Глава 3 Опасности во психологијата
Сатаната го проучува умот. Илјадници години сатаната експериментирал со особините на човечкиот ум и многу добро го проучил. Со своите лукави постапки во овие последни денови тој го врзува човечкиот ум за сопствениот, исполнувајќи го со своите мисли, а тоа го прави на толку измамлив начин што оние кои го прифаќаат неговото водство не знаат дека се водени по негова волја. Големиот измамник се надева дека толку многу ќе ги збуни умовите на луѓето што тие ќе можат да го слушаат само неговиот глас.
Сатаната мајстор на лукавствата. Сатаната постојано се обидува да делува на човечките умови со своите лукавства. Тој е обдарен со извонредно развиен ум, што му го дал Бог, но тој ги обесчестил сите тие благородни способности спротивставувајќи им се и игнорирајќи ги советите на Севишниот.
Тој настапува преправен. Сатанските планови и замисли ни се наметнуваат од сите страни. Ние ќе мора засекогаш да запаметиме дека тој доаѓа преправен, прикривајќи ги своите мотиви и карактерот на своите искушенија. Тој доаѓа во светлосна наметка, навидум облечен во облека на чист ангел, како ние не би забележиле дека тоа е всушносттој. Мораме да бидеме многу внимателни и претпазливо да ги разгледуваме неговите планови, за да не бидеме излажани.
Злоупотребата на науката која што се однесува на умот. Во овие денови кога скептицизмот и неверството толку често се појавуваат под наметката на науката, мораме да бидеме внимателни на сите страни. Преку овие средства големиот противник мами илјадници луѓе и ги доведува во потчинетост според својата волја. Предноста што тој ја стекнува преку овие науки, науки што се занимаваат со човечкиот ум е огромна. На таков начин, како змија, незабележано се вовлекува со цел да го расипе Божјето дело.
Овој пристап на сатаната преку таквите науки е добро осмислен. Преку каналите на френологијата, психологијата и месмеризмот, тој непосредно им пристапува на луѓето на сегашната генерација и делува со онаа сила којашто е карактеристична за неговите напори кон крајот на времето на милоста. Така умовите на илјадници луѓе се отруени и водени кон неверство.
Додека се верува дека еден човечки ум на толку прекрасен начин може да влијае врз друг, сатаната, кој е спремен да ја искористи секоја предност, се вовлекува и делува на сите страни. Додека оние што им се посветиле на овие науки се воздигаат до небото поради големите и добри дела со коишто се афирмирале, тие малку знаат каква сила на зло негуваат; а тоа е силата којашто допрва ќе работи со секакви знаци и со лажни чуда и со секаква неправедна измама. Забележи ги влијанијата на тие науки, драг читателе, затоа што судирот помеѓу Христа и сатаната се уште не е завршен.
Занемарувањето на молитвата ги наведува луѓето да се потпираат на сопствената сила, и ја отвора вратата на искушенијата. Во многу случаи мечта се заробува со научни истражувања, а на луѓето преку совеста им се возвеличува сопствената моќ. Науките што се занимаваат со човечкиот ум се многу воздигнати. Тие самите по себе се добри, но сатаната ги користи како моќни средства да ги измами и уништи душите. Неговите умешности се прифаќаат како да се од небото и на тој начин тој е обожуван, а тоа многу му годи. Светот, којшто претпоставува дека има корист од френологијата и животинскиот магнетизам, никогаш порано не бил толку расипан како денес. Преку таквите науки се уништува доблеста и се положуваат темелите на спиритизмот.
Неговото дело во одвраќањето на човечкиот ум. Сатаната влегол и се поставил помеѓу Бога и човекот. Тој сака да го одврати човечкиот ум и фрла темна сенка преку патеките по кои одиме за да не можеме да ја сфатиме разликата помеѓу Бога и моралнататемнина, расипаноста и мноштвото беззаконија кои го преплавуваат нашиот свет. Па што треба да сториме во врска со ова? Дали ќе дозволиме темнината да остане? Не.
Овде за нас постои една сила што ќе внесе небесна светлина во овој мрачен свет. Христос бил на небото и Тој ќе ја донесе светлината на небото растерувајќи ја темнината и внесувајќи ја светлината на Својата слава. Тогаш среде расипаноста, осквернувањето и развратот ќе ја видиме светлината на небото.
Ние не мораме да се предадеме заради осквернувањето на човечкиот род, и тоа постојано треба да го имаме пред очите на ум. Ние не мораме да ја набљудуваме… . Што да сториме? Која е нашата задача? Да „гледаме каква љубов ни дал Таткото” (1. Јованово 3:1).
