Глава 28 Службата во домот

Сподели го ова:

Обновата и издигнувањето на човештвото почнува во домот. Работата на родителите е посилна од секоја друга. Општеството е составено од семејства и е она што од него ќе направат главите на тие семејства. Од срцето излегуваат „изворите на животот“ (Изреки 4:23); а срцето на заедницата во црквата и нацијата е токму домот. Благосостојбата на општеството, успехот на црквата, напредокот на нацијата зависат од влијанијата стекнати во домот.

Во Исусовиот живот се прикажани важноста и можностите на домашниот живот. Оној, Кој дошол од небото да биде наш пример и учител, поминал триесет години како член на едно домаќинство во Назарет. Библискиот извештај за овие години е многу сиромашен. Никакви моќни чуда не го привлекувале вниманието на мноштвото. Никаква желна толпа не ги следела Неговите стапки и не ги слушала Неговите зборови. А сепак, во текот на сите тие години Тој ја исполнувал Својата Божја мисија. Живеел како еден од нас, споделувајќи го домашниот живот, покорувајќи се на неговите правила, извршувајќи ги домашните обврски, носејќи ги неговите товари. Делејќи ги искуствата на нашата заедничка судбина во заштитничката грижа за скромниот дом, Тој „напредуваше во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето.“ (Лука 2:52)

Во текот на сите тие осамени години, Неговиот живот бил преполн со сочувство и желба да помогне. Неговата истрајна несебичност и трпение, храброста и верноста, непоколебливоста пред искушенијата, непоматениот мир и тивката радост, биле постојана инспирација за другите. Тој внесувал чиста, слатка атмосфера во домот и Неговиот живот бил како квасец што делува на елементите на општеството. Никој не вели дека правел чуда; сепак доблеста исцелителната, животворна сила на љубовта потекувала од Него кон искушуваните, болните и обесхрабрените. Уште од самото детство, Тој на ненаметлив начин им сведочел на другите и поради тоа, многумина со задоволство Го слушале, кога ја започнал Својата јавна служба.

Овие рани години на Спасителот не се само пример за младите. Тие се поука и треба да бидат охрабрување за секој родител. Првото поле за работа на оние што ќе служат за издигнувањето на своите ближни е кругот на семејните и меѓусоседските должности. Не постои поважно поле за работа од она, кое им е посветено на основачите и чуварите на домот. Ниту една од должностите доверени на човештвото нема поголеми и подалекусежни резултати од должностите на таткото и мајката.

Иднината на општеството ќе ја одредуваат денешните младинци и деца, а од домот зависи што ќе стане од нив. Поголем дел од болестите, бедата и криминалот, кои се проклетство на човештвото, можат да се припишат на недостигот од правилно домашно воспитување. Каква промена би се видела во светот, кога домашниот живот би бил чист и искрен, кога децата што излегуваат од него би биле подготвени да се соочат со животните обврски и опасности!

Вложени се големи напори, потрошени многу време, труд и пари за потфати и институции, кои ќе ги реформираат жртвите на лошите навики. И дури и овие напори се покажале како недоволни да ги задоволат големите потреби. Колку е мал резултатот од нив! Колку малку луѓе се трајно поправени!

Многу луѓе копнеат за подобар живот, но им недостига храброст и одлучност да ги раскинат синџирите на навиката. Тие се повлекуваат пред потребните напори, борба и жртва, така што нивните животи се бедни и уништени. На тој начин дури и луѓето со најсветли умови, луѓе со големи надежи и благородни сили, кои природата и образованието во други околности би ги оспособиле за доверливи и одговорни позиции, се понижени и изгубени како за овој, така и за идниот живот.

Колку е горчлива битката за повраќање на мажевноста за оние што се реформираат! И во текот на целиот живот, многу луѓе ќе го жнеат злото што го посеале во својата лоша телесна градба, слабата волја, намалениот интелект и ослабените духовни сили. Колку повеќе можеле да постигнат, доколку се справеле со злото уште на почетокот!

Оваа работа во голема мерка почива на родителите. Кога би се посветило поголемо внимание да се обучат родителите како да ги формираат навиките и карактерот на своите деца, би се постигнале безброј пати подобри резултати во борбата за запирање на напредокот во неумереноста и другите зла, кои како карцином го нагризуваат телото на општеството. Во нивни раце е навиката што може да биде толку силна струја на злото, но со истрајни напори да ја претворат во сила на доброто. Тие треба да работат со самиот извор на оваа сила и правилно да ја насочат.

Родителите можат да постават темели за здрав и среќен живот на своите деца. Можат да ги испратат од домовите со морална сила, која ќе му се спротивстави на искушението и храброст и сила за успешна борба со животните проблеми. Можат да ги вдахнат со одлучност да не отстапуваат од зададената цел и да развијат кај нив сила да живеат со живот за слава на Бога и благослов за светот. Можат да ги насочат нивните нозе на вистинската патека, која низ сонце и сенки, води до славните височини.

