Глава 17 Божји природни лекови

Сподели го ова:

Болеста никогаш не доаѓа без причина. Непочитувањето на здравствените закони ја поканува болеста и го подготвува патот за неа. Многумина страдаат, како последица на престапите на нивните родители. Иако тие не се одговорни за она што го правеле нивните родители, тоа воопшто не ја намалува нивната должност да знаат што е, а што не е престапување на здравствените закони. Тие треба да ги избегнуваат погрешните навики на своите родители и да настојуваат да се доведат себеси во подобра положба, со правилен начин на живот.

Но сепак е голем бројот на оние, кои страдаат поради сопствените лоши навики и постапки. Тие не ги почитуваат принципите на здравјето и умереноста во своите навики во јадењето, пиењето, облекувањето и работата. Ваквотото престапување на природните закони доведува до неизбежни последици; и кога ќе ги снајде болест, многумина своите страдања не ги припишуваат на вистинската причина, туку мрморат против Бога, заради она што ги снашло. Но Бог не е одговорен за страдањето што резултира како последица од непочитување на природните закони.

Господ не обдарил со извесна животна сила. Тој исто така ни дал органи соодветни за извршување на најразличните животни функции и одредил тие да работат во взаемна согласност. Ние ќе бидеме здрави, доколку внимателно ја чуваме својата животна сила и го одржуваме во ред чувствителниот механизам на нашето тело. Но ако животните сили пребрзо се исцрпуваат, нервниот систем за сегашната употреба позајмува резервна сила предвидена за подоцна, а кога е повреден еден орган, со него страдаат и сите останати. Многу вакви злоупотреби поднесува природата без некој очевиден отпор; но подоцна ќе се разбуди и вложува одлучен напор да ги отстрани последиците од претрпените злоупотреби. Нејзиното настојување да ја поправи ваквата состојба често се манифестира со треска, грозница или други видови болест.

Разумни средства за лекување

Кога со злоупотреба на здравјето се оди толку далеку што тоа мора да резултира со болест, најчесто токму страдалникот може да го направи за себе она што никој друг не може да го стори за него. Пред се, треба да се востанови вистинскиот карактер на болеста и потоа разумно да се настојува да се отстрани причината за неа. Доколку хармоничната работа на системот се поремети поради неумереност во работата, јадењето или нешто друго, не треба да се обидуваме да ги отстраниме тешкотиите со тоа што на и онака оптеретениот организам, ќе му го додадеме бремето на отровните лекови.

Причина за болеста, честопати е неумереното јадење и во тој случај, на природата и е најпотребно да се ослободи од бремето, кое и е наметнато неправедно и без потреба. Во многу случаи на болест, најефикасен лек за болниот е понекогаш да изостави еден или два оброка, за да им овозможи време за одмор на ограните за варење. На оние, кои работат со умот, големо олеснување би им донела овошна исхрана во траење од неколку дена. Многупати краток период на целосно воздржување од храна, проследен со земање едноставна храна, благодарение на напорите на самата природа, довел до целосно оздравување. Намалувањето на храната во траење од месец или два, би уверило многу страдалници дека патот на самооткажувањето е патот на здравјето.

Одморот како лек

Некои луѓе се разболуваат поради прекумерна работа. За обновување на здравјето на таквите се неопходни одмор, ослободување од грижите и умерена исхрана. На оние чијшто мозок е преморен и кои станале нервозни поради постојаната работа и задржување во затворен простор, најмогу би им користела посета во природа, каде што во непосреден допир со природата би можеле да водат поедноставен и безгрижен живот. Прошетките по околните шуми и полиња, берењето цвеќиња, и слушањето на птичјото пеење, ќе придонесе многу повеќе за нивно исцелување, отколку кое било друго средство.

И во здравје и во болест, чистата вода претставува еден од најодбраните небесни благослови. Правилната употреба на истата го обновува здравјето. Таа е пијалок, кој според Божјото провидение треба да ја гасне жедта на животните и човекот. Таа ги подмирува потребите на организмот, помагајќи и на природата да се спротивстави на болеста. Надворешната употреба на водата претставува еден од наједноставните и најповолните средства за регулирање на крвотокот. Ладниот или освежувачки туш, претставува одлично средство за зајакнување. Топлата вода ги отвора порите на кожата и на тој начин го потпомага излачувањето на нечистотиите од организмот. Наизменичната употреба на топла и млака вода, ги смирува нервите и ја урамнотежува циркулацијата.

Но многумина, просто се плашат од водата, бидејќи нивното лично искуство никогаш не ги соочило со благословите од нејзината правилна употреба. Лекувањето со вода не се вреднува колку што би требало и многумина немаат волја да се ползуваат со таа умешност, бидејќи бара многу работа. Но, никој не треба да мисли дека незнаењето или индиферентноста во овој поглед ќе го оправдаат. Водата може да се употреби на многу начини за ублажување на болките и спречување на болеста. Сите треба да бидат упатени во примената на едноставното домашно лекување со вода. Особено мајките треба да знаат како треба да се грижат за членовите на своите семејства, како во здравје, така и во болест.

Активноста е закон на нашето битие. Секој орган од нашето тело има своја одредена задача и нашиот развој и силата зависат од неговото извршување. Правилната работа на сите органи му дава на организмот сила и виталност, додека тенденцијата кон неактивност, води кон распаѓање и смрт. Ако преврзете една рака и ја ослободите по неколку седмици, ќе видите колку таа ќе биде послаба од онаа, која во меѓувреме нормално сте ја употребувале. Неактивноста доведува до исти последици во целиот мускулен систем.

