8. ПО ПОТОПОТ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 7:20 – 9:27

Водата надошла до петнаесет лакти (околу седум метри, заб. на прев.) над врвот на највисоката планина. Често на семејството што се наоѓало во ковчегот му се чинело дека мора да пропаднат, зашто нивниот брод пет долги месеци бил носен ту наваму ту натаму привидно препуштен на милоста на ветерот и на брановите. Тоа било тешко искушение, но верата на Ное не се колебала зашто бил убеден дека на кормилото се наоѓа Божјата рака. {ПП 105.1}

Кога водата почнала да се повлекува, Господ сторил ковчегот да доплови во еден предел заштитен со венци од планини што биле сочувани со неговата сила. Растојанието меѓу тие планини не било големо, па ковчегот во тоа пристаниште мирно се движел; не бил веќе гонет по бескрајниот океан. Тоа за уморните патници, гонети од страшната луња, било големо олеснение. {ПП 105.2}

Ное и неговото семејство загрижено и копнежливо очекувале водата да се повлече, зашто толку долго и жедно морале да чекаат со своите нозе да зачекорат на сува почва. Четириесет дена по појавувањето на планинските врвови, пуштиле гавран, птица со силно развиено сетило за мирис да открие дали земјата се просушила. Но бидејќи не нашла ништо освен вода, птицата постојано се враќала во ковчегот секогаш кога би полетала од него. Седум дена подоцна пуштиле гулаб кој, не наоѓајќи суво место каде што би можел да се спушти, се вратил во ковчегот. Ное почекал уште седум дена и тогаш повторно го пуштил гулабот. Кога истиот ден навечер гулабот се вратил со маслинов лист во клунот, во ковчегот завладеала голема радост. Потоа „Ное го отвори покривот на ковчегот, погледна и виде дека површината на земјата беше поисушена”. Но сѐ уште стрпливо чекал. Бидејќи во ковчегот влегол на Божја заповед, чекал посебно упатство да излезе од него. {ПП 105.3}

Најпосле од небото дошол силен ангел, ја отворил масивната врата и им заповедил на патријархот и на членовите на неговото семејство да излезат од ковчегот и да изведат од него сѐ што било живо. Во својата голема радост и олеснение, Ное не го заборавил Оној со чија милостива заштита биле сочувани. Прво што сторил кога излегол од ковчегот било да подигне олтар и на него да принесе по една жртва од секое чисто животно и чиста птица, покажувајќи му ја со тоа својата благодарност на Бога за ослободувањето и својата вера во Христа како голема жртва. Тој принос му бил мошне угоден на Господа и им донел благослов не само на патријархот и на неговото семејство, туку и на сите што ќе живеат на земјата. „И Господ го почувствува пријатниот мирис, па рече во срцето Свое: „Нема повеќе да ја проколнувам  земјата поради човекот… И Господ го почувствува пријатниот мирис, па рече во срцето Свое: „Нема повеќе да ја проколнувам  земјата поради човекот”. Во ова лежи една поука за сите идни поколенија. Ное излегол на опустена земја, но пред да си изгради себеси куќа, му подигнал олтар на Господа. Резервата во стока му била малечка и само со големи маки можел да ја одржи, а сепак радо изделил од неа за жртва во знак на признание дека сѐ му припаѓа на Бога. Исто така и нам прва грижа треба да ни биде да му ги принесеме на Господа своите доброволни прилози. За секоја негова укажана милост и љубов кон нас треба да покажеме признание и благодарност како со нашите побожни дела, така и со нашите прилози за напредок на неговото дело. {ПП 105.4}

За луѓето да не се плашат од повторен потоп, при секое облачење на времето и при секоја појава на дожд, Господ семејството на Ное го охрабрил со ветување: „го поставувам заветот Мој со вас дека отсега нема веќе ниедна плот да загине од потоп и дека повеќе не ќе има потоп да ја запустува земјата… божилак Свој поставувам во облакот, за да биде знак на вечниот завет меѓу Мене и земјата” (Создавање 9:11,13). {ПП 106.1}

