23. Асирското ропство

Сподели го ова:

Последните години на злосреќното Израилево царство биле одбележени со насилство и крвопролевање какво што не било дури ни во најлошите периоди на неслога и немири на владеењето на Ахав. Во текот на повеќе од два века владетелите на десетте племиња сееле ветар, а сега жнееле бура. Цареви биле убивани за да направат место на другите кои биле славољубиви и сакале да владеат. Господ вели за таквите безбожни насилници: “Поставуваа цареви без Мене, бираа кнезови без Мое знаење.” (Осија 8:4). Отфрлено било секое начело на правда. Оние кои што требало да стојат пред народите на земјата како чувари на божествената благодат “го изневерија Господа” (Осија 5:7) и еден со друг.
Бог со најстроги укори настојувал кај народот кој не се каел да разбуди свест за тоа дека му се заканува опасност од потполно уништување. Преку Осија и Амос, Тој праќал пораки една по друга, со барање потполно да се покајат и така да ја избегнат несреќата која ќе биде резултат на непрекинати престапи. Осија говорел: “Оравте безбожност, жнеевте беззаконие, јадевте плод на измама: затоа што се надеваше на својот пат и на мноштвото свои јунаци. Затоа бојна врева ќе се подигне меѓу твојот народ, и сите тврдини ќе ти бидат разурнати… во зората ќе го снема засекогаш израелскиот цар.” (Осија 10:13-15).
Пророкот сведочел за Ефрем: (пророкот Осија честопати го споменува Ефрем – водач во отпадништво помеѓу израелските племиња – како симбол на отпадничката нација) “Туѓинците ја јадат неговата сила, а тој тоа и не го знае; седите коси му ја обелија главата, а тој тоа не го знае.” “Израел го остави доброто.” “Поразен преку суд,” неспособен да ги увиди страшните последици од својот лош живот, десетте племиња наскоро требаа да бидат “талкачи меѓу народите”. (Осија 7:9; 3; 5:11; 9:17).
Некои од водачите во Израел јавно чувствувале дека угледотезагубен и посакуваледа го повратат. Меѓутоа, наместо да се одречат од постапките кои го ослабеле царството, тие и понатаму живееле во беззаконие залажувајќи се дека кога ќе им се даде за тоа можност, ќе се здобијат со власта која што ја посакувале, со тоа што ќе се здружат со незнабошците. “Кога Ефрем ја виде својата болест, а Јуда својата рана, Ефрем тргна во Асирија.” “Ефрем е исто така како глупав гулаб без срце: тие го повикуваат Египет, одат во Асирија. “Тие прават завет со Асирците.” (Осија 5:13; 7:11; 12:2).
Преку Божјиот човек кој се појавил во Ветил, преку Илија и Елисеј, преку Амос и Осија, Господ во повеќе наврати им укажал на десетте племиња за злата од непослушноста. Меѓутоа, покрај сите укори и молби, Израел се подлабоко тонел во отпадништво. “Зашто како тврдоглава јуница, Израел стана тврдоглав,” вели Господ “Мојот народ е наклонет кон отпаѓање”. (Осија 4:16; 11:7).
Понекогаш небесните казни страшно се излевале на разбунтуваниот народ. Господ објавил: “Ги сечев преку пророците и ги убивав со зборовите на Својата уста, и твојот суд ќе излезе како светлина. Зашто милоста ја сакам, а не жртви, и познавањето на Бога, повеќе од палениците. Но тие како луѓето го прекршија заветот и тука Me изневерија Мене.” (Осија 6:5-7).
