47. СОЈУЗ СО ГАВАОНЦИТЕ
Оваа глава е заснована на книгата на Исус Навин 9 и 10 глава
Од Сихем Израелците повторно се вратиле во Гилгал, првото место на нивното логорување во Ханан. Набргу тука ги посетило едно необично пратеништво. Луѓето од тоа пратеништво сакале со Израелците да стапат во преговори. Изјавиле дека доаѓаат од далечна земја, што можело и да се види по нивната надворешност. Облеката им била стара и изветвена, а обувките искрпени. Лебот што го понеле со себе се мувлосал, а старите мевови за вино биле искинати и подврзувани, како попатно набрзина да ги крпеле. {ПП 505.1}
Раскажувале како нивните сонародници во својата далечна татковина – божем надвор од границите на Палестина – слушнале за чудата што ги направил Бог за својот народ, па затоа ги пратиле со Израелците да склучат сојуз. На Евреите изрично им било нагласено да се пазат од каков и да е сојуз со идолопоклоничките жители на Ханан, и затоа нивните водачи се посомневале во вистинитоста на сè што раскажувале тие дојденици. „Вие, можеби, живеете близу до нас”, рекле водачите на Евреите. При тоа пратениците му одговориле на Исуса: „Ние сме твои робови”. Но кога Исус директно ги прашал: „Кои сте вие и од каде сте дошле”, тие ги повториле своите поранешни искази, и за да ја потврдат својата искреност додале: „Овој наш леб го зедовме од куќите наши топол во денот, кога тргнавме кон вас, а сега ете, тој се исушил и мувлосал;и овие мевови со вино, кои кога ги наполнивме беа нови, ете се испокинаа; и овие наши облеки и обувките изветвеа поради многу долгиот пат”. {ПП 505.2}
Ова имало преломно значење. Евреите „Господа не Го прашаа.Тогаш Исус склучи со нив мир и даде завет дека ќе им го зачува животот; и родоначалниците на заедницата им се заколнаа”. Така бил склучен сојуз, а по три дена вистината била откриена. Тогаш „слушнаа дека тие биле нивни соседи и дека живеат близу до нив”. Знаејќи дека не можат да им се спротивстават на Израелците со сила, Гаваонците прибегнале кон лукавство за да ги спасат своите животи. {ПП 505.3}
Негодувањето на Израелците кога дознале дека се прелажани на таков начин било мошне силно. Нивното нерасположение се зголемило уште повеќе кога по три дена пристигнале во гаваонските градови што се наоѓале недалеку од самиот центар на ветената земја. „Целата заедница Израелова негодуваше поради родоначалниците”. Но овие не се осмелиле да ја погазат и да ја раскинат спогодбата, иако таа била заснована на измама, зашто „им се заколнаа во Господ, Израеловиот Бог”. Затоа „синовите Израелови не ги погубија”. Гаваонците се заветувале дека ќе се откажат од идолопоклонството и ќе му служат на Господа. Во овој случај поштедувањето на животот на Гаваонците не значело прекршок на Божјиот налог идолопоклоничките жители на Ханан да се истребат. Со дадената заклетва Евреите не се обврзале да прават некој грев. Иако таа заклетва била постигната со измама, сепак, не смеела да се погази. Обврската на која се заколнуваме со даден збор – доколку не нè врзува да сториме некое зло – за нас треба да претставува светиња. Никакви обѕири кон добивка, кон можности за заработувачка, кон одмазда или кон лични интереси не смеат на никаков начин да влијаат врз неприкосновеноста на дадениот збор или заклетва. „Лажливата уста е одвратност пред Господ” (Изреки 12:22). „Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место?” „Кој кога се колне на својот ближен, не порекнува” (Псалм 24:3; 15:4) {ПП 506.1}
На Гаваонците им било дозволено да живеат, но биле обврзани како слуги во Светилиштето да ги извршуваат сите најтешки работи. „Ќе сечете дрва и ќе носите вода за (мене и за) домот на мојот Бог!” Овие услови тие ги прифатиле со благодарност, бидејќи биле свесни дека згрешиле и дека морале да се радуваат што им е дадена можност да го откупат својот живот на кој било начин. „Сега, ете, ние сме во твои раце”, му рекле тие на Исуса Навина, „како ти се чини дека е подобро и посправедливо да постапиш со нас, така и направи”. Со векови нивните потомци биле поврзани со службата во Светилиштето. {ПП 506.2}
