Глава 9 Поучување и исцелување

Сподели го ова:

Кога Исус ги испратил дванаесетмината ученици на нивното прво мисионерско патување, им наложил: „И одете, проповедајте и кажувајте дека се приближи Небесното Царство; болни исцелувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте.“ (Матеј 10:7, 8)

На седумдесетмината, кои биле подоцна испратени, Тој им рекол: „И во кој град влезете…. лекувајте ги болните што се во него и зборувајте им: ‘Се приближи до вас Божјото Царство’.“ (Лука 10:8, 9) Со нив биле Христовото присуство и силата, „и се вратија пак седумдесетте со радост и велеа: ‘Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат’.“ (Стих 17)

По Христовото вознесување, било продолжено истото дело и повторно можеле да се видат сцените од Неговата лична служба. „Во Ерусалим доаѓале“ и многумина „од околните градови, донесувајќи болни и измачени од нечисти духови; и сите оздравувале.“ (Дела 5:16)

А учениците „отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше нивното слово.“ „Филип слезе во еден самариски град и таму им благовестуваше за Христа. Народот еднодушно внимаваше на тоа, што зборуваше Филип… зашто излегуваа нечисти духови од оние во кои се наоѓаа, и мнозина фатени и хроми оздравуваа. И голема радост се јави во тој град.“ (Марко 16:20; Дела 8:5-8)

Работата на учениците

Лука, писателот на евангелието што го носи неговото име, бил здравствен мисионер. Тој во Библијата е наречен „возљубениот лекар.“ (Колосјаните 4:14) Апостол Павле слушнал за неговата лекарска умешност и го издвоил како еден од оние, на кои Господ им доверил специјална задача. Тој се погрижил да соработува со него, па извесно време Лука го следел на неговите патувања од место во место. По некое време, Павле го сместил Лука во Филипи, Македонија, каде што тој продолжил да работи како лекар и учител на Евангелието многу години. Во својата работа како лекар, Лука им служел на болните, а потоа се молел Божјата исцелителна сила да се спушти на тие страдалници. На тој начин се отворал патот за пораката на Евангелието. Успехот на Лука како лекар, му отворил многу можности за проповедање на Евангелието меѓу незнабошците. Според Божјиот план и ние денес треба да работиме онака како што работеле првите ученици. Лекувањето на телото е поврзано со налогот за ширење на Евангелието. Поучувањето и исцелувањето никогаш не треба да бидат разделени во евангелското дело.

Работата на учениците се состоела во тоа да го шират знаењето за Евангелието. Ним им била доверена задачата да ја разгласат низ целиот свет радосната вест што Христос им ја донел на луѓето. Тие ја извршиле таа задача за луѓето од нивното време. Евангелието било однесено до секој народ под небото, за време на една генерација.

Носењето на пораката од Евангелието до светот е од Бога одредена задача за сите што го носат Неговото Име. Евангелието е единствен лек против гревот и сите земни страдања и неволји. Прва и основна задача на сите што ја запознале спасителната сила на исцелувањето е пренесувањето на веста за Божјата благодат.

Во времето кога Исус ги испратил учениците со пораката за Евангелието, верата во Бога и Неговото слово била речиси исчезната од Земјата. Меѓу Евреите, кои тврделе дека го познаваат Јехова, Божјата Реч била потисната од традициите и човечките шпекулации. Себичните амбиции, љубовта кон упадливото надворешно покажување и алчноста за добивка, во потполност загосподариле со мислите на луѓето. Со исчезнувањето на стравопочитта кон Бога, исчезнало и секое сочувство кон луѓето. Себичноста станала водечки принцип, а преку бедата и деградацијата на човечкиот род, сатаната ја остварувал својата волја.

Луѓето биле обземени од орудијата на сатаната. Човечките тела, создадени да послужат како Божји храмови, станале живеалишта на демоните. Нервите, сетилата и органите на луѓето биле придвижувани од натприродните сили на темнината, само за да ги задоволуваат најниските страсти. Луѓето на своите чела носеле демонски печат, а изразот на нивните лица сведочел за мноштвото зли духови од кои биле обземени.