“Чујте го Господовото слово, вие деца Израилеви” – гласела пораката која им била конечно упатена: “Бидејќи го заборави законот на својот Бог, и јас ќе ги заборавам децата твои. Колку повеќе ги имаше, толку повеќе грешеа против мене, затоа славата нивна ќе ја заменам со срам… ќе ги казнам за нивните патишта и ќе им платам за нивните дела.” (Ос. 4:1; 6-9)
Израелевото беззаконие во текот на последната половина од векот која претходела со асирско ропство, било слично со беззаконието во Ноевото време и во сите други векови кога луѓето го отфрлале Бога и се препуштиле целосно на чинење зло. Возвишувањето на природата над Богот на природата, обожувањето на созданието наместо Создателот имало секогаш како последица најголеми зла. Така и Израеловиот народ поклонувајќи се на Ваал и Астарота, оддавајќи најголема почит на природните сили, ги раскинал сите врски со сето она што воздига и облагородува, и станал плен на искушенија. Бидејќи била срушена одбраната на душата, заведените поклоници немале повеќе никаква заштита од гревот, и се предале себеси на злите страсти на човековата природа.
Пророците го подигале својот глас против очевидното угнетување, грубата неправда, необичниот луксуз и претераност, бесрамните гозби и пијанства, против суровата распуштеност и расипаноста на нивното столетие. Но залудни биле сите нивни укори, залудно било нивното разоткривање на гревот. Амос вели: To мразат човекот што дели правда при вратата, и го корат оној што зборува чесно.” To угнетуваат праведникот, примаат поткуп, го одбиваат од правда сиромашниот при градската врата.” (Амос 5:10,12).
Тоа биле некои од настанатите последици кои го прателе поставувањето на двете златни телиња од страна на Јеровоам. Првите отстапувања од утврдените облици на богослуженија довеле до внесување на погруби облици на идолопоклонство, така што на крајот скоро сите жители ги прифатиле заводливите обреди на обожување на природата. Заборавајќи го својот Создател, Израел “падна во длабока расипаност.” (Осија 9:9).
Пророците и понатаму го подигале својот глас против тие зла и се заложувале за правда. “Сејте праведност, ќе пожнеете милост, орајте ја необработената земја: затоа што е време да го барате Господа, додека не дојде и да ви дожди врз вас праведност”, говорел Осија. “Врати Му се ти на својот Бог, чувај ги милоста и справедливоста и надевај се секогаш во својот Бог.” “Израелу, врати се кај Твојот Господ Бог, зашто падна заради Твоето беззаконие…речете му: Одземи го од нас сето беззаконие и прими не милостиво.” (Осија 10:12; 12:6; 14: 1, 2)
На престапниците им биле дадени многу прилики да се покајат. Во часот кога биле најдалеку од Бога и се наоѓале во најголема неволја, Бог им пратил вест за простување и надеж. “О Израеле,” објавил Тој, “се уништи себеси, меѓутоа во Мене лежи твојата помош. Јас ќе бидам твој Цар: каде е некој друг кој што може да те спаси?” (Осија 13:9-10).
“Ајде да Му се вратиме кон Господа! Тој раскина, и Тој ќе не исцели,” ги повикувал пророкот, “Тој ни има нанесено порази и тој ќе ни ги завитка раните. По два дена ќе не оживее, и на третиот ден ќе не подигне, и ние ќе живееме пред Hero. Тогаш ние ќе знаеме доколку се стремиме да го запознаеме Господа; како утринска зора е Неговото јавување. Тој ќе ни дојде како дожд, како доцен и ран дожд што ја натопува земјата.” (Осија 6:1-3).
Господ им нудел преобразување и мир на сите оние кои се под влијание на силата на сатаната и го изгубиле од вид планот на спасението на грешниците. “Ќе ги исцелам од нивното отлаѓање, ќе ги љубам од сето срце, зашто Мојот гнев се одврати од нив. Ќе му бидам како роса на Израел; тој ќе цвета како лилјан; ќе пушти корен како на Ливан, ќе ги шири гранките далеку, славата ќе му биде како на маслината, мирисот како Ливан. Пак ќе се врати на Мојата сенка, ќе ја одгледува својата пченица, ќе ги одгледува лозјата што ќе го добијат името на ливанското име. Ефреме, што имаш ти уште со идолите? Јас го послушав и погледав. Јас Сум како зелениотчемпрес: преку Мене си плодоносен со плодови.”