Колкава Божја проникливост и колкаво сочувство кон заблудените созданија на неговите раце може да се види во поставувањето на сјајното и прекрасно виножито во облаците како знак на неговиот завет со нив! Господ кажува дека, кога ќе го погледне виножитото во облаците, ќе си спомне за својот завет. Тоа не значи дека Тој својот завет може да го заборави, туку ни зборува со наш јазик за полесно да можеме да го разбереме. Божја намера била на децата на идните поколенија, кога ќе запрашаат за значењето на величествениот лак кој се појавува на небото по дождот, нивните родители да им ја повторуваат историјата за потопот, нагласувајќи дека Севишниот го поставил виножитото во облаците како гаранција дека светот никогаш веќе нема да го потопи вода. На тој начин тоа, од поколение до поколение ќе биде постојан знак и сведок за божествената љубов кон луѓето и ќе ја засилува нивната доверба во Бога. {ПП 106.2}

Сјај, сличен на виножито, на небото го опкружува Божјиот престол и ја обвива Христовата глава. Пророкот кажува: „Како што изгледа виножитото во облаци, во дождовен ден, таква беше таа светлина наоколу” (Езекиел 1:28). А писателот на Откровението изјавува: „И ете, на небото стоеше престол, и на престолот седеше Некој…а околу престолот виножито, кое прилегаше на смарагд” (Откровение 4:2,3). Кога човекот со својот голем грев предизвикал божествена казна, тогаш Спасителот, заземајќи се пред Отецот за нас, укажува на виножитото што се гледа во облаците, на виножитото што го опкружува Божјиот престол и ја обвиткува неговата глава како знак на Божјата милост кон грешникот кој се кае. {ПП 107.1}

Со овој знак на гаранција даден на Ное во врска со потопот, Господ поврзува едно од најдрагоцените ветувања на својата милост: „Зашто тоа за Мене е како потопот за време на Ное: како што се заколнав дека потоп нема повеќе да дојде на земјата, така се заколнав дека нема да ти се лутам, ниту да те прекорувам.Планини ќе се поместат, и ридови ќе се разнишаат, но Мојата милост нема да отстапи од тебе и заветот на Мојот мир нема да се разниша, вели Господ, Кој те милува” (Исаија 54:9,10). {ПП 107.2}

Кога Ное ги видел силните и големи животни и опасните крволочни ѕверови кои заедно со него излегувале од ковчегот, се уплашил да не го растргнат неговото малечко семејство кое броело сѐ на сѐ осум души. Но Господ на својот слуга му пратил ангел со порака што охрабрува: „А сите земни животни (и сиот земен добиток) и сите небески птици, и сè што лази по земјата, и сите морски риби да се плашат од вас: во ваши раце се предадени.Сè што се движи и живее, ќе ви биде храна; сè ви давам, како што ви ги бев дал зелените билки” (Создавање 9:2,3). Пред тоа Бог не му дозволил на човекот да јаде храна од животинско потекло. Негова намера била човечкиот род да живее исклучиво од производите на земјата; меѓутоа, бидејќи тогаш биле уништени со потопот сите зелени растенија, им дозволил да јадат месо од чистите животни што биле сочувани во ковчегот. {ПП 107.3}

