10. ВАВИЛОНСКАТА КУЛА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 9:25-27 и 11:1-9

За повторно да ја насели со луѓе опустената земја која неодамна беше очистена од моралната изопаченост со потоп, Бог сочувал само едно семејство, членовите на домаќинството на Ное, човекот за кого самиот рекол: „Бидејќи ти си единствениот праведен пред Мене во овој род” (Создавање 7:1). Сепак, меѓу трите синови на Ное набргу се развила исто толку голема разлика каква што можела да се види на светот и пред потопот. Кај Сим, Хам и Јафет, кои требало да бидат основачи на човечкиот род, можел однапред да се наслути карактерот на нивните потомци. {ПП 117.1}

Зборувајќи под влијание на божествено вдахновение, Ное ја прикажал историјата на трите големи лози што требало да водат потекло од овие тројца, како татковци на идното човештво. Зборувајќи за потомците на Хам, рекол: „Проклет да е Ханан; тој ќе биде слуга на слугите од браќата свои!” Неприродниот престап на Хам покажува дека она непочитување што како син му го должел на татка си, одамна исчезнало од неговата душа. Освен тоа, овој престап ја открил нечистотата и нискоста на неговиот карактер. Тие лоши особини се овековечени кај Хам и кај неговите потомци кои, поради нивните постојани престапи, ги снаоѓале Божји казни. {ПП 117.2}

Од друга страна, почитувањето што го покажале Сим и Јафет кон татка си, а со тоа и кон божествените уредби, му ветувало убава иднина на нивното потомство. Во врска со овие синови, таткото рекол: „Благословен да е Господ Бог Симов; а Ханан ќе му биде слуга! Нека го рашири Бог Јафет, и тој нека живее во шаторите на Сим; а Ханан ќе му биде слуга” (Создавање 9:26,27). Од лозата на Сим требало да води потекло избраниот народ, народот на Божјиот завет и лозата на ветениот искупител. Симов Бог требало да биде само Јехова и од него требало да водат свое потекло Аврам и народот Израелов, од кој требало да се појави и сам Христос. „Блажен е оној народ, кој го има тоа! Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог!” ( Псалм 144:15). А Јафет треба да „живее во шаторите на Сим”. На потомците на Јафета посебно им било наменето да учествуваат во благословите на евангелието. {ПП 117.3}

Потомците на Хам се спуштиле до најнизок степен на незнабоштво. Иако со пророчка клетва биле осудени на робување, сепак лошата коба со векови била одложувана. И покрај сета нивна безбожност и изопаченост, Бог ги поднесувал сѐ додека не ја преминале границата на неговото божествено трпение. Тогаш биле лишени од сѐ што имале и им станале слуги на потомците на Сим и Јафет. {ПП 118.1}

Пророштвото на Ное не било некоја самоволна закана со гнев или објава на милост. Тоа пророштво не го одредувало карактерот или судбината на неговите синови, но покажувало какви ќе бидат последиците на животниот пат што го бирале тие секој за себе и карактерот што го развивале. Земајќи го во обѕир нивниот карактер и нивното однесување, тоа претставувало израз на Божјата намера што ја имал со нив и со нивното потомство. По правило децата ги наследуваат склоностите и стремежите на своите родители и го следат нивниот пример; така гревовите на родителите се повторуваат кај децата и кај потомците од поколение во поколение. Така и Хамовото непочитување и нискост се повторувале во неговото потомство донесувајќи им проклетство во текот на многу поколенија. „Еден грешник расипува многу добри работи” (Проповедник 9:18). Од друга страна, колку богато било наградено Симовото внимание кон татка си и колкава низа истакнати свети луѓе. {ПП 118.2}

Од друга страна, колку богато било наградено Симовото внимание кон татка си и колкава низа истакнати свети луѓе се појавуваат во неговото потомство! „Господ ги знае патиштата на непорочните” и „и потомството негово ќе биде благословено” (Псалм 37:18,26). „И така, знај дека Господ, твојот Бог, е Бог верен, Кој го пази Својот завет и има милост кон оние што Го сакаат и ги извршуваат заповедите Негови до илјада поколенија” (Второзаконие 7:9). {ПП 118.3}

