48. ПОДЕЛБА НА ХАНАН

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на книгата на Исус Навин 10:40-43 и 11:14-22 глава

По победата кај Веторон набргу е освоен цел јужен Ханан. „Ја порази Исус сета земја од Кадис-Барнеа до Газа и од Гошен дури до Гаваон;и сите тие цареви и земјите нивни Исус ги презеде веднаш, бидејќи Господ, Бог Израелов, му помагаше на Израел. Потоа Исус и сите Израелци со него се вратија во логорот во Гилгал”. {ПП 510.1}

Племињата на северна Палестина, вџашени со успехот што ја следел војската на Израелците, создале одбранбен сојуз против нив. На чело на тој сојуз бил хацорскиот цар Јавин – цар на покраината западно од езерото Мером. „Излегоа сите тие цареви, а со нив и многу луѓе”. Таа војска била поголема од сите со кои Израелците се сретнале до тогаш во Ханан. „Толку многу колку песокот во Приморјето, со коњи и многу коли.И слегоа сите тие цареви, па се соединија и се сместија кај езерото Мером, за да војуваат против Израел”. {ПП 510.2}

Недалеку од езерото Мером Исус Навин го нападнал логорот на сојузниците и потполно ја уништил нивната војска. „И Господ ги предаде во рацете Израелови, и тие ги разбија и ги гонеа… сè додека од нив не остана никој жив”. Бојните коли и коњи со кои Хананците се гордееле и толку фаленички се растурале, Израелците не смееле да ги присвојат. По Божја наредба сите коли биле спалени, а коњите осакатени така што не можеле веќе да се употребат во борба. Израелците не смееле да се потпрат врз коњите и колите, туку во „име на својот Господ Бог”. {ПП 510.3}

Градовите се освојувани еден по еден, а главната тврдина на сојузниците, Асор, бил спален. Војната траела повеќе години и на крај Исус Навин станал господар на Ханан. „Така земјата се смири од војна”. {ПП 510.4}

Но, иако моќта на Хананците била скршена, тие сепак не биле наполно исфрлени од земјата. На запад Филистејците сѐ уште ја држеле плодната долина долж морскиот брег, а северно од нив била областа на Сидонците во чијшто посед бил и Ливан; и јужниот дел на земјата, спрема Египет, сѐ уште бил во рацете на Израеловите непријатели. {ПП 511.1}

Па сепак, делото што му преостанувало на Исус Навин не било да продолжи со војувањето. Пред да престане да води и да наредува, големиот водач требало да изврши уште една посебна задача. Сета земја, освоена и неосвоена, требало да им се подели на племињата. Должност на секое племе била само да го доврши целосното ослободување на оној дел од земјата што ќе му биде даден во наследство. Кога тие би се покажале верни и предани кон Бога, Тој би ги истерал нивните непријатели пред нив; а им ветил дека уште повеќе  ќе ги прошири нивните граници ако му останат верни на неговиот завет. {ПП 511.2}

Поделбата на земјата им била доверена на Исуса Навина, на првосвештеникот Елеазар и на поглаварите на племињата; наследството на секое племе било решено со ждрепка. Сам Мојсеј ги одредил границите на земјата и им ја поделил на одделни племиња уште пред да пристигнат во Ханан. Од секое племе одбрал по еден кнез кој требало да присуствува при поделбата. Племето на Левие, бидејќи било посветено за служба во Светилиштето, не било опфатено со оваа делба. Меѓутоа, на Левитите им биле доделени четириесет и осум градови во разни краишта на земјата. {ПП 511.3}

Пред да почне делбата на земјата, Халев со поглаварите на своето племе истапил со едно нарочно барање. Покрај Исуса Навина, Халев тогаш бил најстар човек меѓу Израелците. Тие двајца меѓу дванаесеттемина извидници биле единствени кои за ветената земја донеле поволен извештај и го Храбреле народот да тргне и во Божјо име да ја преземе земјата. Халев Исуса Навина го потсетил на ветувањето што му било дадено тогаш како награда за неговата верност: “Земјата по која одеше ќе биде наследство за тебе и за твоите деца за навек, бидејќи ти точно го следеше мојот Господ Бог”. Затоа молел Хеврон да му се додели нему. Тука со го дини била татковината на Аврама, Исака и Јакова, и тука, во Махпелската пештера, тие биле и погребани. Во Хеврон било седиштето на страшните Енакими, кои со својот застрашувачки изглед толку многу ги уплашиле извидниците, што преку нив ја уништиле храброста на цел Израел. Меѓу сите други, тоа било местото кое Халев, надевајќи  се во Божјата сила, го одбрал за свое наследство. {ПП 511.4}

