73. ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ НА ДАВИДА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 2. Самоилова 24 глава; 1. Царевите 1 глава и Летописи 21; 28; 29 глава

По паѓањето на Авесалома, во царството не настанал веднаш мир. Во бунтот зел учество толку голем дел од народот, што Давид не сакал да се врати во престолнината и повторно да ја преземе власта во свои раце додека не го повикаат племињата. Во метежот што настанал по падот на Авесалома, народот не бил согласен со тоа царот да се врати, и кога најпосле племето на Јуда решило да го доведе царот, кај другите племиња тоа предизвикало љубомора, па настанала контрареволуција. Но таа бргу е задушена и во Израел повторно бил воспоставен мир. {ПП 746.1}

Историјата на Давида претставува еден од најубедливите докази кој кога било е даден за тоа дека за душата најголема опасност претставува токму она за што луѓето најпохотно жеднеат – власта, богатството и световната слава. Малку луѓе поминале низ искуство подобро прилагодено да ги приготви за ваков испит. Давидовиот пастирски живот во младоста, кој го научил на кротост, на трпение и воздржување во тешките напори и во нежната грижа за своето стадо; поврзаноста со природата во самотијата на шумите и ритчињата која придонела да се развие неговата надареност во музиката и поезијата и која неговите мисли ги упатувала кон Творецот; долгата школа на неговиот живот во пустината која постојано ја засилувала неговата храброст, трпение и моќ – сето тоа Господ го одредил во своето провидение за да го приготви за престолот на Израел. Давид од лично искуство ја сфатил длабината на Божјата љубов и обилно бил надарен со неговиот Дух. Во трагичната историја на Саула видел колку е безвредна и ништожна човечката мудрост. А сепак, земните успеси и земната слава толку го ослабеле Давидовиот карактер, што искушувачот повеќепати го совладал. {ПП 746.2}

Општејќи со незнабожечките народи, Израелците почнале да ги усвојуваат нивните национални обичаи, што разгорувало славољубиви стремежи кон световна големина. Тие уживале чест да бидат Господен народ. Но, бидејќи настапил пораст на националната горделивост и самоувереност, тие не биле веќе задоволни само со тоа предимство. Повеќе се стремеле кон престиж меѓу другите народи. Таквите сфаќања ги изложувале на искушенија. За да ги прошири освојувањата на другите народи, Давид решил да ја зголеми својата војска, повикувајќи ги во воена служба сите возрасни мажи. За таа цел било потребно да се изврши попис на населението. На ваква постапка царот го поттикнале горделивоста и славољубието. Пребројувањето на народот требало да ја покаже видната разлика меѓу слабоста на царството во времето кога Давид го презел престолот, и силата и благосостојбата стекнати под негова управа. Тоа уште повеќе  би ја поттикнало и онака големата самоувереност и на царот и на народот. Писмото вели: „Се крена сатаната против Израел и го поттикна Давид да ги преброи Израелците”. За својата благосостојба Израелците требало повеќе да му заблагодарат на Божјиот благослов отколку на царевата вештина и способност, или пак на силата на неговата војска. Но, со зголемувањето на воената сила на царството, околните народи неизбежно морале да стекнат впечаток дека Израелците се потпираат врз својата војска, а не врз силата на Јехова. {ПП 746.3}

