49. ПОСЛЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА ИСУС НАВИН

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на книгата на Исус Навин 23-24 глава

Најпосле војните и освојувањата на земјата завршиле и Исус Навин се повлекол во мирен семеен живот во Тамнат-Сарах. „По многу време, откако Господ Бог го успокои Израел од сите околни непријатели, Исус остаре, дојде во поодмината возраст.И ги свика Исус сите синови Израелови, старешините нивни, судиите нивни и управителите нивни”. {ПП 521.1}

Поминале веќе неколку години откако народот се одомил во своето наследство и веќе  можеле да се забележат плодовите на истите зла кои на Израел порано му донесувале казни. Кога Исус Навин почувствувал дека го обзема старечка немоќ и увидел дека неговата животна задача наскоро мора да заврши, се загрижил за иднината на својот народ. И кога уште еднаш се собрале околу својот остарен водач, тој им се обратил со зборови од кои се видела татковска љубов: „Вие видовте сè што Господ, вашиот Бог, направи пред лицето ваше со сите тие народи, бидејќи Господ, вашиот Бог, Самиот се бори за вас”. Иако Хананците главно биле покорени, тие сè уште држеле значителен дел од земјата што им била ветена на Израелците, па Исус Навин го храбрел својот народ да не потклекне и да не ја заборави Господовата заповед според која тие идолопоклонички народи требало сосема да се истераат. {ПП 521.2}

Народот во поголем број случаи се колебал потполно да ги истера незнабошците. Племињата се повлекле секое на своето наследство, војската била распуштена и изгледите војната да се обнови биле мошне слаби. Но Исус Навин рекол: „Самиот Господ, вашиот Бог, ќе ги прогони од вас; ќе ги истреби пред вас, за да ја добиете во наследство нивната земја, како што Господ, вашиот Бог, ви говореше.Затоа трудете се ревносно да чувате и да исполнувате сè што е напишано во книгата на Мојсеевиот закон, не отстапувајќи од него ниту надесно, ниту налево”. {ПП 521.3}

Исус Навин го повикал народот сам да посведочи дека Бог ги исполнил сите дадени ветувања доколку тие од своја страна ги исполниле условите за тоа. „А вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа”, нагласил тој, „дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, вашиот Бог”. Освен тоа, истакнал дека Бог ќе ги исполни и сите закани како што ги исполнил и своите ветувања. „Но како што се изврши на вас секој добар збор, што ви го кажуваше Господ, вашиот Бог, така Господ ќе го исполни над вас секој лош збор… Ако го прекршите заветот на Господ, вашиот Бог… тогаш гневот Господов ќе пламне врз вас, и брзо ќе исчезнете од оваа добра земја, која Тој ви ја даде”. {ПП 522.1}

Сатаната мнозина измамува со навидум прифатливата теорија дека Божјата љубов кон неговиот народ е толку голема, што ќе им го прости секој грев; тој прикажува дека заканите на кои наидуваме во Божјата реч се упатени само затоа луѓето да се поправат, но дека тие никогаш нема буквално да се исполнат. Меѓутоа, Бог во своето целокупно постапување со своите созданија, придржувајќи се кон начелата на праведноста, го открил вистинскиот карактер на гревот – покажувајќи  дека негови неминовни последици се само беда и смрт. Безусловно проштавање на гревот никогаш немало ниту ќе има. Таквото проштавање би покажало дека се напуштени начелата на правдата што претставуваат основа на Божјото владеење. Тоа би ги зачудило жителите на безгрешните светови во целата вселена. Бог верно укажал на последиците на гревот, и ако тие опомени не би биле вистинити, тогаш како би можеле да веруваме и во сигурноста на неговите ветувања? Таа божемна добрина, која би ја потиснала правдата, не е добрина туку слабост. {ПП 522.2}

Бог е Творец и извор на животот и сите негови закони уште од почеток се дадени за живот. Но гревот го прекинал поредокот што го завел Бог и настанала дисхармонија. Сè додека постои грев, страдањата и смртта се неизбежни. И само затоа што Спасителот заради нас ја понел на себе „клетвата на гревот”, ние можеме да се надеваме дека Тој ќе нè ослободи и од страшните последици што ги носи гревот со себе. {ПП 522.3}

Одговарајќи се на повикот што го упатил Исус Навин непосредно пред својата смрт, старешините и претставниците на племињата повторно се собрале во Сихем. Во целата земја немало град кој повеќе би ги потсетувал на нивните многубројни свети спомени, упатувајќи ги нивните мисли на Божјиот завет склучен со Аврама и Јакова и на нивната свечена обнова на заветот што го склучиле влегувајќи во Ханан. Тука биле горите Евал и Гаризим, немите сведоци на нивната свечено дадена заклетва која сега, вака собра ни околу својот водач пред смрт, требало да ја обноват. На сите страни имало сведоштва што зборувале за тоа што сè Бог сторил за нив; како им ја дал земјата за која не се мачеле, градови што не ги граделе, лозја и маслинови градини што не ги саделе. Исус Навин уште еднаш ја повторил целата историја на Израел, наведувајќи ги чудесните Божји дела за сите да ја увидат неговата љубов и милост и да му служат „верно и вистинито”. {ПП 522.4}