„И така, ете, Господ ме запази жив, како што говореше”, продолжил Халев. „Четириесет и пет години веќе изминаа, откога Господ му ги беше кажал тие зборови на Мојсеј… сега, еве, јас сум на осумдесет и пет години;но и сега сум толку цврст, како и тогаш, кога ме прати Мојсеј: колку што имав сила тогаш, толку имам и сега, да влегувам, да излегувам и да војувам.Затоа, дај ми ја таа гора, за која говореше Господ во оној ден; бидејќи ти чу во тој ден дека таму живеат Анаковите синови, и тие имаат градови големи и утврдени; можеби, Господ ќе биде со мене, и јас ќе ги истерам, како што ми рече Господ”. Ова барање го поддржале поглаварите на племето на Јуда. Бидејќи бил именуван од страна на своето племе да учествува во поделбата на земјата, Халев сам ги избрал и ги повикал овие луѓе да бидат сведоци при неговото барање за да не се стекне впечаток дека тој својот авторитет и својата положба ги користи за лични и себични цели. {ПП 512.1}   

Барањето веднаш му било прифатено. Никому со поголема сигурност и доверба не би можело да му се довери освојувањето на таа џиновска тврдина. „Исус го благослови и му го даде во наследство Хеврон на Јефунеовиот син Халев… бидејќи постојано се покоруваше на заповедите од Господ, Израеловиот Бог”. Верата на Халева и сега била иста како и тогаш кога со своето сведоштво им противречил на лошите извештаи на десеттемина извидници. Тој верувал дека Бог, според ветувањето што го дал, ќе му го предаде Ханан на својот народ и со таа вера непоколебливо и „целосно се држеше за Господа”. Тој, заедно со својот народ, ги издржал сите долги талкања низ пустината и ги преживеал сите разочарувања и сите тешкотии што ги создавале виновниците; па сепак, не се плачел, туку ја славел и фалел милоста и добрината на Оној кој го сочувал и го одржал во пустината додека неговите браќа  пропаѓале. Господ го одржал во најголемите патила, опасности и несреќи претрпени во текот на талкањето низ пустината, во сите воени години откако влегле во Ханан, па и сега, кога веќе имал повеќе од осумдесет години, неговата сила не била намалена. Тој за себе не ги барал оние области што веќе биле освоени, туку токму ова место за кое извидниците, повеќе отколку за кое било друго, тврделе дека е непреземливо. Со Божја помош тој сакал да се фати во костец токму со таа сила чиишто џиновски тврдини ја поколебале верата на Израел. Халев тоа не го барал затоа што бил жеден за слава или за величење. Стариот храбар воин сакал на народот да му даде пример со кој Бог ќе биде прославен, а племињата охрабрени целосно и до крај да ја покорат земјата што нивните татковци ја сметале за непреземлива. {ПП 512.2}

Халев го примил наследството за кое неговото срце копнеело четириесет години и, верувајќи дека Бог ќе биде со него, ги истерал „оттаму трите синови на Анак”. Откако на тој начин си обезбедил имот за себе и за својот дом, неговата ревност не попуштила. Тој не се сместил удобно да ужива на своето наследство, ами ја продолжил борбата и освојувањето во полза на нацијата и на слава на Бога. {ПП 513.1}

