9. СЕДМИЦАТА ИМА БУКВАЛНО ЗНАЧЕЊЕ
Седмицата, исто како и саботата, води потекло од создавањето на светот и како таква е сочувана во библиската историја и останала до денешен ден. Првата седмица ја одмерил лично Бог како мостра за сите седмици до крајот на времето. Како и секоја друга, и таа се состоела од седум буквални денови. Шест дена Бог поминал во делото на создавањето, а во седмиот ден си починал, затоа тој ден го благословил и им го определил на луѓето за одмор. {ПП 111.1}
Во законот објавен на Синај, Бог ја истакнал седмицата и ги објаснил фактите врз кои таа се заснова. Давајќи ја заповедта, „Помни го саботниот ден, за да го празнуваш” и одредувајќи што треба да се прави во текот на шесте дена а што не треба да се прави во седмиот ден, Тој ја навел причината за таквото гледиште за седмицата, укажувајќи на својот сопствен пример: „Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети” (Излез 20:8-11). Ова е прекрасна и убедлива причина дека деновите на создавањето треба да се сметаат за природни, буквални денови. Првите шест дена во седмицата му се дадени на човекот за работа, зашто Бог исто толку време во првата седмица поминал во делото на создавањето. Во знак на сеќавање на починката на Творецот, човекот во сабота не треба да работи никаква работа. {ПП 111.2}
Меѓутоа, претпоставката дека за настаните во првата седмица биле потребни илјадници и илјадници години, удира во темелот на четвртата заповед. Со тоа Творецот се прикажува како заповедник кој од луѓето бара една обична седмица од седум природни денови да ја сметаат за спомен на некаков голем и неопределен временски период. Но тоа во никој случај не може да се сообрази со неговиот начин на постапување со луѓето. На тој начин се прави неодредено и магливо она што Тој го сторил толку јасно. Таквите и слични сфаќања потекнуваат најчесто од нечестивиот, и поради тоа од најопасниот вид на неверување. Вистинскиот карактер на ваквото сфаќање толку е увиен, што му подлегнуваат мнозина и од оние кои тврдат дека веруваат во Библијата. {ПП 111.3}
„Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни… зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа” (Псалм 33:6,9). Во Библијата нема ниту трага за некакви долги векови во кои земјата постепено се развивала од хаос. За секој последователен ден на создавањето, Светото писмо кажува дека имал вечер и утро, како и секој друг ден што настапил подоцна. При завршувањето на секој од тие денови, се соопштува што создал Творецот во тој ден. А на крајот од извештајот за првата работна седмица се кажува: „Ете така настанаа небото и земјата, во она време кога Господ Бог ги создаде земјата и небото” (Создавање 2:4). Од ова не може ништо друго да се заклучи туку дека деновите на создавањето биле такви какви и денешните, обични седмични денови. Секој од тие денови е наречен ден на создавањето, зашто секој ден Бог создал нешто ново. {ПП 112.1}
Геолозите тврдат дека во земјата можат да се најдат докази оти таа е многу постара отколку што учи Мојсеевиот извештај. Пронајдени се коски на луѓе и на животни, како и воено оружје, скаменето дрво итн. И сето тоа далеку е поголемо отколку што е денешното или што било во текот на последните неколку илјади години, па од тоа се изведува заклучок дека земјата била населена многу пред она време кое во историјата на создавањето е споменато како почеток и дека тие суштества, според телесната градба и големина далеку ги надминувале луѓето што живеат денеска. Со ваквите заклучоци и мнозина кои тврдат дека веруваат во Библијата се наведени да го прифатат гледиштето според кое деновите на создавањето биле долги, неопределени временски периоди. {ПП 112.2}
Меѓутоа, геологијата не може да докаже ништо со што би го побила библискиот извештај. Сите кои со толкава самоувереност ги прифаќаат ваквите откритија и донесуваат секакви заклучоци, немаат соодветна претстава за големината на претпотопните луѓе, на тогашните животни и дрвја, ниту за големите промени што настанале тогаш. Остатоците, најдени во земјата, даваат докази за приликите кои во многу нешта се разликуваат од денешните, но за времето во кое владееле тие прилики може нешто да се дознае само од инспирираните записи на Светото писмо. Вдахновението во историјата за потопот го објаснило она што геологијата никогаш не би го досегнала. Луѓето, животните и дрвјата од деновите на Ное, по неколкупати поголеми од денешните, се затрупани со наслојки земја и тоа е сочувано како доказ за идните поколенија дека претпотопниот свет навистина е уништен со вода. Божја намера била откривањето на овие остатоци да ја засили верата во инспирираната историја на Светото писмо, но луѓето во своите лекомислени и суетни заклучоци паѓаат во истата онаа заблуда во која паднале и жителите на претпотопниот свет – она што го дал Бог да им послужи на благослов, тие со својата злоупотреба го претвораат во проклетство. {ПП 112.3}