“Кој е мудар, за да ги разбере овие нешта, разумниот, и да ги осознае!
Зашто Господовите патишта се прави: праведниците одат по нив, а грешниците паѓаат на нив.” (Осија 14:4-9)
Пророците сесрдно му укажувале на народот од благословите на барањето на Бога. “Барајте ме Мене и ќе живеете. He барајте го Ветил, не одете во Галгал, не патувајте во Вирсавеа, зашто Галгал ќе биде одведен во ропство, а Ветил ќе се претвори во ништо”, ги повикувал Господ.
“Барајте го доброто, а не злото, за да живеете, и за да биде Господ, Бог над воинствата со вас, како што рековте. Мразете го злото, љубете го доброто, пазете ја правината, при градската врата, па можеби Господ, Бог над воинствата, ќе му се смилува на Јосифовиот остаток.” (Амос 5:4, 5, 14, 15).
Но најголемиот дел од оние кои што го слушнале овој повик одбил да го искористи тоа. Зборовите на Божјиот гласник биле во таква спротивност со желбите на закоравените грешници, што свештеникот кој што служел на идолите во Ветил му пратил порака на Израеловиот цар: “Амос се завери против тебе сред Израеловиот дом; земјата веќе не ќе може да ги поднесува сите неговите зборови.” (Амос 7:10).
Преку Осија Господ објавил: “Кога сакам да го исцелувам Израел, се открива Ефремовото беззаконие и злобата на Самарија.” “Израеловата гордост сведочи во нивните очи и тие не се враќаат кај Господа, својот Бог, и покрај се, тие не Го бараат.” (Осија 7:1, 10).
Господ од генерација во генерација им простувал на своите непокорни деца, и дури сега, токму во отворениот бунт, Тој сеуште копнеел да им се открие како Оној кој сака да ги спаси. “О Ефреме,” Тој извикувал “што можам да сторам за тебе? Што можам да сторам за тебе, Јудо? Вашата побожност е како утрински облак, и како рана роса ја снемува.” (Осија 6:4).
Злото кое ја преплавило земјата станало неизлечиво, така што над Израел била изречена страшна осуда: “Ефрем се здружи со лажни богови; остави го.” “Дојдоа деновите на твојата казна, дојдоа деновите за отплата; нека разбере Израелот.”
Десетте Израилеви племиња морале да ги соберат плодовите од своето отпадништво кое започнало со подигање на туѓи олтари во Ветил и Дан. Божјата вест гласела: “Твоето теле, Самаријо, те отфрли тебе; Мојот гнев се распламте против нив; до кога ќе останат нечисти Израилевите синови? Зошто од Израел беше тоа: некој уметник го направи тоа, и тоа не е Бог; Самариското теле ќе биде скршено на парчиња.” “За ветавенското теле треператжителите на Самарија; да, над него ќе тагува неговиот народ, неговите свештеници кои му се радуваа… И тој самиот ќе биде врзан и одведен во Асирија како дар на царот Јарим (Сенахирим)” (Осија 8:5, 6; 10:5, 6).
“Ете, очите на Господа Бога насочени се кон грешното царство, ќе го избрише од лицето на земјата. Сепак нема да го сотрам сосем Јакововиот дом – говори Господ, зашто, ете, ќе дадам заповед, и ќе го расеам Израеловиот дом меѓу сите народи, како што се сее жито во решето, но сепак нема да падне ни зрнце на земјата. Сите грешници од Мојот народ ќе паднат од меч, сите кои ќе речат: Нема да дојде, ниту ќе не стигне несреќа.”