Потомците на Ное извесно време останале да живеат меѓу планините каде што се запрел ковчегот. Кога почнале да се намножуваат, набргу почнал да се шири отпад кој довел до одвојување. Оние што сакале да го заборават својот Творец и да ги отфрлат ограничувањата наметнати со неговиот закон, постојано чувствувале дека им пречи учењето и примерот на нивните богобојазливи соплеменици, и по извесно време конечно решиле да се изделат од оние што му служеле на Бога. Затоа се повлекле во долината Сенар, на бреговите на реката Еуфрат. Привлечени од убавината на положбата и од плодноста на почвата, решиле оваа рамнина да ја сторат своја татковина. {ПП 118.4}

Решиле тука да подигнат град и во него кула со вчудовидувачка височина, бидејќи таа требало да претставува вистинско светско чудо. Тој потфат е преземен со цел да се спречи раселувањето на народите по населби. Бог на луѓето им наредил да се разотидат по сета земја, повторно да ја наполнат и да завладеат со неа. Меѓутоа, овие градители на Вавилон решиле својата заедница да ја сторат единствена и да основат монархија која подоцна ќе ја покори сета земја. Така нивниот град би станал престолнина на едно сеопшто светско царство и со својата слава и убавина би го привлекувал вниманието и би предизвикувал восхит кај целиот свет и би претставувал гордост за своите славни градители. Величествената кула, која би допирала до небото, замислено е да остане како споменик на мудроста и моќта на нејзините градители и нивната слава вечно да ја пренесува од поколение на поколение. {ПП 118.5}

Жителите на низината Сенар не верувале во Божјиот завет дека нема веќе да пушти потоп на земјата. Мнозина од нив тврделе дека Бог и не постои, а потопот го поврзувале со последиците на природните појави и причини. Други пак верувале во некое надмоќно суштество кое, според нивното осведочување, го уништило претпотопниот свет, но нивното срце, како и некогаш срцето на Каина, се бунело против него. Една од целите што си ја поставиле себеси при градењето на кулата била да си осигурат лична безбедност во случај на повторен потоп. Со тоа што имале намера кулата да ја изградат многу повисоко од нивото до кое допрела водата на потопот, мислеле дека ќе избегнат секоја можна опасност. А бидејќи на тој начин би биле во можност да допрат во областа на облаците, се понадевале дека со тоа ќе можат да ја утврдат и причината за потопот. Целокупниот потфат е замислен така за уште повеќе да ја издигне гордоста на неговите проектанти и мислите на идните поколенија да ги одврати од Бога, водејќи ги во идолопоклонство. {ПП 119.1}

Кога кулата била делумно изградена, еден нејзин дел бил предвиден за живеење на градителите; другите, сјајно уредени и украсени простории биле посветени на нивните лажни богови. Луѓето им се радувале на своите успеси и ги славеле боговите од сребро и злато, спротивставувајќи му се на Стопанот на небото и земјата. Одненадеж во работата што напредувала толку успешно настанал застој. Биле пратени ангели да ги попречат намерите на градителите. Кулата веќе достигнала завидна височина, па на работниците при врвот им било неможно непосредно да општат со оние во подножјето; поради тоа на разни места биле поставени луѓе чијашто задача била верижно да ги пренесуваат од еден до друг налозите за тоа кој материјал е потребен и разни упатства во врска со изведбите на работите. Додека пораките на тој начин се пренесувани од еден до друг, јазикот им бил побркан, така што, наместо потребниот доставуван е материјал кој воопшто не одговарал. Настанала забуна и вчудовиденост. Во целокупната работа настанал застој. Секоја натамошна соработка била оневозможена. Градителите никако не можеле да си го објаснат себеси ова необично недоразбирање и, во својата бркотија и бес, почнале вината да си ја префрлаат еден на друг. Така нивниот сојуз завршил со караници и со крвопролевање. За доказ на Божјото негодување, молњи од небото го разурнале горниот дел на кулата и го струполиле на земја. Така луѓето морале да почувствуваат и да увидат дека на небото постои Бог кој владее со целата вселена. {ПП 119.2}

