65. ВЕЛИКОДУШНОСТА НА ДАВИДА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 22:20-23 и 23- 27 глава

По свирепото убиство на Господовите свештеници од страна на Саула, „се спаси само еден од синовите на Ахимелех, Ахитувовиот син, по име Авијатар, и избега кај Давид.Авијатар му раскажа на Давид дека Саул ги уби свештениците Господови.А Давид му рече на Авијатар: ‘Јас знаев оној ден, кога таму беше Едомецот Доег дека тој бездруго ќе му јави на Саул; јас сум виновен за сите души од домот на твојот татко.Остани при мене, не плаши се, зашто како што ја бара душата моја, ќе ја бара и твојата душа; ти ќе бидеш кај мене под заштита’” (1. Самоилова 22:20-23). {ПП 660.1}

Царот постојано го гонел Давида, така што овој никаде не можел да најде место на кое би бил мирен и спокоен. Градот Кеил го ослободил од опасноста што му се заканувала од страна на Филистејците, но со своите луѓе не се чувствувал безбеден дури ни меѓу оние што ги ослободил. Од Кеил се повлекле во пустината Зиф. {ПП 660.2}

Во тоа време, кога на Давидовата патека имало мошне малку светли настани, пријатно го изненадила неочекуваната посета на Јонатана, кој дознал каде се крие Давид. Тоа биле драгоцени мигови што овие двајца пријатели ги поминале заедно. Раскажувале за своите многубројни доживувања и Јонатан го храбрел Давида велејќи: „Не плаши се, зашто раката на татко ми Саул нема да те најде, и ти ќе царуваш над Израел, јас, пак, ќе бидам втор по тебе. И Саул, мојот татко, го знае тоа”. Тој разговор за чудесните Божји патишта многу го охрабрил прогонетиот бегалец. „Тогаш си дадоа меѓу себе завет пред лицето на Господ. И Давид остана во гората, а Јонатан отиде во домот свој”. {ПП 660.3}

Кога Јонатан си заминал Давид ја крепел својата душа со похвални песни придружувајќи ги на харфа:

Кај Господ се засолнувам!

Зошто и велите на душата моја:

Одлетај во гората своја како птица,

Зашто грешниците го затегнаа лакот,

Ја притегнаа стрелата своја на тетивата,

Па од мрак да стрелаат на чистите по срце.

Ако темелите се разурнати,

Што може праведниот да стори?

Господ е во својот свет храм.

Господ е на престолот небесен;

Очите Негови гледаат, веѓите Негови ги испитуваат синовите човечки.

        Господ го испитува и праведниот и безбожникот,

        А Неговата душа ги мрази оние што уживаат во насилство (Псалм 11:1-5). {ПП 660.4}

Зифеите, во чиишто диви области Давид се засолнил бегајќи од Кеил, му пратиле извештај на Саула во Гаваја дека знаат каде е Давид и дека ќе го одведат царот до неговото засолниште. На Давида му обрнале внимание на нивните намери, па го променил местото барајќи прибежиште во планините меѓу пустината Маон и Мртвото Море. {ПП 661.1}  

Повторно на Саула му е упатена вест: „Ете, Давид е во пустинските места кај Ен-Геди”. Давид имал сè на сè шестотини луѓе со себе, додека Саул повел против него војска од три илјади војници. Во една осамена пештера синот на Јесеја со своите луѓе очекувал Божји упатства. Кога Саул навлегол во планините, застанал и наполно сам влегол токму во онаа пештера во која биле скриени Давид и неговите луѓе. Кога го виделе тоа Давидовите луѓе, го навалиле Давида да го убие Саула. Фактот што царот сега бил во нивна власт го сметале за сигурен доказ дека сам Бог им го предал непријателот во раце за да го уништат. Давид се нашол во искушение и самиот работата да ја посматра од исто становиште, но гласот на совеста му зборувал: „Не дигај своја рака против Господовиот помазаник”. {ПП 661.2}

Давидовите луѓе сепак не се согласиле да го остават Саула на мир. Го потсетиле својот заповедник на Божјите зборови: „Јас ќе ти го предадам твојот непријател во твоите раце, постапувај со него како што ти се сака”. Но подоцна го мачела совеста дури и поради тоа што ја оштетил облеката на царот. {ПП 661.3}   

