да бидам сосема Твој.
Нека Твојата боГата блаГодат
влее сила во моето исцрпено срце,
нека се разбуди мојата ревност;
како што Ти си умрел за мене,
така нека биде чиста, топла и постојана
мојата љубов за Тебе,
жив оГан.
Додека се борам со мрачните животни проби,
а околу мене се шири таГа,
биди ми водич;
претвори ја темнината во ден,
избриши Ги моите таГовни солзи,
и не дозволувај ми
некоГаш да се отстранам од Твојот пат.
„Реј Палмер’