Иако израелскиот народ се гордеел со својата национална големина, сепак, не го одобрувал Давидовиот план за толкаво проширување на воените обврски на граѓаните. Предвидениот попис предизвикал големо незадоволство, па пребројувањето на народот морало да им биде доверено на воените власи наместо на свештениците и на градските власи, како што било порано. Целта на овој потфат во суштина била спротивна на начелата на теократијата. Дури и Јоав, кој инаку бил безочен, се противставил, велејќи: „Да го намножи Господ народот Свој стопати повеќе, отколку што е! Сите тие, господаре мој, царе, нели се слуги на мојот господар? Зошто го бара тоа мојот господар? Зошто тоа да му стане причина за вина на Израел?”Но царскиот збор надвладеа над Јоав. И отиде Јоав, та го обиколи сиот Израел, и дојде во Ерусалим”. Пребројувањето уште не било ни завршено, а Давид се уверил дека згрешил. Осудувајќи се самиот себеси, тој се молел на Бога: „Многу згрешив, што го направив тоа. Сега прости му ја вината на Твојот слуга, зашто постапив многу неразумно”. Следното утро на Давида преку пророкот Гад му е упатена Божја порака: „Вака вели Господ: ‘три казни ти предлагам; избери си една од нив, и Јас ќе ја испратам врз тебе’.Дојде Гад кај Давид и му рече: ‘Така вели Господ, избери си:или три години глад, или три месеци да бидеш прогонуван од твоите непријатели, и мечот на твоите непријатели да се допира до тебе; или три дена мечот Господов и помор по земјата и ангел Господов да убива по сите предели на Израел.’ И така, види што да Му одговорам на Оној, Кој ме испрати со овие зборови”. {ПП 747.1}

Царот одговорил: „ Многу ми е тешко, но подобро да паднам во рацете на Господ, зашто милосрдието Негово е многу големо; само да не паднам во рацете човечки”. {ПП 748.1}  

Земјата била зафатена со помор кој уништил седумдесет илјади Израелци. Ударот на гневот само што не се урнал и врз престолнината кога „Давид ги крена очите и го виде ангелот Господов како стои меѓу небото и земјата со гол меч во раката негова, протегнат над Ерусалим; и падна Давид ничкум со началниците, покриени со вреќишта.И Му рече Давид на Господ: „Нели јас наредив да го пребројат народот? Јас згрешив, јас направив зло, а овие овци што направиле? Господи, Боже мој! Нека биде Твојата рака врз мене и врз мојот татков дом, а не врз Твојот народ, за да го погубиш”. {ПП 748.2}

Пребројувањето предизвикало незадоволство кај поголемиот дел од народот, а сепак и тие во срцето го негувале истиот грев што Давида го навел на ваква постапка. И како Господ со своите казни што го казнил Давида преку гревот на Авесалома, така сега преку грешката на Давида ги казнувал Израелците за нивните гревови. {ПП 748.3}

Ангелот извршител бил запрен токму кога стигнал над Ерусалим. Стоел на гората Морија, „врз гумното на Јевусиецот Орнан”. По налог на пророкот, Давид се упатил на таа гора „па Му изгради Давид таму жртвеник на Господ и Му принесе сепаленици и помирителни жртви”. „ И Господ се смилостиви над земјата и поморот кај Израелците престана”. {ПП 748.4}  

Местото на кое бил подигнат олтарот во иднина се сметало за свето место, и Орнан му го понудил како свој дар на царот. Но Давид не се согласил. „Не”, рекол тој, „јас ќе ти платам, колку што чини, и нема да му принесам на Господ, мојот Бог, жртва, земена како дар”. И Давид го купи гумното и воловите за педесет шекели сребро”. Токму тоа место, запаметено како место на кое Аврам подигнал олтар да го жртвува својот син, а сега посветено со ова големо избавување, подоцна било одбрано Соломон на него да го подигне храмот. {ПП 748.5}

Но, врз последните денови на Давида се навлекол уште еден облак. Веќе навлегол во старост од седумдесет години. Патилата и скудноста низ кои поминал во поранешниот живот, безбројните војни, грижите и маките што го мачеле во неговите подоцнежни години, го поткопале изворот на неговиот живот. Иако духот му бил ведар и силен, староста сè повеќе ја слабеела неговата моќ брзо да сфаќа сè што се случувало во царството, па уште еднаш се дигнал бунт крај самиот престол. Пак можел да се види плодот на татковската попустливост на Давида. Овој пат престолот му западнал во око на Адонија, кој „беше многу убав” по надворешност и по однесувањето, но незауздан и неначелен. Во својата младост бил мошне разгален, „но татко му негов не го обеспокојуваше никогаш со прашањето: ‘Зошто го правиш тоа?’” Тој станал против Божјиот авторитет со кој Соломон бил одреден да го наследи престолот. Што се однесува до природните способности и верскиот карактер, Соломон бил поспособен да владее со Израел отколку неговиот постар брат. Но, иако Божјиот избор бил јасно навестен, имало луѓе кои застанале на страна на Адонија. Јоав, иако направил многу злосторства, сè до тогаш му останал верен на престолот; сега и тој се придружил на заговорот против Соломона како и свештеникот Авијатар. {ПП 749.1}