Саул се дигнал и излегол од пештерата да продолжи со трагањето кога слушнал глас што го повикувал: „Господаре мој, царе!” Свртувајќи се да види кој го вика, видел дека тоа бил синот на Јесеја, токму оној човек кого што тој веќе толку долго го бара да го убие. Давид се поклонил пред царот, го признал за свој господар, а потоа го ословил со следните зборови: „Зошто ги слушаш зборовите на оние луѓе што велат, ете, Давид крои зло против тебе?Ете, денес видоа очите твои дека Господ те предаваше во рацете мои во пештерата, и ми говореа да те убијам, но јас те поштедив и реков: нема да кренам рака на мојот господар, бидејќи тој е помазаник на Господ.Татко, погледни ја полата на облеката твоја во мојата рака, јас ја пресеков полата од облеката твоја, а тебе не те убив; знај и увери се дека во раката моја нема зло, ни непријателство, и дека јас не сум згрешил спрема тебе; а ти ја бараш душата моја за да ја одземеш”. {ПП 662.1}

Кога ги ислушал Давидовите зборови, Саул се скршил и не можел да не ја признае нивната вистинитост. Неговите чувства биле длабоко поттикнати кога сфатил дека целосно бил под власт на човекот што сакал да го убие. Давид стоел пред него свесен за својата невиност. Со смирен дух, Саул проговорил: „Ти си поправ од мене, зашто ми врати со добро, а јас ти враќав со зло… Кој, откако ќе го најде непријателот свој, ќе го пушти здрав и цел? Господ нека ти врати со добро за тоа што ми го направи денес ти.Сега знам дека ти бездруго ќе станеш цар, и царството израелско ќе биде силно во раката твоја”. Тогаш Давид склучил завет со Саула дека, кога ќе стане цар, милосливо ќе постапува со Сауловиот дом и дека нема да му го сотре името. {ПП 662.2}

Имајќи  го на ум однесувањето на Саула во минатото, Давид не можел да се потпре врз ветувањата на царот ниту да се надева дека неговата покајничка состојба долго ќе потрае. Затоа Давид, по Сауловото заминување, и понатаму останал во планинските засолништа. {ПП 662.3}

Непријателството што го негуваат против Божјите слуги луѓето кои му се предале на сатаната понекогаш преминува во чувство на помирливост и наклоност, но таа промена не е секогаш трајна. Луѓето наклонети кон зло, кои зборуваат лошо за Божјите слуги и им прават неправда, понекогаш ги обзема длабоко убедување дека биле неправедни. Духот Господен се бори со нив и тие стануваат кротки пред Бога и пред оние чиешто влијание сакале да го уништат, и можат дури да го изменат своето однесување кон нив. Но штом ќе им ја отворат вратата на лошите дошепнувања, старите сомнежи се будат, старото непријателство пак се јавува и тие повторно го прават она за што се каеле и што извесно време го напуштиле. Повторно зборуваат зло за оние на кои понизно им го признале гревот и ги обвинуваат на најогорчен начин. Со таквите души сатаната може да завладее со многу поголема сила од порано, зашто продолжиле да грешат и при многу поголемо видело. {ПП 662.4}

„И Самоил умре. Тогаш се собраа сите Израелци, го оплакаа и го погребаа во куќата негова, во Рама”. Израелскиот народ смртта на Самоил ја примил како ненадоместлива загуба. Смртта го прибрала во своите пазуви големиот и добар пророк и извонреден судија; болката на целиот народ била длабока и искрена. Самоил уште од своето детство стоел пред Израел со чисто срце. Иако Саул бил признат цар, Самоил имал поголемо влијание од него, зашто животот му бил обележан со верност, со послушност и преданост. Читаме дека тој во текот на целиот свој живот им судел на Израелците. {ПП 663.1} 

Споредувајќи  го однесувањето на Саула со она на Самоил, народот увидел колку голема била грешката што барале цар само затоа да не се разликуваат од другите народи наоколу. Мнозина со страв го посматрале сè поголемото безбоштво и лажната вера што се ширела среде народот. Примерот на нивниот владетел вршел силно влијание и колку Израелците да го жалеле Господовиот пророк Самоил, него веќе го немало. {ПП 663.2}