Лукави инсинуации наспроти отворен, дрзок напад. Кога сатаната би презел дрзок и отворен напад на христијанството, тоа христијанинот веднаш ќе го доведе покрај нозете на својот Моќен Ослободител, кој единствено може да го натера непријателот во бегство. Но тој обично не постапува така. Тој е лукав и знае дека најделотворен начин за него да си ги постигне своите замисли е да му дојде на кутриот, паднат човек во облик на ангел на светлината. Така преправен тој работи на умот за да го заведе од безбедниот и правиот пат. Тој отсекогаш имал амбиции да го фалсификува Христовото дело и да ги зацврсти сопствената моќ и барања. Тој ги наведува заведените смртници, Христовите дела и чуда да ги објаснуваат врз база на научни принципи, и прави да им изгледаат како да се резултат на човечка умешност и моќ. Во многу умови тој на крај ќе успее да ја уништи вистинската вера во Христа како Месија и како Божји Син.
Негова посебна цел се младите умови. Посебна задача на сатаната во овие последни денови е да ги зароби умовите на младите, да им ги расипе мислите и да ги запали нивните страсти. Сите имаат слободна волја и како такви тие мора да ги доведат своите мисли во вистински тек.
Сатаната управува со умот што не е раководен од Светиот Дух. – Малкумина веруваат дека човештвото потонало толку длабоко, и дека како такво е потполно расипано и толку многу спротивставено на Бога како што во суштина е. „Зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може“ (Римјаните 8:7).
Кога умот не е под директно влијание на Божјиот Дух, сатаната може да го оформи според своја желба. Така тој внесува страст во сите контролирачки сили на разумот. На тој начин во однос на вкусовите, погледите, предностите, симпатиите и антипатиите, во изборот на нештата и дејностите станува дијаметрално спротивен на Бога; тој не наоѓа задоволство во она што Бог го сака и го одобрува, туку ужива во оние нешта што Тој ги презира; па според тоа одржува начин на живеење кој е навредлив за Бога.
Тоа доведува до судир со оние коишто се обидуваат да одат по Божјиот пат. Тие (кои и се спротивставуваат на вистината) ќе ја нарекуваат светлината темнина, а темнината светлина; доброто ќе го нарекуваат зло, а злото добро.
Од Адамово време па до сега. Сатаната бил на кормилото, управувајќи го додека ја придобил власта над сите човечки умови кои ја примиле лагата со којашто беше измамена Ева, а потоа искористена како посредник да го наведе и Адам на грев. Сатаната го задржал своето измамливо дело на човечките умови од тој ден па до денес.
Оние што ја познаваат вистината се посебна мета. Сатаната тајно работи збунувајќи ги умовите на оние што ја познаваат вистината доведувајќи ги во заблудени чувства и примери кои водат во заблуда. Доколку не се покајат и обратат, оние коишто живеат поделен живот, јавно служејќи му на Господа, а истовремено правејќи и спроведувајќи сопствени планови планови, кои го забавуваат делото за коешто Христос го положил животот за да го доврши ќе бидат измамени од непријателот на душите.
Сатаната ги одвраќа умовите со контраверзни предмети. Тој (непријателот) ужива кога умовите се свртени кон било кој предмет со којшто може да оствари поделба на чувствата или со којшто го води нашиот народ во судир.
Еден ум господари над друг. Сатаната често наоѓа моќно средство на зло во силата, преку која еден човечки ум може да влијае на друг човечки ум. Ова влијание е толку заводливо што лицето кое е подложено често не е ни свесно за неговата сила. Бог ми наложи да зборувам против ова зло.
Сила за добро, сила за зло. Влијанието што еден ум може да го има на друг е толку моќна сила за добро кога умот е посветен, а подеднакво може да биде моќна за зло во рацете на оние кои му се спротивставуваат на Бога. Оваа сила сатаната ја користел во влевањето на зло во умовите на ангелите и направил сето тоа да изгледа како да прави нешто добро за вселената. Како помазан херувим, Луцифер се наоѓал на многу возвишена положба; бил многу сакан од страна на небесните суштества, а неговото влијание над нив било силно. Многумина од нив ги слушале неговите предлози и му верувале на зборовите. „И настана војна на небото; Михаел со Своите ангели завојува против змевот. И змевот и неговите ангели завојуваа, но не устоија и не им се најде веќе место на небото” (Откровение 12:7, 8)
Не треба да се верува на умот на еден човек. Не треба да му се верува на умот и судот на еден човек, бидејќи во прашање се вклучени премногу големи интереси, а тој не е ослободен од човечките слабости и грешки… Не постои ниту еден човечки ум којшто е толку совршен да нема опасност негова појдовна точка да бидат погрешните побуди, гледање на нештата од погрешно гледиште.
Сатаната бара невнимателни умови. Сатаната чека да го затекне умот во момент на невнимание и на тој начин да го придобие. Ние не сакаме да бидеме неупатени во неговите планови, ниту да бидеме надвладеани со неговите замисли. Тој е задоволен од начинот на кој го претставуваат како да има рогови и копита, зашто всушност тој е интелигентен; некогаш порано бил ангел на светлината.
