Глава 29 Градители на домот
Оној, Кој на Адам му ја дал Ева да му биде помошник, своето прво чудо Го направил на свадбена веселба. Христос, Својата јавна служба ја започнал во свадбените дворови, каде што заедно се радувале роднините и пријателите. Така, Тој го одобрил бракот, потврдувајќи го како институција што Самиот ја воспоставил. Тој одредил мажите и жените да живеат заедно во свет брак, да подигнуваат семејства, чии членови крунисани со чесност, ќе бидат препознавани како членови на Небесното семејство.
Христос и оддал почест на брачната заедница, со тоа што ја направил симбол на заедницата помеѓу Него и Неговите откупени. Самиот Тој е младоженецот; црквата е невеста за која, како за Своја избраничка, Тој вели: „Цела си убава, мила моја, и дамка нема на тебе.“ (Песна над песните 4:7)
Христос „ја засака црквата и се предаде Себеси за неа, за да ја исчисти… та да ја претстави пред Себе како славна црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна. Така мажите се должни да ги сакаат своите жени.“ (Ефесјаните 5:25-28)
Семејните врски се најсилни, најнежни и најсвети од сите на Земјата. Семејството е замислено да биде благослов за човештвото. И навистина е благослов секаде, каде што во брачниот завет се влегува разумно, со страв кон Бога и вистинско разбирање за неговите должности.
Оние што имаат намера да стапат во брак, треба да размислат за тоа какви ќе бидат карактерот и влијанието на домот што го создаваат. Кога ќе станат родители, ним им се доверува света обврска. Од нив во многу зависи благосостојбата на нивните деца во овој свет и нивната среќа во светот што ќе дојде. Тие во голема мерка ги одредуваат како физичкиот, така и моралниот печат што ќе го примат нивните малечки. А состојбата на општеството зависи од карактерот на домот.Тежината на влијанието на секое семејство е она што ќе ја повлече моралната вага надолу или нагоре.
Изборот на животниот другар треба да биде таков, што ќе обезбеди добра физичка, ментална и духовна состојба на родителите и нивите деца што ќе им овозможи и на родителите и на децата да бидат благослов за ближните и да Го прослават својот Создател.
За да имаат правилна претстава за одговорностите во бракот, младите мажи и жени треба да имаат такво искуство во практичниот живот, што ќе ги подготви за неговите должности и бремиња. Не треба да се охрабрува раното стапување во брак. Во една толку важна врска, со далекусежни последици како бракот, не треба да се влета набрзина, без доволна подготовка и со недоволно развиени ментални и физички способности.
Брачните кандидати можеби нема да имаат светски богатства, но треба да го имаат далеку поголемиот благослов здравјето. И во повеќето случаи не би требало да има голема разлика во годините. Пренебрегнувањето на ова правило може сериозно да влијае врз здравјето на помладиот брачен другар. А децата од таков брак, често ќе бидат лишени од физичка и ментална сила. Тие нема да можат од постариот партнер да го добиваат она дружење што нивните млади животи го побаруваат и можат да бидат погодени од смртта на таткото или мајката токму во годините, кога им се најпотребни љубов и водство.
Брачната заедница може да биде безбедно формирана единствено во Христа. Човечката љубов треба да ги влече своите најблиски врски од Божјата. Длабока, искрена и несебична наклонетост, може да има само онаму, каде што владее Христос.
Љубовта е скапоцен дар што го примаме од Христа. Чистата и света наклонетост не е чувство, туку принцип. Оние што ги поттикнува вистинската љубов, не се ниту неразумни ниту слепи. Поучени од Светиот Дух, тие Го сакаат Бога над се, а своите ближни како себеси.
Оние, кои стапуваат во брак, треба внимателно да го проценат секое чувство и да го набљудуваат развојот на карактерот на оној со кого мислат да ја обединат својата животна судбина. Секој чекор кон брачната заедница треба да биде обележан со скромност, едноставност, искреност и искрената цел да се задоволи и да се прослави Бог. Бракот влијае на натамошниот живот во овој и во светот што ќе дојде. Искрениот христијанин нема да прави планови што Бог не може да ги одобри.
Ако сте благословени со богобојазливи родители, барајте совет од нив. Изнесете ги пред нив вашите надежи и планови, слушнете ја поуката што тие ја научиле од својот живот и ќе си заштедите многу болки на срцето. Над се, нека Христос биде ваш советник. Проучувајте ја Неговата Реч со молитва.
Под ваквото водство, младата жена треба да го прифати само оној сопатник што поседува чисти, мажевни карактерни црти, кој е трудољубив, честољубив и чесен, кој го љуби Бога и се бои од Него. Кога ја бара онаа што ќе стои покрај него, младиот човек треба да испита дали таа може да го носи својот дел од животното бреме, дали има влијание што ќе го облагороди и подобри и дали може да го направи среќен и сакан.
„Разумна жена е дар од Господа.“ „Срцето на нејзиниот маж е убедено во неа… таа ќе му прави добро на својот маж, во сите дни од неговиот живот.“ „Со мудрост ја отвора својата уста, и кротка поука има на нејзиниот јазик. Го надгледува своето домаќинство и не јаде леб во мрзеливост. Стануваат децата и ја ублажуваат мажот, и тој ја фали; многу жени добродетелни имало, многу од нив стекнале богатство и сила, но ти ги надмина сите, “ Оној што ќе најде таква жена „нашол добро и добил благодат од Господа.“ (Изреки 19:14; 31:11, 12, 26-29; 18:22)
Малку двојки се целосно обединети пред да почне свечениот обред, без оглед колку внимателно и мудро влегуваат во бракот. Двајцата во бракот вистински ги обединува работата што ја делат во текот на годините.
