50. ДЕСЕТОЦИ И ПРИНОСИ
Во еврејскиот систем една десетина од народните приходи се изделувала за потребите на јавното богослужение. На Израел тоа му било објавено преку Мојсеја: „И секоја десетина од земјата: од земните семиња и од плодовите на дрвјата, Му припаѓаат на Господ: тоа е светиња Господова”. „И секој десеток од крупниот и од ситниот добиток – сè десетто што ќе помине под пастирски стап, треба да Му се посвети на Господ”. (Левитска 27:30,32). {ПП 525.1}
Но системот на десеток не потекнува од Евреите. Уште од најстари времиња Господ полагал право на десеттиот дел и тоа секогаш било признато и почитувано. Аврам му дал десеток на свештеникот на севишниот Бог, Мелхиседек (Создавање 14:20). А кога Јаков како изгнаник и патник заноќевал во Ветил, му се заветувал на Господа велејќи: „И од сè, што ќе ми дадеш, Тебе ќе Ти давам една десетина” (Создавање 28:22). И кога Израелците биле организирани како нација, законот за десеток е потврден како Божја уредба и од почитувањето на таа уредба зависела нивната благосостојба. {ПП 525.2}
Уредбата за десетокот и даровите е дадена со цел во мислите и во срцата на луѓето да ја втисне големата вистина – дека Бог е извор на сите благослови подарени на неговите созданија и дека луѓето нему му должат благодарност за добрите дарови на неговото провидение. {ПП 525.3}
„Сам на сите им дава живот, здив и сè” (Дела 17:25). Господ кажува: „Зашто Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата” (Псалм 50:10). „Среброто е Мое и златото е Мое” (Агеј 2:8). Луѓето можат да стекнат имот само ако Бог им подари сила за тоа (Второзаконие 8:18). Како признание дека сето тоа доаѓа од него, Господ бара еден дел од неговите добра да му се врати во вид на дарови и прилози наменети за одржување на неговата служба. {ПП 525.4}
„Секој десеток е Господов”. Тука е употребен ист облик на изразување како и во заповедта што се однесува на празнувањето на саботата: „А седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог” (Излез 20:10). Еден одреден дел од времето и од средствата доверени на луѓето Бог задржал за себе и човекот не може ниеден од тие делови да задржи за себе а да не се огреши. {ПП 525.5}
Десетокот исклучиво бил наменет за Левитите, племе што било одбрано и изделено за служба во Светилиштето. Но тоа не претставувало некоја граница за приложување за верски цели. Шаторот за состанок, а подоцна и Храмот, биле изградени исклучиво од доброволни дарови; а да се намират неопходните поправки и другите издатоци, Мојсеј наредил при секое пребројување на народот секој да приложи по половина шекел за „служба во Светилиштето”. Во времето на Немија таков принос се собирал секоја година. Види: Излез 30:12-16; 2. Царевите 12:4,5; 2. Летописи 24:4-13; Немија 10:32,33. Повремено на Бога му се принесувани и жртви благодарници и жртви паленици за гревот. Најголем број жртви се принесувани на годишните празници. А широкоградо се прилагало и за сиромашните. {ПП 526.1}
Дури и пред да биде можно да се приложи десеток, на Бога му се оддавало признание за неговите благослови. Првиот меѓу земните плодови што би узреал, му бил посветуван нему. Првата волна при стрижењето на овците, првото жито од гумно, првото масло и првото вино, биле изделувани за Господа; исто така и секое прво добиено младенче од добитокот и од стадото; за првородениот син е давана откупнина. Првите плодови морале да се изнесат пред Господа во Светилиштето и тие им припаѓале на свештениците. {ПП 526.2}
Така народот постојано бил потсетуван дека Господ е вистински сопственик на нивните ниви и на нивните стада овци и говеда, дека Тој со благотворните зраци на сонцето и дождот им овозможил сеидба и жетва, дека Тој е Творец на сè што имаат и дека нив ги сторил само повереници на неговите добра. ПП 526.3}
Израелците, натоварени со првите плодови од своите ниви, овоштарници и лозја, кога се собирале пред Светилиштето, тоа претставувало јавно признавање на Божјата добрина. Предавајќи му ги даровите на свештеникот, дародавецот зборувал како Јехова да е пред него: „Мојот предок беше Арамеец скиталец”, а потоа го опишувал престојувањето во Египет и маките од кои Бог ги избавил Израелците „и нè изведе Господ од Египет: со силна рака, со голем ужас, со знаменија и чуда,па нè доведе на ова место и ни ја даде оваа земја – земја во која тече мед и млеко.И така, ете, ги донесов првините од плодовите на земјата, која Ти, Господи, ми ја даде, земјата (каде тече мед и млеко)“ (Второзаконие 26:5,8-11). {ПП 526.4}
Прилозите што се барале од Евреите за верски и доброволни цели изнесувале полна четвртина од целокупните нивни приходи. Можело да се очекува толку високите дажбини да го осиромашат народот; но напротив, верното исполнување на овие прописи всушност претставувало еден од условите на нивниот напредок и благосостојба. Под услов да бидат послушни, Господ го дал следното ветување: „Нема ли заради вас да му забранам на скакулецот за да не ви ги расипува веќе посевите и за да не ви биде неплодна лозата во полето… Тогаш сите народи ќе ве сметаат за среќни, зашто ќе бидете земја на блаженството – говори Господ над Воинствата” (Малахија 3:11,12). {ПП 527.1}