Кукавиците и бунтовниците пропаднале во пустината, но Халев и Исус Навин, кои својата должност како извидници ја извршиле верно, доживеале да јадат грозје од потокот Есхол. Секому му било дадено според неговата вера. Неверниците гледале како нивните стравувања се исполнуваат. И покрај Божјото ветување, тие тврделе дека Ханан не може да се освои, и затоа не го наследиле. А оние што имале доверба во Бога, и кои помалку гледале во навидум непремостливите тешкотии, а повеќе во силата на својот семожен Помошник, влегле во добрата земја. Само со цврста и непоколеблива вера овие стари воини  „победија царства… ја избегнаа острицата на мечот, немоќни станаа силни; стануваа силни во бој, ги натераа во бегство туѓите војски” (Евреите 11:33,34). „И ова е победата која го победи светот: нашата вера” (1. Јованово 5:4). {ПП 513.2}

Во второто барање, исто така во врска со поделбата на земјата, се покажал сосем спротивен дух на оној што го поттикнал Халева. Тие барања ги поднеле потомците на Јосифа од племето на Ефрема, заедно со половина племе на Манасија. Бидејќи биле бројно најсилни, припадниците на овие племиња барале да им се додели два пати поголема област отколку на другите. Земјата што им била доделена ним со ждрепка била најплодна и ги опфаќала најбогатите краишта на Саронската долина; но многу важни градови во долината сè уште биле во рацете на Хананците, и припадниците на овие племиња, плашејќи се од опасностите и напорите неопходни да се заземат тие градови, барале и нови делови во оние краишта кои веќе  биле освоени. Племето на Ефрема било не само едно од најголемите во Израел, туку и Исус Навин потекнувал од него, и затоа припадниците на ова племе сметале дека ним им припаѓаат посебни привилегии. „Зошто ни даде наследство само со едно фрлање на ждрепката, односно само еден дел”, истакнувале тие, „кога сме ние многубројни, бидејќи така нè благословувал Господ досега?” Но, од нескршливиот водач не можело да се измами ниту најмала отстапка од строгата правичност. {ПП 513.3}

Неговиот одговор гласел: „Ако сте многубројни, одете во гората и таму, во земјата на Перизијците и Рефаимците, расчистете си место, штом Гората Ефремова ви е тесна”. {ПП 513.4}

Во нивниот одговор се открива вистинската причина на нивната жалба. Ним им недостигала вера и храброст да ги истераат Хананците. „Гората Ефремова не ни е доволна; а сите Хананци, што живеат во долината, имаат железни коли”. {ПП 514.1}

Силата на Израеловиот Бог му била загарантирана на неговиот народ и кога синовите Ефремови би имале вера и храброст каква што покажал Халев, ниеден непријател не би можел да се одржи пред нив. Исус Навин решително се противставил на нивните отворени барања да не се изложуваат на напори и опасности. „Вие сте многуброен народ и имате голема сила”, нагласил тој. „Ќе ги истераш Хананците, иако тие имаат железни коли, иако се силни”. Така нивните аргументи се свртени против нив. Ако навистина биле толку голем народ како што тврделе, тогаш морале да бидат во состојба да одат по сопствен пат како и нивните браќа. Потпирајќи се врз Божја помош, немале причина да се плашат од железните коли. {ПП 514.2}

До тогаш Гилгал бил главен национален центар и тука се наоѓал шаторот за состанок. А тогаш шаторот за состанок требало да се пренесе во она место кое било одредено за негово постојано седиште. Тоа бил Силом, едно малечко место во делот на Ефрема. Силом се наоѓал во централниот дел на земјата па на сите племиња им бил лесно пристапен. Тој предел на земјата бил веќе  потполно ослободен, така што поклониците немале од што да се плашат, ниту пак некој ги вознемирувал. „И целата заедница на Израеловите синови се собраа во Силом, ја поставија таму скинијата на собранието, бидејќи земјата беше покорена од нив”. Кога ковчегот со шаторот за состанок е пренесуван од Гилгал, племињата кои сè уште биле улогорени пошле по него и се сместиле во близината на Силом. Тука останале сè додека не се раселиле, секое на своето наследство. {ПП 514.3}

