Глава 30 Избор и подготовка на домот

Сподели го ова:

Евангелието чудесно ги упростува животните проблеми. Неговите поуки, ако ги прифатиме во пракса, ќе разјаснат многу дилеми и ќе не сочуваат од многу грешки. Тоа не поттикнува да ги цениме нештата според нивната вистинска вредност и да се трудиме најмногу околу она што е највредно она што е вечно. Оваа поука им е потребна на оние, пред кои стои одговорноста да изберат дом. Тие не смеат да дозволат да бидат отстранети од највисоката цел. Нека не заборават дека земниот дом треба да биде симбол и подготовка за Небесниот. Животот е училиште во кое се обучуваме, а диплома за него, родителите и децата ќе добијат во повисокото училиште во Божјите дворови. При изборот на локација за вашиот дом, раководете се од намерата што тој треба да ја исполни. Нека не ве совладаат желбата за богатство, модните трендови или општествените обичаи. Земете го предвид она што е најблиску до едноставноста, чистотата, здравјето и вистинските вредности.

Градовите во целиот свет стануваат легла на порокот. На секој чекор ќе ве пресретнат слики и звуци на злото. Насекаде стојат заведувачи кон патот на телесните уживања или распуштеноста. Плимата на корупцијата и криминалот постојано расте. Секој ден донесува нови извештаи за насилство, грабежи, убиства, самоубиства и безимени злостори.

Животот во градовите е лажен и извештачен. Силната страст за пари, вителот на трката по задоволства и уживања, жедта за самодокажување, луксуз и екстравагантност сето тоа се сили што го одвратуваат умот на мноштвото од вистинската животна цел. Тие ги отвораат вратите за илјадници зла, а врз младите имаат речиси неодолива моќ.

Една од најсуптилните и најголеми опасности што ги демнат децата и младите во градовите е љубовта кон задоволствата. Во градовите има безбројни прослави; илјадниците игри, коњските трки и вителот на возбудата и задоволството ги одвлекуваат младите од трезвените животни должности. Парите што требале да бидат заштедени за нешто подобро, се фрлени на забава.

Животот во градовите станува уште потежок заради работата на синдикатите и како резултат на работничките обединувања и штрајкови. Пред нас се сериозни проблеми; и за многу семејства ќе биде неопходно да излезат од градовите.

Физичката околина на градовите честопати е опасна за здравјето. Постојаната изложеност на болести, загаден воздух, нечиста вода и храна, пренатрупаните, темни и нездрави живеалишта, се едни од многуте зла што ќе ги сретнете во нив.

Не била Божја намера луѓето да се збиваат во градови, туркајќи се по балкони и станови. Во почетокот, Тој ги поставил нашите прародители среде прекрасни слики и звуци, во кои сака и ние денес да уживаме. Во колку поголема хармонија со Божјиот план живееме, во толку подобра состојба ќе бидат нашето телесно, ментално и духовно здравје.

Скапите живеалишта, дотераниот мебел, надворешниот изглед, луксузот и удобноста на се, не е она што е потребно за среќен и полезен живот. Исус дошол на оваа Земја за да го заврши најголемото дело што некогаш било извршено меѓу луѓето. Тој дошол како Божји амбасадор да ни покаже како да живееме за да постигнеме најдобри резултати во животот. Какви услови избрал Вечниот Отец за Својот Син? Осамен дом меѓу ритчињата на Галилеја; домаќинство што се издржува со чесна работа; едноставен живот; секојдневна борба со тешкотии и проблеми; самооткажување, штедливост и трпелива, несебична служба; часови на поука во мајчиниот скут со отворен свиток од Писмата; тишина на зората или самракот во зелената долина светите проповедници на природата; проучување на создавањето и провидението и заедница на душата со Бога тоа била состојбата и можностите на раните години од Исусовиот живот.

Такви биле и животните можности на најголемиот број најдобри и најблагородни луѓе во сите векови. Прочитајте ја историјата на Авраам, Јаков и Јосиф, Мојсеј, Давид и Илија. Проучувајте ги животите на луѓето од подоцнежните векови, кои најдобро ја исполниле својата доверлива и одговорна должност, луѓе што имале најголемо влијание за издигнувањето на светот.