Со својата лукавост сатаната ги наведува луѓето да веруваат во измислиците на неверниците, зашто на тој начин може да го стори неразбирлив Божјиот закон кој сам по себе е сосема јасен, и да се осмели луѓето да ги стави во бунт против божественото владеење. Неговите напори посебно се насочени против четвртата заповед, зашто таа толку јасно укажува на живиот Бог, Творецот на небото и земјата. {ПП 113.1}
Постојано се вложуваат напори делото на создавањето да се прикаже како резултат на некакви природни причини и процеси; и човечките заклучоци, спротивни на јасните библиски факти, ги прифаќаат дури и оние кои тврдат дека се христијани. Мнозина се противат на истражувањето на пророштвата, особено на оние од книгата на Даниел и Откровението на Јован, тврдејќи дека тие се толку магливи и неразбирливи, што не можеме да ги сфатиме; а сепак, истите тие лица желно и одушевено ги прифаќаат претпоставките на геологијата што му противречат на она што го запишал Мојсеј. Меѓутоа, ако е тешко да се сфати она што го открил Бог, колку дури е недоследно да се прифатат само претпоставките за она што Тој не го открил! {ПП 113.2}
„Она што е тајно, Му припаѓа на Господ, нашиот Бог, а она што е јавно – нам и на синовите наши довека” (Второзаконие 29:29). Бог никогаш не им открил на луѓето сè потенко како го создавал светот; човечката наука никогаш нема да проникне во тајната на Севишниот. Неговата творечка моќ е недосеглива исто како и неговото постоење. {ПП 113.3}
Бог дозволил со помош на науката и уметноста да се излеат на светот млазеви светлина; но, оние што тврдат за себе дека се научници и уметници, ако ги изложат овие предмети од чисто човечко гледиште, без сомнение, ќе дојдат до погрешни заклучоци. Размислувањата за предметите што се над она што ни е откриено во Божјата реч, може да биде простодушно сѐ дотогаш додека нашите сфаќања не дојдат во противречност со фактите изнесени во светите списи. Но, оние што ја оставаат Божјата реч и што се обидуваат делото на создавањето да го објаснат со научни принципи, талкаат по непознат океан без карта и компас. И најголемите умови, ако се обидуваат да ја одредат границата меѓу науката и откровението, а не се раководат со Божјата реч, сигурно ќе се заплеткаат и ќе се збунат. Бидејќи Творецот и неговите дела во огромна мера ја надминуваат нивната моќ на сфаќање, тие не се во состојба тоа да го објаснат со природните закони и затоа библиската историја ја сметаат за несигурна. Оние што се сомневаат во веродостојноста на записите на Стариот и Новиот завет, ќе отидат и чекор понатаму ќе се сомневаат и во постоењето на Бога; и тогаш, губејќи ја котвата, остануваат препуштени сами на себе за да се парчосаат од карпите на неверството. {ПП 113.4}
Таквите ја губат едноставната вера. Верата во божествениот авторитет на светата Божја реч треба да биде непоколеблива. Библијата не смее да се испитува со човечките научни поими. Човечкото знаење е несигурен водач. Оние што се сомневаат во сѐ, кои Библијата ја читаат само затоа за да ситничарат и да критикуваат, со своето половично сфаќање и на Библијата и на науката, можат да тврдат дека во нив нашле противречности. Меѓутоа, кога правилно ќе се сфатат, Библијата и науката се во совршена хармонија. Мојсеј пишувал под водство на Светиот Дух и ако теоријата на геологијата правилно се примени, никогаш нема да дојде до такви откритија што не би можеле да се сложат со неговите наводи. Секоја вистина, и во природата и во откровението, е доследна на себеси во секое свое покажување. {ПП 114.1}
Во Божјата реч се поставуваат многу прашања на кои ниту најучените луѓе никогаш не ќе можат да одговорат. Особено се обрнува внимание на фактот дека и во највообичаените појави на секојдневниот живот има тајни што човечкиот ум, и покрај сета мудрост со која толку растурливо се фали, никогаш не ќе може потполно да ги сфати. {ПП 114.2}
Сепак, луѓето од наука мислат дека можат да ја сфатат Божјата мудрост во врска со она што Тој го сторил или што може да го стори. Широко е распространета идејата дека Бог со своите закони самиот себеси си ги врзал рацете. Луѓето или го побиваат постоењето на Бога и за него не сакаат ништо да знаат, или пак вообразуваат дека можат сѐ да објаснат дури и дејствувањето на неговиот Дух врз човечкото срце, и веќе не го почитуваат неговото име ниту се плашат од неговата сила. Тие не веруваат во натприродното, ниту пак ги сфаќаат Божјите закони и неговата бесконечна моќ преку нив да ја спроведува својата волја. Вообичаениот израз „закони на природата” го опфаќа она што луѓето успеале да го пронајдат и да го откријат во врска со законите што владеат во светот на природата; меѓутоа, колку ограничено и спечено е нивното сознание, а колку е огромна областа во која може да дејствува Творецот во сообразност со своите закони, а сепак потполно недосегливо за умот на ограничените смртници! {ПП 114.3}