Романсата врз која младите толку често сакаат да градат брак, исчезнува, кога младиот брачен пар ќе се сретне со животните тешкотии, бремиња и проблеми. Тогаш мажот и жената ќе ги запознааат карактерите на другиот, на начин што не бил можен во нивното претходно познавање. Тоа е најкритичниот период од нивната врска. Среќата и полезноста на целиот нивен иден живот, зависат од заземањето правилен курс во овој период. Тие често, кај другиот ќе согледаат слабости и мани на кои не се надевале; но срцата обединети во љубов, ќе откријат и дотогаш незабележани доблести. Секој нека се труди да ги открива доблестите, а не маните на својот партнер. Токму нашиот став, атмосферата што се шири околу нас, честопати го одредува она што ќе ни биде откриено за другиот. Многумина сметаат дека покажувањето љубов е слабост и се држат резервирано, со чие дело го оттурнува другиот брачен другар. Ваквиот дух ги попречува изливите на љубов и сочувство. Но, ако ги потиснуваме чувствата за друштвеност и широкоградост, тие венеат и срцето станува пусто и студено. Треба да се чуваме од оваа грешка. Љубовта не може долго да опстојува, доколку не се покажува. Не дозволувајте срцето на оној, кој е поврзан со вас, да гладува за љубезност и сочувство.
Иако можеби ќе се појават тешкотии, неволји и обесхрабрувања, ниту мажот ниту жената не смеат да помислат дека нивната заедница е грешка или разочарување. Одлучете дека на другиот ќе му бидете се што можете да бидете. Продолжете со вниманието што сте си го посветувале во раниот период. На секој можен начин охрабрувајте се меѓусебно за животните борби. Научете да ја зголемите среќата на другиот. Нека меѓу вас владеат взаемна љубов и природна воздржаност. Тогаш бракот, наместо да биде крај на љубовта, ќе биде нејзиниот вистински почеток. Топлината на вистинското пријателство, љубовта, која поврзува срце со срце е предвкус на Небесната радост.
Околу секое семејство постои еден свет круг што не смее да се скрши. Никој нема право да влезе во тој круг. Ниту мажот ниту жената не смеат да дозволат да ја делат со некој друг довербата што им припаѓа единствено ним.
Секој треба да претпочита да дава љубов, отколку да ја прима. Негувајте го она што е благородно во вас и не двоумете се да ги вреднувате добрите квалитети на другиот. Свеста дека сте ценети е прекрасен поттик и големо задоволство. Наклонетоста и почитта го поттикнуваат стремежот за усовршување. И љубовта се зголемува, кога поттикнува благородни цели.
Ниту мажот ниту жената не би требале да ја претопат својата личност во личноста на другиот. Секој од нив има своја лична врска со Бога. Секој треба да праша за себе: „Што е правилно?“, “Што е погрешно?“, „Како најдобро да ја исполнам целта на мојот живот?“ Дозволете им на вашите најдлабоки чувства да потечат кон Оној, Кој го дал Својот живот за вас. Христос нека ви биде прв и последен и најдобар во се. И вашата љубов ќе станува почиста и посилна со зајакнувањето и продлабочувањето на љубовта кон Христа.
Мажот и жената треба да се однесуваат еден кон друг со онаков дух, со каков што Христос се однесува кон нас: „Живејте во љубов, како што и Христос не засака.“; „Како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во се. Вие, мажите, сакајте ги своите жени, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа.“ (Ефесјаните 5:2, 24, 25)
Ниту мажот ниту жената не треба да се обидуваат да го контролираат другиот. Не се обидувајте да го натерате другиот да се покорува на вашите желби. Не можете да го направите тоа и притоа да ја сочувате љубовта. Бидете љубезни, трпеливи, воздржани, учтиви и имајте разбирање. Со Божја милост, вие можете да успеете да се усреќите еден со друг, онака како што сте ветиле во вашиот брачен завет.
Но, не заборавајте дека нема да најдете среќа доколку се затворите во себе, задоволувајќи се со тоа што својата љубов и внимание си ја подарувате само еден на друг. Искористете ја секоја можност да придонесете за среќата на оние околу вас. Сетете се дека вистинска радост може да се најде само во несебичната служба.
Воздржаноста и несебичноста ќе им дадат печат на зборовите и делата на сите што живеат нов живот во Христа. Вие ќе освојувате победа по победа, додека се трудите да живеете со живот сличен на Неговиот, да го победите вашето „Јас“ и себичноста и да им служите на потребите на другите. Тогаш вашето влијание ќе биде благослов за светот.
Мажите и жените би можеле да го постигнат Божјиот идеал за нив, кога би го земале Христа за помошник. Она што човечката мудрост не може да го направи, ќе го постигне Неговата милост за оние што му се предаваат себеси со љубов и доверба Неговото провидение може да ги обедини срцата во врска, која потекнува од небото. Љубовта нема да биде само размена на нежни и ласкави зборови. На небесниот разбој се ткае ткаенина што е далеку пофина и поцврста од се што може да биде исткаено на земните разбои. Резултатот нема да биде фабричка ткаенина, туку материјал што ќе биде траен и ќе ги издржи сите испитувања. Срцата ќе бидат соединети со златните жици на љубовта што не се менува.
Подобар од злато е мирниот дом, од него доаѓаат топлина и љубов; храм е на љубовта и небо на животот, посветен од мајката, сестрата или жената.
Колку и скромен тој да биде, или од небото испитуван со маки, неГовиот блаГослов не се купува со пари, и повреден е од злато.
„Анон”