Глава 14 Проповедање до богатите

Сподели го ова:

Римскиот капетан Корнелиус бил богат човек од благородно потекло и на доверлива и угледна положба. Незнабожец по раѓање, воспитување и образование, но благодарение на допирот со Евреите, тој се здобил со знаење за вистинскиот Бог и Му служел покажувајќи ја искреноста на својата вера преку сочувствувањето со сиромашните. Им давал „милостина на луѓето и секогаш Му се молеше на Бога.“ (Дела 10:2)

Корнелиус немал такво знаење за Евангелието, какво што е откриено во животот и смртта на Исуса, па затоа Бог му испратил порака директно од небото и преку друга порака го упатил апостол Петар да го посети и поучи. Корнелиус не бил член на еврејската црква и рабините го сметале за незнабожец и нечист, но Бог ја видел искреноста на неговото срце и испратил ангели од Својот престол кои, во соработка со Неговиот слуга на земјата, го донеле Евангелието до овој римски офицер.

И денес Бог копнее за искрени души на висока положба, исто како за оние од ниските општествени слоеви. Постојат многу луѓе слични на Корнелиус, кои Тој копнее да ги поврзе со Својата црква. Нивните симпатии се на страната на Божјиот народ, но врските со кои се врзани за светот цврсто ги држат. Од овие луѓе се бара морална храброст да им се придружат на понизните. Посебен напор треба да биде вложен за овие души што се наоѓаат во голема опасност заради својата општествена положба и поврзаноста со светот.

За нашата должност во врска со сиромашните е кажано многу; а зарем не треба ли истото внимание да биде укажано и на богатите? Многумина гледаат на таа класа, како на безнадежна и прават толку малку за да ги отворат очите на оние што заслепени од сјајот на земната слава, ја изгубиле вечноста од предвид. Илјадници богати луѓе заминуваат во гроб непредупредени. Колку и да ни изгледаат рамнодушни, сепак меѓу нив има многумина, кои се загрижени за својата душа. „Кој го љуби среброто, со сребро нема да се насити, и кој го сака богатството, нема да има полза од тоа.“ Оној, кој му вели на златото: „Ти си моја надеж“ се „откажал од Севишниот Бог.“ „Човекот нема да може да го откупи својот брат, ниту да му даде на Бога откуп за него; (затоа што откупот на неговата душа е скапоцен и никогаш нема да стане).“ (Проповедник 5:10, Јов 31:24, 28; Псалм 49:7, 8)

Богатството и светската слава не можат да ја задоволат душата. Многумина меѓу богатите, копнеат за сигурноста на Божјите ветувања и за некоја духовна надеж. Многумина копнеат за нешто што ќе и стави крај на монотонијата во нивните бесцелни животи. Многу луѓе што се наоѓаат на висока положба, чувствуваат потреба од нешто што немаат. Малкумина од нив одат во црква, затоа што чувствуваат дека имаат мала корист од тоа. Поуките што таму ги слушаат, не допираат до нивните срца. Зар нема да вложиме никаков личен напор за нив?

Меѓу жртвите на бедата и гревот има и такви, кои некогаш поседувале богатство. Луѓе од различни занимања и општествени положби во животот, совладани од расипаноста на светот, од употребата на жестоки пијалоци, задоволување на порокот, потклекнале пред искушението. Додека овие паднати имаат потреба од сочувство и помош, не треба ли одредено внимание да им се посвети на оние, кои се уште не паднале толку длабоко, но чии стапала чекорат по истиот пат?

Илјадници луѓе на почесни и доверливи места се оддаваат на грешни навики, кои значат пропаст и за телото и за душата. Проповедници на Евангелието, државници, книжевници, имотни и талентирани, луѓе со огромни работни способности, кои би можеле корисно да делуваат, се наоѓаат во смртна опасност, затоа што не ја согледуваат потребата од самоконтрола во секој поглед.

Нивното внимание треба да биде насочено кон принципите на вистинската умереност, но не на тесноград или самоволен начин, туку во светлината на Божјата голема цел за човечкиот род. Кога принципите на вистинската умереност би се изнеле пред нив на таков начин, би се нашле мнозина меѓу луѓето од повисоката класа, кои би ја признале предноста на тие принципи и од се срце би ги прифатиле.