Народот го загубил основачот и управителот на своите верски школи; но тоа не било сè. Го загубиле човекот кај кого народот доаѓал за совет кога би се нашол во голема неволја, кај човекот кој секогаш се заземал пред Бога за интересите на својот народ. Посредувањето на Самоил секогаш влевало чувство на сигурност, „голема сила има усрдната молитва на праведникот” (Јаков 5:16). Народот чувствувал дека Бог го напуштил. Царот се чинело дека бил на работ на лудило. Правдата е извртувана, а редот се претворил во збрка. {ПП 663.3}

Токму во времето кога народот го разјадувале внатрешни несогласија, а мудриот и богобојазлив совет на Самоил бил најпотребен, Бог својот стар слуга го повикал на починка. Горчливи мисли го обземале народот додека стоел крај неговиот гроб и размислувал за својата лудост што го отфрлиле него како народен водач, а тој бил во толку близок допир со небото, што се чинело дека цел Израел го врзува со престолот на Јехова. Самоил бил тој кој ги учел да го љубат Бога и да му се покоруваат; а сега, по неговата смрт, народот чувствувал дека е препуштен на милост и немилост на царот кој се здружил со сатаната и кој нацијата потполно ќе ја одвои од Бога и од небото. {ПП 664.1}

Давид не можел да присуствува на погребот на Самоил, но го жалел толку длабоко и искрено, како што може само еден верен син да го сака омилениот татко. Тој знаел дека смртта на Самоил значи попуштање на уште една стега што Саула барем донекаде го зауздувала, па се чувствувал уште понесигурен отколку тогаш кога пророкот бил жив. Додека Саул бил зафатен со тагување околу смртта на Самоил, Давид ја искористил приликата да побара посигурно место каде што ќе се засолни и побегнал во пустината Фаран. Таму ги опеал псалмите 120 и 121. Во таа пуста дивина, размислувајќи  за смртта на пророкот и за непријателството на царот, Давид пеел: {ПП 664.2}

Мојата помош е од Господ,

Кој ги создаде небото и Земјата.

Тој нема да дозволи да се помести ногата твоја;

Нема да задреме Оној, Кој те пази;

Не дреме и не спие Оној, Кој го пази Израел.

Господ е Твој чувар;

Господ е твоја закрила откај твојата десна рака.

Сонцето дење нема да те гори,

Ниту месечината ноќе ќе ти штети.

Господ ќе те запази од секакво зло

Господ ќе го пази излегувањето твое

И влегувањето твое отсега и довека(Псалм 121:2-8). {ПП 664.3}

За време на својот престој во пустината Фаран Давид со своите луѓе ги штител од разбојници стадата на еден имотен човек кој се викал Навал; тој човек имал голем имот. Навал бил потомок на Халева, но по природа бил груб и себичен. {ПП 664.4}

Тоа се случило во времето кога се стрижат овците и кога била вистинска прилика за укажување на гостопримство. Давид со своите луѓе бил во голема неволја бидејќи имал недостиг од живот ни намирници; во сообразност со тогашните обичаи, синот на Јесеја пратил десет свои луѓе кај Навала да го поздрават во негово име и да му кажат: „Мир на тебе, мир на твојот дом, мир на сè што е твое!Денес слушнав дека ти ги стрижат овците; ете, овчарите твои беа со нас, и ние не ги навредувавме, и ништо кај нив не се загуби за сето тоа време, додека стоеја на Кармил.Прашај ги слугите свои, и тие ќе ти кажат. Затоа нека најдат момците благонаклоност во очите твои, бидејќи во добар ден дојдовме. Дај им, пак, на слугите твои и на синот свој Давид она што ти се наоѓа при рака”. {ПП 664.5}

Давид со своите луѓе претставувал за стадата на Навала еден вид заштитен ѕид; и сега го замолил тој богаташ да издели нешто од својот вишок за да им ги олесни потребите на луѓето кои му направиле толку драгоцени услуги. Давид и неговите луѓе сами можеле да земат од стадото колку што им било потребно, но тие тоа не го сториле. Се однесувале чесно. Меѓутоа, Навал не ја ценел нивната добрина. Неговиот одговор на Давида најјасно зборувал за неговиот карактер: „Кој е тој Давид, кој е тој син Јесеев? Сега има многу слуги кои бегаат од господарите свои.Зар да ги земам лебот свој и водата своја, (и виното свое) и месото што сум го приготвил за стрижачите на овците, и да им дадам на луѓе што не ги знам од каде се?” {ПП 665.1}