По наредба на Исуса Навина, од Силом е донесен ковчегот на заветот. Таа пригода била необично свечена и тој симбол на Божјото присуство имал длабок и траен впечаток, што Исус Навин сакал да го остави врз народот и да го стори уште повпечатлив. Откако ја изнел Божјата добрина покажана кон Израелците, ги повикал во име на Јехова да изберат кому ќе му служат. Сè уште потајно обожавале идоли, и затоа Исус Навин сега настојувал да ги наведе на одлука со која тој грев ќе биде истеран од Израел. „Ако, пак, не ви е мило да Му служите на Господ”, рекол, „одберете си сега, кому да му служите”. Сакал да ги наведе да му служат на Бога, но не присилно, туку сосем доброволно, зашто љубовта кон Бога претставува вистинска основа на верата. Ако му служиме на Бога само затоа што се надеваме на ветената награда или од страв од казна, тоа не ни вреди ништо. Лицемерството и формалното учествување во верските обреди го навредува Бога повеќе отколку отворениот отпад. {ПП 523.1}

Стариот водач на претставниците на народот силно им нагласил добро да размислат за сѐ што им кажал и да решат дали навистина сакаат да живеат онака како што живееле понижените незнабожечки народи околу нив. Ако, пак, не ви е мило да му служите на Јехова, кој е извор на сила и благослов, одберете си сега, кому да му служите: „На боговите ли, на кои им служеа предците ваши”, од кои Аврам на Божји повик се одвоил, „или на боговите на Аморејците во чијашто земја живеете”. Овие последни зборови биле остар прекор за Израелците. Боговите на Аморејците не биле во состојба да ги заштитат и да ги одбранат своите поклоници. Поради своите одвратни и понижувачки гревови, тие безбожни народи се уништени, а сета добра земја што некогаш ја држеле му била предадена на Божјиот народ. Каква лудост за Израел да ги одбере боговите на Аморејците идолопоклонство поради кое тие народи биле уништени! „А, пак, јас и домот мој”, рекол Исус Навин, „ќе му служиме на Господ”. Истата света ревност што го инспирирала срцето на нивниот водач, била пренесена и врз народот. По негово барање дошол решителен и еднодушен одговор: „Не, тоа никако! Нема да Го оставиме Господа и нема да им служиме на други богови”. {ПП 523.2} 

„Не ќе може да Му служите на Господ”, рекол Исус Навин, „зашто Тој е свет Бог, Бог ревнител; Тој нема да го истрпи беззаконието ваше и гревовите ваши”. Пред да може да се зборува за трајна реформа, тие морале да бидат наведени да ја почувствуваат својата целосна неспособност со сопствена сила да му служат на Господа. Тие го престапиле неговиот закон кој ги осудувал како престапници, не предвидувајќи  начин за ослободување од таа осуда. И сè додека се потпирале врз својата сила и правда, не можеле да постигнат проштавање на гревот. Тие не биле во состојба да ги задоволат барањата на совршениот Божји закон и попусто се обврзувале дека ќе  му служат на Господа. Само со вера во Христа можеле со сигурност да добијат проштавање на гревот и сила да го држат Божјиот закон. Морале да престанат својата надеж во спасение да ја темелат на своите сопствени напори. За да му бидат угодни на Бога, морале целосно да се потпрат врз заслугите на ветениот Спасител. {ПП 524.1}

Исус Навин се трудел неговите слушатели добро да ја одмерат тежината на своите зборови и да се воздржат од завет за чиешто исполнување не биле подготвени. Но тие својата изјава ја повториле искрено и со длабока сериозност: „Не, ние ќе Му служиме на Господ”. Изјавувајќи еднодушно дека сами себеси се сведоци оти го одбрале Јехова, уште еднаш ја повториле својата заклетва на верност нему: „На Господа, нашиот Бог, ќе Му служиме и гласот Негов ќе го слушаме”. {ПП 524.2} 

„И тој ден Исус направи со народот завет и му даде наредби и закони во Сихем (пред скинијата на Господ, Бог Израелов)”. Бидејќи за тој свечен настан напишал извештај, истиот, заедно со книгата на законот, го ставил покрај ковчегот на заветот. Подигнал и столб како споменик, велејќи: „’Ете, овој камен ќе ни биде сведок, бидејќи тој ги слушна сите зборови на Господ што Тој ви ги кажа денес; тој нека биде сведок против вас, ако некогаш лажете пред Господ, Вашиот Бог’.И потоа Исус го испрати народот, секој во местото свое”. {ПП 524.3} Со ова делото на Исуса Навина за израелскиот народ било завршено. Тој „наполно се држеше за Господа”, и во Божјата книга покрај неговото име пишува: „Слуга Господов”. Најблагородна пофалба и сведоштво за неговиот карактер како јавен и општо познат водач е историјата на она поколение што ги уживало плодовите на неговиот труд: „И Му служеше Израел на Господ во сите денови Исусови, и во сите денови на старешините, кои го поминаа времето со Исус и кои ги видоа сите дела што му ги направи на Израел”. {ПП 524.4}

Сподели го ова:

Слични објави