Ние треба да им укажеме на тие личности за последиците од штетното попуштање на страсните апетити, кои се одразуваат во опаѓањето на духовната, телесната и моралната сила. Помогнете им да ја сфатат својата одговорност како управители на Божјите дарови. Покажете им колку добрини можат да сторат со парите што ги трошат за она, што им нанесува само штета. Предложете им да се заветуваат на целосно воздржување, а парите, кои инаку би ги трошеле на алкохол, тутун и слични задоволства, ги употребат за лекување на болните сиромашни, или воспитување на децата и младите на полезен живот. Ќе има малку луѓе, коишто нема да одговорат на овој повик.

Постои уште една опасност на која богатите се посебно изложени, а која исто така е отворено поле за здравствено-мисионската служба. Голем е бројот на оние што напредуваат во овој свет и никогаш не би потклекнале пред некој обичен порок, но љубовта кон богатството, сепак ги одвлекува во пропаст. Чашата не се носи најтешко, кога е празна, туку кога е наполнета до врв. Таа треба да се држи внимателно и рамномерно. Маките и несреќата донесуваат разочарување и тага; но сепак, земната благосостојба е она што е најопасно за духовниот живот.

Оние што ги поднесуваат ударите на несреќата, се претставени преку грмушката што Мојсеј ја видел во пустината; таа горела, но не согорувала. Среде таа грмушка се наоѓал Божји ангел. Во нашите губитоци и болки, во нашата малодушност славата и присуството на Невидливиот е со нас да не теши и одржува. Честопати се упатуваат молитви за оние што страдаат од болест или несреќа, но нашите молитви се најпотребни за луѓето на кои им се доверени материјални средства и влијание.

Во долината на понизноста, каде што луѓето ги чувствуваат своите потреби и зависноста од Бога, барајќи Тој да управува со нивните чекори, постои релативна безбедност; а токму оние, кои се речиси на самиот врв и за кои се мисли дека, благодарение на својата висока положба располагаат со голема мудрост се наоѓаат во најголема опасност. Доколку не се потпрат на Бога во потполност, таквите сигурно ќе паднат.

Библијата не го осудува човекот, бидејќи е богат, доколку чесно го стекнал своето богатство. Корен на секое зло не се парите, туку љубовта кон нив. Бог е Тој што им дава сила на луѓето да придобијат богатство и во рацете на оној, којшто постапува како Божји управител, употребувајќи ги своите средства на несебичен начин, богатството е благослов, како за оној што го поседува, така и за светот. Но многумина обземени од интерес за богатствата на овој свет, стануваат нечувствителни за Божјите барања и за потребите на своите ближни. За нив, нивното богатство е средство преку кое ќе се прослават себеси, па затоа ги зголемуваат своите имоти, додаваат нови куќи кон постоечките и ги полнат со раскошни нешта, додека насекаде околу нив постојат човечки битија што се наоѓаат во мизерија, порок, болест и смрт. Оние што живеат само за да си служат на себеси и своите задоволства, развиваат карактеристики што не се својствени на Бога, туку на кнезот на злото.

Таквите луѓе имаат потреба од Евангелието; нивните очи треба да се одвратат од празната слава на материјалните нешта, за да ги видат славата и скапоценоста на непоминливите добра. Тие треба да ја спознаат радоста, која произлегува од давањето, како и благословот од соработката со Бога.

Бог ни наложува: „Заповедај им на богатите од овој свет“ да не се надеваат на „непостојаното богатство, туку на живиот Бог, Кој ни дава за наслада се во изобилство; нека прават добро, нека се богатат со добри дела, да бидат штедри и пристапливи; и на таков начин да си собираат сокровиште добра основа за иднината, за да постигнат вечен живот.“ (1. Тимотеј 6:17-19)

Не е никаква случајност што љубителите и поклониците на овој свет Христос не ги привлекува. На овие луѓе, честопати најтешко им се пристапува. Мажите и жените исполнети со мисионски дух, кои нема да се поколебаат ниту да ја изгубат храброста, треба за нив да вложат најодлучни напори.

Некои се особено погодни да работат со повисоките општествени класи. Тие треба да бараат мудрост од Бога, за да знаат како да допрат до тие луѓе, не само како по некоја службена должност, туку во лични обиди и со жива вера да ги натераат да ги согледаат потребите на сопствените души и да ги водат кон познавање на вистината, каква што е во Христа.