Кога луѓето се вратиле со празни раце и му пренеле на Давида што им било кажано, Давида го опфатила јарост. Им наредил на своите луѓе да се приготват за борба; решил да го казни човекот кој одбил да му го даде она што имал право да го побара и кој кон неправдата додал и навреда. Таа брза одлука повеќе  му одговарала на Сауловиот карактер отколку на Давидовиот, но синот на Јесеја сè уште морал да се учи на трпение во школата на патилата. {ПП 665.2}

Откако ги отпуштил Давидовите слуги, еден од слугите на Навала отишол кај неговата жена, Авигеја, и ѝ кажал сè што се случило: „Ете, Давид испрати од пустината известувачи да го поздрават нашиот господар, но тој се однесе кон нив грубо.А тие луѓе се многу добри кон нас, не нè навредуваа, и ништо не се изгуби кај нас, за сето време додека одевме со нив, и додека бевме во полето;тие беа за нас како ѕид и дење и ноќе за сето време, додека ги пасевме стадата близу до нив;затоа, помисли и види што да се прави, бидејќи неизбежна несреќа му се заканува на господарот наш и целиот дом негов”. {ПП 665.3}

Без да се договори со мажот, па дури и без да му ја каже својата намера, Авигеја собрала голема резерва на животни намирници, наредила тоа да се натовари на магариња и го пратила по слуги, а самата пошла по нив во пресрет на Давида и на неговите луѓе. Ги сретнала во една шумичка. „Штом Авигеја го виде Давид, таа брзо слезе од магарето, падна ничкум пред Давид и се поклони до земја,падна до нозете негови и рече: ‘Врз мене да е гревот, господаре мој; дозволи и на робинката твоја да говори во ушите твои и слушни ги зборовите на робинката твоја’”. Авигеја му се обратила на Давида со исто толкава почит како да зборувала со некаков крунисан владетел. Додека Навал зборувал „кој е тој Давид?”, Авигеја го нарекувала „господар”. Со пријателски зборови настојувала да ги стивне неговите повредени чувства и да ја исправи неправдата што му ја нанел нејзиниот маж. Без никакво фалење или гордост, туку полна со мудрост и со Божја љубов, Авигеја признала колку е приврзана кон своето семејство и му објаснила на Давида дека нечовечното однесување на нејзиниот маж воопшто не значи дека тој има нешто лично против него, туку дека тоа бил обичен излив на несреќната и себична природа на Навала. {ПП 666.1}

„И сега, господаре мој, ти се колнам во Господ и во душата твоја! Господ нема да дозволи да пролеваш крв, а ќе ја задржи раката твоја да не се одмаздуваш; и сега нека бидат како Навал твоите непријатели и овие, кои мислеа лошо против мојот господар”. Авигеја сите овие зборови со кои се обидела да го одврати Давида од неговите намери му ги припишувала на Бога и на неговата слава, а не себеси. Затоа им ги предала богатите резерви што ги приготвила на Давидовите слуги како жртва на помирување, па и понатаму молела како таа лично да го предизвикала гневот на нивниот водач. {ПП 666.2}

„Прости и ја вината на робинката своја; Господ бездруго ќе подигне за мојот господар цврст дом, зашто мојот господар води Господови војни, и во текот на целиот живот твој зло нема да се најде во тебе”. Авигеја на убав начин му укажала на Давида што треба да прави. Треба да ги води Господовите војни. Не смее да жеднее за одмазда поради лична навреда, па макар да го прогонуваат како предавник. Потоа продолжила: „Ако човекот стане да те гони и да ја бара душата твоја, тогаш душата на мојот господар ќе биде сврзана со јазелот на животот кај Господ, твојот Бог… И кога Господ постапи со мојот господар според сето добро што го говореше за тебе, и те постави за водач на Израел,за срцето на мојот господар тоа нема да биде огорченост и неспокојство, зашто пролеал напразно крв, и зашто си се спасил. Господ ќе му направи добро на мојот господар, и ти ќе си спомнеш за робинката своја” (1. Самоилова 25:29-31). {ПП 666.3}