Каква е состојбата на светот денес? Зар верата во Библијата и денес не е уништена од високата критика и шпекулациите, како во Христовите денови, кога била потисната од традициите и рабинските измислици? Зар алчноста, честољубивоста и љубовта кон задоволството не се и денес прираснати за срцата на луѓето? Малкумина се оние што се управуваат според христијанските принципи, не само во поширокиот христијански свет, туку и во црквите. Само малкумина ги примениле Христовите поучувања како правила на секојдневното живеење во својата работа, општеството, домаќинството, па дури и во религиозните кругови. Зар не е вистина дека „правдата стои далеку… чесноста не може да влезе… а тој, кој се оддалечува од зло, се изложува на оскрбување?“ (Исаија 59:14-15)

Ние живееме среде вистинска „епидемија на злото“, пред која стојат стаписани сите загрижени богобојазливи луѓе низ целиот свет. Човечкото перо не може да ја опише корупцијата што преовладува. Секој ден донесува нови политички судири, поткупувања и измами. Срцата се кинат, слушајќи ги дневните вести, со нивните многубројни записи за разновидно зло и беззаконие, за индиферентност кон човечките страдања, за суровото и нехуманото уништување на човечките животи. Секој ден е сведок за се поголемо лудило, побројни убиства и самоубиства. Кој може да се сомнева во фактот дека сатанските сили работат меѓу луѓето со се позасилена активност, со цел да го пореметат и корумпираат разумот и да го осквернат и уништат телото?

И додека светот е преплавен од овие зла, Евангелието толку често се презентира рамнодушно, што остава мошне безначаен впечаток во совеста или животот на луѓето. На сите страни на-

идуваме на човечки битија, чии срца копнеат за нешто што го немаат. Тие копнеат за сила, која ќе им даде победа над гревот, сила, која ќе ги ослободи од ропството на сатаната, сила, која ќе им даде здравје, живот и мир. Многумина, кои некогаш ја запознале силата на Божјиот збор, живееле онаму, каде што Бог не се признава и тие копнеат за Божјото присуство.

Денес, токму како и пред две илјади години, на светот му е потребно Христовото откровение. Неопходна е една голема реформа за обновување на телото, душата и духот, а таа може да се изврши единствено преку Христовата благодат.

Вистински успех може да се постигне само доколку се примени Христовиот метод за допирање до луѓето. Спасителот се дружел со луѓето како Оној, Кој им посакува добро. Тој го покажувал Своето сочувство кон нив, им служел на нивните потреби и ја задобивал нивната доверба. Потоа ги повикувал: „Следете Ме.“

Ние треба да се приближиме до луѓето преку лични залагања. Успехот ќе биде поголем, ако посветиме помалку време за проповедање, а повеќе во лична служба. На сиромашните треба да им се помогне, болните треба да бидат згрижени, тажните и нажалените треба да се утешат, неуките поучат, а неискусните посоветуваат. Треба да плачеме со оние што плачат и да се радуваме со оние што се радуваат. Таквото делување поткрепено со силата на убедувањето, силата на молитвата и силата на Божјата љубов, не може и нема да остане без плод.

Ние треба секогаш да имаме предвид дека целта на здравствено-мисионската работа е да се насочат мажите и жените болни од грев кон Човекот од Голгота, Кој ги земал на Себе гревовите на светот. Гпедајќи во Него, луѓето се менуваат и стануваат слични на Него. Ние треба да ги охрабриме болните и оние што страдаат, да гледаат кон Христа и да живеат. Работниците треба постојано да го упатуваат погледот на болните, обесхрабрени од својата болест, кон Христа, Големиот Лекар. Укажувајте им на Оној, Кој може да ја исцели и физичката и духовната болест. Раскажувајте им за Оној, Кој е трогнат од нивните слабости и нивната немоќ. Охрабрете ги да се стават себеси под заштита на Оној, Кој го даде Својот живот, за да им овозможи ним да добијат вечен живот. Зборувајте им за Неговата љубов и за Неговата спасителна сила.

Тоа е возвишената должност и скапоцената привилегија на здравствениот мисионер, а патот кон тоа го подготвува личната служба. Честопати, Бог ги допира нивните срца преку нашите обиди да им го олесниме физичкото страдање.

Здравствено-мисионската работа претставува пионерска задача на Евангелието. Во службата на словото и во здравственомисионската работа, Евангелието треба да се проповеда со жив збор и практична примена.

Речиси во секое општество постојат голем број луѓе, кои не го слушаат проповедањето на Божјиот збор, ниту пак посетуват некоја верска служба. За да допре до нив пораката на Евангелието, тоа мора да биде однесено во нивните домови. Олеснувањето на нивните телесни болки, честопати е единствен можен начин да им се пристапи. Христијанските болничари што се грижат за болните и ги олеснуваат неволјите на сиромашните, ќе најдат многу можности да се молат со нив, да им читаат од Светото Писмо и да им зборуваат за Спасителот. Тие можат да се молат со, и за беспомошните, кои немаат сила да ги контролираат апетитот и страста што ги деградирале. Можат да донесат зрак светлина во животите на неуспешните и обесхрабрените. Нивната несебична љубов, манифестирана во делата на несебична добрина, ќе придонесе тие страдалници полесно да поверуваат во Христовата љубов.

