Глава 32 Детето
Во упатствата на ангелот до Еврејските родители не биле вклучени само навиките на мајката, туку и воспитувањето на детето. Не било доволно Самсон, детето што го ослободило Израел да има само добро наследство при раѓањето. Ова наследство требало да биде проследено со грижливо воспитување. Тој уште од раното детство требал да биде воспитуван да изградува навики на строга умереност.
Слични инструкции биле дадени и во поглед на Јован Крстител. Пораката што Небото ја испратило до неговиот татко пред неговото раѓање е:
„Ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање. Зошто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на мајка си.“ (Лука 1:14, 15)
Самиот Христос рекол дека на небесниот список од благорони луѓе, ниту еден не е поголем од Јован Крстител. Работата што нему му била доверена, не барала само физичка енергија и постојаност, туку и највисоки квалитети на умот и душата. Правилното физичко воспитување, како подготовка за неговата работа било толку важно, што бил испратен највисокиот ангел од Небото, со порака на упатства за родителите на детето.
Упатствата дадени во поглед на Еврејските деца, ни покажуваат дека не смее да се пренебрегне ништо што влијае врз физичката благосостојба на детето. Ништо не е неважно. Секое влијание што го погодува телесното здравје, има свое влијание и врз умот и врз карактерот.
Не може да му се посвети преголема важност на раното воспитување на детето. Поуките научени и навиките стекнати во годините на раното и подоцнежното детство, имаат многу поголема врска со формирањето на карактерот и управувањето на животот, отколку сето поучување и воспитување во подоцнежните години.
Родителите треба да го имаат ова предвид. Тие треба да ги разберат принципите, кои претатвуваат темел на грижата и воспитувањето на децата. Треба да бидат оспособени за воздигнување на нивното физичко, ментално и морално здравје. Треба да ги проучуваат законите на природата. Тие треба да го запознаат човечкиот организам. Треба да ги разберат функциите на различните органи и нивната заемна поврзаност и зависност. Треба да ги проучуваат поврзаноста на менталните и физичките сили и потребните услови за здраво дејствување на секоја од нив. Грев е да се преземе одговорноста да се биде родител без претходна подготовка.
Премногу малку се размислува за причините на смртност, болести и дегенерирање, кои денес постојат и во најцивилизираните и најразвиени земји. Човечката раса пропаѓа. Повеќе од една третина од децата умираат во раното детство; кај оние што ќе достигнат зрелост, далеку е поголем бројот на оние што страдаат од некој вид болест и малкумина ја достигнуваат крајната граница на човечкиот живот.
Најголем број од злата што на народот му донесуват беда и пропаст, можат да бидат спречени, а најголема сила за справување со нив, во голема мерка почива врз родителите. Малите деца не ги отстранува некакво „мистериозно провидение“. Бог не ја посакува нивната смрт. Тој им ги дава на родителите, со цел да ги воспитаат да бидат полезни тука и потоа на небото. Кога татковците и мајките би правеле се што е во нивна моќ за да им остават добро наследство на своите деца, а потоа со правилно воспитување би истрајале во отстранувањето на се што било погрешно при нивното раѓање, би можеле да видиме голема промена кон еден подобар свет!
Грижа за малите деца
Колку помирен и поедноставен живот води детето, толку е подобро за неговиот физички и ментален развој. Мајката треба во секое време да остане тивка, смирена и сталожена. Многу мали деца се крајно чувствителни на нервна возбуда, па нежното, неизбрзано однесување на мајката ќе има смирувачко дејство, кое ќе биде од непроценлива полза за детето.
Бебињата бараат топлина, но честопати многу се греши со тоа што се чуваат во премногу затоплени соби, кои во голема мерка се лишени од свеж воздух. Праксата да се покрива лицето на малото дете при спиење е штетна, бидејќи го спречува правилното дишење.
Бебето треба да биде заштитено од секое влијание што може да го ослабне или загади организмот. Треба најсовесно да се погижиме се околу него да биде меко и чисто. Иако малечките мораат да бидат заштитени од големи и нагли температурни промени, мора да се поведе сметка тие постојано, и кога спијат и кога се будни, да дишат свеж и чист воздух.
При подготвување облека за бебето, треба да ги ставиме практичноста, удобноста и здравјето пред модата или желбата за воодушевување. Идната мајка не треба да троши време на украсување и везење за да ги разубави малите облеки, оптоварувајќи се со бесполезна работа на сметка на нејзиното и здравјето на своето дете. Таа не би смеела да седи наведната над шиењето, оптоварувајќи ги очите и нервите, во време, кога и се најпотребни одмор и пријатна рекреација. Таа треба да разбере дека има обврска внимателно да се грижи за својата сила, за да може да ги исполни барањата што ја очекуваат.