Ковчегот на заветот останал во Силом триста години, сè додека, поради гревот на домот на Илија, не паднал во рацете на Филистејците и кога Силом бил разурнат; ковчегот на заветот никогаш веќе  не бил вратен во шаторот за состанок сместен во Силом, и службата од Светилиштето најпосле била преместена во Храмот подигнат во Ерусалим, а Силом, губејќи го значењето, потполно паднал во заборав. Останале само неговите урнатини, обележувајќи  го местото каде што бил некогаш. На неговата судбина е укажувано со векови подоцна во опомената упатена до Ерусалим. „Но одете сега на Моето место во Силом, каде што порано бев одредил да почива Моето име, и видете што направив со него поради беззаконијата на Мојот народ Израел..”., кажува Господ преку Еремија. „Затоа Јас сега ќе постапам исто со овој дом, над кој е призвано Моето име, на кое вие се надевате, и со местото, што ви го дадов вам и на предците ваши, како што постапив со Силом” (Еремија 7:12-14). {ПП 514.4} 

„Откако заврши делбата на земјата, според границите нејзини”, и кога секое племе добило свое наследство, тогаш и Исус Навин ја изнел својата желба. И нему исто како и на Халева му било дадено нарочно ветување во врска со наследството; сепак, тој не барал некои пространи области, туку само еден единствен град. „По заповед на Господ му го дадоа градот што го побара: Тимнат-Серах, на Ефремовата Гора; и тој го обнови градот и се всели во него”. На тој град му е дадено име Тамнат-Серах, што значи  „преостанат дел”. Тоа име останало како вечно сведоштво за благородноста на карактерот и за несебичноста на освојувачот кој, наместо прв да грабне плен од освоеното, чекал со своите барања додека не била исполнета и последната желба на неговиот народ. {ПП 515.1}

Шест од градовите што им биле доделени на Левитите – по три на секоја страна од Јордан – биле прогласени за градови на прибежиште, каде што можел да се засолни секој што ненамерно би извршил убиство. Налог за прогласување на такви градови дал уште Мојсеј кога рекол: „Изберете си градови, што ќе ви бидат градови прибежишта, каде што би можел да избега убиец, кој убил ненамерно.И тие градови нека ви бидат засолниште од одмаздникот (за крв), та да не биде погубен оној, што го извршил убиството, пред да излезе на суд пред народот” (Броеви 35:11,12). Оваа благородна грижа била неопходна поради стариот обичај на крвна одмазда, според кој убиениот требало да го одмазди неговиот најблизок роднина или наследник. Во случај кога кривицата била очигледна, не било неопходно да се чека на судска истрага. На одмаздникот му било дозволено да го прогонува убиецот секаде и да го убие каде што ќе го стигне. Господ видел дека тоа време не било погодно за укинување на овој обичај, и затоа се погрижил за безбедноста на оние што би направиле убиство не сакајќи. {ПП 515.2} 

Градовите за прибежиште биле распоредени така што за половина ден одење можело да се стигне во еден од нив од кој било дел на земјата. Патиштата по кои се стигнувало до нив биле постојано одржувани во добра состојба; и насекаде по должината на патот морале да постојат патокази на кои со јасни и крупни букви бил испишан зборот „Прибежиште”, за бегалецот да не се задржува ниту еден миг. Тоа предимство можел да го користи секој, било тој да е Евреин, странец или дојденик. Но, додека се внимавало да не биде убиен невин човек, се внимавало и на тоа виновникот да не ја одбегне казната. Случајот на секој бегалец морал подробно да биде испитан од надлежните власти и само ако се утврдило дека не е виновен за убиство за кое законите предвидуваат казна, можел да најде заштита во градот за прибежиште. Виновникот му бил предаван на одмаздникот. А оние што имале право на заштита, можеле таа да ја уживаат само под услов да не го напуштаат градот за прибежиште. Во случај некој да излегол надвор од пропишаните граници, и таму да го затекол одмаздникот, тоа свое невнимание кон Божјата грижа морал да ја плати со животот. Меѓутоа, по смртта на првосвештеникот, на сите што нашле засолниште во градот за прибежиште им било дозволено да се вратат на своето наследство. {ПП 515.3}