“Ќе пропаднат куќите од слонова коска, и големите куќи ќе исчезнат, вели Господ.” “Зашто кога Господ се допира до земјата, таа се растопува и тажат сите кои живеат на неа.” “Твоите синови и ќерки ќе паднат од меч, твојата земја ќе биде поделена со јаже, и ти ќе умреш на нечиста земја, а Израел ќе отиде во заточение од својата земја.” “Бидејќи така ќе постапам со тебе, подготви се, Израеле, да го пресретнеш Својот Бог.” (Амос 9:8-10; 3:15; 9:5; 7:17; 4:12).
Претскажаните казни за некое време изостанале и Израеловата војска во текот на долгото владеење на царот Јеровоам II задобила големи победи; нотоа време на привиден напредок не довело до никакви промени во закоравените срца, така што најпосле е изречена пресуда: “Јеровоам ќе загине од меч, а Израел од својата земја ќе биде одведен во заточение.” (Амос 7:11).
Иако страшна, оваа осуда не оставила никаков впечаток врз царот и народот, бидејќи биле длабоко завлезени во грев. Еден од водечките идолопоклонички свештеници во Ветил, Амасија, огорчен од зборовите кои што пророкот ги изговорил против народот и царот, му рекол на Амоса: “Оди си гледачу, бегај во Јудината земја, таму јади леб и таму пророкувај: но во Ветил веќе да не пророкуваш, зашто ова е царско светилиште, царски дом.” (Амос 7:12, 13).
Пророкот на тоа одлучно одговорил: “Затоа Господ зборува вака… Израел сигурно ќе отиде во заточение од својата земја.” (Амос 7:17).
Зборовите изговорени против отпадничките племиња буквално се исполниле но сепак царството постепено било уништено. Господ во својот суд покажал милост, затоа што “кога Фул, царот на Асирија, ја освои земјата,” не го одведе во ропство Менахим, Израеловиот цар, туку му дозволил да остане на својот престол како асирски вазал. “Менахим му даде на Фула илјада таланти сребро за да му помогне да ја зацврсти царската власт во своите раце. И Менахим ги собра тие сребреници од Израел, од сите имотни луѓе, од секој човек по педесет сикли сребро, за да му ги даде на асирскиот цар. (2. Царства 15:19, 20). Бидејќи потчиниле десет племиња, Асирците за некое време се вратиле во својата земја.
Менахим не само што не се покајал за злото кое го нанел на своето царство, туку “не отстапуваше од гревовите на Јеровом, синот Наватов, кој го заведе Израел”. (2. Царства 15:18-24. 28). Неговите наследници Факија и Фекај исто така правеа “што беше зло пред Господа.” “За време на Фекај,” кој владеел дваесет години, асирскиот цар Теглат-Феласар навлегол во Израел и однел во ропство голем број луѓе од племињата кои живееле во Галилеја и источно од Јордан. “Рувимовците и Гадовците и половина од племето Манасија”, како и други жители на “Галад и Галилеја и сета Нефталимова земја” биле расеани помеѓу незнабошците, во земји далеку од Палестина.
Северното царство никогаш повеќе не закрепнало од овој страшен удар. Она малку од него што останало имало некоја формална независност но без никаква реална власт. По Фекај владеел само уште еден цар, Осија. Царството било осудено засекогаш да го снема од лицето на земјата. Но Бог, дури и во тоа време на жалост и неволји, покажувал милост и уште еднаш му дал на народот можност да се одрече од идолите. Во третата година од владеењето на Осија, во Јуда почнал да владее добар цар Езекија, кој многу брзо извршил реформи на службата во храмот во Ерусалим. На празникот Пасха не биле повикани само племињата на Јуда и Венијамин, над кои Езекија владеел како помазан цар, туку и сите северни племиња. Била разгласена објава “по сиот Израел од Вирсавеа па до Дан за да дојдат и да направат Пасха на Господа, Израеловиот Бог, во Ерусалим, зашто премногу не ја празнуваа како што е напишано.”