До тоа време сите луѓе зборувале еден ист јазик. Тогаш, сите што можеле меѓусебно да се разберат, се изделиле во посебни групи и се разотишле секој на своја страна. „И оттаму ги растури Господ по целата земја”. Тоа разотидување придонело луѓето да се раселат по земјата; така Божјата немера сепак се остварила и тоа токму со оние средства со кои луѓето се обиделе да го спречат и да го оневозможат нејзиното остварување. {ПП 120.1

Меѓутоа, колку голема била таа загуба за оние што му се противставиле на Бога! Негова намера била луѓето, кога ќе се разотидат во разни краишта на земјата за да основат нации да го понесат со себе и сознанието за неговата волја, светлината на вистината да може да им се пренесува во својот првобитен сјај на поколенијата што настапуваат. Ное, тој верен проповедник на правдата, живеел по потопот уште триста и педесет години, а Сим петстотини години. Тоа на нивните потомци им дало можност непосредно да се запознаат со Божјите барања и со историјата на неговото постапување со нивните предци. Меѓутоа, тие не биле подготвени да ги слушаат овие за нив непријатни вистини; не сакале да го сочуваат сознанието за Бога, а со бркотијата на јазиците, во голема мера им било оневозможено непосредно општење со оние што можеле да им ја пренесат светлината. {ПП 120.2}

Градителите на Вавилон негувале кај себе дух на незадоволство и бунт против Бога. Наместо со благодарност да си споменуваат за неговата милост покажана кон Адама и кон неговиот исто така на милост заснован завет со Ное, тие се плачеле против неговата строгост покажана кон првите луѓе што ги истерал од Едем и што светот го уништил со потоп. Меѓутоа додека мрмореле против Бога како самоволен и строг судија, самите прифатиле систем на најсвирепа тиранија. Сатаната се трудел да предизвика презир и непочитување кон системот на принесување на жртви кои симболично ја претставувале Христовата смрт; а кога мислите на народот биле затемнети со идолопоклонство, ги навел системот на принесување на жртви да го искривоколчат и свои родени деца да им принесуваат на жртва на лажните богови. Кога луѓето се одделиле од Бога, тогаш божествените особини правдата, чистотата и љубовта биле заменети со угнетување, со насилство и со свирепа нечовечност. {ПП 120.3}

Жителите на Вавилон решиле да основат владеење што би било независно од Бога. Меѓутоа, меѓу нив имало и такви кои се боеле од Господа, но биле измамени со тврдењето на безбожниците и вплеткани во нивните планови. Заради тие верници Бог ги одложувал своите казни и на луѓето им дал време да го откријат својот вистински карактер. Кога се откриле нивните намери, Божјите синови настојувале да ги одвратат од тоа, но овие биле наполно единствени во својот потфат кој претставувал дрзок предизвик за Небото. Кога тие не би биле спречени во нивната намера, светот морално целосно би се изопачил уште во своето детство. Нивниот сојуз се засновал на бунт; тоа би било едно царство создадено да ги извиши самите нив, а не во него да се слави и да се почитува Бог. Кога на тој сојуз не би му се застанало на патот, би завладеала сурова сила и правото на посилниот, а правдата, мирот, среќата и безбедноста би биле протерани од земјата. Наместо божествените правила кои се „свети, праведни и добри” (Римјаните 7:12), луѓето со сила сакале да постават закони што одговарале на намерите на нивното себично и свирепо срце. {ПП 123.1}