При судењето поради убиство, на обвинетиот не смеело да му се суди врз основа на изјава само на еден сведок, дури и ако сите околности убедливо зборувале против обвинетиот. Господ наредил: „Секој кој ќе убие човек, може да биде казнет со смрт, ако против него сведочат свидетели; но еден сведок не е доволен за осудување на смрт” (Броеви 35:30). Тоа упатство на Мојсеја за израелскиот народ го дал Христос; а кога лично бил меѓу своите ученици на земјата, и кога ги упатувал како треба да постапуваат со заблудените, големиот Учител ја повторил оваа поука според која сведочењето на еден човек не е доволно за обвинетиот да се осуди или пак да се ослободи од обвинувањето. Спорните прашања никогаш не треба да се решаваат според гледиштето и мислењето на само еден човек. Во сите такви пригоди треба да се совпаѓаат сведоштвата барем на двајца или на повеќемина и заеднички да ја сносат одговорноста; „со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор” (Матеј 18:16). {ПП 516.1}  

Ако би се утврдило дека обвинетиот е крив за убиство, тој не можел да се избави со никакво посредување ниту со откупнина. „Кој ќе пролее човечка крв, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака” (Создавање 9:6). „И не земајте откуп за душата на убиецот, кој е виновен за смртта – него предавајте го на смрт” (Броеви 35:31). „Одвлечи го и од жртвеникот Мој, за да умре”, гласела Божјата заповед (Излез 21:14). „А земјата не се чисти од пролеаната крв поинаку, освен со крвта на оној, кој ја пролеал” (Броеви 35:33). Сигурноста и чистотата на нацијата барале убиството строго да се казнува. Животот на човечкото суштество мора да се почитува како светиња, зашто него може да го даде само Бог. {ПП 516.2}

Градовите за прибежиште што ги одредил Бог за својот народ во старо време претставуваат симбол на прибежиштето што го наоѓаме ние во Христа. Истиот милозлив Спасител, кој во тоа време ги одредил овие градови како привремено засолниште, со пролевањето на својата сопствена крв за престапниците на Божјиот закон, обезбедил сигурно прибежиште во кое тие можат да најдат заштита од втората смрт. Не постои сила која од неговите раце ќе ја истргне душата што ќе му се обрати нему за проштавање. „И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос”. „Кој е тој што ќе суди? Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се застапува за нас” (Римјаните 8:1,34). „Преку две неизменливи работи… да имаме голема утеха и ние, кои прибегнуваме да се прифатиме за надежта што ни е дадена” (Евреите 6:18). {ПП 516.3}

Оној што бегал во градот за прибежиште не смеел да губи ниту еден миг. Морал да го напушти семејството и занимањето. Немал време дури ниту да се поздрави со своите најмили. Неговиот живот бил во прашање и сè друго морало да ѝ биде жртвувано на таа единствена цел – да стигне до местото на безбедност. На умор не смеело да се мисли, пречките не се забележувани, бегалецот ниту за миг не се осмелувал да ги забави чекорите сè додека не се нашол меѓу ѕидовите на толку посакуваниот град. {ПП 517.1}

Сè додека не најде засолниште во Христа, грешникот е изложен на опасност од вечна смрт; и како бегалецот колебањето и безгрижноста што можеле да го лишат од единствената шанса и изглед на живот, така исто одложувањето и рамнодушноста можеле да доведат и до пропаст на душата. Големиот непријател, сатаната, секој престапник на Божјиот закон го следи во стапка, и сите кои не се свесни за својата опасност и не бараат сериозно заштита во вечното Засолниште, набргу ќе станат жртва. {ПП 517.2}

Бегалецот кој, во кое било време ќе го напуштил градот за прибежиште, се изложувал на опасност да падне во рацете на крвниот одмаздник. Така народот бил упатуван цврсто да се придржува кон правилата и методите што ги одредила бесконечната Мудрост заради негова сигурност. Не е доволно грешникот само да верува во Христа па гревот да му биде простен; тој мора со вера и послушност да остане во него. „Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно продолжуваме да грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците” (Евреите 10:26,27). {ПП 517.3}