Бунтот веќе зел голем замав. Побунетите се собрале надвор од градот и приготвиле голема свеченост на која сакале Адонија да го прогласат за цар. Но во тој миг нивните планови биле осуетени со брза акција на неколкумина луѓе кои му останале предани на престолот. Нив ги предводеле свештеникот Садок, пророкот Натан и мајка му на Соломона, Витсавеја. Тие целата работа му ја изложиле на царот и го потсетиле дека според Божјото упатство престолот требало да го наследи Соломон. Давид веднаш се откажал од престолот во корист на Соломона и наредил над него да извршат помазание и да го прогласат за цар. Заговорот бил задушен, а главните заговорници заслужено биле казнети со смрт. На Авијатара животот му бил поштеден од почит кон неговиот висок позив и кон неговата поранешна верност кон Давида, но бил лишен од првосвештеничкиот чин кој сега го наследил Садок. Јоав и Адонија привремено биле поштедени, но по смртта на Давида ја примиле казната за своето злосторство. Извршувањето на пресудата над Адонија ја надополнило четворната казна (2. Самоилова 12:6) која сведочела за Божјата одвратност кон гревот на татко му. {ПП 749.2}

Уште од почеток на Давидовото владеење, еден од неговите нај омилени планови бил да му изгради Храм на Господа. Иако не му пошло од рака да ја оствари таа своја намера, сепак за тоа дело работел многу и сериозно. Се погрижил за многу скапоцен материјал – злато, сребро, скапоцени камења, камења во разни бои, мермер и најскапоцено дрво. А сега сите тие драгоцености што тој ги собрал морале да му бидат предадени на друг, зашто било одредено домот за ковчегот на заветот, за симболот на Божјото присуство, да го изградат други раце. {ПП 750.1}

Кога видел дека му се наближува крајот, царот ги собрал околу себе израелските кнезови и челните луѓе од сите делови на царството таа задача да им ја пренесе ним како свето завештание. Сакал да им остави последна порака и со тоа да осигури нивна соработка и помош во големото дело што требало да се изврши. Бидејќи веќе  наполно бил истрошен и стар, не се очекувало и тој лично да присуствува на тој чин. Но Божјиот Дух слегол врз него и тој можел за последен пат да му се обрати на народот поубедливо и посилно отколку обично. Им зборувал за својата желба да изгради Храм и за Божјата наредба според која тоа дело требало да му се предаде на Соломона. Божјото сигурно ветување гласело: „Твојот син, Соломон, ќе го изгради мојот дом и моите дворови, зашто него го одбрав за син, и јас ќе му бидам татко; и ќе го зацврстам неговото царство засекогаш, ако тој постојано ги исполнува моите заповеди и моите наредби како денеска. И сега, пред очите на сиот Израел, пред собирот Господен и пред нашиот Господ, ви велам: Внимавајте да ги држите сите заповеди на вашиот Господ Бог за да владеете со оваа убава земја и да им ја оставите во наследство на своите деца засекогаш”. {ПП 750.2}