Такви зборови можеле да потечат само од усните на лице што примило мудрост озгора. Побожноста на Авигеја се чувствувала како мирис од цвеќе, потполно несвесно во изразот на нејзиното лице, во нејзините зборови и движења. Во нејзината душа престојувал Духот на Божјиот Син. Нејзините зборови, полни со милост, со добрина и мир, имале небесно влијание. Давида го опфатиле подобри чувства и тој затреперил при помислата на последиците што би можел да ги има неговиот непромислен потфат. „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји” (Матеј 5:9). Бог нека даде да има повеќе такви каква што била оваа Израелка, такви кои ги стивнуваат возбудените чувства, ги спречуваат непромислените постапки и со смирувачки зборови на вистинска мудрост отстрануваат големо зло. {ПП 667.1}

Посветениот христијански живот секогаш шири светлина, утеха и мир. Негови обележја се чистота, тактичност, едноставност и полезност. Со нив управува онаа несебична љубов која го посветува неговото влијание. Таквиот живот е исполнет со Христов Дух и остава светли траги зад себе секаде каде што се движи човекот што го поседува. Авигеја била мудар учител и советник. Давидовиот гнев исчезнал под влијанието на нејзините зборови. Се уверил дека не постапил мудро и дека ја загубил власта над својот дух. {ПП 667.2}

Со кротко срце го примил прекорот, што било во сообразност со неговите зборови: „Праведниот нека ме казнува, светиот нека ме изобличува, но не давај миро на грешник да ја помаже главата моја!” (Псалм 141:5). Тој ѝ благодарел и ја благословувал што на исправен начин го предупредила. Има многу луѓе кои, кога ќе бидат укорени, себеси се сме таат за достојни за пофалба затоа што укорот го примиле без навреда; но малку има такви кои искрено им се благодарни на оние кои ги исправаат и сакаат да ги одвратат од лоши постапки. {ПП 667.3}

Кога Авигеја се вратила дома, го затекла Навала и неговите гости како уживаат во голема свеченост што ја претвориле во оргијање. Дури следниот ден изутрина му раскажала на својот маж што се случило кога се сретнала со Давида. Навал бил кукавица и кога слушнал како својата лудост можел да ја плати со главата, како гром да го погодил и се парализирал. Од страв дека Давид сепак нешто ќе преземе за да му се одмазди, наполно го загубил присуството на духот и потонал во состојба на беспомошна нечувствителност. По десет дена умрел. Животот што му го дал Бог бил само проклетство за луѓето. Затоа Бог среде неговото пирување и веселба му рекол како и на оној богаташ во параболата: „Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја” (Лука 12:20). {ПП 667.4}

Подоцна Давид се оженил со Авигеја. Тој веќе бил женет, но обичаите во тоа време влијаеле врз неговото расудување и неговите постапки. Дури и големите и добри луѓе грешеле што се придржувале кон световните обичаи. Давид во целиот свој живот ги чувствувал горките последици на многуженството. {ПП 668.1}

По смртта на Самоил, Давид уживал мир само неколку месеци. Повторно се повлекол во самотија меѓу Зифеите; меѓутоа, надевајќи се дека ќе  ја задобијат царевата наклоност, овие луѓе го известиле царот за местото каде што се криел Давид. Таа вест повторно го поттикнала демонот на страстите што извесно време мирувал во Сауловите гради. Повторно ги собрал своите борци и се упатил да го гони Давида. Но пријателите го известиле синот на Јесеја дека Саул пак тргнал против него. Тогаш Давид со неколку свои луѓе пошол да види каде се наоѓа неговиот непријател. Била ноќ и тие, претпазливо напредувајќи, наишле на логорот; го виделе шаторот каде што спиел царот и шаторите на неговите придружници. Никој не ги забележал, зашто сите во логорот спиеле со длабок сон. Давид ги повикал своите луѓе да појдат во самото средиште на непријателот. Кога прашал: „Кој ќе дојде со мене кај Саул во шаторот?”, Авеса веднаш одговорил: „Јас ќе дојдам со тебе”. {ПП 668.2}