Злите ангели се обидуваат да ја уништат човечката волја. Доколку им се дозволи, злите ангели ќе ги обработуваат (освојуваат и контролираат) човечките умови се додека овие веќе немаат свој ум или волја.
Единствената сигурност во отпорот. Наша единствена сигурност е да не му се даде место на ѓаволот; затоа што неговите сугестии и планови секогаш имаат за цел да не расипат и да не одвратат од потпирањето на Бога. Тој се преобразува во ангел на светлината за да може, преку своите лукави искушенија, да ги претстави своите замисли на таков начин што нема да можеме да ги разликуваме неговите измами и колку повеќе му се предаваме, толку посилни ќе бидат неговите измами над нас. Опасно е да се полемизира или да се преговара со него; затоа што за секоја предност што му ја даваме, тој ќе бара повеќе.
Нашата единствена сигурност е во одлучното отфрлање на првото поттикнување за дрскост. Бог нам ни дал благодат, која преку Христовите заслуги ни е доволна за да му се спротивставиме на сатаната и да бидеме и повеќе од победници. Противењето е успех. „Противете му се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас.“ Противењето мора да биде одлучно и цврсто. Ние го губиме сето она што сме го стекнале ако се спротивставиме денес, а му се предадеме утре.
Избегнување на дела направени во дрскост. Постојат такви луѓе, кои непромислено се ставаат во опасна ситуација и се подложуваат на искушенија, за потоа да побараат Бог да направи чудо и да ги извлече неповредени и неизвалкани. Таквите дела се дела направени во дрскост, со кои Бог не е задоволен. Кога сатаната го искушувал Спасителот на светот да се фрли од врвот на храмот, Тој одлучно го дочекал таквото искушение и го одбил. Големиот непријател навел едно Божјо ветување како гаранција за да го натера Христа да го стори тоа со сигурност, потпирајќи се на ветувањето. Исус го пречекал ова искушение со Писмото: „Пишано е, … Не го искушувај својот Господ Бог.“ На истиот начин сатаната ги поттикнува луѓето да одат на места каде што Богтоа не го бара, изложувајќи го Светото Писмо за да ги оправда своите сугестии.
Вистинска вера или дрскост. Божјите ветувања не ни се дадени за на нив пребрзано да полагаме право, да не заштитуваат додека непромислено се втурнуваме во опасност, кршејќи ги природните закони или занемарувајќи ја мудроста и разумот што Бог ни ги ставил на располагање. Тоа не е вистинска вера туку дрскост…
Сатаната ни нуди световни почести, богатства и животни задоволства. Тие искушенија им се прилагодени на луѓето од сите положби и класи и имаат за цел да ги оддалечат од Бога за да си служат повеќе на себе отколку на нивниот Создател. „Сето ова ќе ти го дадам на тебе“, му рекол сатаната на Христа. „Сето ова ќе ти го дадам на тебе“, му вели сатаната на човекот. „Сите овие пари, оваа земја, сета моќ, слава и богатство ќе ти ги дадам на тебе“; и човекот е маѓепсан, измамен и подмолно заведен во пропаст. Ако животот и срцето ги препуштиме на световноста, тогаш сатаната ќе биде задоволен.
Човечките умови се контролирани или од злите или од Божјите ангели. Човечките умови се контролирани или од злите или од Божјите ангели. Нашите умови се предаваат под Божја контрола или под контрола на силите на темнината; и добро би било да се запрашаме каде стоиме денес дали под испрсканото со крв знаме на Кнезот Емануел, или под црното знаме на силите на темнината.
Само ако се предадеме. Сатаната не може да допре до нашиот ум или интелект доколку не му го предадеме.
Неопходен е јасен преглед. Неопходен е јасен духовен вид за да ја препознаеме разликата помеѓу каколот и пченицата, помеѓу сатанската наука и науката на Словото на вистината. Христос, Големиот Лекар, дошол на нашиот свет да им даде здравје, мир и совршенство на карактерот на сите оние што ќе го примат. Неговото евангелие не се состои од надворешни методи и акти, низ кои лажната наука може да се претстави како голем благослов, а која после тоа ќе се покаже всушност како големо прокпетство.
Молитвата ќе му одолее на сатаната. Молитвата со вера е голема сила за еден христијанин и сигурно ќе му одолее на сатаната. Ова е причината зошто тој влева сомнеж дека молитвата не ни е потребна. Тој се гнаси од името на нашиот Застапник, Исус; и кога со сета сериозност му пристапуваме барајќи помош, сатанската војска е алармирана. Ако го занемаруваме практикувањето на молитвата, тоа добро служи за остварување на неговата цел, затоа што во таков случај многу полесно се прифаќаат неговите лажни чуда. Бидејќи не успеал да го искуша Христа, тој сега своите измамливи искушенија ги става пред човекот.