Потопот го изменил целокупниот надворешен изглед на земјината површина. Тоа било трето страшно проклетство што ја погодило земјата како последица на гревот. Кога водата почнала да се повлекува, горите и планините биле опкружени со големо и матно море. На сите страни лежеле расфрлени трупови на луѓе и животни. Бог не дозволил тие да се распаѓаат и да го загадуваат воздухот, туку сторил земјата како голема гробница сето тоа да го покрие и да го закопа. Необично силен ветер, што имал задача да ја потисне и да ја исуши водата дувал со таква силина, што ги однел труповите, а некаде и цели врвови од планините, затрупувајќи ги мртвите тела со дрвја, со камење и со земја. Во таа пригода се затрупани златото, среброто, благородното дрво и драгоцените камења со кои претпотопниот свет се богател и се кител и кои луѓето дури и ги обожавале. Така сето ова исчезнало од пред човековите очи и од неговите истражувања, а земјата, носена со силната вода и со ветерот кој често напластувал цели планини врз овие богатства, покрила сѐ. Бог видел дека грешните луѓе, колку поголемо богатство, благосостојба и напредок им подарува, сѐ побргу го расипуваат својот пат пред него. Богатствата поради кои требало да му бидат благодарни на штедриот Дародавец, тие ги обожавале додека Бог бил обесчестен и презиран. {ПП 107.4}

По потопот земјата била неопишано испретурена и опустена. Планините, кои некогаш биле толку убави и имале совршени облици, станале груби и неправилни. Насекаде на земјината површина лежеле расфрлени камења, карпи и цели планински гребени. На многу места исчезнале ритчиња и цели планини, така што не се познавале ниту траги каде што некогаш постоеле, а на местото на некогашните рамнини, сега се издигнувале планински венци. Овие промени на некои места многу посилно се истакнувале отколку на други. Таму каде што некогаш на земјата се наоѓале најголеми богатства во злато, сребро и во скапоцени камења, се виделе најголеми траги на проклетство. А во пределите што не биле населени и каде што гревот не бил толку распространет, проклетството полесно ја притискало земјата. {ПП 108.1}

Во тоа време во земјата се закопани и огромни шуми. Со текот на времето тие се претвориле во јаглен, образувајќи силни јаглени наслаги што постојат и денеска, а давајќи исто така и огромни количества на масло (сурова нафта, заб. на прев.). Јагленот и нафтата често се запалуваат и горат под земјината површина. Така подземните карпи, варовникот[1], се загреваат до усвитување, а железната руда се топи. Дејството на водата врз варта уште повеќе ја зголемува температурата, што доведува до силни земјотреси и вулкани кои исфрлаат усвитена лава. Кога огнот и водата ќе дојдат во контакт со карпите и рудата, настануваат силни подземни експлозии што се слушаат како придушени татнежи. Воздухот станува жежок и задушлив. Настануваат ерупции на вулкани; а бидејќи тие често не оставаат доволно широк отвор за избивање на усвитените елементи на стихијата, земјата се тресе, почвата се набира и се спушта како морски бранови, се појавуваат огромни пукнатини, и понекогаш цели градови, населби и планини исчезнуваат во пламен. Овие чудни појави ќе бидат сѐ позачестени и сѐ поужасни непосредно пред самото второ Христово доаѓање и непосредно пред крајот на светот, како предзнаци на неговото брзо уништување. {ПП 108.2}

Тие земни длабини претставуваат Господен арсенал од кој е земено оружјето што е употребено при уништувањето на претпотопниот свет. Во таа пригода водата што избивала од земјата се споила со водата што паѓала одозгора за делото на опустувањето да биде целосно. По потопот, огнот, исто како и водата при потопот, бил Господово орудие при уништувањето на безбожните градови Содом и Гомор. Ваквите казни се применувани со цел оние што го омаловажуваат Божјиот закон, а неговиот авторитет го фрлаат под нозе да затреперат пред неговата сила и да ја признаат праведноста на неговото суверено владеење. Кога луѓето виделе како од планинските врвови, претворени во вжештени вулкани, бликаат огнени водопади, а усвитената лава пресушува реки и затрупува населени градови, ширејќи насекаде пустош и пропаст, тоа ги исполнило со страв срцата на најхрабрите, а неверниците и подбивачите морале да признаат дека Божјата сила е бесконечна. {ПП 109.1}

