Глава 16 Молитва за болните
Светите списи велат дека „луѓето треба да се молат и да не паѓаат со духот.“ (Лука 18: 1) и доколку воопшто постои време, кога тие чувствуваат потреба од молитва, тоа е токму тогаш, кога силата им опаѓа и им се чини дека и животот ги напушта. Оние што се здрави, честопати забораваат на чудотворната милост што ја уживаат од ден во ден, од година во година и никогаш не ја изразуваат благодарноста што Му ја должат на Бога за тие благослови. Но кога ќе ги снајде болест, се сеќаваат на Него. Луѓето чувствуваат потреба од Божја помош, кога човечката сила откажува, а нашиот Милостив Бог, никогаш не го одвраќа Своето лице од душата која, барајќи помош, искрено доаѓа кај Него. Тој е наше прибежиште и во болест и во здравје.
„Како таткото што ги милува своите деца,
така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него.
Затоа што Тој го знае нашиот состав, помни дека сме земја.”
(Псалм 103:13, 14)
„Неразумните страдаа
поради своите лоши патишта и поради своите неправди!
Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта.”
(Псалм 107:17, 18)
„Но во својата таГа повикаа кон Господа, и Тој Ги спаси од нивните неволји.
Го испрати Своето слово и Ги излекува и Ги спаси од пропаст.”
(Псалм 107:19, 20)
Бог и денес е подготвен да му го поврати здравјето на болниот исто, како кога Светиот Дух ги изговорил овие зборови преку псалмистот Давид. Христос и денес е истиот сочувствителен Лекар како што бил за време на Својата служба на земјата. Во Него се наоѓа ислецувачки мелем за секоја болест, обновувачка сила за секоја немоќ. Неговите следбеници и денес треба да се молат за болните, исто како што се молеле првите ученици. И исцелувањето ќе дојде, затоа што „молитвата од вера ќе го спаси болниот“. Со силата што ни ја дава Светиот Дух и мирното уверение што ни го пружа верата, ние можеме да се повикаме на Божјите ветувања. Божјото ветување, „на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат“ (Марко 16:18), е исто толку верно и денес, колку што било во времето на апостолите. Тоа е предимството на Божјите деца и нашата вера треба да се фати за се што е опфатено со тоа предимство. Христовите слуги се само орудија и посредници преку кои Тој делува и копнее да ја пројави Својата исцелувачка моќ преку нив. Наша задача е, на рацете на нашата вера да ги донесеме пред Бога болните и страдалниците. Ние треба да ги поучуваме да веруваат во Големиот Исцелител.
Спасителот сака и очекува од нас да ги охрабриме болните, безнадежните и немоќните да се фатат за Неговата сила. Болничката соба, преку вера и молитва може да се претвори во Бетел. „Бог е во ова место“ за да спаси, а не да уништи тоа треба лекарите и болничарите да го кажат толку јасно, со зборови и дела, што нема да може да биде погрешно разбрано. Христос има желба да го манифестира Својето присуство во болничката соба, исполнувајќи ги срцата на лекарите и болничарите со пријатноста на Својата љубов. Доколку животот на оние што ги негуваат болните е таков, така што Христос заедно со нив приоѓа до болничката постела, пациентот ќе биде осведочен дека тука навистина е присутен Спасител полн со сомилост, а таквото осведочување само по себе во многу придонесува за исцелување на душата и телото.
Бог е подготвен да ги слушне и исполни молитвите. Христос рекол: „Ако посакате нешто во Мое Име, Јас ќе направам.“ Тој исто така рекол: „Кој Ми служи Мене…. него ќе го уважува Мојот Татко.“ (Јован 14:14; 12:26) Доколку живееме во согласност со Неговиот збор, секое скапоцено ветување што Тој го дал ќе биде исполнето во нас. Ние не ја заслужуваме Неговата милост, но доколку Му се предадеме, Тој ќе не прими. Тој има волја да се застапува за оние што Го следат и да делува преку нив.