Колкумина од нив биле одгледани во домови на село! Тие знаеле малку за луксузот. Не ја потрошиле својата младост на задоволства. Биле принудени да се борат со сиромаштија и тешкотии. Рано научиле да работат и активниот живот што го воделе на отворено, овозможил виталност и еластичност на сите нивни способности. Принудени да зависат од сопствените можности, тие научиле да се борат со проблемите и да ги заобиколуваат пречките и се здобиле со храброст и издржливост. Ја научиле поуката на зависност од себеси и самоконтрола. Во голема мерка заштитени од лошо друштво, тие се задоволувале со природните задоволства и искрените пријателства. Имале едноставен вкус и умерени навики. Биле раководени од принципите и израснале во чисти, силни и искрени луѓе. Кога биле повикани да ја исполнат својата животна задача, тие во неа внеле физичка и ментална сила, духовен полет, способност за планирање и извршување и постојаност во спротивставувањето на злото, што од нив направило позитивна сила во борбата за доброто во светот.

Од сите богати наследства што можете да им ги дадете на вашите деца, подобар е дарот на здраво тело, бистар ум и благороден карактер. Само оние што разбираат во што се состои вистинскиот успех во животот, ќе станат мудри во младите години. Тие, при изборот на сопствениот дом ќе ги имаат на ум најдобрите работи во животот.

Наместо да се престојува онаму, каде што можат да се видат само дела на човечките раце, каде што сликите и звуците често наметнуваат грешни мисли, каде хаосот и збрката го оневозможуваат разумот, одете онаму, каде што ќе можете да ги гледате Божјите дела. Најдете духовен мир во убавината, мирот и тишината на природата. Дозволете им на вашите очи да се одмораат на зелените полиња, шумички и ритчиња. Гпедајте кон синото небо, непопречени од градскиот прав и смог и вдишувајте го виталниот небесен воздух. Одете онаму, каде што далеку од уништувањето и расипувањето на градот ќе можете да се дружите со своите деца, каде ќе можете да ги научите за Бога преку Неговите дела; и подготвувајте ги за правилен и полезен живот.

Едноставност на мебелот

Нашите извештачени навики ни одземаат многу благослови и радост и не онеспособуваат за најполезен живот. Дотераниот и скап мебел е залудно трошење не само пари, туку и на она што е илјадапати поскапоцено. Тој му наметнува на домот тешко бреме на грижа, дополнителна работа и тешкотии.

Каква е состојбата со многу домови, дури и со оние со ограничени средства и каде што грижата за домаќинството е оставена најмногу на мајката? Најдобрите простории се исполнети со мебел надвор од нивните можности и непогоден за нивна удобност и забава. Во нив има скапи теписи, разметливо резбан и скапо тапациран мебел и нежни завеси. Масите, полиците и секој друг слободен простор се преполни со украси, а ѕидовите се прекриени со слики; тоа го заморува погледот. А колкав труд е потребен за одржување на сето тоа во ред и без прав! Оваа и другите извештачени навики на семејството, со цел да оди во чекор со модата, ја осудуваат домаќинката на бескрајна работа.

Во многу домови жената и мајката нема време да чита, да биде добро информирана, нема време за дружење со својот сопруг, нема време да го следи менталниот развој на своите деца. Нема ниту време ниту место, на кое Спасителот ќе и биде близок, драг пријател. Малку по малку, таа се претвора во роб на домаќинството, а нејзината сила, времето и интересите се загушуваат на распадливи нешта. Премногу доцна таа станува свесна дека е странец во својот сопствен дом. Скапоцените можности што некогаш ги имала да ги упати своите најмили кон повозвишен живот, неискористени, поминале засекогаш.

Градителите на домот треба да одлучат да живеат според помудар план. Нивна цел треба да биде да создадат пријатен дом.

Потрудете се да обезбедите помагала што ја олеснуваат работата и ги унапредуваат здравјето и удобноста. Планирајте да примате гости, кои Христос не обврзал да ги пречекаме и за кои рекол: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле!“ (Матеј 25:40)

Опремете го вашиот дом со едноставен и рамен мебел, со нешта со кои лесно се ракува, кои лесно се одржуваат чисти и кои можат да се заменат без голем издаток. Ако има љубов и задоволство, и малку добар вкус, и наједноставниот дом може да биде привлечен и примамлив.

Убава околина

Бог ја сака убавината. Тој ги облекол Небото и Земјата во убавина и со Татковско задоволство го набљудува уживањето на Неговите деца во она што Тој го создал. Тој сака нашите домови да бидат опкружени со убавината на природните нешта.

Речиси сите што живеат на село, колку и да се сиромашни, можат пред својот дом да имаат мал тревник, неколку сенковити дрвја, расцветана грмушка или мирислив цвет. Тие далеку повеќе ќе придонесат за среќата на домашните од вештачките убавини. Ќе внесат во домашниот живот нежно, благородно влијание, ќе ја засилат љубовта кон природата и ќе ги привлечат членовите на семејството поблиску едни до други и поблиску до Бога.

Сподели го ова:

Слични објави