Две израелски племиња, племето на Гад и на Рувим и половина племе на Манасија, примиле свое наследство уште пред да ја преминат реката Јордан. Пространите висорамнини и богатите шуми на Галад и Васан, кои на тие пастирски племиња им нуделе големи пасишта за нивните стада, нуделе привлечности какви што не можеле да се најдат ниту во Ханан. Сакајќи да останат тука, припадниците на овие две и пол племиња се обврзале да приготват соодветен број вооружени луѓе што, заедно со своите браќа , требало да преминат преку Јордан и да им помагаат во битките за ослободување на земјата сè додека и тие не се доберат до свое наследство. Така обврската била верно исполнета. Кога другите десет племиња влегле во Ханан, „и Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе поминаа… Околу четириесет илјади вооружени за борба преминаа пред Господ кон градот Ерихон за да се борат” (Исус Навин 4:12,13). Четири долги години Храбро се бореле со своите браќа. А потоа настапило време да се вратат во земјата на своето наследство. И како во борбата што биле рамноправни со своите браќа, така рамноправно го поделиле и пленот и се вратиле „во своите шатори, со многуброен добиток, со сребро, со злато, со бакар и со железо, и со многу облека”. Сето тоа требало да го поделат со оние што останале дома, кај своите семејства и кај своите стада. {ПП 517.4}

Јордан била изделена од Светилиштето; и Исус Навин со загрижено срце го гледал нивното одвојување, знаејќи колку тешко и сериозно во својата изолираност и осаменост ќе бидат искушавани да ги примат обичаите на незнабожечките племиња што живееле покрај нивните граници. {ПП 518.1}

И додека мислите на Исуса Навина и на другите водачи сè уште биле исполнети со неспокојство и со мрачни претчувства, до ушите им допреле чудни извештаи. На Јордан, недалеку од местото на кое израелскиот народ на толку чудесен начин ја преминал реката, тие две и пол племиња изградиле голем олтар, сличен на олтарот, на жртвеникот, во Силом. Божјиот закон, под закана на смртна казна, забранувал воведување на какво било богослужение покрај службата во Светилиштето. Кога споменатиот олтар би бил подигнат со таква цел, тој би ги одвраќал припадниците на овие племиња од вистинската вера. {ПП 518.2}

Претставници на народот се собрале во Силом и во огнот на својата возбуда и негодување решиле веднаш да завојуваат против престапниците. Меѓутоа, под влијание на оние што биле попретпазливи, било решено прво да се пратат пратеници кои од претставниците на тие две и пол племиња ќе побараат објаснување зошто тие го сториле тоа. Така одбрале десет кнезови, од секое племе по еден. Тоа пратеништво го предводел Финес, кој кај Фегор се истакнал со посебна ревност. {ПП 518.3}

Тие две и пол племиња згрешиле кога без претходно објаснување почнале дело што дало повод за такви тешки сомневања и лоши претчувства. Сметајќи дека нивните браќа сториле тежок грев, пратениците при средбата истапиле со остар прекор. Ги обвиниле за бунт против Господа, опоменувајќи ги да се сетат како Бог ги казнил Израелците кога се клањале пред Ваал-Фегора. Во име на цел Израел, Финес ги повикал синовите на Рувим и Гад, доколку не сакаат во таа земја да живеат без олтарот за жртви паленици, да им се придружат на другите браќа , од другата страна на реката, и со нив да го делат нивниот имот и другите предности. {ПП 518.4}

Во својот одговор обвинетите објасниле дека нивниот олтар не е подигнат со цел да биде и жртвеник, туку само да послужи како сведоштво дека и тие имаат иста вера како и нивните браќа во Ханан, иако ги разделува реката. Се плашеле нивните деца во иднина да не бидат отстранети од Светилиштето како да не се припадници на израелскиот народ. Тогаш овој олтар, изграден според мустрата на Господовиот олтар во Силом, би претставувал очигледно сведоштво дека неговите градители исто така биле поклоници на живиот Бог. {ПП 519.1}

Пратениците со голема радост го примиле ова објаснување и веднаш им однеле порака на оние што ги пратиле. Сите воени намери биле напуштени и народот се обединил радувајќи се и фалејќи го Бога. {ПП 519.2}