Само доколку живееме во послушност кон Неговиот збор, ние можеме да полагаме право за исполнување на Неговите ветувања. Псалмистот вели: „Ако негував беззаконие во своето срце, Господ немаше да ме услиши.“ (Псалм 66:18) Доколку му се покоруваме само делумно и со половина срце, Неговите ветувања нема да се исполнат на нас.
Во Божјиот збор наоѓаме одредени упатства во поглед на молитвата, која посебно се упатува за исцелување на болните. Но упатувањето на таквата молитва претставува најсериозен чекор, кој не треба да биде преземуван без грижливо испитување. Во молитвата за исцелување на болниот многу често, она што се нарекува вера, не е ништо друго освен обична дрскост.
Многумина се изложуваат себеси на болест, угодувајќи им на своите желби и апетити. Тие не живееле во согласност со природните закони или со принципите на строгата чистота. Други ги престапувале здравствените закони со своите навики во јадење и пиење, облекување или работење. Слабоста на телото, честопати е предизвикана со одавање на некој порок. Кога таквите повторно би го добиле благословот на здравјето, многу од нив и понатаму би продолжиле по истиот пат од безгрижно кршење на Божјите природни и духовни закони. Тие сметаат дека, затоа што Бог ги исцелил како одговор на молитвата, можат слободно да продолжат со своите нездрави навики и неограниченото попуштање на својот изопачен апетит. Кога Бог би направил чудо, враќајќи го здравјето на таквите луѓе, Тој би ги охрабрил да продолжат да грешат.
Залудна работа е да се учат луѓето да очекуваат исцелување и спас од своите болести и својата немоќ од Бога, ако притоа не ги научиме да ги отфрлат своите нездрави навики. За да го примат Неговиот благослов како одговор на својата молитва, тие мора да престанат да прават зло и да научат да прават добро. Нивната околина мора да биде здрава, а нивните животни навики исправни. Тие мора да живеат во согласност со Божјиот закон, како во физички, така и во духовен поглед.
Признавање на гревот
На оние, кои ќе изразат желба да се молиме за нивно исцелување, треба да им се објасни дека престапувањето на Божјиот природен или духовен закон претставува грев; поради тоа, доколку сакаат да го примат Неговиот благослов, тие мораат да ги признаат и остават своите гревови.
Светото Писмо ни наложува: „Исповедајте си ги грешките еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите.“ (Јаков 5:16) На оној, кој бара да се молиме за него, треба да му се презентираат мисли слични на овие: „Ние не можеме да го читаме срцето или да ги знаеме тајните на твојот живот. Тоа ти е познато само тебе и на Бога. Доколку се каеш за своите гревови, твоја обврска е и да ги признаеш.“ Тајните гревови треба да бидат признаени пред Христа, единствениот посредник меѓу Бога и луѓето. Затоа што „ако некој згреши, кај Таткото имаме застапник, Исуса Христа праведникот.“ (1. Јован 2:1) Секој грев е навреда нанесена на Бога и треба да биде признаен пред Него преку Христа. Секој јавен грев треба да биде јавно признаен. Неправдата нанесена на ближниот треба да биде исправена. Доколку оној што копнее да оздрави зборувал зло за другите, ако сеел раздор и неслога во домот, соседството или црквата и поттикнал отуѓување и препирки, ако преку каква и да е лоша постапка навел други на грев, сето тоа треба да го признае пред Бога и пред оние, кои со тоа биле навредени и оштетени. „Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да не исчисти од секаква неправда.“ (1. Јован 1:9)
Ако се исправи се она што било погрешно, ние можеме да ги претставиме потребите на болниот пред Бога во мирна вера, онака, како што не упатува Неговиот Дух. Тој ја знае секоја личност по име и се грижи за секого, како да не постои друг на земјата за кого би Го дал Својот Единороден Син. Бидејќи Божјата љубов е толку голема и непогрешлива, болниот треба да биде охрабрен да се надева на Него и да биде бодар. Склоноста да се грижиме премногу за себеси, донесува само слабост и болест. Ако се издигнете над депресијата и мракот, ќе имате подобри изгледи за оздравување; затоа што „Господовите очи се врз оние… кои се надеваат на Неговата милост.“ (Псалм 33:18)
