Глава 13 Беспомошни сиромаси

Сподели го ова:

Кога за сиромашните е сторено се што може да се стори за да се овозможи да си помогнат самите на себе, се уште остануваат вдовиците и сираците, старите, беспомошните и болните, кои имаат потреба од сочувство и грижа. Таквите души никогаш не треба да бидат занемарени. Самиот Бог нив ги предал на милостивоста, љубовта и нежната грижа на сите што ги поставил за Свои управители.

Браќа во верата

„И така, како што имаме можности да им правиме добро на сите, особено на своите по вера.“ (Галатјаните 6:10)

Христос на Својата црква во посебна смисла и ја доверил должноста да води грижа за своите сиромашни членови. Тој дозволува да постојат сиромашни во секоја црква. Тие треба секогаш да бидат меѓу нас, а врз членовите на црквата, Бог положува лична одговорност за нивната грижа.

Како што членовите на едно верно семејство се грижат едни за други, служејќи им на болните, взаемно помагајќи си, поучувајќи ги неупатените и упатувајќи ги неискусните, така и оние, кои се „наши во верата,“ сносат одговорност за немоќните и за оние во скудност. Не треба да ги занемариме под никакви услови и околности.

Вдовици и сираци

Вдовиците и сираците се предмет на посебна грижа од Господа.

„Татко на сираците и Судија на вдовиците, БоГ е во Своето свето живеалиште.” (Псалм 68:5)

„Твојот Творец е твојот сопруГ;

Господ над војските е НеГовото Име, твојот Откупител е Израелевиот Светец;

Тој ќе се нарече БоГ на целата земја.”

(Исаија 54:5)

„Остави Ги своите сираци, Јас ќе Ги запазам нивните животи, и твоите вдовици нека се надеваат на Мене.”

(Еремија 49:11)

Многу татковци кога ќе бидат повикани да ги напуштат своите мили и драги, умираат мирно, потпирајќи се со вера на Божјото ветување дека Тој ќе се грижи за нив. Бог се грижи за вдовицата и за сиракот, не преку чудо, дарувајќи им мана од небото или испраќајќи гаврани да им донесат храна, туку со тоа што чудесно делува на човечките срца, изгонувајќи ја себичноста и отворајќи во нив извор на Христовата љубов. Тој им ги предава немоќните и парализираните на Своите следбеници како скапоцен дар. Тие со потполно право можат да ги очекуваат нашата љубов и сочувство.

Во домовите што се снабдени со сите животни удобности, чии амбари и житници се наполнети со приноси од обилните жетви, а долапите полни со ткаени работи и сефовите со злато и сребро,

Бог предвидел средства со кои треба да се потпомагаат оние во немаштија. Тој не повикува да бидеме канали, преку кои Тој ќе може да го доделува Своето изобилство.

Многу вдовици со деца, кои останале без татко и сопруг, храбро го носат своето двојно бреме, честопати измачувајќи се над границите на своите сили, за да ги задржат своите деца покрај себе и да ги задоволат нивните потреби. Тие имаат малку време за воспитување и поучување и малку прилики да ги опкружат со влијание, кое би внело светлина во нивниот живот. Потребни им се охрабрување, сочувство и материјална помош.

Бог не повикува, колку што стои до нас, да им го надоместиме недостигот од татковска грижа на таквите деца, со внимание и грижа од наша страна. Наместо да се оддалечувате од нив, жалејќи се на нивните грешки, или на проблемите што тие можеби ќе ви ги зададат, помогнете им на секој можен начин. Настојувајте да бидете потпора за мајката исцрпена од грижите. Олеснете го нејзиното бреме.

Постојат многу деца, кои се сосема лишени од родителското воспитување и ублажувачкото влијание на христијанскиот дом. Христијани, отворете ги своите срца и домови за овие беспомошни деца. Работата, која Бог одредил да биде ваша лична должност, не треба да биде препуштена на некоја добротворна организација или на милоста од светот. Доколку децата што останале без родители немаат роднини, кои би биле во состојба да се грижат за нив, тогаш членовите на црквата треба да се погрижат и да обезбедат домови за нив. Оној, Кој нам ни дал живот, одредил да живееме во семејства и детската природа најдобро ќе се развие во милата атмосфера на еден христијански дом.

Многумина, кои немаат свои деца, можат да направат добро дело прифаќајќи да водат грижа за децата на другите. Наместо да го подаруваат своето внимание на домашни миленици, поминувајќи време во галење на тие неми созданија, треба својата љубов да ја посветат на малите деца, чии карактери можат да се образуваат според Божјото обличје. Погледнете колку многу такви деца можете да подигнете и воспитате во согласност со советите од Божјата Реч! Многумина на тој начин и самите би имале обилен благослов.