Впечатлив приказ за последиците на себичното задржување токму на оние доброволни дарови за Божјото дело, јасно бил даден во деновите на пророк Агеј. По своето враќање од вавилонско ропство, Евреите решиле да го обноват Господовиот дом; но, наидувајќи на решителен отпор од страна на своите непријатели, ја прекинале работата и, погодени со голема суша која навистина ги осиромашила, тие дошле до заклучок дека било неможно да се заврши градењето на храмот. „Уште не е дојдено времето”, заклучиле тие, „не е време сега да се гради дом Господов”. Но Господ порачал преку својот пророк: „А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, кога е Светилиштето запустено?Затоа сега вака вели Господ Саваот: ‘Преиспитајте ги своите патишта!Вие сеете многу, а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе” (Агеј 1:2-6). А потоа е наведена причината: „Очекувавте многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го разнесувам. Зошто? – вели Господ Саваот: Затоа што домот Мој е запустен, додека секој од вас се грижи за домот свој.Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови.Затоа повикав суша врз земјата, врз горите, врз житото, врз гроздовите, врз маслото и врз сè што се раѓа од земјата, и врз човекот и врз добитокот, и врз секој ваш труд” (Агеј 1:9-11). „Како изгледавте? Доаѓавте до купче од дваесет мери, а имаше само десет; доаѓавте да црпите од каца со зафатнина од педесет мери, а имаше само дваесет мери.Ве поразував со гламја и со млечка по житата и со град во секое дело на рацете ваши” (Агеј 2:16,17). {ПП 527.2}
Трогнати со овие опомени, Израелците се дале на работа да го изградат Божјиот дом. А тогаш им дошла вест од Господа: „Размислете од денес за натаму, од дваесет и четвртиот ден во овој деветти месец, од денот кога беше основан храмот Господов… а од денес Јас ќе ве благословувам” (Агеј 2:18,19). {ПП 528.1}
Мудрецот кажува: „Еден раздава штедро, и уште му се додава; а друг преку мера е скржав, и пак е сиромав” (Изреки 11:24). Истата поука ја повторува и апостол Павле во Новиот завет: „Кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее”. „А Бог може изобилно да ве дарува со секаков дар, секогаш да имате доволно за сè, да бидете од сè срце дарежливи во секое добро дело” (2. Коринтјаните 9:6,8). {ПП 528.2}
Божја намера била Израелците како негов народ да им бидат светлина на сите народи на земјата. Нивните богослуженија, одржувани така да бидат пристапни за секого, требало да претставуваат сведоштво за постоењето и за сувереноста на живиот Бог. За нив било посебно предимство со своите прилози за одржување на тоа богослужение да ја покажат својата верност и љубов кон него. Бог тоа го уредил така за светлината и вистината на земјата да се шират благодарение на напорите и жртвите на оние кои веќе располагаат со небесните дарови. Тој можел ангелите да ги стори застапници на својата вистина; можел својата волја да ја објави со сопствен глас, како што го објавил законот на Синајската гора; но, во својата безгранична љубов и мудрост, Тој ги повикал луѓето, учествувајќи во тоа дело, да бидат негови соработници. {ПП 528.3}
Во времето на старозаветниот Израел давањето на десеток и дарови било неопходно за одржување на богослуженијата и верските обреди. А треба ли Божјиот народ денеска да дава помалку? Според начелото што го поставил Христос, нашите дарови за Бога треба да бидат во сразмер со светлината и предимстваташто ги уживаме. „Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него” (Лука 12:48). Зборови на Спасителот упатени до учениците кога ги праќал на служба биле: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте” (Матеј 10:8). Бидејќи нашите предимства и благослови се многу поголеми, а пред сè затоа што постојано пред очи ја имаме неспоредливата жртва на Божјиот Син – зар тогаш не треба и нашата благодарност да биде изразена со уште поизобилни дарови за пораката на спасението да допре и до другите? За да се одржи и да напредува делото на евангелието, кое сè повеќе се шири, се бара повеќе отколку што се барало во времето на старозаветниот Израел. Токму тоа законот за десетокот и приносот денеска го прави уште понеопходен отколку во времето на стариот завет. Божјиот народ, наместо да прибегнува кон нехристијански и несвети методи само да ја наполни благајната, кога поизобилно би го потпомагал Божјото дело со своите доброволни дарови, Бог би бил почитуван и многу повеќе души би биле придобиени за Христа. {ПП 528.4}
Мојсеевиот план да се соберат средства за градење на Светилиштето бил мошне успешен. Не било потребно да се повторува барањето. Тој не се служел со лукавства кон кои денеска толку често прибегнуваат многу цркви. Не правел некои големи свечености. Не ги викал луѓето на свечени празници, на игранки или на заеднички веселби, ниту пак организирал некакво проштавање на гревот за пари или нешто слично. Тој не се служел со такви и слични несвети средства за да се добере до средства за подигање на Божјото Светилиште. Господ му наредил на Мојсеја да ги повика синовите Израелови да донесат дарови. Тој требало да прими прилог од секого кој доброволно и од срце давал. И дарови се донесувани во толкаво изобилство, што Мојсеј морал да нареди да престанат да донесуваат, зашто било приложено повеќе отколку што можело да се употреби. {ПП 529.1} Бог луѓето ги сторил свои повереници. Имотот што го ставил во нивни раце всушност се средства што Тој ги предвидел за ширење на евангелието. На оние што ќе се покажат како верни повереници, Тој ќе им довери и поголеми одговорности. „Јас ќе ги прославам оние”, кажува Господ, „кои Мене Ме прославуваат” (1. Самоилова 2:30). „Бог го љуби оној што од срце дава”, и кога неговиот народ со радосно и благодарно срце му ги носи своите дарови и прилози нему, „не со жал или принуда”, тогаш ќе го придружуваат негови обилни благослови како што ветил во својата Реч: „Донесете ги сите десетоци во ризницата, па да има храна во Мојот дом, и потоа испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек?” (Малахија 3:10). {ПП 529.2}