Многу луѓе немаат вера во Бога и ја изгубиле довербата во луѓето. Сепак, тие ги вреднуваат делата на сочувство и пожртвуваност. Кога ќе видат дека некои без желба за земна пофалба и надомест доаѓаат во нивните домови служејќи им на болните, хранејќи ги гладните, облекувајќи ги голите, утешувајќи ги нажалените и чувствително упатувајќи ги сите кон Христа, за чија љубов тој само сведочи, тоа ќе ги допре нивните срца. Во нив се јавува благодарност што ја потпалува верата. Тие согледуваат дека Бог се грижи за нив и подготвени се да слушаат, кога ќе ја отвориме Неговата Реч.

Без оглед дали во странство или дома, сите мисионери, мажи и жени, ќе имаат многу поголем пристап до луѓето и ќе бидат пополезни, доколку се во состојба да им служат на болните. На овој начин, жените, кои служат како мисионерки во незнабожечките земји, можат да најдат можности да го однесат Евангелието до тамошните жени, кога секоја друга врата за пристап е затворена.

Сите евангелски работници треба да знаат како да применуваат едноставни третмани, кои толку многу ја ублажуваат болката и ја отстрануваат болеста.

Поучување на здравствени принципи

Евангелските работници треба да знаат да даваат поуки и за принципите за здравиот начин на живеење. Болестите се шират насекаде и повеќето од нив би можеле да бидат спречени, кога би се познавале и почитувале здравствените закони. Луѓето треба да се запознаат со фактот дека здравствените принципи влијаат на нивната благосостојба, како во поглед на овој, така и во поглед на идниот живот. Тие треба да бидат разбудени и предупредени за одговорноста дадена од Бога во поглед на сопственото тело, кое треба да биде живеалиште достојно за нивниот Создател и над кое, Тој копнее тие да бидат верни управители. Тие треба да бидат импресионирани од вистината изразена во зборовите на Светото Писмо: „Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог; ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.“ (2. Коринтјаните 6:16)

Илјадници имаат потреба и со задоволство би ги прифатиле поуките во поглед на едноставните методи за лекување на болните методи, кои би ја замениле употребата на опојните дроги. Исто така, многу се потребни поуки во поглед на реформата во исхраната. Погрешните навики во јадењето и употребата на нездрава храна, се во голем степен одговорни за неумереноста, криминалот и бедата, кои се проклетство за светот.

Во поучувањето за здравствените принципи, секогаш треба да се има предвид големата цел на реформата, а таа е да обезбеди развој на телото, умот и душата до најголем степен. Покажете дека законите на природата, кои воедно се и Божји закони, се дадени за наше добро и дека послушноста кон истите донесува среќа во овој и придонесува во подготовката за идниот живот.

Наведете ги луѓето да ја проучуваат манифестацијата на Божјата љубов и мудрост во делата на природата. Разбудете кај нив интерес за проучување на чудесниот состав на човечкиот организам и законите по кои тој се управува. Оние, кои ќе ги запазат очевидните докази за Божјата љубов, кои разбираат нешто од мудроста и благословите на Неговите закони и добрите последици од послушноста, ќе ги согледаат своите должности од сосема друг аспект. Наместо да гледаат на покорувањето на здравствените закони како на жртва или самооткажување, тие во нив ќе видат само непроценливи благослови, што тие всушност навистина и претставуваат.

Секој евангелски работник треба да чувствува дека давањето поуки за принципите на здравиот начин на живот е дел од задачата што му е одредена. Оваа работа е многу потребна, а светот претставува отворено поле во тој поглед.

Секаде постои тенденција индивидуалната работа да се пренесе на организација. Човечката мудрост се стреми кон здружување, централизација и за изградба на големи цркви и институции. Многу луѓе им ги препуштаат делата на добродетелта на здруженија и добротворни организации; тие го избегнуваат допирот со светот и нивните срца стануваат се постудени. Се повеќе се повлекуваат во себе и стануваат нечувствителни, така што во нивните души изумира љубовта кон Бога и луѓето.

Исус на Своите следбеници им доверува индивидуална работа работа, која не може да биде завршена преку некој посредник или заменик. Залагањето за болните и сиромашните, објавувањето на Евангелието на изгубените, не треба да биде препуштено на одбори или организирани добротворни служби. Евангелието бара лична одговорност, личен напор и лична жртва.

„Излези по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат, “ е Христова заповед, „за да се наполни Мојот дом.“ Тој ги доведува луѓето во допир со оние на кои тие имаат желба да им сторат некое добро. „Отфрлените сиромашни доведи ги во својот дом“, вели Тој, „Ако видиш гол облечи го.“ „На болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.“ (Лука 14:23; Исаија 58:7; Марко 16:18) Благословите на Евангелието треба да бидат пренесени до луѓето преку директен контакт, со лична служба.