Давид од лично искуство сфатил колку е тежок патот на оној што ќе се одметне од Бога. Тој го почувствувал проклетството на прекршениот закон и ги жнеел плодовите на престапот, па сета душа му била проникната со загриженост дали израелските водачи ќе  му останат верни на Бога и дали Соломон ќе ги слуша Божјите заповеди и ќе ги одбегнува гревовите што го слабееле авторитетот на својот татко, што му го загорчувале животот и го навредувале Бога. Давид добро знаел дека е неопходно Соломон да има понизно срце, непоколеблива вера во Бога и постојана будност за да ги совлада искушенијата на кои сигурно ќе  биде изложен на својата висока положба, зашто таквите истакнати луѓе се посебна мета за отровните стрели на сатаната. Обраќајќи му се на својот син, кој веќе бил признат за цар, Давид рекол: „И ти, сине Соломоне, познај Го Бога на твојот татко, и служи Му од сè срце и со сета душа своја, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите мисли и намери. Ако Го бараш, ќе Го најдеш; ако Го оставиш, Тој ќе те отфрли засекогаш.Внимавај! Штом Господ те избрал да Му изградиш дом за светилиште, биди храбар и работи”. {ПП 750.3}

Давид му предал на Соломона исцрпни упатства за градење на Храмот и планови за секој дел и за секој предмет потребен за богослужението, онолку колку што му открил Божјиот Дух. Соломон бил уште млад па се плашел од толку големи одговорности како што било градењето на Храмот и преземањето на власта над Божјиот народ. Потоа Давид му рекол на својот син: „Биди цврст и храбар и зафати се за работа; не плаши се и не страхувај, зашто Господ, мојот Бог, е со тебе: Тој нема да отстапи од тебе и нема да те остави, додека не ја свршиш целата потребна работа за домот Господов”. {ПП 751.1}

А потоа Давид повторно му се обратил на собирот: „Синот мој, Соломон, кого Сам Бог го избра, е млад и нежен, а работата е голема, зашто таа зграда нема да биде за човек, туку за Господ Бог”. Потоа, мерејќи го собраниот материјал, рекол: „Со сите сили приготвив за домот на мојот Бог”, и продолжил: „И уште, од љубов кон домот на мојот Бог, што имам сопствено злато и сребро, и него го давам за домот на мојот Бог, покрај сето она, што сум го приготвил за светиот дом:три илјади кикари злато, офирско злато, и седум илјади кикари чисто сребро за обложување на ѕидовите на зградите”. „Нема ли”, ги прашал собраните кои доброволно донеле свои дарови, „уште некој доброволно да даде прилог денес за Господ?” {ПП 751.2}

Народот радо се оѕвал на тој повик. „Тогаш родоначалниците и началниците на израелските племиња, илјадниците и стотниците и надзорниците на царските работи почнаа да донесуваат доброволни прилози.И дадоа за уредување на Божјиот дом пет илјади кикари и десет илјади даријки злато, десет илјади кикари сребро, осумнаесет илјади кикари бакар и сто илјади кикари железо.И оние, што имаа скапоцени камења, ги даваа и нив во ризницата на домот Господов, во рацете на Гирсонецот Јехиил.И народот се радуваше на нивната сесрдност, зашто тие од сè срце жртвуваа за Господ, па и Давид многу се радуваше”. {ПП 751.3}

„Тогаш го благослови Давид Господа пред целото собрание и рече: „Благословен си, Господи Боже Израелов, отсекогаш и засекогаш!Твое е, Господи, и величието, и силата, и славата, и победата, и блесокот; и сè, што е на небото и на земјата, Твое е; Твое е, Господи, царството, Ти стоиш над сè одозгора како Владетел.Од Тебе се и богатството и славата; Ти владееш над сè, во Твојата рака е и силата и цврстината, и во Твоја власт е да издигнеш и да зацврстиш сè.И сега, Боже наш, Те славиме и го фалиме Твоето величествено име.Зашто, кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме толку? Но од Тебе е сè, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме;зашто ние сме туѓинци пред Тебе и придојдени, како и сите наши татковци; нашите дни се како сенка на земјата, и нема надеж.Господи, Боже наш! Сето ова богатство, што го приготвивме, за да Ти изградиме дом Тебе, на Твоето свето име, е од Твоја рака, и сè е Твое.Знам, Боже мој, дека Ти го испитуваш срцето и ја сакаш искреноста”. {ПП 752.1}