Ако облеката на детето му овозможува топлина, заштита и удобност, ќе се отстранат главните причини за надразнетост и немир. Малечкото ќе има подобро здравје, а мајката ќе биде ослободена од грижата што е голем товар за нејзината сила и време.
Стегнатиот повој ја попречува работата на срцето и градите, па затоа треба да се избегнува. Ниту еден дел од телото не треба да се чувствува неудобно, заради облеката што потиснува некој орган или ја намалува слободата на движење. Облеките на сите деца треба да бидат доволно комотни, за да овозможат целосна слобода на движењето и дишењето и да бидат скроени, така што сета нивна тежина ќе се држи на рамениците.
Во некои земји се уште преовладува обичај да не се облекуваат рамениците и екстремитетите на малите деца. Овој обичај треба да биде најостро осуден. Екстремитетите се оддалечени од центарот на циркулацијата и бараат поголема заштита од другите делови на телото. Артериите што ја пренесуваат крвта до нив се големи и обезбедуваат доволно количество крв за да ги стоплат и нахранат. Но ако ги оставиме екстремитетите незаштитени и недоволно облечени, артериите и вените се грчат, при што се ладат чувствителните делови од телото и се попречува крвотокот.
Додека растат, на децата им се потребни сите предимства на природните сили што ќе им овозможат да ја усовршат својата физичка рамка. Ако екстремитетите се недоволно заштитени, децата, а особено девојчињата, не смеат да излегуваат надвор, освен кога времето е меко. Затоа ги држиме внатре плашејќи се да не настинат. Но, ако се добро облечени, за нив ќе биде добро слободно да се рекреираат на отворено како во лето, така и во зима.
Мајките што сакаат нивните момчиња и девојчиња да имаат витално здравје, треба правилно да ги облекуваат и да ги охрабруваат да бидат колку што е можно повеќе надвор, кога временските услови го дозволуваат тоа. Потребен е напор за да се скршат синџирите на обичаите и да се облекуваат и воспитуваат децата во согласност со здравјето; но резултатот далеку ќе ги надмине напорите вложени во тоа.
Исхраната на детето
Најдобра храна за детето е онаа што ни ја дава природата. Тоа не треба непотребно да биде лишено од неа. Бездушно е од мајката да се обидува да се ослободи од нежната грижа за своите малечки заради лична удобност и забава.
Мајката што често дозволува детето да и го хранат други, треба добро да размисли какви можат да бидат последиците од тоа. Негувателката, во поголема или помала мерка, го вградува својот карактер и темперамент во детето за кое се грижи.
Тешко може да се прецени важноста на создавањето правилни навики во исхраната кај детето. Малечките треба да научат дека јадат за да живеат, а не живеат за да јадат. Ова поучување треба да започне уште додека малечкото е во прегратките на мајката. Детето треба да се храни само во правилни интервали, чие растојание ќе се зголемува со развојот на детето. Не треба да му се даваат слатки или храна за повозрасни, која тие не можат да ја преработат. Грижата и редовноста во исхраната на малечките нема само да го подобри нивното здравје, со што ќе ги наведе да бидат тивки и смирени, туку ќе ги постави и темелите на навиките, кои ќе бидат благослов за нив во подоцнежните години.
Кога детето ќе излезе од пелени, треба да се води голема сметка тоа да развие добар вкус и правилен апетит. На децата често им се дозволува да јадат кога сакаат, без да се води сметка за нивното здравје. Маката и парите, кои толку често се вложуваат во нездрави јадења, ги наведуваат децата да мислат дека највисоката цел во животот што донесува најмногу среќа е да бидат во состојба да му подлегнуваат на апетитот. Резултатот од ваквото воспитување е дебелина, а потоа доаѓа и болест, која често е проследена со земање отровни лекови.
Родителите треба да го изградуваат апетитот на детето и не смеат да дозволат тоа да употребува нездрава храна. Но во напорите да се регулира исхраната, треба да внимаваме да не згрешиме со тоа што ќе бараме од децата да јадат невксуни нешта или повеќе од потребното. Децата имаат права и предимства кои, ако се разумни треба да ги почитуваат.
Треба да се обрне големо внимание за редовноста во јадењето. Помеѓу оброците не треба да се јаде ништо, никакви слатки, зрнести плодови, овошје, или каква било храна. Нередовното јадење го уништува здравиот ритам на органите за варење, како и здравјето и доброто расположение. И потоа, кога ќе седнат на маса, децата не уживаат во здравата храна; нивниот апетит копнее за она што е штетно за нив.