Давајќи му светлина на Својот народ во старите времиња, Бог не работел исклучиво преку една општествена класа луѓе. Даниел бил од Јудејско, царско семе. Исаија исто така бил од царска лоза. Давид бил овчар, Амос говедар, Захарија заробеник во Вавилон, Елисеј земјоделец. Господ како Свои претставници подигнувал пророци и кнезови, благородни и непознати и ги поучувал за вистините, кои требале да бидат пренесени на светот.

На секој што станува соучесник во Неговата благодат, Господ му одредува работа за другите. Секој од нас треба лично да остане во своето дело и на своето место, секогаш подготвен да рече: „Еве ме, прати ме мене.“ (Исаија 6:8) Одговорноста почива врз проповедникот на Словото, мисионерскиот болничар, христијанскиот лекар, индивидуалните христијани, без оглед дали се трговци или земјоделци, професионалци или механичари. До нас стои да им ја откриеме на луѓето добрата вест за нивното спасение. Секој наш потфат треба да биде насочен во таа насока.

Оние што ќе се фатат за работата што им е одредена, ќе бидат не само благослов за другите, туку и самите ќе бидат благословени. Свеста дека својата должност ја извршиле како што треба, ќе има повратно влијание и на нивните души. Малодушните ќе заборават на својата малодушност, слабите ќе станат силни, неупатените ќе се вразумат и сите ќе најдат надеж и сигурен помошник во Оној, Кој ги повикал.

Христовата црква е организирана да служи; нејзината лозинка е: „Да се служи.“ Нејзините членови се војници, кои мораат да бидат обучени за борба под раководство на Капетанот на нашето спасение. Христијанските проповедници, лекарите и учителите, имаат задача поголема отколку што многумина воопшто сфаќаат. Тие не треба само да им служат на луѓето, туку да ги поучуваат како и тие да им служат на другите. Не е доволно само да дадат инструкции за правилните принципи, туку треба да ги воспитуваат своите слушатели да ги пренесуваат тие принципи и на другите. Доколку не се спроведе во животот и не се пренесе на другите, вистината ги губи својата животворна моќ и исцелувачка сила. Нејзиниот благослов ќе биде задржан единствено, доколку таа биде споделена.

Мораме да ја скршиме монотонијата на нашата служба за Бога. Секој член на црквата треба да биде вклучен во некое поле од службата за Учителот. Некои не можат да сторат толку многу како другите, но секој може да го даде својот максимум, за да се запре напливот на болестите и несреќите што го преплавуваат светот. Многу луѓе би биле подготвени да работат, кога би биле поучени како да започнат. Потребни им се само упатство и охрабрување.

Секоја црква треба да биде воспитно училиште за обука на христијански работници. Нејзините членови треба да бидат поучени како да даваат библиски часови, како да раководат со саботната школа и да ги поучуваат другите како најдобро да им помогнат на сиромашните и да се грижат за болните и како да работат за необратените. Треба да се формираат училишта и курсеви за обучување и пракса во негата на здравјето, во умешноста на готвење и разни други видови христијанско помагање. Но не е доволно само поучување, туку потребна е и практична работа под надзор на искусни инструктори. Учителите треба да предводат со својата работа меѓу луѓето; и тогаш, поучени од нивниот пример, ќе им се придружат и други. Еден пример е многу повреден од многу принципи.

Сите треба да ги развијат своите физички и ментални сили до највисок степен на лична способност, за да можат да работат за Бога, онаму, каде што ќе ги повика Неговото провидение. Истата благодат, која ги одликувала Павле и Аполос со духовни предности и денес ќе им биде доделена на посветените христијански мисионери. Бог копнее по тоа Неговите деца да имаат толкаво познавање и разум, Неговата слава да му биде откриена на светот со таква јаснотија и сила, што нема да може погрешно да се разбере.

Образованите работници посветени на Бога, можат да послужат на многу разновидни начини и да вршат многу поопсежно дело од оние што не се образувани. Дисциплината што тие ја поседуваат е она што нив ги става во поповолна положба. Но и оние што немаат големи таленти, ниту пак некое поголемо образование, можат успешно и добро да им послужат на другите. Бог ќе ги употреби луѓето, кои сакаат да бидат употребени. Тоа не мора да бидат само најбрилијантните и најталентираните, оние чија работа вродила со најголем и најтраен успех. Потребни се мажи и жени што ја слушнале пораката од Небото. Најефективни работници се оние, кои одговараат на поканата: „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене.“ (Матеј 11:29)

Потребни се мисионери, кои со сето срце ќе го прифатат тој повик. Оној, чие срце е допрено од Бога е исполнет со голем копнеж да ги бара и спасува оние што никогаш не дознале за Неговата љубов. Нивната бедна состојба ги исполнува со чувство на лична болка. Тој, мисионерот, испратен од Бога и вдахнат со Неговиот Дух, ја зема својата душа во сопствени раце и оди напред, вршејќи дело, во кое ангелите можат да соработуваат.