Криејќи се во мрачните сенки на ритчињата, Давид и неговиот придружник незабележано влегле во логорот на непријателот. Кога сакале да утврдат колку непријатели има на гората, наишле на Саула кој спиел. Неговото копје било забодено во земјата, а чашата му стоела до главата. Крај него лежел неговиот главен војвода, Авенир, а насекаде околу нив војниците што спиеле со длабок сон. Авеса го подигнал своето копје и му рекол на Давида: „Денес Господ го предаде твојот непријател во рацете твои; затоа дозволи, јас ќе го приковам со копје за земјата со еден замав и нема да го повторам ударот”. Чекал одобрение, но до неговото уво допрел шепот. „Не убивај го, зашто кој кренал рака врз помазаник Господов, а останал неказнет?… Нека го собори Господ, или ќе дојде денот негов, и тој ќе умре, или ќе отиде во војна и ќе загине; а мене да не ми дава Господ да кренам рака врз помазаник Господов;туку да го земеме копјето негово што е покрај перницата негова, и садот со вода, па да си одиме. Давид го зеде копјето и садот со вода покрај зглавјето на Саул, и си отидоа; и никој не виде, никој не дозна и никој не се разбуди, а сите спиеја, бидејќи ги беше обзел сон од Господ”. Колку му е лесно на Господа силниот да го направи слаб, на мудриот да му ја одземе мудроста и да ги обезвреди вештините на најостроумниот! {ПП 668.3}   

Кога се оддалечил доволно од логорот, Давид се искачил на врв на едно ритче и повикал кон народот и кон Авенира со силен глас: „Нели си маж, и кој е рамен на тебе во Израел? Зошто тогаш не го чуваш господарот свој, царот? Зашто доаѓаше некој од народот да го убие царот, твојот господар.Ти лошо правиш; се колнам во Господ! Вие заслужувате смрт, поради тоа што не го чувате господарот свој, помазаникот Господов. Види, каде е копјето на царот и садот со вода што беа покрај зглавјето негово? И Саул го позна гласот на Давид и рече: ‘Твојот глас ли е тоа, сине мој Давиде?’ И Давид рече: ‘Мојот глас е, господаре мој, царе.’ И рече уште: ‘Поради што господарот мој го гони својот слуга? Што сум направил? Какво зло најде кај мене’? И повторно од усните на царот излегло признание: „Јас згрешив; врати се, сине мој Давиде, зашто нема повеќе да ти правам зло, бидејќи денес душата ми беше скапа во твоите очи; безумно постапував јас и многу, многу згрешив.Давид му одговори и рече: ‘Еве го копјето на царот; нека дојде еден од младите и нека го земе’”. Иако царот ветил „нема повеќе да ти правам зло” Давид не му верувал. {ПП 671.1}

Тоа што Давид и по вторпат му го поштедил животот на својот господар оставило уште подлабок впечаток врз Сауловиот дух и го поттикнало уште поскршено да ја признае својата грешка. Пројавата на толкава добрина го изненадила и го скршила. Разделувајќи се со Давида, извикнал: „Благословен да си, сине мој Давиде; ти ќе го извршиш она што си го започнал, и бездруго ќе победиш”. Но синот на Јесеја не можел да се надева на едно такво трајно расположение од страна на царот. {ПП 671.2} 

Давид се сомневал дека некогаш ќе настапи помирување со Саула. Му изгледало неизбежно дека на крај ќе падне како жртва на лошиот карактер на царот и решил повторно да побара прибежиште во филистејската земја. Со своите шестотини луѓе преминал кај гетскиот цар, Анхус. {ПП 672.1}

Не прашувајќи го Бога за совет, Давид заклучил дека Саул сигурно ќе ја изврши својата убиствена намера. Меѓутоа, дури и кога Саул го гонел и се обидувал да го уништи, Господ настојувал да му го обезбеди царството. Бог ги извршува своите планови, иако тие за човечкото око може да изгледаат обвиени со тајна. Луѓето не можат да ги сфатат Божјите патишта и, гледајќи  го она што се гледа, сите маки и искушенија што ги дозволува Бог ги толкуваат како нешто што е насочено против нив и што ќе им послужи само на пропаст. Така и Давид го гледал она што се гледа, а не Божјите ветувања. Се сомневал дека кога било ќе се добере до престолот. Долгите искушенија ја заморувале неговата вера и го исцрпувале неговото трпение. {ПП 672.2}

Господ не го пратил Давида да бара заштита кај најогорчените непријатели на Израел – Филистејците. Токму тој народ на крај ќе му биде најголем непријател, а сепак, кога имал неволја, побегнал кај нив од нив да побара помош. Бидејќи ја загубил довербата во Саула и во оние што му служеле, им се предал на милост и немилост на непријателите на својот народ. Давид бил храбар војсководител и се покажал како мудар и успешен борец, но преминувајќи кај Филистејците, работел токму против своите сопствени интереси. Бог одредил тој да го издигне неговото знаме во земјата на Јуда, но недостигот од вера го навел без наредба од Господа да го напушти местото каде што требало да ја изврши таа должност. {ПП 672.3}