Тогаш синовите на Рувим и Гад врежале натпис на олтарот за да се знае зошто е подигнат: „Тој е сведок меѓу нас дека Господ е Бог”, рекле. На тој начин сакале да ги отстранат идните недоразбирања и искушенија. {ПП 519.3}

Колку често поради обични недоразбирања настануваат сериозни тешкотии дури и меѓу оние што имаат најчесни намери; и ако нема учтивост и попуштање, можат да настанат тешки па дури и судбоносни последици. Припадниците на десетте племиња имале на ум како Бог негодувал во случајот на Ахана што немало доволно будност за да се откријат гревовите што биле меѓу нив. Затоа овој пат решиле да постапат брзо и решително. Но, настојувајќи да ја одбегнат претходната грешка, отишле во спротивна крајност. Наместо пријателски да се распрашаат и да ги дознаат фактите во целиот случај, тие ги обвинувале и ги осудувале своите браќа. Кога синовите на Гад и Рувим би одговориле со ист дух, сигурно е дека би избила војна. Додека од една страна е важно кон гревот да се постапи строго и решително, од друга страна исто така е важно да се одбегнуваат избрзаните решенија и неоснованите сомневања. {ПП 519.4}

Има луѓе кои се мошне чувствителни кога ќе  се изнесе и најмалечка забелешка на сметка на нивното однесување, но премногу се строги во постапките кон оние за кои претпоставуваат дека се во заблуда. Со прекорите и со осудувањето уште никој и никогаш не бил ослободен од своето погрешно мислење и вратен на подобар пат, но мнозина на тој начин уште повеќе се оддалечени од вистинскиот пат и наведени своето срце да го затворат пред какви било докази и убедувања. Пријателското расположение, добрината, учтивоста и подготвеноста да се попушта можат да го спасат заблудениот и да покријат мноштво гревови. {ПП 519.5}

Мудроста што ја покажале синовите на Рувим, Гад и Манасија треба не само да се пофали, туку и да се следи. Додека искрено се труделе да ја унапредат вистинската вера, за нив погрешно се судело и биле строго прекорувани; па сепак, тие не возвратиле со иста мера. Пријателски, учтиво и стрпливо ги ислушале обвинувањата на своите браќа пред да се обидат да се бранат, и дури потоа убаво објасниле зошто го сториле тоа и целосно ја докажале својата невиност. Така на пријателски начин е отстранета тешкотијата што можела да има сериозни и тешки последици. {ПП 520.1}

Оние што имаат право можат дури и кога се лажно обвинети да останат и спокојни и полни со обѕири. На Бога му е познато сè што луѓето погрешно го разбираат и погрешно го изнесуваат, и секој наш случај можеме со сигурност да го препуштиме во негови раце. Сите што му го доверуваат својот проблем нему, можат да бидат сигурни дека Тој ќе го реши исто онака како што ја пронашол кривицата на Ахана. Срцето со кое управува Христов дух ќе ја покажува онаа љубов која „долго трпи, љубовта е милостива”. {ПП 520.2} Божја волја и желба е меѓу неговиот народ да владее единство и братска љубов. Непосредно пред своето распнување Христос се молел за своите ученици да бидат едно како Тој што бил едно со Отецот за светот да верува дека Тој бил од Бога пратен. Таа необично трогателна и прекрасна молитва се однесува на неговите следбеници низ сите столетија сè до нашите денови, зашто Тој посебно нагласува: „Но не се молам само за нив, туку и за оние што преку нивните зборови ќе поверуваат во Мене” (Јован 17:20). Иако не смееме да жртвуваме ниту едно начело на вистината, мораме постојано да се залагаме настојувајќи да постигнеме состојба на такво единство. Со тоа ќе докажеме дека и ние сме негови ученици. „По тоа”, кажува Христос, „сите ќе познаат дека сте мои ученици ако имате љубов меѓу себе” (Јован 13:35). А апостол Петар ја бодри црквата со овие зборови: „А најпосле, бидете сите еднодушни, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни;не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив: благословувајте, знаејќи дека за тоа сте повикани за да наследите благослов” (1. Петрово 3:8,9). {ПП 520.3}

Сподели го ова:

Слични објави