Доколку оние на кои Бог им доверил големи духовни таленти, ги употребат тие дарови на себичен начин, по некое време, кога ќе дојдат на проверка, ќе бидат препуштени на себе да го следат својот сопствен пат. Бог ќе ги употреби оние луѓе, кои не изгледаат толку многу талентирани и кои немаат многу самодоверба. Тој слабите ќе ги направи силни, бидејќи тие се надеваат во Него, верувајќи дека Тој ќе го стори она, што самите не се во состојба да го направат. Бог ќе ја прифати службата што доаѓа од цело срце и Тој ќе ги надомести нивните недостатоци.

Честопати, Бог, за Свои соработници, избирал луѓе, кои немале можност да се здобијат со поголемо училишно образование. Тие луѓе настојувале најгрижливо да ги употребат своите способности и Бог ја наградил нивната верност во Неговото дело, нивната трудољубивост и жедта за знаење. Тој ги видел нивните солзи и ги услишил нивните молитви. Како што Неговите благослови допреле до затворениците на Вавилонскиот двор, така и денес знаењето и мудроста допираат до Неговите работници.

Луѓето што немале можност да се здобијат со образование и што во општеството заземаат незначајна положба, честопати, преку Христовата благодат постигнувале прекрасен успех во придобивањето души за Него. Тајната на нивниот успех се состои во нивната доверба во Бога. Тие секојдневно учеле од Оној, Кој е прекрасен во совет и моќен во сила.

Таквите работници треба да бидат охрабрени. Бог ги доведува во врска со оние што имаат поистакнати способности и можат да ги исполнат недостатоците на другите. Нивната способност веднаш да воочат што треба да биде сторено, нивната подготвеност да им помогнат на оние, кои имаат потреба од тоа, нивните љубезни зборови и дела ги отвораат вратите на полезноста, кои на друг начин би останале затворени. Тие доаѓаат во непосреден допир со луѓе што се наоѓаат во различни неволји и тешкотии и убедливото влијание на нивните зборови, има сила да доведе кај Бога многу растреперени души. Нивната работа го покажува она што илјадници други би можеле да го сторат, само доколку би сакале.

Поширок делокруг

Ништо нема толку да предизвика самопожртвувана ревност и да ја зајакне силата на карактерот, како вклученоста во работата за останатите. Многу таканаречени христијани, во желба да станат членови на црквата, мислат единствено на себе. Тие сакаат само да уживаат во благословите на членството и пасторската грижа. Стануваат членови на големи и напредни цркви и задоволни се со тоа што прават малку за другите. На овој начин, тие си ги ускратуваат најскапоцените благослови. Многумина би биле далеку покорисни, кога би биле подготвени да ги жртвуваат своите угодни и пријатни друштва. Тие треба да одат онаму, каде што ќе бидат повикани во христијанско залагање за другите и ќе научат да носат одговорности.

Густо насадените млади овошни дрвца не растат здраво и силно. Затоа, градинарот ги пресадува, за да имаат простор за развивање. Слично нешто би требало да се стори и со многумина од членовите на големите цркви. Тие треба да бидат поставени онаму, каде што нивните енергии би се активирале за христијански напори. Во спротивно, тие го губат својот духовен живот и, поради недостиг на пожртвувана работа за другите, остануваат неразвиени и бесплодни. Преселени во некое мисионско поле, тие би зајакнале и би станале поревни.

Меѓутоа, не треба да чекаме да бидеме повикани во некое далечно поле за да им помагаме на другите. Насекаде има отворени врати за да послужиме некому и на сите страни има такви на кои им е потребна нашата помош. Вдовици, сираци, болни и оние што умираат, со скршени срца, разочарани, неуки и отфрлени, ќе најдеме на секое место.

За посебна должност треба да го сметаме и чувствуваме токму залагањето за оние што живеат во нашето соседство. Размислувај за тоа како може најдобро да им помогнете на оние, кои не се заинтересирани за верски работи. Кога ги посетуваш пријателите и соседите, покажи интерес за нивното духовно добро, како и за нивната сегашна земна благосостојба. Зборувај им за Христа како за Спасител, Кој ги простува гревовите. Повикај ги соседите во својот дом и читај заедно со нив од драгоцената Библија и од другите книги, кои ги објаснуваат нејзините вистини. Повикај ги да се соединат со тебе во песна и молитва. Самиот Христос, како што ветил, ќе биде присутен на тие мали собири и Неговата благодат ќе ги допре срцата.

Членовите на црквата треба да бидат поучени да го извршуваат ова дело. Тоа е исто толку неопходно, како и спасувањето на непросветлените души во странските земји. Додека некои чувствуваат товар за душите во далечина, оние што се дома, треба да чувствуваат товар за скапоцените души што се околу нив и со иста ревност да работат за нивното спасение.

