Глава 1 Наш пример

Сподели го ова:

Нашиот Господ Исус Христос дошол на овој свет како неуморен слуга на човечката потреба. За да може да послужи на секоја потреба на човештвото, „Тој ги зеде врз Себе нашата немоќ и ги понесе болестите.“ (Матеј 8:17) Дошол да го отстрани бремето на болестите, јадот, неволјите и гревот. Неговата мисија била да им донесе на луѓето целосно обновување; Тој дошол да им даде здравје, мир и совршенство на карактерот.

Околностите и потребите на оние, кои ја барале Неговата помош, многу се разликувале, но ниту еден, кој дошол кај Него, не заминувал без да му се помогне. Од Него течел поток на исцелувачка сила, која го враќала здравјето не само на телото, туку и на умот и душата на луѓето.

Делото на Спасителот не било ограничено на некое одредено време или место. Неговото сочувство не знаело за граници. Неговото дело на исцелување и поучување било толку големо по својот обем, што во Палестина не постоела толку голема градба, во која би можело да се смести мноштвото што се туркало околу Него. Неговата болница се наоѓала на зелените падини на Галилејските ритчиња, на патиштата, на езерскиот брег, по синагогите и на секое место на кое можеле да ги донесат болните кај Него. Тој ги положувал Своите раце на оние што страдале и ги лекувал во секој град, во секоја населба низ која поминувал. Секаде, каде што имало срца подготвени да ја прифатат Неговата порака, Тој ги утешувал со уверувањето за љубовта на нивниот Небесен Татко. Во текот на целиот ден, Исус им служел на оние што доаѓале кај Него, а навечер, им обрнувал внимание на оние, кои морале да ги поминуваат деновите во тешка работа, за да заработат мала сума пари за издржување на своето семејство.

Исус носел огромен товар на одговорност за спасение на човештвото. Тој знаел дека, доколку не дојде до одлучна промена во принципите и целите на човечкиот род, сите ќе бидат изгубени. Тоа бил товарот на Неговата душа и никој не можел да ја согледа тежината на бремето што почивало врз Него. Иако чекорел сам, низ детството, младоста и периодот на зрелоста, сепак да се биде во Негово присуство, значело да се почувствува Небото. Секојдневно се соочувал со проби и искушенија; секојдневно доаѓал во допир со злото и бил сведок на неговата сила, врз оние, кои Тој копнеел да ги благослови и спаси. Па сепак, ниту потклекнал, ниту се обесхрабрил.

Своите желби, Исус во секој поглед строго и ги подредувал на Својата мисија. Тој го прославил Својот живот, со тоа што целосно му го потчинил на волјата на Својот Татко. Кога мајка му, откако во Неговата младост го нашла во рабинското училиште, му рекла: „Синко, зошто ни направи така?“ Тој одговорил а тој одговор го претставува основниот тон на Неговата животна мисија: „Што сте ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она што е на Мојот Татко?“ (Лука 2:48, 49).

Неговиот живот, бил живот на постојано самопожртвување. Тој немал дом на овој свет, освен оној, кој пријателите поради својата добрина, ќе му го понуделе Нему, како на патник. Тој за наше добро дошол да го живее животот на најсиромашните и да се движи и работи меѓу бедните и страдалниците. Непризнаен и без никакви почести, се движел меѓу луѓето за кои толку многу сторил.

Секогаш бил трпелив и пријатно расположен; и сите што имале некаква мака, го поздравувале како весник на животот и мирот. Тој ги видел потребите на мажите и жените, на децата и младите и на сите им го упатил повикот: „Дојдете кај Мене.“

Во текот на Својата мисија, Исус посветил повеќе време во исцелување на болните, отколку во проповедање. Неговите чуда сведочат за вистинитоста на Неговите зборови, дека Тој не дошол да погуби, туку да спаси. Каде и да тргнел, пред Него оделе вестите за Неговата милост. Онаму, каде што поминал, сите што биле предмет на Неговото сочувство, се радувале на здравјето и ги испробувале своите новодобиени сили. Околу нив се собирале толпи, за од нивните усни да ги слушнат делата што Господ ги извршил. Неговиот глас, за многумина бил првиот звук што некогаш го слушнале; Неговото Име, првиот збор што го изговориле; Неговото лице, првото нешто што го виделе во животот. Како тогаш да не го сакаат Исуса и да не ја разгласуваат Неговата слава? Поминувајќи низ градовите и селата, Тој бил како животворна река, која насекаде шири живот и радост.

„Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја.

Народот што седеше во мрак, виде Голема светлина

и на оние, што седеа во место на смртна сенка, им изгреа светлина.”

(Матеј 4:15, 16)

Секое дело на исцелување, Спасителот го ползувал како можност да всади Божји принципи во умот и душата на луѓето. Тоа била целта на Неговото дело. Делел земни благослови, за да ги придобие срцата на луѓето, да го прифатат Евангелието на Неговата благодат и милост.