Стари лица

Благотворното влијание на семејството им е потребно и на оние, кои староста ги изнемоштила. Во домот на браќата и сестрите во Христа, тие можат да најдат најдобар надомест за загубата на своите сопствени домови. Доколку ги охрабриме да земат учество во домашните работи, ќе им помогнеме да не мислат дека нивната сила и полезност се при крај. Настојувајте тие да почувствуваат дека нивната помош се вреднува; дека во нив се уште постои нешто со што можат да им послужат на другите; тоа ќе им го развесели срцето и ќе ги заинтересира за животот.

Колку што стои во ваша моќ, помогнете им на оние со побелени коси и слаби чекори, кои покажуваат дека се на работ на гробот, да останат меѓу своите пријатели и во друштво на оние на кои се навикнале. Оставете ги да Му служат на Бога со оние што веќе ги запознале и кои им се драги. Нека ги негуваат нежните раце на оние што им се мили и драги.

Членовите на секое семејство, кое има можност да преземе грижа за своите сродници, треба да ја сметаат таа должност за своја привилегија. Доколку членовите не се во можност да го прават тоа, тогаш тоа дело припаѓа на Црквата и таа треба да го прифати како привилегија и должност. Сите што имаат Христов дух, ќе имаат сочувство и обѕир кон слабите и старите.

Присуството на тие изнемоштени души во нашите домови, за нас претставува скапоцена можност да соработуваме со Христа во Неговата мисија на милосрдност и да развиваме карактерни особини слични на Неговите. Всушност самиот контакт меѓу старите и младите донесува благослов и за едните и за другите. Младите можат да ја внесат топлината на светлоста и животот во срцата на старите. На оние, чии животни сили се ослабени, им е потребен благословот на контактот со младите, кои се полни со надеж, виталност и полет; а на младите можат добро да им дојдат животната мудрост и искуството на старите. Но пред се друго, тие треба да ги научат лекциите за несебична служба. Самото присуство на една душа, која има потреба од сочувство, трпение и самопожртвувана љубов, би претставувало непроценлив благослов за семејствата на многумина. Тоа би го засладило и облагородило домашниот живот, будејќи ги во срцата на младите и старите оние христијански доблести, кои не украсуваат со Божествена убавина и збогатуваат со непоминливо Небесно богатство.

Проверка на карактерот

„Сиромашните секогаш ќе ги имате при вас“ рекол Христос, „и кога сакате, можете да им правите добро.“ „Чиста и непорочна вера пред Бога и Отецот е оваа: ‘Да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот’.“ (Марко 14:7; Јаков 1:27)

Сите што тврдат дека се Негови следбеници, Христос ги проверува доверувајќи им да се грижат за оние што се беспомошни и целосно зависни од туѓа помош. Преку нашата љубов и услугите сторени кон Неговите деца, кои имаат потреба, ние ја докажуваме вистинитоста на нашата љубов кон Него. Со запоставувањето на таквите, ние покажуваме дека сме лажни ученици на кои Христос и Неговата љубов им се целосно непознати.

Дури и кога сите би сториле се што можат, со цел да обезбедат домашно огниште за децата без родители, се уште би постоеле многу мали деца што треба да бидат згрижени. Многумина од нив наследиле зли склоности и како такви не ветуваат многу; тие се непривлечни, изопачени и настрани, но откупени се со Христовата крв и во Неговите очи се исто толку скапоцени како и нашите деца. Доколку не им се подаде рака за помош, тие ќе пораснат во незнаење, давејќи се во напливот на порокот и злото. Многу од овие деца би можеле да бидат спасени преку соодветни засолништа за сираци.

Ваквите институции треба колку што е можно повеќе да бидат обликувани според планот за обичниот христијански дом, за да соодветствуваат на својата намена. Наместо големи зданија со многу членови, треба да се формираат мали установи на различни места. Наместо да бидат во или близу некој град или гратче, тие треба да бидат подигнати на село, каде што има доволно земја за обработување и каде што децата можат да дојдат во допир со природата и да ги уживаат благословите од стекнатото образование.

Оние на кои им е доверено управувањето со една таква установа, треба да бидат мажи и жени, кои имаат големи срца, образувани и самопожртвувани; мажи и жени, кои тоа дело го вршат од љубов кон Христа и кои ги воспитуваат децата за Него. Под таква грижа, многу напуштени деца, кои останале и без родители и без домашно огниште, можат да станат корисни членови на човечкото општество, членови, кои ќе служат на слава на Христа и ќе бидат во состојба да помогнат на други.