Многу луѓе се жалат дека живеат тежок живот. Меѓутоа, тие можат да си обезбедат опсежен делокруг и да внесат нова светлина во животот, само ако го сакаат тоа. Пред оние, кои го сакаат Христа со сето срце, ум, душа и своите ближни како самите себеси, се протега широко поле на кое можат да ги употребат своите способности и влијание.

Мали можности

Никој не треба да ги пропушта малите можности, стремејќи се да изврши некое поголемо дело. Вие можеби би можеле да извршувате успешно некои мали должности и задачи, додека обидот да извршите некое големо дело, би можел да се покаже сосема безуспешен, па поради тоа да западнете во малодушност. Ако го прифатите со цело срце она, за што ќе сфатите дека треба да го сторите, тогаш ќе ги развиете своите способности и за пошироко делување. Многумина стануваат неплодни и слаби, заради омаловажувањето на секојдневните можности и занемарувањето на малите работи што им доаѓаат при рака.

Не се потпирајте на човечка помош. Наместо кон луѓето, свртете го својот поглед кон Оној, Кој е одреден од Бога да ги земе сите наши болки на Себе, да ги понесе нашите неволји и да ги задоволи сите наши потреби. Започнете со работа секаде, каде што ќе видите дека нешто треба да се преземе, држејќи се за она што Бог ни го ветил, и чекорете напред со непоколеблива вера. Верата во Христа е таа што дава сила и постојаност. Работете со несебичен интерес, со трудољубиви обиди и со истрајна сила.

Во полињата, каде што условите биле толку тешки и невозможни што многу луѓе немале волја да појдат во нив, настанале очевидни промени, благодарение на напорите од пожртвуваните работници. Тие работеле трпеливо и истрајно, не потпирајќи се на човечка сила, туку на Бога; и Неговата благодат ги поддржувала. Доброто, извршено на овој начин, нема никогаш да биде признаено во овој свет, но благословените резултати, јасно ќе се видат во славната иднина.

Самостојни мисионери

Мисионерите што сами се издржуваат, можат да делуваат успешно на многу места. И апостол Павле, ширејќи го по светот знаењето за Христа, делувал како мисионер, кој самиот се издржувал. Додека секојдневно го проповедал Евангелието во големите градови на Азија и Европа, истовремено работел и како занаетчија, за да се издржува себеси и своите соработници. Неговите зборови при разделбата со старешините на црквата во Ефес, ни го откриваат начинот на неговата работа и содржат скапоцени поуки за секој евангелски работник:

„Вие знаете, “ нагласил тој, „како со вас бев еднаков… како ништо корисно не пропуштив да кажам и да ве научам пред народот и по куќите… сребро, злато, или облека, од ниту еден не побарав. Самите знаете дека на мојата потреба и на оние коишто се со мене, ми послужија овие мои раце. Со се ви покажав, дека треба да се трудите и да им помагате на немоќните, а исто така и да ги помните зборовите на Господа Исуса, зашто Сам Тој рече, Поблажено е да се дава, отколку да се зема.“ (Дела 20:18-35)

Кога би биле инспирирани од истиот дух на самопожртвуваност и денес, многумина би можеле на сличен начин да вршат некое добро дело. Нека двајца или повеќемина заедно започнат евангелска работа. Нека ги посетуваат луѓето, молејќи се, пеејќи, поучувајќи, објаснувајќи ги Списите и служејќи им на болните. Некои можат да се издржуваат себеси преку колпортерска работа; други, слично како апостолот, можат да работат некој занает или нешто слично на тоа. Тие ќе стекнат благословени искуства, движејќи се нанапред во нивната работа и скромно зависејќи од Бога, препознавајќи ја својата беспомошност. Господ Исус Христос чекори пред нив и тие ќе наидат на одобрување и поддршка и меѓу богатите и меѓу сиромашните.

Оние, кои биле обучувани за здравствено-мисионска работа во странски држави, треба да бидат охрабрени без одложување да одат онаму, каде што очекуваат да работат и да започнат работа меѓу луѓето и, работејќи ја својата работа, да го учат тамошниот јазик. Набргу, тие ќе бидат во состојба да ги поучуваат луѓето за едноставните вистини на Божјата Реч.

Гласниците на милоста треба да одат по целиот свет. На христијанските семејства им е упатен повик да одат во заедници, кои се во темнина и заблуда, да одат во странските полиња, за да се запознаат со потребите на своите ближни и да работат за делото на Учителот. Колку благородна работа може да биде извршена доколку такви семејста се населат во места, каде што народот е обвиткан во духовна темнина и со својот живот претставуваат светлина на христијанската вера!