Областа на Гаваонците опфаќала четири града. Немале цар, туку совет на старешини и сенатори. Најзначајниот од нивните градови, Гаваон, „беше голем град, како еден од царските градови”, „и сите жители негови беа храбри луѓе”. Израелците влевале голем страв меѓу жителите на Ханан, а впечатлив пример за тоа бил фактот што жителите на еден толку силен град морале да прифатат таква понижувачка улога само да го спасат животот. {ПП 506.3}
Меѓутоа, за Гаваонците би било многу подобро кон Израелците да се однесувале искрено. Додека потчинувањето на Јехова им осигурувало спасение на животот, измамата им донела срам и ги сторила робови. Бог се погрижил во благословите на заветот да можат да учествуваат сите што ќе се откажат од незнабоштвото и ќе се соединат со Израел. Под изразот: „дојденецот што е кај тебе”, се мислело и на нив; и со мали исклучоци, и тие имале право на истите благодати и предимства како и Израелците. Божјата заповед гласела: ПП 507.1}
„Кога придојден ќе се насели во земјата ваша, не притеснувајте го;придојдениот меѓу вас нека ви биде исто како тукашен; сакајте го како себеси” (Левитска 19:33,34). Што се однесува до Пасха и до принесувањето на жртвите, било наредено: „За вас, народот Господов, и за придојдениот, кој живее меѓу вас, законот да биде еден … што сте вие, тоа да биде и придојдениот пред Господ” (Броеви 15:15). {ПП 507.2}
Такви биле условите под кои и Гаваонците можеле да бидат примени да не прибегнале кон измама. За жителите на Гаваон, кој „беше како царски град”, и чиишто жители „беа храбри луѓе”, не било ниту малку лесно да се понизат и да станат слуги кои на целиот собир ќе им цепат дрва и ќе носат вода. Но тие, со намера да измамат, облекле изветвена облека која останала на нивните рамена како знак на доживотно слугување. Така тие во текот на сите генерации со својата подредена положба претставувале сведоштво за Божјата омраза кон невистината. {ПП 507.3}
Подјармувањето на Гаваонците од страна на Израел ги исполнило со страв срцата на хананските цареви. Веднаш се преземени мерки да им се одмаздат на оние што склучиле мир со напаѓачите. Под водство на ерусалимскиот цар Адони-Седек, пет ханански цареви стапиле во сојуз против Гаваонците. Тие нагло навлегувале, а Гаваонците не биле подготвени за одбрана, па пратиле пратеници кај Исуса во Гилгал. „Не кревај раце од твоите слуги; дојди поскоро кај нас, избави нè и помогни ни; зашто против нас се собрани сите аморејски цареви, што живеат во планините”. Опасноста не им се заканувала само на Гаваонците, туку и на Израелците. Тој град ги држел премините за средна и јужна Палестина и морал да се одржи по секоја цена ако требало да се освои земјата. {ПП 507.4}
Приготвувајќи се, Исус Навин веднаш тргнал Гаваон да го ослободи од опсадата. Жителите на опседнатиот град се плашеле дека тој ќе го отфрли нивниот повик затоа што го измамиле; но, со оглед на тоа што тие им се предале на Израелците и се согласиле да му служат на вистинскиот Бог, Исус Навин чувствувал обврска да ги заштити. Овој пат не сакал да тргне без Божји совет и Господ го храбрел да го преземе тој чекор. „Не плаши се од нив, зашто Јас ги предадов во твои раце: никој од нив нема да остане пред тебе”. „И ги нападна Исус ненадејно, откако цела ноќ беше одел од Гилгал”. ПП 507.5}