Христос можел да го заземе највисокото место меѓу учителите на Еврејскиот народ, но Тој повеќе сакал да им го однесе Евангелието на сиромашните. Одел од место во место, за да можат и оние на главните и на споредните патишта, да го слушнат Словото на вистината. Неговиот глас, кој ги објаснувал Светите Списи, можел да се слушне на езерскиот брег, на горските падини, по градските улици, по синагогите. Честопати, поучувал и во надворешниот трем на храмот, за да можат и незнабошците да го слушнат Неговиот глас.

Христовото објаснување на Светите Списи толку се разликувало од начинот на кој книжниците и фарисеите го правеле тоа, така што тоа го привлекло вниманието на народот. Рабините се задржувале на традициите, на човечките теории и шпекулации. Честопати, она што луѓето го кажувале и напишале за Писмото, било ставано на местото на самото Писмо. Предметот на Христовото учење била Божјата Реч. На оние, кои Му поставувале прашања, Тој јасно им одговарал: „Пишано е, “ „Што вели Писмото?“ „Како читаш?“ Во секоја пригода, кога ќе се појавел интерес, кај пријател или непријател, Тој ја изнесувал Божјата Реч. Јасно и силно ја изнесувал пораката на Евангелието. Неговите зборови фрлале изобилство светлина врз учењата на патријарсите и пророците, а Писмото, на луѓето им изгледало како сосема ново ‘Откровение’. Никогаш порано Неговите слушатели не забележале толку длабоко значење во Божјата Реч.

Никогаш немало таков евангелист, каков што бил Христос. Тој бил Величество од Небото, но се понизил Себеси, земајќи ја нашата природа, за да може да им пријде на луѓето онаму, каде што тие се наоѓале. Христос, Гласникот на Заветот, им ја однел пораката за спасението на сите луѓе, богати и сиромашни, слободни и робови. По цела Палестина се разнесувал гласот за Него, како Голем Лекар. Болните доаѓале во местата низ кои Тој поминувал, за да побараат помош од Него. Меѓу нив доаѓале и многу страдалници, да ги слушнат Неговите зборови и да го почувствуваат допирот на Неговата рака. Така, Тој одел од град во град, од место во место, проповедајќи го Евангелието и исцелувајќи болни Царот на славата, облечен во скромната облека на човештвото.

Тој присуствувал и на големите годишни народни празници и на народот му зборувал за Небесните работи, на мноштвото обземено со надворешните церемонии, откривајќи му го така на нивниот ум, она што е вечно и непоминливо. На сите им делел скапоцености од богатото сокровиште на мудроста. Им се обраќал со толку едноставни зборови, што сите можеле да Го разберат. Со методи, својствени само за Него, Исус им помагал на сите што биле во жалост или неволја. Со нежна, сочувствителна благодат, Тој им служел на душите заболени од грев, донесувајќи им исцелување и сила.

Кнезот на учителите, им пристапувал на луѓето преку нештата со коишто тие биле најблиски. Ја изнесувал вистината на таков начин, што таа секогаш потоа била испреплетена со најсветите спомени и чувства на Неговите слушатели. Ги учел на начин, поради кој тие ја чувствувале длабочината на Неговата заинтересираност за нивното добро и среќа. Неговите поуки биле толку недвосмислени, наведените примери толку практични, Неговите зборови толку пријатни и полни со сочувство, што слушателите биле воодушевени. Едноставноста и сериозноста со која им се обраќал на бедните, го посветувале секој збор.

Колку бил исполнет Неговиот живот! Од ден на ден можел да се види како влегува во едноставните престојувалишта на бедата и неволјата, зборувајќи им за надеж на отфрлените и за мир на поробените. Милостив, со нежно срце, полн со сочувство, Исус патувал разведрувајќи ги тажните и утешувајќи ги ужалените. Каде и да поминел, Тој носел благослов.

Додека им служел на сиромашните, Исус настојувал да најде начин да допре и до богатите. Тој сакал да се запознае со богатиот и учен фарисеј, со еврејскиот старешина и со римскиот капетан. Ги прифаќал нивните покани, присуствувал на нивните гозби, се запознавал со нивните интереси и деловни окупации, за да најде пристап и до нивните срца и да им ги открие непоминливите богатства.

Христос дошол на овој свет за да покаже дека откако ќе прими сила од ‘Висините’, човекот може да води чист, неизвалкан живот. Тој ги пресретнувал потребите на луѓето со неуморно трпение и сочувство, секогаш подготвен да помогне. Ги изгонувал сомнежот и немирот од душата, со нежниот допир на благодатта, претворајќи го непријателството во љубов, а неверувањето во доверба.