“Така отидоа гласниците со писмата од царот и од неговите кнезови, по сиот Израел и Јуда,” според царевата заповед: “Израилеви синови, обратете се повторно кон Господа, Аврамовиот, Исаковиот и Израеловиот Бог, па и Тој ќе се обрати кон остатокот од вас, кој ви остана од рацете на асирските цареви… Немојте да бидете тврдоглави како вашите татковци, туку предадете му се себеси на Господа и дојдете во Неговото Светилиште, кое Тој го посвети засекогаш, и служете Му на Господа, својот Бог, па ќе го одврати од вас Својотжесток гнев. Ако Му се обратите на Господа, вашите браќа и вашите синови ќе најдат милост во оние кои ги заробија, па ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, вашиот Бог е милосрден и милостив, и нема да го одврати Своето лице од вас, ако вие Му се обратите Нему.” (2. Летописи 30:5-9).
И гласниците на царот Езекија “тргнаа од град до град по Ефремовата и Манасиевата земја дури до Завулон.” Израел во тој повик требало да препознае Господов повик, за да се покае и повторно да Му пријде. Но остатокот од десетте племиња, кој сеуште живеел на територијата на некогашното така среќно северно царство, бил рамнодушен кон гласниците од Јудеја, и дури ги исмејувал. “Им се потсмеваа и се подигруваа со нив.” Меѓутоа, извесен број луѓе со задоволство се отповикале на повикот. “Некои од Асировото, од Манасиевото и од Завулоновото племе се понизија себеси и дојдоа во Ерусалим… да го прослават празникот пресни лебови.” (Стихови 10-30).
Речиси две години подоцна во Самарија влегле асирските чети под Салманасар; дошло до опсада во која многу луѓе пропаднале од глад, болест и меч. Градот и нацијата паднале, а кутриот остаток од десетте племиња одведен во ропство и раселен по разни покраини на асирското царство.
Уништувањето на северното царство претставувало директна казна од Небото. Асирците биле само орудие во Божјите раце, со кои Тој се послужил за да ја оствари својата намера. Преку Исаија, кој почнал да пророкува непосредно пред падот на Самарија, Господ рекол за Асирците дека се “прачка на Мојот гнев.” “Палката во нивната рака,” Тој рекол, “е Мојата јарост.” (Исаија 10:5).
“Израелците згрешија против Господа… и правеа лоши дела.” “Но тие не послушаа, туку… и ги отфрлија Неговите одредби и Заветот што го склучи со нивните татковци, и Неговите сведоштва со кои им ги упатуваше.” Токму затоа што “ги отфрлија сите заповеди на Господа, својот Бог, и си направија за себе леани кипови, две телиња, подигнаа ашери, и се клањаа на сета небесна војска и му служеа на Ваала,” и упорно не сакале да се покајат, Господ “ги понижи и им го предаде на ограбувачите, додека не ги отфрли конечно далеку од Своето лице,” во согласност со јасните предупредувања кои им ги даде “преку сите Свои слуги, пророците.”
“Ги одведе Израелците од нивната земја во Асирија,” “зашто не го послушаа гласот на Господа, својот Бог, и зашто го прекршија Неговиот Завет и се што им нареди Мојсеј, Господовиот слуга.” (2. Царства 17:7, 11, 14-16, 20, 23; 18:12).
Со страшните казни кои ги нападнале десетте племиња, Господ сакал да постигне мудра и милостива цел. Растурајќи ги по незнабожечките земји, имал намера преку нив да го оствари она што не можел повеќе да го направи во земјите на нивните татковци. Морал да се оствари Неговиот план на спасение за сите оние кои ќе посакаат да добијат простување преку Спасителот на човечкиот род. Тој преку неволјите кои го снашле Израел, подготвувал пат Неговата слава да им се открие на сите народи на земјата. Меѓу оние кои биле одведени во ропство, не биле сите закоравени грешници. Имало и луѓе кои останале верни на Бога и други кои се понизиле пред Hero. Преку овие, “синови на живиот Бог,” (Осија 1:10) Бог сакал да ги запознае народите во асирското царство со својот карактер и благодетите на својот закон.

Сподели го ова:

Similar Posts