Глава 24 Месото како храна

Сподели го ова:

Исхраната, која при создавањето му била дадена на човекот не вклучувала храна од животинско потекло. Човекот добил дозвола да јаде месо дури по потопот, кога било уништено сето зеленило на Земјата.

Господ покажал која исхрана е најдобра, кога ја избрал храната за човекот во Едем; истата поука ни ја покажал и кога го направил изборот за Израелскиот народ. Тој ги извел Израелците од Египет и раководел со нивната обука, за тие да можат да бидат Негов народ. Преку нив Бог сакал да го благослови и поучи светот. Тој им ја овозможил најдобрата храна за тоа, не месо, туку мана, „небесен леб“. Им била дадена храна од животинско потекло, единствено, поради нивното незадоволство и мрморењето по египетските лонци, но и тоа само за кратко време. Употребата на месна исхрана, на илјадници им донела болести и смрт. Па сепак, ограничувањето на безмесна исхрана, никогаш не било искрено прифатено. Тоа продолжило да биде причина за отворено или прикриено незадоволство и мрморење. Никогаш не било постојано применувано.

При сместувањето во Ханаан, на Израелците им било дозволено да јадат животинска храна, но со грижливи ограничувања, кои имале за цел да ги намалат лошите последици од неа. Била забранета употребата на свинско месо, како и на месото од некои други животни, риби и птици, кое било прогласено за нечисто. Исто така била строго забранета и употребата на салото и крвта од месата дозволени за јадење.

За храна можеле да се употребуваат само здрави животни. Животните што умирале, биле растргнувани, или оние од кои крвта не била внимателно исцедена, не смееле да се употребуваат како храна.

Израелците претрпеле големи загуби оддалечувајќи се од планот за исхрана на кој им укажал Бог. Тие копнееле по месна исхрана, па ги жнееле и последиците од неа. Не го досегнале Божјиот идеал за карактерот, ниту ја исполниле неговата намера. Господ „го исполни нивното барање, но прати пораз за нивните души.“ (Псалм 106: 15) Тие, земното го вреднувале повеќе од духовното и затоа не го добиле светото предимство што Бог сакал да им го подари.

Причини за изоставување на месната исхрана

Оние што јадат месо, не јадат ништо друго освен житарки и зеленчук од втора рака; зашто од овие работи животните ги примаат хранливите состојки, кои им овозможуваат да растат. Животот од житарките и зеленчукот преминува во животното што ги јаде. Ние го примаме јадејќи го животното. Колку е подобро да го земаме директно, јадејќи ја храната што Бог ја одредил за нас!

Месото никогаш не било најдобра храна; но сега имаме двојно повеќе причини против неговата употреба, бидејќи болестите кај животните брзо се зголемуваат. Оние што јадат храна од животинско потекло, не знаат многу за она што го јадат. Кога би можеле да го видат животното што го јадат и да дознаат со што било хрането, тие би се одвратиле од него со неодобрување. Луѓето постојано јадат месо полно со туберкулозни и канцерогени клетки. На тој начин се добиваат туберкулоза, рак и други фатални болести.

Свинското ткиво е преполно со паразити. Бог за свињата рекол: „таа е нечиста за вас; нивното месо не јадете го и не се допирајте до нивните трупови.“ (Второзаконие 14:8) Оваа наредба била дадена, бидејќи свинското месо не е прикладно за јадење. Свињата е чистач и тоа е единствената намена што таа требала да ја исполнува. Никогаш, под никакви услови, луѓето не би требале да го јадат нејзиното месо. Месото на ниедно живо суштество не може да остане здраво, кога негова природна состојка е нечистотијата и кога се храни со одвратни нешта.

Честопати, се изнесуваат на продажба животни што се толку болни, што нивниот стопан се плаши да ги задржи подолго. И некои процеси на гоење предизвикуваат болести. Нивните тела брзо стануваат потполно заразени, кога оттргнати од светлината и чистиот воздух, ја дишат атмосферата на задушливите штали и можеби се гојат со расипана храна.

Честопати, животните се транспортираат на големи растојанија и многу страдаат пред да стасаат до пазарот. Одведени од зелените пасишта, изложени на километри и километри жежок, правлив пат, или збиени во нечисти вагони, вознемирени и исцрпени од многу часови поминати без храна и вода, кутрите животни одат кон својата смрт, само за да можат човечките суштества да се нагостат со нивното месо.

На многу места рибите станале толку затруени од храната што ја јадат, што можат да предизвикаат болест. Ова особено важи за местата на кои рибите доаѓаат во допир со отпадните води од големите градови. Рибите што се хранат со она што се наоѓа во овие води, можат да преминат во далечни води и да бидат фатени во чиста вода. Употребени како храна, тие носат болест и смрт за оние, кои воопшто не се посомневале на опасност од нив.