Во врска со сцените, слични со горниот опис, зборувале пророците од дамнина: „О, да беше ги раскинал Ти небесата и да беше слегол! Горите би се стопиле од лицето Твое!Како оган што растопува восок, како од оган што вода зоврива, така ќе го познаат името Твое непријателите и од Твоето лице ќе затреперат народите.Кога вршеше страшни дела, од нас неочекувани, и слегуваше, – гори се топеа од Твоето лице” (Исаија 64:1-3). „Патот Господов е во виор и бура, а облаците се прав под нозете Негови.Ќе му се закани на морето, и тоа пресушува, и сите реки пресушуваат” (Наум 1:3,4). {ПП 109.2}

Сцените што ќе го најавуваат второто Христово доаѓање сепак ќе бидат пострашни од сѐ што светот кога и да е видел. „Горите се тресат пред Него, и ридовите се топат, земјата потреперува пред лицето Негово, и вселената и сè што живее во неа.Кој може да устои против гневот Негов?” (Наум 1:5,6). „Господи, приклони ги небесата Свои и слези; допри се до горите, и тие ќе се здимат;болсни со молњи и растерај ги, пушти ги стрелите Свои и распрсни ги” (Псалм 144:5,6). {ПП 109.3}

„И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата  крв, и оган, и чад” (Дела 2:19). „И имаше светкавици, громови и гласови, и стана силен земјотрес, таков голем и силен потрес, каков што немало откако има луѓе на земјата. Сите острови исчезнаа, и гори веќе не се гледаа.И град, голем како талант, падна од небото на луѓето” (Откровение 16:18,20,21). {ПП 110.1}

Кога молњите на небото ќе се соединат со огнот што ќе избива од земјата, планините ќе горат како усвитени печки исфрлајќи ужасни млазеви лава која ќе затрупува градини, родни полиња, села и градови. Од усвитените растопени маси, урнати и врз токовите на големите реки, водата ќе зоврие како во котел поради што огромни масиви на карпи со неопишана сила ќе бидат исфрлени во воздухот, а нивните парчосани делови ќе бидат расфрлени насекаде по земјата. Реките ќе пресушат. Целата земја ќе се тресе; насекаде ќе има ужасни земјотреси и вулкански ерупции. {ПП 110.2}

Така Бог ќе ги истреби безбожниците од земјата. Но праведниците среде сите тие потреси и метежи ќе бидат сочувани како Ное што бил сочуван во ковчегот. Бог ќе биде нивно прибежиште и ќе се засолнат под неговите крилја. Псалмистот кажува: „Зашто, Господ ти е засолниште, надеж моја, Севишниот го избра за свое прибежиште;зло нема да ти се случи, и неволја нема да се приближи до шаторот твој” (Псалм 91:9,10). „Зашто во злочест ден Тој би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на Своето живеалиште; би ме искачил на карпа” (Псалм 27:5). Божјото ветување гласи: „Бидејќи се надеваше во Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое” (Псалм 91:14). {ПП 110.3}[1] Под дејство на високите температури што се создаваат при горењето на јагленот и нафтата под земјата, варовникот (карбонат) и другите метални карбонати се печат, при што преминуваат во оксиди кои, пак, под дејство на усвитениот јаглен се редуцираат и преминуваат во карбиди, а карбидите со водата даваат хидрооксиди и големи количества на многу реактивни гасови, ацетилени, кои во допир со воздухот создаваат многу силни експлозии кои предизвикуваат земјотреси и вулкани (заб. на прев.).


[1] Под дејство на високите температури што се создаваат при горењето на јагленот и нафтата под земјата, варовникот (карбонат) и другите метални карбонати се печат при што преминуваат во оксиди кои, пак, под дејство на усвитениот јаглен се редуцираат и преминуваат во карбиди, а карбидите со водата даваат хидроксиди и големи количества на многу реактивни гасови, ацетилени, кои во допир, со воздухот создаваат многу силни експлозии кои предизвикуваат земјотреси и вулкани (заб. на прев.).

Сподели го ова:

Слични објави