Мисијата на домот не е ограничена само на неговите членови. Христијанскиот дом треба да биде очигледна поука што ќе ја илустрира надмоќноста на вистинските животни принципи. Ваквата илустрација ќе има силно влијание за доброто во светот. Влијанието на домот врз човечките срца и животи е далеку поголемо од влијанието на која било проповед. Кога излегуваат од еден таков дом, во младите се вградени и поуките што ги добиле од него. Тие ќе ги пренесат благородните животни принципи и во други домови, а во заедницата ќе имаат влијание што облагородува и воздигнува.

Постојат многу други за кои нашиот дом може да биде благослов. Нашите меѓучовечки односи не смеат да бидат одредени од светските обичаи, туку од Христовиот Дух и Неговиот збор. Во сите прослави на Израелците биле вклучувани и сиромашните, странците и Левитите кои биле помошници на свештеникот во светилиштето и религиозни учители и мисионери. Нив народот ги сметал за свои гости, кои секогаш биле топло примени на сите општествени и религиозни прослави и за кои нежно се грижел, кога биле болни и немоќни. Таквите и денес би требале да најдат гостопримство во нашите домови. Ваквата гостољубивост може многу да расположи или охрабри некоја мисионска болничарка или учител, некоја загрижена и исцрпена мајка, или некој болен и стар, кој честопати без сопствен дом се бори со сиромаштијата и бројните обесхрабрувања.

„Кога даваш ручек или вечера“ вели Христос, „не кани ги своите пријатели, ниту своите браќа, ни своите роднини, ниту богатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти вратат. Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромашните, хромите, слепите, и ќе бидеш блажен, зашто тие не можат да ти вратат, а ќе ти биде отплатено при воскресението на праведните.“ (Лука 14:12-14)

За вас нема да претставува голем товар да ги примите овие гости. За нив нема да морате да приготвите некаква скапа забава. Не треба да се трудите ниту околу изгледот. Топлината на срдечното гостопримство, место покрај огнот, столче крај вашата домашна трпеза, заеднички споделените благослови од молитвениот час, за многумина од овие, ќе бидат како поглед од Небото.

Нашето сочувство треба да ги надмине границите на себичноста и семејните ѕидови. Прекрасни можности стојат пред оние, кои ќе го отворат својот дом за благослов на другите. Општественото влијание има чудесна моќ. Можеме да го користиме како средство за помагање на оние околу нас.

Нашите домови треба да бидат прибежишта за младината во искушение. Многу млади се наоѓаат на крстопат. Секое влијание, секој впечаток го одредува изборот што ја формира нивната судбина како тука на земјата, така и во вечноста. Злото ги повикува. Неговите собиралишта се светли и привлечни. Тие му посакуваат добредојде на секој што ќе намине. Насекаде околу нас има млади, кои немаат дом и многумина, во чии домови нема сила што ќе им помогне и ќе ги воздигне, потонуваат во зло; пропаѓаат пред нашите прагови.

На овие млади им е потребна подадена рака на сочувство. Едноставно изговорените љубезни зборови, едноставно даруваните мали вниманија ќе ги растераат облаците на искушението што надвиснале над душата. Вистинскиот израз на од Бога даденото сочувство, има моќ да ги отвори вратите на срцата на кои им е потребен пријатниот мирис на зборовите слични на Христовите и едноставен, нежен допир на Христовата љубов. Кога би покажале интерес за младите, кога би ги поканиле во нашите домови и би ги опколиле со поттикнувачко влијание многу од нив, со задоволство би ги свртеле своите стапки кон патеката, која води нагоре.

Животни можности

Нашето време на оваа Земја е кратко. Ние не можеме низ овој свет да поминеме повеќе од еднаш; и додека поминуваме низ него, треба да направиме од нашиот живот најмногу што можеме. Службата за која сме повикани, не бара да имаме богатство, углед во општеството или големи можности. Таа бара љубезен дух на самооткажување и јасно одредена цел. Светилката, без оглед колку мала, ако ја одржуваме да гори постојано, може да биде средство со кое ќе се запалат многу други светилки. Сферата на нашето влијание можеби ни изгледа мала, способностите слаби, можностите незначителни, а достигнувањата ограничени; сепак, доколку верно ги ползуваме приликите на нашиот дом, ние ќе имаме прекрасни можности. Ако ги отвориме нашите срца и домови за Божјите животни принципи, ние ќе станеме канали на животворна сила. Од нашите домови ќе потечат потоци здравје, носејќи живот, убавина и плодност онаму, каде што сега владеат пустош и скудност.

Сподели го ова:

Слични објави