Неактивноста претставува значителна причина за болест. Рекреацијата ја забрзува и урамнотежува циркулацијата на крвта во организмот, додека во состојба на неактивност, крвта не циркулира правилно и затоа во организмот не доаѓа до размена на материите, кои се толку неопходни за животот и здравјето. Во тој случај, ниту кожата не ја врши својата улога. Нечистотиите не се излачуваат како во случај на вежбање, кое со забрзувањето на крвотокот ја одржува кожата здрава, а градите ги храни со изобилство чист и свеж воздух. Таквата состојба на организмот двојно ги оптеретува органите за лачење и болеста е неизбежна последица.

Инвалидите не треба да бидат охрабрени на неактивност. Кога е во прашање преоптовареност и сериозна исцрпеност во кој било поглед, целосното мирување за некое време може да претставува заштита од сериозни болести; меѓутоа, во случај на траен инвалидитет, ретко кога треба да се избегнува секаква активност.

Оние што се исцрпени од ментална работа, треба да се одморат од загрижувачки мисли, но не треба да бидат наведени на помисла дека наводно е опасно воопшто да се служат со своите умствени сили. Многумина, имаат тенденција да ја сметаат својата состојба за полоша, отколку што таа всушност е. Никако не смееме да поттикнуваме таква состојба на духот, затоа што таа влијае многу неповолно на оздравувањето.

Проповедниците, учителите, учениците и сите други што работат со својот ум, честопати страдаат од болест, поради тоа што тешките духовни напори не ги ублажуваат со толку потребното физичко движење. На овие лица им недостига повеќе активен живот. Навиката на строга умереност во комбинација со соодветна рекреација, ќе му обезбеди умствена и физичка сила и трајна издржливост на секој што работи со умот.

Оние, кои ги преоптовариле своите физички сили, не треба да се охрабрат сосема да ја изостават физичката работа. Но, за да донесе најголем благослов, работата треба да биде систематизирана и пријатна. Всушност, најдобро е движење на отворено, кое треба да биде испланирано, така што ќе ги зајакне истоштените органи; тоа треба сесрдно да се преземе. Физичката работа никогаш не треба да се смета за нешто што го понижува човекот и се сведува на ропско аргатување.

Кога немаат на што да го посветат своето внимание и времето, инвалидите се концентрираат на себе и стануваат уште помрачни и пораздразливи. Така, најчесто се задржуваат на тоа колку лошо се чувствуваат, се додека не дојдат до заклучок дека нивната состојба е далеку полоша, отколку што навистина е. Како резултат на тоа, тие стануваат потполно неспособни да направат нешто.

Правилно насочената рекреација се покажала како ефикасно лековито средство во сите такви случаи. Во некои случаи таа е неопходна за оздравување. Волјата оди напоредно со работата на рацете и затоа кај таквите инвалиди треба да се разбуди волјата. Кога волјата е заспана, имагинацијата станува неприродна и организмот не е во состојба да и се спротивстави на болеста.

Неактивноста е најголемото проклетство што може да им се случи на повеќето инвалиди. Извршувањето на некоја лесна корисна работа, која не го преоптеретува организмот, има благотворно влијание и на телото и на душата. Тоа ги зајакнува мускулите, ја подобрува циркулацијата и на инвалидот му пружа задоволство, уверувајќи го дека не е сосема бесполезен во деловниот свет. Можеби на почетокот ќе може да извршува само некоја мала работа, но набргу ќе увиди дека силата му се зголемува, а сразмерно со зголемувањето на силата ќе се зголемува и неговата работоспособност.

Бидејќи движењето ја потпомага работата на органите за варење, тоа е особено полезно за диспептичарите (болни од лошо варење), додека премногу напорната физичка или умствена работа, која би се презела веднаш по оброкот, го попречува процесот на варењето. Умерените вежби, кратката прошетка со крената глава и рамења повлечени наназад, претставува голема благодат.

И покрај сето она што е кажано во врска со физичкото вежбање, се уште постојат многу луѓе, кои го занемаруваат. Некои премногу се дебелеат, затоа што организмот им е презаситен, други пак се ситни и слаби, затоа што нивните витални сили се исцрпени од исфрлувањето на преумерено внесената храна. Во своите напори да ја ослободи крвта од вака напластената нечостотија, црниот дроб се преоптоварува и болеста е неизбежна последица.

Оние, кои својата работа мораат да ја извршуваат во седечка положба, треба да секојдневно, лете и зиме, кога времето дозволува, да се движат и извршуваат одредени вежби на отворено, каде што има големо изобилство чист и свеж воздух. Пешачењето е покорисно, отколку возењето во кочија или јавањето, затоа што тоа вклучува повеќе мускули. Белите дробови се принудени на длабоко благотворно дишење, бидејќи е невозможно да се оди позабрзано, а при тоа градите да не се исполнуваат со сиот капацитет.

Ваквото движење во многу случаи може да биде покорисно од лековите. Честопати лекарите ги испраќаат своите пациенти дури и преку океанот, во минерални бањи, поради промена на климата; но во најголем број случаи тие можеле да си заштедат и време и пари и да оздрават дома, само доколку биле умерени во исхраната и умерено и здраво се рекреирале.

Сподели го ова:

Слични објави