Ова дело бара жртви. Додека многумина чекаат да биде отстранета секоја пречка, работата што би можеле да ја завршат, останува незавршена и мноштво луѓе умираат без надеж и без Бога. Постојат луѓе што се изложуваат на опасности заминувајќи во ненаселени предели и радосно поднесуваат жртва и тешка работа, заради некакви трговски интереси или научни сознанија; но малкумина се оние, кои се подготвени од љубов кон ближните да заминат во места во кои Евангелието е толку неопходно.

Да се допре до луѓето, каде и да се наоѓаат, каква и да е нивната состојба или положба и да им се помогне на секој можен начин тоа е вистинска служба. Со такви напори можат да се придобијат срца и да се најде отворена врата во душите што се подготвени за пропаѓање.

Додека работиш, секогаш имај предвид дека си поврзан со Христа и дека претставуваш дел од големиот план на откупување. Христовата љубов треба да тече низ твојот живот како лековита, животворна река. Кога настојуваш да ги привлечеш другите во кругот на Христовата љубов, чистотата на твојот јазик, несебичноста на твојата служба и љубезното однесување треба да бидат сведоци за силата на Неговата благодат. Дај му на светот толку чиста и верна претстава за Него, така што луѓето ќе можат да го видат во Неговата вистинска убавина.

Од мала корист е да се обидуваме да ги реформираме другите, со напаѓање на она што ние го сметаме за погрешно. Таквите напори, честопати резултираат со повеќе штета отколку корист. Во својот разговор со Самарјанката на Јакововиот бунар, наместо понижување, Исус упатил нешто подобро: „Кога би го знаела ти Божјиот дар, “ рекол Тој, „И кој е Оној што ти вели, дај ми да пијам ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“ (Јован 4:10) Тој го насочил разговорот кон богатството што бил подготвен да го даде, нудејќи и на жената нешто подобро од она што таа го поседувала жива вода, радост и надежта на Евангелието.

Тоа го илустрира начинот на кој треба да работиме. Ние треба да им понудиме на луѓето нешто подобро од она што го поседуваат, а тоа е Христовиот мир, кој го надминува секое познавање. Мораме да им кажеме за Божјиот свет закон, кој претставува препис на Неговиот карактер и израз на она што и тие, според Неговата желба, треба да станат. Покажи им колку е неизмерно поголема непоминливата слава на Небото, кога ќе се спореди со поминливите радости и задоволства на овој свет. Кажи им за слободата и мирот што се наоѓаат во Спасителот. „Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни“ објавил Тој. (Стих 14)

Воздигни го Христа, извикувајќи: „Еве го Божјото Јагне, Кое ги зеде врз Себе гревовите на светот.“ (Јован 1: 29) Само тој може да го задоволи копнежот на срцето и да и даде мир на душата.

Од сите луѓе на светот, реформаторите треба да бидат најнесебични, најљубезни и најучтиви. Нивните животи треба да одблеснуваат со вистинска добрина и несебично делување. Работникот што покажува недостиг на учтивост, кој покажува нетрпеливост за неупатеноста и застранетоста на другите, кој зборува лекомислено или работи непромислено, може да ја затвори вратата на нечие срце, така што никогаш повеќе да не биде отворена.

Како што росата и тивките дождови паѓаат на жедните билки, така треба и вашите благи и пријателски зборови да паѓаат на срцата на луѓето што сакате да ги одвратите од заблудата. Божјиот план е најнапред да се допре до срцето. Ние треба да ја зборуваме вистината со љубов, верувајќи дека Господ ќе им подари сила за реформирање на животот, на оние што слушаат. Светиот Дух ќе го втисне во душата зборот изговорен од љубов.

Ние сме по природа себични и самоволни. Но ако ги прифатиме поуките што Христос копнее да ни ги даде, ние ќе станеме соучесници во Неговата природа и ќе живееме со Неговиот живот. Прекрасниот Христов пример, неспоредливата нежност со која ги освојувал чувствата на луѓето, плачејќи со оние што плачат, радувајќи се со оние што се радуваат, треба да остави длабоко влијание врз карактерот на сите што искрено го следат. Патот за стапалата на изморените и изнемоштените, треба да се израмни со љубезни зборови.

„Господ Бог ми даде вешт јазик…. за да можам со зборови да ги поткрепувам уморните.“ (Исаија 50: 4)

Насекаде околу нас има немоќни души. Нив можеме да ги најдеме насекаде. Затоа да ги побараме тие страдалници и во вистинско време да им упатиме зборови што ќе ги утешат нивните срца. Секогаш да бидеме канали преку кои ќе тече живата вода на сочувствителноста.