Во молитвата за болниот треба да го имаме предвид фактот дека: „Ние не знаеме за што да се помолиме како што треба.“ (Римјаните 8: 26) Ние не знаеме дали благословот за кој копнееме, всушност за нас ќе биде најдобар или не. Затоа во нашите молитви треба да биде вклучена следната мисла: „Боже, ти ја знаеш тајната на секоја душа. Ти си запознаен со случајот на овие личности. Исус, нашиот Застапник, го даде Својот живот и за нив. Неговата љубов кон нив е поголема, отколку нашата. Затоа, доколку би ти послужило Тебе на слава, а ним за спас, ние те молиме во Христовото Име, поврати им го здравјето. Доколку пак не е Твоја волја тие да бидат излекувани, те молиме Твојата благодат да ги утеши и Твоето присуство да ги одржи во нивните страдања.“
Бог го знае крајот уште од самиот почеток. Тој ги познава срцата на сите луѓе. Тој ја чита тајната на секоја душа. Тој знае дали тие за кои е наменета молитвата, би биле во состојба да ги издржат искушенијата што би ги снашле, доколку останат во живот. Тој знае дали нивниот живот би бил благослов или проклетство за нив и за светот. Тоа е една од причините зошто, додека искрено ги презентираме нашите молби, треба да речеме: „Но нека не биде мојата волја, туку Твојата.“ (Лука 22:42) Додека се молел во Гетсиманија, целосно потчинувајќи се на Божјата мудрост и волја, Христос ги додал и следните зборови: „Оче Мој, доколку е можно, нека Ме одмине оваа чаша.“ (Матеј 26:39) Иако овие зборови му доликувале Нему, на Божјиот Син, колку повеќе им доликуваат на заблудените и ограничени смртници!
Најсигурен начин е да му ги довериме нашите желби на нашиот Сезнаен Небесен Татко и, тогаш, во потполна предаденост, целосно да се потпреме на Него. Ние знаеме дека Бог ни ги услишува нашите молитви, доколку бараме во согласност со Неговата волја. Но не е во ред да притискаме со нашите молитви без дух на понизност; нашите молитви не треба да имаат форма на заповед, туку на срдечно залагање.
Постојат случаи, каде што Бог одлучно ја манифестира Својата ненадминлива моќ, враќајќи му го здравјето на болниот. Сепак не им се продолжува здравјето и животот на сите болни на тој начин. Многумина заспиваат во Христа. На островот Патмос, на Јован му било заповедано да напише: „Блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа! Да, вели Духот нека се одморат од својот труд, зашто нивните дела ги следат.“ (Откровение 14:13) Оттука гледаме дека не треба да ги сметаме за слаби во верата оние на кои не им е дадено да ја преживеат својата болест.
Сите ние имаме желба да добиеме неодложен и директен одговор на упатената молитва и склони сме да се обесхрабриме ако одговорот не дојде веднаш, или пак биде поинаков од очекуваниот. Но Бог е многу мудар и добар, за секогаш да одговара на нашите молитви во време и на начин што ние го посакуваме. Тој сака да стори за нас нешто далеку повеќе и подобро, отколку да ги исполни сите наши желби. Поради тоа што можеме да се потпреме на Неговата мудрост и љубов со целосна доверба, не треба да настојуваме Тој да ја прифати нашата волја, туку да настојуваме да ги сфатиме и исполнуваме Неговите далекусежни намери. Неговата волја треба да биде над сите наши желби и интереси. Искуствата што претставуваат проба за нашата вера, се допуштени за наше добро. Преку нив се открива дали нашата вера е вистинска и искрена, дали се темели единствено на Божјата Реч, или е зависна од околностите и е непостојана, несигурна и променлива. Верата се зајакнува со вежба. Мораме да бидеме трпеливи до крај, имајќи на ум дека во Светото Писмо се наоѓаат скапоцени ветувања за оние, кои чекаат на Господа.