Многумина ја презираат штедливоста поистоветувајќи ја со скржавост и ограниченост. Меѓутоа, штедливоста е во најнепосредна врска со благородноста и дарежливоста. Навистина, без економија, не би постоела вистинска дарежливост. За да можеме да даваме, ние мораме да штедиме.

Не може да се пројавува човекољубие и вистинска добродетел, без пожртвуваност и самооткажување. Единствено, доколку водиме едноставен живот исполнет со самооткажување и најстрога штедливост, ние ќе бидеме во можност да ја извршиме задачата што ни е одредена како Христови претставници. Гордоста и светските амбиции мораат да исчезнат од нашите срца. Во се што правиме, треба да се раководиме со принципот на несебичност откриен во Христовиот живот. На ѕидовите на нашите домови, на сликите, на мебелот, треба да пишува: „Доведи ги во твојот дом отфрлените сиромашни.“ На нашите гардеробери треба да ги видиме, како со Божји прст напишани зборовите: „Облечи го голиот.“ Во трпезаријата, на масата полна со изобилство, треба да ги читаме зборовите: „Зар не треба да го делиш твојот леб со гладните?“ (Исаија 58:7)

Илјадници врати се отвораат пред нас да правиме добро и да бидеме полезни во животот. Честопати се жалиме за ограниченоста на средствата што ни стојат на располагање, но кога христијаните потполно би го разбрале ова толку сериозно прашање, би можеле илјадапати да ги умножат изворите на паричните средства. Себичноста, самоугодувањето и самољубивоста го попречуваат нашиот пат да бидеме полезни во животот.

Колку многу средства се потрошени за нешта, кои не се ништо друго освен идоли, нешта, кои ги привлекуваат мислите, времето и силата, кои треба да бидат посветени на повозвишени цели. Колку многу пари се потрошени на раскошни куќи и мебел, на луксузна и нездрава храна, на себични и други штетни задоволства. Колку многу се растура на подароци од кои никој нема корист! Денес таканаречените христијани, трошат многу повеќе за работи што се непотребни, а честопати и штетни, отколку за потпомагање на благородните потфати, преземени со цел да се спасуваат душите од силата на искушувачот.

Многу жени што изјавуваат дека се христијанки, толку многу трошат за облека, што за потребите на другите не им преостанува ништо. Тие мислат дека мораат да имаат богат накит и скапоцени облеки, занемарувајќи ги потребите на оние, кои само со мака можат да си обезбедат дури и наједноставна облека.

Сестри мои, кога својот начин на облекување би го довеле во согласност со библиските правила, вие би имале доволно средства да ги потпомогнете своите посиромашни сестри. Би заштедиле не само средства, туку и време, а тоа е она што најчесто ви недостига. На многумина можете да им помогнете со своите сугестии, такт и вештина. Покажете им како да се облекуваат едноставно, а сепак прикладно и вкусно. Многу жени не доаѓаат во Божјиот дом, бидејќи нивните дотраени и износени облеки се во толку јасен контраст со облеката на другите. Заради таа спротивност, многу чувствителни души во себе негуваат горчливо чувство на пониженост и неправда. И заради тоа, многу души дури и се сомневаат во вистинитоста на религијата и срцето целосно им затврднува за Евангелието.

Христос и нам ни наложува: „Соберете ги парчињата што останаа за ништо да не биде изгубено.“ Додека илјадници секој ден пропаѓаат од глад, крвопролевање, пожар и слични неволји, секој што ги љуби своите ближни, треба строго да внимава да не пропадне ништо од она со кое би можел да помогне на едно битие.

Погрешно е да го поминуваме времето во безделничење и бесмислено да ги растураме своите способности. Секој момент саможивнички посветен на користољубивост е изгубен момент. Кога секој миг би се вреднувал и употребувал правилно, тогаш би нашле доволно време за сето она што треба да го сториме за себе, или за своите ближни. Во поглед на употребата на нашите парични средства, времето, силата и укажаните можности, секој христијанин треба да му се обраќа на Бога за совет и водство. „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор и ќе му се даде.“ (Јаков 1:5)

„Давајте и ќе ви биде дадено“

„Правете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема вашата награда и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите.“ (Лука 6:35)

„Кој дава на сиромав, нема да осиромаши; а кој ги крие очите од него, ќе биде проколнуван.“ (Изреки 28:27)

„Давајте и ќе ви се даде; мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви се даде во вашите раце.“ (Лука 6:38)

Сподели го ова:

Слични објави