Мајките што им подлегнуваат на желбите од своите деца на сметка на здравјето и доброто расположение, сеат семе на зло, кое ќе израсне и ќе донесе плод. Како што растат децата, така ќе расте и нивната попустливост кон себеси и тие ќе ги жртвуваат и менталната и физичката виталност. Мајките, кои го направиле тоа, со горчина ќе го пожнеат она што го посеале. Ќе ги гледаат своите деца како израснуваат со несоодветен ум и карактер, кои не дозволуваат нивните пораснати деца во мажи и жени, да преземат благородна или полезна работа во општеството или домот. И духовните сили страдаат под влијание на нездравата храна исто како менталните и физичките. Совеста станува тапа, а чувствителноста за добрите работи послаба.
Иако децата треба да се учат да го контролираат апетитот и да јадат во согласност со здравјето, мора да им биде јасно дека се откажуваат само од она што може да им наштети. Тие се откажуваат од штетни нешта поради нешто подобро. Нека вашата трпеза биде привлечна и убава полна со добри нешта со кои Бог изобилно не дарувал. Оброкот нека биде пријатно и среќно време. И додека уживаме во Божјите дарови, да Му одговориме на Дародавецот со благодарност и слава.
Грижа за детето во случај на болест
Причината за болеста на децата, во многу случаи може да се најде во неправилната нега. Нередовноста во јадењето, недоволната облека во студените вечерни часови, недостигот од витална рекреација, која би го одржала крвотокот здрав, или недоволно свеж воздух, кој би го прочистил, можат да бидат причина за проблемот. Родителите треба да се обидат да ја пронајдат причината за заболувањето и што е можно побрзо да ја поправат погрешната состојба.
Сите родители можат да научат многу за одржувањето на здравјето и спречувањето, па дури и лекувањето на болестите. Особено мајката мора да знае што треба да прави при вообичаените заболувања во семејството. Таа треба да знае како да му послужи на своето болно дете. Нејзината љубов и проникливиост ја оспособуваат да извршува работи што не можат толку добро да се доверат на некој странец.
Проучување на телесната градба
Родителите треба уште во рана возраст да ги заинтересираат своите деца да ја проучуваат градбата на телото и да ги научат на поедноставните принципи. Учете ги како најдобро да ги сочуваат физичките, менталните и духовните сили и како да ги ползуваат своите таленти, така што нивните животи ќе бидат благослов за дугите и слава за Бога. Ова знаење е од непроценлива важност за младите. Поуката за нештата поврзани со жвотот и здравјето, за нив е поважна од многу науки што се учат во училиштата.
Родителите треба да живеат повеќе за своите деца, а помалку за општеството. Проучувајте ги здравствените теми и применете го практично она што го знаете. Научете ги децата да размислуваат од причина кон последица. Учете ги дека мораат да им се покоруваат на природните закони, доколку сакаат да бидат здрави и среќни. Иако, можеби нема да видите онолку брз напредок колку што посакувате, не обесхрабрувајте се, туку трпеливо и истрајно продолжете со својата работа.
Уште додека се во лулка, учете ги вашите деца на самооткажување и самоконтрола. Учете ги да уживаат во природните убавини и полезната работа, за да можат систематски да ги тренираат сите ментални и телесни сили. Одгледајте ги да имаат правилно држење и висок морал и да бидат ведри и смирени. Втиснете ја во нивните нежни умови вистината дека Бог не не создал да живееме само за сегашните задоволства, туку и за нашето вечно добро. Научете ги дека попуштањето на искушенијата е лошо и грешно, а спротивставувањето благородно и храбро. Овие поуки ќе бидат како семе посеано на добра почва и ќе донесат плод што ќе ги израдува вашите срца.
Над се друго, родителите треба да ги опкружат своите деца со ведра, љубезна атмосфера, полна со љубов. Домот во кој царува љубовта и во која таа се изразува преку погледи, зборови и дела е место на кое ангелите со задоволство го покажуваат своето присуство.
Родители, дозволете му на сонцето на љубовта, ведрината и среќното расположение да влезе во вашите срца; и дозволете му на неговото слатко, охрабрувачко расположение да преовладува во вашиот дом. Покажувајте љубезен, воздржан дух и охрабрувајте го истото кај вашите деца, негувајќи ги сите доблести, кои ќе го разубават домашниот живот. Вака создадената атмосфера, за децата ќе биде она што се воздухот и сончевата светлина за растенијата; таа ќе го унапредува здравјето и виталноста како на умот, така и на телото.