Многумина претпоставуваат дека со цел да се допре до повисоките класи треба да се приспособат начинот на живот и методот на работа, за тој да одговара на нивните префинети вкусови. Се мисли дека е неопходно да се има привид на богатство, убави зданија, скапоцена облека, опрема и опкружување, прилагодување на светските обичаи, извештачена изгладеност на модерното општество, класична култура, привлечност на вештиот говор. Тоа е заблуда! Божјиот начин за придобивање на повисоките класи не е во мудроста и политиката на овој свет. Вистиски успех во тој поглед, ќе донесе само доследна и несебична примена на Христовото Евангелие.

Искуството на апостол Павле при средбите со филозофите од Атина е поука за нас. Во презентирањето на Евангелието пред дворовите на Ареопагот, Павле ја побивал логиката со логика, науката со наука, филозофијата со филозофија. И најмудрите меѓу неговите слушатели биле зачудени и замолкнати. Не можеле да ги побијат неговите зборови; но неговите напори не донеле многу плод. Малкумина од нив го прифатиле Евангелието. Подоцна Павле прифатил поинаков начин на работа. Тој избегнувал елаборирано докажување и теоретски расправи и едноставно ги упатувал луѓето кон Христа, како Спасител на грешниците. Пишувајќи им на Коринтјаните за својата работа меѓу нив, тој вели:

„И јас браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво не со возвишена проповед или мудрост, бидејќи не сметав дека е добро меѓу вас да знам ништо друго освен за Исус Христос, и тоа Распнатиот… Моето слово, и мојата проповед, не се состои во убедливи зборови на човечката мудрост, туку во покажувањето на Духот и силата, та вашата вера да се утврди не во човечка мудрост, туку во Божјата сила.“ (1. Коринтјаните 2:1-5)

Писмото до Римјаните пак, вели: „Зашто јас не се срамам од Евангелието на Христа, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој што верува, прво на Евреин, а потоа и на Елин.“ (Римјаните 1:16)

Оние што работат за повисоките класи, треба да имаат вистинско достоинство, имајќи предвид дека ангелите се нивни придружници. Прекрасните Христови зборови: „Пишано е“, секогаш нека се најдат во ризницата на нивниот ум и срцето. Нека ги закачат овие скапоцени Христови зборови во тремовите на меморијата. Тие треба да бидат вреднувани далеку повеќе, отколку вреднувањето на златото и среброто.

Исус рекол дека е полесно камила да помине низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Небесното Царство. Во работата за оваа класа ќе се наиде на многубројни и болни разочарувања, кои можат да обесхрабрат. Но, за Бога се е возможно. Тој може и ќе работи преку луѓето како Свои орудија врз умовите на луѓето, чиишто животи се посветени на стекнувањето пари.

Во вистинското обраќање има нешто чудесно, нешто што ние сега не го забележуваме и не го распознаваме. Најголемите луѓе на земјата не се надвор од доменот на Божјата чудотворна сила. Доколку оние, кои претставуваат Негови соработници, својата должност ја вршат смело и верно, Бог ќе ги обрати луѓето, кои заземаат одговорни места, кои се интелигентни и влијателни. Многумина ќе бидат наведени да ги прифатат Божјите принципи преку влијанието и силата на Светиот Дух.

Кога ќе согледаат дека Бог од нив, како од Свои претставници очекува да му помогнат на измаченото човештво, многумина ќе бидат подготвени да дадат дел од своите средства и симпатии во полза на сиромашните. Многу богати луѓе ќе се предадат на Христа, кога нивните мисли на овој начин ќе се одвратат од личните и себични интереси. Тие радосно ќе ги соединат своите таленти, средства и влијание со добротворното залагање на побожните мисионери што биле Божјо средство за нивното обраќање. Тие, со правилна употреба на своето земно богатство ќе соберат за себе „благо на небесата што не пропаѓа, каде што крадец не го поткрадува, и каде што молецот не го јаде.“

Кога ќе се обратат кон Христа, многумина ќе станат орудие во Божјата рака, залагајќи се за припадниците на токму оние општествени слоеви на кои и самите им припаѓале. Ќе чувствуваат дека ним им е доверено да ја пренесат пораката на Евангелието до оние за кои овој свет е главна животна цел. Нивното време и пари ќе бидат посветени на Бога, а талентот и влијанието, употребени за придобивање души за Христа.

Единствено вечноста ќе открие што се е завршено преку ваков вид служба колку многу души, мачени од сомнеж и изморени од

световност и немир, на овој начин биле доведени до Големиот Исцелител, Кој копнее да ги спаси сите што ќе дојдат кај Него. Христос е воскреснат Спасител и под Неговите крилја има исцелување.

Сподели го ова:

Слични објави