„Јас со чисто срце го жртвував сето ова, и сега гледам дека и Твојот народ, кој е собран тука, со радост жртвува за Тебе.Господи, Боже на Авраам, Исак и Израел, нашите предци, запази го тоа засекогаш, тоа расположение на срдечните мисли во Твојот народ, и насочи го неговото срце кон Тебе.А на синот мој Соломон дај му чесно срце, за да ги запазува Твоите заповеди, Твоите одредби и Твоите повелби, да го извршува сето тоа и да ја изгради зградата на Твојот дом, за која сум приготвил сè. А на целото собрание Давид му рече: ‘Благословете Го Господа, нашиот Бог!’ И целото собрание Го благослови Господа, Бог на предците свои, па коленичеа и Му се поклонија на Господ и на царот”. {ПП 752.2}

Сиот овој скапоцен материјал за градење и разубавување на храмот Давид го собирал со најдлабок интерес. Тој компонирал прекрасни похвални песни (псалми) кои во подоцнежните години ќе се одгласуваат во просториите на храмот. А кога видел како кнезовите и поглаварите во Израел го прифаќаат неговиот повик и самите доброволно приложуваат за овој значаен потфат што стоел пред нив, срцето му се радувало во Господа. И кога дале, покажале готовност уште повеќе да дадат. Резервата на собраните дарови ја зголемиле со приложување на сопствени средства. Давид длабоко ја чувствувал својата сопствена недостојност при собирањето на материјал за градење на Божјиот дом, велејќи: „Кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме толку”; но изразот на верност и подготвеноста што ја покажале челните луѓе на неговото царство кога со радост му го посветувале своето богатство на Јехова, а и кога самите му се предавале нему во служба, го исполнувале со радост. Меѓутоа, сам Бог на народот му дал такво расположение. Славата му припаѓала нему а не на луѓето. Тој всушност на народот и му ги дал сите тие богатства, и неговиот Дух ги поттикнал нивните срца да ги приложат своите драгоцености за храмот. Сè потекнувало од Господа; кога неговата љубов не би ги возбудила срцата на народот, сите напори на царот би биле напразни и Храмот никогаш не би бил изграден. {ПП 752.3}

Сè што човекот прима од Божјото изобилство, му припаѓа на Бога. Сите скапоцености и сите вредносни предмети со кои располагаат луѓето, Бог ги става во нивните раце за да ги провери и да ја испита длабината на нивната љубов кон себе – за да се види како ќе ги ценат даровите на неговата милост. Било тоа да се материјални или духовни богатства, треба да се положат пред нозете на Исуса како доброволна жртва. Како и Давид, секој дарител треба да каже: „Но од Тебе е сè, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме”. {ПП 753.1}

Кога почувствувал дека му се наближува смртта, Давид сè уште со сето срце се грижел за Соломона и за своето царство, чијашто благосостојба толку многу зависела од верноста на нивниот цар. Тогаш „му заповеда на синот свој Соломон, велејќи:‘Еве, јас заминувам по патот на сите смртни, а ти биди храбар и човек, и чувај го заветот на Господ, твојот Бог, одејќи по Неговите патишта и да ги чуваш повелбите Негови и заповедите Негови, судовите Негови и законите Негови… за да бидеш благоразумен во сè што и да правиш и насекаде, каде и да се свртиш,та Господ да го исполни зборот Свој што го беше кажал за мене, велејќи: ‚Ако твоите синови ги чуваат патиштата свои за да одат пред Мене во вистината од сè срце и од сета душа, нема да недостига човек од тебе на Израеловиот престол” (1. Царевите 2:1-4). {ПП 753.2}

Како што е запишано,  „последни Давидови зборови” биле песна, песна на верноста, на возвишените начела и на непоколебливата вера: {ПП 754.1}

Слово на Јесеевиот син Давид,

Беседа на мажот, кој е високо поставен,

На помазаникот на Бога Јаковов

И на слаткопевецот Израелов:

Духот Господов говори преку мене,

И словото Негово е на јазикот мој.