Одејќи пеш цела ноќ, Исус Навин со својата војска в зори бил пред Гаваон. Кнезовите заговорници уште не се распоредиле околу градот кога Исус ги нападнал. Нападот завршил со целосен пораз над заговорниците. Голем број од поразените војници се повлекувале пред Исуса кон Веторон; бегајќи така стигнале на врв на една карпа и се струполиле „по падините на Веторонската планина” на другата страна од планината. Тогаш врз нив се урнало жестоко невреме, „Господ фрлаше врз нив од небото големи камења … бројот на погинатите од камењата беше поголем, отколку на оние, што синовите Израелови ги убија со меч во борбата”. {ПП 508.1}
Додека Аморејците бегале главечкум, надевајќи се дека некаде во планинските тврдини ќе најдат засолниште, Исус, гледајќи од врвот на еден вис, заклучил дека денот е премногу кус за да го заврши започнатото дело. Ако непријателите не ги дотолчи потполно, тие набргу пак ќе се соберат и повторно ќе почне битка. „Тогаш Исус Му рече на Господ пред Израелците: ‘Запри се, сонце, над Гаваон, и ти, месечино, над долината Ајалон!’ И сонцето застана, и месечината стоеше, додека Бог им се одмаздуваше на нивните непријатели… Сонцето застана на небото и не брзаше да зајде скоро цел ден”. {ПП 508.2}
Пред да се стемни, се исполнило Божјото ветување дадено на Исуса Навина. Сета непријателска војска била предадена во негови раце. Настаните што се одиграле тој ден засекогаш требало да останат во сеќавање на Израелците. „Ни порано ни подоцна немало таков ден како оној, во кој Господ така послушал човечки глас. Зашто Господ војуваше за Израел”. „Сонцето и Месечината застанаа на своето место пред болскотот на вперените стрели Твои, пред светкањето на сјајните копја Твои.Во гнев одиш по земјата и во јарост ги газиш народите.Ти излегуваш за спасение на народот Твој” (Авакум 3:11-13). {ПП 508.3}
Божјиот Дух ја инспирирал молитвата на Исуса Навина за да се даде уште еден силен и непобитен доказ за силата и моќ та на Израеловиот Бог. Затоа ова барање од страна на големиот водач не било дрско пречекорување на дозволеното. На Исуса Навина му било ветено дека Бог ќе ги совлада неговите непријатели; но сепак, тој се трудел толку сесрдно како успехот потполно да зависел само од израелската војска. Сторил сè што може да стори човечката сила, а потоа со вера пекал пред Бога за помош. Тајната на успехот лежи во поврзувањето на Божјата сила со човечките напори. Најголем успех постигнуваат оние кои без притеснување се потпираат врз мишката на Семожниот. Истиот оној човек кој наредил: „Запри се, сонце, над Гаваон, и ти, месечино, над долината Ајалон”, со часови се молел пред Бога со наведено лице до земја во логорот кај Гилгал. Луѓето од молитва се луѓе со духовна сила. {ПП 509.1}
Ова силно чудо сведочи дека над сè што е создадено владее Творецот. Сатаната се труди манифестацијата на Божјата движечка сила во природниот свет да ја скрие пред очите на луѓето – да го загубат од вид неуморното дејствување на првиот голем Зачетник. Ова чудо претставува прекор за сите што ја издигнуваат природата над Бога кој ја создал природата. {ПП 509.2}
Бог по своја волја ги повикува сите сили на природата да ја поразат и да ја уништат моќта на неговите непријатели „огнот и градот, снегот и мразот, и ти, бурен ветру, кој го исполнуваш словото Негово” (Псалм 148:8). Кога незнабожечките Аморејци се подигнале да ги спречат Божјите намери, Тој интервенирал, фрлајќи озгора „големи камења” врз непријателите на Израел. За големата битка што ќе се одигра во последните сцени на светската историја, пророкот кажува: „Господ ја отвори ризницата Своја и оттаму го зеде оружјето на гневот Свој” (Еремија 50:25). „Си влегувал ли ти во местата на снегот и си ги видел ли сокровиштата на градот,што Јас ги чувам за смутно време, за денот на битка и војна?” (Јов 38:22,23). {ПП 509.3} Опишувајќи го унишутвањето што ќе уследи кога ќе одекне „силен глас кој извика: ‘Се сврши’, писателот на Откровението кажува: „И град, голем како талант, падна од небото на луѓето” (Откровение 16:17,21). {ПП 509.4}