Со своето неверство Давид го обесчестил Бога. Филистејците повеќе се плашеле од Давида отколку од Саула и од сета негова војска. Со тоа што побарал заштита кај Филистејците, Давид ја оддал слабоста на својот сопствен народ. Со тоа ги охрабрил овие неуморни непријатели да го угнетуваат Израел. Давид бил помазан да го брани Божјиот народ; Бог не сака неговите слуги да ги охрабруваат безбожниците откривајќи им ги слабостите насвојот народ или оставајќи впечаток дека не им е грижа за неговата благосостојба. Освен тоа, тој кај своите браќа создал впечаток дека отишол кај незнабошците за да им служи на нивните богови. Со својата постапка дал повод неговите намери погрешно да се толкуваат, а кај мнозина однапред предизвикал нерасположение кон себе. Го сторил токму она што го сакал сатаната, зашто, пребегувајќи кај Филистејците, тој предизвикал кај Божјите непријатели и непријателите на Божјиот народ одмаздничка радост. Давид не престанал да му служи на Бога ниту попуштил во ревноста за неговото дело; но довербата во Бога ѝ ја жртвувал на личната безбедност и со тоа го извалкал исправниот и верен карактер што се бара од Божјите слуги. {ПП 672.4}

Филистејскиот цар срдечно го примил Давида. Топлината на тој прием делумно можела да му се припише на фактот што царот му се восхитувал, додека од друга страна, на царевата суета му ласкало тоа што еден Евреин дошол кај него да побара заштита. Во областите на Анхус, Давид се чувствувал безбеден во врска со предавството. Го довел своето семејство и ги донел сите свои работи, а тоа го сториле и неговите луѓе; се чинело дека имал намера постојано да се настани во филистејската земја. Сето тоа му ласкало на Анхус и тој ветил дека сите прогонети Израелци ќе ги земе под заштита. {ПП 673.1}

Кога Давид го замолил царот да му одреди место во кое ќе  може постојано да живее и тоа да биде подалеку од престолнината, царот милозливо му го дал Циклаг. Давид увидел дека за него и за неговите луѓе било опасно да бидат под влијание на идолопоклониците. Во градот кој бил потполно изделен за нив можеле послободно да го слават Господа отколку да останале во Гет, каде што незнабожечките обреди би им биле само извор на зло и немир. {ПП 673.2}

За време на својот престој во тој град, Давид војувал против Гесуреите, Гергесеите и Амалиците и никого не го оставал жив да отиде во Гет за да јави што се случило. Секогаш кога се враќал од бој, му јавувал на Анхус дека се борел против својот народ, против Јудејците. Поради своето преправање, тој станал средство за засилување на Филстејците и царот велел: „Тој стана омразен кај народот свој Израел и затоа ќе ми биде слуга засекогаш”. Давид знаел дека Божја волја била тие незнабожечки племиња да се истребат и дека тој бил одреден да го стори тоа но, лажејќи ги Филистејците, не постапувал според Божјиот совет. {ПП 673.3}   

„Во тоа време Филистејците ги собраа војските свои за војна за да војуваат против Израел. А Анхус му рече на Давид: ‘Знај дека и ти ќе тргнеш со мене во борба, ти и твоите луѓе’”. Давид немал намера да дига рака против својот сопствен народ. Меѓутоа, не знаел што да прави сè додека околностите не му укажале на должноста. Затоа му одговорил на царот, преправајќи се: „Сега ќе дознаеш што ќе направи твојот слуга”. Анхус тие зборови ги сфатил како ветување дека Давид во претстојната битка ќе му помогне, па му се заколнал дека ќе му укаже чест и на филистејскиот двор ќе  му подари висока положба. {ПП 674.1}   Но иако Давидовата вера во Божјите ветувања во извесна мера попуштила, сè уште имал на ум дека Самоил го помазал за израелски цар. Си спомнал за сите победи што му ги подарил Господ во минатото над непријателите. Повторно ја согледал големата Божја милост што го штитела од рацете на Саула, па решил да не го предаде својот свет позив. Иако Израеловиот цар барал да го убие, тој своите сили сепак не сакал да ги соедини со војската на непријателот на својот народ. {ПП 674.2}

Сподели го ова:

Слични објави