Оние што се боеле од Господа, сесрдно се молеле Тој да посредува. „Тогаш Господ се спушти да го види градот и кулата, што ги ѕидаа синовите човечки”. Бог од милосрдие кон светот ги осуетил намерите на оние што ја граделе кулата и го урнал споменикот на нивната дрскост. Од милост им ги побркал јазиците со цел да ги оневозможи нивните бунтовни намери. Бог има големо трпение со луѓето и ја поднесува нивната изопаченост, оставајќи им доволно време да се покаат, но Тој забележува секој нивни обид да го отфрлат авторитетот на неговите праведни и свети закони. Повремено, невидливата рака што го држи скиптарот на власта се подига за да го спречи ширењето на безбожноста и на беззаконието. Дадени се неспорни докази дека Творецот на вселената, Оној, чијашто мудрост, љубов и вистина немаат ниту почеток ниту крај, навистина има врховна власт на небото и на земјата и дека никој не може неказнето да и пркоси на неговата сила. {ПП 123.2}

Плановите на градителите на Вавилон завршиле со срамен пораз. Споменикот на нивната гордост останал споменик на нивната лудост. Па сепак, луѓето продолжуваат да одат по истиот пат потпирајќи се само на себе и отфрлајќи го Божјиот закон. Тоа е она начело што сатаната се обидел да го наметне уште на небото, истото она начело со кое се раководел Каин кога го донел својот принос. {ПП 123.2}

И денеска има луѓе кои градат „кули”. Неверниците своите теории ги градат врз божемните заклучоци на науката, отфрлајќи го при тоа Божјото откровение дадено во неговата Реч. Се осмелуваат да кажат свое мислење и свој суд за Божјото морално владеење; го презираат и го омаловажуваат неговиот закон и се фалат дека, освен човечкиот разум, ништо друго не им е потребно. И бидејќи „не се врши суд над лошите работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки да прави зло” (Проповедник 8:11). {ПП 123.4}

Во таканаречениот христијански свет мнозина се одвраќаат од јасното учење на Библијата и својата вера ја градат врз човечки теории и врз пријатни измислици. Тие укажуваат на својата „кула” како пат по кој можат да се искачат на небото. И додека учат дека грешникот не мора да умре и дека спасението може да се осигури и без потчинување на Божјиот закон, луѓето со восхит просто се внесуваат во вешто срочените зборови на тие говорници. Кога оние што тврдат дека се Христови следбеници би биле готови да го прифатат Божјото мерило (неговиот закон), тоа би ги обединило; но сѐ додека ѝ се придава поголема важност на човечката мудрост отколку на неговата света Реч, ќе постои поделба, раздор и несогласија. Фактичната конфузија на денешните меѓусебно противречни секти и вероисповеди наполно одговара на изразот „Вавилон” кој пророштвото (Откровение 14:8; 18:2) го применува на црквите во овие последни денови толку наклонети кон светот. {ПП 124.1}

Мнозина се трудат себеси да си создадат небо стекнувајќи и обезбедувајќи си богатство и власт. Тие „се подбиваат и злобно зборуваат, се закануваат надмено со насилство” (Псалм 73:8), газејќи ги под нозе човечките права и омаловажувајќи го божествениот авторитет. Горделивите силници можат извесно време да имаат голема сила и власт, можат дури да бидат и успешни во сѐ што ќе преземат, но на крај ќе доживеат само разочарување и беда. {ПП 124.2} Близу е времето кога Бог ќе води истрага. Севишниот ќе слезе да види што изградиле синовите човечки. Ќе се открие неговата сила и неговата врховна власт, а делата на човечката гордост ќе бидат претворени во прав. „Од небесата гледа Господ, ги гледа сите синови човечки;од престолот, на кој седи, ги набљудува сите, кои живеат по Земјата” (Псалм 33:13,14). „Господ ги руши помислите на незнабошците, ги спречува намерите на народите.А замислата Господова вечно останува; мислите на срцето Негово од род во род” (Псалм 33:10,11). {ПП 124.3}

Сподели го ова:

Слични објави