Тој можел да му каже на оној што бил според Неговата волја: „Врви по Мене!“, и повиканиот веднаш станувал и тргнувал по Него. Тој ја раскинувал световната маѓепсаност. На звукот на Неговиот глас, духот на алчноста и славољубивоста исчезнувал од срцата на повиканите и тие станувале и тргнувале по Спасителот.

Братска љубов

Христос не признавал никакви разлики во однос на националноста, сталежот или верувањата. Книжевниците и фарисеите сакале да ги ограничат небесните дарови само на едно место и една националност, ускратувајќи им ги на другите членови на Божјото семејство во светот. Но Христос дошол да го урне секој ѕид на поделба. Тој дошол да покаже дека дарот на Неговата милост и љубов е неограничен исто како и воздухот, сончевата светлина или дождот што ја освежува земјата.

Христовиот живот воспоставил религија, во која нема општествени сталежи, религија во која Евреите и незнабошците, слободните и робовите се врзани во заедничко братство и сите се еднакви пред Бога. Ниту едно политичко прашање не влијаело врз Неговите постапки. Тој не правел разлика помеѓу соседот и странецот, пријателот и непријателот. Неговото срце го привлекувала секоја душа, жедна за водата на животот.

Исус не го одминал ниту едно човечко суштество како безвредно, туку се трудел да и даде спасоносен лек на секоја душа. Во секое друштво во кое ќе се најдел, Тој изнесувал поука соодветна на времето и околностите. Секое запоставување или навреда од страна на луѓето кон своите ближни, само уште повеќе ја разбудувале Неговата свест, за тоа колку им е потребно Неговото „Божествено-човечко“ сочувство. Тој се стремел да им влее надеж на најгрубите и на оние, кои најмалку ветуваат, уверувајќи ги дека можат да станат беспрекорни и потребни; и да развијат карактер со кој ќе посведочат дека се Божји деца.

Овие луѓе, честопати се наоѓале во друштво со несреќници, кои потпаднале под власта на сатаната и немале сила да се ослободат од неговите окови. На таквите обесхрабрени, болни, искушувани и паднати души, Исус им упатувал зборови на најнежно сочувство, зборови што им биле потребни и кои можеле да ги разберат. Се среќавал и со оние, кои се бореле лице в лице со непријателот на душите. Таквите ги охрабрувал да истраат, уверувајќи ги дека ќе победат; бидејќи Божјите ангели се на нивна страна; и ќе им ја овозможат победата.

Христос седел како почитуван гостин на трпезата на цариниците, покажувајќи со Својата друштвеност и љубезност дека го признава достоинството на човекот, па луѓето копнееле да бидат удостоени со Неговата доверба. Неговите зборови, со благословена животворна сила, паѓале на нивните жедни срца. Во нив се разбудиле нови стремежи и така, на овие души, кои биле отфрлени од општеството, им била укажана можност за нов живот.

Иако бил Евреин, Исус слободно се дружел со Самарјаните, не осврнувајќи се на фарисејските обичаи на Својот народ.

Наспроти нивните предрасуди, Тој го прифаќал гостопримството на овој презрен народ. Спиел под ист покрив со нив, јадел со нив на нивната трпеза земајќи храна, која била подготвена и поставена со нивните раце поучувал по нивните улици и кон нив се однесувал со најголема љубезност и добрина. И додека ги придобивал нивните срца преку човечкото сочувство, Неговата Божествена благодат им го донела спасението што Евреите го отфрлиле.

Лична служба

Христос не пропуштил ниту една можност да ја објави пораката за спасението. Слушнете ги Неговите прекрасни зборови до онаа жена во Самарија. Тој седел покрај изворот на Јакова, кога жената дошла да наполни вода. На нејзино изненадување, Тој побарал услуга од неа. „Дај ми да пијам“ рекол Тој. Исус чувствувал потреба од една освежувачка голтка вода, но исто така сакал да најде можност да и ја понуди „Водата на животот“. „Како ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш? Зашто Јудејците и Самарјаните не се мешаат. Исус и одговори и рече: ‘Кога би го знаела Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели: ‘Дај ми да пијам’, ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода… Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во вечен живот.“ (Јован 4:7-14)

Колкав интерес покажал Христос за оваа жена! Колку срдечни и елоквентни биле Неговите зборови! „Кога го слушнала жената, ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на своите пријатели: ‘Дојдете, видете го човекот, Кој ми кажа се што сум направила. Да не е Христос’?“ Потоа читаме дека „мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него.“ (Стихови 29, 39) И кој може да го процени влијанието што овие зборови го извршиле за спасение на душите во текот на времето што поминало оттогаш?

Секаде, каде што срцата се отворени да ја прифатат вистината, Христос е подготвен да ги поучи. Тој им го открива Таткото и службата прифатлива за Оној, Кој ги чита срцата. За таквите Тој не користи параболи. Ним, како на жената при изворот, Тој им вели: „Јас сум, Кој зборува со тебе.“

Сподели го ова:

Similar Posts