Не сите ги разбираат овие принципи. Многумина, кои се молат за оздравување, мислат дека мораат да добијат непосреден и неодложен одговор на својата молитва; и во спротивно, нивната вера е неефикасна. Затоа треба мудро да ги советуваме оние, кои се ослабени од болест, за да можат внимателно да постапат. Тие не треба да ја запостават својата должност кон пријателите, кои можеби ќе ги надживеат, ниту пак да ја занемарат употребата на природните средства наменети за обновување на здравјето.
Тука, честопати се крие опасна заблуда. Верувајќи дека ќе бидат исцелени како одговор на упатената молитва, многумина стравуваат да преземат што било, што би можело да се смета како недостиг на вера. Но тие не смеат да пренебрегнат да сторат се што би можеле да сторат, кога би знаеле дека ги очекува смрт. Не треба ниту да се колебаат, ниту да се плашат да ги изговорат оние зборови на охрабрување или совет, што би сакале да ги упатат до своите најмили, кога се наоѓаат пред смртниот час.
Оние што бараат да бидат исцелени со посредство на молитвата, не треба да ја занемарат употребата на лековитите средства до кои може да се дојде. Употребата на таквите средства, кои Бог ги предвидел за ублажување на болките, како помош на природата во нејзиното дело за обновување на здравјето, воопшто не значи откажување од верата. Верата не се негира ниту доколку болниот соработува со Бога, ставајќи се во најповолна положба за оздравување. Бог ни дал можност за ги запознаеме законите на животот. Тоа спознание ни е ставено при рака, за да можеме да се служиме со него. Треба да ја искористиме секоја поволна околност и можност да го повратиме здравјето, постапувајќи во согласност со природните закони. Кога сме се помолиле за оздравување на болниот, можеме уште поенергично да се залагаме, благодарејќи му на Бога за предимството да соработуваме со Него и барајќи да ги благослови средствата што самиот Тој ги предвидел.
Ние имаме одобрение од Божјиот збор (Библијата) за употреба на природните лековити средства. Кога Израелскиот цар Езекија бил болен, Божјиот пророк му донел порака дека ќе умре. Тој повикал кон Бога и Бог го послушал Својот слуга, испраќајќи му порака дека ќе му го продолжи животот за петнаесет години. Еден единствен Божји Збор, можел за миг да го исцели Езекија, но му биле дадени посебни упатства: „Нека донесат суви смокви, нека ги изгмечат и нека ги стават врз чирот; и царот ќе оздрави.“ (Исаија 38:21)
Во една пригода, Исус ги помазал очите на слепиот со кал и му заповедал: „Оди и измиј се во бањата Силоам…. Тој отиде, се изми, и дојде гледајќи.“ (Јован 9:7) Исцелувањето можело да биде извршено само со посредство на силата од Големиот Исцелител, но сепак, Христос употребил едноставни природни средства. Иако Тој не се застапувал за употреба на дроги и медикаменти, ја одобрувал примената на едноставни природни средства.
Кога сме упатиле молитва за оздравување на болниот, не смееме да ја губиме верата во Бога, без оглед што ќе се случи. Доколку мораме да се разделиме, дури и од оние, кои ни биле најмили, да ја прифатиме таа горка чаша, имајќи предвид дека неа, на нашите усни ја држи Татковата рака. Доколку повторно се поврати здравјето, не треба да се заборави дека оној што го примил дарот на исцелување, има нова обврска кон Творецот. Кога биле исцелени десетмината лепрозни, само еден од нив се вратил да го најде Христа и да Му оддаде слава. Никој од нас да не биде како непромислените деветмина, чиишто срца останале недопрени од Божјата милост. „Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа одозгора, од Таткото на Светлината, во Кого нема промени, ниту сенка од измена.“ (Јаков 1:17)