Рече Бог Израелов,

Карпата Израелова ми говори:

Оној што господари со луѓето, нека биде праведен,

Да господари со страхопочит кон Бога.

И како што изутрина на разденување,

При изгрејсонце на безоблачно небо,

Од греењето по дожд израснува од земјата трева,

Така е и со мојот дом во Бога.

Зашто Тој направи со мене завет вечен,

Цврст и неизменлив.

Така излегува од Него сето мое спасение

И сета моја желба (2. Самоилова 23:1-5). {ПП 754.2}                     

Голем бил Давидовиот пад, но длабоко било неговото каење, топла неговата љубов и силна неговата вера. Му било многу простено, затоа имал и голема љубов (Лука 7:47). {ПП 754.3}

Во Давидовите псалми се наоѓа цела низа искуства: од најдлабока свест за сопствената кривица и осуда на самиот себеси, до највозвишена вера во Бога и највозвишена заедница со него. Записот за неговиот живот сведочи дека гревот може да донесе само срам и болка, но дека љубовта и Божјото милосрдие навлегуваат во најголемите длабини, дека верата ја издигнува душата која се кае за да може да биде примена меѓу Божјите синови. Од сите ветувања што ги наоѓаме во Светото писмо, историјата на Давидовиот живот дава најсилно сведоштво за Божјата верност, за неговата праведност и за неговата заветна милост. {ПП 754.4}

Човекот „како сенка бега и не се запира”, „а словото на нашиот Бог останува вечно”. „А милоста на Господ е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од чеда на чеда,кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови” (Јов 14:2; Исаија 40:8; Псалм 103:17,18). {ПП 754.5}  

„Сѐ, што прави Господ, останува засекогаш” (Проповедник 3:14). {ПП 754.6}

Величествени ветувања му се дадени на Давида и на неговиот дом – ветувања кои однапред ги гледаат бесконечните векови, и кои целосно ќе се исполнат во Христа. Господ кажува: {ПП 754.7}

„Му се заколнав на Мојот слуга Давид… со своето свето масло го помазав.Раката Моја ќе остане со него, и мишката моја ќе го закрепнува… И Мојата верност и Мојата милост се со него, и преку Моето име ќе се возвишува неговиот рог.И ќе ја положам над морето раката негова, и над реките – десницата негова.Тој ќе ме повикува: Ти си мој Отец, мој Бог и крепост на моето спасение.И Јас ќе го направам првороден син, повисоко од земните цареви,засекогаш ќе му ја зачувам Мојата милост и Мојот завет со него ќе биде верен” (Псалм 89:3-28). {ПП 755.1}

„И ќе го продолжам засекогаш неговото потомство и неговиот престол, – колку деновите на небото” (Псалм 89:29). {ПП 755.2}

Нека ги брани бедните меѓу луѓето,

нека ги спаси синовите на сиромасите,

а угнетувачот нека го понизи.

Нека живее, додека постои сонцето и месечината –

од род во род

Во Негово време нека се зацари правда,

и нека има изобилен мир

сè додека не ја снема месечината.

И нека владее од море до море

и од Реката до краиштата на Земјата”.

„Неговото име нека биде вечно,

нека Му трае славата сè додека постои Сонцето;

и во Него нека бидат благословени сите земни племиња,

а и сите народи нека Го сметаат за блажен (Псалм 72:4-8,17). {ПП 755.3} „Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот” (Исаија 9:6). „Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид;и ќе царува над домот Јаковов засекогаш, и царувањето Негово нема да има крај” (Лука 1:32,33). {ПП 755.4}

Сподели го ова:

Слични објави