Последиците од месната исхрана, можеби нема да се забележат веднаш; но тоа не значи дека таа не е штетна. Малкумина можат да се натераат да поверуваат дека месото што го јаделе ја загадило нивната крв и го предизвикало нивното страдање. Многу луѓе умираат од болести, чија единствена причина е јадењето месо, не сомневајќи се за вистинската причина.

Лошите морални последици од јадењето месо се исто толку забележливи, како и физичките болести. Месната исхрана е штетна за здравјето и секој нејзин ефект има свој соодветен одраз врз умот и душата. Помислете на суровоста кон животните, која е вклучена во јадењето месо и на последиците од неа кај оние што ги колат и оние, кои тоа го гледаат. Колку тоа ја уништува нежноста со која треба да се однесуваме кон овие Божји созданија!

Разумноста што ја покажуваат многу неми животни, толку се приближува до човечката, што тоа останува тајна. Животните гледаат и слушаат, сакаат, се плашат и страдаат. Тие ги користат своите органи далеку поверно, од многу човечки битија. Покажуваат сочувство и нежност кон оние што страдаат со нив. Многу животни покажуваат наклонетост кон оние што се грижат за нив; оваа наклонетост ја надминува дури и наклонетоста на некои човечки суштества. Тие толку се приврзуваат за луѓето, што не можат да се одделат од нив без големо страдање.

Кој човек со хумано срце, кој некогаш се грижел за домашни животни, може да погледне во нивните очи и доброволно да ги предаде на касапскиот нож? Како може да го смета нивното месо за деликатес?

Погрешно е мислењето дека силата на мускулите зависи од храната од животинско потекло. Потребите на организмот можат да бидат подобро задоволени и може да се ужива во повитално здравје без нејзина употреба. Житарките, во комбинација со овошје, зрнести плодови и зеленчук ги содржат сите прехранбени состојки, потребни за создавање добра крв. Овие состојки пак, не можат толку добро или во целост да се внесат преку месната исхрана. Кога употребата на месо би била толку суштествена за здравјето и силата, храната од животинско потекло би била вклучена во исхраната што на почетокот била одредена за човекот.

Кога ќе се престане со употребата на месо, често се јавува чувство на слабост и недостиг на виталност. Многумина ова го сметаат како доказ дека месната исхрана е неопходна; но тоа се случува бидејќи оваа храна е стимулативна, затоа што и дава трескавичност на крвта и ги надразнува нервите, па чувствуваме дека ни недостига. Некои ќе се уверат дека да се остави месото е исто толку тешко, колку што на алкохоличарот му е тешко да го остави алкохолот; но токму за таквите, оваа промена ќе биде од голема корист.

За да имаме хранлива и вкусна храна, кога ќе го оставиме месото, неговото место треба да биде пополнето со разновидност од житарки, зрнести плодови, зеленчук и овошје. Ова особено важи за оние што се слаби, или постојано преоптоварени со работа. Во некои земји во кои владее сиромаштија, месото е најефтина храна. Под вакви околности е потешко да се направи промена; но таа може да се постигне. Сепак, треба да ја имаме предвид ситуацијата на луѓето и силата на навиките создавани во текот на целиот живот и да внимаваме да не ги наметнуваме прекумерно, дури ни добрите идеи. Никој не смее да биде поттикнуван да ја изврши промената одеднаш. Местото на месото треба да биде пополнето со здрава, но евтина храна. Многумина, во овој поглед зависат од готвачката. Со грижа и умешност, можат да се подготват јадења што ќе бидат и хранливи и вкусни и кои, во голема мерка, ќе го заменат месото.

Во секој случај воспитувајте ја совеста, имајте добра волја, обезбедувајте добра, здрава храна и промената ќе биде брзо направена, а потребата од месо набргу ќе исчезне.

Зар ова не е време, кога сите треба да се стремат да го исфрлат месото од својата исхрана? Како можат оние што сакаат да бидат чисти, благородни и свети за да уживаат во друштвото на небесните ангели да продолжат да употребуваат нешто што е толку штетно и за душата и за телото? Како можат да убиваат Божји созданија за да го конзумираат нивното месо? Наместо тоа, нека се вратат кон здравата и вкусна храна, која му била дадена на човекот на почетокот и нека бидат милостиви кон немите суштества што Бог ги создал и ги поставил под наша власт, поучувајќи ги своите деца да го прават истото.

Сподели го ова:

Слични објави