Мнозина учат дека материјата има животна сила дека ѝ се дадени извесни способности и дека потоа е оставена да дејствува со својата сопствена енергија што е неразделна од неа, и дека природата во своето дејствување ги следи утврдените закони во кои не се меша дури ни Бог ниту може да влијае врз нив. Тоа е лажна наука, нешто што не може да се поткрепи со Божјата реч. Природата е само слуга на Творецот. Бог никогаш не ги укинувал своите закони ниту работел против нив, туку постојано ги користи нив како свои инструменти. Природата сведочи за присуството и за делотворната енергија на едно разумно Суштество кое дејствува преку неа и владее со нејзините закони. Во природата е присутно постојано дејствување на Отецот и Синот. Христос кажува: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам” (Јован 5:17). {ПП 114.4}
Во похвалната песна што ја запишал Немија, Левитите пееле: „Ти, Господи, Кој си еден, Ти го создаде небото, небесата на небесата и сета нивна војска, земјата и сè што е по неа… и Ти го оживуваш сето тоа, и небесните воинства Ти се поклонуваат” (Немија 9:6). Што се однесува до создавањето на овој свет, Божјото дело било целосно и совршено. Зашто „Неговите дела беа завршени уште при создавањето на светот” (Евреите 4:3). Но неговата сила сѐ уште се покажува во неговото постојано одржување на неговите созданија. Неизменетите отчукувања на пулсот и постојаниот здив не следат затоа што механизмот, еднаш ставен во движење, сам од себе и понатаму се движи, туку секој здив и секое отчукување на срцето претставуваат очигледен доказ на сеопфатната грижа на Оној со чијашто сила „живееме, се движиме и постоиме” (Дела 17:28). Земјата не го донесува секоја година изобилството свои плодови и производи, ниту без престан се движи околу сонцето, затоа што ја гони некоја сила што постои во самата неа. Божјата рака ги води планетите и ги одржува на нивните точно утврдени патеки по небото. „Кој го пресметал бројот на војската нивна? Тој сите нив ги нарекува по име”. (Исаија 40:26). Благодарение на неговата сила буи и се развива растителниот свет; само на тој начин пупката се развива во лист и така цвета цвеќето. Тој „прави да расте трева по горите” (Псалм 147:8). Со негова сила рамнините стануваат плодни. „Сите горски ѕверови… бараат од Бога храна” (Псалм 104:20,21). Сѐ живо на земјата, од најмалиот инсект, па до човекот, постојано зависи од грижата на неговото провидение. Според прекрасните зборови на псалмистот: „Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме.Им даваш – примаат, ја отвораш раката Своја – се наситуваат со блага” (Псалм 104:27,28). Неговиот збор владее со стихиите на природата. „Кој го покрива небото со облаци, подготвува дожд за земјата… дава снег како волна; сипува мраз како пепел” (Псалм 147:8,16). „Од гласот Негов шумат водите небески, и Тој ги крева облаците од краиштата земни, создава молскавици среде дожд и изведува ветар од Неговото пребивалиште” (Еремија 10:13). {ПП 115.1}
Бог е темел на сè што постои. Секоја вистинска наука е сообразена со неговите дела; секое вистинско образование го води човекот на послушност кон неговото владеење. Науката постојано изнесува на виделина нови чуда; таа успева да се вивне во далечните височини и секогаш да истражува нови длабини; но нејзините трагања не изнесуваат ништо што би било спротивно на божественото откровение. Стремејќи се да ги поткрепи лажните претстави за Бога, незнаењето може да се повикува на науката, но книгата на природата и пишаната Божја реч меѓусебно не се исклучуваат, туку, напротив, една со друга се надополнуваат и се осветлуваат. Тоа не тера кон Творецот да негуваме длабока почит и љубов и во неговата Реч да имаме доверба врз основа на здравиот разум. {ПП 115.2}
Меѓу смртниците нема суштество што би можело во целост да го сфати постоењето, моќ та, мудроста или делата на Оној кој нема ниту почеток ниту крај. Еден од светите писатели кажува: „Можеш ли во длабочините Божји да проникнеш? Можеш ли да го достигнеш совршенството на Седржителот?Тој е повисок од небесата, – што можеш да направиш? Подлабок е од пеколот, – што можеш да дознаеш?Подолга од земјата е мерката Негова и поширока од морето” (Јов 11:7-9). Ниту најсилните земни умови не можат со истражување да го досегнат и да го сфатат Бога. Можат луѓето уште многу да истражуваат и постојано да учат ново и ново, но над сето тоа сѐ уште останува бесконечноста. {ПП 116.1} За Божјата моќ и за неговата големина сведочат делата што ги создал Тој. „Небесата ја објавуваат Божјата слава, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен” (Псалм 19:1). Оние што ќе ја земат пишаната Божја реч за свој советник, во науката ќе најдат помошно средство полесно да го сфатат Бога. „Она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи се уште од создавањето на светот” (Римјаните 1:20). {ПП 116.2}