Доаѓајќи во допир со луѓето, секогаш треба да имаме предвид дека во искуството на другите постојат поглавја заклучени за очите на смртниците. На страниците на нивното сеќавање се наоѓаат тажни приказни што се кријат од очите на љубопитните. Таму се регистрирани долги, тешки битки со мачните околности, можеби семејни проблеми, кои од ден на ден ги поткопуваат и ослабнуваат волјата, надежта и верата. Душите, кои на својот животен пат мораат да водат тешка борба, можат да бидат засилени и охрабрени со мало внимание, кое нас не чини само незначителен напор во љубовта кон ближните. За таквите, едно искрено и охрабрувачко стегање на раката, понекогаш можеби вреди многу повеќе од злато или сребро. Љубезните зборови се добредојдени како ангелска насмевка.

Постојат многумина, кои се борат со сиромаштија, принудени да работат за мала заработка, така што одвај ги обезбедуваат најнеопходните животни потреби. Тешката работа и откажувањето, без каква било надеж за подобри нешта, само уште повеќе го отежнуваат нивниот товар. Кога на тоа ќе се надоврзат болката и болеста, товарот станува речиси неподнослив. Обременети со грижи и малодушност, тие не знаат каде да се свртат за помош. Сочувствувајте со нив во нивните неволји, нивната болка во срцето и разочарувањата. Тоа ќе ви отвори пат да им помогнете. Зборувајте им за Божјите ветувања, молете се со нив и за нив и инспирирајте ги со надеж.

Охрабрувачките зборови, упатени кон некоја болна и обесхрабрена душа, Спасителот ги прифаќа како да сте му ги упатиле лично Нему. Небесните ангели гледаат на нас со задоволство и одобрување, кога настојуваме да ги утешиме срцата на ожалостените.

Од век во век, Бог настојувал во луѓето да разбуди чувство за нивното братство во Бога. Бидете Негови соработници. Додека во светот преовладуваат недоверба и оддалечување, Христовите ученици треба да го откриваат духот што владее на Небото.

Зборувај како што би зборувал Исус, делувај како што Тој би делувал. Постојано откривај ја милоста на Неговиот карактер. Откривај го богатството на љубовта, кое претставува темел на сите Негови подучувања и сите Негови постапки кон луѓето. Понизните работници во соработка со Христа, можат да ги допрат жиците на срцето, чии вибрации ќе бидат слушнати до крајот на земјата, одѕвонувајќи во бескрајните времиња на вечноста, како најубава мелодија.

Небесните битија чекаат да соработуваат со човечките орудија, за да можат да му го откријат на светот, она, што човечките битија можат да станат и она што, соединети со Божјата сила, можат да го сторат за спасението на оние, кои се наоѓаат на работ на пропаста. Не постои граница за полезноста на оној што ставајќи се себеси настрана, ќе дозволи Светиот Дух да делува во неговото срце и ќе му го посвети својот живот на Бога во целост. Сите што ќе се посветат на Неговата служба со телото, душата и духот, постојано ќе примаат ново освежување на физичката, менталната и духовната сила. Неисцрпните сокровишта на Небото секогаш им стојат на располагање. Исус ги вдахнува со здивот од Својот сопствен Дух и живот од Својот сопствен живот. Светиот Дух ги покажува своите најголеми сили, со цел да работи во умот и срцето. Преку благодатта што ни е дадена, ние можеме да задобиеме победи кои, заради нашите погрешни мислења, предрасуди, карактерни мани и недостиг на вера, би ни изгледале сосема невозможни.

Секој што ќе се посвети на службата за Него без никакво воздржување, ќе добие сила да постигне неизмерни резултати. За таквите Бог ќе стори големи дела. Тој ќе влијае на срцата на луѓето, така што во нивните животи, уште на оваа Земја, ќе се види исполнувањето на ветувањата наменети за иднината.

„Ќе се развесели за нив пустината и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцвета како крин; ќе процвета обилно и ќе се весели, радувајќи се и потпевнувајќи:

‘Славата на Ливан ќе му се даде, великолепието на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат славата на Господа и величината на нашиот Бог.“

„Закрепете ослабнати раце и зајакнете колена што треперите; кажете им на плашливите со дух, бидете цврсти, не плашете се, еве го вашиот Бог…”

„Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отворат; тогаш хромиот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее; зашто води ќе бликнат во пустината, и потоци во степите.”

„И исушеното тло ќе се претвори во езеро, а жедната земја во водни извори…

И таму ќе има друм и пат,

и ќе се нарече свет пат;

нечистиот нема да оди по него;

тој ќе биде само за нив;

оние што одат по тој пат; дури и неискусните –

нема да се изгубат”

„Лав нема да има таму и лута ѕверка нема да се качува по него, ниту пак ќе се најде таму, а ќе одат само откупените по него.

Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со песни и вечна веселба на челата; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат. (Исаија 35:1-10)

Сподели го ова:

Слични објави